Contract
Објавен во Службен весник број: 13/2013 Датум на објавување: 23.01.2013
Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи Член 1
Во Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12 и 39/12),
по членот 9-а се додава нов член 9-б, кој гласи:
„Член 9-б
Заштита од дискриминација на работничка по основ на бременост, раѓање и родителство
(1) Забранети се сите облици на дискриминација на работничка поради бременост, раѓање и родителство, без оглед на времетраењето и видот на работниот однос заснован согласно со закон.
(2) Забраната на дискриминација од ставот (1) на овој член се однесува на пристапот до вработување, условите за работа и сите права од работен однос и откажувањето на договорот за вработување на работнички кои се наоѓаат во состојба на бременост или користат права кои произлегуваат од раѓање и родителство.“
Член 2
Во членот 11 по ставот (3) се додава нов став (4), кој гласи:
„(4) Во случај на спор кога е постапено спротивно на членот 9-б од овој закон, товарот на докажување паѓа на работодавачот.“
Член 3
Во членот 25 по ставот (2) се додаваат два нови става (3) и (4), кои гласат:
„(3) Забраната за барање доставување на други исправи и докази од ставот (2) на овој член вклучува и забрана за барање на тест за бременост или потврда за таков тест при склучување на договор за вработување со работничка, без оглед на работното место за кое се заснова работниот однос.
(4) Доколку работата предизвикува значителен ризик за здравјето на мајката и детето, а таквите ризици се предвидени согласно со прописите од областа на безбедност и здравје при работа кои се однесуваат на бремени работнички, работнички кои неодамна се породиле или дојат, работодавачот од ставот (2) на овој член е должен да ја извести работничката за опасностите кои произлегуваат од работата при склучувањето на договорот за вработување.“
Ставовите (3), (4), (5), (6), (7), (8) и (9) стануваат ставови (5), (6), (7), (8), (9), (10) и
(11).
Членот 101 се менува и гласи:
„(1) Работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство, за време на сместување на дете кај посвоител, отсуство од работа за родителство од страна на татко или посвоител на дете и скратено работно време поради грижа за дете со развојни проблеми и посебни образовни потреби и спреченост за нега на дете до тригодишна возраст.
(2) Отказот на договорот за вработување е ништовен, доколку на денот на врачувањето на отказот работодавачот бил запознаен со околностите од ставот (1) на овој член, или доколку работникот во рок од 15 дена од врачувањето на отказот го извести работодавачот за постоење на околностите од ставот (1) на овој член со доставување на соодветна потврда од овластен лекар или надлежен орган.
(3) Околностите од ставот (1) на овој член не го спречуваат престанокот на договорот за вработување склучен на определено време, со истек на времето за кое тој договор е склучен.
(4) Забраната за отказ од ставот (1) на овој член не се однесува на откажување на договорот за вработување поради потешки прекршувања на договорните обврски, односно поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски за кои се дава отказ без отказен рок согласно со закон и колективен договор.
(5) Работодавачот може да го откаже договорот за вработување поради основите утврдени во ставот (4) на овој член, само по претходна согласност на синдикатот чиј член е работникот кој се штити од отказ.
(6) Доколку синдикатот во рок од осум дена не се изјасни за откажување на договорот од ставот (5) на овој член со давање или не давање на согласност, ќе се смета дека се согласил со одлуката на работодавачот.
(7) Доколку синдикатот не даде согласност за откажување на договорот за вработување на работникот од ставот (1) на овој член, работодавачот може во рок од 15 дена од денот на доставувањето на изјавата за не давање на согласност да поведе постапка за нејзино преиспитување со судска или арбитражна одлука.
(8) Постапката за преиспитување на согласноста од ставот (7) на овој член ја спроведува надлежниот суд во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на тужба од работодавачот.
(9) Доколку кај работодавачот не е формиран синдикат или работникот од ставот (1) на овој член не е член на синдикат, претходна согласност за отказот на договорот за вработување дава надлежниот инспектор на трудот.
(10) Во текот на постапката за претходна согласност во која учествува надлежниот инспектор на трудот се применуваат роковите и дејствијата од ставовите (6), (7) и (8) на овој член.“
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.