Contract
0523 ПОСЕБНИ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ЖИВОТ ЗА СЛУЧАЈ НА СМРТ И ДОЖИВУВАЊЕ
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
(1) Со овие Посебни услови за осигурување на живот за случај на смрт и доживување (во понатамошниот текст: Посебни услови) се уредуваат меѓусебните односи на учесниците во договорот за осигурување на живот.
(2) Овие Посебни услови се составен и неразделен дел на договорот за осигурување на живот за случај на смрт и доживување што договорувачот на осигурувањето (во понатамошниот текст: договорувач) го склучува со Акционерското друштво за осигурување на живот KРОАЦИА ОСИГУРУВАЊЕ АД - Друштво за осигурување на Живот (во понатамошниот текст: осигурувач).
Член 2
Одделните поими кои се користат во овие Посебни услови го имаат следното значење:
- понуда е предлог за склучување на договор за осигурување на живот и се поднесува во писмена форма на образец на осигурувачот;
- понудувач е лице кое има намера да склучи договор за осигурување на живот и за таа цел поднесува писмена понуда до осигурувачот;
- осигурувач е Кроациа осигурување АД-Друштво за осигурување на живот Скопје;
- договорувач е лице кое склучува договор за осигурување со осигурувачот и превзема обврска за плаќање на премии и други обврски што врз основа на договорот настануваат за страната која се појавува наспроти осигурувачот. Ако се склучува взаемно осигурување на две лица, договорувач на осигурувањето мора да биде еден од осигурениците;
- осигуреник е лицето на кое се однесува осигурувањето и од чие доживување или смрт зависи исплатата на договорената осигурена сума;
- корисник на осигурувањето е лицето во чија корист се договара осигурувањето и на кое му се исплатува договорената осигурена сума;
- договорена осигурена сума (во понатамошниот текст: осигурена сума) е сумата определена со договорот која осигурувачот е должен да ја исплати кога ќе настане осигуран случај;
- полиса е исправа за склучениот договор за осигурување на живот;
- премија на осигурувањето е износ што договорувачот е должен да му го плати на осигурувачот врз основа на договорот за осигурување на живот.
- капитализација е намалување на износот на осигурената сума како последица на престанок на уплата на премијата;
- математичка резерва е техничка резерва која се издвојува и пресметува и претставува разлика помеѓу обврските на осигурувачот и обврските на осигуреникот во одредена година од времетраење на осигурувањето.
− откуп е износот кој го исплатува осигурителот при предвремен престанок на осигурувањето по барање на договорувачот.
Член 3
(1) Со договорот за осигурување на живот договорувачот се обврзува на осигурувачот да му ја уплати премијата на осигурувањето, а осигурувачот се обврзува, со настанувањето на осигурениот случај, да му ја исплати на корисникот осигурената сума, односно нејзиниот дел.
(2) Покрај осигурување на живот по овие Посебни услови можат да се договорат и дополнителни осигурувања, според дополнителните услови на осигурувачот.
(3) По овие Посебни услови можат да се осигураат здрави лица од навршена 14 (четиринаесета) години на живот и тоа од првиот ден на месецот кој следи по месецот во кој осигуреникот стекнал право на осигурување на својот живот, па сè до завршувањето на календарската година во која осигуреното лице навршило 65 (шеесетипет) години на живот. Осигурувањето треба да заврши во календарската година во која осигуреникот ќе наврши 75 години старост.
(4) Лицата од став (3) на овој член, зависно од висината на осигурената сума, како и болни лица можат да се осигураат исклучително врз основа на извршен лекарски преглед, односно врз основа на процена на ризикот на осигурувачот, со примена на одредбите на Посебните услови за осигурување на зголемени ризици (анормален ризик) со осигурување на живот.
(5) Сите изјави и барања на договорните страни се поднесуваат исклучително во писмена форма, а се смета дека се доставени оној ден кога ги примила договорната страна до која се испратени. Во случај кога изјавата, односно барањето се доставува по пошта, како ден на приемот, за секоја договорна страна, се смета датумот на поштенскиот жиг.
II. ПОНУДА Член 4
(1) Понудата за осигурување на живот, поднесена на образец на осигурувачот, е составен и неразделен дел на договорот и ги содржи сите битни елементи на договорот за осигурување на живот.
(2) Понудата мора да се пополни целосно, вистинито и точно, и во неа мора да се наведат сите факти значајни за преземањето на ризиците и склучувањето на договорот за осигурување на живот.
(3) Осигурувачот има право, по приемот на понудата, да побара и дополнителни податоци, односно утврдување на дополнителни факти битни за склучување на договорот, вклучувајќи и лекарски преглед на осигуреникот.
(4) Осигуреникот мора да ја потпише понудата во случај кога договорувачот не е воедно и осигуреник, и потписот на осигуреникот на понудата ќе се смета за негова согласност за склучување на Договорот за осигурување на живот под условите наведени во понудата.Ако осигуреникот е малолетно лице, понудата треба да ја потпише неговиот законски застапник.
Член 5
(1) Писмената понуда за склучување на договорот го обврзува осигурувачот да одговори на понудата 8 (осум) дена од денот кога осигурувачот ја примил понудата за осигурување и дополнителна документација доколку е потребна без лекарски преглед, а ако е потребен лекарски преглед, тогаш за време од 30 (триесет) дена сметано исто така од денот кога ја примил понудата и дополнителна документација. Ако осигурувачот во тој рок не ја одбие
понудата, која не отстапува од условите на осигурувачот под кои се склучува предложеното осигурување, ќе се смета дека ја прифатил понудата и дека договорот е склучен.
(2) Договорувачот, како и самиот осигуреник, должни се писмено да го известат осигурувачот ако во периодот од поднесувањето на понудата до склучувањето на договорот настапи зголемување на опасноста по здравјето или животот на осигуреникот, како што е потешко заболување или повреда на осигуреникот, промена на професијата или занимавање со спорт.
(3) Осигурувачот го задржува правото да ја одбие понудата за осигурување без наведување на причините за одбивање на понудата, а понудата со приложените документи, освен документите предадени во оригинал, не му се враќаат на договорувачот.
III. ПОЛИСА
Член 6
(1) Потписите на договорувачот и осигурувачот на понудата за осигурување се сметаат како потписи на полисата.
(2) Полисата за осигурување на живот е доказ за склучениот договор за осигурување на живот.
(3) Полисата за осигурување на живот содржи: назив на осигурувачот, име и презиме или назив на договорувачот, име и презиме на осигуреникот и датум на раѓање, осигуран случај, почеток и истек на осигурувањето, осигурана сума, премија на осигурувањето, корисник за случај на смрт односно доживување, датум на издавање на полисата.Покрај тоа полисата треба да содржи и констатација дека Договорувачот на осигурувањето е предупреден дека Посебните и дополнителните услови на осигурувањето се составен дел на договорот и дека текстот на истите му е предаден.
(4) Како составен и неразделен дел на договорот за осигурувањето на живот, на задната страна од полисата се содржани Таблицата на откупни вредности и Таблицата на намалени осигурени суми без понатамошно плаќање на премијата (капитализација), како и овие Посебни услови кои заедно со полисата непосредно му се врачуваат на договорувачот .
(5) Ако со осигурување на живот се договори и дополнително осигурување, составни делови на договорот се и дополнителните услови на осигурувачот за соодветното дополнително осигурување. Ако осигурувачот утврдил зголемен ризик во смисла на член 3 став (4) од овие Посебни услови, составен дел на договорот се и Посебните услови за осигурување на зголемени ризици (анормален ризик) со осигурување на живот.
Член 7
(1) Полисата може да гласи на одредено лице или по наредба, но не може да гласи на доносител.
(2) Осигурувачот издава полиса во еден примерок.
IV. ПОЧЕТОК И ИСТЕК НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 8
(1) Осигурувањето на живот започнува во 00:00 часот оној ден што е наведен во полисата кaко почеток на осигурувањето.
(2) Обврската на осигурувачот почнува во 00:00 часот оној ден што во полисата е наведен како почеток на осигурувањето, но само ако дотогаш е платена премијата или нејзната прва рата.
(3) Ако премијата или нејзината прва рата не е платена до почетокот на осигурувањето или во договорениот рок, обврската на осигурувачот почнува во 24:00 часот оној ден кога премијата или нејзината прва рата е платена во целост, но не пред почетокот на осигурувањето.
(4) Осигурувањето на живот трае до смртта на осигуреникот, а најдолго до 24:00 часот оној ден што во полисата за осигурување е наведен како истек на осигурувањето.
(5) Взаемното осигурување на живот на две лица трае до смртта на едниот од осигурениците, односно најдолго до 24:00 часот оној ден што во полисата за осигурување е наведен како истек на осигурувањето.
(6) Како исклучок од одредбите на овој член, во периодот од приемот на понудата и капарот кај осигурувачот до почетокот на осигурувањето според овие Посебни услови, осигуреникот има привремена осигурителна заштита за случај на смрт поради несреќен случај. Привремената осигурителна заштита му одговара на износот на осигурената сума за доживување наведена во понудата, но не може да биде поголема од денарската противвредност на
10.000 ЕВРА и во важност е само ако осигуреникот во време на поднесувањето на понудата бил во потполност способен за работа и ако не бил на лекување или лекарска контрола, или боледувал од некоја болест, или се занимавал со професија или спорт кои би го попречувале приемот во осигурување. Ако се понудени повеќе осигурувања на живот на исто лице, горната граница на вкупното привремено покритие не може да биде поголема од денарската противвредност на 10.000 ЕВРА.
(7) Ако за склучување на осигурувањето е потребен лекарски преглед врз основа на одредбата на член 3, став (4) од овие Посебни услови, привремената осигурителна заштита почнува од денот кога потребните лекарски наоди и мислења ќе му бидат доставени на осигурувачот.
(8) Привремената осигурителна заштита престанува со почетокот на обврската на осигурувачот во смисла на став (2) на овој член или со одбивањето на понудата.
(9) На осигурувачот, во случај на исплата на надомест врз основа на став (5) на овој член, му припаѓа првата годишна премија и тој износ се одбива при исплатата на надоместот.
V. ПРЕМИЈА НА ОСИГУРУВАЊЕТО Член 9
(1) Премијата на осигурувањето, како и висината на осигурената сума, спогодбено ја утврдуваат договорувачот и осигурувачот врз основа на податоците од понудата, важечките ценовници, пристапната старост на осигуреникот, полот, професијата, занимањето,спортот, времетраењето на
осигурувањето и роковите на плаќање на премијата.
(2) Пристапна старост претставува разликата помеѓу календарската година во која почнува осигурувањето и календарската година на раѓање на осигуреникот.
(3) Премијата за взаемно осигурување на живот на две лица, како и висината на осигурената сума, се утврдува врз основа на податоците од понудата, важечките ценовници, заедничката пристапна старост, професија, занимање, спортот, времетраење на осигурувањето и роковите на плаќање на премија. Заедничка пристапна старост се утврдува врз основа на помошна таблица за утврдување на заедничка пристапна старост дефинирана со ценовник.
(4) Кај зголемен ризик можат да се договорат дополнителни премии или посебни услови.
Член 10
(1) Премијата на осигурувањето и осигурената сума се договараат во ЕВРА и во денари.Премијата се плаќа во денарска противвредност. Доколку законските прописи кои го регулираат платниот промет со странски средства на плаќање дозволуваат уплати на премии во ЕВРА плаќањето може да биде извршено и во ЕВРА.
(2) Ако е договорено под-годишно плаќање на премијата, осигурувачот пресметува дополнителен надомест за под-годишно плаќање на секоја рата на премијата.
Член 11
(1) Договорувачот е должен да ја плаќа премијата во договорените рокови и на договорениот начин, а осигурувачот е должен да ја прими премијата од секое лице кое има правен интерес премијата да биде платена.
(2) Премијата се плаќа на благајните на осигурувачот или се уплатува преку пошта или банка. Се смета дека премијата е платена оној ден кога осигурувачот ја примил уплатата.
(3) Ако уплатата на премијата не може да се реализира од причини за кои е одговорен договорувачот, се смета дека премијата е платена оној ден кога е реализирана уплатата.
(4) Премијата се плаќа во полн износ без намалување за трошоците на платниот промет.
Член 12
(1) Осигурувачот има право на законска затезна камата на задоцнетите рати на премијата. Пресметката на законската затезна камата почнува да тече 15 (петнаесеттиот) ден од денот на достасувањето.
(2) Осигурувачот има право при исплатата да ја одбие од осигурената сума целата до тогаш достасана неплатена премија по полисата и затезна камата и неплатената премија по полисата за осигурителната година во која настанал осигурениот случај.
(3) Осигурувачот нема право да бара плаќање на премијата по судски пат.
VI. ПОСЛЕДИЦИ ОД НЕПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈАТА НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 13
(1) Ако договорувачот не ја плати премијата ниту 5 (пет) месеци по достасувањето, осигурувачот ќе го повика со препорачано писмо да ја плати достасаната премија во рок од 30 (триесет) дена од денот на врачувањето на препорачаното писмо.
(2) Ако во рокот утврден со препорачаното писмо од став (1) на овој член достасаната премија не ја плати договорувачот ниту тоа го направи некое друго заинтересирано лице, осигурувачот може:
1. со изјава да го раскине договорот, ако премијата била платена за помалку од 3 (три) години и во тој случај дотогаш уплатената премија не му се враќа на договорувачот, или
2. ако се платени најмалку три годишни премии да му изјави на договорувачот дека ја намалува осигурената сума во случај кога се исполнети претпоставките за капитализација утврдени во член 25 на овие Посебни услови.
(3) Ако осигурениот случај настанал пред раскинувањето на договорот или намалувањето на осигурената сума, се смета дека осигурената сума е намалена ако се исполнети претпоставките за капитализација утврдени со овие Посебни услови, односно дека договорот е раскинат.
(4) Како исклучок, ако осигуреникот почине пред истекот на 6 (шест) месеци од уплатата на последната премија, осигурувачот е должен да ја исплати осигурената сума согласно со одредбите на член 21 на овие Посебни услови, намалена за неплатената премија по полисата за осигрителната година во која настапила смрт на осигуреникот.
VII. ОБВРСКИ НА ДОГОВОРУВАЧОТ НА ОСИГУРУВАЊЕТО Член 14
(1) Договорувачот е должен при склучување на договорот да му ги пријави на осигурувачот сите околности кои се значајни за оцената на ризикот, а кои му се познати или не можеле да му останат непознати.
(2) Одредбата на став (1) од овој член особено се однесува на околностите за кои осигурувачот бара дополнителни податоци.
(3) Договорувачот е должен, на барање на осигурувачот, да ги обезбеди од осигуреникот сите потребни податоци кои на него се однесуваат.
(4) Ако договорот за осигурување, вклучувајќи го и взаемното осигурување на живот, се склучува во име или за сметка на друг или во корист на трет или за туѓа сметка или за сметка на оној на кој се однесува, одредбите на ова поглавје и на поглавје VIII од овие Посебни услови се однесуваат и на тоа лице, ако знаело дека податоците кои се нужни за оцена на ризикот се непотполни или неточни.
Член 15
(1) Договорувачот, како и самиот осигуреник, должни се за време на траењето на осигурувањето да го известат осигурувачот за секоја промена на околностите
која може да биде од значење за оценка на ризикот и кои се битни за договореното осигурување, особено ако осигуреникот за време на осигурувањето ја промени професијата, занимањето (пилот, пиротехничар- демонтер на мини, нуркач, рудар) или започне да се занимава со некои од спортовите (алпинизам, банџи-џампинг, параглајдинг, нуркање, летање со змеј) односно дејностите за кои осигурувачот пресметува доплатна премија.
(2) Тој е должен, согласно став 1 од овој член, без одлагање да го извести осигурувачот за зголемувањето на ризикот, ако ризикот е зголемен со некоја негова постапка, а ако зголемувањето на ризикот се случило без негово учество тој е должен да го извести во рок од 14 дена од кога дознал за тоа.
(3) Ако зголемувањето на ризикот е толкаво што осигурувачот не би склучил договор ако постоела таква состојба во моментот на неговото склучување, согласно став 1 од овој член, тој може да го раскине договорот.
(4) Ако зголемувањето на ризикот е толкаво што осигурувачот би склучил договор само со поголема премија да постоела таква состојба во моментот на склучувањето на договорот, согласно став 1 од овој член,тој може на договарачот на осигурувањето да му предложи нова стапка на премијата.
(5) Ако договарачот на осигурувањето не се согласи со нова стапка на премијата во рок од 14 дена од приемот на предлогот на новата стапка, договорот престанува според самиот закон.
(6) Договорот останува во сила и осигурувачот повеќе не може да ги користи овластувањата да му предложи на договарачот на осигурувањето нова стапка на премијата или да го раскине договорот, ако не ги искористи тие овластувања во рок од еден месец од кога на кој и да е начин дознал за зголемувањето на ризикот, или ако уште пред истекот на тој рок покаже на некој начин дека се согласува со продолжувањето на договорот (ако ја прими премијата, исплати надомест за осигуран случај што настанал по тоа зголемување и слично).
(7) Ако осигурениот случај настане пред да биде известен осигурувачот за зголемувањето на ризикот или откако е известен за зголемувањето на ризикот, но пред да го раскине договорот, или да постигне спогодба со договарачот на осигурувањето за зголемување на премијата, надоместот се намалува во сразмер меѓу платените премии и премиите што би требало да се платат според зголемениот ризик.
Член 16
(1) Договорувачот е должен писмено да го извести Осигурувачот во случај на промена на адресата во полисата за осигурување на живот, како и за промена на адресата на електронското сандаче, пријавена од договорувачот, најдоцна во рок од 5(пет) дена од денот на извршената промена.
(2) Договорувачот е должен да го извести писмено Осигурувачот за секоја промена на адресата и местото на плаќање на премијата најдоцна во рок од 3(три) дена од извршената промена, во спротивно Осигурувачот го задржува правото сите писмена да ги испраќа на последната пријавена адреса од Договорувачот, и сите последици од испратените писмена на последната пријавена адреса од Договорувачот се сметаат за уредно доставени.
(3) Доколку Договорувачот, кај Осигурувачот достави адреса на електронско сандаче, Осигурувачот може да ги доставува писмата наменети за Договорувачот на наведената адреса на електронско сандаче.
VIII. НЕТОЧНА ПРИЈАВА
Член 17
(1) Ако договорувачот на осигурувањето намерно направил неточна пријава, или намерно премолчил некоја околност од таква природа што осигурувачот не би склучил договор ако знаел за правата состојба на работите и околностите, осигурувачот може да бара поништување на договорот, и нема обврска да ја исплати осигурената сума.
(2) Во случај на поништување на договорот од причините наведени во став (1) од овој член, осигурувачот ги задржува наплатените премии и има право да бара исплата на премијата за периодот на осигурувањето во кој побарал поништување на договорот, и не е должен да ја исплати осигурената сума.
(3) Правото на осигурувачот да бара поништување на договорот престанува ако тој во рок од 3 (три) месеци од денот на дознавањето за неточноста на пријавата или за премолчувањето не му изјави на договорувачот или корисникот на осигурувањето дека има намера да го користи тоа право.
Член 18
(1) Ако договорувачот на осигурувањето направил неточна пријава, или пропуштил да го даде должното известување, а тоа не го сторил намерно, осигурувачот може, по свој избор, во рок од еден месец од дознавањето за неточноста или нецелосноста на пријавата, да изјави дека го раскинува договорот или да предложи зголемување на премијата сразмерно со поголемиот ризик.
(2) Договорот во тој случај престанува по истекот на 14 дена од кога осигурувачот својата изјава за раскинување му ја соопштил на договорувачот на осигурувањето, а во случај на предлог од осигурувачот премијата да се зголеми, раскинувањето настапува според самиот закон ако договорувачот на осигурувањето не го прифати предлогот во рок од 14 дена од кога го примил.
(3) Во случај на раскинување, осигурувачот е должен да го врати делот од премијата што отпаѓа на времето до крајот на периодот на осигурувањето.
(4) Ако осигурениот случај настанал пред да е утврдена неточноста или нецелосноста на пријавата или по тоа но пред раскинувањето на договорот, односно пред постигнувањето на спогодба за зголемување на премијата, надоместот се намалува во сразмер меѓу стапката на платените премии и стапката на премиите што би требало да се платат според вистинскиот ризик.
Член 19
Одредбите на членовите 17 и 18 на овие Посебни услови, за последиците од неточната пријава или премолчувањето на околностите од значење за оцена на ризикот се применуваат и во случаи на осигурувања склучени од името и за сметка на друг, или во корист на трет или за туѓа сметка, или за сметка на оној на кого се однесува, ако овие лица знаеле за неточноста на пријавата или за премолчувањето на околностите од значење за оцената на ризикот.
Член 20
По исклучок на одредбите на оваа глава за последиците од неточни пријави и премолчување на околностите од значење за оцена на ризикот, за неточна пријава на староста во договорите за осигурување на живот важат следниве правила:
1) договорот за осигурување на живот е ништовен и осигурувачот е должен во секој случај да ги врати сите примени премии, ако при неговото склучување неточно е пријавена староста на осигуреникот, а неговата вистинска граница ја преминува границата на староста до која осигурувачот, според своите услови и тарифи, врши осигурување на живот;
2) ако е неточно пријавено дека осигуреникот има помалку години, а неговата вистинска старост не ја преминува границата до која осигурувачот врши осигурување на живот, договорот е полноважен, а осигурената сума се намалува во сразмер со договорената премија и со премијата предвидена за осигурување на живот на лицата кои се на возраст како осигуреникот и
3) кога осигуреникот има помалку години отколку што е пријавено при склучувањето на договорот, премијата се намалува на соодветен износ, а осигурувачот е должен да ја врати разликата меѓу премиите примени и премиите на кои има право.
4) Ништовно е осигурувањето за случај на смрт на трето лице помладо од 14 години, и кога осигуреникот има помалку години отколку што е пријавено, а годините се под поставениот возрасен минимален услов за склучување на договор за осигурување на живот, односно лицето имало под 14 години живот, како и на лице наполно лишено од деловна способност, а осигурувачот е должен да му ги врати на договорувачот на осигурувањето сите премии примени врз основа на таков договор.
IX. ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ Член 21
(1) Осигурувачот има обврска врз основа на договореното осигурување да му исплати на корисникот:
1. за случај на доживување по истекот на договореното траење на осигурувањето, осигурената сума;
2. за случај на смрт на осигуреникот:
2.1. целата осигурена сума, без оглед на поминатото време на траење на осигурувањето:
2.1.1. при осигурување договорено врз основа на лекарски преглед;
2.1.2. ако настапи како последица на несреќен случај и ако не е договорена сумата од точка 2.3. на овој став;
2.1.3. поради пораѓање.
2.2. половина од осигурената сума при осигурување на живот договорено без лекарски преглед, ако смртта настапила како последица на болест во првата година од траењето на осигурувањето, а по истекот на тој рок, целата осигурена сума;
2.3. дополнителна двојна осигурена сума, ако настапила смрт на осигуреникот како последица на несреќен случај, доколку е договорена дополнителна сума и во кој случај како составен дел на договорот за осигурување се применуваат одредбите на член 2 и 6 од Дополнителните услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај со осигурување на живот.
(2) Ако е договорено взаемно осигурување, осигурувачот му исплаќа на корисникот на осигурувањето осигурена сума според одредбите на став (1) на овој член и тоа:
1. за случај на доживување, кога двајцата осигуреници ќе доживеат истек на договореното осигурување,
2. во случај на смрт на едниот осигуреник или истовремена смрт на двајцата осигуреници.
Осигурувачот има обврска во случаите од став (1) точка 1 и точка 2.1. и 2.2. и став
(2) на овој член да ја исплати осигурената сума зголемена за до тогаш припишаниот удел во добивката, ако се исполнети претпоставките за учество во распределбата на остварената добивка, утврдени со овие Посебни услови.
X. ИСКЛУЧУВАЊА И ОГРАНИЧУВАЊА НА ОБВРСКАТА НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 22
(1) Со договорот за осигурување за случај на смрт не е опфатен ризикот од самоубиство на осигуреникот, ако тоа се случило во првата година од осигурувањето. Во случај самоубиството да се случило во рок од три години од денот на склучувањето на договорот, осигурувачот не е должен да му ја исплати на корисникот осигурената сума, туку само математичката резерва од договорот.
(2) Осигурувачот се ослободува од обврската да му ја исплати на корисникот осигурената сума, ако овој намерно предизвикал смрт на осигуреникот, но е должен ако дотогаш биле уплатени барем три годишни премии, да му ја исплати математичката резерва од договорот на договорувачот на осигурувањето, а ако е тој осигуреник, на неговите наследници.
(3) Осигурувачот се ослободува од обврската од договорот за осигурување од несреќен случај, ако осигуреникот намерно го предизвикал несреќниот случај.
(4) Ако смртта на осигуреникот е причинета со воени операции, осигурувачот, ако нешто друго не е договорено, не е должен да му ја исплати на корисникот осигурената сума, но е должен да му ја исплати математичката резерва од договорот. Ако не е договорено нешто друго, осигурувачот се ослободува од обврската од договорот за осигурување од несреќен случај ако несреќниот случај е причинет со воени операции.
(5) Во секој случај, осигурувачот не е обврзан да ја исплати осигурената сума туку само до тогаш насобраната математичка резерва, ако смртта на осигуреникот настапила:
1. како последица на војна или воени операции односно непријателства и ситуации слични на војна,
2. поради дејство на мини и бомби од сите видови или друго воено оружје,
3. како последица на востание, немири, бунт и насилства кои настануваат од такви настани.
4. со извршување на смрттна казна;
5. поради земјотрес;
6. поради поплави;
7. како последица на директна или индиректна последица од атомска катастрофа;
8. како последица на пандемија прогласена од страна на надлежно тело;
9. како последица на епидемија прогласена од страна на надлежно државно тело;
10. поради саботажа или тероризам извршен од политички побуди, насилство или други слични настани во кои учествувал осигуреникот;
11. при подготвување, обид или извршување на казнено дело со умисла како и при бегство после такво дејствие;
12. при управување со летала од сите видови, пловни објекти, моторни и други возила без соодветна возачка исправа (вклучувајќи и лице кое е на обука за добивање возачка исправа без присуство на овластено лице), или на нелагален начин управувало со моторно возило или лице кое е соучесник во таквиот чин;
13. при управување на моторно возило од страна на возач почетник во случаите кога не сме да управува со возилото согласно одредбите на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата;
14. поради дејство на алкохол , наркотички дроги или психотропни супстанци кај осигуреникот, без оглед на каква било одговорност на трето лице за настанокот на осигурениот случај. Се смета дека осигурениот случај настанал поради дејство на алкохолот, ако по настанокот на несреќниот случај е утврдено дека:
- кај осигуреникот кој управувал со возилотo е присутна концентрација поголема од 0,5 g/кg на алкохол во организмот;
- кај останатите сопатници е присутна концентрација поголема од 1,00 g/кg алкохол во oрганизмот, и ако таквата состојба имала причинска врска со настанокот на осигурениот случај.
15. Како последица на нелегално извршување на работи од страна на осигуреникот кој не бил пријавен во задолжително социјално осигурување;
16. Како резултат на непридржување на осигуреникот кон предвидените мерки на безбедност и правилата за користење на соодветна заштитна опрема при извршување на работните задачи на работно место, пропишани со нормативни акти;
Член 23
(1) Ако посебно не се договори осигурително покритие или за време на траењето на осигурувањето договорувачот, односно осигуреникот не го извести осигурувачот во смисла на член 15 од овие Посебни услови за зголемениот ризик кој дополнително би се договорил со доплатна премија и би се вклучил во полното осигурително покритие кога осигурувачот би знаел за зголемениот ризик, осигурувачот, ако осигурениот случај настапил како последица на тој зголемен ризик, е должен да ја исплати само до тогаш насобраната математичка резерва,
(2) Ако не е посебно договорено и ако не е платена соодветна зголемена премија, договорените осигурени суми се намалуваат во сразмер помеѓу премијата што требало да се плати и дотогаш платената премија, кога ќе настане несреќен случај:
- при управување и возење на авион и летала од сите видови, како и при спортски скокови со падобран, освен во својство на патници во јавниот превоз;
- при рекреација од кој било вид, тренинг или учество на осигуреникот на јавни спортски натпревари во својство на регистриран член на аматерско или професионално спортско здружение и тоа за следните спортови:
велосипедизам, xxxx xxxxxxx, картинг, хокеј, борење, xxx xxxx, џидо, кајак, кошарка, возење со ролшули, летање со змај, падобранство, параглајдинг, рафтинг, санкање, воздухопловство, алпинизам, автомобилизам, бокс, карате, кик бокс, мотоциклизам, мотокрос, фудбал, подводен риболов, нуркање, рагби, ракомет, скијање, скијашки спортови, тае –квон-до;
XI. ПРАВА НА ДОГОВОРУВАЧОТ НА ОСИГУРУВАЊЕТО ПРЕД НАСТАПОТ НА ОСИГУРЕНИОТ СЛУЧАЈ
Член 24
(1) Договорувачот може најдоцна 30 (триесет) дена пред почетокот на новата осигурителна години да побара промени по полисата.
(2) За промените во полисата кои се однесуваат на премијата и времетраењето на осигурителниот период, покрај условот од став 1 на овој член, треба да се поминати и најмалку 2 (две) години од моментот на склучувањето на договорот за осигурување.
(3) Осигурувачот може од оправдани причини да го одбие барањето на договорувачот.
Член 25
(1) Договорувачот може да побара капитализација на осигурувањето без понатамошно плаќање на премијата со намалена договорена сума според Таблицата на намалени осигурени суми без понатамошно плаќање на премијата (капитализација).
(2) Капитализација на осигурувањето е возможна ако изминале 3 (три) години и ако е платена премија за 3 (три) години.
(3) Со капитализација престануваат да важат договорените дополнителни осигурувања и престанува обврската на осигурувачот од член 21, став (1) точка
2.3. од овие Посебни услови. на осигурувањето. Осигурувачот писмено го известува договорувачот за намалените износи на осигурени суми.
Член 26
(1) Осигурувачот може, на писмено барање на договорувачот, да ја исплати откупната вредност на полисата врз основа на Таблицата на откупни вредности, ако откупот е возможен.
(2) Откуп е возможен ако изминале 3 (три) години од почеток на договорот за осигурување и ако се платени 3(три) годишни премии.
(3) Ако до денот на поднесувањето на барањето за откуп на осигурувањето истекла најмалку половина од договореното времетраење на осигурувањето и ако за тој период е платена договорената премија, осигурувачот има обврска до тогаш припишаниот удел во добивката да го пресмета во откупната вредност на полисата.
(4) Обврската на осигурувачот при откуп престанува во 00:00 часот оној ден во кој е исплатена откупната вредност.
Член 27
(1) На барање на договорувачот, осигурувачот може да одобри заем врз основа на склучениот договор.
(2) Ако договорувачот не е осигуреник, заемот може врз основа на согласност на
договорувачот да побара и осигуреникот, во кој случај договорувачот воедно е и солидарен гарант на осигуреникот.
(3) Осигурувачот и договорувачот на осигурувањето склучуваат договор за заем кои се бележи на полисата.
(4) Услов за одобрување на заем на Договорувачот е Xxxxxxxx да ги исполнила условите за стекнување на откупна вредност.
(5) Максимален износ на заем може да биде откупната вредност на полисата за живот на Договорувачот.
Член 28
(1) Полисата за осигурување на живот може да биде дадена во залог.
(2) Заложувањето на полисата има дејство спрема осигурувачот само ако е писмено известен дека полисата е заложена кај определен доверител.
XII. ОБНОВА НА ДОГОВОРОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ Член 29
(1) Осигурувањето на живот кое престанало да важи поради раскин на договорот или е претворено во осигурување со намалена осигурена сума без понатамошно плаќање на премијата (капитализација) може да се обнови на писмено барање на договорувачот, најдоцна во рок од 12 (дванаесет) месеци од истекот на месецот за кој е платена последната премија.
(2) Осигурувањето кое престанало да важи поради раскин на договорот може да се обнови само ако до денот на обновата се платени сите достасани премии под услов здравствената состојба на осигуреникот да е поволна за прифаќање во осигурувањето.
(3) Осигурувањето кое е претворено во осигурување со намалена осигурена сума без понатамошно плаќање на премијата (капитализација) може да се обнови ако здравствената состојба на осигуреникот е поволна за прифаќање во осигурувањето.
(4) Осигурувачот е должен барањето за обнова да гo прифати или да го одбие во рок од 8 (осум) дена од денот на приемот на барањето, а ако е потребен лекарски преглед, во рок од 30 (триесет) дена од денот на приемот на барањето. Ако осигурувачот во тие рокови не го одбие барањето, се смета дека го прифаќа, но само ако се исполнети сите услови за обнова.
(5) Обврската на осигурувачот од обновениот договор за осигурување започнува во 00:00 часот оној ден кога осигурувачот го прифатил барањето за обнова, ако до тогаш се исполнети сите претпоставки за обнова на договорот.
(6) Ако осигуреникот почине во рок од година дена од обновата на осигурувањето поради болест која ја премолчил при поднесувањето на барањето за обнова, а болеста е од таква природа што осигурувачот не би го прифатил во осигурување, осигурувачот е должен да ја исплати, не земајќи ги во обѕир премиите за обнова на договорот, само намалената договорена сума според Таблицата на намалени осигурени суми без понатамошно плаќање на премијата (капитализација), под услов премијата да е платена согласно со член 25, став (2) од овие Посебни услови. Ако премијата не била платена за три години според одредбите на член 25, став (2) од овие Посебни услови, не постои обврска на осигурувачот.
XIII. УЧЕСТВО ВО ДОБИВКАТА
Член 30
(1) Договорувачот, осигуреникот, односно корисникот учествува во распределбата на остварената добивка на осигурувачот во осигурување на живот.
(2) Како остварена добивка се подразбира добивката што осигурувачот може да ја припише кон договорената сума, а произлегува од располагањето со средствата на договорувачот. Висината и начинот на учеството во добивката се утврдуваат со посебна одлука на Собранието на акционери на Друштвото.
(3) Лицата од став (1) на овој член право на учество во распределбата на остварената добивка на осигурувачот при осигурување на живот стекнуваат со истекот на рокот од 24 (дваесетичетири) месеци од датумот на почетокот на осигурувањето, под услов премијата да е платена во целост до денот на пресметката.
(4) Уделите во добивката се пресметуваат на ден 31 декември секоја година, а договорувачот за тоа се известува во тековната година за изминатата година.
(5) При доживување уделот во добивката се исплаќа заедно со осигурената сума.
(6) Во случај на смрт на осигуреникот, осигурената сума и до тогаш припишаниот удел во добивката се исплаќаат согласно со член 21 од овие Посебни услови.
(7) При откуп, откупната вредност на полисата и до тогаш припишаниот удел во добивката се исплаќаат согласно со член 26 од овие Посебни услови.
XIV. РАСПОЛАГАЊЕ СО ПРАВАТА ОД ОСИГУРУВАЊЕТО Член 31
(1) На договорувачот му припаѓаат сите права од склучениот договор , сè додека не настапи осигурениот случај.
(2) Сите изјави и барања на договорувачот се обврзувачки за осигурувачот доколку се дадени во писмена форма или на образец на осигурувачот, и се примени се од страна на осигурувачот пред да настапи осигурениот случај.
(3) Доколку корисникот умре пред да настапи осигурениот случај, осигурената сума не му припаѓа на неговите наследници, туку на следниот корисник, а ако тој не е одреден, тогаш на имотот на договорувачот.
(4) Своето право на осигурената сума корисникот може да го пренесе на друго лице и пред настапот на осигурениот случај, но за тоа му е потребна писмена согласност на договорувачот на осигурувањето во која мора да биде наведено името и презимето на лицето на кое правото се пренесува. Ако осигурување на живот се однесува на животот на некое друго лице, тогаш е потребна иста таква согласност и од тоа лице.
XV. ПРИЈАВА НА ОСИГУРЕНИОТ СЛУЧАЈ
Член 32
(1) Осигуреникот или корисникот должни се по настапот на осигурениот случај да поднесат до осигурувачот xxxxxxx пријава во рок од 14 (четиринаесет) дена од денот на настанот.
(2) Пријавата се пополнува на образец на осигурувачот и во прилог со неа се поднесуваат следните документи:
1. полисата за осигурување на живот во оригинал,
2. Извод од матична книга на родени за осигуреникот ,
3. Копија од лична карта за осигуреникот, копија од трансакциска сметка
4. ако настапила смрт на осигуреникот:
- извод од матичната книга на умрените
- медицинска документација со која се потврдува смртта на осигуреникот,
- исправа со која се потврдува причината за смртта на осигуреникот
- потврда од лекарот кој последен го лекувал умрениот со наведување на причината за смртта на осигуреникот,
- правосилно решение за наследување, ако како корисници со полисата се одредени законски наследници,
- доказ за сродството, ако корисникот не е одреден со именување.
(3) Осигурувачот има право да бара и други докази потребни за утврдување на правото на исплата.
(4) Подносителот на пријавата ги сноси трошоците кои настанале во врска со пријавувањето на осигурениот случај.
XVI. ИСПЛАТА НА ОСИГУРЕНАТА СУМА Член 33
(1) Осигурувачот е должен да ја исплати осигурената сума согласно со договорот во рок од 14 (четиринаесет) дена од денот кога ја примил пријавата на осигурениот случај со сите исправи и докази пропишани со член 32, став (2) и (3) од овие Посебни услови.
(2) Како исклучок, ако за утврдување на постоењето на обврската на осигурувачот и нејзиниот износ е потребно одредено време, односно ако не може да се утврди основаноста за постоење на обврската на осигурувачот или висината на надоместот, рокот од став (1) на овој член почнува да тече од денот на утврдувањето на основаноста на обврската и нејзината висина.
(3) Осигурувачот во секој случај е должен да го исплати, на барање на овластено лице, неспорниот дел од својата обврска на име на аконтација, ако не е во можност да ја утврди вкупната обврска за исплатата во рокот утврден во став
(1) на овој член.
(4) Ако во моментот на утврдување на обврската постои спор околу примената на даночните прописи и другите прописи со кои се утврдуваат задолжителните давања кон органите на државната власт, осигурувачот ќе постапи согласно со став (3) на овој член.
(5) Кога осигурувачот ќе ја исплати осигурената сума на лицето кое на неа би имало право во случај кога корисникот не би бил одреден од договорувачот, осигурувачот се ослободува од обврската на договорот ако во моментот на исплатата не знаел ниту можел да знае дека корисникот е одреден со
тестамент или со некој друг акт кој не му е доставен. Корисникот има право да бара поврат на исплатата од лицето кое од осигурувачот ја примило осигурената сума. Истото важи и во случај на промена на корисникот.
(6) Осигурувачот има право сите ненаплатени рати на премијата да ги наплати при секоја исплата која ја врши врз основа на договорот за осигурување.
(7) Осигурувачот може да бара пред исплатата на осигурената сума потпишување на изјава за намирување, со која се утврдува исполнување на обврската на осигурувачот.
XVII. КОРИСНИК Член 34
(1) Договорувачот го одредува корисникот во полисата.
(2) Xxxxxxxxxx не мора да биде одреден по име, туку е доволно во полисата да се наведени нужните податоци за неговото одредување.
(3) Кога за корисници се одредени децата или потомците, користа им припаѓа и на оние кои се родени подоцна, а користа наменета на сопружникот му припаѓа на лицето кое било во брак со осигуреникот во моментот на неговата смрт.
(4) Ако корисникот е малолетно лице, осигурената сума се исплаќа на сметка на малолетното лице за која осигурувачот е известен од законски старател на малолетното лице. Во случај на спор, се постапува согласно позитивните законски прописи.
(5) Договорувачот може и со некој подоцнежен правен акт, вклучувајќи и тестамент, да именува лице на кое му припаѓа правото од договорот.
(6) Право на исплата на осигурената сума има само корисникот и тоа од самото склучување на договорот, без оглед на тоа како и на кој начин е одреден за корисник.
XVIII. ВАЛУТА НА ОБВРСКАТА Член 35
(1) Ако премијата е договорена во ЕВРА, премијата се уплаќа во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на уплатата.
(2) Осигурената сума договорена во ЕВРА и припишаната добивка се исплаќаат во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на исплатата.
XIX. ИЗДАВАЊЕ НА ЗАМЕНСКА ПОЛИСА Член 36
(1) Договорувачот е должен да го пријави кај осигурувачот исчезнувањето на полисата веднаш откако дознал дека исчезнала и да го објави нејзиното исчезнување во Службен весник на Република Северна Македонија.
(2) Осигурувачот може, за винкулирана или заложена полиса или полиса на која е забележена некоја друга правна работа, како и за полиса до одредена висина на осигурената сума, да бара извршување на амортизациска постапка,
односно да го условува издавањето на заменската полиса со доставување на правосилна судска пресуда со која исчезнатата изворна полиса се прогласува за неважечка.
(3) Осигурувачот издава заменска полиса во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на објавувањето на исчезнатата полиса во Службен Весник на Република Северна Македонија, односно од денот на правосилноста на судската пресуда.
(4) Договорувачот ги сноси сите трошоци во врска со издавањето на заменската полиса.
XX. НАДОМЕСТОЦИ Член 37
(1) Договорувачот е должен на осигурувачот однапред да му плати надомест за сите услуги кои посебно ги бара од осигурувачот за времетраење и по истекот на осигурувањетово висина која ја определува и ќе ја побара осигурувачот.
(2) Договорувачот се обврзува, заедно со договорената премија, да ги плати и сите давачки воведени со важечите прописи.
XXI. ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИ Член 38
(1) Во случај кога договорувачот, осигуреникот, односно корисникот на осигурувањето смета дека осигурувачот не се придржува кон одредбите од договорот за осигурување, истиот може да достави претставка со цел xxxxxxxxx решавање на настанатиот спор до:
1) Соодветна организациона единица надлежна за решавање на спорови меѓу договорни страни во рамките на друштвото за осигурување;
2) Служба за внатрешна ревизија во друштвото за осигурување;
3) Организација за заштита на потрошувачи, и
4) Агенција за супервизија на осигурување
(2) Заемната согласност помеѓу осигурувачот и подносителот на претставката постигната во вонсудска постапката ќе биде во форма на меѓусебна спогодба.
ВОНСУДСКО РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИ
Член 39
(1) Осигурувачот е должен да го почитува принципот на доверливост на информациите кои се достапни во процесот на постапување со претставките.
(2) Страните се согласни дека сите спорови што ќе произлезат од Договорот за осигурување, ќе се обидат да ги решаваат вонсудски на мирен начин.
(3) Договорувачот и осигуреникот, како и други лица на кои се однесува осигурувањето, се обврзуваат дека неодложно во писмена форма ќе го известат осигурувачот за сите спорни прашања, приговори и недоразбирања кои се однесуваат на Договорот за осигурување на живот.
(4) Приговорите од ст(.2) на овој член осигурувачот ќе ги проследи до Комисија за решавање на претставки на друштвото, која е должна во однос на истите да одлучи и писмено да се произнесе во рок од 30 (триесет) дена од приемот на
приговорот.
(5) Во случаите кога договорувачот, осигуреникот и корисникот на осигурувањето сметаат дека осигурувачот не се придржува кон одредбите од Договорот за осигурување, можат да поднесат претставка до органот надлежен за вршење на надзор на осигурувачот-Агенција за супервизија на осигурување.
XXII. ЗАШТИТА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ Член 40
Сите лични податоци со кои Друштвото располага како резултат на склучувањето на договорите за осигурување ќе бидат користени и обработувани во согласност со Законот за заштита на личните податоци и во согласност со интерните акти за заштита на лични податоци кај KРОАЦИА ОСИГУРУВАЊЕ – АД Друштво за осигурување на живот Скопје.
XXIII. ЗАСТАРЕНОСТ Член 41
Побарувањата од договорот за осигурување на живот застаруваат во согласност со
одредбите од Законот за облигациони односи.
XXIV. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ Член 42
(1) Во случај на судски спор надлежен е стварно и месно надлежен суд во седиштето на осигурувачот.
(2) За односите помеѓу осигурувачот и договорувачот, како и на другите лица на кои се однесува осигурувањето на живот, а кои не се уредени со овие Посебни услови, се применуваат Законот за облигациони односи, и останатите позитивни законски норми.
Член 43
Овие услови влегуваат во сила и ќе се применуваат од 01.07.2020 година.