Contract
АКЦИОНЕРСКО ДРУШТВО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ВИНЕР - ВИЕНА ИНШУРЕНС ГРУП СКОПЈЕ
УСЛОВИ
ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ОД ОДГОВОРНОСТ НА НОТАРИ
(пречистен текст)
Усвоени и донесени со одлука на Управниот одбор на ВИНЕР Виена Иншуренс Груп АД Скопје
број 5276/0202/1/19 од 15.04.2019 год
I. ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
ЗНАЧЕЊЕ НА ОДДЕЛНИ ИЗРАЗИ ВО ОВИЕ УСЛОВИ
Осигурувач - е правно лице кое според Законот за осигурување е регистрирано за обавување на дејности од осигурување во Република Македонија.
Договорувач на осигурување - е лице кое со осигурувачот склучува договор за осигурување. Осигуреник - е нотарот кој врши нотарски работи и чија одговорност е
покриена со осигурувањето Трето лице - е корисник на осигурување кое ќе претрпи штета од вршење на нотарски работи; Полиса - е исправа за склученото осигурување.
Премија за осигурување - е износ што договорувачот на осигурувањето односно осигуреникот го плаќа согласно договорот за осигурување.
Нотарски исправи - се исправи за правни работи и исправи кои ги составуваат нотарите (нотарски акти) и потврди за факти кои ќе ги посведочи нотарот (нотарско потврдување - нотарска потврда). За
подзаконски акти се сметаат:
1. Правилник за утврдување на критериуми за опрема и простории потребни за вршење на нотарската служба;
2. Правилник за работно време на нотари;
3. Правилник за нотарска тарифа;
4. Правилник за критериумите за бројот и распоредот на службените седишта на нотарите во Република Македонија.
5. Правилник за видот, содржината, формата, начинот на водењето на актите и книгите, примањето и чувањето на исправите и предметите од вредност и нивно издавање и преземање на други формални дејства.
6. Правилник за формата, содржината и начинот на издавање и одземање на печатот, жигот и штембилите и фирмата на нотарот - ППШ.
ПРЕДМЕТ НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 1
Предмет на осигурување согласно на овие Услови е законската одговорност на нотарите за причинети штети кои ќе ги предизвикаат на трети лица при обавување односно вршење на нотарските работи, за времетраење на осигурувањето, а согласно на Законот за нотаријат.
Предмет на осигурување е и законската одговорност на заменикот на нотарот за причинети штети кои ќе ги предизвика при обавување на нотарски работи, во време кога со договор или одобрение го заменува отсутниот нотар.
Со ова осигурување, законската одговорност на нотарот и заменикот на нотарот е покриена за штети кои ќе настанат и кои ќе ги пријават за време траење на осигурувањето, а кои се настанати како последица од непредвидлив, неочекуван и непознат штетен настан во вид на пропуст или грешка од небрежност, а при вршење на нотарски работи.
Со надомест на штета се опфаќаат сите оштетени трети лица во време на траење на осигурувањето.
Со осигурувањето не се опфаќаат штети кои се причинети со намера, измама и грубо невнимание од страна на нотарот и заменикот на нотарот.
СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 2
Сума на осигурување претставува горната граница на обврските на осигурувачот по еден осигурен случај и
изнесува 50.000 ЕУР во денарска противвредност.
До колку настанат повеќе штети, кои произлегуваат од ист штетен настан и кои временски се поврзани, а ја надминуваат сумата на осигурување, обврската на осигурувачот е до сумата на осигурување.
Осигуреникот може да договори и повисока сума на осигурување од износот во претходниот став
(повисока сума на осигурување од минималната сума на осигурување согласно Xxxxxxxx на осигурувачот).
ИЗВОР НА ОПАСНОСТ
Член 3
Нотарот и заменикот на нотарот согласно на Законот за нотаријат, со измени и дополнувања, ги обавуваат следните должности од кои можат да произлезат штетни настани како последица на грешка или проуст од небрежност, а тоа се:
1. Службено ги составуваат и издаваат јавни исправи за правни работи, изјави и факти на кои се засновуваат права. Во овој делокруг на нотарска дејност се:
а) договори за уредување на имотни односи меѓу брачни другари и меѓу лицата кои живеат во вонбрачна заедница; б) договори за подарок на подвижен и неподвижен имот, како и договори за подарок без предавање на
предметот во владение на даропримачот;
в) акти за основање, организирање, престанок, статусни и други промени на правните лица кои вршат стопанска дејност, институции, фондации и други органи, освен трговски друштва; г) сите правни работи што ги преземаат лицата кои не знаат или не можат да читаат и пишуваат.
2. Службено заверуваат приватни исправи и тоа:
а) испитуваат дали приватната исправа е во согласност со Законот и ако не постојат пречки ја потврдуваат; и б) потврдената приватна исправа добива важност на јавна исправа.
3. Преземаат на чување исправи, пари и хартии од вредност заради предавање на други лица или надлежни органи, а при тоа е потребно:
а) при преземање на чување исправи да состават записник на кој се потпишуваат лицето што ја
предава исправата и нотарот, и се заверува со печатот од нотарот; б) при преземање на чување готови пари, меници, чекови, јавни обврзници и други хартии од вредност на странката да издадат потврда со спецификација на применото.
4. По налог на судовите и други државни органи обавуваат работи што се утврдени со посебни закони и тоа:
а) судот или друг државен орган може на нотарот да му довери работи што се утврдени со посебен закон; б) на нотарот како повереник на судот или друг орган се применуваат правилата со кои се уредува постапката; в) надзорот над работењето на нотарот како повереник на одреден орган го врши самиот тој орган.
5. Нотарот врши и други работи кои се определени со закон.
ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Член 4
За осигурен случај според овие услови се смета законската одговорност на нотарот и заменикот на нотарот за пропуст или грешка во вршење на нотарската служба (во поединечен нотарски акт, записник или потврда, односно при застапување пред судовите или друг орган на власта), со што ќе предизвика штета на трети лица во време на осигурувањето.
Се смета дека осигурениот случај настанал оној момент кога се остварил штетен настан врз основа на кој би можело да се истакне оштетно барање од трето лице.
Осигурениот случај треба да биде иден, неизвесен и независен од исклучива воља на осигуреникот. Се смета дека осигурениот случај настанал тогаш кога е сторено дејствие, односно настанало пропуштање при обавување на дејноста означена во полисата, со кое е предизвикана штета на трето лице.
ШТЕТИ ИСКЛУЧЕНИ ОД ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 5
Од осигурувањето се исклучуваат штети кои се предизвикани:
1. Со намера, измама и грубо невнимание на нотарот и заменикот на нотарот.
2. Од вработените лица кои не се опфатени со осигурување.
3. Заради договорно проширување на одговорноста на осигуреникот и на случаи кои по законот не спаѓаат во вршење на нотарска дејност.
4. Заради испуштање на рокови, дејствија или непревземени активности од нотар или заменик нотар кои можат да предизвикаат штета на странка или некое трето лице или заради испуштање на рокови за работи, кај кои нотар е повереник или застапник на странка;
5. Во случај на застапување на странки спротивно на одредбите од Законот за нотаријат со сите дополнувања и
измени.
6. За грешки кои биле познати во време на склучување на договорот за осигурување или неможеле да останат непознати.
7. Настанати по истек на одреден рок, односно рок од 15 дена од денот на преземање на пари или хартии од вредност, до колку предавачот е известен со препорачано писмо за предавање на парите и преземените вредности на судот на чување.
8. За трошоците за надоместување (пополнување) на списи и книги кои се исчезнати во постапка со нотарските акти по упразнување на нотарското место.
9. Поради грешка во пресметка и примена на нотарската тарифа.
10. Поради престанок на вршење на функција односно разрешување на нотарот и на нотарот кој не е запишан во именикот на нотари.
11. Во сите случаи кога не може да се утврди одговорност на нотарот во согласност со Законот за нотаријат и Законот за трговски друштва, подзаконски акти и овие услови.
12. За смрт или телесна повреда на лица и за оштетување и исчезнување на ствари, вклучувајќи и кражба на ствари на трети лица.
13.За штети на ствари и лица поради загадување на воздух, тло и вода.
14.За штети настанати од сите други ризици кои не се опфатени со овие Услови за осигурување. 15.Чисто финансиска штета - штета која се состои непосредно во пари, а не е во никаква врска со штета
на предмети, ниту со штета на лица, освен ако поинаку не е договорено и тоа е назначено во полисата
СКЛУЧУВАЊЕ НА ДОГОВОР ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 6
Договорот за осигурување се склучува врз основа на усмена или писмена понуда, а склучен е кога договорувачите ќе потпишат полиса за осигурување, односно кога согласно Законот за нотаријат, нотарот или Комората поднесат барање за осигурување.
Усмената понуда упатена на осигурувачот за склучување на договор за осигурување не ги обврзува ни понудувачот ниту пак осигурувачот.
Ако осигурувачот во врска со примената писмена понуда побара било какво дополнување или измена, како ден на прием на понудата ќе се смета денот кога осигурувачот ја примил бараната дополна или измена, односно кога ќе биде известен за прифаќање на неговите услови.
ПОЧЕТОК И ПРЕСТАНОК НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 7
Обврската на осигурувачот започнува по истек на 24-от час од денот кој во договорот за осигурување е означен како почеток на осигурувањето.
Обврската на осигурувачот престанува со истекот на 24-от час од денот кој во договорот за осигурување е наведен како ден на истек на осигурувањето.
Осигурувањето може да престане поради: престанок на вршење на функција, одземена лиценца, смрт, отказ на заменик нотар и во други случаеви кога постојат законски пречки.
ПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈА
Член 8
Договорувачот на осигурувањето, премијата за осигурување ја плаќа веднаш при склучување на договорот за осигурување, ако поинаку не е договорено.
ОБВРСКА НА ОСИГУРЕНИКОТ КОГА ЌЕ НАСТАНЕ ОСИГУРЕНИОТ СЛУЧАЈ
Член 9
Осигуреникот е должен да го извести осигурувачот најдоцна во рок од 3 дена од денот на пријавувањето на оштетното побарување од оштетениот, доколку оштетното побарување е поднесено директно кај него.
Осигуреникот е должен на осигурувачот да му овозможи увид во документацијата со аргументирани факти кои се потребни за утврдување на причината и висината на штетата.
Осигуреникот е должен да го извести осигурувачот и да достави наод од надлежен орган, кога барањето за надомест на штета против него е истакнато преку суд.
Осигуреникот не е овластен без претходна согласност од осигурувачот да се изјаснува по барањето, а особено да го признае потполно или делумно, да се спогодува или да изврши исплата.
Ако оштетениот поднесе тужба за надомест на штета против осигуреникот, тој е должен да го извести осигурувачот писмено во врска со штетниот настан, како и да се договорат околу водењето на спорот.
Во случај кога оштетениот со барањето за надомест на штета непосредно ќе му се обрати на осигурувачот, осигуреникот е должен да даде писмена изјава за причината за настанување на шетата и е должен да ги презентира сите документи и факти со кои располага, а кои се неопходни за утврдување на одговорноста за причинетата штета и оцена на основаноста на барањето, обемот и висината на штетата.
До колку осигуреникот не се придржува на обврските од овој член, самиот ќе ги сноси штетните последици кои ќе настанат поради тоа, освен ако тие би настанале и да се придржувал кон обврските.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ ПО ПОДНЕСЕНО БАРАЊЕ ОД ОШТЕТЕНО ЛИЦЕ
Член 10
Во врска со поднесеното барање за надомест на штета од страна на оштетеното лице, осигурувачот:
- ќе преземе мерки во врска со утвдрувањето на факти и причини, како и евентуално неосновани и претерани барања за надомест на штета (правна заштита);
- да ја надомести настанатата штета (надомест на штета);
- да ги надомести трошоците по судската постапка (надомест на судските трошоци).
ПРАВНА ЗАШТИТА
Член 11
Осигурувачот во согласност со овие услови за осигурување му обезбедува на осигуреникот правна заштита и тоа во поглед на:
- испитување и утврдување на одговорноста за штетен настан;
- изнесува советодавни-консултативни ставови и насоки за постапување;
Доколку оштетниот води спор директно со осигуреникот, осигурувачот се обврзува дека за потребите на истиот може да се вклучи како замешувач, да дава изјави кои што смета дека ќе бидат од корист за задоволување или за одбрана од неосновано или претерано барање за надомест на штета, како и во насока на утврдување на постоење на осигуран случај и процена на висината на истата.
Како би добил правна заштита благовремено, осигуреникот е должен веднаш да го извести и запознае осигурувачот за сите предјавени или најавени оштетни побарувања упатени директно кон него или за секој поведен судски спор поврзан со предметно осигурување и е должен да се придржува строго до упатствата и насоките добиени од осигурувачот, во спротивно секое поинакво негово дејствување, со исклучок на правосилно утврдена правна работа нема да биде основ за обештетување.
Во случај осигурувачот на име надомест на штета да ја исплатил сумата на осигурување пред покренување на спорот, престанува и неговата обврска на правна заштита.
Осигурувачот може да даде согласност водењето на спорот да му се довери на осигуреникот кој е должен да се придржува на упатствата кога се работи за неосновани барања.
Осигурувачот може да одбие да води постапка за надомест на штета во име на осигуреникот, ако оцени дека нема место за давање правна заштита, односно доколку оцени дека штетниот настан не е осигуран случај.
НАДОМЕСТ НА ШТЕТА
Член 12
Осигурувачот го исплатува надоместот на штета во рок од 14 дена сметано од денот кога ја утврдил својата обврска и висината на таа обврска.
До колку при разгледување на барањето се утврди дека осигуреникот не ги доставил сите докази и факти битни за утврдување на основот и висината на штетата, рокот од став 1 на овој член започнува да се засметува од денот кога целокупната потребана документација ќе му биде доставена на осигурувачот.
НАДОМЕСТ НА ТРОШОЦИТЕ ПО ПОСТАПКАТА
Член 13
Ако спорот е воден со знаење и согласност на осигурувачот со осигурувањето се покриени и трошоците на спорот, доколку заедно со надоместот на штетата не ја надминуваат сумата на осигурување.
Трошоците за кривичната постапка, како и трошоците за застапување на осигуреникот, осигурувачот не е во обврска да ги надомести.
Кога ќе ја изврши својата обврска со исплата на сумата на осигурување, осигурувачот се ослободува од сите понатамошни давачки во име на надомест на штета и трошоци.
НЕПОСРЕДНО БАРАЊЕ ОД ОШТЕТЕНО ЛИЦЕ
Член 14
Ако оштетеното лице, своето барање и тужба за надомест на штета ги упати само спрема осигурувачот, осигурувачот е должен да го извести осигуреникот и да го повика да ги презентира сите потребни докази, а осигуреникот е должен да преземе мерки заради заштита на своите интереси.
До колку во случајот од претходниот став осигурувачот одлучи да исплати надомест на оштетениот во потполност или делумно, за тоа ќе го извести осигуреникот.
УТВРДУВАЊЕ И ПРОЦЕНА НА ШТЕТА
Член 15
Штетата ја утврдува и проценува осигурувачот, врз основа на целокупната расположлива документација, факти и околности кои му биле доставени или ставени на располагање и знаење.
Штетата се утврдува и проценува врз основа на уредна документација достапна на увид на овластениот претставник на осигурувачот, а согласно на Законот за облигациони односи и Законот за нотаријат.
ВЕШТАЧЕЊЕ НА ШТЕТА
Член 16
До колку при утврдување и проценување на штетата не се согласат осигурувачот и оштетениот, може да побараат штетата да се утврди и процени по пат на вештачење.
Секоја од договорните страни и оштетениот писмено определува вешто лице кое ќе се вклучи во постапка за порамнување. За вештаци може да се именуваат лица кои се со закон овластени и лиценцирани да ја работат оваа дејност.
Предмет на вештачење можат да бидат само спорни факти. Кои спорни факти ќе бидат предмет на вештачењето, како и постапката за вештачење, конкретно ги определуваат двете страни во постапката за надомест на
штета. Секоја договорна страна ги сноси трошоците за својот вештак.
ВИСИНА НА НАДОМЕСТ НА ШТЕТА
Член 17
Висината на надоместот на штета не може да биде поголема од штетата што оштетениот ја претрпел со настанување на осигурениот случај.
Надоместот на штета и судските трошоци се исплатуваат најмногу до договорената сума на осигурување, со што престанува и обврската на осигурувачот.
ФРАНШИЗА
Член 18
Осигуреникот може да договори со осигурувачот сам да учествува во секоја штета со одреден износ од утврдената висина за надомест на штата.
Ако е договорено да осигуреникот учествува во секој штетен настан, во случај на настанување на осигуран случај, осигурувачот има обврска да исплати оној дел од штетата која го поминува износот на договорената франшиза.
ПРАВО НА РЕГРЕС
Член 19
Осигурувачот задржува право на регрес од осигуреникот, во случај кога дополнително ќе се утврди дека штетата е предизвикана со намера, измама или грубо невнимание.
ЗАСТАРУВАЊЕ НА ПОБАРУВАЊЕТО
Член 20
Побарувањата за надомест на штета по склучениот договор за осигурување, застаруваат во согласност со одредбите на законот за Облигациони односи, сметано од денот кога настапил осигурениот случај.
ТЕРИТОРИЈАЛНО ВАЖЕЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 21
Со осигурувањето се опфатени осигурени случаи што ќе настанат на територијата на Република Македонија.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 22
Постапка по приговори
Во случај осигурувачот и осигуреникот да не се согласат по однос на обемот и висината на штетата осигуреникот има право на приговор во рок од 8 дена од приемот на писменото известување од осигурувачот, до Второстепената комисија за решавање на штети по приговор.
Постапка по жалба
Договорувачот, односно осигуреникот во однос на работењето на Друштвото има право на жалба до Агенцијата за супервизија на осигурување како орган надлежен орган за супервизија на друштвата за осигуруавње.
Решавање на спорови
Евентуалните спорови кои би произлегле од договорот за осигурување, договорните страни ќе ги решаваат спогодбено, а доколку до спогодба не дојде надлежен е Основен суд Скопје 2 Скопје.
ВАЖНОСТ НА ОПШТИТЕ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ИМОТИ
Член 23
На осигурувањата склучени според овие Услови се применуваат и Општите услови за осигурување на имоти при одредени осигурани ризици и до колку истите не се во спротивност со овие Услови.
ПРИМЕНА НА ОВИЕ УСЛОВИ
Член 24
Овие услови се применуваат со денот на нивното донесување.