Contract
УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА МАШИНИ ОД КРШЕЊЕ И ОД НЕКОИ ДРУГИ ОПАСНОСТИ
ПРЕДМЕТ НА ОСИГУРУВАЊЕ ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
Овие Услови се применуваат за осигурување на машини од кршење и од некои други опасности.
Во овие Услови долунаведените поими значат:
Осигурувач - Акционерско друштво за осигурување и реосигурување Македонија, Скопје - Виена Иншуренс Груп.
Договарач на осигурувањето - лице што со осигурувачот склучува договор за осигурување.
Осигуреник - лице чиј предмет е осигурен, односно чиј имот е осигурен, и на кое му припаѓаат правата од осигурувањето.
Премија - износ што се плаќа за осигурување по договорот за осигурување.
Сума на осигурување - износ на кој имотот, односно имотниот интерес е осигурен, ако од содржината на договорот за осигурување не произлегува нешто друго.
Осигурен случај - настан што предизвикува загуба или штета на осигурениот предмет или имот и произлегува од случаен или непредвиден настан и може да доведе до отштетно побарување.
Лист на покритие - потврда што привремено ја заменува полисата.
Полиса - договор за осигурување.
ПРЕДМЕТ НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 1
(1) Предмет на осигурување според овие Услови се машини и машински уреди, котли во комплет со уредите за горење и придружна опрема од садови под притисок, опрема за кревање вклучувајќи кранови, пренесувачи и лифтови, цевководи, гасоводи, нафтоводи и топловоди, механички делови вклучувајќи мотори, турбини, вентилатори, компресори, пумпи, машински алатки, делови за притисок и за ладење, погонски машини со основата, лежиштето и темелот, доколку нивната вредност се содржи во вредноста на погонските машини, сите видови инсталации, електроопрема вклучувајќи алтернатори, генератори, мотори, исправувачи (детектори), трансформатори и нивно полнење, доколку вредноста на полнењето е содржана во вредноста на осигурените предмети, далноводите и водовите со висок напон.
(2) Предмет на осигурување може да бидат сите машини или само одделни машини.
ОСИГУРЕНИ ОПАСНОСТИ (РИЗИЦИ)
Член 2
Со осигурувањето се надоместува ненадејно и непредвидливо уништување или оштетување за кое треба да се изврши поправка или замена на осигурените предмети, а овие оштетувања не се настанати од причините што се исклучени од осигурувањето.
Осигурувањето важи кога предметите се во функција или во мирување, или се демонтирани со цел да се исчистат или за ремонт, или во текот на нивното работење, или во текот на последователно повторно монтирање, но во секој случај само по успешно извршено пробно пуштање.
Вкупниот надоместок на име обесштетување на осигуреникот, вклучувајќи ги и трошоците за расчистување, не може да ја надмине сумата на осигурувањето што е наведена во полисата.
Осигурувањето е во важност и кога предметот на осигурување е во целост преместен на друго место на подрачјето на Р Македонија.
ИСКЛУЧОЦИ
Член 3
Осигурувачот нема обврска да исплати штета или обесштетување, дури ни во случај кога вредноста на наведените предмети е содржана во полисата, во следните случаи:
1. пожар, експлозија, молња (директна или индиректна), гасење пожар, последователно демолирање, демонтажа и расчистување на урнатини, слегнување на почва, лизгање на земјиште, одронување на земјиште, поплава, земјотрес, односно сите основни и дополнителни ризици што се опфатени со Условите за осигурување од опасност од пожар и од некои други опасности;
2. провална кражба и разбојништво, односно ризиците што се опфатени со Условите за осигурување од провална кражба и разбојништво;
3. грешки и дефекти што постоеле во времето на почетокот на ова осигурување, а кои му биле познати или не можеле да му бидат познати на осигуреникот;
4. штета што произлегува од намерно дејство или од намерно крајно невнимание од страна на трето лице, доколку не е договорено поинаку;
5. корозија, оксидација, стареење, ерозија или друго постојано хемиско влијание, термичко влијание (разорување): облоги на садови, пламеник на горилникот, решетки на ложишта, електроотпорни греачи, електроди на индустриски печки, садови за топење и за пренесување на растопениот метал и сл. механичко или атмосферско влијание, кој било вид трошење или абење на секој дел од машините предизвикани со редовна употреба, кавитација, наслаги од ’рѓа, каменец, талог, тиња, кал или други наслаги кај котлите;
6. преоптовареност на машините, на машинските и на електричните уреди, апарати и инсталации преку границите на нивните проектни параметри, ставање во погон пред конечната поправка, монтирање и пробно испитување на новите машини, уреди или апарати, повреда на техничките и на други прописи и упатства за техничка експлоатација на осигурените машини, уреди или апарати, како и заштитни мерки;
7. променливи делови од сите видови ножеви, глодала, сврдли, пили, камења за точење, ножеви, сечило на ножици, матрици, кокили, калапи, круната од алат за дупчење на дупки и други делови што подлежат на периодична замена, алат за стегање (доколку не е составен дел на машината или не се смета за основно средство), сигурносните елементи со еднократно дејство и други периодично променливи делови;
8. делови на машини изложени на забрзано трошење и периодична замена: сита, релјефни и други заменливи облоги, заменливи облоги на валци на гребени - чешли, свитливи цевки, ремени, четки, влошки на филтер-платна, средства за термичка изолација, делови на спојници (гумени прстени, ламели и сл.), делови на машини што служат за кршење и за ситнење (кугли на млиновите, ударни чекани и плочи на мелници, вилични плочки на каменокршачки и сл.), работни елементи на земјоделски машини, ралници, дискови, клинови на брани, ножеви, мотики и сл., каиши за транспортна лента, гумени ленти, решетки и црева, гумени и пластични постави, бандажи, четкички, гумени јажиња, делови од стакло, порцелан и керамика, ленти, синџири и челични јажиња, освен кај транспортните уреди за кои се предвидува можност за посебно договарање;
9. горива, филтерни делови, средства за ладење, средства за чистење, мазива, масти, катализатори, хемикалии, контактни агенси;
10. штетно дејство на нуклеарна енергија, ерупции, освен истражни ерупции, доколку тоа посебно се договори;
11. посредни штети настанати во врска со осигурениот случај: загуба на заработувачка, xxxxxxx, казни и сл.;
12. штета или оштетување за кои производителот или добавувачот на имотот е одговорен или со закон или со договорни обврски. Ако производителот, односно испорачателот ја оспорува одговорноста, а штетата е предизвикана со осигурен случај, одредена во членот 2 од овие Услови, осигурувачот ќе му исплати надомест на осигуреникот/договарачот, а потоа до износот на исплатениот надомест сите права на осигуреникот/договарачот кон производителот, односно испорачателот му припаѓаат на осигурувачот;
13. не се опфатени трошоците за демонтажа и за монтажа што се направени за редовен преглед или одржување на осигурените предмети (периодични поправки и замени на истрошените делови). Во овој случај надоместот од осигурувањето ги опфаќа трошоците за замена на оштетените делови што се оштетиле од осигурениот ризик, а притоа не биле предвидени за периодична поправка или замена;
14. осигурително покритие не се дава на осигурени предмети додека се наоѓаат на изложба и на саем;
15. војна, инвазија, дејство на странски непријател, непријателски или воени операции (без оглед дали е објавена војна или не), граѓанска војна, побуни, востание, бунт, револуција, заговор, воена или окупаторска сила, воспоставување воена власт, безредија и граѓански немири, штрајк, затворање на фабрики, конфискување, противправно преземање, присвојување, уништување или оштетување имот по налог на државата де јуре или де факто на која било државна општина или локална власт;
16. загуба, штета или трошок од кој било вид директно или индиректно дејство на тероризам, без оглед на која било друга причина или настан што истовремено доведува до штета.
Под тероризам според овие Услови се подразбира употреба на сила или насилство и/или закана со нив на лице или група лица поврзани со политички, религиозни, идеолошки или етнички цели и причини, вклучувајќи и намера да се влијае врз кои било власти, како и врз јавноста под дејство на страв;
17. полисата не покрива штети, оштетување, отштетно барање, трошок, давачки или друг износ што директно или индиректно произлегува од или е во врска со:
- мувла, габи, спори или други микроорганизми од кој било вид или опис, вклучително, но не ограничено за материи чие присуство претставува реална или потенцијална закана за човечкото здравје.
Ова исклучување се применува без оглед дали постои:
- каква било физичка штета или оштетување на осигурениот имот;
- каква било осигурена опасност или причина, без оглед на друга причина или настан што придонел истовремено или на кој било друг начин за штетата;
- каква било загуба на употреба, простории или работење или
- какво било потребно дејство, вклучително, но не ограничено за поправка, замена, отстранување, расчистување, намалување, изложување, преместување или мерки преземени за барање лекарска или правна помош.
Ова исклучување ги заменува или ги поништува сите одредби од полисата со кои се дава целосно или делумно осигурување за тие предмети;
18. оштетување на машини, уреди или апарати како последица на оштетување на електронските податоци што управуваат со нив. Под оштетување на електронски податоци се подразбира нивно оштетување, уништување, нарушување, бришење и измена од која било причина (вклучувајќи и компјутерски вирус) доколку тие податоци ја управуваат машината или ги намалуваат функционалноста и работните карактеристики на машината.
За електронски податоци се сметаат факти, мислења и податоци пренесени на уред за чување и за обработка на тие податоци со кои тие се контролираат по електронски пат, како и вклучувајќи програми, софтвер или други шифрирани инструкции за функционална работа на машините, уредите или апаратите.
Електронските податоци не може да бидат предмет на надомест.
19. полисата не покрива штети, оштетување, отштетно барање, трошок, давачки или друг износ што директно или индиректно произлегува од или е во врска со специјализирана опрема или компјутерска опрема и системи наменета за “рударење“ на крипто валути или слични процеси на валидација на трансакции во мрежата како и поголема концентрација на компјутерска опрема и системи со намена како “фарми за рендерирање“
ВРЕДНОСТ НА ОСИГУРЕНИТЕ ПРЕДМЕТИ
Член 4
Вредноста на осигурените предмети (сума на осигурување) е новонабавната вредност на осигурените предмети со вклучени транспортни трошоци, царина, данок, монтажа и сите други трошоци на денот на склучување на осигурувањето намалени за вредноста на пресметаната амортизација.
УТВРДУВАЊЕ НАДОМЕСТОК ОД ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 5
Висината на надоместокот од осигурувањето се утврдува:
1. во случај на оштетување на осигурениот предмет - во висина на трошоците за поправка во време на настанување на осигурениот случај, демонтажа и повторна монтажа настаната со цел да се изврши поправката, како и редовни трошоци за возарина, царинска такса и други зависни давачки доколку има, намалени за износот на пресметаното амортизирање, доколку не е договорено поинаку, и намалени за вредноста на остатоците;
2. во случај на уништување на осигурените предмети - според вредноста на осигурените предмети во време на настанувањето на осигурениот случај, намалена за вредноста на остатоците. Ако трошоците за поправка на еден осигурен предмет се поголеми од вредноста на осигурениот предмет, ќе се постапи како тој осигурен предмет да е уништен;
3. трошоците за привремени поправки ги сносува осигуреникот. Доколку поправките се составен дел од конечната поправка и не ги зголемуваат вкупните трошоци за поправка, тогаш ги сносува осигурувачот;
4. поголемите трошоци, во случај на оштетување на осигурените предмети, за поправки настанати поради прекувремено, неделно, празнично и ноќно работење, се надоместуваат само ако е тоа посебно договорено;
5. поголемите трошоци за отстранување на штетата (со поправка или замена на осигурените предмети со нови) настанати поради извршени измени, подобрувања или усовршувања паѓаат на товар на осигуреникот;
6. осигурувачот, во случај на оштетување на осигурениот предмет, нема обврска да го надомести целиот осигурен предмет (машина), ако оштетениот, односно уништениот дел од него не може да се поправи или да се набави поради тоа што осигурениот предмет е набавен во странство или веќе не се произведува. Осигурувачот има обврска само до вредноста на оштетениот, односно уништениот дел на осигурениот предмет, која се утврдува со процена на сразмерно учество на вредноста на оштетениот или уништениот дел на осигурениот предмет во вредноста на целиот осигурен предмет или со споредување со истовидни, односно слични делови на осигурениот предмет;
7. штетите на осигуреното полнење на електричните уреди и на маслото на парните турбини се надоместуваат во сразмери одредени врз основа на пропишаниот век на траење и времето на употреба на полнењето и под услов нивното оштетување да е последица од оштетувањето на машината од опасностите опфатени со овие Услови;
8. трошоците за земјени работи, вклучувајки го и асфалтирањето кај кабли и цевководи, како и трошоците за изнаоѓање на местото на оштетување на далноводите, каблите и цевководите се надоместуваат доколку е тоа посебно договорено;
9. ако сумата на осигурувањето е помала од 90% од вредноста на осигурените предмети на почетокот на соодветниот период на осигурување (подосигурување), штетата ќе се надомести сразмерно помеѓу сумата на осигурување и вредноста на осигурените предмети;
10. во секој штетен настан / осигурен случај, пресметаниот надомест од осигурувањето се намалува за 10% (франшиза), но најмалку од 250 евра во денарска противвредност, сметано на денот на настанување на штетниот настан според средниот курс на НБМ, ако не е договорено поинаку.
НАДОМЕСТОК НА ТРОШОЦИТЕ
Член 6
(1) На име трошоци направени за расчистување во врска со настанатиот осигурен случај, осигурувачот ги надоместува неопходните издатоци за расчистување на осигурениот предмет, но најмногу до 3% од вредноста на осигурениот предмет.
(2) Осигурувачот ги надоместува неопходните трошоци предизвикани со разумен обид на осигуреникот кога ќе настапи осигурен случај, за преземените мерки заради отстранување и смалување на штетните последици од настанување на осигурениот случај.
(3) Неопходните трошоци за отстранување на непосредните опасности од настанувањето на осигурениот случај и за ограничување на неговите штетни последици, направени во согласност со осигурувачот, се надоместуваат и кога со надоместокот на штетата се преминува сумата на осигурување.
(4) Осигурувачот нема обврска да ги надомести трошоците настанати за отстранување на причината на штетата.
(5) Во случај на подосигурување, трошоците за отстранување и за намалување на штетата се надоместуваат во ист сразмер како и надоместокот на штетата, освен кога тие трошоци се направени по налог на осигурувачот.
(6) Вкупниот надоместок на име надоместок на осигурувањето и на име трошоци не може да ја надмине сумата на осигурувањето, односно вистинската вредност на штетата на оштетениот предмет.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРЕНИКОТ ВО СЛУЧАЈ НА ШТЕТА
Член 7
(1) Сервисерот мора да ги остави за увид сите делови што биле заменети.
(2) Доколку осигуреникот не може да ја докаже староста на осигурениот предмет (вградена плочка со технички податоци и година на производство, сметководствен податок или некој друг доказ преку кој се докажува староста на машината), износот на проценетата амортизација е 70%.
ПРЕСМЕТАНА АМОРТИЗАЦИЈА
Член 8
Пресметката на амортизација при утврдување на надоместок од осигурување се врши во согласност со Уредбата за начинот на пресметување на амортизацијата, односно отписот на вредноста на нематеријалните и материјалните средства и за номенклатурата на средствата за амортизација и годишните амортизациони стапки (Сл. весник на РМ бр. 64/2002, 98/2002 и 10/2008 година), со сите нејзини измени и дополнувања.
ВАЖНОСТ НА ОПШТИТЕ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ИМОТ
Член 9
Доколку не се во спротивност со овие Услови, на осигурувањата склучени според овие Услови се применуваат и Општите услови за осигурување на имот.
ПРАВО НА ЖАЛБА
Член 10
Договарачот, осигуреникот или корисникот на осигурувањето може да достават жалба во однос на осигурувачот до Агенцијата за супервизија на осигурувањето, како орган надлежен за супервизија на друштвата за осигурување.
НАДЛЕЖЕН СУД
Член 11
Во случај на спор меѓу договарачот на осигурувањето, односно осигуреникот и осигурувачот, месно е надлежен Основниот суд Скопје 2, Скопје.
ОДРЕДБИТЕ ШТО ПОСЕБНО СЕ ДОГОВАРААТ И ЗАДОЛЖИТЕЛНО СЕ ВНЕСУВААТ ВО ПОЛИСАТА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
СЕ ИСКАЖАНИ СО СЛЕДНИТЕ КЛАУЗУЛИ
(1) ОПШТИ КЛАУЗУЛИ
102. Акумулаторски стационарни батерии
Договарачот на осигурувањето е обврзан да одреди стручно лице што ќе се грижи за акумулаторските батерии. Договарачот на осигурувањето е обврзан да се придржува на упатството од производителот при одржувањето на батериите.
Ако договарачот на осигурувањето повреди една од тие обврски, осигурувачот нема да има обврска да надомести дел од штетата што е причинета поради непридржување на овие обврски.
Ако во времето на настанување на осигурениот случај постои договор за одржување, ќе се смета дека наведените обврски се извршени, а осигурувачот може да го користи правото на регрес од одржувачот на батериите доколку не ги извршил обврските преземени со договорот за одржување.
103. Масленото полнење на турбината
Осигурувачот има обврска да надомести штета на масленото полнење ако неговото губење е последица од штетата на турбината покриена со осигурувањето.
104. Исклучување на штети поради тиња и поплавување кај хидроелектрани
Не се надоместуваат штети на осигурените предмети што би настанале од поплавување или од тиња настанати поради кршење на цевниот вод со висок притисок.
105. Вклучување на штета поради тиња и поплавување кај хидроелектрани.
Со осигурувањето на цевниот вод се покриени штети врз него и врз неговата основа. Со осигурувањето е покриена и штета на осигурените предмети од поплавување и од тиња, ако таа штета е во причинска врска со штетата на цевниот вод со висок притисок што е покриена со осигурувањето.
106. Изотопи
Ако некој од осигурените предмети работи со изотопи, осигурувачот ќе има обврска за штетите што ќе настанат на осигурените предмети изотопите како последица на некоја штета покриена со осигурување во смисла на договорените услови на осигурувањето.
Исто така, се надоместуваат и трошоците за деконтаминирање на осигурените предмети.
(2) КЛАУЗУЛА ЗА РЕВИЗИЈА НА МАШИНИ И УРЕДИ
201. Ревизија на инсталациите на парните, гасните и на хидротурбините
Во интерес за спречување на штетите, договарачот на осигурувањето, без оглед на почетокот на осигурителната заштита, должен е на свој трошок да врши редовно одржување, ревизија - периодичен преглед и ремонт во сообразност со прописите и упатствата за технички мерки на погонот и одржување на електро-енергетските постројки според: правилникот за техничките мерки за заштита на електро-енергетските инсталации, како и писмените упатства за погон, одржување, ревизија и ремонт што ги даваат производителите на уредите и на постројките.
Доколку договарачот на осигурувањето повреди некои од наведените обврски, па поради нивно пропуштање се оствари осигурен случај, тогаш осигурувачот нема да биде должен таквата штета да ја надомести.
Договарачот на осигурувањето е должен на осигурувачот благовремено да му го пријави вршењето на ревизијата. Осигурувачот може на свој трошок да испрати стручно лице што ќе присуствува на ревизијата.
202. Ревизија на електричните мотори за наизменична струја со сила поголема од 750 КW во двополна изведба или од 1000 КW во четириполна или повеќеполна изведба
Во интерес за спречување на штетите, договорувачот на осигурувањето, без оглед на почетокот на осигурителната заштита, е должен на свој трошок да врши редовно одржување, ревизија, периодични прегледи и ремонт во сообразност со прописите за технички мерки за погон и за одржување на електро-енергетски постројки. Правилникот за технички мерки за заштита на електро-енергетските постројки, како и писмените упатства за погон, одржување, ревизија и ремонт ги дава производителот на уредите и на постројките од овој вид.
Ако договарачот на осигурувањето повреди некоја од наведените обврски, па поради нивните пропусти се оствари осигурен случај, тогаш осигурувачот не е должен да надомести таква штета.
203. Ревизија на мотори за еднонасочна струја со обртни моменти поголеми од 1 Мрм (9,8 КНм), како и на главниот и на помошниот погон за еднонасочна струја во валавниците.
Во интерес за спречување на штетите, договарачот на осигурувањето, без оглед на осигурителната заштита, е должен на свој трошок да врши ревизија на главниот и на помошниот погон во валавниците, како и на моторите за еднонасочна струја, а во согласност со прописите и со правилникот за технички мерки за погон и одржување на постројките од овој вид и според писмените упатства за погон, одржување, ревизија и ремонт што ги дава производителот на овие уреди.
Договарачот на осигурувањето е должен кај осигурувачот благовремено да ја пријави ревизијата. Осигурувачот може на свој трошок да испрати стручно лице што ќе присуствува на ревизијата.
Ако договарачот на осигурувањето повреди некоја од наведените обврски, па поради овој пропуст се оствари осигурен случај, тогаш осигурувачот нема обврска да ја надомести таквата штета.
204. Ревизија на преси со грејни плочи во дрвна индустрија и во индустрија за гумени производи
Во интерес за спречување на штетите, договарачот на осигурувањето редовно и во согласност со упатствата на производителот ќе врши на свој трошок и испитување на пресите со помош на соодветен стручњак, кој ќе го именува самиот, за да се утврди евентуалното нивно оштетување.
Ангажираното стручно лице по извршеното испитување ќе го извести писмено договарачот на осигурувањето за состојбата и за сигурноста на испитаните грејни плочи.
Ангажираното стручно лице притоа ќе го одреди датумот за следното испитување.
Договарачот на осигурувањето е должен благовремено да го извести осигурувачот за испитувањето на пресите. Осигурувачот може на свој трошок да испрати свое стручно лице што ќе присуствува при испитување на пресите.
Ако договарачот на осигурувањето повреди некои од наведените обврски, па поради овој пропуст се оствари осигурен случај, тогаш осигурувачот нема обврска да надомести таква штета.
205. Ревизија на подводни пумпи
Договарачот на осигурувањето има обврска, во согласност со упатствата на производителот, да врши темелно освежување на подводните пумпи, за што благовремено ќе го известува осигурувачот.
Ако договарачот на осигурувањето не се придржува на овие обврски, а поради овој пропуст се оствари осигурен случај, осигурувачот не е должен да ја надомести таквата штета.
(3) КЛАУЗУЛИ ЗА БАГЕРИ ВО РУДНИЦИ СО ПОВРШИНСКИ КОП
301. Багери во рудници
Кај багерите во рудници се вклучени штети од превртување, судир, удар, слизнување, урнување, паѓање или удар на некој предмет, рушење на мост и рушење на долниот строј од пругата.
НАПОМЕНА: ЧЛЕН 8 ОД ОВИЕ УСЛОВИ НЕ Е ВО ПРИМЕНА ЗА СИТЕ СРЕДСТВА НАВЕДЕНИ ВО ТЕКСТОТ ПОДОЛУ. ПРЕСМЕТКАТА НА АМОРТИЗАЦИЈАТА ЗА СРЕДСТВАТА НАВЕДЕНИ ВО ТЕКСТОТ ПОДОЛУ ОД ОВИЕ УСЛОВИ СЕ ДЕФИНИРА НА СЛЕДНИОТ НАЧИН:
(4) КЛАУЗУЛИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА АМОРТИЗИРАНАТА ВРЕДНОСТ КАЈ ДЕЛУМНИТЕ ШТЕТИ
401. Осигурување на амортизираната вредност кај лентите, синџирите и јажињата на транспортните уреди
Не е осигурена амортизираната вредност на лентите, синџирите и јажињата на транспортните уреди. При ликвидација на штета, се одбива на име амортизација проценетиот износ зависен од условите за сместување и за работа, како и од времето поминато во експлоатацијата.
402. Осигурување на амортизирана вредност кај валците и лежиштата на валците
Не е осигурена амортизираната вредност кај валците и лежиштата на валците, а при ликвидација на штета се одбива износ на име амортизација во зависност од:
- проценетиот век на траење;
- изваланото количество на материјалот;
- ефективното време на работа;
- истрошеноста;
- пресметаниот век на траење.
403. Осигурувањето на амортизираната вредност кај деловите што се трошат
Деловите што се трошат во смисла на Условите за осигурување на машини од кршење и од некои други опасности не се исклучени од осигурување, како на пример: фаќачи, лежишта, лопати за полнење и слично, делови што
поради зголемено трошење за време на работата мораат често да се менуваат, не е осигурена амортизираната вредност, односно при ликвидација на штети се одбива соодветниот износ на име проценета истрошеност.
404. Осигурување на амортизираната вредност кај облогите на печките и обѕидот на котлите
Не е осигурена амортизираната вредност на облогите на печките и обѕидувањето на котлите. При ликвидирање на штети, се одбива соодветен износ на име проценета истрошеност.
Осигурувачот има обврска да надомести штета на облогата на печката и на обѕидот на котелот само ако е последица на некоја штета покриена со осигурувањето од членот 3 од овие Услови на другите делови на осигурената печка и котел.
405. Осигурување на амортизирана вредност кај сите клипни компресори и мотори со внатрешно согорување со сила над 147 КW (200 КС)
Не е осигурена амортизираната вредност на главата на цилиндарот, кошулката и цилиндарот и клиповите на моторот, односно компресорот. При ликвидирање на штети се одбива соодветен износ на име проценета истрошеност.
406. Осигурување на амортизирана вредност кај машините на гас
Кај машините на гас, кај високите печки и кај гасните мотори не може да се осигура амортизираната вредност. При ликвидирање на штетите се одбива соодветен износ на име проценета истрошеност.
407. Осигурување на амортизираната вредност во угостителските објекти и кај машините и апаратите за одржување хигиена
Не е осигурена амортизираната вредност на машини и на апарати во угостителските објекти и кај машините и апаратите за одржување хигиена.
408. Осигурување на амортизирана вредност кај разладните витрини, замрзнувачи, фрижидери и разладни комори
Не е осигурена амортизираната вредност кај разладните витрини, замрзнувачи, фрижидери, разладни комори и клима уреди.
Под разладни комори се подразбираат монтажните комори што се изградени од изолациски панели. Коморите може да бидат за смрзнување или за чување, односно под разладни комори не се подразбираат разладни комори
„чилери" за климатизација на објектите.
Тоа значи дека при оштетување на системите за греење и климатизација, без разлика дали станува збор за разладната комора „чилер" или за некој друг составен дел на системот за греење и климатизација, осигурена е и амортизираната вредност на оваа опрема, доколку амортизацијата е откупена при делумни штети.
(5) КЛАУЗУЛИ ЗА ИНСТАЛАЦИИ И СЛАБА СТРУЈА
501. Утврдување на вистинската вредност за рендгенските цевки и вентилите
Вистинската вредност на рендгенските цевки и вентилите се одредува за одредени видови од овие цевки и вентили во зависност од времето на користење или од бројот на вклучувања според долунаведените таблици.
ТАБЛИЦА ЗА ОДРЕДУВАЊЕ НА ВИСТИНСКИТЕ ВРЕДНОСТИ
А. РЕНДГЕНСКИ ЦЕВКИ И ВЕНТИЛИ ЗА ДИЈАГНОСТИЧКИ АПАРАТИ
I. МИРНИ (СТАБИЛНИ) АНОДНИ ЦЕВКИ ВО ГЕНЕРАТОРИТЕ ЗА ПУМПАЊЕ
Време на користење
(во месеци)
Реална вредност во
% од новата вредност
1 2
До 24 100%
29 90%
39 80%
44 70%
49 50%
54 40%
59 30%
65 20%
72 10%
II РОТАЦИСКИ АНОДНИ ЦЕВКИ ВО ГЕНЕРАТОРИТЕ ЗА ПОЛНЕЊЕ
1. Ротациски анодни
цевки со пломбиран бројач на снимки
2. Вртливи анодни цевки без
бројач на снимки
Број на снимки | Реална вредност во % од новата вредност | Време на користење (во месеци) | Остварена вредност во % од новата вредност |
1 | 2 | 1 | 2 |
До 10.000 | 100% | до 18 | 100% |
13.000 | 90% | 20 | 90% |
14.000 | 80% | 22 | 80% |
17.000 | 70% | 24 | 70% |
20.000 | 60% | 26 | 60% |
22.000 | 50% | 30 | 50% |
26.000 | 40% | 36 | 40% |
30.000 | 30% | 42 | 30% |
35.000 | 20% | 48 | 20% |
40.000 | 10% | 60 | 10% |
III В Е Н Т И Л И
Време на користење
(во месеци)
Реална вредност во
% од новата вредност
1 2
До 36 100%
39 90%
42 80%
45 70%
48 60%
51 50%
53 40%
55 30%
57 20%
60 10%
Б. РЕНДГЕНСКИ ЦЕВКИ И ВЕНТИЛИ ЗА ТЕРАПЕВТСКИ АПАРАТИ
1. Длабинска терапија
Време на користење Најмногу погонски Месеци часови | Реална вредност во % од новата вредност |
1 | 2 |
До 400 18 | 100% |
500 24 | 90% |
600 27 | 80% |
700 30 | 70% |
800 34 | 60% |
900 38 | 50% |
1.000 42 | 40% |
1.100 45 | 30% |
1.200 50 | 20% |
1.300 55 | 10% |
II АПАРАТИ ЗА ПОВРШИНСКА ПЛИТКА ТЕРАПИЈА СО ЗРАЧЕЊЕ
Време на користење
(во месеци)
Реална вредност во
% од новата вредност
1 2
До 24 100%
26 90%
28 80%
30 70%
32 60%
35 50%
38 40%
42 30%
50 20%
60 10%
В. ЦЕВКИ ЗА ЗАСИЛУВАЊЕ (ИЗОСТРУВАЊЕ) НА СЛИКИТЕ
Време на користење
(во месеци)
Реална вредност во %
од новата вредност
1 2
До 18 100%
20 90%
22 80%
24 70%
27 60%
30 50%
35 40%
40 30%
50 20%
60 10%
Г. РЕНДГЕНСКИ ЦЕВКИ И ВЕНТИЛИ НА АПАРАТОТ ЗА ИСПИТУВАЊЕ НА МАТЕРИЈАЛОТ
Време на користење | Вистинска вредност во % од новата вредност | |
Најмногу погонски часови | Месеци | |
1 | 2 | |
До 300 | 6 | 100% |
380 | 8 | 90% |
460 | 10 | 80% |
540 | 12 | 70% |
620 | 14 | 60% |
700 | 16 | 50% |
780 | 18 | 40% |
800 | 20 | 30% |
преку 860 | преку 20 | 20% |
502. Осигурување на електронски цевки за снимање и репродукција на слика кај телевизиските апарати
Штетите на електронски цевки за снимање и репродукција на слики се ликвидираат така што за секоја година на употреба на цевката се одбива износ одреден (процент) врз основа на просечниот век на траење на цевката или најмногу до 50%.
503. Осигурување на кохерентни извори на светлина во ласерските апарати
Осигурителната заштита се проширува на штети на кохерентните извори на светлината кај ласерските апарати. Вистинската вредност на изворот на светлина се одредува врз основа на следната табела за амортизација на вредностите на овие извори на светлина.
ТАБЕЛА ЗА ОДРЕДУВАЊЕ РЕАЛНА ВРЕДНОСТ НА ИЗВОРОТ НА СВЕТЛИНА КАЈ ЛАСЕРСКИТЕ УРЕДИ
Време на користење (во погонски часови) | Реална вредност во % од новата вредност |
1 | 2 |
До 100 | 100% |
200 | 90% |
300 | 80% |
400 | 70% |
500 | 60% |
600 | 50% |
700 | 40% |
800 | 30% |
900 | 20% |
1.000 | 10% |
Штетите што се последица од разложување (дисоцијација) на гасовите од таложење и слично не се покриени со осигурувањето.
504. Обем на покритие за штети на светлосните извори кај разни машини, апарати и инсталации
Штетите на самите светлосни извори се надоместуваат само ако се во директна врска со штетите на апаратот што се покриени со осигурувањето
505. Обем на покритие за штети на комбинации од фолии кај рендгенски апарати
Штетите на комбинации од фолиите се надоместуваат само ако се во директна врска со штетите на осигурените апарати што се покриени со осигурување.
506. Осигурување на канцелариски машини и апарати
Штетите на деловите на машини, апарати и инсталации што се трошат и што редовно мора да се заменуваат, како на пример: ленти, фотоносачи, перфорирана хартија и слично, како и штетите настанати под дејство на хемикалии или на други погонски средства, не се покриени со осигурувањето.
507. Осигурување на апаратите за терапија со зрачење
Штетите настанати поради присуство на силни извори на зрачење не се покриени со ова осигурување.
Со ова осигурување не се покриваат штетите од грамофонските игли, магнетофонските ленти и од магнетофонските глави.
(6) ДРУГИ КЛАУЗУЛИ
601. Ерупција
Под ерупција се подразбира ненадејно и моментно избивање гас, нафта, вода и крути честички од дупките на површината, а поради поголемиот надворешен притисок од хидростатичкиот.
Покриени се штетите на осигурената опрема што би настанале од ерупција предизвикана од неповолни геолошки услови (губење на циркулација и наидување на слоеви со неочекуван притисок).
Не се покриени штетите на осигурената опрема што би настанале во јама што не е опремена според техничките прописи.
Не се покриени ни трошоците што осигуреникот би ги имал при преземање превентивни мерки за спречување на ерупцијата.
Штетите настанати од пожар предизвикани од ерупцијата се ликвидираат според Условите за осигурување од опасност од пожар и од некои други опасности.
602. Осигурување на крупен алат
1. Предмет на осигурување и обем на осигурителната заштита
1.1. Осигурувачот дава осигурителна заштита за штети на крупниот алат за изработка на делови со пластична деформација без одвојување во обем што е даден во Условите за осигурување на машини од кршење и од некои други опасности, а исто така и во случаи кога оштетувањето на алатот ќе настапи како последица на оштетување или на уништување на машината (на која е монтиран алатот) од опасностите покриени со овие Услови.
1.2. Вредноста на осигурениот алат, доколку не е договорено поинаку, е цената на новиот алат намалена за износот на амортизирањето.
Може да се осигурат само алати чија вредност е поголема од даден минимален износ. Овој износ на минимална вредност на алатот што може да се осигури се менува во зависност од промената на цената на пазарот и се утврдува со посебна одлука на Управниот одбор на Акционерското друштво за осигурување и реосигурување Македонија, Скопје - Виена Иншуренс Груп.
2.1. Амортизираната вредност на алатот не може да се осигури. Во случај на пресметка на штета, се одбива износ на име амортизација, која се утврдува според:
- бројот на парчиња изработени или обработени со алат, а се однесува на вкупниот број парчиња за кој е проектиран алатот;
- бројот на машинските часови (ефективна работа на машината) во однос на вкупниот број часови предвидени со проектот;
- истрошеноста;
- број на бришените форми за секој алат посебно.
2.2. По изработка на предвидениот број парчиња со проектот или со реализација на предвидениот број часови според проектот, алатот се смета за потполно отпишан и како таков веќе не може да биде предмет на осигурување, без оглед на неговата техничка состојба и употребливост.
3. За осигурување на крупниот алат важат одредбите за осигурување на машини од кршење и од некои други опасности, доколку не се во спротивност со одредбите од оваа клаузула.
4. Со оваа клаузула не се опфатени штетите што настануваат од:
- оштетување на алатот поради истрошеност како последица на поголем број бришења на формите;
- истрошеност на алатот и губење на мерката (котите).
5. Во текот на изработката на предвидениот број парчиња со проектот или предвидениот број работни часови со проектот, дозволено е двапати бришење и ново оформување. Секое бришење условува намалување на работното оптоварување.
6. Алатите мора да бидат обележани со свои броеви, а нивните технички и други податоци се внесуваат во посебна книга за евиденција – картотека, во која се впишуваат и податоците за нивната работа, одржување и бришење.
603. Заглавување
Под заглавување се подразбира вклештување на алатот за дупчење во јамите. Штетите на осигурениот алат се покриени само кај заглавувањата настанати за време на работите за дупчењето. Не се покриени заштитните цевки за време на цементирањето.
Број 02-1824/6
Датум: 09.03.2021 година
Претседател на Управен одбор Xxxxx Xxxxx
Овие Услови за осигурување ги донесе Управниот одбор на Друштвото на 98-та редовна седница одржана на 10.02.2016 година со одлука бр.02- 1297/3-6 со примена од 15.02.2016 година и измените и дополнувањата од 345-та редовна седница одржана на 09.03.2021 година со одлука бр.02- 1824/6 со примена од 15.03.2021 година.
Лектор Xxxxxxxx Xxxxxxxx