Contract
ОДЛУКА НА СОВЕТОТ
од 18 Февруари 2008
за начелата, приоритетите и условите содржани во Партнерството за пристапување со Република Македонија и за укинување на Одлуката 2006/57/ЕЗ
СОВЕТОТ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА,
имајќи го предвид Договорот за основање на Европската заедница,
имајќи ја предвид Регулативата на Советот (ЕЗ) бр. 533/2004 од 22 март 2004 година за основање на партнерства во рамките на процесот за стабилизација и асоцијација1, како што е изменета, а особено член 2 од истата,
имајќи го предвид предлогот на Комисијата, со оглед на тоа што:
(1) Европскиот совет во Солун од 19 и 20 јуни 2003 година ги воведе Партнерствата како начин за реализирање на европските перспективи за земјите од Западен Балкан.
(2) Регулативата (ЕЗ) бр. 533/2004 утврдува дека Советот одлучува за начелата, приоритетите и условите што треба да се содржат во партнерствата, како и за сите последователни измени. Исто така, утврдено е дека она што ќе следува по партнерствата ќе се обезбеди преку механизмите утврдени со процесот за стабилизација и асоцијација, особено во годишните извештаи за напредок.
(3) На 17 декември 2005 година, Европскиот Совет ѐ додели кандидатски статус на Република Македонија. Поради тоа, беше направен предлог за изменување на Регулативата 533/2004 со цел да се смени името на Партнерството за оваа земја, од „Европско партнерство“ во „Партнерство за пристапување“2
(4) На 30 јануари 2006 година, Советот го донесе второто Партнерство за пристапување со Република Македонија3, по предлогот на Комисијата од ноември 2005 година.
(5) Извештајот на Комисијата за стратегијата за проширување и главните предизвици за 2006-2007 година укажува дека партнерствата треба да се ажурираат на крајот од 2007 година.
1 Сл. весник L 86, 24.3.2004 год., стр.1 Регулатива како што е последен пат изменета со Регулативата (ЕЗ)
бр. 269/2006 (Сл. весник L 47, 17.2.2006 год., стр. 7)
2 Одлука ЕЗ XX од [датум] (предлог објавен на 6 ноември 2007 година).
3 Одлука на Советот 2006/57/ЕЗ од 30 јануари 2006 година за начелата, приоритетите и условите содржани во Европското партнерство со Република Македонија и за укинување на Одлуката 2004/518/ЕЗ (Сл. весник L 35, 7.2.2006 год., стр.32)
(6) На 12 јуни 2006 година, Советот ја донесе Регулативата (ЕЗ) бр. 1085/2006 за основање на Инструментот за претпристапна помош (ИПА)4, која ја обновува рамката за финансиска помош за претпристапните земји.
(7) Заради тоа, соодветно е да се донесе Партнерство за пристапување кое го ажурира постојното партнерство со цел одредување на обновените приоритети за понатамошна работа, врз основа на наодите од Извештајот за напредок на Република Македонија за 2007 година за понатамошна интеграција во Европската унија.
(8) Со цел да се подготви земјата за понатамошна интеграција во Европската унија, надлежните власти во Република Македонија треба да подготват план со распоред и детални мерки за да се земат предвид приоритетите од ова Партнерство за пристапување.
(9) Одлуката 2006/57/ЕЗ оттука треба да престане да важи, ЈА ДОНЕСЕ СЛЕДНАВА ОДЛУКА:
Член 1
Начелата, приоритетите и условите во Партнерството за пристапување со Република Македонија се одредени во Анексот.
Член 2
Спроведувањето на Партнерството за пристапување се проверува со механизмите утврдени со процесот на стабилизација и асоцијација, а особено со годишните извештаи за напредок доставени од Комисијата.
Член 3
Одлуката 2006/57/ЕЗ престанува да важи.
Член 4
Оваа одлука влегува во сила на третиот ден по нејзиното објавување во Службениот весник на Европската унија.
Брисел,
За Советот Претседател Д. Рупел
4 Сл. весник L 210, 31.7.2006 год., стр. 82.
ПАРТНЕРСТВО ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ 2007 СО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
1. ВОВЕД
Европскиот совет во Солун ги воведе Партнерствата како начин за реализирање на европските перспективи за земјите од Западен Балкан. Предложеното Партнерство за пристапување го ажурира Европското партнерство од јануари 2006 година, врз основа на наодите од Извештајот за напредок на Република Македонија за 2007 година. Истото ги утврдува новите и преостанатите приоритети за дејствување. Новите приоритети се приспособени согласно конкретните потреби на земјата и нејзините фази на подготовка, а истите ќе се обновуваат согласно потребите. Република Македонија треба да подготви план со распоред и конкретни мерки за исполнување на приоритетите од Партнерството за пристапување. Партнерството, исто така, обезбедува насоки за финансиска помош на земјата.
2. НАЧЕЛА
Процесот на стабилизација и асоцијација продолжува да биде рамка за европскиот тек на земјите од Западен Балкан, сè до нивното идно пристапување. Приоритетите дадени за Република Македонија се однесуваат на нејзиниот капацитет да ги исполни критериумите утврдени на Европскиот совет од Копенхаген од 1993 година и условите утврдени во рамките на процесот на стабилизација и асоцијација, а особено условите кои Советот ги определи во заклучоците од 29 април 1997 година и 21-22 јуни 1999 година, последната Декларација на Самитот во Загреб од 24 ноември 2000 година и Агендата од Солун.
3. ПРИОРИТЕТИ
Приоритетите наведени во ова Партнерство за пристапување се избрани врз основа на реални очекувања дека Република Македонија може истите да ги исполни или значително да ги унапреди во текот на наредните неколку години. Направено е разграничување помеѓу краткорочните приоритети, кои се очекува да се исполнат во текот на една до две години и среднорочните приоритети, кои се очекува да се исполнат во текот на три до четири години. Приоритетите се однесуваат како на законодавството така и на спроведувањето на истото.
Со оглед на потребата да се утврдат приоритетите, јасно е дека има и други задачи што Република Македонија треба да ги заврши и кои може да станат приоритети во некое идно партнерство, во исто време, земајќи го предвид идниот напредок на Република Македонија.
Во рамките на краткорочните приоритети, главните приоритети се определени и групирани заедно на почетокот на списокот. Редоследот на овие главни приоритети не значи и рангирање по нивната важност.
3.1. Краткорочни приоритети Главни приоритети
- Да се обезбеди соодветно спроведување на сите обврски од Спогодбата за
стабилизација и асоцијација.
- Да се промовира конструктивен и сеопфатен дијалог, особено во оние области во кои се бара консензус помеѓу сите политички партии, во рамките на демократските институции.
- Да се обезбеди ефективно спроведување на Законот за полиција.
- Да се остварат континуирани резултати за спроведувањето на судските реформи и да се зајакне независноста и целокупниот капацитет на правосудниот систем. Да се спроведе реформата на обвинителството и да се заврши назначувањето во Судскиот совет.
- Да се остварат континуирани резултати за спроведувањето на законодавството од областа на анти-корупција.
- Да се обезбеди дека вработувањето и напредокот во кариерата на државните службеници нема да бидат предмет на политичка вмешаност, дополнително да се зајакне системот на напредување во кариерата заснован на заслуги и целосно да се спроведе Законот за државни службеници.
- Да се намалат пречките за создавање нови работни места и особено да се обрне внимание на невработеноста кај младите и кај лицата што се невработени на подолг период.
- Да се зајакне општата деловна клима со дополнително подобрување на владеењето на правото, зајакнување на независноста на регулаторните и надзорни тела, забрзување на правните постапки и продолжување на регистрацијата на имотните права.
Политички критериуми Демократија и владеење на правото
- Да се продолжи со спроведување на Охридскиот рамковен договор во поглед на, помеѓу другото, унапредување на градењето меѓуетничка доверба.
Собрание/избори
- Да се обезбеди дека сите следни избори ќе се спроведат во согласност со изборниот законик.
- Да се донесат брзи одлуки за сите неправилности утврдени во изборниот процес и да се наложат казни кои ќе спречат натамошни случаи.
- Да се зголемат капацитетите на Собранието, особено преку зголемување на ресурсите.
Влада
- Да се зајакне транспарентноста и одговорноста на локалните администрации.
Особено, да се зајакне внатрешната контрола и ревизии.
- Да се воспостави задоволителен стандард за наплата на општински даноци низ целата земја.
- Да се развива капацитетот на општините за управување со земјиште во државна сопственост.
- Да се обезбеди доволен број на компетентен кадар во општините.
Јавна администрација
- Да се воведе систем на градење кариера според заслуги, со цел да се изгради одговорна, ефикасна и професионална јавна администрација на централно и локално ниво.
- Да се обезбеди ефикасно спроведување на Кодексот за етичко однесување на државните службеници.
- Да се зајакне административниот капацитет, особено преку развивање капацитети за стратешко планирање и развој на политики, како и преку подобрување на обуките и развивање општа стратегија за обука на државни службеници.
- Ефикасно да се спроведат донесените мерките со цел да се обезбеди транспарентност во администрацијата, особено во процесот на донесување одлуки и понатаму да се поттикнува активното учество на граѓанското општество.Да се продолжи со спроведување на реформите на органите за извршување на законот.
- Да се обезбеди соодветен капацитет за ефикасно програмирање и управување со средствата од ИПА.
Правосуден систем
- Понатаму да се развива почетна и постојана обука во Академијата за обука на судии и обвинители.
- Да се комплетира поставувањето на новите судски структури и да се распределат соодветни средства за да се овозможи нивна целосна функционалност и да се зголеми нивната ефикасност.
- Да се обезбеди соодветно и целосно извршување на судските пресуди.
Политика на антикорупција
- Да се овозможи соодветно следење на препораките на Државната комисија за спречување на корупција и Државниот завод за ревизија.
- Да се обезбеди целосно спроведување на препораките на Групата на држави против корупција (ГРЕКО).
- Да се зајакне административниот капацитет потребен за спроведување на
донесените прописи за финансирање на политичките партии и изборни кампањи. Да се воведат ефикасни санкции во случај на прекршоци.
- Да се следат спроведените анализи во врска со дискрециони права на одредени државни службеници.
- Да се обезбеди целосно спроведување на Законот за пристап до информациите од јавен карактер.
- Дополнително да се зајакне соработката помеѓу институциите.
Човекови права и заштита на малцинствата
- Да се обезбеди целосна усогласеност со Европската конвенција за човекови права, препораките на Комитетот за заштита од тортура како и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства.
- Да се обезбеди целосно спроведување на прописите што се однесуваат на етиката, внатрешната контрола и професионалните стандарди како и стандардите за човекови права во сите органи за извршување на законот, судството и администрацијата во затворите, вклучително и преку редовни обуки.
- Да се обезбедат доволно средства за да се подигнат условите во затворите на повисоко ниво.
- Да се воспостават ефикасни механизми за препознавање, гонење и казнување на сите форми на дискриминација од страна на државни или недржавни тела наспроти поединци или групи.
- Дополнително да се зајакне заштитата на правата на жените и децата.
- Да се подобри и спроведе стратегијата за еднаква застапеност на заедниците кои не се во мнозинство, особено преку обезбедување соодветни средства и да се воведат ефикасни санкции за неисполнување на целите.
- Да се промовира пристап до образованието, правдата и социјалната заштита за припадниците на малцинските групи.
Регионални прашања и меѓународни обврски
- Да се продолжи целосната соработка со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и, во поглед на можното враќање на предмети од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, да се исполнат сите неопходни предуслови што ќе обезбедат правично судење.
- Да се продолжи со поттикнување на преминот од Пактот за стабилност до рамка за соработка која ќе биде повеќе на регионално ниво и со ефикасно спроведување на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).
- Да се обезбедат добрососедски односи, особено преку интензивирање на напорите со конструктивен пристап за изнаоѓање на компромисно и меѓусебно прифатливо решение за проблемот со името со Грција, во рамките на Резолуциите 817/93 и 845/93 на Советот за безбедност при Обединетите
нации, и да се избегнат активности кои можат да имаат негативно влијание.
- Да се поттикнува соработка со соседните земји и да се овозможи ефикасно спроведување, особено на прекуграничната соработка, борбата против организираниот криминал, недозволената трговија и шверцување, судската соработка, граничното управување, реадмисијата и животната средина.
Економски критериуми
- Да се продолжи со регистрација на земјиштето и недвижниот имот и со зајакнувањето на катастарот со цел да се зголеми правната сигурност на деловните субјекти и да се подобри функционирањето на економските механизми.
- Да се подобри ефикасноста на јавните услуги, особено преку обезбедување дополнителни финансиски средства за обука и подобрување на постојната инфраструктура.
Способност за преземање на обврските од членството
Поглавје 1: Слободно движење на стоки
- Да се донесе и спроведе хоризонтално рамковно законодавство за да се комплетира потребната инфраструктура и да се обезбеди поделба на задачите меѓу различните функции (регулирање, стандардизација, акредитација, метрологија, оцена на сообразноста и надзор на пазарот) за постапките за оцена на сообразноста.
- Да се подготви сеопфатна стратегија со одредници за спроведување на acquis за соодветните хоризонтални организации (стандардизација, акредитација, метрологија и надзор на пазарот) заедно со целни датуми и јасни одговорности за воведување и ефикасно спроведување на законодавните мерки и зајакнување на административните капацитети во различните сектори.
- Да се подготви акциски план за сообразност со членовите 28 до 30 на Договорот за ЕЗ со одредници за внатрешен скрининг на домашното законодавство и административните практики, за воведување клаузули за заемно признавање и за потребните последователни измени.
- Да се забрза стапката на донесување европски стандарди и да се зајакнат напорите во насока на станување полноправна членка на европските организации за стандардизација.
Поглавје 3: Право на основање претпријатија и слобода на давање услуги
- Да се отстранат преостанатите бариери за воспоставување и обезбедување прекугранични услуги со кои се соочуваат физичките и правните лица од ЕУ.
- Во законодавството да се воведе разликување помеѓу давањето услуги преку постојанa компанија и давање услуги на времена основа.
Поглавје 4: Слободно движење на капитал
- Да се обезбеди натамошно зајакнување на рамката за спречување на перење пари, особено со подигнување на свеста помеѓу институциите кои поднесуваат извештаи и преку обезбедување на потврдени резултати за извршување на законот од страна на надлежните институции. Да се зајакне капацитетот и да се разменуваат разузнавачки податоци помеѓу институциите.
- Да се оствари напредок во отстранувањето на преостанатите ограничувања на движењето на капитал.
Поглавје 5: Јавни набавки
- Да се зајакне Комисијата за жалби со цел да се обезбеди ефикасен систем за правни лекови.
Поглавје 6: Право на трговски друштва
- Да се развијат ефикасни и независни системи за обезбедување квалитет и јавен надзор за законски ревизори и ревизорски куќи. Да се зајакнат релевантните административни капацитети.
Поглавје 7: Право на интелектуална сопственост
- Да се подготви национална стратегија и акциски план за изградба на потребниот капацитет за спроведување и извршување на acquis во секоја област покриена со ова поглавје, со посебно внимание на потребата да се обезбеди специјализирана обука за органите за извршување на законот, судиите, обвинителите и царинските службеници.
- Да се развијат кампањи за подигнување на јавната свест и да се подобри соработката помеѓу органите за извршување на законот, како и помеѓу сите релевантни учесници.
Поглавје 8: Конкуренција
- Да се обезбедат потврдени резултати за извршување во областа на анти- трустот и да се сосредоточи вниманието на најсериозните прекршувања на правото на конкуренција.
- Да се воспостави ефикасна претходна контрола на државната помош.
- Да се зајакне административниот капацитет на Комисијата за заштита на конкуренцијата и да се обезбеди соодветен буџет и кадар.
- Да се обезбеди целосно транспарентна и недискриминациска примена на законот за конкуренција.
Поглавје 9: Финансиски услуги
- Да се зајакне законодавната рамка и рамката за супервизија во финансискиот сектор, вклучувајќи и извршување на истата, особено во однос на осигурителниот сектор и пазарот на хартии од вредност.
- Да се овозможи функционалност и соодветна кадровска екипираност на независното тело за супервизија.
Поглавје 10: Информатичко општество и медиуми
- Да се прекине прекршувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со преземање на сите потребни мерки за исполнување на обврските за либерализација на секторот за електронски комуникации, вклучувајќи го и донесувањето на сите потребни подзаконски акти и натамошно зајакнување на регулаторните тела.
- Да се обезбеди извршување на заштитни мерки за конкуренција за операторите со значителна пазарна моќ.
- Да се зајакне независноста и административниот капацитет на регулаторните тела за електронски комуникации и медиуми.
- Да се обезбеди стабилен и одржлив извор за финансирање на јавното радиодифузно претпријатие и Советот за радиодифузија.
Поглавје 11: Земјоделство и рурален развој
- Да се забрза процесот на регистрација на земјоделско земјиште во катастарот за недвижен имот.
- Да се обезбеди прибирање и обработка на сигурни и потврдени земјоделски податоци.
- Да се продолжат подготовките за основање ефикасни и финансиски стабилни платежни тела за управување и контрола со земјоделските фондови, во согласност со барањата на ЕУ и меѓународните ревизорски стандарди.
Поглавје 12: Безбедност на храната, ветеринарна и фитосанитарна политика
- Да се продолжи со усогласување на земјоделството со acquis од ветеринарната и фитосанитарната област, со посебно внимание на рамковното законодавство сообразно со acquis.
- Да се продолжи со зајакнување на капацитетот на ветеринарната служба на централно и локално ниво со цел да се воспостави контролен систем компатибилен со оној на ЕУ, особено за контрола на увозот.
- Да се обезбеди функционалност на системот за идентификација на говеда и регистрација на нивното движење и да се започне систем за идентификација на свињи, овци и кози.
- Да се продолжи со натамошно усогласување на системите за контрола на болестите и здравјето на животните со барањата на законодавството на ЕУ и институционалните барања, како и со плановите за акција за заразни болести кои се пријавуваат.
- Да се процени сообразноста на земјоделско прехранбените претпријатија со барањата на ЕУ, која ќе служи како основа за иден план за подобрување на тие претпријатија.
Поглавје 14: Сообраќајна политика
- Да се продолжи со спроведување на Меморандумот за разбирање за развој за главната регионална транспортна мрежа во Југоисточна Европа и да се зајакне соработката со Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа.
- Да се продолжи со усогласувањето со acquis од областа на друмскиот сообраќај, имено преносот на опасни материи, пристап до пазарот, социјалните услови, спроведувањето на дигиталниот тахограф и подобрувањето на патната безбедност.
- Во железничкиот сектор, да се формира регулаторно тело кое е независно од управителот на инфраструктурата и железничките претпријатија, да се основа безбедносен орган одговорен за издавање на сертификати за безбедност и да се усогласи законодавството со прописите на ЕУ за пренос на опасни материи во железничкиот сообраќај. Да се обезбеди финансиска стабилност со надоместок на обврските на јавниот сектор во превозот на патници и намалување на долговите.
- Да се спроведат заложбите преземени во рамките на првата преодна фаза од Спогодба за европска заедничка воздухопловна област вклучувајќи и спроведување на релевантното законодавство за воздухопловство.
- Да се зајакне административниот капацитет на телото за цивилно воздухопловство.
Поглавје 15:Енергија
- Да се продолжи со усогласување на законодавството за внатрешните пазари за електрична енергија и гас, енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија со acquis со цел постепено отворање на пазарот за енергија за конкуренција.
- Да се продолжи со зајакнување на независноста на Регулаторната комисија за енергетика.
- Да се исполнат обврските произлезени од Договорот за енергетска заедница во однос на целосно спроведување на acquis за внатрешниот пазар на гас и електрична енергија и за прекуграничната размена на електрична енергија.
- Да се зајакне административниот капацитет во сите енергетски сектори, вклучително и Агенцијата за енергетика во областа на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
- Да се изгради соодветен објект за складирање на радиоактивни материјали.
- Да се обезбеди правилно и независно функционирање на Дирекцијата за радијациона сигурност.
Поглавје 16: Даноци
- Да се зголеми административниот капацитет за спроведување на законодавството за даноци и за борба против фискална евазија.
- Итно да се преземат структурни мерки за реформирање на политиката за контрола и за подобрување на капацитетот за контрола.
- Да се подготви стратегија за ревизија и соодветни информатички системи.
- Да се заложи за почитување на начелата на Кодексот на однесување за деловно оданочување и да се обезбеди новите мерки за оданочување да бидат во согласност со овие начела.
Поглавје 18:Статистика
- Да се зајакне капацитетот на Државниот завод за статистика за да се обезбеди навремено спроведување на наредниот попис на населението и да се овозможи постојан развој на националните сметки и статистиките што тие ги содржат; особено да се решат преостанатите недостатоци во прибирањето и обработката на земјоделските статистики и деловните статистики во согласност со стандардите и методологијата на ЕУ и да се зголеми испраќањето на статистички податоци до Еуростат.
- Да се финализира воспоставувањето на статистички деловен регистар и регистар на фарми, вклучувајќи стандардни процедури кои ќе обезбедат регистрите да содржат ажурирани информации.
Поглавје 19:Социјална политика и вработување
- Да се продолжи со транспонирање на acquis и да се зајакнат соодветните административни структури и структури за извршување, вклучително и Инспекторатот за труд.
- Да се обезбеди административен капацитет за спроведување на политики за социјална инклузија и социјална заштита.
- Да се обезбеди функционален и репрезентативен социјален дијалог.
- Да се преземат натамошни напори за подобрување на состојбата на лицата со посебни потреби.
Поглавје 20: Претпријатија и индустриска политика
- Да се подготви и спроведе стратегија за индустријата која води кон развој и иновации.
- Да се воведе систематска проценка на влијанието што новите прописи го имаат врз претпријатијата.
- Да се зајакнат ресурсите на одделот за МСП и Агенцијата за МСП и да се обезбеди спроведување на стратегијата за МСП и Акцискиот план како и Европската повелба за мали претпријатија.
- Да се продолжи со работа на поедноставување на прописите, „регулаторната гилотина“ и намалувањето на бирократските бариери за водење бизнис; да се воведе проценка на влијанието врз прописите.
Поглавје 22: Регионална политика и координација на структурни инструменти
- Да се зајакне воспоставувањето на институционалните структури и да се зајакне административниот капацитет во деловите на програмирање, подготовка на проекти, следење, оценување и финансиско управување и
контрола, особено на ниво на ресорните министерства, за спроведување на претпристапните програми на ЕУ, како подготовка за спроведување на кохезионата политика на Заедницата.
- Да се заврши националната стратегија за регионален развој.
Поглавје 23: Правосудство и фундаментални права
- Да се спроведува националниот закон за заштита на лични податоци. Да се потпише и ратификува дополнителниот Протокол кон Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на поединци во однос на автоматска обработка на лични податоци во поглед на надзорните тела и прекуграничниот проток на податоци.
- За другите приоритети, да се види во делот за политички критериуми.
Поглавје 24: Правда, слобода и безбедност
- Да се продолжи со спроведување на акцискиот план за интегрирано гранично управување, да се подготват главните бази на податоци за гранично управување и да се обезбеди истите да бидат поврзани, да се надгради опремата за анализа на документи и надзор на границата, да се обезбеди ефикасно спроведување на барањата за доставување на патни документи и документи за идентификација со висок квалитет и да се овозможи натамошна обука за вработените.
- Да се овозможи соодветно финансирање и обука за спроведување на реформите во полицијата, да се зајакне координацијата и соработката помеѓу полициските тела и помеѓу полицијата и другите органи за извршување на законот и да се зајакне соработката помеѓу крим-полицијата и јавните обвинители.
- Да се подготви и да се спроведе сеопфатна стратегија за човечките ресурси и обуки за полицијата и да се надгради нивната опрема.
- Дополнително да се зајакне борбата против организираниот криминал, особено преку подобра употреба на посебните истражни мерки и преку правилно издавање и следење на меѓународни налози за апсење (вклучително и за компјутерски криминал, со посебно внимание на случаите со детска порнографија), и да се формира интегриран систем за разузнавање кој ќе се користи меѓу надлежните органи во борбата против организираниот криминал, вклучително и трговија со луѓе, оружје и дрога.
- Да се зајакнат напорите за спроведување на националниот акциски план за борба против трговијата со луѓе и капацитетот за истражување на компјутерски криминал.
- Да се спроведе Спогодбата за реадмисија помеѓу ЕК/Република Македонија и да се водат преговори за спогодби за реадмисија со земјите на потекло на мигранти што транзитираат.
- Да се зајакне процесот на воведување на правни инструменти за гарантирање на правата на лица со потреба од (меѓународна) заштита.
- Да се обезбеди усогласување на актите за азил и странци со соодветното acquis.
Поглавје 25: Наука и истражување
- Да се зајакнат капацитетите за истражување и технолошки развој со цел да се обезбеди успешно учество во рамковните програми на Заедницата.
- Да се започне со подготовка на интегрирана политика за истражување и да се преземат активности за интегрирање во Европската истражувачка област.
Поглавје 26: Образование и култура
- Да се комплетира законодавната и административната рамка за управување со програмите Доживотно учење и Млади во акција и да се зајакнат телата за спроведување.
Поглавје 27: Животна средина
- Да се продолжи со усогласување на законодавството со acquis, особено во делот за квалитет на воздухот, управување со отпад и квалитет на водата, и значително да се подобри спроведувањето на законодавството и следењето на животната средина.
- Да се зајакне Инспекторатот за животна средина и другите тела за извршување, да се обезбедат потврдени резултати за извршување и да се обезбеди ефикасна примена на паричните казни и другите санкции, како и тие да имаат разубедувачки ефект.
- Да се зајакне административниот капацитет на национално и локално ниво и да се подобри координацијата помеѓу органите на државната управа задолжени за прашања од животната средина.
- Да се подготват стратешки планови, вклучително и финансиски стратегии, и да се подготви национална стратегија за управување со отпад и план за управување со отпад.
- Да се подготви стратегија за инвестирање во животната средина врз основа на проценетите трошоци за усогласување.
- Да се интегрираат барањата за заштита на животната средина во другите секторски политики, особено преку развивање на проценките за влијание врз животната средина.
- Да се зголемат инвестициите во инфраструктурата на животната средина, со посебен акцент на собирање и третман на отпадните води, снабдување со вода за пиење, справување со загадувањето на воздухот и управувањето со отпад.
Поглавје 29:Царинска унија
- Да се засили административниот капацитет за спроведување на законодавството за царина и за борба против прекуграничниот криминал.
- Да се продолжи со понатамошно приближување на законодавството и постапките со acquis, особено во областа на транзит и распределба на
тарифните квоти.
- Да се усогласи Законот за технолошки индустриски развојни зони со acquis.
Поглавје 31: Надворешна безбедносна и одбранбена политика
- Да се спроведе законодавството за извршување на заедничкиот став во областа на меѓународните рестриктивни мерки.
Поглавје 32: Финансиска контрола
- Да се ревидира политиката на јавната внатрешна финансиска контрола (ЈВФК) и сегашните закони за ЈВФК и внатрешна контрола, со цел да се направат политиките и сегашното законодавство за ЈВФК сеопфатни и конзистентни, како и да се ажурира акцискиот план за спроведување на среднорочните приоритети поврзани со ЈВФК.
- Да се комплетира воспоставувањето на одделенија за внатрешна ревизија во централните државни институции, да се формираат слични одделенија на општинско ниво каде што е соодветно и да се обезбеди соодветен кадар, обука и опрема.
- Да се развијат ефикасни системи за управување, следење, контрола и ревизија потребни за децентрализирано спроведување на програмите според претпристапните инструменти на ЕУ.
3.2. Среднорочни приоритети Политички критериуми Демократија и владеење на правото
Влада
- Да се заврши процесот на децентрализација.
Јавна администрација
- Да се обезбеди натамошно развивање на капацитетот на администрацијата за спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Политика на антикорупција
- Да се заврши спроведувањето на стратегијата за борба против корупцијата.
- Да се извршат прописите поврзани со заштита од конфликт на интереси, во согласност со меѓународните стандарди.
Човекови права и заштита на малцинствата
- Да се обезбеди натамошно унапредување на почитувањето на човекови права од страна на органите за извршување на законот, како и во центрите за притвор и затворите.
- Да се обезбеди натамошно спроведување на стратегијата за правична застапеност на заедниците кои не се во мнозинство.
Регионални прашања и меѓународни обврски
- Да се промовира регионален дијалог, стабилност, добри меѓусоседски односи и соработка.
Економски критериуми
- Да се забрзаат напорите за заштита на оддржливоста на пазарот на електрична енергија, во поглед на преземените обврски на земјата за либерализација на истиот, преку елиминирање на постојната нарушеност како резултат на повластената цена на електрична енергија, како и со зајакнување на регулаторните институции и на целокупната инфраструктура.
- Да се подигне нивото на квалитетот на јавната потрошувачка со зајакнување на капацитетите на јавниот сектор за среднорочно планирање и подобрување на реализацијата на буџетот.
- Да се продолжи со унапредување на квалитетот на образованието, преку обезбедување на постојано финансирање наменето за инфраструктурата и кадровско екипирање, потребни за темелно спроведување на неодамнешните реформи во образовниот сектор.
- Да се продолжи со подобрување на успешноста на пазарот на трудот и да се намали невработеноста, особено со преземање на дополнителни мерки насочени кон младите и долгорочно невработените лица, како и преку осовременување на социјалната заштита и образованиот систем.
- Да се продолжат напорите за интегрирање на секторот на сивата економија, во формална економија.
- Да се унапреди инфраструктурата на земјата, особено во енергетскиот и сообраќајниот сектор, со цел да се зајакне конкурентноста на економијата во целост.
Способност за преземање на обврските од членството
Поглавје 1: Слободно движење на стоки
- Да се развие структура за надзор на пазарот во согласност со acquis.
Поглавје 3: Право на основање претпријатија и слобода на давање услуги
- Да се усогласи заемното признавање на стручни квалификации со acquis, вклучително и одредбите за обука и да се изградат потребните административни структури.
- Да се усогласи законодавството со acquis од областа на поштенските услуги, како и да се основа независно национално регулаторно тело.
Поглавје 5: Јавни набавки
- Да се остварат потполно функционални структури за јавни набавки, кои ќе
овозможат спроведување на јавните набавки во согласност со стандардите на ЕК.
- Да се развијат е-набавките.
Поглавје 7: Право на интелектуална сопственост
- Да се изградат потребните капацитети за спроведување и извршување на acquis во секоја област од ова поглавје и да се обезбедат задоволителни континуирани резултати за спроведување на истраги, гонење и постапувањето на судовите во однос на пиратеријата и фалсификувањето.
Поглавје 8: Конкуренција
- Да се продолжи со усогласување на законодавството со acquis од областа на антитрустот и државна помош.
- Да се обезбеди натамошно подобрување на резултатите за извршување во областа на антитрустот и контрола на државната помош.
- Да се подигне свеста на владините институции, деловната заедницата и општата јавност.
Поглавје 9: Финансиски услуги
- Да се обезбедат потврдени резултати за извршување во борбата против неосигурано возење.
- Да се постигне натамошно усогласување со законодавството на ЕУ во областа на финансиските услуги.
Поглавје 11: Земјоделство и рурален развој
- Да се унапреди капацитетот на администрацијата од областа на земјоделството и да се завршат подготовките за извршување и практична примена на механизмите за управување со заедничката земјоделска политика, особено интегрираниот административен и контролен систем (ИАКС) и да се овозможи функционален систем за регистрација на земјоделско земјиште (ЛПИС).
Поглавје 12: Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика
- Да се постигне натамошно усогласување на законодавството со acquis во однос на трансмисивните спонгиоформни енцефалопатии (ТСЕ) и нус- производите од животинско потекло, да се спроведе законодавството и да се обезбеди контрола врз неговото извршување, како и да се воспостави неопходниот систем за собирање и третман.
- Да се формира соодветно кадровски екипирано тело за здравјето на растенијата. Да се постигне натамошно усогласување на законодавството од областа на фитосанитарната политика со acquis.
- Да се донесе план за земјоделско-прехрамбените претпријатија и да се започне со негово спроведување.
- Да се зајакнат лабораториските капацитети во однос на безбедноста на
храната, ветеринарната и фитосанитарната област.
Поглавје 14: Сообраќајна политика
- Да се продолжат активностите насочени кон потполно усогласување со acquis од областа на друмскиот сообраќај (вклучително и спроведување на дигитален тахограф), усогласување со acquis од областа на железничкиот сообраќај (првиот и вториот пакет за железници и интероперабилност), постигнување на целосна усогласеност со законодавството за воздушниот сообраќај и да се обезбеди доследно извршување на соодветното законодавство.
- Да се спроведат обврските преземени со втората преодна фаза на Спогодбата за европска заедничка воздухопловна област.
Поглавје 15: Енергија
- Да се продолжат напорите за обезбедување на соодветно снабдување со енергија и да се развие и спроведе енергетска политика во согласност со обврските од Договорот за енергетската заедница.
Поглавје 17: Економска и монетарна политика
- Да се усогласи правната рамка, заради обезбедување целосна независност на централната банка.
Поглавје 18: Статистика
- Да се постигне натамошен развој на сите области на статистиката, да се постигне целосно усогласување во клучните области, во однос на фреквентност, опсег, класификација, рокови и квалитет и да се постави единствен систем на управување и обработка.
- Да се воспостави добро координиран национален статистички систем.
Поглавје 19:Социјална политика и вработување
- Да се развие постојан механизам за социјален дијалог.
- Да се развијат долгорочни политики за социјална вклученост и подобрување на пристапот до пазарот на трудот за ранливи групи.
- Да се постигне натамошно подобрување на политиките за социјална заштита.
- Да се развијат механизми за следење на состојбата на лицата со пречки во развојот.
Поглавје 20: Претпријатија и индустриска политика
- Да се постигне натамошно развивање на механизмите за МСП и да се подобри пристапот за МСП до финансиските услуги
- Да се дефинира и спроведе стратегија за индустријата, која води до пораст и иновации.
- Да се заврши и да се спроведе развивањето на стратегија за насочување на образованието за претприемништво, заснована на успешните пилот-проекти поддржани од донатори.
Поглавје 22: Регионална политика и координација на структурни инструменти
- Да се зајакнат административните капацитети на централно ниво, и да се развијат на регионално и локално ниво. Да се овозможи јасна распределба на одговорностите и јакнење на капацитетите за координација меѓу назначените тела/структури за спроведување, вклучувајќи ги и локалните органи.
Поглавје 24: Правда, слобода и безбедност
- Да се постигне усогласеност со релевантното acquis од областа на азил и имиграција.
Поглавје 25: Наука и истражување
- Да се примени интегрирана истражувачка политика.
Поглавје 26:Образование и култура
- Да се продолжат напорите за подобрување на квалитетот во образованието, вклучувајќи го и основното образование и да се создаде модерно стручно образование и систем за обуки, како и поврзување на секторот за високото образование со пазарот на трудот и економските потреби, и унапредување на регионалната соработка во областа на високото образование.
Поглавје 27: Животна средина
- Да се продолжи со интегрирање на барањата за заштита на животната средина во другите секторски политики, посебно преку развивање на оцените за влијание врз животната средина.
- Да се зголемат инвестициите во инфраструктурата на животната средина, со посебен акцент на собирање и третман на отпадните води, снабдување со вода за пиење, справување со загадувањето на воздухот и управувањето со отпадот.
Поглавје 28: Заштита на потрошувачите и здравјето
- Да се заврши усогласувањето со acquis од областа на заштита на потрошувачите и да се зајакнат административните капацитети потребни за успешен надзор на пазарот.
- Да се постигне натамошно усогласување со acquis во областа на јавното здравство, попрецизно во областа на тутунот, крвта, човечките ткива и клетки и заразните заболувања. Да се зајакнат институционалните, административните и финансиските капацитети во областа на јавното здравство.
- Во областа на менталното здравје, да се развијат услуги на општински нивоа, како алтернатива за институционализација и да се обезбеди распределба на доволно финансиски средства за заштита на менталното здравје.
Поглавје 31: Надворешна безбедносна и одбранбена политика
- Да се усогласи потпишаната Спогодба со САД во врска со условите за предавање на лица на Меѓународниот кривичен суд во согласност со водечките начела на ЕУ за склучување аранжмани, усвоени од Европскиот совет во септември 2002 година.
Поглавје 32: Финансиска контрола
- Да се постигне натамошно развивање и спроведување на моделот на ЕУ за јавната внатрешна финансиска контрола (ПИФЦ) (децентрализирана раководна одговорност и функционално независна внатрешна ревизија) преку кохерентно законодавство и соодветни институционални капацитети, под водство на Министерство за финансии.
- Да се обезбеди натамошно јакнење на оперативните капацитети и функционалната, како и финансиска независност на Државниот завод за ревизија.
- Да се развијат постапки и административни капацитети со цел да се обезбеди ефикасна заштита на финансиските интереси на ЕЗ.
4. ПРОГРАМИРАЊЕ
Поддршка од Заедницата во рамките на процесот за стабилизација и асоцијација за земјите од Западен Балкан ќе се обезбеди според постојните финансиски инструменти, особено преку Регулативата (ЕЗ) бр. 1085/2006 (ИПА)5, а за програмите усвоени пред 2007 год., Регулативата бр. 2666/2000 (КАРДС регулатива)6. Спогодбите за финансирање претставуваат правна основа за спроведување на конкретните програми. Соодветно, оваа Одлука нема финансиски импликации. Република Македонија може да има пристап до финансирање од хоризонталните програми наменети за повеќе земји.
5. УСЛОВЕНОСТ
Помошта за земјите од Западен Балкан зависи од напредокот во исполнувањето на критериумите од Копенхаген и од исполнувањето на барањата од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и посебните приоритети на Партнерството за пристапување. Не исполнувањето на овие услови може да доведе до тоа Советот да преземе соодветни мерки врз основа на член 21 од Регулатива (ЕЗ) бр. 1085/2006, или, во случајот на програмите пред 2007 год., врз основа на член 5 од Регулативата (ЕЗ) бр. 2666/2000. Помошта е исто така предмет на условите дефинирани од Советот во неговите заклучоци од 29 април 1997 год., особено во поглед на напорите на корисникот за спроведување демократски, економски и институционални реформи. Посебните услови се исто така вклучени во индивидуалните годишни програми. По финансиските одлуки следува финансиска спогодби, потпишана со Република Македонија.
5 Сл. весник на ЕУ L 210, 31.7.2006 година, стр. 82.
6 Сл. весник L 306, 7.12.2000 година, стр. 1, Регулативата како што е последен пат изменета со Регулативата (ЕЗ) бр. 2112/2005 (Сл. весник L, 27.12.2005 година, стр. 23).
6. СЛЕДЕЊЕ
Спроведувањето на Европското партнерство се проверува со механизмите утврдени со процесот на стабилизација и асоцијација, имено годишните извештаи доставени од Комисијата.