Contract
0517
ПОСЕБНИ УСЛОВИ ЗА КОЛЕКТИВНО ОСИГУРУВАЊЕ НА ЖИВОТ ЗА СЛУЧАЈ НА СМРТ И ДОЖИВУВАЊЕ
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1.
(1) Овие Посебни услови за случај на смрт и доживување (во понатамошниот текст: Посебни услови) се составен дел од договорот за колективно осигурување на живот во случај на смрт и доживување со валутна клаузула, кој договорувачот го склучува со Кроациа Осигурување АД (во понатамошниот текст осигурувач).
(2) Правното лице кое ќе го склучи договорот за колективно осигурување на живот е договорувач, а лицето во чија корист е договорено осигурувањето е корисник. Лицето од чие доживување или смрт зависи исплатата на договорените суми е осигуреник.
(3) Понудувач е лицето кое поднесува пишана понуда на осигурувачот. Осигурувачот го задржува xxxxxxxx да ја одбие понудата при тоа не наведувајќи ги причините за одбивање.
(4) Ако покрај осигурувањето на живот е склучено и дополнително осигурување од последица на несреќен случај, составен дел од договорот се и Дополнителни услови за осигурување од последица на несреќен случај покрај осигурување на живот со валутна клаузула и Таблица за одредување на процент на траен инвалидитет како последица на несреќен случај (незгода).
II. СКЛУЧУВАЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 2.
(1) Полиса за колективно осигурување на живот е документ за склучен договор за осигурување.
(2) Договорот за осигурување е склучен кога договорувачот и осигурувачот ќе потпишат Понуда за осигурување и откако ќе биде уплатена првата премија-капар.
(3) Врз основа на овие Посебни услови се осигуруваат работниците кои се во работен однос кај договорувачот.
На полисата се запишува почетниот број на осигуреници, со тоа што договорувачот е должен да ја пријави секоја промена во бројот на осигурени работници на крај на секоја осигурителна година.
(4) На крајот на секоја осигурителна година, задолжително се изработува конечна пресметка на премијата соодветно на вистинскиот број на работници, ако не е поинаку договорено.
III. ПОЧЕТОК И ТРАЕЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО Член 3.
(1) Осигурувањето почнува во 0, 00 часот оној ден кој во полисата е означен
како почеток на осигурувањето и трае до 0,00 часот оној ден кој во полисата е означен како истек на осигурувањето.
Ако првата рата од премијата не е уплатена до почетокот на осигурувањето, обврската на осигурувачот почнува во 0,00 часот, тој ден кога е платена првата рата премија во целост.
(2) Како почеток на осигурувањето по правило се зема првиот ден од следниот
месец откако во тековниот месец работникот стапил во работен однос.
(3) Осигурувањето за секој поединечен осигуреник согласно овие Посебни услови престанува:
а. кога ќе настапи негова смрт,
б. кога ќе заврши осигурителна година во која осигуреникот наполнил 75 години, в. кога осигуреникот ќе стане душевно болен или потполно работонеспособен,
г. во 0,00 часот оној ден кога осигуреникот го прекинал работниот однос со договорувачот;
д. поради откуп на осигурувањето на живот во 0,00 часот оној ден кога е исплатена откупната вредност на полисата, и
ѓ. кога во полисата е одреден истек на договорот за осигурување.
IV. ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 4.
(1) При договарање на колективното осигурување на Договорувачот на колективната полиса му се презентира што да очекува по истек на договорот за осигурување, осигурана сума и добивка на осигурана сума.
(2) По договорот за колективно осигурување на живот осигурувачот е должен да исплати:
а. Осигурена сума и припишана добивка по истек на договореното траење за случај на доживување;
б. За случај на смрт поради болест во првите шест месеци од почеток на осигурувањето 50% од осигурена сума, а после шест месеци целата осигурена сума; в. Целата осигурена сума ако смрт на осигуреникот настапи во тек на првите шест месеци од траењето на осигурувањето како последица на несреќен случај, бременост и породување.
(3) После 3 години од траење на осигурувањето, корисникот за случај на смрт има право на учество во распределба на добивка на осигурувачот под услов да е платена во целост доспеаната премија.
V. ИСКЛУЧУВАЊА И ОГРАНИЧУВАЊА НА ОБВРСКАТА НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 5.
(1) Осигурувачот не ја исплаќа осигурената сума на корисникот ако смртта на осигуреникот злонамерно ја предизвика самиот корисник - физичко лице. А ако дотогаш биле уплатени најмалку три годишни премии, ќе ја исплати математичката резерва на договарачот на осигурувањето, а ако е тој осигуреник, на неговите наследници.
(2) Осигурувачот нема да ја исплати на корисникот осигурената сума за случај на самоубиство на осигуреникот во првата година од траење на неговото осигурување, а до третата година од траењето на осигурувањето е обврзан да ја исплати само до тогаш насобраната математичка резерва. Осигурувачот не ја исплаќа осигурената сума, туку до тогаш насобраната математичка резерва и во случаи кога смртта на осигуреникот настанала:
1. како последица на војна или воени операции односно непријателства и ситуации слични на војна,
2. поради дејство на мини и бомби од сите видови или друго воено оружје,
3. како последица на востание, немири, бунт и насилства кои настануваат од такви настани,
4. со извршување на смртна казна.
По истекот на рокот од три години на траењето на осигурувањето, осигурувачот е обврзан да ја исплати осигурената сума за смрт заради болест и до тогаш припишаниот удел во добивката, ако се исполнети претпоставките за учество во распределбата на
остварената добивка, утврдени со овие Посебни услови;
VI. ДОГОВАРАЊЕ НА ПРЕМИЈА И ОСИГУРЕНИ СУМИ
Член 6.
(1) Износот на осигурените суми и премија се утврдува врз основа на податоците од понудата и Xxxxxxxx за колективно осигурување на живот.
(2) Премијата на осигурувањето и осигурената сума се договорат во ЕВРА. Премијата по правило се плаќа во денари. Доколку законските прописи кои го регулираат платниот промет со странски средства на плаќање дозволуваат уплати на премии во ЕВРА плаќањето може да биде извршено и во ЕВРА.
(3) Ако е договорено под-годишно плаќање на премијата, осигурувачот пресметува дополнителен надомест за под-годишно плаќање на секоја рата на премијата.
(4) Договорувачот е должен да ја плаќа премијата во договорените рокови и на договорениот начин, а осигурувачот е должен да ја прими премијата од секое лице кое има правен интерес премијата да биде платена. Договарачот е должен со договорената премија да ги плати и сите придонеси и даноци согласно прописите.
Ако договорувачот не ја плати должната премија во рок од 3 (три) месеци од денот на нејзиното доспевање, ќе следи последицата спомената во член 7 од овие посебни услови.
(5) Ако наместо договарачот премијата ја плаќа друго лице, самото плаќање не создава други права ни должности освен оние кои се предвидени по пат на договор помеѓу осигурувачот и договорувачот.
(6) Во случај на смрт на осигуреникот поединечната премија мора да биде платена за целата осигурителна година во која настапила неговата смрт.
VII. ПОСЛЕДИЦА ПОРАДИ НЕПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈАТА Член 7.
(1) Ако договорувачот не ја плати премијата ниту 2 (два) месеци по достасувањето, осигурувачот ќе го повика со препорачано писмо да ја плати достасаната премија во рок од 30 (триесет) дена од денот на врачувањето на препорачаното писмо.
(2) Ако премијата била платена најмалку за 24 или повеќе месеци, осигурувањето преминува во осигурување со намалена осигурена сума без обврска на договарачот за понатамошно плаќање согласно Таблицата на намалена осигурена сума без понатамошно плаќање на премијата.
Осигурување со намалена осигурена сума може да се откупи само ако поминале најмалку пет години од договорениот почеток на осигурувањето.
(3) На барање на договарачот, осигурувачот може да ја исплати откупната вредност на полисата според Таблицата на откупни вредности, ако дотогаш е платена премија за најмалку 36 месеци.
(4) Ако договарачот ја плати преостанатата премија по опомена од страна на осигурувачот, должниот износ на премијата осигурувачот има право да пресмета законски пропишана затезна камата. Вкупниот износ се плаќа по средниот курс на Народна Банка на РМ на денот на плаќање.
(5) Ако осигурителниот настан настанал во рок од 3 (три) месеци за кои не се платени
доспеани премии, осигурувачот е обврзан да ја исплати осигурената сума, со тоа што доспеаната премија мора да биде платена. Ако осигурителниот настан настане пред раскин на договорот или намалување на осигурената сума, се смета дека осигурената сума е намалена односно дека договорот е раскинат, зависно од тоа дали премиите биле платени за најмалку две години или не.
VIII. ОБНОВА НА ДОГОВОРОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 8.
(1) Колективното осигурување на живот во случај на смрт и доживување со валутна клаузула кое престанало да важи или преминало во осигурување со намалена осигурена сума без понатамошно плаќање на премијата може да се обнови по писмено барање на договарачот најдоцна во рок од 12 (дванаесет) месеци од истекот на месецот за кој е платена последната премија.
(2) Обврската на осигурувачот по обновеното осигурување почнува во 0,00 часот оној ден кога осигурувачот го прифатил барањето за обнова на осигурување, но под услов да е платена до тој ден цела доспеана премија.
(3) Ако барањето е поднесено во рок од 3 (три) месеци од истекот на месецот за кој е платена последната премија, осигурувачот е должен да го прифати барањето без обѕир на здравствената состојба на осигуреникот.
IX. УЧЕСТВО ВО РАСПРЕДЕЛБА НА ОСТВАРЕНАТА ДОБИВКА НА ОСИГУРУВАЧОТ Член 9.
(1) Договарачот, осигуреникот, односно корисникот може да учествува во распределба на остварената добивка на осигурувачот за осигурување на живот согласно посебна Одлука на собрание на акционери на Друштвото.
(2) Висината и начинот на учество во добивка се одредува со посебна одлука на Собрание на акционери на Друштвото.
(3) Добивката на осигурувачот се пресметуваат на ден 31. декември секоја година.
(4) Уделите во добивката се пресметуваат на ден 31 декември секоја година, а договарачот за тоа се известува во тековната година за изминатата година, доколку полисата се стекнала со право за учество во добивка.
X. РАСПОЛАГАЊЕ СО ПРАВАТА ОД ОСИГУРУВАЊЕТО Член 10.
(1) Сите права што произлегуваат од договорот за колективно осигурување на живот му припаѓаат на договарачот се додека не настапи осигурениот случај.
(2) Сите изјави и барања на договарачот, осигурувачот може да ги прифати под услов да се писмено доставени пред настанување на осигурениот случај.
(3) Кога лице одредено за корисник почине пред да настане осигурен случај, осигурената сума не им припаѓа на неговите наследници, туку на нареден корисник, а ако тој не е одреден тогаш на имотот на договарачот.
XI. ПРИЈАВА НА ОСИГУРЕНИОТ СЛУЧАЈ
Член 11.
(1) Лицата кои имаат право на осигурена сума се должни кога ќе настапи осигурен случај да поднесат писмено барање на адресата до осигурувачот во рок од 14
(четиринаесет) дена од денот на настанот.
(2) Пријавата се пополнува на образец на осигурувачот и со неа се поднесуваат следните документи:
1.оригинал на полисата за осигурување на живот,
2.доказ за датумот на раѓање на осигуреникот,
3.ако настапила смрт на осигуреникот:
• извод од матичната книга на умрените или некоја друга соодветна службена исправа која ја докажува смртта на осигуреникот,
• доказ за причината на смртта,
• потврда од лекарот кој последен го лекувал умрениот,
• решение за наследување, ако како корисници со полисата се одредени законски наследници,
• доказ за сродството, ако корисникот не е одреден со именување.
(3) Осигурувачот има право да ги бара и останатите докази кои се потребни за утврдување на право на исплата.
Подносителот на пријавата ги сноси трошоците кои настанале во врска со пријавувањето на осигурениот случај.
XII. ИСПЛАТА НА ОСИГУРЕНАТА СУМА
Член 12.
(1) Осигурувачот е должен договорената сума да ја исплати согласно со договорот за осигурување во рок од 14 дена, од денот кога е примено барањето за исплата со целата потребна документација.
(2) Доколку за утврдување на постоењето на обврската на осигурителот и нејзиниот износ е потребно одредено време, односно ако не може да се утврди основаноста за постоење на обврската на осигурителот или висината на надоместот, на барање на договорувачот, осигурителот може да го исплати неспорниот дел (аконтација) согласно договорот за осигурување во рок од 30 дена од кога е примена пријавата за осигурениот случај или овластеното лице во истиот рок да го извести дека неговото барање не е основано.
(3) Осигурувачот е должен без одложување да го исплати неспорниот дел од својата обврска на име аконтација, ако не е во можност да ја утврди вкупната обврска за исплатата во рок утврден во став (1) и (2) на овој член.
(4) Договорената осигурена сума и остварената добивка се исплаќаат во денари според средниот курс на Народна Банка на РМ на денот на истекот на осигурување, односно во случај на смрт на осигуреникот на денот кога е решена обврска на осигурувачот.
(5) Ако пријавата за случај на смрт не била поднесена во рокот од член 11. став (1) од овие Посебни услови, висината на вкупниот надомест се пресметува според средниот курс на Народна Банка на РМ на денот на исплата на обврската на осигурувачот.
(6) Кога осигурувачот ќе ја исплати осигурената сума на лицето кое на неа би имало право во случај кога договарачот не одредил друг корисник, осигурувачот се ослободува од обврската по основ на договорот ако во моментот на исплатата не знаел ниту можел да знае дека корисникот е одреден со тестамент или со некој друг акт кој не му е доставен. Корисникот има право да бара поврат на средствата од лицето кое од
осигурувачот ја примило осигурената сума. Истото важи и во случај на промена на корисникот.
(7) Осигурувачот има право на сите доспеани, а ненаплатени рати од премијата, да ги наплати при секоја исплата врз основа на оваа осигурување.
XIII.КОРИСНИК НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 13.
(1) Договарачот може со договорот како и со некои правни работи подоцна, да го одреди лицето по име (корисникот) на кое ќе му припадне правото по основ на договорот.
(2) Кога за корисници се одредени деца или законски наследници, користа им припаѓа и на оние кои се родени подоцна, а користа наменета на сопругот/сопругата му припаѓа на лицето кое било во брак со осигуреникот во моментот на неговата смрт.
(3) Кога за корисници се одредени деца или законски наследници, а договарачот не одредил каква ќе биде поделбата меѓу нив, поделбата ќе биде сразмерна на нивните наследнички делови.
(4) Ако корисникот е малолетно лице, осигурената сума им се исплаќа на родителите односно на законските старатели. Во случај на спор, осигурувачот има право да бара од родителите односно старателите да обезбедат решение од законодавното тело за старателство со кое се одредува лицето овластено за прием на договорената сума која му припаѓа на малолетното лице.
(5) Право на исплата на осигурената сума има само корисникот, независно од тоа како и кога е одреден за корисник.
(6) Во случај на доживување или откуп на осигурувањето, ако не е поинаку договорено, корисникот е договорувачот на осигурувањето.
XIV. ИЗДАВАЊЕ НА ЗАМЕНСКА ПОЛИСА
Член 14.
(1) Договарачот е должен да го пријави кај осигурувачот исчезнувањето на полисата, веднаш откако дознал дека исчезнала, и да го објави нејзиното исчезнување во Службен весник на РМ.
(2) Во определени случаи Осигурувачот може да одреди исчезнатата полиса до одредена висина на осигурена сума да се замени со дупликат и без судска одлука за амортизација, но под услов договарачот да поднел писмена изјава за начинот на кој полисата е изгубена.
(3) Осигурувачот издава заменска полиса во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на објавувањето на исчезнатата полиса во Службен Весник на Република Македонија, односно од денот на правосилноста на судската пресуда.
(4) Договарачот ги сноси сите трошоци за издавање на заменска полиса.
XV. НАДОМЕСТОЦИ Член 15.
(1) Договарачот е должен да плати надомест за сите услуги кои посебно ги бара од
осигурувачот во висина која ја одредил осигурувачот.
(2) Договорувачот е должен, со договорената премија, да ги плати и сите придонеси и даноци воведени со прописите.
XVI. ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИ
Член 16.
(1) Во случај кога договорувачот, осигуреникот, односно корисникот на осигурувањето смета дека осигурувачот не се придржува кон одредбите од договорот за осигурување, истиот може да достави претставка со цел xxxxxxxxx решавање на настанатиот спор до:
1) Соодветна организациона единица надлежна за решавање на спорови меѓу договорни страни во рамките на друштвото за осигурување;
2) Служба за внатрешна ревизија во друштвото за осигурување;
3) Организација за заштита на потрошувачи, и
4) Агенција за супервизија на осигурување
(2) Заемната согласност помеѓу осигурувачот и подносителот на претставката постигната во вонсудска постапката ќе биде во форма на меѓусебна спогодба.
Член 17.
Осигурувачот е должен да го почитува принципот на доверливост на информациите кои се достапни во процесот на постапување со претставките.
XVII. ЗАШТИТА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
Член 18.
Сите лични податоци со кои Друштвото располага како резултат на склучувањето на договорите за осигурување ќе бидат користени и обработувани во согласност со Законот за заштита на личните податоци и во согласност со интерните акти за заштита на лични податоци кај KРОАЦИА ОСИГУРУВАЊЕ – АД за осигурување на Живот.
XVIII. ЗАСТАРУВАЊЕ Член 19
(1) Рокот за застареност за поднесување на барање по договор за осигурување изнесува 5 години.
(2) Застарувањето се смета дека настапило по истекот на годината во која било можно да се бара надоместокот.
XIX.ЗАВРШНА ОДРЕДБА
Член 20
За односите помеѓу осигурувачот, осигуреникот, договарачот, корисникот и другите лица на кои се однесува, а кои не се уредени со овие Посебни услови, се применуваат одредбите на Законот.