I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
0530 ПОСЕБНИ УСЛОВИ ЗА ДЕТСКО ШТЕДНО ОСИГУРУВАЊЕ
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
(1) Со овие Посебни услови за детско штедно осигурување (во понатамошен текст: Посебни услови) се уредуваат меѓусебните односи помеѓу учесниците во Договорот за детско штетно осигурување.
(2) Овие Посебни услови се составен и неразделен дел на Договорот за детско штедно осигурување кој договорувачот на осигурувањето (во понатамошен текст: Договорувач) го склучува со КРОАЦИА ОСИГУРУВАЊЕ - А.Д. за осигурување на Живот Скопје (во понатамошен текст: Осигурител).
(3) Договорувач може да биде родителот или старателот на детето, како и секое друго физичко или правно лице кое има интерес и ќе ја плаќа премијата.
Член 2
(1) Одредени поими кои се користат во овие Посебни услови го имаат следново значење:
■ Понуда е предлог за склучување на договорот за детско штедно осигурување и се поднесува во писмена форма на образец на Осигурувачот;
■ Понудувач е лице кое има намера да склучи договор за детско штедно осигурување и за таа цел поднесува писмената понуда до Осигурувачот;
■ Договорувач е лице која го склучува Договорот за детско штедно осигурување со Осигурувачот и превзема обврска за плаќање на премии и други обврски што врз основа на договорот настануваатна страната која се појавува наспроти осигурувачот, ;
■ Осигуреник е детето на кое се однесува осигурувањето и од чие што доживување зависи исплатата на договорената осигурена сума;
■ Корисник на осигурувањето е детето за чија корист се договорува осигурувањето и на кое му се исплаќа договорената осигурена сума;
■ Договорена осигурена сума (во понатамошен текст: осигурена сума) е сумата определена со договорот која осигурувачот е должен да ја исплати кога ќе настане осигуран случај.
■ Полиса е исправа за склученит договор за детско штедно осигурување;
■ Премија за осигурување е износ кој договорувачот е должен да го плати на осигурителот врз основа на договорот за детско штедно осигурување
■ Осигурeн случај е доживувањето на осигуреникот по истекот на траењето на Договорот.
■ Kапитализација е намалување на износот на осигурената сума како последица на престанок на уплата на премијата;
■ Mатематичка резерва е техничка резерва која се издвојува и пресметува и претставува разлика помеѓу обврските на осигурувачот и обврските на осигуреникот во одредена година од времетраење на осигурувањето.
■ Откуп е износот кој го исплатува осигурителот при предвремен престанок на осигурувањето по барање на договорувачот.
Член 3
(1) Со договорот за детско штедно осигурување договорувачот се обврзува на осигурувачот да му ја уплати премијата за осигурување, а осигурувачот се обврзува, со настанувањето на осигурен случај, на корисникот да му ја исплати осигурената сума.
(2) Со детско штедно осигурување по овие Посебни услови може да се договори и дополнително осигурување на лица од последици на несреќен случај според Дополнителните услови за осигурување на деца од последици на несреќен случај со детско штедно осигурување и Дополнителните услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај со осигурувањето на Живот.
(3) Според овие Посебни услови можат да се осигураат деца со навршени 30 дена од раѓање до деца кои се на 13 годишна возраст и тоа од првиот ден во месецот кој следи после месецот во кој осигуреникот стекнал право за склучување на осигурувањето и ја платил првата премија или нејзина рата, а осигурувањето најдолго може да трае до истекот од 25 годишна возраст.
(4) Сите изјави и барања на договорните страни се поднесуваат исклучиво во писмена
форма, а се смета дека се доставени оној ден кога ги примила договорната страна до која се испратени. Во случај кога изјавата, односно барањето се доставува по пошта, како ден на прием за секоја договорна страна се смета датумот на поштенскиот жиг.
II. ПОНУДА Член 4
(1) Понудата за детско штедно осигурување поднесена на образец на осигурувачот е составен и неразделен дел на договорот за детско штедно осигурување и ги содржи сите битни елементи на договорот.
(2) Понудата мора да се пополни целосно, вистинито и точно, во неа мора да се наведат сите факти битни за превземање на ризикот и склучувањето на договорот за детско штедно осигурување.
(3) Осигурувачот има право, по прием на понудата да побара дополнителни податоци, односно да утврди дополнителни факти за склучување на договорот.
(4) Понудата ја потпишува договорувачот (лицето кое го договорува осигурувањето и ја плаќа премијата) и родителот или старателот на детето - осигуреник.
Член 5
(1) Писмената понуда за склучување на договорот го обврзува осигурувачот да одговори на понудата 8 (осум) дена од денот кога осигурувачот ја примил понудата за осигурување и дополнителна документација
(2) Осигурителот може да ја прифати понудата која не отстапува од условите на осигурителот под кои се склучува предложеното осигурување, односно осигурувачот го задржува правото да ја одбие понудата за осигурување без наведување на посебни причини за одбивање на понудата, а понудата со приложените документи, освен документи предадени во оригинал, не ги враќа на понудувачот.
(3) Договорувачот е должен писмено да го извести Осигурувачот ако во периодот од поднесување на понудата до склучување на договорот за осигурување настане зголемување на опасноста по здравјето или животот на осигуреникот, како тешка болест или повреда на осигуреникот.
III. ПОЛИСА
Член 6
(1) Полисата за осигурување на живот е доказ за склучениот договор за осигурување на живот.
(2) Полисата за осигурување на Живот содржи: Назив на Осигурувачот, име и презиме или назив на договорувачот, име и презиме на осигуреникот и датум на раѓање, осигурен случај, почеток и истек на осигурувањето, осигурена сума, премија на осигурувањето, корисник за случај на смрт односно доживување и дата на издавање на полисата. Покрај тоа, полисата треба да содржи и констатација дека Договорувачот на осигурувањето е предупреден дека Посебните и дополнителните услови на осигурувањето се составен дел на договорот и дека текстот на истите му е предаден.
(3) Договорот за детско штедно осигурување се смета за склучен кога договорувачот и родителот или старателот на детето доколку е различен од договорувачот и осигурувачот ќе ја потпишат полисата и ќе се уплати правата рата.
(4) Покрај понудата и полисата, составен дел на договорот за детско штедно осигурување се и овие Посебни услови кои заедно со полисата непосредно му се врачуваат на договорувачот.. Ако со осигурувањето се договори и дополнително осигурување од последици на несреќен случај, составен и неразделен дел на договорот за детско штедно осигурување се и Дополнителните услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај со осигурување на Живот и Дополнителните услови за осигурување на деца од последици на несреќен случај со детско штедно осигурување.
(5) Осигуреникот мора да ја потпише понудата во случај кога договорувачот не е воедно и осигуреник, и потписот на осигуреникот на понудата ќе се смета за негова согласност за склучување на Договорот за осигурување на живот под условите наведени во понудата.Ако осигуреникот е малолетно лице, понудата треба да ја потпише неговиот законски застапник.
Член 7
(1) Полисата може да гласи на одредено лице или по наредба, но не може да гласи на доносител.
(2) Осигурителот издава полиса во еден примерок.
IV. ПОЧЕТОК И ИСТЕК НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 8
(1) Детско штедно осигурување започнува во 0,00 часот на денот кој на полисата е наведен како почеток на осигурувањето.
(2) Обврската на осигурувачот почнува од датумот на почетокот на осигурувањето во смисла на став (1) на овој член исклучиво ако до тој ден е платена првата премија или рата од премија.
(3) Обврската на осигурувачот трае до 0,00 часот на денот кој во полисата е наведен како истек на осигурувањето.
V. ПРЕМИЈА НА ОСИГУРУВАЊЕТО Член 9
(1) Премијата на осигурувањето, како и висината на осигурената сума, ја утврдуваат договорувачот и осигурувачот врз основа на податоците од понудата, важечките ценовници, пристапната старост на осигуреникот, времетраењето на осигурувањето и роковите на плаќање на премијата.
(2) Кај зголемен ризик во дополнителното осигурување можат да се договори и дополнителна премија.
Член 10
(1) Премијата на осигурувањето и осигурената сума се договорат во ЕВРА и во денари. Премијата се плаќа во денарска противвредност. Доколку законските прописи кои го регулираат платниот промет со странски средства на плаќање дозволуваат уплати на премии во ЕВРА плаќањето може да биде извршено и во ЕВРА.
(2) Ако е договорено подгодишно плаќање на премијата, осигурителот пресметува дополнителен надомест за подгодишно плаќање на секоја рата на премијата.
Член 11
(1) Договорувачот е должен да ја плаќа премијата во договорените рокови и на договорениот начин, а осигурувачот е должен да ја прими премијата од секое лице кое има правен интерес премијата да биде платена.
(2) Премијата се смета за уплатена оној ден кога осигурувачот ја има примено уплатата.
(3) Ако уплатата на премијата не може да се реализира од причини за кои е одговорен договорувачот, се смета дека премијата е платена оној ден кога е реализирана уплатата.
(4) Премијата се плаќа во полн износ без намалување за трошоците на платниот промет.
Член 12
(1) Осигурителот има право на законска затезна камата на задоцнетите рати на премијата. Пресметката на законската затезна камата почнува да тече 15 (петнаесеттиот) ден од денот на достасувањето.
(2) Осигурителот има право при исплатата да ја одбие од осигурената сума целата до тогаш достасана неплатена премија по полисата и затезната камата.
(3) Осигурителот нема право да бара плаќање на премијата по судски пат.
VI. ПОСЛЕДИЦИ ОД НЕПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈАТА НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 13
(1) Ако договорувачот не ја плати премијата ниту 5 (пет) месеци по достасувањето, осигурителот ќе го повика со препорачано писмо да ја плати достасаната премија во рок од 30 (триесет) дена од денот на врачувањето на препорачаното писмо.
(2) Ако во рокот утврден со препорачаното писмо од став (1) на овој член достасаната премија не ја плати договорувачот ниту тоа го направи некое друго заинтересирано лице, осигурителот може ако дотогаш се платени барем 3 (три) годишни премии согласно одредбите од член 22, став (2) од овие услови, да му изјави на договорувачот на осигурувањето дека ја намалува осигурената сума на износот на капитализираната вредност на осигурувањето, а спротивно го раскинува договорот без поврат на уплатената премија.
VII. ОБВРСКИ НА ДОГОВОРУВАЧОТ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 14
(1) Договорувачот е должен при склучување на договорот да му ги пријави на осигурувачот сите околности кои се значајни за оцената на ризикот, кои му се познати или не можеле да му останат непознати.
(2) Одредбата на став (1) од овој член особено се однесува на околностите за кои осигурувачот во бара дополнителни податоци.
(3) Договорувачот е должен, на барање на осигурувачот, да ги обезбеди сите потребни податоци кои се однесуваат на осигуреникот .
Член 15
(1) Договорувачот е должен за време на траењето на осигурувањето да го извести осигурителот за сите промени кои се важни за договореното осигурување.
(2) Договорувачот е должен писмено да го
извести осигурувачот во случај на промена на адресата во полисата за детско штедно осигурување, како и за промена на адресата на електронското сандаче, пријавена од договорувачот, најдоцна во рок од 5(пет) дена од денот на извршената промена.
(3) Договорувачот е должен писмено да го извести осигурувачот за секоја промена на адресата и местото на плаќање на премијата најдоцна во рок од 3(три) дена од извршената промена, во спротивно осигурувачот го задржува правото сите писмена да ги испраќа на последната пријавена адреса од договорувачот, и сите последици од испратените писмена на последната пријавена адреса од договорувачот се сметаат за уредно доставени.
(4) Доколку договорувачот, кај осигурувачот достави адреса на електронско сандаче, осигурувачот може да ги доставува писмената наменети за договорувачот на наведената адреса на електронско сандаче.
VIII. НЕТОЧНА ПРИЈАВА
Член 16
(1) Ако договорувачот на осигурувањето намерно направил неточна пријава, или намерно премолчил некоја околност од таква природа што осигурувачот не би склучил договор ако знаел за правата состојба на работите и околностите, осигурувачот може да бара поништување на договорот, и нема обврска да ја исплати осигурената сума.
(2) Во случај на поништување на договорот од причините наведени во став (1) од овој член, осигурувачот ги задржува наплатените премии и има право да бара исплата на премијата за периодот на осигурувањето во кој побарал поништување на договорот.
(3) Правото на осигурувачот да бара поништување на договорот престанува ако тој во рок од 3 (три) месеци од денот на дознавањето за неточноста на пријавата или за премолчувањето не му изјави на договорувачот на осигурувањето дека има
намера да го користи тоа право.
Член 17
(1) Ако договорувачот на осигурувањето направил неточна пријава, или пропуштил да го даде должното известување, а тоа не го сторил намерно, осигурувачот може, по свој избор, во рок од еден месец од дознавањето за неточноста или нецелосноста на пријавата, да изјави дека го раскинува договорот или да предложи зголемување на премијата сразмерно со поголемиот ризик.
(2) Договорот во тој случај престанува по истекот на
14 дена од кога осигурувачот својата изјава за раскинување му ја соопштил на договорувачот на осигурувањето, а во случај на предлог од осигурувачот премијата да се зголеми, раскинувањето настапува според самиот закон ако договорувачот на осигурувањето не го прифати предлогот во рок од 14 дена од кога го примил.
(3) Во случај на раскинување, осигурувачот е должен да го врати делот од премијата што отпаѓа на времето до крајот на периодот на осигурувањето.
(4) Ако осигурениот случај настанал пред да е утврдена неточноста или нецелосноста на пријавата или по тоа но пред раскинувањето на договорот, односно пред постигнувањето на спогодба за зголемување на премијата, надоместот се намалува во сразмер меѓу стапката на платените премии и стапката на премиите што би требало да се платат според вистинскиот ризик.
IX. ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 18
(1) Осигурувачот има обврска врз основа на договореното осигурување да исплати:
1. Осигурана сума на осигуреникот - за случај на доживување, по истек на договореното времетраење на осигурувањето.
2. сите дотогаш уплатени премии на договорувачот на осигурувањето - во случај на смрт на осигуреникот за време траење на осигурувањето.
(2) Осигурувачот има обврска во случаите од став
(1) точка 1 и точка 2 на овој член да ја исплати осигурената сума зголемена за дотогаш
припишаниот удел во добивката, ако се исполнети претпоставките од член 27, утврдени со овие Посебни услови.
(3) По изминати најмалку 2 (две) години од почетокот на осигурувањето за кои е платена премија, доколку настапи смрт на Договорувачот на осигурувањето, кој во моментот на смртта не бил постар од 65 (шеесет и пет) години, осигурувачот се обврзува, без понатамошна уплата на премија, по истекот на договореното времетраење на осигурувањето на осигуреникот да му ја исплати договорената осигурена сума;
(4) Во случај на смрт на двајцата родители на осигуреникот во еден несреќен случај, осигурувачот се обврзува на осигуреникот да исплати двојна осигурена сума согласно одредбите од член 29 и 30 од овие посебни услови. Со исплатата на оваа предметна обврска детското штедно осигурување престанува да важи.
(5) Осигурувачот се обврзува на осигуреникот да исплати награда во висина од 3% од осигурената сума под услов осигуреникот да го заврши средното образование со одличен успех.
X. ИСКЛУЧУВАЊА И ОГРАНИЧУВАЊА НА ОБВРСКАТА НА ОСИГУРИТЕЛОТ
Член 19
(1) Осигурувачот не е обврзан на договорувачот да му ги исплати сите дотогаш уплатени премии доколку осигуреникот изврши самоубиство во првата година, а доколку изврши самоубиство во втората или третата година од времетраењето на осигурувањето, се исплаќа до тогаш собраната математичка резерва. По истекот на рокот од три години на времетраењето на осигурувањето, осигурувачот е обврзан да ги исплати сите дотогаш уплатени премии и дотогаш припишаниот удел во добивката, ако се исполнети претпоставките за учество во распределбата на остварената добивка, утврдени со овие Посебни услови.
(2) Осигурувачот се ослободува од
обврската да му ја исплати на корисникот осигурената сума, ако овој намерно предизвикал смрт на осигуреникот, но е должен ако дотогаш биле уплатени барем три годишни премии, да му ја исплати математичката резерва од договорот на договорувачот на осигурувањето, а ако е тој осигуреник, на неговите наследници.
(3) Осигурувачот се ослободува од обврската од договорот за осигурување од несреќен случај, ако осигуреникот намерно го предизвикал несреќниот случај.
(4) Ако смртта на осигуреникот е причинета
со воени операции, осигурувачот, ако нешто друго не е договорено, не е должен да му ја исплати на корисникот осигурената сума, но е должен да му ја исплати математичката резерва од договорот. Ако не е договорено нешто друго, осигурувачот се ослободува од обврската од договорот за осигурување од несреќен случај ако несреќниот случај е причинет со воени операции.
Член 20
(1) Доколку за време траењето на договорот за детско штедно осигурување почине Договорувачот на осигурувањето, кој во моментот на настапување на смртта бил постар од 65 (шеесет и пет) години или по спроведена промена на Договорувач во текот на траењето на овој договор истиот почине, а од спроведената промена не се поминати најмалку 2 (две)осигурителни години и неговата обврска не ја превземе родителот или старателот на детето – осигуреникот, кој осигурувачот го известил со препорачано писмо да се повика на истото во рок од 30 дена од прием на известувањето, со истекот на тој рок договорот за детско штедно осигурување се смета за раскинат, а осигурувачот е должен на осигуреникот да ја исплати математичката резерва.
(2) Доколку во случај на смрт на двајцата родители на осигуреникот во еден несреќен случај кај родителот кој управува со возилото е присутна концентрација поголема од 0,5 g/кg на алкохол во организмот; а кај останатите сопатници е присутна концентрација поголема од 1,00 g/кg алкохол во oрганизмот, и ако таквата состојба на родителот имала причинска врска со настанокот на осигурениот случај.
(3) Кај осигурувања со еднократна уплата на премија не се применуваат одредбите од став (1) на овој член и договорот за осигурување останува на сила.
(4) Осигурувачот не е обврзан да ја исплати осигурената сума, туку само дотогаш насобраната математичка резерва, ако смртта на осигуреникот настапила:
1. како последица на војна или воени операции односно непријателства и ситуации слични на војна;
2. поради дејство на мини и бомби од сите видови или друго воено оружје;
3. како последица на востание, граѓански немири, бунт и насилства кои настануваат од такви настани;
4. со извршување на смрттна казна;
5. поради земјотрес;
6. поради поплави;
7. како последица на директна или индиректна последица од атомска катастрофа;
8. како последица на пандемија прогласена од страна на надлежно државно тело;
XI. ПРАВА НА ДОГОВОРУВАЧОТ НА ОСИГУРУВАЊЕТО ПРЕД НАСТАПОТ НА ОСИГУРЕНИОТ СЛУЧАЈ
Член 21
(1) Договорувачот може најдоцна 30 (триесет) дена пред почетокот на новата осигурителна година да побара промени по полисата.
(2) Осигурувачот може од оправдани причини да го одбие барањето на договорувачот.
Член 22
(1) Договорувачот може да побара капитализација на осигурувањето без понатамошно плаќање на премијата со намалена договорена осигурана сума според Таблицата на намалени осигурени суми без понатамошно плаќање на премијата.
Капитализација на осигурувањето е возможна ако изминале 3 (три) години и ако е платена премија за 3 (три) години.
(2) Со капитализација престануваат да важат договорените дополнителни осигурувања .
(3) Кај осигурувања со еднократна уплата на премија не се применуваат одредбите од став (1) и (2) на овој член.
(4)
Член 23
(1) Осигурувачот може, на писмено барање на договорувачот, да ја исплати откупната вредност на полисата врз основа на Таблицата на откупни вредности, ако откупот е возможен.
(2) Откуп е возможен ако изминале 3 (три)
години од почеток на договорот за
осигурување и ако се платени 3(три)
годишни премии.
(3) Барањето за откуп е овластен е да го поднесе само договорувачот.
(4) Ако до денот на поднесувањето на барањето за откуп на осигурувањето истекла најмалку половина од договореното времетраење на осигурувањето и ако за тој период е платена договорената премија, осигурувачот има обврска до тогаш припишаниот удел во добивката да го пресмета во откупната вредност на полисата.
(5) Барањето за откуп се пополнува на образец на осигурувачот во прилог на кој се доставуваат следните исправи и документација:
- Полисата за детско штедно осигурување во
оригинал;
- Фотокопија од лична карта согласно Закон
- Фотокопија од трансакциска сметка на договорувачот
(6) Обврската на осигурувачот при откуп престанува во 00:00 часот оној ден во кој е исплатена откупната вредност.
Член 24
(1) На барање на договорувачот, врз основа на склучениот договор за детско штедно осигурување, осигурувачот може да одобри заем ако се исполнети условите за капитализација на осигурувањето, односно за откуп од одредбите на член 22 и 23 од овие Посебни услови.
(2) Осигурувачот и договорувачот на
осигурувањето склучуваат договор за заем кој се запишува на полисата.
(3) Осигуреникот по навршување на 18 (осумнаеесет) години живот може врз основа на писмена изјава за согласност на договорувачот на осигурувањето да побара заем и во овој случај договорувачот истовремено е солидарен заемобарател на осигуреникот.
Член 25
(1) Полисата за осигурување може да се даде како залог доколку се исполнети условите од член 22, став (1) и 23 став (1) од овие посебни услови.
(2) Заложувањето има дејство спрема осигурувачот само ако осигурувачот е писмено известен дека полисата е заложена кај одреден доверител.
(3) Кога полисата гласи по наредба, заложувањето се врши со индосирање.
XII. ОБНОВА НА ДОГОВОРОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ Член 26
(1) Осигурувањето на живот кое престанало да важи поради раскин на договорот или е претворено во осигурување со намалени осигурени суми без понатамошно плаќање (капитализација) може да се обнови по писмено барање на договорувачот, најкасно во рок од 12 (дванаесет) месеци од истекот на месецот за кој е платена последната премија.
(2) Осигурувањето кое престанало да важи поради раскин на договор или е претворено во осигурување со намалени осигурени суми без понатамошно плаќање (капитализација) може да се обнови само доколку се платени сите доспеани премии и соодветните затезни камати до денот на обнова.
(3) Осигурувачот е должен барањето за обнова да го прифати или одбие во рок од 8 (осум) дена од денот на прием на барањето. Доколку осигурувачот во тој рок рок не го одбие барањето, се смета дека го прифатил, но само доколку се исполнети сите услови за обнова.
(4) Обврските на осигурувачот по обновениот договор за осигурување започнуваат во 0,00 часот оној ден кога осигурителот го прифатил барањето за обнова, доколку се дотогаш исполнети сите услови за обнова на договорот.
(5) Ако осигуреникот во текот на една година од денот на обнова на договорот изврши самоубиство, осигурителот ја исплаќа дотогаш насобраната математичка резерва.
XIII. УЧЕСТВО ВО ДОБИВКАТА
Член 27
(1) Договорувачот, осигуреникот, односно корисникот учествува во распределбата на остварената добивка на осигурувачот. Под остварена добивка се подразбира добивка која осигурувачот може да ја припише на осигурената сума. Висината и начинот на учество во добивката се утврдуваат со посебна одлука усвоена од Собрание на акционери на осигурувачот.
(2) Право на учество во распределба на остварената добивка на осигурувачот се стекнува по истекот на 24 (дваесет и четири) месеци од почетокот на осигурувањето, под услов да се платени сите премии во целост.
(3) Доколку е договорено осигурување со еднократна уплата на премија право на учество во распределба на остварената добивка на осигурувачот се стекнува по истекот на 12 (дванаесет) месеци од почетокот на осигурувањето.
(4) Уделите во добивката се пресметуваат на ден 31 декември секоја година, а договорувачот за тоа се известува во тековната година за изминатата година. При доживување уделот во добивката се исплаќа заедно со осигурената сума.
(5) Во случај на смрт на осигуреникот, вкупно уплатената премија и до тогаш припишаниот удел во добивката се исплаќаат на договорувачот на осигурувањето.
XIV. РАСПОЛАГАЊЕ СО ПРАВАТА ОД ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 28
(1) На договорувачот му припаѓаат сите права од склучениот договор се до моментот додека не настапи осигурен случај.
(2) Сите изјави и барања на договорувачот се обврзувачки за осигурувачот, доколку се дадени во писмена форма или на образец на осигурувачот, и примени се од страна на осигурувачот пред да настапи осигурениот случај.
XV. ПРИЈАВА НА ОСИГУРЕНИОТ СЛУЧАЈ
Член 29
(1) Договорувачот, осигуреникот, родителот или старателот се должни по настапот на осигурениот случај до осигурувачот да поднесат пријава во рок од 14 (четиринаесет) дена од денот на настанот.
(2) Пријавата се пополнува на образец на осигурувачот и во прилог со неа се поднесуваат следниве документи:
1. полисата за детско штедно осигурување во оригинал;
2. Извод од матична книга на осигуреникот или лична карта на увид заради идентификација на идентититетот на осигуреникот;
(3) Доколку настапила смрт на осигуреникот, договорувачот на осигурувањето за да би ги остварил своите права од член 18, став 1, точка 2
на овие посебни услови, поднесува пријава на образец на осигурувачот и во прилог со неа поднесува извод од матичната книга на умрени со кој се потврдува смртта на осигуреникот.
(4) Xxxxxxx настапила смрт на Договорувачот на осигурувањето кој во моментот на смртта не бил постар од 65 (шеесет и пет) години, под услов да се поминати најмалку 2 (две) години од ова осигурување и за нив да биде уплатена премија, родителот или старателот на малолетниот осигуреник или осигуреникот доколку е полнолетен за да ги оствари своите права од член 18 став 3 од овие посебни услови поднесува пријава на образец на осигурувачот и дополнително приложува извод од матична книга на умрени со која се потврдува смртта на Договорувачот на осигурувањето.
(5) Доколку настапила смрт на двајцата родители во еден несреќен случај Договорувачот на осигурувањето или старателот на малолетниот осигуреник или осигуреникот доколку станал полнолетен за да ги оствари своите права од член
18 став 4 од овие посебни услови поднесува пријава на образец на осигурувачот и дополнително приложува извод од матична книга на умрени и јавна исправа со која се потврдува истовремената смрт на двајцата родители на осигуреникот.
(6) Договорувачот на осигурувањето или старателот на малолетниот осигуреник или осигуреникот доколку станал полнолетен за да ги оствари своите права од член 18 став 5 од овие посебни услови поднесува пријава на образец на осигурувачот и дополнително приложува доказ за завршено средно образование со одличен успех.
(7) Осигурувачот има право да побара и други докази потребни за утврдување на правото за исплата.
(8) Подносителот на пријавата ги сноси трошоците кои настанале во врска со пријавувањето на осигурениот случај.
XVI. ИСПЛАТА НА ОСИГУРЕНАТА СУМА
Член 30
(1) Осигурувачот е должен да ја исплати осигурената сума согласно со договорот во рок од 14 (четиринаесет) дена од денот кога ја примил пријавата на осигурениот случај со сите исправи и докази пропишани со член 29, став (2) и (3) од овие Посебни услови.
(2) Доколку за утврдување на постоењето на обврската на осигурувачот и нејзиниот износ е потребно одредено време, односно ако не може да се утврди основаноста за постоење на обврската на осигурувачот или висината на надоместот, на барање на договорувачот, осигурувачот може да го исплати неспорниот дел (аконтација) согласно договорот за осигурување во рок од 30 дена од кога е примена пријавата за осигурениот случај или овластеното лице во истиот рок да го извести дека неговото барање е неосновано.
(3) Ако во моментот на утврдување на обврската постои спор околу примената на даночните прописи и другите прописи со кои се утврдуваат задолжителните давања кон органите на државната власт, осигурувачот ќе постапи согласно со став (2) на овој член.
(4) осигурувачот има право сите ненаплатени рати на премијата да ги наплати при секоја исплата која ја врши врз основа на договорот за осигурување.
XVII. КОРИСНИК
Член 31
(1) Договорувачот го одредува осигуреникот како корисник во полисата.
(2) Право на исплата на осигурената сума и на дотогаш припишаната добивка има само корисникот и тоа од самото склучување на договорот.
(3) Осигурената сума зголемена за дотогаш припишаната добивка ќе се исплати на осигуреникот на неговата сметка во банка. Во случај на спор, осигурувачот има право да бара од родителите односно старателите да прибават решение од законодавното тело за старателство со кое се одредува лицето овластено за прием на договорената сума која му припаѓа на малолетното лице.
XVIII. ВАЛУТА НА ОБВРСКАТА
Член 32
(1) Ако премијата е договорена во ЕВРА, премијата се уплаќа во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на уплатата.
(2) Осигурената сума договорена во ЕВРА и припишаната добивка се исплаќаат во денарска противвредност според средниот курс на Народна
банка на Република Македонија на денот на исплатата.
XIX ВОНСУДСКО РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИ
Член 33
(1) Страните се согласни дека сите спорови што ќе произлезат од Договорот за детско штедно осигурување, ќе се обидат да ги решаваат вонсудски на мирен начин.
(2) Договорувачот и осигуреникот, како и други лица на кои се однесува осигурувањето, се обврзуваат дека неодложно во писмена форма ќе го известат осигурувачот за сите спорни прашања, приговори и недоразбирања кои се однесуваат на Договорот за детско штедно осигурување.
(3) Приговорите од ст(.2) на овој член осигурувачот ќе ги проследи до Комисија за решавање на претставки на друштвото, која е должна во однос на истите да одлучи и писмено да се произнесе во рок од 30 (триесет) дена од приемот на приговорот.
(4) Во случаите кога договорувачот, осигуреникот и корисникот на осигурувањето сметаат дека осигурувачот не се придржува кох одредбите од Договорот за детско штедно осигурување, можат да поднесат претставка до органот надлежен за вршење на надзор на осигурувачот-Агенција за супервизија на осигурување.
XX. ИЗДАВАЊЕ НА ЗАМЕНСКА ПОЛИСА
Член 34
(1) Договорувачот е должен да го пријави кај осигурувачот исчезнувањето на полисата веднаш откако дознал дека исчезнала и да го објави нејзиното исчезнување во службен весник на Република Македонија.
(2) Осигурувачот може, за винкулирана или заложена полиса или полиса на која е забележена некоја друга правна работа, како и за полиса до одредена висина на осигурената сума, да бара извршување на амортизациска постапка, односно да го условува издавањето на заменската полиса со доставување на правосилна судска пресуда со која исчезнатата изворна полиса се прогласува за неважечка.
(3) Осигурувачот издава заменска полиса во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на објавувањето на исчезнатата полиса во службен весник на Република Македонија, односно од денот на правосилноста на судската пресуда.
(4) Договорувачот ги сноси сите трошоци во врска со издавањето на заменската полиса.
XXI. НАДОМЕСТОЦИ
Член 35
(1) Договорувачот е должен на осигурувачот однапред да му плати надомест за сите услуги кои посебно ги бара од осигурувачот за времетраење и по истекот на осигурувањето, во висина која ја определува и ќе ја побара осигурувачот..
(2) Договорувачот се обврзува, заедно со договорената премија, да ги плати и сите давачки воведени со важечките прописи.
XXII. ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИ
Член 36
(1) Во случај кога договорувачот, осигуреникот, односно корисникот на осигурувањето смета дека осигурувачот не се придржува кон одредбите од договорот за осигурување, истиот може да достави претставка со цел xxxxxxxxx решавање на настанатиот спор до:
1. Соодветна организациона единица надлежна за решавање на спорови меѓу договорни страни во рамките на друштвото за осигурување;
2. Служба за внатрешна ревизија во друштвото за осигурување;
3. Организација за заштита на потрошувачи, и
4. Агенција за супервизија на осигурување
(2) Заемната согласност помеѓу осигурувачот и подносителот на претставката постигната во вонсудска постапката ќе биде во форма на меѓусебна спогодба.
Член 37
(1) Осигурувачот е должен да го почитува принципот на доверливост на информациите кои се достапни во процесот на постапување со претставките.
XXII. ЗАШТИТА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ Член 38
(1) Сите лични податоци со кои Друштвото располага како резултат на склучувањето на
договорите за осигурување ќе бидат користени и обработувани во согласност со Законот за заштита на личните податоци и во согласност со интерните акти за заштита на лични податоци кај KРОАЦИА ОСИГУРУВАЊЕ – АД за осигурување на Живот.
XXIII. ЗАСТАРЕНОСТ Член 39
Побарувањата од договорот за детско штедно осигурување застаруваат во согласност со одредбите од Законот за облигациони односи.
XXIV. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 40
(1) Во случај на судски спор надлежен е стварно и месно надлежен суд во седиштето на осигурувачот.
(2) За односите помеѓу осигурувачот и договорувачот, како и на другите лица на кои се однесува детското штедно осигурување кои не се уредени со овие Посебни услови, се применуваат позитивните законски норми.
Член 41
Овие Посебни услови за детско штедно осигурување влегуваат во сила и ќе се применуваат од 01.06.2019 година.