Contract
|
|
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
Одделните изрази употребени во овие Услови ги имаат следните значења:
1) "ОСИГУРУВАЧ" Национална групација за осигурување "ОСИГУРИТEЛНА ПОЛИСА " АД СКОПЈЕ
2) "ДОГОВОРУВАЧ НА ОСИГУРУВАЊЕ" - лице кое со осигурувачот склучило договор за осигурување;
3) "ОСИГУРЕНИК" - лице чиј имотен интерес е осигурен;
4) "ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ" - настан што може да доведе до осгварување на оштетно побарување од страна на оштетениот;
5) "КОРИСНИК" - сопственик на моторно возило и секое лице што има право на располагање, односно на кого возилото му е дадено на користење;
6) " СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ " - износ на кој е осигурен имотниот интерес;
7) " ПРЕМИЈА" - износ кој договорувачот на осигурувзње го плаќа по договорот за осигурување;
8) " ПОЛИСА" - исправа за договор за осигурување.
ОБЕМ НА ПОКРИТИЕ
Член 1
(1) Осигурувачот е во обврска, врз основа на прописите за одговорност за надомест на штета, да надомести штета ако со употреба на моторно возило се причини штета на трето лице, поради:
1) Смрт, телесна повреда, нарушување на здравјето, или
2) Уништување или оштетување на предмети, освен од одговорност за штети за предмети што ги примил на превоз.
(2) Покрај одговорноста на корисникот на возилото, осигурена е и одговорноста на сите лица кои постапуваат по волјата на корисникот при употреба на возилото (возач, кондуктер и сл.), како и на лицата што се превезуваат во возилото по волја на неговиот корисник.
(3) Со осигурувањето од одговорност, опфатена е и одговорноста за штета што ќе ја причини приклучно или неисправно возило додека е споено со возилото кое го влече и откако се одвои од тоа возило и дејствува во функционална зависност со него,
(4) Договорената осигурена сума претставува горна граница на обврските на осигурувачот за сите давања по еден штетен настан, доколку поинаку не се договори, без оглед на бројот на оштетените. Повеќе временски поврзани штети, ако настанале поради иста причина, претставуваат еден осигурен случај.
(5) Ако во време на настанување на осигурениот случај, пропишаната сума на осигурување на која мора да се склучи договор за осигурување е повисока од договорената, се смета дека осигурувањето е договорено на повисоката сума.
Влијание на промена на сопственоста на возилото врз договорот за осигурување
Член 2
Ако во текот на траењето на осигурувањето се промени сопственикот, односно корисникот на моторното возило, правата и обврските од договорот за осигурување од автомобилска одговорност преминуваат врз новиот сопственик, односно корисник и траат до истекот на тековниот период за осигурување.
ИСКЛУЧУВАЊЕ ОД ОСИГУРУВАЊЕ
Член 3
(1) Од осигурително покритие исклучени се оштетните побарувања:
1) Xxx по основ на договор или посебно ветување го надминуваат обемот на обврските што произлегуваат од правните прописи од одговорност за причинета штета;
2) На лица што по Законот за облигациони односи и Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, не влегуваат во кругот на трети лица (договорувачот на осигурување, сопственикот, со-сопственикот, корисникот и секој друг имател на возило и тогаш кога не управувале со возилото при настанување на штетата, возачот на возилото кој е одговорен за штетата и лица кои на недозволен начин го присвоиле возилото па и тогаш кога во моментот на незгодата не управувале со возилото);
3) Што се однесуваат на предмети доверени на осигуреникот или на некое друго осигурено лице, а особено ако тие ствари ги превезува, користи или чува;
4) Заради оштетување на лица или предмети кои ќе настанат при превоз со возилото, поради нуклеарни или други радиоактивни материи, ако оштетувањето е непосредно или посредна последица на кинење на јадрото или од зрачење на тие материи;
5) За штети причинети при воени операции или побуни;
(2) Ако посебно не се договори, од осигурително покритие се исклучени оштетните побарувања кои произлегуваат од штетен настан што настанал за време додека возилото било мобилизирано или реквирирано од страна на властите во мирно време, и тоа од моментот на пристигнување на првото определено место до моментот на превземање на возилото.
ГУБЕЊЕ НА ПРАВАТА ОД ОСИГУРУВАЊЕ
Член 4
(1) Осигуреникот ги губи правата од осигурување:
(1) Ако овозможи да се превезуваат лица на место кое не е предвидено за превоз на лица, за барањата што тие лица ќе ги постават, освен за барање на лицата што се превезуваат во согласност со прописите;
(2) Ако со возилото управува без пропишана дозвола за соодветен вид на возилото или ако му е изречена мерка на безбедност или заштитна мерка управување со тој вид на возило, или без надзор на овластен возач - инструктор се обучува за управување со моторно возило во сообраќајот;
(3) Ако возилото го користело или управувало неовластено лице. Во смисла на овие Услови, се смета дека возилото неовластено го користело, односно управувало лице што без знаење и одобрение на осигуреникот управувало со возилото, како и лице кое противправно се послужило со моторното возило;
(4) Ако во моментот на сообраќајната незгода возилото го управувал под дејство на алкохол, дрога или други наркотици.
а) се смета дека возачот бил под дејство на алкохол ако:
- за време на управување со возилото имал алкохол во организмот или покажувал знаци на алкохолно пореметување без оглед на количината на алкохол, ако управувањето му е основно занимање (професија), односно имал повеќе од 0,5%о (промили) алкохол за возач аматер;
- ако алкохолниот тест е позитивен, а не се погрижи со помош на анализа на крвта да се
утврди степенот на неговата алкохолизираност, освен ако земањето на крв го загрозува неговото здравје (на пр. хемофилија);
б) се смета дека возачот е под дејство на дрога или други наркотици ако со стручен преглед се утврди дека покажува знаци на пореметеност поради употреба на дрога или други наркотици;
(5) Ако по сообраќајната незгода напушти лице место или одбие да се подвргне на испитување на неговата алкохолизираност и/или дрогираност.
(6) Ако не е платена дополнителна премија за зголемен ризик, осигуреникот ги губи правата од осигурување за секој осигурен случај во сразмер помеѓу платената премија и премијата што требало да се плати.
(7) Осигурувачот има право на регрес врз основа на закон за исплатените износи на надоместените штети, заедно со камата и трошоци.
Обврски на осигуреникот
Член 5
(1) Осигуреникот, според своите можности, е во обврска да му помогне на осигурувачот во утврдување на одговорноста и е должен да му даде вистински и исцрпни податоци за штетниот настан и околностите под кои тој настанал,
(2) Ако против осигуреникот е истакнато оштетно барање, е поднесена тужба за надомест на штета, е поставено имотно правно побарување, или е ставен предлог за обезбедување на докази, тој е во обврска, без одлагање, за тоа да го извести осигурувачот и да му ги достави сите докази што ги содржи соодветното побарување.
(3) Осигуреникот е должен водењето на парницата да го препушти на осигурувачот.
(4) Осигуреникот е должен обработувањето на оштетното побарување да го препушти на осигурувачот и нема право да го одбие, а особено нема право да го признае, освен ако со тоа не се прави очигледна неправда.
(5) Договорувачот на осигурување, односно осигуреникот е должен сите свои известувања упатени на осигурувачот писмено да ги потврди, а особено за промената на име, назив и адреса.
(6) Повредата на обврските од овој член има за последица смалување на обврските на осигурувачот за толку колку што настанала поголема штета поради тие повреди.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 6
(1) Осигурувачот е должен да ги подмири оправданите барања и да преземе мерки за заштита на осигуреникот од неосновани или претерани оштетни барања. Ако осигурувачот ја повреди оваа обврска должен е на осигуреникот да му ја надомести штетата.
(2) Осигурувачот е овластен во име на осигуреникот да ги дава сите изјави, кои според негово мислење се потребни, заради надомест на штетата, или заради заштита од неосновани или претрпени барања.
(3) Трошоците за одбрана на осигуреникот во кривична постапка ги надоместува осигурувачот само во случај кога изрично дал согласност за бранител и се обврзал за надомест на трошоците.
(4) Трошоците на парничната постапка ги надоместува осигурувачот доколку парницата ја водел осигуреникот во согласност со осигурувачот, или ако бил застапуван од лице што го одредил осигурувачот и тоа во полн износ без оглед на висината на осигурената сума.
(5) Доколку оштетеното лице не е задоволно од надоместот на штета што му го понудил осигурувачот, има право да поведе постапка на посредување во согласност со прописите што ги уредуваат начинот и постапката за посредување.
ТЕРИТОРИЈАЛНО ВАЖЕЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 7
(1) Осигурителното покритие, ако поинаку не е договорено, се однесува на територијата на Република Северна Македонија и на земјите членки на Советот на бироа за зелена карта,
(2) За возилата што ги користат македонските работни и други организации за изведување на градежни, монтажни, истражувачки и слични работи вон територијата на Република Северна Македонија, може за време на изведувањето на тие работи, да се склучи осигурување од одговорност по овие Услови.
(3) Ако во државата во која настапил осигурен случај, осигурувањето од одговорност е задолжително, се смета дека осигурувањето било договорено на минимална осигурена сума пропишана во таа земја, освен ако покритието од полисата за осигурување е поповолно за осигуреникот.
(4) За возила со странска регистрација осигурувањето важи само на територијата
на Република Северна Македонија и не може да се издаде зелена карта.
ЗАПОЧНУВАЊЕ И ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ОСИГУРИТЕЛНО ПОКРИТИЕ
Член 8
(1) Обврската на осигурувачот од договорот за осигурување започнува од дваесетичетвртиот час на денот што е означен во полисата како ден на почеток на осигурувањето, освен ако поинаку не е договорено.
(2) Обврската на осигурувачот престанува по истекот на 24 часот на денот што во исправата за осигурување е наведен како ден на истек на осигурувањето.
(3) Кај осигурување склучено на една или повеќе години меѓусебните обврски и права од договорот се продолжуваат за 30 дена (рок на чекање), доколку на осигурувачот, најкасно три дена пред истекот на рокот на осигурување не му е врачена изјава на до- говорувачот на осигурување дека не се согласува со негово продолжување.
Ако во рокот на чекање настапи осигурен случај, договорувачот на осигурување е должен да плати премија на осигурување за цела година.
УТВРДУВАЊЕ НА ПРЕМИЈА
Член 9
(1) Премијата за осигурување се утврдува со Тарифата на премии за осигурување од автомобилска одговорност.
(2) Зголемувањето на премијата (малус) и намалувањето на премијата (бонус) во зависност од остварениот резултат се утврдува со Тарифата на премии за осигурување на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРЕМИЈА ("МАЛУС")
Член 10
(СЕ БРИШЕ) ОСТАНАТИ ОДРЕДБИ ЗА "МАЛУС"
Член 11
(СЕ БРИШЕ)
ПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈА
Член 12
(1) Договорувачот на осигурување премијата ја плаќа при преземање на полисата, ако поинаку не е договорено.
(2) Договорувачот на осигурување премијата ја плаќа на свој ризик и трошок.
(3) Ако премијата е платена по пошта или преку банка - депонент, како ден на плаќање се смета денот кога премијата уредно е уплатена.
ВРАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈА
Член 13
Во случај на уништување или одјавување на возилото, осигурувачот е во обврска, по барање на долгорочно осигурување, да врати дел од премијата за преостанатото време на траење на осигурувањето (про - рата) сметано од денот на приемот на барањето за откажување на договорот, доколку до тогаш не се остварил осигурен случај.
ПИСМЕНА ФОРМА
Член 14
(1) Договорот за осигурување е полноважен само ако е склучен во писмена форма.
(2) Сите известувања и изјави што се даваат по одредбите на договорот за осигурување, мора да бидат дадени во писмена форма.
НАДЛЕЖНОСТ ВО СЛУЧАЈ НА СПОР
Член 15
Во случај на спор помеѓу договорувачот на осигурување, односно осигуреникот и осигурувачот надлежен е стварно надлежниот суд според местото на склучување на договорот за осигурување.
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 16
Осигуреникот има право до Агенцијата за супервизија на осигурување, како надлежен орган за супервизија на друштвото за осигурување, да достави претставка во однос на друштвото.
Член 17
Овие Услови влегуваат во сила од 01.05.2019г. со што престануваат да важат Условите за осигурување на моторни возила од автомобилска одговорност (пречистен текст) бр.02-7067/15 од 28.12.2016г.