Contract
Врз основа на член 52 од Законот за инвестициски фондови (Сл. весник на РСМ бр.12/2009, бр. 67/2010, бр. 24/2011, бр. 188/2013, бр. 145/2015, бр. 23/2016, бр. 31/2020, бр. 150/2021 и бр. 288/2021) (во понатамошниот текст: Законот), член 40 од Статутот на Друштвото за управување ВЕГА ФОНДОВИ АД Скопје (во понатамошниот текст: Друштвото), како и Одлуката за донесување на Статутот на инвестицискиот фонд Вега Кеш број 02-12/2 од 07.03.2022 година, Одборот на директори на Друштвото, на седницата одржана на ден 07.03.2022 година, донесе:
С Т А Т У Т
ВЕГА КЕШ – отворен инвестициски фонд
1. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој Статут се уредува основањето и организирањето на XXXX XXX – отворен инвестициски фонд (во понатамошниот текст: Фондот), правните односи на Друштвото со сопствениците на удели во Фондот, како и други прашања од интерес за остварување на целите на Фондот.
Член 2
Овој Статут ги уредува следните содржини: називот на Фондот и видот на Фондот; датум на основање на Фондот, како времето на траење на Фондот; известување на сопствениците на удели (начин и место каде можат да се добијат акти и информации за Фондот); минимален износ на парични средства кои треба да се приберат во Фондот; права од уделите; инвестициски цели и ризик од вложување и од структурата на Фондот; вложување во Фондот, начин на продажба и упис, како и начин на откуп на удели во Фондот; начин и време на пресметка на нето вредноста на имотот на Фондот; време, начин и зачестеност на пресметка на продажната цена при издавање на нови удели или откуп на удели, како и начин на објавување на цените; околности под кои може да дојде до прекин на продажба и откуп на удели; надомест и трошоци за издавање и откуп на удели; пресметка и исплата на дел од добивката на Фондот; времетраење на фискална година; датум на донесување на статутот; податоци за Друштвото за управување и останати одредби.
2. НАЗИВ НА ФОНДОТ И ВИДОТ НА ФОНДОТ
Член 3
Називот на отворениот инвестициски фонд е: ВЕГА КЕШ – отворен инвестициски фонд Скратен назив на Фондот гласи: ВЕГА КЕШ – о.ф.
Во работењето со странство Фондот ќе настапува по името XXXX CASH
Член 4
Фондот се организира како отворен инвестициски фонд кој преставува посебен имот без својство на правно лице, чии сопственици на удели имаат право на сразмерен дел од добивката на Фондот и во секое време имаат право да побараат исплата на уделите со што истапуваат од Фондот.
Со Фондот управува Друштвото за управување со инвестициски фондови ВЕГА ФОНДОВИ АД Скопје, со седиште на бул. Xxxxxxx Xxxxxxxx бр. 45 кат 1 лок. 10, Скопје, Центар, кое има добиено одобрение за основање од Комисија за хартии од вредност на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: Комисијата), со Решение број УП1 08 – 5 од 29.06.2021 година.
Депозитарна банка на Фондот е НЛБ Банка АД Скопје, со седиште на ул. Мајка Тереза бр. 1, 1000 Скопје. Изборот на НЛБ Банка АД Скопје за депозитарна банка на Фондот е одобрен со Решение од Комисијата број УП1 08- 124 од 22.03.2022 година.
3. ДАТУМ НА ОСНОВАЊЕ И ВРЕМЕ ЗА КОЕ СЕ ОСНОВА ФОНДОТ
Член 5
ВЕГА КЕШ – отворен инвестициски фонд е основан со добивање на одобрение од Комисијата, со Решение број УП1 08-124 од 22.03.2022 година.
Фондот е запишан во Регистарот на инвестициски фондови на Република Северна Македонија, од Комисијата, под идентификациски број: РОИФ2322032022ВЕФО7515618
Фондот се основа на неопределено време.
4. ИЗВЕСТУВАЊЕ НА СОПСТВЕНИЦИТЕ НА УДЕЛИ (МЕСТО КАДЕ МОЖЕ ДА СЕ ДОБИЈАТ ДЕТАЛНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ФОНДОТ)
Член 6
Друштвото ги известува сопствениците на удели во Фондот за:
• Ревидирани годишни извештаи, како и полугодишни и квартални извештаи за работењето на Фондот;
• Дневна нето вредност на имотот на Фондот и вредноста на уделот;
• Цената на издавање и откуп на удели;
• Прекин на откупот и исплатата на удели;
• Измени на Статутот и Проспектот на Фондот; и
• Други известувања предвидени со законските и подзаконските прописи.
Член 7
Сопствениците на удели исто така можат да се информираат за било кој аспект од работењето на Фондот на следниве начини:
• Во седиштето на Друштвото;
• Интернет страницата на Друштвото;
• On-line известување;
• Писмено известување;
• Телефонски повик.
Постапката на информирање на сопствениците на удели е во зависност од избраниот начин на информирање.
Член 8
Сите информации поврзани со работењето на Друштвото и Фондот, инвестициската политика, информациите објавени во медиумите и сл., може да се добијат во седиштето на Друштвото на бул. Xxxxxxx Xxxxxxxx бр. 45 кат 1 лок. 10, Скопје, Центар,, секој работен ден од 09:00 до 17:00 часот.
5. МИНИМАЛЕН ИЗНОС НА ПАРИЧНИ СРЕДСТВА КОИ ТРЕБА ДА СЕ ПРИБЕРАТ ВО ФОНДОТ
Член 9
По добивањето на одобрение за објава на Проспектот на Фондот од страна на Комисијата, Фондот ќе започне со вршење работи на прибирање парични средства по пат на јавен повик за запишување на удели. Јавниот повик трае 60 календарски дена од моментот на објавување на Проспектот. Јавниот повик, односно Проспектот на Фондот ќе биде објавен на интернет страната на Друштвото xxx.xxxxxxxxxxx.xx во рок од 7 (седум) календарски дена по добивање одобрување за содржината на Проспектот од страна на Комисијата.
Во тој рок потребно е Фондот да прибере парични средства во износ од најмалку 600.000,00 денари. Денот кога е исполнет овој износ, јавниот повик за прибирање на парични средства се прекинува и истиот ќе се смета за ден на основање на фондот, кој воедно е и прв ден на вреднување. Инвеститорите кои ќе се запишат во регистарот на удели на првиот ден на вреднување ќе се стекнат со удели по почетна вредност на уделот од 100,0000 денари.
Во случај да не се обезбедат паричните средства во рокот и во износот утврдени во ставот (1) и ставот (2) од овој член соодветно, Депозитарната банка во рок од 8 дена по истекот на утврдениот рок ќе изврши поврат на прибраните средства на инвеститорите.
6. ПРАВА ОД УДЕЛИ
Член 10
Правата од уделите во отворениот фонд се стекнуваат со запишување во регистарот на удели во отворениот инвестициски фонд што го води Друштвото. Друштвото води Регистар на удели во Фондот согласно законските и подзаконските прописи. Уписот на податоците во Регистарот на удели се врши веднаш по извршената уплата и утврдувањето на нето вредноста на имотот на Фондот по удел и на бројот на удели што му припаѓа на инвеститорот во чие име и за чија сметка е извршена уплатата.
Уделите им ги обезбедуваат следните права на сопствениците на удели:
• право на информираност;
• право на дел од добивката на Фондот;
• право на продажба на удели од Фондот, односно обврска за откуп на удели;
• право на исплата на дел од ликвидационата маса на Фондот.
Член 11
Сите сопственици на удели имаат еднакви права во Фондот. Уделите во Фондот не можат слободно да се пренесуваат, освен по основ на наследство или договор за подарок. Таквиот пренос има правно дејство по запишување на преносот во Регистарот на удели во Фондот од страна на Друштвото.
7. ИНВЕСТИЦИСКИ ЦЕЛИ И РИЗИК ОД ВЛОЖУВАЊЕ И ОД СТРУКТУРАТА НА ФОНДОТ
Член 12
Инвестициската цел на Фондот е остварување на адекватен принос за сопствениците на удели во фондот, односно раст на вредноста на уделот на долг временски период со едновремено минимизирање на ризиците од вложувањето и почитување на принципите на ликвидност и диверзифиакција. Доминантно портфолиото на фондот ќе биде составено од ликвидни инструменти кои може во брз рок и без поголеми загуби да бидат ставени на располагање со цел исполнување на обврските на фондот. Инструменти кои ги задоволуваат тие карактеристики се парични средства, депозити со рок на достасување до 1 година. Како дополнување на портфолиото во може да се користат и должнички инструменти кои имаат висока ликвидност и кои може лесно да се претворат во парични средства. Должничките инструменти може да се користат во насока на обезбедување поголем принос за инвеститорите без при тоа да се наруши ликвидноста на фондот.
Инвестициската цел ќе се оствари преку професионално управување со средствата на фондот, при што ќе се следи активно управување, базирано на највисоки етички и професионални стандарди, односно креирање на портфолио на нискоризични хартии од вредност со фиксни или релативно фиксни приноси.
Член 13
Како инвеститори во Фондот може да се јават домашни и/или странски, физички и/или правни лица.
Член 14
Средствата на Фондот ќе бидат инвестирани во хартии од вредност на издавачи чие седиште, односно претежна дејност се врши на територијата на следниве зeмји: САД, земји членки на ЕУ, ОЕЦД. До 100% од имотот може да биде вложен во Депозити и Парични средства во банки во Северна Македонија. Вложувањето по овој основ не може да биде под 30% од имотот; До 50% од имотото на фондот може да биде вложен во Должнички хартии од вредност (краткорочни и долгорочни со кои се тргува на организирани пазари или се тргува преку шалтер (OTC); До 10% од имотот може да биде вложен во Удели или Акции на инвестициски фондови кои се во приближно слична ризична категорија и имаат иста или слична стратегија на вложување и нивниот надоместок за управување не
изнесува повеќе од 1% од имотот на фондот; До 10% од имотот може да биде вложен во Нови емисии на хартии од вредност.
Друштвото ќе ги инвестира средствата на Фондот во согласност со членот 66 и член 67 од Законот и согласно Правилникот за дозволени вложувања, ограничувања на вложувањата и пречекорување на ограничувањата за вложување на имотот на Фондот, донесен од Комисијата.
Член 15
Инвеститорите треба да се свесни дека со вложувањето во Фондот преземаат определени инвестициски ризици, со оглед на фактот дека вредноста на финансиските инструменти на пазарот на капитал секојдневно се менува т.е. вредноста на уделот може да расте или опаѓа и повратот на почетната инвестирана сума во секој момент, не е загарантиран. Инвестицискиот ризик претставува веројатност приносот од вложувањето во определен момент да биде помал од очекуваниот или негативен.
Инвеститорите ќе бидат изложени на ризици кои се карактеристични за парични фондови, односно ќе бидат изложени на ниско ниво на ризик. Паричните фоднови генерално спаѓаат во група на најниско ризичини фондови.
Видовите ризици од кои директно или индиректно зависи работењето на Фондот и неговите резултати се следниве:
- Пазарен ризик;
- Каматен ризик;
- Кредитен ризик;
- Ликвиден ризик;
- Валутен ризик;
- Ризик од промена на даночните прописи;
- Политички ризик;
- Ризик од промена на регулативата;
- Ризик од друга договорна страна;
- Оперативен ризик и Ризик поврзан со чување на имотот на фондот.
8. ВЛОЖУВАЊЕ ВО ФОНДОТ, НАЧИН НА ПРОДАЖБА И УПИС, КАКО И НАЧИН НА ОТКУП НА УДЕЛИ ВО ФОНДОТ
НАЈНИЗОК ИЗНОС НА ВЛОЖУВАЊЕ
Член 16
Вложувањето во Фондот може да се изврши за било кој паричен износ, односно фондот нема минимален износ на уплата.
ПРОДАЖБА И УПИС НА УДЕЛИ
Член 17
Друштвото за управување со инвестициски фондови, по добивањето на одобрение од Комисијата за основање на Фондот, издава удели во Фондот.
Член 18
Вложувачите поднесуваат Барање за купување удели и преку уплата на парични средства и прифаќање на поднесеното барање и уплатените парични средства од страна на Друштвото влегуваат во договорен однос со Фондот. Со тоа вложувачите ја изразуваат својата волја дека ги прифаќаат условите за вложување дефинирани во овој Статут.
Дополнително, вложувачите се изјаснуваат за прифаќање на Статутот, Проспектот и Документот со клучни информации со потпишување на Изјава која е составен дел на Пристапницата во инвестициски фонд и Барањето за купување удели.Со издавањето на удели вложувачот се запишува во регистарот на удели. Барањето за купување се пополнува на посебна форма изготвена од Друштвото. Барањето за купување можат да се подигне и пополни во
деловните простории на Друштвото или надвор од деловните простории преку овластените лица за продажба на удели и на интернет страната на Друштво xxx.xxxxxxxxxxx.xx.
Член 19
Доколку како инвеститор се јави, странка - физичко лице, се легитимира со важечки документ за лична идентификација (лична карта или пасош).
Кога се работи за странка - правно лице, треба да достави веродостоен документ согласно со законските прописи, како тековна состојба од регистрацијата или друг документ од надлежен орган,каде се наведени податоци за правното лице и лична карта од законскиот застапник на правното лице.
Во случај кога странката, физичко или правно лице, се претставува преку полномошник, кон Барањето за купување треба да приложи и нотарски заверено полномошно, кое треба да содржи изрично овластување за купување на удели.
Во определени специфични случаи (кога странката е малолетно лице или лице на кое му е делумно или целосно ограничена деловната способност), Договорот и Барање за купување на удели поднесува законскиот застапник (родител, старател, посвоител) на малолетното лице или лицето на кое му е делумно или целосно ограничена деловната способност.
Член 20
Личните податоци кои се собираат, обработуваат и користат од страна на Друштвото, се обработуваат единствено во согласност со целите утврдени со Законот, Проспектот и Статутот на Фондот, а во согласност со прописите за заштита на личните податоци.
Член 21
Купувањето на удели се врши исклучиво со уплата на парични средства, со што купувачот на удели заснова договорен однос со Друштвото, кое се обврзува дека со уплатените парични средства ќе управува како со дел од заедничкиот имот во согласност со условите назначени во овој Статут и Проспектот. Под уплата се подразбира реален прилив на парични средства на трансакциската сметка на Фондот.
Член 22
Доколку инвеститорите паричните средства за купување на удели ги уплатат во текот на денот (Т) до 24:00 часот, истите купуваат удели според вредноста на уделот на денот на уплатата (Т). За уплатата извршена по 24:00 часот, уделите се купуваат според вредноста на поединечниот удел на наредниот ден (Т+1).
Член 23
Потврда за купување и состојба на удели, без разлика на начинот на кој се стекнати се издава од страна на Друштвото, во рок од 1 (еден) работен дена по извршување на уплата во Фондот.
Член 24
За издадените удели се води евиденција во електронска форма во Друштвото и во депозитарната банка.
ОТКУП НА УДЕЛИ
Член 25
Секој сопственик на удели од Фондот има право да бара откуп нa одреден број или сите удели кои ги поседува и на тој начин да истапи од Фондот.
Сопствениците на удели можат во секое време да поднесат Барање за откуп на сите или на одреден број на удели. Барање за откуп се пополнува на посебен формулар изготвен од Друштвото, а истиот може да се добие во седиштето на Друштвото, како и преку продажната мрежа воспоставена на договорна основа.
Член 26
При поднесување на Барање за откуп, странката задолжително се легитимира со соодветен документ. Физичко лице се легитимира со важечки документ за лична идентификација (лична карта или пасош). Доколку станува збор за правно лице, легитимирањето се врши со поднесување на веродостоен документ согласно со законските
прописи, како тековна состојба од регистрацијата или друг документ од надлежен орган и лична карта од законскиот застапник на правното лице.
Член 27
Откупот на уделите се врши според цената што одговара на вредноста на уделот утврдена првиот нареден ден на процена по поднесувањето на Барање за откуп на удели (во понатамошниот текст: Барање за откуп). Доколку Барањето за откуп е поднесено по 14:00 часот на тековниот ден, истото ќе се смета дека е примено наредниот ден.
Член 28
Потврда за откуп и состојба на удели се издава од страна на Друштвото, во рок од 1 (еден) работен ден по извршената исплата од фондот на барање на вложувачот. За откупените удели се води евиденција во електронска форма во Друштвото и во депозитарната банка.
Член 29
На основа на поднесеното Барање за откуп од страна на сопственикот на удели, Друштвото дава налог до депозитарната банка, која врши исплата на утврдениот износ на трансакциска сметка на сопственикот на уделите, наведена во образецот на Барањето за откуп.
Друштвото е должно да изврши исплата на средствата за откупените удели од Фондот најдоцна 7 (седум) календарски дена по приемот на Барањето за откуп.
9. НАЧИН И ВРЕМЕ НА ПРЕСМЕТКА НА НЕТО ВРЕДНОСТА НА ИМОТОТ НА ФОНДОТ
Член 30
Нето вредноста на имотот на Фондот се утврдува како разлика помеѓу вредноста на имотот на Фондот (односно пазарната вредност на финансиските инструменти во кои се вложени средствата на Фондот) и вредноста на вкупните обврски на Фондот, и се пресметува согласно со Правилникот за утврдување на нето вредноста на имотот на отворен и затворен инвестициски фонд и за пресметување на нето вредноста по удел или по акции во инвестициски фонд донесен од страна на Комисијата. Имотот на Фондот на денот на вреднување претставува збир на вредноста на сите видови на средства кои со Законот се пропишани како дозволени вложувања и кои се во согласност со ограничувањата за вложување на средствата на Фондот. Нето вредноста на имотот на Фондот на денот на вреднување се пресметува врз основа на пазарните вредности на хартиите од вредност и депозитите во финансиските институции и други имотни вредности на Фондот, со одземање на обврските на Фондот на истиот ден. Нето вредноста на имотот на Фондот по удел е нето вредност на имотот на Фондот поделена со бројот на уделите на Фондот на денот на вреднување.
Член 31
Ден на вреднување e денот за кој се пресметува нето вредноста на имотот на Фондот. Денот на вреднување (т-1) му претходи на денот на пресметка (т) во текот на кој што се пресметува нето вредноста на имотот на Фондот.
Член 32
Вкупниот број на удели на Фондот на денот на вреднувањето се утврдува со намалување на бројот на удели од претходниот ден на вреднување кои Фондот ги повлекол за сметка на лицата кои на денот на вреднувањето поднеле барање за откуп на уделите во Фондот и со тоа престанале да бидат сопственици на уделите, а се зголемува за бројот на удели кои Фондот ги издал на лицата чии средства на денот на вреднувањето се евидентирани на сметката на Фондот со цел за купување на удели во Фондот, а се во согласност со условите во Проспектот и Статутот на Фондот.
Член 33
Нето вредноста по удел и вкупниот број на удели на Фондот се пресметува и изразува во четири децимални места. Сите зголемувања и намалувања на бројот на удели во Фондот се пресметани и изразени во четири децимални места.
Член 34
Нето вредноста на имотот на Фондот и нето вредноста на имотот по удел се пресметува секој работен ден до
16:00 часот за секој ден од годината.
10. ВРЕМЕ, НАЧИН И ЗАЧЕСТЕНОСТ НА ПРЕСМЕТКА НА ПРОДАЖНАТА ЦЕНА ПРИ ИЗДАВАЊЕ НА НОВИ УДЕЛИ ИЛИ ОТКУП НА УДЕЛИ, КАКО И НАЧИН НА ОБЈАВУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ
Член 35
Почетната цена на поединечен удел во Фондот изнесува 100,0000 денари. Цената на уделите во Фондот е единствена цена еднаква на нето вредноста на имотот на Фондот по удел, која се пресметува врз основа на пазарната цена на сите финансиски инструменти од портфолиото на Фондот.
Член 36
Нето вредноста на имотот на Фондот и нето вредноста на имотот по удел ја пресметува Друштвото, а ја контролира и ја потврдува депозитарната банка која истовремено е одговорна и за точноста на пресметките кои се доставуваат до Комисијата. Нето вредноста на имотот на Фондот и нето вредноста на имотот по удел се искажува во денари и во евра по среден курс на Народна Банка на Република Северна Македонија кој важи на денот на вреднување.
Член 37
Цената за продажба на новите удели или откуп на постојните е еднаква на нето вредноста на имотот на Фондот по удел. Продажбата на удели на Фондот се врши по цената која е утврдена на денот на кој е извршена уплатата на сметката на Фондот.
Вредноста на уделот, како и архивата на вредности на уделот кои ги изразуваат цените за продажба на новите односно откуп на постојните удели на определен датум се објавуваат на интернет страницата на Друштвото. Утврдената цена на уделите во Фондот се објавува секогаш кога е извршено купување или продажба на удели во Фондот.
11. ОКОЛНОСТИ ПОД КОИ МОЖЕ ДА ДОЈДЕ ДО ПРЕКИН НА ПРОДАЖБА И ОТКУП НА УДЕЛИ
Член 38
Продажбата и откупот на уделите во Фондот може да се прекине доколку Друштвото и депозитарната банка сметаат дека не е можно да се утврди точната цена на имотот од портфолиото на Фондот, при што престанува продажбата и откупот на удели во интерес на постоечките и потенцијалните сопственици на удели.
Член 39
Прекин на продажбата и откупот на удели во отворениот инвестициски фонд може да настане и кога во рок од еден ден се достават барања за откуп на удели од фондот во износ поголем од 10% од вредноста на имотот на фондот, а фондот во законски пропишаниот рок не е во можност да ги реализира барањата. Прекинот на продажба и откуп на удели, Друштвото ќе го пријави до Комисијата и ќе го објави во најмалку два дневни весници во Република Северна Македонија, и на својата интернет страница. Прекин на продажба и откуп на удели, Друштвото може да изврши по добивање на согласност од страна на Комисијата и за истиот писмено ќе ги извести сопствениците на удели.
Член 40
Друштвото за управување со инвестициски фондови веднаш, не покасно од 24 часа по констатирањето дека не може да ја утврди точната цена на имотот од портфолиото на Фондот, до Комисијата доставува барање за добивање согласност на прекин на продажба и откуп на удели на отворениот инвестициски фонд.
Член 41
Во периодот на постапката за добивање согласност од Комисијата за прекин на продажбата и откупот на удели во отворениот инвестициски фонд, Друштвото не смее да продава и откупува удели од фондот се до завршување на постапката за добивање согласност која се води пред Комисијата. Привремен прекин на продажба и откуп на удели може да настане и доколку Комисијата се стекне со сознанија, или има оправдани причини за сомнеж дека на вложувачите им се нанесува штета поради неточна пресметка на цената на уделите во Фондот.
Член 42
Прекинот на продажба и откуп ќе заврши откако Друштвото и депозитарната банка оценат дека е можно да се одреди точната цена на имотот на портфолиото на отворениот фонд, а најдоцна во рок од 28 дена од почетокот на престанокот освен ако Комисијата не се согласи за продолжување на назначениот рок. Известувањето за
продолжување на продажбата и откупот на удели во Фондот ќе се објави во најмалку два дневни весници во Република Северна Македонија.
За времето додека трае прекинот на продажба и откуп на удели, Друштвото може да продолжи со примање на барања за продажба или откуп на удели кои ќе се реализираат по завршувањето на прекинот. Додека трае прекинот сите барања за откуп или продажба на удели нема да бидат извршени во роковите предвидени со овој Статут и Проспектот на Фоднот.
12. НАДОМЕСТ И ТРОШОЦИ ЗА ИЗДАВАЊЕ И ОТКУП НА УДЕЛИ
НАДОМЕСТ И ТРОШОЦИ НА ТОВАР НА ИМОТОТ НА ФОНДОТ
Член 43
На товар на имотот на Фондот се пресметуваат следните надоместоци и трошоци:
• Надоместок за управување со Фондот;
• Надоместок на депозитарната банка;
• Трошоци во врска со купопродажба на имотот на Фондот;
• Други трошоци кои ќе произлезат во текот на работењето.
Надоместок за управување со Фондот
Член 44
Надоместокот кој се наплатува од Фондот е надоместокот за управување на Друштвото, а се пресметува врз основа на дневна нето вредност на Фондот по следната формула:
Остварен годишен надомест за управување x 1 / 365
Друштвото наплатува надоместок за управување во висина од 0,40% годишно од нето вредноста на имотот на Фондот и истиот во целост му припаѓа на Друштвото. Друштвото го наплатува надоместокот за управување еднаш месечно, како збир на сите дневни вредности на надоместок за месецот на кој што се однесува пресметката.
Надоместок на депозитарната банка
Член 45
Друштвото на товар на имотот на Фондот плаќа надоместоци и трошоци на Депозитарната банка за работите кои се дефинирани во договорот со Депозитарната банка, Законот, Статутот и Проспектот на Фондот и Тарифата за надоместоци и трошоци за вршење на работи на Депозитарната банка. На товар на имотот на Фондот, Друштвото на Депозитарната банка ѝ плаќа надоместок од 0,17% на годишно ниво кој се пресметува од нето вредноста на имотот на Фондот за денот кој претходи на денот на вреднување.
Исто така, на товар на имотот на Фондот, Друштвото на депозитарната банка и плаќа за трошоците на суб- депозитарна банка. Износот на овие трошоци е еднаков на реално остварените трошоци.
Трошоци во врска со купопродажба на имотот на Фондот
Член 46
Овие трошоци ги содржат сите трошоци поврзани со купување и продавање на имотот на Фондот (на пример: трошоци за брокерски провизии, берзанска такса, такса за Централен депозитар на хартии од вредност, даноци и евентуални други трошоци поврзани со порамнувањето на трансакциите). Износот на овие трошоци е во висина на стварните трошоци кои произлегуваат од договорите, односно тарифниците на релевантните институции и истите се на товар на имотот на Фондот. Трошоците за купување и продавање се разликуваат во зависност од типот на хартиите од вредност и големината на налогот.
Други трошоци кои ќе произлезат во текот на работењето
Член 47
Останати трошоци кои ќе произлезат во текот на работењето, а може да се наплатуваат на товар на имотот на Фондот се:
• Трошоци за годишна ревизија;
• Трошоци за изработка, печатење и поштарина на полугодишни и ревидирани годишни извештаи за сопствениците на удели;
• Трошок за исплата на данокот на имот и добивка на фондот;
• Трошоци за објава на Проспектот и други пропишани објави;
• Трошоци за месечен надомест на Комисијата;
• Други трошоци утврдени со закон.
Овие трошоци ги содржат трошоците кои ќе произлезат во текот на работењето на Фондот и може да бидат наплатувани на товар на имотот на Фондот во висина на реално остварените трошоци кои произлегуваат од договорите, односно тарифниците на релевантните институции.
НАДОМЕСТ И ТРОШОЦИ НА ТОВАР НА ИНВЕСТИТОРИТЕ
Член 48
Надоместоците кои може да се наплатуваат од инвеститорот во Фондот се:
• Влезен надоместок кој се одбива од износот за уплата во моментот на продажба на уделите. Надомест за издавање удели – влезен надоместок, нема да се наплатува
• Излезен надоместок кој се одбива од нето вредноста на имотот на Фондот по удел во моментот на откуп. При откуп на удели Друштвото нема да наплатува излезен надоместок;
• Трошоци за печатење на обрасци за запишување на удели;
Трошоците за печатење на обрасци за запишување на удели нема да се пресметуваат и наплатуваат. Овие трошоци се на товар на Друштвото;
Договор за инвестициски план
Инвестицискиот план претставува договор за купување на удели во Фондот во име и за сметка на трето лице, кое со вклучувањето во инвестицискиот план станува сопственик на удели од Фондот т.е краен корисник. Овој договор се склучува помеѓу правно лице – работодавач, здружение на работодавачи, професионалноздружение, синдикат, здружение на граѓани, конзорциум или друг облик на организирање/здружување на лица кој е регистриран во согласност со закон (во натамошниот текст: Организатор) и Друштвото. На основа на овој договор Организаторот се обврзува да уплати определен паричен износ за купување на удели во Фондот во име и за сметка на крајниот корисник.
Вложувањето во Фондот може да се изврши за било кој паричен износ, односно фондот нема минимален износ на уплата.
Организаторот е должен да достави до Друштвото известување за престанок на работен однос, деловен однос, односно за престанок на сите идни уплати на сметка на било кој член, по било кој основ. Член на инвестициски план на кого му престанал работниот однос, деловниот однос, односно својство на член на Организаторот, може да остане во Фондот или да поднесе Барање за делумен или целосен откуп на удели, согласно со Статутот и Проспектот на Фондот.
Трошоци за замена на удели од еден во друг фонд управуван од Друштвото
Член 49
Замена на удели претставува откуп на удели од еден фонд и истовремено издавање на удели од друг фонд со кои управува Друштво, од страна на ист вложувач и тоа за ист износ на парични средства, За извршување на замената ќе се наплатува надомест во вид на влезна провизија во износ од 1% од износот на парични средства кои се
пренесуваат. Надоместокот за замена ќе се наплатува само за оној фонд кој во проспектот има предвидено можност за наплата на влезен надоместок. Бројот на преноси кои може еден инвеститор да ги врши во текот на една календарска година е ограничен на 3 преноси.
13. ПРЕСМЕТКА И ИСПЛАТА НА ДЕЛ ОД ДОБИВКАТА НА ФОНДОТ
Член 50
Правото на учество во добивката сопствениците на удели го остваруваат преку откуп, односно продажба на удели, како разлика помеѓу влезната и излезната цена на уделот намален за сите трошоци и надоместоци. Приходите од инструментите во кои се вложени средствата на Фондот, како што се капиталните добивки, позитивните курсни разлики, дивиденди и каматни приходи, нема да се исплатуваат, туку автоматски ќе се реинвестираат со цел да се зголеми цената на уделите во Фондот. Сопствениците на удели се изјаснуваат за согласност за реинвестирање на добивката со потпишување на Изјава која е составен дел на образците на Фондот, Пристапница во инвестициски фонд и Барање за купување удели. Со прифаќање на поднесеното Барање за купување удели и уплатените парични средства од страна на Друштвото, вложувачите влегуваат во договорен однос со Фондот и ја изразуваат својата волја дека ги прифаќаат условите за вложување дефинирани во овој Статут. Добивката на Фондот е содржана во цената на еден удел.
14. ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА ФИСКАЛНА ГОДИНА
Член 51
Фискалната година трае од 1. (први) јануари до 31. (триесет и први) декември.
15. ДАТУМ НА ДОНЕСУВАЊЕ НА СТАТУТОТ
Член 52
Статут на ВЕГА КЕШ – отворен инвестиционен фонд е донесен на 07.03.2022 година, кој е одобрен од Комисијата, со Решение број УП1 08-124 од 22.03.2022 година.
16. ПОДАТОЦИ ЗА ДРУШТВОТО ЗА УПРАВУВАЊЕ
Член 53
Целосниот назив на Друштвото е: Друштво за управување со инвестициски фондови ВЕГА ФОНДОВИ АД Скопје. Скратениот назив на фирмата гласи: ВЕГА ФОНДОВИ АД Скопје.
Седиштето на Друштвото е во Скопје, на бул. Xxxxxxx Xxxxxxxx бр. 45 кат 1 лок. 10, Скопје, Центар. Матичниот број на Друштвото е 7515618
Друштвото е основано на ден 26.04.2021 година на неопределено време, а започна со работа по добивање на одобрение од страна на Комисијата за хартии од вредност, односно Решение број УП1 08 - 5 од 29.06.2021 година.
Член 54
Oсновната главнина на Друштвото изнесува 130.000,00 евра односно во денарска противвредност по среден курс на НБРМ во износ од 8.020.027,00 денари, а се состои од парични влогови.
Член 55
Друштвото има единствен предмет на работење - основање и управување на отворени инвестициски фондови, односно вложување на парични средства во свое име и за сметка на сопствениците на удели во отворените инвестициски фондови со кои управува. Оваа дејност опфаќа:
1. управување со имотот на инвестициските фондови;
2. рекламирање на инвестициските фондови и продажба на удели во отворените инвестициски фондови;
3. административни работи кои се однесуваат на:
- водење на деловни книги и сметки и изготвување на финансиски извештаи;
- воспоставување и одржување на односи со вложувачите;
- утврдување на вредноста на имотот на инвестицискиот фонд и пресметка на цената на уделот;
- усогласување на работењето на Друштвото со законите и други прописи;
- објавување и известување на сопствениците на удели;
- распределба на добивката на инвестицискиот фонд;
- издавање и откуп на удели во отворените инвестициски фондови и
- водење регистар на сопствениците на удели.
Друштвото има дозвола да врши и работи на управување со средства за сметка на индивидуален клиент -
сопственик на портфолио, како и работи на инвестиционо советување на клиенти.
Член 56
Друштвото е должно управувањето со Фондот да го врши со внимание на добар стопанственик, да се придржува на начелата на совесност и чесност, навремено и целосно да ги исполнува сите права и обврски предвидени со Законот, Проспектот и Статутот на Фондот.
Друштвото при извршување на работењето ќе се придржува на сите законски ограничувања, забранети дејства и судир на интереси, а се со цел остварување на интересите на сопствениците на удели во Фондот.
Член 57
Друштвото е одговорно за вршење на дејноста на управување со Фондот во согласност со законските и подзаконските прописи, Статутот и Проспектот на Фондот. Друштвото одговара за штетата причинета на сопствениците на удели во Фондот за делување спротивно на одредбите од Законот, подзаконските прописи, Статутот и Проспектот на Фондот.
Друштвото одговара за правните работи склучени во свое име и за сметка на сопствениците на удели во Фондот, со целокупниот свој имот.
17. ОСТАНАТИ ОДРЕДБИ
Член 58
За се што не е регулирано со овој Статут ќе се применуваат одредбите од Законот за инвестициски фондови и другите законски и подзаконски прописи.
Член 59
Овој Статут влегува во сила од деност на донесување, а се применува од денот на добивање согласнот од страна на Комисијата.