Contract
ЗАКОН ЗА СКЛУЧУВАЊЕ, РАТИФИКАЦИЈА И ИЗВРШУВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНИ ДОГОВОРИ
“Сл. весник на Р Македонија” бр. 5/98 од 30.01.1998 год.
ОСНОВНИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој закон се уредува постапката и начинот на водење на преговори за склучување на меѓународни договори, склучувањето на меѓународни договори и пристапување кон повеќестрани меѓународни договори, покренувањето на постапката за ратификација, како и извршување на склучените меѓународни договори.
Член 2
Како меѓународен договор, во смисла на овој закон, се смета договор кој Република Македонија ќе го склучи во писмена форма со една или со повеќе држави или со меѓународна организација, со кој се утврдуваат права и обврски за државата, согласно со Уставот на Република Македонија и меѓународното право, без разлика дали е содржан во еден или во повеќе меѓусебно поврзани документи.
Не се сметаат како меѓународни договори актите кои ги склучуваат овластени органи на Република Македонија за извршување на склучени меѓународни договори и со нив не се преземаат нови обврски за државата.
Член 3
Меѓународните договори во име на Република Македонија ги склучува претседателот ни Републиката.
Меѓународни договори во име на Република Македонија може да склучува и Владата на Република Македонија со кои се уредуваат прашањата од областа на економијата, финансиите, науката, културата, образованието и спортот, сообраќајот и врските, урбанизмот, градежништвото и заштитата на животната средина, земјоделството, шумарството, водостопанството, здравството, енергетиката, правдата, трудот и социјалната политика, човековите права, дипломатско- конзуларните односи, како и од областа на одбраната и безбедноста на државата, освен за прашања во врска со границата на Република Македонија, стапување во сојузи или заедници со други држави или за истапување од такви сојузи и заедници и други меѓународни договори кои, според меѓународното право, ги склучуваат шефови на држави.
ПОСТАПКА ЗА ВОДЕЊЕ НА ПРЕГОВОРИ И ЗА СКЛУЧУВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНИ ДОГОВОРИ
Член 4
За водење на преговори и склучување на меѓународни договори одлучува претседателот на Република Македонија.
За водење на преговори и склучување на меѓународни договори за кои, согласно со член 3 став 2 на овој закон е надлежна и Владата, одлучува Владата на Република Македонија.
Член 5
Претседателот на Република Македонија поведува постапка за водење на преговори за склучување на меѓународни договори по одлука донесена по пат на референдум, по сопствена иницијатива, по акт на Собранието на Република Македонија и по предлог на Владата на Република Македонија. Владата поведува постапка за водење на преговори и за склучување на меѓународен договор по сопствена иницијатива, по писмено барање на претседателот на Републиката по акт на Собранието на Република Македонија и по предлог на органот на државната управа, во чија надлежност се прашањата кои треба да се уредат со меѓународен договор.
Член 6
Органот на државната управа, во чија надлежност се прашањата кои треба да се уредат со меѓународен договор, по дипломатски пат, ќе преземе активности за утврдување на потребата за отпочнување на преговори или исполнување на потребните услови за склучување на меѓународни договори или за пристапување кон постоечки повеќестран меѓународен договор.
Органот на државната управа од став 1 на овој член подготвува предлог за поведување постапка за водење на преговори за склучување на меѓународен договор, предлог на основи за водење на преговорите и нацрт на договорот кој ќе биде основа за водење на преговорите и ги доставува до Владата за одлучување.
Член 7
Кога постапката на склучување на меѓународен договор се поведува по одлука донесена на референдум, по сопствена иницијатива на претседателот на Република Македонија, по акт на Собранието на Република Македонија или по иницијатива на Владата на Република Македонија, органот на државната управа во чија надлежност се прашањата кои треба да се уредат со меѓународниот договор, ги подготвува предлогот на основи за водење на преговорите и нацртот на меѓународниот договор.
Член 8
Предлогот за поведување на постапка за водење на преговори за склучување на меѓународен договор треба особено да содржи: уставна
основа, оцена на состојбите на односите со односната држава или меѓународна организација; причини поради кои се предлага склучување на меѓународниот договор; финансиските средства потребни за извршување на договорот и начин на нивното обезбедување; предлог за состав на делегацијата на Република Македонија која ќе ги води преговорите и пресметка на трошоците за работа на делегацијата.
Предлогот на основите за водење на преговорите треба да ги содржи: битните елементи на договорот кој се предлага да се склучи; основните прашања за кои ќе се водат преговорите и предлог на ставови кои Владата треба да ги заземе во врска со тие прашања кои се задолжителни за делегацијата на Република Македонија во преговорите за склучување на меѓународниот договор.
Кон предлогот за поведување на постапка за склучување на меѓународен договор се приложува и нацрт на меѓународниот договор.
Член 9
Министерството за надворешни работи дава мислење за предлогот за поведување постапка за склучување на меѓународен договор и за содржината на нацртот на договорот од меѓународно- правен аспект.
Член 10
Кога по предлогот за поведување на постапка за склучување на меѓународен договор одлучува Владата на Република Македонија согласно со член 3 став 2 на овој закон, со предлогот за водење на преговорите и со нацртот на договорот се запознава претседателот на Републиката.
Член 11
Предлогот на основи за водење на преговори и потпишување на соодветни меѓународни документи во рамките на мешовитите комитети, одбори, комисии и други тела, формирани врз основа на меѓународните договори, до Владата поднесува претседателот на македонскиот дел на односното тело, во соработка со органот на државната управа во чија надлежност се прашањата кои се разгледуваат.
Предлогот од став 1 на овој член содржи особено: оцена на состојбата за односите со односната држава или меѓународна организација; основните прашања во врска со односниот меѓународен договор за кои ќе се водат преговорите, со предлог на ставови кои Владата треба да ги заземе.
Владата, по усвојување на основите за водење на преговори, утврдува ставови кои ќе ги застапува македонскиот дел или делегација во телата од став 1 на овој член кои се задолжителни за македонската делегација.
Член 12
Кога Xxxxxxx ќе го прифати предлогот за поведување постапка за водење на преговори за склучување на меѓународен договор и ќе ги утврди основите за водење на преговори, ќе определи делегација за водење на преговори и ќе одлучи за трошоците за работа на делегацијата.
Владата може, при утврдувањето на основите, да го овласти шефот на делегацијата и да го потпише меѓународниот договор, ако го склучува Владата во име на Република Македонија.
Член 13
Делегацијата на Република Македонија, определена за водење преговори не може во текот на преговорите да отстапува од ставовите утврдени во основите.
Ако во текот на преговорите, другата страна не ги прифати утврдените ставови на Република Македонија, или предложи да се разгледуваат прашања за кои не се заземени ставови во основите за водење на преговори, делегацијата на Република Македонија ќе побара од Владата заземање на нови ставови, а по потреба и ќе ги одложи преговорите.
Ставовите, што делегацијата на Република Македонија ќе ги побара во текот на преговорите, Владата ќе ги утврди по итна постапка.
Член 14
Делегацијата на Република Македонија, по завршените преговори во рок од 30 дена на претседателот на Република Македонија, односно на Владата поднесува писмен извештај за извршените преговори со усогласениот, односно парафираниот текст на меѓународниот договор.
Член 15
Претседателот на Републиката може да овласти друго лице кое во негово име ќе потпише меѓународен договор.
По прифаќањето на извештајот од член 14 на овој закон и на усогласениот, односно парафираниот текст на меѓународниот договор, Владата исто така ќе определи лице кое во нејзино име ќе го потпише меѓународниот договор.
Член 16
Полномошно за водење на преговори и за потпишување на меѓународен договор, издава претседателот на Републиката, претседателот на Владата или министерот за надворешни работи.
Член 17
Одлуката за пристапување на Република Македонија кон повеќестран меѓународен договор кој е во сила ја спроведува Министерството за надворешни работи.
Член 18
Постапката за изменување и дополнување на склучен меѓународен договор се спроведува согласно со одредбите на овој закон кои важат за склучување на меѓународен договор, а на начин предвиден со меѓународниот договор.
ПОКРЕНУВАЊЕ НА ПОСТАПКА ЗА РАТИФИКАЦИЈА НА МЕЃУНАРОДНИТЕ ДОГОВОРИ
Член 19
Претседателот на Републиката, односно органот на државната управа во чија надлежност се прашањата што се уредуваат со склучениот меѓународен договор, оригиналниот текст на потпишаниот договор со предлог за поведување на постапка за ратификација и образложение во врска со тоа го доставуваат до Министерството за надворешни работи, најдоцна во рок од 30 дена од потпишувањето на договорот.
Член 20
Постапка за ратификација на склучените меѓународни договори покренува Министерството за надворешни работи со поднесување на предлог за донесување на закон за ратификација на склучениот меѓународен договор до Владата.
Предлогот за донесување на закон за ратификација на склучениот меѓународен договор, Владата го поднесува до Собранието на Република Македонија.
Член 21
Владата на Република Македонија му доставува на Собранието на Република Македонија предлог за донесување на закон за ратификација на меѓународен договор што го склучил претседателот на Републиката.
Во постапката по предлогот за донесување на закон од став 1 на овој член, претседателот на Републиката во Собранието на Република Македонија може да даде образложение за склучениот меѓународен договор, а Владата кон предлогот може да достави и свое мислење за меѓународниот договор.
Член 22
Со законот за ратификација на меѓународен договор може да се определи и органот на државната управа што ќе се грижи за извршување на тој договор или да се овласти Владата, односно органот на државната управа во чија надлежност се прашањата уредени со склучениот меѓународен договор да донесе поблиски прописи за извршување на тој договор.
Законот за ратификација на повеќестран меѓународен договор ги содржи и резервите кои Република Македонија ги дава на тој меѓународен договор.
ИЗВРШУВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНИ ДОГОВОРИ
Член 23
За извршување на меѓународните договори на Република Македонија се грижи Владата на Република Македонија и претседателот на Републиката.
Член 24
Меѓународните договори, со кои се создаваат непосредни обврски за Републиката, ги извршуваат органите во чија надлежност се прашањата што се уредуваат со тој договор.
ДРУГИ ОДРЕДБИ
Член 25
Оригиналите на склучените меѓународни договори се евидентираат и се чуваат во Министерството за надворешни работи.
Член 26
Одредбите на овој закон соодветно се применуваат и на постапката за склучување на меѓународни договори на дипломатски конференции, мешовити меѓувладини тела или за пристапување на Република Македонија кон повеќестрани меѓународни договори.
Член 27
Склучените документи кои не се сметаат како меѓународни договори, согласно со член 2 став 2 од овој закон, се доставуваат до Владата на запознавање и до Министерството за надворешни работи за евидентирање.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 28
Со денот на влегување во сила на овој закон, престанува да важи Законот за склучување и извршување на меѓународни договори (“Службен лист на СФРЈ” број 55/78 и број 47/89).
Член 29
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во
“Службен весник на Република Македонија.”