Друштво за осигурување UNIQA а.д. Скопје, ул. Маркс и Енгелс 3, 1000 Скопје, тел. 02 3109 060. факс 02 3215 128, www.uniqa.mk
Услови за комбинирано осигурување на моторни возила
Друштво за осигурување UNIQA а.д. Скопје, ул. Маркс и Енгелс 3, 1000 Скопје, тел. 00 0000 000. факс 02 3215 128, xxx.xxxxx.xx
Овие услови се донесени на редовна седница на Управен одбор одржана на 05.06.2013 година и со одлука бр.010/13-1 се применуваат од денот на донесувањето.
Уводни одредби
Овие услови, во зависност од содржината на договорот за осигурување, се применуваат на:
1. Каско осигурување на моторни возила;
2. Осигурување од кршење; и
3. Осигурување на багаж, патни колекции на примероци на стока и други предмети во моторни возила.
Одделните изрази употребени во овие услови ги имаат следните значења:
1. Осигурувач - друштво за осигурување УНИКА а.д Скопје;
2. Договорувач на осигурување - лице кое со осигурувачот склучило договор за осигурување;
3. Осигуреник - лице чиј предмет, односно имотен интерес е осигурен и на кои му припаѓаат правата од осигурување;
4. Премија - износ што се плаќа по договорот за осигурување;
5. Сума на осигурување - износ на кој возилото, предметот односно имотниот интерес е осигурен;
6. Осигурен случај - настан кој може да доведе до остварување на оштетно побарување;
7. Полиса - исправа за договорот за осигурување.
I Општи одредби Член 1
Почеток и престанок на обврските на осигурувачот
(1) Договорот за осигурување е склучен кога договорувачите ќе ја потпишат полисата за осигурување.
(2) Обврските на осигурувачот од договорот за осигурување започнуваат по истекот на 24 часот на денот што во полисата за осигурување е означен како почеток на траење на осигурувањето, ако до тој ден е платена договорената премија, доколку поинаку не е договорено.
(3) Обврските на осигурувачот престануваат по истекот на 24 часот на денот што во исправата за осигурување е означен како ден на истек на осигурување.
(4) Ако исправата за осигурување содржи само почеток на осигурувањето (перманентно осигурување) договорот за осигурување се продолжува од година во година, се додека една од договорените страни не го откаже најдоцна три месеци пред истекот на годишниот период за осигурување.
(5) Кај физичките лица договорот за осигурување се склучува за период на траење од една година.
Член2
Влијание на промена на сопственоста на возилото врз договорот за осигурување
(1) Со промена на сопственоста на осигуреното возило, договорот за осигурување престанува во 24 часот од денот кога новиот сопственик го презел возилото.
(2) Кај осигурувањето од ризикот кршење на стакло на патнички возила, при промена на сопственоста на возилото договорот за осигурување се пренесува на новиот сопственик.
(3) Поранешниот сопственик има право на враќање на премијата за неискористеното време, доколку во изминатиот период на траење на осигурувањето не се остварил осигурен случај.
(4) Поранешниот сопственик нема право на враќање на премијата ако неискористеното време е помалку од 30 дена.
(5) Доколку се промени сопственоста на возилото во кругот на потесното семејство, договорот за осигурување преминува на новиот сопственик.
Член 3
Плаќање на премија
(1) Премијата за осигурување договорувачот на осигурувањето ја плаќа при склучувањето на договорот, ако поинаку не е договорено. Кај перманентните и повеќегодишни осигурувања премијата за следниот
период на осигурување, стасува за наплата на денот што во полисата на осигурување е означен како почеток на осигурувањето, освен ако поинаку не е договорено. Договорувачот на осигурување премијата ја плаќа на сопствен ризик и сопствен трошок.
(2) Ако премијата е платена по пошта или организација за платен промет како ден на плаќање на премијата се смета денот кога премијата е уредно уплатена по пошта, односно во заводот за платен промет.
Член 4
Враќање на премија
(1) Ако осигуреното возило биде уништено пред почетокот на обврските на осигурувачот, на договорувачот на осигурување му се враќа износот на наплатената премија.
(2) Ако осигуреното возило биде уништено по почетокот на обврските на осигурувачот од ризици кои не се опфатени со осигурување или тоталната штета е надоместена по основ на осигурување од одговорност на штетникот, на договорувачот на осигурување му се враќа износот на премија за преостанатиот период на траење на осигурувањето до колку, во изминатиот период на траење на осигурувањето, не се остварил осигурен случај.
(3) Ако осигуреното возило биде уништено по почетокот на обврските на осигурувачот од ризици опфатени со осигурување, на осигурувачот му припаѓа целиот износ на премијата пресметан со полисата за осигурување.
(4) Ако возилото се одјави кај надлежен орган со предавање на регистарските таблици, осигурувањето може да се откаже и премијата се враќа на останатиот дел на времетраењето на осигурувањето, доколку осигурувачот до тоа време не платил надомест по договорот за осигурување. Премијата се враќа по писмено барање на договорувачот на осигурувањето.
Член 5
Обврски на осигуреникот кога ќе настане осигурен случај
(1) Кога ќе настане осигурен случај врз основа на кој се бара надомест за осигурување, осигуреникот е должен:
1. Веднаш да ги преземе сите мерки кои се во негова можност за отстранување и намалување на штетата, оштетениот осигурен предмет да го обезбеди од натамошни оштетувања;
2. Веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена, по дознавањето на штетата, да му пријави на осигурувачот дека на осигуреното возило настанала штета со остварување на осигурен случај и колку е можно побргу, а најдоцна во рок од три дена, писмено да ја потврди пријавата;
3. Во сите случаи предвидени со прописите, а особено кога штетата е предизвикана од пожар, експлозија, кражба, противправно одземање, разбојништво и сообраќајна незгода, пријави на надлежните органи за внатрешни работи и назначи кои предмети се оштетени, односно уништени или се нестанати при настанување на осигурениот случај;
4. Веднаш по настанувањето на осигурениот случај, односно кога тоа е можно на осигурувачот да му даде попис на уништените, односно оштетените ствари со приближно назначување на нивната вредност;
5. До увидот на оштетувањата од страна на претставникот на осигурувачот да не ја промени положбата на оштетените, односно уништените предмети, освен ако промената е нужна во јавен интерес или поради смалување, односно спречување на зголемување на штетата;
(2) Осигуреникот е должен на осигурувачот да му ги даде сите податоци со кои располага а кои се неопходни за утврдување на причината, обемот и висината на штетата;
(3) Ако осигуреникот не ја изврши во предвиденото време својата обврска од став 1 точка 1 и 2 од овој член, а за тоа нема оправдување, должен е да ја надомести на осигурувачот штетата која тој поради тоа ја имал.
Член 6
Процена на штета и вештачење
(1) По приемот на пријавата за настанатиот осигурен случај осигурувачот е должен веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена, да пристапи кон утврдување и процена на штетата. Ако тоа не го направи, осигуреникот може да пристапи кон проценка и отстранување на штетата, под услов претходно да обезбеди доказ во поглед на настанување на осигурениот случај и обемот на штетата.
(2) Во случај договорените страни да не се согласат при заедничкото утврдување и процена на штетата, секоја од договорните страни може да побара штетата да се утврди и процени од комисија на стручњаци (вештачење) при што секоја од договорените страни писмено го именува својот вештак. За вештаци можат да се именуваат лица кои не се во работен однос со осигурувачот, односно осигуреникот и договорувачот на осигурувањето. Пред почетокот на постапката на вештачење, двата вештака именуваат трет вештак за претседател.
(3) Предмет на вештачење може да бидат само спорните моменти во поглед на настанување на осигурениот случај, обемот на оштетување и висината на штетата. Кои спорни моменти ќе бидат предмет на вештачењето, за секој случај поодделно, ги одредуваат осигуреникот и осигурувачот со писмен договор за вештачење.
(4) Секоја договорна страна ги сноси трошоците на својот вештак. Трошоците на претседателот подеднакво ги сносат двете страни.
(5) Наодот на вештаците е конечен и ги обврзува договорните страни, а може да се побива само во случај на пресметковни грешки.
Член7
Договорен самопридржај (франшиза)
Ако со полисата за осигурување е договорено осигуреникот да сноси еден дел од штетата (договорен самопридржај - франшиза), кога ќе настане осигурен случај, надоместот се утврдува така што на товар на осигуреникот паѓа делот на штетата во висина на договорениот самопридржај.
Член8
Правна положба по настанување на осигурен случај
(1) По настанување на осигурен случај и исплата на надомест од осигурување, ако се однесува за оштетување на возило (делумна штета), возилото останува и понатаму осигурено на неговата стварна вредност во смисла на овие услови.
(2) Во случај на уништување на возилото (тотална штета) осигурувањето престанува.
(3) Исклучително ако штетата е утврдена како тотална од економски причини (нерентабилна поправка на возилото) по извршената поправка на возилото, по извршен преглед возилото може со нова полиса да се осигура од каско ризици.
(4) Одредбите од став 1, 2 и 3 од овој член сходно се применуваат и на другите осигурени предмети, освен кај оние за кои поинаку е договорено.
Член 9
Писмена форма
(1) Договорувањата што се однесуваат на содржината на договорот за осигурување полноважни се само ако се склучени во писмена форма.
(2) Сите известувања и изјави што се даваат по одредбите од договорот за осигурување мора да бидат дадени во писмена форма, со исклучок на известувањата на осигурувачот според член 10 од овие услови.
Член 10
Измена на условите за осигурување и тарифата на премии Ако осигурувачот за времетраењето на договорот за осигурување, ги измени условите за осигурување или тарифата на премии, тие се применуваат од следниот период на осигурување (прво наредно скаденцирање).
Член 11
Територијално важење на осигурувањето
(1) Осигурувањето е во важност за време додека возилото се наоѓа на територијата на република македонија и останатите европски земји, доколку поинаку не се договори.
(2) Кај осигурувањето на патнички моторни возила и моторцикли
осигурувањето од ризикот кражба е во важност доколку осигуреникот плати соодветна премија.
(3) Осигурувањето на возила на работни и други организации кои изведуваат или учествуваат во изведување на градежни, монтажни и слични работи надвор од територијата на република македонија посебно се договара.
Член 12
Соосигурени лица
(1) Освен осигуреникот, кој не е правно лице, осигурени се и лицата на кои осигуреникот им го препуштил управувањето на осигуреното возило.
(2) Не се смета за осигурено лице, лицето што без овластување од осигуреникот го користело, односно управувало осигуреното возило.
(3) Знаењето и однесувањето на соосигуреното лице се смета како знаење и однесување на осигуреникот.
(4) Правото на осигурувачот по основ на суброгација (регрес) не преминува спрема лицето што го управувало возилото по овластување на осигуреникот.
Член 13
Надлежност во случај на спор
Во случај на спор меѓу договорувачот на осигурувањето, односно осигуреникот и осигурувачот, стварно е надлежен судот според местото на склучување на договорот за осигурување.
Член 14
Обем на осигурување
Осигурувањето може да биде склучено како:
1. Потполно каско осигурување од ризици опфатени со член 16 од овие услови;
2. Потполно каско осигурување за патнички моторни возила и моторцикли од ризици опфатени со член 16 од овие услови без ризикот кражба, противправно одземање и разбојништво;
3. Потполно каско осигурување за патнички моторни возила и моторцикли од ризици опфатени со член 16 и дополнително вклучување на ризикот кражба, противправно одземање и разбојништво;
4. Потполно каско осигурување со вклучување во осигурување на ризикот кршење опфатени со членовите 16 и 31 од овие услови;
5. Делумно каско осигурување од ризиците опфатени со член 17 од овие услови;
6. Дополнителни видови на осигурување од ризиците на чл.16 од овие услови;
7. Посебни видови на каско осигурување.
II Посебни одредби Член 15
Предмет на каско осигурување на моторни возила
(1) Предмет на осигурување се сите видови моторни, приклучни, работни и шински возила (во понатамошен текст “возила”), заедно со радиоапарат, алат и прибор стандардно испорачани од производителот.
(2) Ако посебно се договори (посебни видови на осигурувања), предмет на осигурување можат да бидат:
1. Алат, дополнителна опрема, приклучни уреди, прибор и резервни делови кои не се стандардно испорачани од производителот;
2. Радиоапарат, грамофон, магнетофон, касетофон, телевизор и радиостаница на возилото, кои не се вградени во возилото од страна на производителот;
3. Рекламни натписи во возило и на возило.
(3) Со осигурување не се опфатени штети кои ќе настанат на делот на возилото за време додека тој просторно е одделен од него.
Член 16
(А) Потполно каско осигурување
Со потполно каско осигурување се надоместуваат штетите што се предизвикани од следните ризици:
1. Сообраќајна незгода, како на пример: превртување, судар, удар, лизгање, урнување и сл.;
2. Паѓање на некој или удар од некој предмет, освен кај работните машини, доколку за истите не е платена премија за осигурување од кршење;
3. Пожар;
4. Ненадејно надворешно термичко или хемиско дејство;
5. Удар на гром;
6. Експлозија, освен експлозија од нуклеарна енергија;
7. Луња;
Под луња се смета ветер со брзина од 17,2 м/сек., Односно 62 км.на час (јачина од 8 степени по бофоровата скала) или повеќе;
8. Град;
9. Снежна лавина;
Со осигурувањето се опфатени и штети предизвикани од дејство на воздушен притисок од снежни лавини.
10. Паѓање на воздушни летала;
11. Манифестации и демонстрации;
12. Провална кражба, противправно одземање на возило и разбојништво. Во случаите од претходната алинеја на оваа точка се смета дека возилото нестанало ако не се пронајде во рок од 60 дена, сметано од денот на пријавата за нестанување на надлежниот орган за внатрешни работи.
Кај патничките моторни возила и моторцикли штетите настанати од ризикот кражба, противправно одземање на возилото и разбојништво се надоместуваат само ако осигуреникот има платено соодветна доплатна премија.
Штетите настанати поради кражба на делови од возило, алат, прибор резервни и други делови се опфатени со осигурување само ако деловите, алатот и приборот, во моментот на извршувањето на кражбата биле прицврстени на возилото или ако се наоѓале во заклучено возило.
13. Злонамерни постапки или обест на трети лица;
14. Оштетување на тапацирот во осигуреното возило предизвикано при давање помош на лица кои се повредени во сообраќајна несреќа или на некој друг начин;
15. Намерно предизвикување на штета на осигурениот предмет со цел да се спречи поголема штета на тој или друг предмет или на лица;
16. Поплава, порој и високи води.
Под поплава се смета стихијно, неочекувано поплавување на терен од постојани води (реки, езера, море и др.) Поради тоа што водата се излила од коритото или пробила одбранбен насип или брана, изливање на вода поради вонредно висока плима и бранови на море и езера со необична јачина и од надојдување на вода од вештачки езера.
Под поплава се смета и неочекувано поплавување на теренот поради нагло формирање на големи количества на водена маса која настанала како последица на атмосферски паѓања.
Под порој се смета стихијно неочекувано поплавување на терен со водена маса која се формира на надолнини, поради силни атмосферски појави и се слива по улици и патишта.
Под висока вода се смета:
• Исклучителна појава на невообичаен пораст на водостојот во неочекувано време,
• Подземна вода како последица на високи води.
Обврската на осигурувачот за штети од високи и подземни води како нивни последици започнува со порастот на високите води над однапред утврдени месечни коти на водостој или протек на измерен и според покажувачот на водостојот, на најблиското место на штетата.
Со осигурување не се опфатени:
• Штети од поплави предизвикани со излевање на канализациона мрежа, освен ако до излевање дошло поради поплави или порои;
• Штети на возила додека се наоѓаат на простор помеѓу поток, односно река и насип, односно во живо или суво корито на река или поток, освен ако не е поинаку договорено.
Во случаи од алинејата 2 од овој став осигурувачот не е во обврска да надомести штета која настанала со движење на возилото низ поплавено подрачје, речно корито или поток и кога на возачот му било познато дека
се движи во пресрет на стихијно дејство на вода, освен кога се работи за спасување на лица и имоти.
Член 17
(Б) Делумно каско осигурување
(1) Делумно каско осигурување може да се договори од следните групи на ризици:
1. Пожар, удар на гром, експлозија, луња, град, снежна лавина, паѓање на воздушни летала, манифестации и демонстрации, кражба, противправно одземање на возило и разбојништво (комбинација а)*1);
2. Пожар, удар на гром, експлозија, луња, град, снежна лавина, паѓање на воздушни летала, манифестации и демонстрации (комбинација б);
3. Кражба, противправно одземање на возило и разбојништво (комбинација в)*2); Со осигурувањето од ризикот кражба опфатени се и ризиците сообраќајна незгода и погонска штета кои би настанале по остварување на ризикот кражба, противправно одземање и разбојништво; .
4. Кршење и оштетување на стакла на патнички автомобили, освен кровни стакла, стакла на светлата и огледалата (комбинација г);
5. Кршење и оштетување на стакла кај товарни возила и автобуси, освен кровни стакла, стакла на светлата и огледалата (комбинација д). Кај осигурувањето од комбинацијата г и д опфатени се и штетите настанати од ризиците предвидени од член 16 од овие услови, како и кршење на стакло настанато како погонска штета.
(2) Делумно каско осигурување на возила - само за време на мирување
– може да се договори со осигурувањето да бидат опфатени ризиците од член 16, точка 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13 и 16 од овие услови.
Осигурувањето важи само за време додека осигуреното возило се наоѓа на местото кое во полисата е означено со поблиска адреса како место на осигурување, со тоа што возилото треба да е сместено во заклучена гаража освен ако се работи за возила наменети за продажба, кои се сместени во автосалони и на отворен простор кој е заграден и постојано чуван, како и возила на правни лица сместени во дворното место на осигуреникот. Со осигурувањето се опфатени и ризиците сообраќајна незгода и погонска штета, кои би настанале по остварувањето на ризикот кражба, противправно одземање на возилото и разбојништво.
(3) Во врска со ризикот кражба со осигурување се опфатени и оштетувања предизвикани на возило со насилно отворање заради кражба, како и оштетувања предизвикани на возило со неовластено ставање во погон (оштетување на: врата, брава на врата, волан, електрична инсталација и други склопови во врска со ставањето на возилото во погон).
Член 18
Дополнителни видови на осигурување
(1) Ако посебно се договори, со осигурување од ризиците од член 16 од овие услови, е опфатено и:
1. Алат, дополнителна опрема, приклучни уреди, прибор и резервни делови кои се наведени во член 15 став 2 од овие услови, како и разни украсни делови и уреди наменети за возилото, кои се дополнително вградени, прицврстени, односно ставени во возилото;
2. Радиоапарат кој не е вграден од производителот на возила, грамофон, магнетофон, телевизор и радиостаница, конструктивно предвидени за употреба во возилото и надвор од него, со тоа што ако нема траги на обивање на вратата од возилото со осигурување не е покриен ризикот од член 16 став 1 точка 12 од овие услови;
3. Рекламни натписи во возило и на возило,
(2) Составни делови на радиоапарат, радиостаница и телевизор се сметаат антената и звучниците.
(3) Осигурувањата од став 1 од овој член, се склучуваат на договорена сума на осигурување.
Член 19
Губење на правата од осигурување
(1) Осигурувачот не е во обврска да ги надомести штетите кои не се предизвикани од ризиците од член 16 и 17 од овие услови, како ни штетите што настанале:
1. Поради дефект за време на движење на возилото (таканаречени погонски штети), како на пример поради: грешка во материјалот, истрошеност на материјалот, лошо ракување, оштетување на федери и амортизери, продупчување, пресекување или прснување на надворешна или внатрешна гума, оштетување на тркало поради возење со празни гуми, недоволно подмачкување, недостаток на вода во ладилникот, оштетување на електрична инсталација, оптоварување преку дозволена носивост и други погонски штети.
Осигурувачот, меѓутоа е во обврска да надомести штета од сообраќајна незгода, пожар и експлозија, која настанала непосредно како последица на погонска штета.
Осигурувачот е во обврска да ја надомести штетата предизвикана поради дефект кога возилото е во движење (погонска штета) при остварување на ризиците кражба, противправно одземање на возило со намера да се употреби за возење и разбојништво;
2. Поради смрзнување на течноста во ладилникот или блокот на моторот;
3. На моторот или други склопови на возилото, како последица на губење на масло или течност од ладилникот во текот на продолжувањето на возењето после оштетување на возилото;
4. Со губење на погонски материјал поради остварен осигурен случај;
5. Со губење на масло од моторот, диференцијалот и менувачот и течност за ладење;
6. Од товарот што се превезува со возило, освен во случај на сообраќајна незгода;
7. Од товар при натовар и истовар, ако не е платена посебна премија, освен при натовар и истовар со дигалка, ако при тоа се откине јажето или дојде до кршење на дигалката, односно уредот за натовар и истовар и ако при паѓање на товарот возилото биде оштетено. Ако при натовар или истовар на возилото со самоистоварувачки сандак (кипер возило), дојде до превртување на целото возило, се надоместува само штетата настаната како последица на превртување;
8. Поради тоа што возилото е ставено во погон пред конечната поправка, освен ако се работи за штета настаната по привремената поправка што треба да овозможи движење или влечење на возилото до работилницата која треба да изврши друга привремена или конечна поправка;
9. Поради техничка неисправност на возилото, со исклучок ако техничката неисправност настанала ненадејно во текот на возењето и предизвикала остварување на ризик од член 16 на овие услови, оптоварување преку дозволената носивост, истрошеност на гуми преку пропишана граница, како и во други случаи во кои штетата настанала како исклучива последица на непридржување или повреда на одредбите за заштитни мерки;
10. За време на превезувањето со друго превозно средство;
11. Посредно, со остварување на осигурениот случај, како: загуба на заработувачка, денгуба, казна, трошоци за користење на изнајмено возило, плаќање по основ на одговорност, освен за чување на возило на најнужно потребно време на местото на незгодата или на друго најблиско погодно место, ако не се работи за место на престојувалиште, односно седиште на осигуреникот;
12. Поради намалување вредноста на возилото по поправка која е извршена во врска со остварениот осигурен случај;
13. Поради остварување на ризикот од член 16 став 1, точка 12, ако извршителот е брачен другар, сродник по крв во права линија, брат или сестра, усвоител или усвоеник на договорувачот на осигурување, односно осигуреникот, или лице кое со договорувачот на осигурување или осигуреникот живее во заедничко домаќинство, а не се работи за лице за чии постапки осигуреникот одговара по било кој основ;
14. Поради остварување само на ризикот провална кражба од член 16 став 1, точка 12, доколку осигуреникот не ги презентира сите клучеви за отварање на возилото ( оригиналните и резервните).
15. Поради остварување на ризикот од член 16 став 1, точка 12, доколку осигуреникот не достави потврда дека пријавил провална кражбата противправно одземање на возилото и разбојништво во МВР.
16. За време додека возилото е мобилизирано или реквирирано од страна на воени или цивилни органи во мирновременски услови од моментот на стигнување на првото одредено место, до моментот на преземање на возилото;
17. Поради воени операции или побуни.
(2) Доколку поинаку не се договори, осигурувачот не е во обврска да надомести:
1. Штети причинети при учество на возилото во натпревари заради постигнување најголема или просечна брзина, рели-натпревари или возење за оцена вклучувајќи го и службениот тренинг за тоа;
2. Штети што настанале надвор од територијата на европа, ако поинаку не е договорено.
Член 20
Исклучување на обврските на осигурувачот
(1) Осигурувачот не е во обврска да надомести штета која е настаната:
1. За време додека со возилото управува лице без соодветна дозвола за управување на тој вид возило, освен за време на обука за стекнување на возачка дозвола што се изведува во согласност со прописите;
Ќе се смета дека возачот го управува возилото без возачка дозвола и кога со возилото управува за време додека му е изречена забрана за управување на тој вид на возило од страна на властите.
Ќе се смета дека возачот го управува возилото без возачка дозвола доколку станува збор за возач - почетник и се исполнети условите согласно член 240 збсп.
2. За време додека со возилото управува лице под дејство на алкохол, дрога или други наркотици. Во смисла на овие услови се смета дека:
• Возачот е под дејство на алкохол ако во крвта има повеќе од 10,855 мили мола алкохол во 1 литар крв (повеќе од 0,5% алкохол), или без оглед на количеството на алкохол во организмот ако со стручен преглед се утврди дека покажува знаци на алкохолна пореметеност;
• Возачот не смее да управува ниту да започне со управување ниту да спороведува практичен дел од испит ако во организмот има алкохол или ако покажува знаци на алкохолна растроеност согласно одредбите во член 234 од ЗБСП;
• Ако алкохолниот тест е позитивен, а не се погрижи со анализа точно да се утврди степенот на неговата алкохолисаност, освен во случај кога земањето на крв е штетно за неговото здравје (на пр. Хемофилија);
• Ако по сообраќајната незгода избега или одбие да се подвргне на испитување на неговата алкохолисаност, или консумира алкохол и го оневозможи утврдувањето на количината на алкохол во крвта;
• Возачот е под дејство на дрога или други наркотици ако со стручен преглед се утврди дека покажува знаци на пореметување поради употреба на дрога или други наркотици, како и ако по сообраќајната незгода избега или одбие да се подвргне на испитување неговата дрогираност.
(2) Осигурувачот, меѓутоа е во обврска да ја надомести штетата ако осигурениот случај не е во заемна причинска врска со управувањето на возилото под дејство на алкохол, дрога или други наркотици или кога со возилото управува лице за чии постапки осигуреникот одговара по било кој основ, освен ако тој (осигуреникот) знаел или можел да знае дека лицето ќе го управува возилото под околностите од став 1 од овој член.
(3) Осигуреникот исто така ги губи правата од осигурување ако штетата е причинета намерно, или со измама од страна на договорувачот на осигурување, и другите соосигурени лица од член 12 од овие услови, а не се работи за лице за чии постапки осигуреникот одговара по било кој основ.
Член 21
Пресметување на премија
(1) За утврдување на премијата меродавна е набавната цена на ново возило, пазарната цена на возилото или музејска вредност изразена во денари во моментот на склучување на договорот за осигурување.
1. Набавна цена на ново возило е цената на производителот зголемена за давачките (транспортни трошоци, данок, царина и сл.) А за следниот
период на осигурување (една година) набавната цена на денот на обнова на осигурувањето .Ако се работи за возило што го нема во продажба, ниту во каталогот за ориентациони цени на моторни возила неговата набавна цена се утврдува според набавната цена на слично, односно сродно возило.
2. Xxxxxxx цена на возило представува набавната цена намалена за пресметаната техничка амортизација до моментот на склучување на осигурувањето.
3. Возила со музејска вредност, трофејни возила, возила составени од делови на две или повеќе возила и сл. Се осигуруваат на сума на осигурување со посебна спогодба.
Член 22
Намалување на премија (бонус)
(1) Ако возилото без прекин било потполно каско осигурено најмалку една година и ако во тоа време не била пријавена штета, договорувачот на осигурувањето има право на попуст на премијата за тоа возило во наредната година на осигурување во висина од:
• 10% - Ако во текот на изминатата година на осигурување не е пријавена штета;
• 20% - Ако во текот на изминатите две години на осигурување не е пријавена штета;
• 30% - Ако во текот на изминатите три години на осигурување не е пријавена штета;
• 40% - Ако во текот на изминатите четири години на осигурување не е пријавена штета;
• 50% - Ако во текот на изминатите пет години на осигурување не е пријавена штета.
Договорувачот на осигурување што по поранешните услови за осигурување стекнал право на попуст поголем од 50%, го задржува тоа право до првопријавената штета или до губењето на попустот по некој друг основ.
Одредбите од овој став се однесуваат на договорувачи на осигурување кои имаат осигурено до пет возила.
(2) На договорувачот на осигурувањето што има склучено потполно каско осигурување, со траење најмалку една година за 6 и повеќе возила и кај кого односот на пријавени штети спрема полисирана техничка премија во изминатите три календарски години е помал од 80%, му се пресметува попуст на премија за наредниот период на осигурување во висина на една половина од разликата помеѓу 80% и процентот на остварениот резултат.
Член 23
Зголемување на премијата (малус)
(1) На договорувачот на осигурувањето што има склучено потполно каско осигурување со траење најмалку од една година за 1 до 5 возила, кој во тековната година на осигурување пријавил две или повеќе штети му се пресметува доплаток на премија (малус).
Доплатокот на премијата за осигурување изнесува:
• Кај втора штета - 5%
• Кај трета штета - 10%
• Кај четврта штета - 20%
• Кај петта и секоја натамошна штета - 40% од износот на претрпената штета.
Овој доплаток се пресметува од висината на штетата, а се наплатува при исплатата на истата.
(2) На договорувачот на осигурување што има склучено потполно каско осигурување со траење од најмалку една година за 6 и повеќе возила и кај кого односот на пријавени штети во однос на полисирана техничка премија во изминатите три календарски години изнесувал повеќе од 110% му се пресметува доплаток (малус на премијата) за наредниот период во висина од една половина од разликата помеѓу 110 и процентот на остварениот однос, со тоа што доплатокот не може да биде поголем од 200%.
Член 24
Останати одредби за бонус и малус
(1) Се смета дека штетата не е пријавена ако во рок од една година е ликвидирана без исплата на оштета, или во полн износ по било кој основ е регресирана. Во тој случај на осигуреникот задолжително му се одобрува бонус.
(2) На осигуреник што прв пат склучува потполно каско осигурување му се одобрува бонус од 10%, ако за тоа возило има кај истиот осигурувач осигурување од автоодговорност и ако до денот на склучување на потполно каско осигурување по тоа возило не е пријавена штета по осигурување од автоодговорност во последните две години.
По истекот на периодот на осигурување од претходната алинеја од оваа точка, ако не е пријавена штета, осигуреникот стекнува право на бонус од 20%.
(3) Бонусот по основите на овој член и член 22 од овие услови не може да изнесува повеќе од 50%.
(4) Ако осигурувањето било во прекин, осигуреникот по прекинот има право на ист бонус за истото возило или за возилото кое го заменил, ако до прекин во осигурувањето дошло пред истекот на годината на осигурување и ако прекинот не траел подолго од една година, под услов во претходниот период да не пријавил штета. Ако осигурувањето било прекинато по истекот на годината на осигурување во која осигуреникот не пријавил штета, ниту пак е пријавена штета за време на прекинот, осигуреникот има право на бонус во смисла на соодветните одредби за бонус како да немало прекин, под услов прекинот да не траел повеќе од една година.
(5) Ако осигуреникот по уништување, продажба или сл. Место порано осигуреното возило осигура друго возило, оствареното право на бонус преминува на новото возило, ако новото возило е од иста тарифна група. Ако возилото е уништено, продадено и сл. Пред истекот на годината на осигурување, тогаш за следната година на осигурување се пресметува ист процент на бонус кој се применувал при пресметувањето на премијата за осигурување за отуѓеното, односно уништеното возило, ако заменувањето на возилото е извршено во рок од една година.
(6) Во случај на продажба на возилото правото на бонус не се пренесува на новиот сопственик.
(7) Ако осигуреникот го смени осигурувачот, му се признава право на бонус ако донесе писмена потврда од претходниот осигурувач за претходното траење на осигурување и бројот на едноподруго години без пријавена штета.
(8) На осигурениците со 6 и повеќе осигурени возила, бонусот односно малусот се пресметува и на возила кои осигуреникот ги набавил во текот на периодот на осигурување.
(9) Во случај на прекин на осигурувањето и повторно склучување на договор за осигурување на договорувачот на осигурување со 6 или повеќе возила му се пресметува бонус, односно малус по одредбите на овие услови врз основа на односот на пријавени штети и полисирана техничка премија во последните три календарски години додека траело осигурувањето. Ако прекинот траел повеќе од две години се пресметува премија за осигурување без бонус, односно малус.
Ако осигурувачот не располага со податоци за премиите и штетите за најмалку три претходни години, бидејќи осигуреникот не бил осигурен толкав временски период, за утврдување на бонус односно малус ќе се користат податоци за две односно една осигурителна година.
(10)Под потполно каско осигурување се подразбираат и случаите кога со ова осигурување се склучи и осигурување на алат, дополнителна опрема, приклучни уреди, прибор и резервни делови, кои не се сметаат за составни делови на возилото како и осигурување од кршење. Осигурувачот и договорувачот на осигурување имаат право да бараат повторно пресметување на бонус односно малус ако дополнително се утврди дека во пресметка не биле земени оштетни барања што се основани, односно биле земени оштетни барања што се неосновани.
(11) При осигурување на патнички возила со вклучен ризик кражба за случаи кога во возилата се вградени алармни системи и други средства за заштита од кражба, се одобрува попуст од 20% од висината на доплатокот за ризикот кражба.
Член 25
Утврдување (процена) на висина и надомест на штета
(1) Висината на штетата се утврдува:
1. Кај уништување и нестанување на возило (тотална штета) осигурано на новонабавна вредност, висината на штетата се утврдува според денарската сума на осигурување на која е осигурено возилото намалена за износот на севкупната амортизација на возилото по сите основи и пазарната вредност на остатоците на возилото.
Амортизацијата и пазарната вредност на остатоците на возилото се утврдуваат спрема актите на осигурувачот.
Ако новонабавената вредност на возилото со сите дополнителни давања (транспортни трошоци, царина, данок и сл.) е помала од денарската сума на која е осигурено возилото, висината на штетата се утврдува кога од новонабавената вредност се одбие износот на амортизацијата на возилото и износот на остатоците на возилото.
2. Кај уништување и нестанување на возило (тотална штета) осигурано на пазарна вредност, висината на штетата се утврдува според денарската сума на осигурување на која е осигурено возилото намалена за износот на на амортизација на возилото од моментот на склучување на осигурувањето до денот на настанување на штетата и пазарната вредност на остатоците на возилото.
Амортизацијата и пазарната вредност на остатоците на возилото се утврдуваат спрема актите на осигурувачот.
Ако утврдената пазарна вредност на возилото на денот на склучување на осигурувањето е помала од денарската сума на која е осигурено возилото, висината на штетата се утврдува кога од пазарната вредност се одбие износот на амортизацијата (пересметан од денот на склучување на осигурување до денот на штетата) на возилото и износот на пазарната вредност на остатоците на возилото.
(2) Кај оштетување на возила (делумна штета) осигурани на новонабавна вредност висината на штетата се утврдува според износот на трошоците за поправка, намалени за пазарна вредност на остатоците кои се заменуваат. Во трошоци за поправка се сметаат и трошоци за демонтажа, монтажа и превоз.
Висината на штетата може спогодбено да се утврди со пресметка за трошоци на поправката.
Од износот на трошоците за набавка на нови делови заради замена на оштетените и износот на трошоците за лакирање не се одбива соодветен износ поради истрошеност (амортизација), освен кога наместо уништените, односно оштетените, се набавуваат нови гуми, акумулатори или церада, и тоа во процент во кој овие делови се амортизирани.
Во колку за поправка на возилото нема делови во Република Македонија осигурувачот е во обврска да ја надомести цената од ценовникот на производителот на возилото зголемена за соодветни давања (царина, данок и сл.).
Кај оштетување на возила (делумна штета) осигурани на пазарна вредност висината на штетата се утврдува според износот на трошоците за поправка, и пазарна вредност на делови за замена. Пазарна вредност се смета вредноста на половни репарирани делови.
Во случај на оштетување на стакла замената не се врши со стакла со лого од брендот на возилото туку со стакла од ист производител наменети за комерцијална мрежа, или стакла со слични карактеристики од друг производител наменети за комерцијална мрежа. Во секој случај вредноста на деловите за замена (со исклучок на стаклото) се надоместува до висина на пазарна вредност, но не повеке од 50% од новонавбавната вредност на истото.
Во трошоци за поправка се сметаат и трошоци за демонтажа, монтажа и превоз.
Висината на штетата може спогодбено да се утврди со пресметка за трошоци на поправката.
(3) Ако вредноста на возилото намалена за износот на амортизацијата и износот на вредноста на остатоците на денот на утврдување на висината на штетата е помала од трошоците за поправка, ќе се постапи како возилото да е уништено и штетата ќе се пресмета како тотална (став 1 точка 1 и точка
2 од овој член).
(4) Спасените делови на уништеното, односно оштетеното возило, (остатоците од возилото) остануваат на осигуреникот и нивната вредност се утврдува по пазарна вредност според состојбата во која се наоѓаат во моментот на утврдувањето на висината на штетата и таа вредност се одбива од висината на штетата, доколку странките меѓусебно поинаку не се договорат.
(5) Ако во случај на остварување на ризиците од член 16 став 1 точка 12 од овие услови возилото се пронајде пред истекот на рокот од 60 дена, сметајќи од денот на пријавувањето на нестанување на возилото на надлежниот орган, осигуреникот е должен да го преземе возилото.
Ако возилото не се пронајде до истекот на рокот од претходната алинеја на овој став осигуреникот има право да бара од осигурувачот штетата да му ја надомести како да се работи за потполно уништување на возилото без спасени делови.
Во случај на остварување на ризиците од член 16 став 1 точка 12 од овие услови, ако возилото се пронајде по истекот на рокот од 60 дена од денот на пријавата за нестанување кај надлежниот орган, осигуреникот има право да го преземе, односно задржи возилото, но под услов да го врати евентуално исплатениот надомест.
(6) Кај осигурувањето на алат, дополнителна опрема, приклучни уреди, прибор и резервни делови кои не се стандардно испорачани од производителот на возилото, како и радиоапарат, грамофон, магнетофон, касетофон, телевизор и радиостаница, клима уреди и плински уред за движење на возилото и рекламни натписи, штетата ќе се надомести во висина на настанатата штета, а најмногу до висина на сумата на осигурување.
Член 26
Надомест на трошоци во врска со настанат осигурен случај
(1) Осигурувачот е во обврска да ги надомести:
1. Трошоците за влечење или превоз на оштетеното возило до најблиската сервисна работилница која може да изврши нужна или целосна поправка;
2. Трошоците за влечење или превоз на остатоците од уништеното возило, ако тоа е направено по барање на осигурувачот;
3. Трошоците за чистење на местото на незгодата или превезување на остатоците од возилото до најблиското дозволено место за депонирање. Не се покриени трошоците за превоз на товарот кој возилото го превезувал.
(2) Осигурувачот не е во обврска да ги надомести:
1. Трошоците за отстранување на причината на штетата;
2. Трошоците за вадење на возилото што се слизнало од патот, а на кое не е остварен осигурен случај (уништување или оштетување);
3. Трошоците за интервенција на противпожарно друштво или други организации, чија должност е бесплатно да укажуваат помош, кога ќе настапи осигурен случај.
(3) Ако е остварен осигурен случај, осигурувачот е во обврска да надомести и: штета поради уништување или оштетување на возилото, настаната при
Неговото спасување; штета поради употребена облека, ќебиња и слично за гасење на пожар;
1. Штета поради дожд и снег која настанала непосредно по оштетувањето на возилото; и
2. Штета поради нестанување на предмети кои се составен дел на возилото.
III Осигурување од ризикот кршење Член 27
Предмет на осигурување
(1) Со осигурување од ризикот кршење може да бидат опфатени:
1. Работен уред на товарни возила, автобуси, приколки, контејнери и работни возила; и
2. Влечни возила (трактори) и работни возила, во целина.
(2) Моторот е составен дел на работниот уред само ако исклучиво служи
за движење на работниот уред, а не и за движење - влечење на возилото во насоки. Ако истиот мотор истовремено служи за движење на возилото и за движење на работниот уред на возилото, не се смета за составен дел на работниот уред на возилото.
(3) Шасијата, односно постољето на кое се наоѓа работниот уред, како и возачката кабина, каросеријата, трансмисијата и останатите делови на возилото што овозможуваат движење (влечење) на возилото во насока, во секој случај не се сметаат за работен уред односно за дел од работен уред.
(4) Со осигурување е опфатено и маслото и полнењето во уредите.
(5) Штетите на маслото и полнењата се надоместуваат во процентуална вредност во зависност од векот на траење одреден со важечките прописи.
(6) Со потполно каско осигурување опфатени се и штетите на електрични и дизел-електрични локомотиви што се причинети од непосредно дејство на електрична енергија.
Член 28
Предмети кои се исклучени од осигурување
Со осигурување не се опфатени, ниту тогаш кога нивната вредност е содржана во вредноста на осигуреното возило:
1. Приклучни уреди на трактори и земјоделски машини;
2. Работни елементи на земјоделски машини, како: ралници, дискови, клинови, дрљачи (брани), ножеви, коси и запци со сечива, прсти, мотики, ножеви со носачи и сл.;
3. Делови на машини што се изложени на директно термичко влијание, како: облоги на садови и уреди за осигурување, решетки на лежиште, пламеници на согорувачи, електроотпорни грејачи и сл., Освен мотори со внатрешно согорување;
4. Делови на машини изложени на абење и замена, сита, релјефни и други заменливи облоги на валјаци, облоги на гребени, чешли, флексибилни цевки, ремени, четки и обрачи, оплати (од гума, текстил или синтетички материјали), влошки за филтер, филтер платна, средства за термичка изолација и затворање, делови на спојки изложени на брзо трошење (гумени прстени, гумени уметоци, ламели и сл.), Преносни кабли, со исклучок на оние кои автоматски се намотуваат на калеми, клизни и движечки лежаи со внатрешен пречник до 100 мм;
5. Материјал за експлоатација, како: гориво, мазиво, средства за разладување, хемикалии, средства за чистење и сл.;
6. Транспортни траки, ланци и јажиња;
7. Пнеуматици (гуми) за возила;
8. Гасеници на возила гасеничари, доколку поинаку не се договори;
9. Алат што може да се менува како: сврдел, алат и делови на машини кои непосредно служат за кршење и ситнење, калапи, матрици, ножеви, примероци и облоги на валјаци, пили, сита, брусен камен, жигови (печати);
10. Масло за подмачкување;
11. Катализатори; и
12. Средства за затнување и изолација и средства за ладење во уредите за ладење.
Член 29
Важност на осигурувањето
Предметите на осигурување од член 27 став 1 од овие услови осигурени се само за време:
1. Додека се монтирани и подготвени за работа;
2. Кога се наоѓаат во работа;
3. Кога се демонтираат и монтираат поради преместување и ремонтирање; и
4. Кога се превезуваат во внатрешен превоз поради чистење, поправка и преместување во кругот на микролокација на погон, а најмногу до 15 км надвор од кругот на микролокацијата.
Член 30
Начин на склучување на договор за осигурување
(1) Договор за осигурување од опасности предвидени со член 31 од овие услови, може да се склучи само ако е склучен договор за потполно каско осигурување.
(2) Договорот за осигурување од став 1 од овој член се склучува со или без франшиза, зависно од начинот на склучувањето на договорот за каско осигурување.
Член 31
Осигурени опасности (ризици)
(1) Осигурувачот е во обврска да исплати надомест на штета причинета со уништување или оштетување на осигурениот предмет поради незгода во погон, под која се подразбира настан што настанал непредвидено и ненадејно во врска со употребата на осигурениот предмет, и тоа поради:
1. Грешки во конструкција, материјал и изработка;
2. Непосредно дејство на електрична енергија, краток спој, атмосферски и друг пренапон, електричен лак и слично;
3. Прскање или распаднување поради дејство на центрифугална сила;
4. Мраз, освен замрзнување на водата во склоповите на моторите, притисок на мраз или снег, или непосредно движење на мраз;
5. Натпритисок и потпритисок (имползија);
6. Откажување (затајување) на уредите за заштита или регулација, како и елементи за автоматско управување со кои машината е опремена; и
7. Заглавување во време на бушење во бушотини.
(2) Осигурувачот е во обврска да исплати надомест од став 1 од овој член за полнење со масло на осигурената машина, само кога штетата е последица на оштетување или уништување на машината од опасности опфатени со овие услови.
(3) Кај електричните и дизел електричните локомотиви со потполното каско осигурување се опфатени и штетите од дејство на електрична енергија, а додека ризиците од став 1 од овој член не се вклучени во осигурување.
Член 32
Опасности (ризици) кои не се опфатени со осигурување
(1) Осигурувачот не е во обврска да плати надомест за штети што се предизвикани од опасности (ризици) што не се наведени во член 31 од овие услови, како на пример:
1. Недостатоци и грешки кои постоеле во моментот на склучување на договорот за осигурување, а овие недостатоци или грешки биле или морале да му бидат познати на осигуреникот или лицето одговорно за погонот;
2. Непосредни последици од трајни хемиски, термички, атмосферски, механички и други влијанија и услови на сместување и работа како: оксидирање, стареење, корозија, зрачење, прекумерно вибрирање и слично;
3. Последици од сите видови на трошење, абење, абразија, ерозија, кавитација и друго;
4. Прекумерни наслаги на: ‘рѓа, воден камен, талог, тиња и сл. Дури и тогаш кога поради тоа настанало уништување или оштетување на осигурениот предмет;
5. Пренапнатост или преоптовареност на возилото преку границите на неговите проектни параметри;
6. Недоволно одржување;
7. Ставање во погон пред конечна поправка;
8. При монтирање и пробно испитување на нови предмети; и
9. Повреда на законски и технички прописи и упатства за техничка експлоатација на осигурените возила како и поради непреземање на заштитни мерки.
(2) Осигурувачот, исто така не е во обврска да надомести штети:
1. Посредна, во врска со настанатиот осигурен случај, како: изгубена заработувачка, денгуба, казна итн.;
2. Настанати на ремени, покретни траки, пнеуматици (гуми) на возила и сл.;
3. Настанати на гасеници на возила гасеничари, доколку поинаку не е договорено;
4. За кои по законските прописи или по договор, одговара производителот или испорачателот на предметот. Ако производителот или испорачателот ја оспорува одговорноста, а штетата е предизвикана со една од причините опфатени со член 31 од овие услови, осигурувачот
ќе го исплати надоместокот од осигурување и ќе стапи во правата на осигуреникот према производителот и испорачателот; и
5. Настанати во врска со трошоците за поправка, ако штетата и поправката се утврди при редовен периодичен преглед со цел за одржување.
IV Осигурување на багаж, патни колекции на примероци на стока и други предмети во моторни возила
Член 33
Предмет на осигурување и осигурени ствари
(1) Предмет на осигурување, во смисла на овие услови, во зависност од содржината на договорот за осигурување може да биде:
1. Багаж во автобус, патнички автомобили, камп-приколки, товарни и специјални возила;
2. Патни колекции на примероци на стока во патнички автомобили и комби возила;
3. Алат и прибор кој служи за вршење на професионална дејност, а кој се превезува во патнички автомобили и комби возила; и
4. Подвижна техника која се наоѓа во патнички и комби возила (инструменти, апарати, камери и слично).
(2) Предметите се осигурени кога се во возилото или прицврстени на него. Предметите од точка 1, 2, и 4 се осигурени и за време додека се сместени во хотел, гостилница, преноќиште или стан надвор од местото на живеење на сопственикот на предметите.
(3) Осигурувањето на багаж во автобуси, патнички автомобили, камп- приколки, товарни и специјални возила, се однесува на предмети за лична потреба кои осигуреникот, возачот или патниците ги носат со себе во возилото или на возилото, вклучувајќи ја и облеката на себе, а која на овие лица им служи за време додека се на пат. Багаж, во смисла на претходната алинеја, покрај вообичаените предмети за лични потреби, зависно од времето, целта и траењето на патувањето се сметаат уште и: опрема за викенд и кампување, аматерски фотоапарат и кинокамера со прибор, батериски радиоприемник, грамофон со плочи и касетофон, двоглед, ловечка пушка, лично оружје и спортски реквизити.
Не се смета за багаж:
1. Материјал и предмети што служат за вршење на професионална дејност;
2. Пари и документи од било кој вид; и
3. Накит и предмети од благородни метали.
(4) Кај осигурувањето на патни колекции на примероци на стока во полисата се наведува каква колекција се осигурува (колекција на сувенири, манифактурна колекција, електротехничка и друга стока, колекции на книги итн.). Кај осигурување на алат и прибор кој служи за обавување на професионална дејност во полисата се наведува каков алат и прибор се осигурува, од што се состои и за која професионална дејност служи.
Кај осигурување на подвижна техника во полисата се назначува која подвижна техника се осигурува и од што се состои.
(5) Кај осигурувањето на предмети од став 1 точка 1 од овој член, не се осигурени предметите што се превезуваат без присуство на сопственикот, а кај осигурувањето од став 1, точка 3 и 4 од овој член не се осигурени предметите што се превезуваат без присуство на сопственикот или лица кои се во работен однос кај сопственикот на предметите.
Член 34
Осигурени опасности (ризици)
(1) Осигурувачот е во обврска да исплати надоме,ст на штета предизвикана со уништување, оштетување или исчезнување на предмети од член 33 став 1 од овие услови, со остварување на опасности предвидени во член 16 од овие услови.
(2) При настанувањето на ризикот кражба, осигурувачот е должен да ја надомести штетата доколку дошло до кражба на возило или предметите се украдени од заклучено возило, односно од возило што се наоѓало во заклучена гаража, или се украдени предмети што биле прицврстени на возило, или од заклучени простории во хотел, гостилница, преноќиште или стан надвор од местото на живеење на сопственикот на предметите.
(3) Кај осигуреницичито се занимаваат со превоз на патници со автобуси или патнички возила, се опфатени и штетите што ќе настанат поради замена или исчезнување на багаж при издавање или примање на превоз.
Член 35
Место на осигурување
(1) Предметите од член 33 став 1 од овие услови се осигурени од почетокот на тргнувањето на пат па се до враќање од пат.
(2) Осигурувањето е во важност за време додека возилото се наоѓа на пат на територијата на република македонија и останатите европски земји, ако поинаку не се договори.
Член 36
Сума на осигурување и надомест
(1) Сумата на осигурување се утврдува, спрема вредноста на предметите што можат да се најдат во возилото.
(2) Кај тотална штета на осигуреникот му се надоместува вредност на осигурениот предмет, но најмногу до висина на сумата на осигурување.
(3) Кај делумна штета оштетата се исплатува во целост, но најмногу до висина на сумата на осигурување.
(4) Кај осигурување на багаж во автобуси пресметувањето на надоместокот ќе се изврши во сразмер помеѓу бројот на регистрираните места и бројот на патниците што биле во автобусот, доколку се утврди дека во автобусот се наоѓале поголем број на патници отколку што изнесува бројот на регистрираните места за кои е платена премија.
Член 37
Надлежност во случај на спор
Во случај на спор помеѓу договарачот на осигурувањето - осигуреникот и Осигурувачот надлежен е стварно надлежниот суд спрема местото на склучување на договорот за осигурување.
Член 38
Завршни одредби
(1) Во случај кога осигуреникот, односно корисникот на осигурувањето смета дека друштвото за осигурување не се придржува кон одредбите од договорот за осигурување, истиот може да достави претставка до
1. Организационата единица надлежна за решавање на спорови меѓу договорни страни во рамките на друштвото за осигурување ( комисија за постапување по преставки)
2. Службата за внатрешна ревизија во друштвото за осигурување;
3. Организацијата за заштита на потрошувачи и
4. Агенцијата за супервизија на осигурување.
Друштвото за осигурување преку воспоставен систем и интерни процедури одлучува по поднесените преставки во рок од 30 дена од денот на поднесување на преставката
Друштвото води регистар на доставени и решени преставки и за истите во законските рокови е должно да ја известува агенцијата за супервизија на осигурувањето.
За сето она што не е регулирано со овие Општи услови, Законот за супервизија на осигурување и Законот за заштите на потрошувачите важат одредбите на Законот за облигациони односи
(2) Согласно со Законот за супервизија на осигурувањето , член 107 и член 108, податоците за осигуреникот и полисата се доверливи.