Contract
ОПШТИ УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА РЕГУЛИРАНИТЕ РОАМИНГ УСЛУГИ ВО ЗЕМЈИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ЗА КОРИСНИЦИТЕ НА УСЛУГИТЕ НА МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМ ВО ЈАВНАТА МОБИЛНАТА КОМУНИКАЦИСКА МРЕЖА
Почнувајќи од 1 јули 2021 година, Македонски Телеком АД Скопје (во понатамошниот текст: Македонски Телеком) како оператор на јавна мобилна комуникациска мрежа врз основа на Одлуката за утврдување на максимални цени на услугите во роаминг во јавни мобилни комуникациски мрежи на Агенцијата за електронски комуникации и Спогодбата за намалување на цената на роаминг услугите во јавните мобилни комуникациски мрежи во регионот на Западен Балкан потпишана на 4.4.2019 година помеѓу министерствата одговорни за областа на електронските комуникации: Република Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Република Северна Македонија, Република Србија и Косово (понатаму заеднички именувани како земјите на Западен Балкан или Западен Балкан), ќе ги применува овие Општи услови за обезбедување на регулирани малопродажни услуги во роаминг за земјите од Западен Балкан.
1. Користењето на роаминг услугите во земјите на Западен Балкан исклучиво за потребите на повремени патувања е овозможено во сите тарифни модели на Македонски Телеком, доколку не е поинаку дефинирано во условите на поединечен тарифен модел. Во случај на користење на при-пејд тарифен модел предуслов за користење на услугите во роаминг е СИМ картичката да е претходно активирана во јавната мобилна комуникациска мрежа на Македонски Телеком и на истата да има кредит.
2. Користењето на роаминг услугите во земјите на Западен Балкан е овозможено на начин што корисниците ќе имаат право да користат еден дел од услугите разговор/СМС/податочен сообраќај вклучени во нивните тарифни модели како што тоа го користат во границите на Република Северна Македонија.
Исклучок од ова се случаите кога:
- домашната тарифа на корисникот не вклучува одредена количина на минути/СМС /податочен сообраќај кон останатите мобилни мрежи во Република Северна Македонија или
- количината на сообраќај вклучен во тарифата е потрошена пред корисникот да излезе од Република Северна Македонија,
во кои случаи услугите ќе се наплаќаат.
По искористување на доделениот податочен сообраќај додека корисникот е во земјите на Западен Балкан, пристапот до услугата се прекинува и корисникот ќе може да продолжи да користи интернет само доколку активира дополнителен роаминг интернет пакет.
3. Со цел да се заштити од злоупотреби и невообичаена употреба на регулираните малопродажни услуги во роаминг Македонски Телеком во согласност со “Правилникот за политики на фер користење и проценка на одржливоста на укинувањето на дополнителните надоместоци за регулирани малопродажни услуги во роаминг, и за барањето што го доставува операторот за целите на таа проценка” (во понатамошниот текст: Правилник за фер користење и одржливост) ќе применува политика за фер користење во однос на трошењето на регулираните малопродажни услуги во роаминг.
4. Мерките кои Македонски Телеком ќе ги применува во рамките на политиката за фер користење вклучуваат:
а. Странски државјани кои ги користат услугите на Македонски Телеком ќе биде потребно да обезбедат доказ за вообичаеното место на живеење или за други стабилни врски што подразбираат често и значително присуство во Република Северна Македонија. Притоа под „стабилни врски“ се подразбира присуство на територијата на Република Северна Македонија кое произлегува од:
- работен однос на полно и неопределено работно време, вклучително и на граничните работници;
- долгорочни договорни односи кои подразбираат сличен степен на физичко присуство на самовработено лице;
- редовно студирање на периодични студиски програми; или
- други ситуации, како што се вработени кои се испратени од нивните работодавци да изврши услуги/работи или пензионираните лица, секогаш кога се налага соодветно ниво на физичко присуство.
б. Примена на фер, разумни и сразмерни контролни механизми засновани на објективни индикатори поврзани со ризикот од злоупотребата или неправилната употреба на роаминг услугите, а кои што не се поврзани со употребата при периодичните патувања на корисникот во земјите од Западен Балкан. Во објективни индикатори спаѓаат мерки за утврдување дали корисникот има поголема домашна потрошувачка одошто потрошувачка во роаминг или поголемо домашно присуство одошто присуство во земјите на Западен Балкан. Секој ден кога претплатникот се најавил на домашната мрежа се смета за ден на домашно присуство на тој претплатник. Доколку Македонски Телеком утврди дека одреден корисник во претходно разгледуваниот период од 4 месеци (123 дена), одредена услуга користи претежно во роаминг во регионот на Западен Балкан и воглавно бил пријавен на мрежите на операторите во регионот на Западен Балкан, Македонски Телеком на таквиот корисник може да му испрати предупредување за утврдениот образец на однесување кој упатува на злоупотреба или неправилна употреба на регулираната роаминг услуга во регионот на Западен Балкан. Доколку по истекот на 15 дена од испратеното предупредување во разгледуваниот период корисникот и понатаму продолжи исто да се однесува во начинот на користење на услугите т.е. одредена услуга користи претежно во роаминг во било кој од земјите на Западен Балкан и воглавно е пријавен на некоја од мрежите на операторите во земјите на Западен Балкан, Македонски Телеком, може да наплати дополнителен надоместок за понатамошното користење на таа услуга.
в. Следење дали постои долга неактивност на одредена СИМ картичка која се поврзува претежно, ако не и исклучиво со употреба само за време на роаминг, како и тоа дали постои претплата и последователна употреба на повеќе СИМ картички од истиот корисник за време на роаминг. Доколку Македонски Телеком утврди дека одреден корисник во претходно разгледуваниот период, од 4 месеци (123 дена), одредена услуга користи претежно во роаминг во земјите на Западен Балкан и воглавно бил пријавен на мрежите на операторите во земјите на Западен Балкан, Македонски Телеком на таквиот корисник може да му испрати предупредување за утврдениот начин на користење на услугите кој упатува на злоупотреба или неправилна употреба на регулираната роаминг услуга во земјите на Западен Балкан. Доколку по истекот на 15 дена од испратеното предупредување корисникот и понатаму го задржи истиот начин на користење на услугите, Македонски Телеком може да наплати дополнителен надоместок за понатамошното користење на таа услуга.
5. Кога Македонски Телеком врз основа на објективни и поткрепени докази ќе утврди дека одреден број на СИМ картички биле продадени на лица кои ефективно не живеат или немаат стабилни врски што подразбираат често и значително присуство во Република Северна Македонија со цел да се овозможи користење на регулираните малопродажни роаминг услуги што се обезбедуваат по домашна малопродажна цена за други цели покрај периодичното патување, Македонски Телеком може да преземе итни мерки како би се оневозможило таквото користење, односно би се осигурало користење на услугите во согласност со Општите услови за засновање претплатнички однос и за користење на услугите на Македонски Телеком, овие Општи услови за користење на регулираните роаминг услуги во регионот на Западен Балкан и други посебни услови и/или спецификации за мобилните услуги на Македонски Телеком.
6. Доколку со употреба на мерките утврдени во член 4 на овие Општи услови Македонски Телеком утврди дека се исполнети условите за наплата на дополнителен надоместок, истиот ќе се наплаќа согласно официјалниот Ценовник на Македонски Телеком објавен на веб страницата на Македонски Телеком. Македонски Телеком го задржува правото за измена на износот на дополнителниот надоместок за регулирани роаминг услуги заради усогласување на истиот со регулацијата.
7. Во случај да се исполнети условите за наплата на дополнителен надоместок за користење на регулирани роаминг услуги Македонски Телеком ќе ги извести корисниците за истото како и за висината на дополнителниот надоместок кој ќе им биде наплатен во случај да продолжат со користење на регулираната роаминг услуга по приемот на известувањето.
8. За реализираниот комуникациски сообраќај Македонски Телеком издава месечна сметка (фактура), која претплатникот е обврзан да ја плати до датумот на доспевање назначен на сметката. Трошоците од платен промет кои можат да се појават во врска со плаќањето на сметката се во целост на товар на претплатникот. Претплатникот е должен да го плати вкупниот износ на фактурата, вклучително и трошоците за роаминг чија пресметка може да доцни и може да биде пресметана на посебна сметка.
9. Македонски Телеком, во насока на заштита на корисниците, го задржува правото на блокирање на преносот на податоци во роаминг во случаите дефинирани со меѓународните договори со роаминг партнерите.
10. Известувањето за зголемена потрошувачка може да доцни доколку до такво зголемување дошло како резултат на престој на корисникот надвор од границите на Република Северна Македонија, имајќи во предвид дека податоците за сообраќајот реализиран во роаминг Македонски Телеком ги добива од други оператори.
11. Македонски Телеком склучува билатерални договoри со роаминг партнери од странство за користење на мрежата. Листата на партнери на Македонски Телеком е достапна на официјалната веб страница на Македонски Телеком.
12. При роаминг во сите странски земји, вклучително и во земјите на Западен Балкан, одредени содржини како што се MaxTV GO, HBO Go, Stream On, Speak Out и друг тип на дополнителни услуги, како и услугите со посебна цена на чинење, нема да им бидат достапни на корисниците со оглед на нивната достапност само на територија на Република Северна Македонија во согласност со условите за користење на тие услуги.
13. При роаминг во земјите на Западен Балкан, дополнителните Инстант Интернет пакети на Македонски Телеком (кои се активираат еднократно), за резиденцијални и деловни корисници, нема да им бидат достапни на корисниците, со оглед на нивната достапност само на територија на Република Северна Македонија во согласност со условите за користење на тие услуги. Истото правило важи и за старите месечни интернет пакети на Македонски Телеком, кои веќе не се во продажба, но сеуште се користат од страна на одредени корисници на Македонски Телеком кои користат постари тарифни модели. Достапни за користење во земјите на Западен Балкан ќе бидат само актуелните дополнителни месечни интернет пакети за национален мобилен интернет сообраќај, како за резиденцијални, така и за деловни корисници.
14. При роаминг во земјите на Западен Балкан, на при-пејд корисниците кои имаат валидна активација на дополнителните пакети (како што се пакети за разговори, СМС пакети, интернет пакети со вклучен сообракјај - минути, СМС пораки или интернет во мрежата на Македонски Телеком или мрежата на другите оператори во рамките на Република Северна Македонија), истите нема да им бидат достапни за користење, со оглед на нивната достапност само на територија на Република Северна Македонијa.
15. При роаминг во земјите на Западен Балкан, Fleet management тарифите за деловните корисници на Македонски Телеком не вклучуваат интернет сообраќај во земјите на Западен Балкан, за користење на овие тарифни модели корисниците ќе треба да активираат Fleet Management услуга во роаминг согласно Ценовникот на Македонски Телеком за актуелни Бизнис тарифни модели и пакети. Истото правило важи и за останатите М2М тарифни модели на Македонски Телеком.
16. Тарифирањето на сообраќајот во земјите на Западен Балкан (интернет сообраќај, говорен и СМС/ММС сообраќај) ќе го следи тарифирањето на националниот сообраќај кон другите национални мрежи во соодветниот тарифен модел кој го користи корисникот.
17. За сите околности кои не се предвидени во овие Општи услови соодветно ќе се применуваат Општите услови за засновање претплатнички однос и за користење на услугите на Македонски Телеком и другите посебни услови и/или спецификации за мобилните услуги на Македонски Телеком кои ги користи корисникот.
18. Македонски Телеком го задржува правото да ги измени овие Општи услови за користење на роаминг услугите во земјите на Западен Балкан, за што корисникот ќе биде соодветно известен преку веб страната на Македонски Телеком или на друг соодветен начин.
19. Овие Општи услови стапуваат на сила на 01.07.2021 година и се со важност до известувањето за нивна измена.