Contract
Врховен суд на Република Македонија
Преземање дејствија и располагање со средства по отварање стечајна постапка - Измама Квп.бр.1/00
Сентенца
Сторено е кривично дело "Измама" од член 247 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, кога осудениот по отворањето на стечајната постапка, иако не смеел, склучувал договори и располагал со средствата на трговското претпријатие, чиј основач и директор бил, а знаел за овој факт и истиот го прикрил, потоа издал акцептен налог, лажно му прикажал на оштетениот дека тоа може да го стори и го довел во заблуда поради што кај оштетениот настапила штета од 393.200,00 денари.
Образложение
Барањето е неосновано.
Бранителот на осудениот во барањето наведува дека во правосилната пресуда не е правилно утврдено дека осудениот на оштетениот му презентирал лажни факти со кои го довел и одржувал во заблуда оштетениот, поради што овој претрпел штета на својот имот. Осудениот и оштетениот биле во деловни односи, осудениот во ниту еден момент не изнесува лажни факти, а тоа што осудениот
с# уште не го платил долгот на оштетениот не значи дека сторил кривично дело "Измама" по член 247 став 3 во врска со став 1 од КЗ.
Оценувајки ги наводите од барањето Врховниот суд на Република Македонија констатира дека со нив всушност се настојува да се прикаже дека утврдените факти не произлегуваат од изведените докази и преку тоа да се внесе сомнение во нивната вистинитост.
Согласно член 413 од Законот за кривичната постапка, погрешно утврдената фактичка состојба не може да биде основ за поднесување на вакво барање. Меѓутоа, користејки ги своите овластувања од член 415 во врска со член 409 од Законот за кривичната постапка Врховниот суд на Република Македонија при решавањето на барањето ја преиспита и фактичката состојба проверувајќи дали утврдените правнорешителни факти произлегуваат од изведените докази или не, при што констатира дека сите одлучувачки факти произлегуваат од изведените докази, па фактичката состојба не се доведува под значително сомнение.
Неоснован е наводот во барањето дека осудениот на оштетениот не му прикажал лажни факти, не го довел и одржувал во заблуда.
Од изведените докази правилно утврден факт е дека осудениот X.X. како основач и директор на ТП "АЈ" од С., иако знаел дека со решението од 28.5.1996 година на
Окружниот стопански суд е отворена стечајна постапка над ТП "А.Ј.", на 23.9.1996 година отишол во ТП "АП"-Скопје кај оштетениот-основач и директор, купил и подигнал сапун за перење, во износ од 393.200,00 денари кој не го платил, но за него издал и потпишал акцептен налог бр.А 4895566 на име на ТП "АП". Овој акцептен налог оштетениот не можел да го наплати и истиот му е вратен од Заводот за платен промет-филијала С.-експозитура К. со писмо од 27.11.1996 година. Осудениот ниту го вратил сапунот ниту ја исплатил сумата од 393.200,00 денари.
Согласно член 92 од Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација ("Службен лист на СФРЈ" бр.84 од 22.12.1989 година) со денот на отворањето на стечајната постапка им престануваат правата на работоводниот орган, застапникот, како и на органот на управување на должникот и тие функции преминуваат на стечајниот управник. Согласно член 97 од истиот закон со денот на отворањето на стечајната постапка се гасат сметките на должникот и им престануваат правата на лицата што биле овластени да располагаат со имотот на должникот.
Од горецитираното решение со кое е отворен стечај на трговското претпријатие чиј основач и директор бил осудениот е правилно утврдено дека стечаен управник е Ј.Т.
Осудениот по отворањето на стечајната постапка не смеел да склучува договори ниту да располага со средствата на трговското претпријатие, чиј основач и директор бил, иако знаел за овој факт истиот го прикрил, а со издавањето на акцептниот налог лажно му прикажал на оштетениот дека тоа може да го стори, го довел во заблуда, поради што за ТП "АП"-С. настапила штета од 393.200,00 денари.
Од неспорниот факт дека осудениот подигнатиот сапун ниту го вратил ниту го исплатил горенаведениот износ од 23.9.1996 година до денес, пониските судови правилно утврдиле дека осудениот во време на подигнувањето на сапунот и издавањето на акцептниот налог кој не смеел да го издаде, немал намера да ја исплати неговата противвредност, поради што е предизвикана штета на имотот на ТП "АП" чиј директор е X.X.
Предвид на изнесеното правилно е применет материјалниот закон кога осудениот е огласен за виновен за кривичното дело "Измама" од член 247 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, бидејќи во дејствата на осудениот се содржани суштествените обележја на кривичното дело за кое е огласен за виновен и осуден. Неоснован е наводот во барањето дека второстепениот суд во целост не одлучил по жалбата против првостепената пресуда, затоа што жалбата со второстепената пресуда е одбиена како неоснована, а првостепената пресуда е потврдена во целост и во делот со кој осудениот е задолжен да го надомести износот на оштетениот од 393.200,00 денари во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата под страв на присилно извршување.
При одлучувањето, судот ги ценеше и другите наводи во барањето, но најде дека истите се од таков карактер што немаат влијание за да се донесе поинаква одлука.
Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија, Квп.бр.1/2000 од 7.3.2000 година.