Contract
Д. бр. 02-12520/39/1
30.12.2020 година
ОПШТИ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА СТОКА ВО ПРЕВОЗ
Член 1 – ДЕФИНИЦИИ И ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
[1] Во смисла на овие услови одделни изрази значат:
Осигурувач - Триглав Осигурување АД, Скопје, друштво за осигурување, кое врз основа на склучениот договор за осигурување го презема осигурениот ризик;
Договарач на осигурување - лице кое склучува договор за осигурување со осигурувачот;
Осигуреник - лице чиј предмет, односно имотен интерес се осигурува. Договарачот на осигурувањето и осигуреникот претставуваат исто лице освен кај осигурувањата за туѓа сметка;
Премија за осигурување - износ кој договарачот на осигурувањето го плаќа на осигурувачот;
Полиса - исправа за склучениот договор за осигурување;
Франшиза - учество на осигуреникот во штета;
Износ на осигурување - највисок износ на обврска на осигурувачот за еден осигурен случај;
Надомест од осигурување - износ кој го плаќа осигурувачот врз основа на склучениот договор за осигурување, но по настанување на осигурен случај.
[2] Овие услови се темелат врз Законот за облигационите односи и Законот за супервизија на осигурувањето, како и останатите подзаконски акти донесени врз основа на овие закони, и на соодветен начин се применуваат на договорот за осигурување кој што го склучуваат договарачот на осигурувањето и осигурувачот.
[3] Општите услови се составен дел на понудата и договорот за осигурување кој договарачот на осигурувањето, односно осигуреникот ќе го склучи со Триглав Осигурување АД, Скопје.
Член 2 - ОСИГУРИТЕЛНО ПОКРИТИЕ
(1) Според одредбите од овие Општи услови и според одредбите од посебните услови / клаузули наведени по полисата за осигурување, осигурувачот ја осигурува пратката во транспорт по копно, внатрешни води (реки и езера) или воздухоплови.
(2) Со осигурувањето се опфатени и трошоците за спасување (направени поради спречување или намалување на штетите покриени со осигурување) и придонес во генералната катастрофа.
Член 3 – ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ОСИГУРИТЕЛНОТО ПОКРИТИЕ
(1) Осигурувачот во ниту еден случај не го покрива оној дел од штетите кои настанале независно од транспортните опасности (на пр. вообичаен крш, расипување, истекување и сл.) во оној обем (процент) предвиден со прописи и/или пракса.
(2) ако при склучување на осигурувањето е договорена франшиза, осигурувачот нема да го земе во обзир одбитокот од предходната ставка од овој член, туку само договорената франшиза.
(3) делумна штета која е настаната на стоката која паднала од бродската палуба и која подоцна е подигната од морето / водата, се надоместува без одбиток / франшиза.
(4) независно од опсегот на покритието, осигурувачот нема да ја надомести штетата и трошоците кои се последица на:
а) зли намери или груба немарност на осигуреникот или неговите работници; б) скриени недостатоци и/или природни својства на самата стока;
в) неправилно или недоволно пакување, неправилен утовар или недоволна заштита на пратката во превозното средство.
г) неисправни или недоволни ознаки на стоката во во однос на нејзините карактеристики (налепници, предупредувања, запишување на предупредувањата на превозниот документ и слично);
д) избор на несоодветно превозно средство;
ѓ) опасности поврзани со превоз на отворено транспортно средство;
е) недавање на посебни упатства на превозникот во однос на брзината и сигурноста на превозот
поради посебните својства на стоката;
ж) неправилна или неточна декларација на стоката; з) неправилно предавање на стоката на превозникот;
ѕ) непридржување на националните или меѓународните прописи за трговија; и) вооени дејствија , политички немири и штрајкови.
(5) Со осигурување не се покриени штетите настанати поради тоа што осигуреникот не го известил осигурувачот за сите познати околности кои значително влијаат на оценката на ризикот.
(6) Осигурувачот не покрива штети на пратки кои се во едно парче, а чиј облик и/или тежина ги надминува општите или посебно дозволените облици и/или тежини.
Член 4 – ТРАЕЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
(1) Осигурувањето започнува во моментот непосредно по утоварот на пратката на превозното средство, во местото наведено во полисата за осигурување како место за испорака и трае цело време во текот на превозот со превозното средство наведено во полисата за осигурување. Осигурувањето престанува со истоварот на стоката непосредно од превозното средство во местото наведено во полисата како крајна дестинација.
(2) Кај сите видови на превоз, стоката е осигурена и во текот на вообичаените попатни вскладиштувања, но не подолго од 30 дена.
Член 5 – ПРИЈАВА НА ОСИГУРУВАЊЕТО
(1) Осигурувачот ги осигурува пратките врз основа на навремена пријава / понуда од страна на договорувачот на осигурувањето која мора да ги содржи сите податоци кои се од големо значење за проценка на ризикот и склучување на осигурувањето.
(2) Ако осигурувачот, во рок од 48 часа од приемот на пријавата, не го одбие осигурувањето, ќе се подразбира дека осигурувањето е склучено.
Член 6 – ОСИГУРЕНА ВЕРЕДНОСТ
(1) Пратката е осигурена на износот кој го наведил осигуреникот во пријавата за осигурување (осигурена вредност).
(2) Во осигурената вредност може да бидат вклучени и реалните трошоци за превозот, царински трошоци, трошоци за осигурување и очекувана добивка, кои во пријавата за осигурување треба конкретно и поединечно да се наведат.
(3) Износите од претходната ставка може да бидат вклучени во осигурената вредност и во пријавата за осигурување да се наведе дека вредноста на пратката се зголемува за најмногу 10%, доколку при склучување на осигурувањето не се договори поинаку.
(4) Осигурената вредност представува горна граница на обврските на осигурувачот.
Член 7 – ПРЕМИЈА НА ОСИГУРУВАЊЕ
(1) Ако не е поинаку договорено, осигуреникот е должен да ја плати премијата за осигурување при склучување на осигурувањето.
Член 8 – ОБВРСКИ НА ОСИГУРЕНИКОТ ПРИ НАСТАНУВАЊЕ НА ШТЕТА
(1) При настанување на штета, осигуреникот или негов ополномоштеник мора заедно со превозникот да ја утврди причината и обемот на штетата.
(2) Осигуреникот е должен да ги превземе сите мерки за спасување и спречување на понатамошна штета на осигурената пратка.
Член 9 - ОСИГУРУВАЊЕ НА ПРАВО НА НАДОМЕСТ КОН ТРЕТИ ЛИЦА
(1) Осигуреникот има обврска да ги превземе сите мерки за осигурување на право на побарување према трети лица. Ако осигуреникот не го направи тоа, а осигурувачот поради тоа, докажано претрпи штета, осигуреникот може да го изгуби правото на надомест.
(2) Ако осигурувачот исплати надомест за штета или ја признае својата обврска за исплата на штетата, осигуреникот е должен со цесија да му ги пренесе на осигурувачот своите права за побарувања кон трети лица.
Член 10 – ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ОШТЕТНО ПОБАРУВАЊЕ
(1) Подносителот на оштетното побарување, мора да му докаже на осигурувачот дека има право на надомест за штета од склученото осигурување (осигурен интерес) и дека штетета настанала на осигурената релација, во текот на траењето на покритието, како последица на една од осигурените опасности (ризици) и во бараната висина и опсег.
(2) Подносителот на оштетното побарување е должен да му ги приложи на осигурувачот следните потребни документи за обработка на оштетното побарување:
а) оригиналната полиса за осигурување; б) оригинални превознички документи;
в) записник за настанатата штета, потпишан од превозникот и од примателот на пратката; г) наод / извештај од проценител односно потврда за катастрофата.
(3) во посебни случаи, за потреби при обработка на штетата, осигурувачот може да побара и друга документација како што е:
а) записник од судски вештак;
б) записник од санитарни, пазарни и ветеринарни тела;
в) докази за вредноста на пратката и висината на осигурените трошоци; г) доказ за висината на настанатата штета и трошоците и слично.
Член 11 – ВИСИНА НА НАДОМЕСТ ЗА ШТЕТА
(1) При настанување на штета, осигурувачот ја утврдува вистинската вредност на пратката според фактурираната вредност, или ако ја нема, според пазарната вредност на денот и во местото за испорака на пратката.
(2) Ако осигурувачот утврди дека вистинската вредност на пратката е поголема од вредноста пријавена во осигурување, ќе се исплати надомест во соодветен размер (подосигурување).
(3) Принципот од пртходниот став се применува и за трошоците кои ги пријавил осигуреникот во осигурување во согласност со одредбата од член 5, став (2) од овие Услови.
(4) Надоместот на штетата, во никој случај не може да биде поголем од осигурената вредност, освен за трошоци за спасување, вештачења и утврдување на штета и придонес во евентуална генерална катастрофа.
(5) Ако осигуреникот и осигурувачот не можат да се сложат во однос на проценката и утврдувањето на штетата, меродавен ќе биде наодот на овластено лице или вештак.
Член 12 – ИСПЛАТА НА НАДОМЕСТ ЗА ШТЕТА
(1) Осигурувачот е должен да го исплати надоместот за штета во рок од 30 дена од денот на прием на сите документи, потребни за обработка на штетата.
Член 13 – ОСТАНАТИ ОДРЕДБИ
(1) Осигурувачот не е должен да ја превземи оштетената или уништената пратка или нејзин дел.
(2) Правото на осигуреникот за надомест на штета врз основа на склучен договор за осигурување, застарува во рокови утврдени со општите прописи.
(3) Полисата за осигурување со приклучени посебни услови и/или клаузули има предност пред овие Општи услови, а запишаните услови во самата полиса имаат предност пред приклучените клаузули и овие Општи услови, доколку се спротивни по содржина.
ЧЛЕН 14 - ИНФОРМАЦИИ ВО ВРСКА СО ОБРАБОТКА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
[1] Идентитет и контакт на податоците на контролорот и офицерот за заштита на личните податоци:
Назив: | Триглав Осигурување АД, Скопје |
Седиште: | бул.„8-ми Септември“ бр.16, Скопје |
e-mail: |
Офицер за заштита на личните податоци: | |
ЧЛЕН 15 - ОБРАБОТКА И ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје врши обработка (собирање, евидентирање, организирање, чување итн.) на лични податоци на осигуреници, договорувачи на осигурување, нивните законски застапници или полномошници во согласност со одредбите на Законот за заштита на лични податоци и другите релеванти позитивни законски прописи, применувајќи соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на безбедност на личните податоци. Собраните лични податоци се дел од збирките на лични податоци на Триглав Осигурување АД, Скопје, а Триглав Осигурување АД, Скопје во својство на контролор на личните податоци, истите ги користи совесно, законито и согласно целта за која се собрани.
ЧЛЕН 16 - ПРАВЕН ОСНОВ ЗА ОБРАБОТКАТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје собира, обработува, чува, користи и доставува лични податоци кои се неопходни при склучување на договорите за осигурување (полиси), врз основа на член 109 од Законот за супервизија на осигурување, а во согласност со Законот за заштита на личните податоци.
[2] Личните податоци се неопходни за обработка од страна на Триглав Осигурување АД, Скопје со цел исполнување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за осигурување, односно обработката на истите претставува основа за оценување на осигурително покритие и степен на оштета.
ЧЛЕН 17 - ЦЕЛИ ЗА ОБРАБОТКА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ
[1] Личните податоци (телефонски број и електронска адреса – e-mail), Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува со цел остварување на контакт заради ефикасно остварување на права и обврските кои произлегуваат од договорите за осигурување (полиси). Овие податоци за цели доставување на рекламни материјали, промоции, понуди како и за други цели на директен маркетинг од страна на Групацијата Триглав во Република Северна Македонија, ќе бидат искористени само доколку имате дадено согласност, преку одбирање на соодветната опција за согласност.
[2] Со цел водење на постапка за надомест на штета и воспоставување на бази на податоци за настанати штети, оценување на осигурително покритие и степен на оштета Триглав Осигурување АД, Скопје обработува и копии од документи во кои се содржани и лични податоци.
[3] Личните податоци од став 1 и став 2 на овој член Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува само врз основа на претходна согласност од субјектот на личните податоци, а недавањето на согласност за обработка на овие податоци може да има за последица несоодветно оценување на осигурително покритие или степен на оштета или пак неисплаќање на оштетно барање.
[4] Согласноста за обработка на личните податоци од ставот 3 на овој член може да се повлече во секое време преку доставување на известување за повлекување на согласност по пошта на следната адреса: „бул.8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје“ со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx. Со повлекување на согласноста за обработка на лични податоци Триглав Осигурување АД, Скопје ќе прекине со понатамошна обработка на личните податоци и истите ќе ги избрише од базите на податоци со што можат да настанат последици наведени во став 3 од овој член.
ЧЛЕН 18 - РОКОВИ НА ЧУВАЊЕ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
[1] Личните податоци, Триглав Осигурување АД, Скопје ги чува во рок за цело времетраење на договорниот облигационен однос, односно најмногу до 10 години по истекот на договорот за осигурување или во случај на настанување на штета, 10 години по затворањето на случајот на настанување на штетата, односно од денот на целосната исплата на
надоместокот за настаната штета согласно член 109 став 8 од Законот за супервизија на осигурување.
[2] По истекот на роковите од став 1 на овој член личните податоци ќе бидат избришани/уништени од базите на податоци на Триглав Осигурување АД, Скопје и истите нема да се обработуваат за други цели.
ЧЛЕН 19 - ПРАВА НА СУБЈЕКТИТЕ НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ
[1] Остварување на правата кои произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци (право на пристап, корекција, бришење, ограничување на обработката на лични податоци, приговор и преносливост), се врши преку доставување на барање на електронската адреса на офицерот за заштита на лични податоци: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx. На истата електронска адреса може да се достави барање во врска со сите прашања поврзани со обработката на личните податоци.
[2] Доколку субјектот на лични податоци смета дека обработката на личните податоци за целите наведени во член 17, од страна на Триглав Осигурување АД, Скопје не е во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци, или пак смета дека е повредено некое право за заштита на личните податоци, има право да поднесе барање за утврдување на прекршување на прописите за заштита на личните податоци до Агенцијата за заштита на личните податоци како надлежен орган за вршење на надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци на територијата на Република Северна Македонија.
ЧЛЕН 20 - ПРЕНОС НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје е дел од Групацијата Триглав. Личните податоци на субјектите на лични податоци се пренесуваат во рамките на Групацијата, односно во матичното друштвото Заваровалница Триглав каде што личните податоци се обработуваат само за цели на чување. При вршење на преносот на личните податоци се обезбедува високо ниво на технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци. Исто така, во рамките на Групацијата Триглав се обезбедуваат сите неопходни заштитни мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци преку стандардни клаузули за заштита на личните податоци кои се одобрени од страна на Европската комисија. Сите дополнителни информации во однос на заштитните мерки може да се добијат со поднесување на барање до по пошта на следната адреса: „бул.8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје“ со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx.
ЧЛЕН 21 - ОБРАБОТКА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА ЦЕЛИ НА ДИРЕКТЕН МАРКЕТИНГ
[1] Личните податоци за цели на директен маркетинг, Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува само врз основа на експлицитна согласност за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг кои ги врши Триглав Осигурување АД, Скопје или поврзаните друштва од рамките на Групација Триглав во Република Северна Македонија за своите услуги и услугите на поврзаните друштва од рамките на Групација Триглав во Република Северна Македонија.
[2] Согласноста за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг може да се повлече во секое време, бесплатно, со писмено барање (доставено на следната електронска адреса: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx, или по пошта до Триглав Осигурување АД, Скопје, бул.„8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје, со назнака “До Офицерот за заштита на лични податоци”).
ЧЛЕН 22 - САНКЦИСКА КЛАУЗУЛА – РЕСТРИКТИВНА МЕРКА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ПЕРЕЊЕ ПАРИ И ФИНАНСИРАЊЕ ТЕРОРИЗАМ
[1] Осигурувачот не дава осигурително покритие, односно не ја покрива одговорноста на осигуреникот за настаната штета или не исплаќа какви било други поволности, без оглед на Договорот за осигурување, доколку таквата исплата или плаќањето на каква било друга поволност би го изложила осигурувачот на некакви санкции, забрани или ограничувања врз основа на резолуциите на Обединетите нации, или на трговски или економски санкции, на кршење на законите или прописите на Европската Унија, Обединетото Кралство или САД.
ЧЛЕН 23 - ПРИГОВОР (ВОНСУДСКО РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИ)
[1] Договорните страни се согласни дека сите спорови што произлегуваат од овој Договор ќе се решаваат по мирен пат.
[2] Договарачот на осигурувањето, осигуреникот, односно корисникот на осигурување се согласни дека за сите спорни прашања, жалби и несогласувања кои произлегуваат од односот со осигурувачот ќе го известат истиот без одложување. Известувањата во форма на приговор од овој став се доставуваат во писмена форма, од што со сигурност може да се утврди
содржината на известувањето и времето на неговото праќање.
[3] Договарачот на осигурувањето, осигуреникот, односно корисникот на осигурување кој смета дека со одлуката (решението) на осигурувачот за отштетното побарување му се нарушени правата од осигурувањето, може да поднесе приговор до Комисијата за приговори (жалби) на осигурувачот.
[4] Комисијата за приговори (жалби) е должна да донесе одлука по приговорот во писмена форма, без одложување, но најдоцна во рок од 30 дена од денот на прием на приговорот.
ЧЛЕН 24 - МЕРОДАВНО ПРАВО И СУДСКА НАДЛЕЖНОСТ
[1] За правата и обврските на договорните страни што не се регулирани со овие Услови, ќе се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи и Законот за супервизија на осигурување. Ако со овие Услови некое прашање е утврдено спротивно на законските прописи, ќе се применуваат одредбите од Законот.
[2] Споровите што настануваат помеѓу осигуреникот, на една страна, и осигурувачот, на друга страна, ги решава стварно и месно надлежниот суд според седиштето на осигурувачот.
ЧЛЕН 25 - НАДЗОР НАД ДРУШТВОТО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
[1] Орган надлежен за вршење надзор на осигурителното друштво е Агенцијата за супервизија на осигурување.
[2] Во случај осигуреникот да не е задоволен од односот на осигурувачот во текот на траењето на Договорот за осигурување, може да достави претставка до Агенцијата за супервизија на осигурување, како надлежен орган за надзор над работењето на осигурувачот.
ЧЛЕН 26 - ЗАСТАРУВАЊЕ НА БАРАЊАТА
[1] Побарувањата од договорите за осигурување застаруваат во согласност со одредбите од Законот за облигациони односи.
ЧЛЕН 27 - ИЗЈАВА ЗА ИНФОРМИРАНОСТ
[1] Договарачот на осигурувањето/осигуреникот со потписот на договорот за осигурување/полисата изречно потврдуваат дека при склучувањето на Договорот за осигурување, од страна на осигурувачот писмено се известени за сите податоци согласно членовите 49 и 50 од Законот за супервизија во осигурувањето и дека пред склучувањето на осигурувањето им е оставено разумно време за донесување на конечна одлука за склучување на Договорот за осигурување. Согласно ова, договарачот/осигуреникот со потписот на договорот за осигурување/полисата потврдуваат дека се известени и за правото за поднесување на жалба.
ЧЛЕН 28 - ВЛЕГУВАЊЕ ВО СИЛА
[1] Овие Општи услови влегуваат во сила со денот на нивното донесување, а ќе се применуваат од 01.01.2021 година
ПОСЕБНИ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА СТОКА ВО ПРЕВОЗ ПРОТИВ ОСНОВНИТЕ РИЗИЦИ
КЛ-крг-1
Со овие Посебни услови КЛ-крг-1 покриени се оштетувања и загуба на пратката настанати како последица на:
а) виша сила, елементарни непогоди, невреме, пожар и експлозија; б) сообраќајна или поморска незгода на превозното средство;
в) неиспорака, кражба на дел или на цела пратка при копнен превоз, провална кражба на стоката во бродски складишта како и неиспорака и кражба на цели пакети при превоз на стока на бродска палуба;
г) заедничка (генерална) катастрофа;
д) злонамерно дело на капетанот и/или екипажот; ѓ) однесување на цели пакети од бродската палуба;
e) загуба на цели пакети при утовар, претовар и истовар на стока во превоз.
ПОСЕБНИ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА СТОКА ВО ПРЕВОЗ ПРОТИВ СИТЕ РИЗИЦИ (ALL RISKS CLAUSE) КЛ-крг-2
Со овие Посебни услови КЛ-крг-2, осигурувачот ги покрива сите ризици од загуба или оштетување на осигурениот предмет, но во никој случај не покрива загуба, оштетување или трошоци кои би настанале непосредно поради дефект и природни својства на пратката (кои може да бидат предмет на осигурување од посебни ризици и според посебни услови), поради доцнење на пратката, поради скриени недостатоци на пратката или поради вообичаена загуба на стоката во превоз.
Ако не се договори поинаку, осигурувачот ги надоместува евентуалните штети без одбиток (франшиза).