▪ e-mail адреса : stbbt@stbbt.com.mk
ПРЕТХОДНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ПЛАТЕЖНИ УСЛУГИ
Согласно Законот за платежни услуги и платни системи (ЗПУПС) , договорите кои Стопанска Банка а.д Битола ги има склучено со своите клиенти во врска со давање и користење на платежни услуги (договори за отворање и водење на денарски и девизни трансакциски сметки, договори за платежни картички, договори за дозволено пречекорување, договори за овердрафти ), а кои се склучени пред отпочнување на примената на овој закон, односно пред 1.1.2023 година, ќе останат во сила и по отпочнување на примената на овој закон но, ќе се спроведуваат според условите од Законот за платежни услуги и платни системи (ЗПУПС).
Одредбите од Законот за платежни услуги и платни системи (ЗПУПС) кои ја уредуваат содржината на рамковните договори за платежни услуги со денот на отпочнување на примената на законот ќе се сметаат за составен дел на веќе постоечките договори наведени погоре и ќе дополнат или заменат договорните одредби од постоечките договори што не се во согласност со одредбите од Законот за платежни услуги и платни системи (ЗПУПС).
1. ИНФОРМАЦИИ ЗА ДАВАТЕЛОТ НА ПЛАТЕЖНИ УСЛУГИ
▪ Стопанска Банка а.д Битола
▪ ул. Xxxxxxxxx Xxxxxxxxxxxx бр. 21, 7000 Битола -Централа
▪ ул.Скупи бр.3А ,1000 Скопје -Деловен Центар
▪ e-mail адреса : xxxxx@xxxxx.xxx.xx
▪ Стопанска Банка а.д Битола со ЕМБС 5026377 и ЕДБ 4002995103351 е регистрирана како правен субјект во трговскиот регистар при Централниот Регистар на Република Северна Македонија
▪ Надлежен орган за надзор на Стопснаска банка а.д Битола како давател на платежни услуги и во врска со давањето на платежни услуги е Народната Банка на Република Македонија.
▪ Стопанска Банка а.д Битола е учесник во следните платни системи :
- Македонски интербанкарски платен систем – МИПС
- Клириншки интербанкарски системи КИБС АД Скопје
- Интернационален картичен систем АД Скопје – КАСИС
- Society for Worldwide Interbank Financial Telecommunications - SWIFT
Правилата за работа според кои функционираат горенаведените платни системи се објавени на следните веб страни :
o Правила за работа на МИПС xxxxx://xxx.xxxx.xx/xxxxxxx-xx-xxxxxx-xx-xxxx- verzii.nspx
o Правила за работа на КИБС xxxxx://xxxx.xx/xx/xxxxxxxxx.xxxx#xxxx
o Стандарди за поврзување - SWIFT Standards | SWIFT - The global provider of secure financial messaging services
2. ДЕФИНИЦИИ СОГЛАСНО ЗАКОН ЗА ПЛАТЕЖНИ УСЛУГИ И ПЛАТНИ СИСТЕМИ
1.1. Автентикација - постапка која и овозможува на Банката да го потврди идентитетот на корисникот на платежни услуги или валидното користење на одреден платен инструмент, вклучувајќи ја и употребата на неговите кориснички сигурносни обележја;
1.2. Авторизација - постапка со која се проверува дали корисникот на платежни услуги или давателот на платежни услуги има право да извршува определени дејствија;
1.3. Банкомат - електромеханички уред којшто им овозможува на овластените корисници да повлечат готовина од сметки и/или им обезбедува пристап кон други услуги;
1.4. Блокирана платежна сметка - платежна сметка на корисник на платежни услуги за која има евидентирано нереализиран платен налог за присилна наплата или има ист единствен даночен број, односно матичен број на граѓанинот за физички лица со сметка за која има евидентирано нереализиран платен налог за присилна наплата;
1.5. Датум на валута - референтно време кое давателот на платежни услуги го користи за пресметување на камата на задолжените или одобрените парични средства на платежната сметка;
1.6. Деловна платежна картичка - кој било платен инструмент заснован на картичка што е издаден на правни лица или субјекти од јавниот сектор или на самостоен вршител на дејност, којшто е ограничен на употреба само за покривање на деловните трошоци, при што за плаќањата извршени со негова употреба се задолжува сметката на правното лице или субјектот од јавниот сектор или на самостоен вршител на дејност на кој е издадена ваквата платежна картичка;
1.7. Директно задолжување - платежна услуга со која се задолжува платежната сметка на плаќачот, при што платежната трансакција ја иницира примачот врз основа на изразена согласност од плаќачот;
1.8. Доверливост - својство на услугите поврзани со плаќањата или на корисничките сигурносни обележја што овозможува информациите да не бидат расположливи или да не се откријат на неовластени физички лица, правни лица или процеси;
1.9. Дозволено пречекорување - склучен договор за кредит согласно со кој давателот на платежни услуги му става на корисникот на платежни услуги на располагање износ на парични средства што го надминува тековното салдо на парични средства на платежната сметка;
1.10. Документ за присилна наплата - налог за извршување од извршител или друг документ за извршување донесен од надлежен орган согласно со закон, а кои се издадени/донесени врз основа на извршна исправа која е дефинирана во Законот за извршување;
1.11. Единствен даночен број - ЕДБ е единствениот идентификационен број на даночен обврзник за сите видови јавни приходи и се задржува се до престанок на статусот на даночен обврзник;
1.12. Единствена идентификациска ознака - комбинација на букви, бројки или симболи која Банката му ја одредува на Корисникот на платежни услуги и која при извршување на платежна трансакција задолжително се наведува заради негова недвосмислена идентификација или на неговата платежна сметка од страна на друг Xxxxxxxx на платежни услуги;
1.13. Единствен регистар на сметки - национален, централизиран и електронски систем на информации и податоци за денарските и девизните платежни, депозитни или други сметки, вклучувајќи ги и платните инструменти поврзани со нив, за издадените сефови, како и за идентитетот на сопствениците на сметките и сефовите, на вистинските сопственици, на законските застапници и/или лицата што се овластени за работење со истите;
1.14. Електронска пошта - секоја електронска порака која содржи информации во форма на текст, глас, видео, звук или слика, што е пратена преку електронска комуникациска мрежа и којашто може да биде зачувана во мрежата или на поврзани компјутерски уреди или да се зачува на терминалната опрема на примачот на пораката;
1.15. Електронска платежна трансакција - е платежна трансакција иницирана и извршена онлајн и не вклучува платежни трансакции дадени во хартиена форма или инструкции дадени по пошта или телефон;
1.16. Електронски потпис - збир на податоци во електронска форма кој е придружен кон или е логички поврзан со други податоци во електронска форма и кој потписникот го користи за потпишување;
1.17. Електронски пари - парична вредност којашто се чува во електронски облик, вклучувајќи и магнетски облик, издадена врз основа на прием на парични средства за цели на извршување на платежни трансакциии, која е прифатена како средство за плаќање од страна на физичко или правно лице, различни од издавачот на електронски пари и која претставува парично побарување од издавачот на електронски пари;
1.18. Електронски систем за присилна наплата - систем преку кој извршителите и надлежните органи согласно со закон доставуваат платни налози за присилна наплата до давателите на платежни услуги на коишто Народната банка на Република Северна Македонија им доделила водечки број, а давателите на платежни услуги разменуваат меѓусебно информации за целите на присилна наплата и ги известуваат извршителите и надлежните органи согласно со закон за статусот на реализација на платните налози за присилна наплата;
1.19. Заменски надоместок - (анг. interchange fee) е надоместок којшто, непосредно или посредно, преку трета страна, се пресметува и плаќа за секоја платежна трансакција заснована на картичка од давателот на платежни услуги што врши прифаќање на платежни трансакции во корист на давателот на платежни услуги што го издал платниот инструмент заснован на картичка. Овој надоместок ја вклучува и нето компензацијата или друга слична договорена форма на награда;
1.20. Засилена автентикација - потврда на идентитетот преку употреба на најмалку два од следниве три меѓусебно независни елементи: знаење (нешто што само клиентот го знае), владение (нешто што само клиентот го поседува) и својственост (нешто што клиентот е), пришто нарушувањето на еден од елементите не влијае врз веродостојноста на останатите и се осмислени на начин што овозможува заштита на доверливоста на податоците кои се предмет на проверка на автентичност;
1.21. Издавање платни инструменти - платежна услуга на давателот на платежни услуги врз основа на договор со плаќачот за обезбедување на платен инструмент за иницирање и обработка на платежните трансакции направени од страна на плаќачот;
1.22. Клиринг (анг. clearing) - пренос, усогласување и во одредени случаи потврдување на трансакциите пред нивното порамнување, коешто може да вклучи нетирање на овие трансакции и утврдување на конечните состојби за порамнување;
1.23. Корисник на платежни услуги - физичко или правно лице кое користи платежна услуга во својство на плаќач или примач или во двете својства;
1.24. Корисник на платежни услуги – должник - физичко или правно лице кое е наведено како должник во платниот налог за присилна наплата;
1.25. Кориснички сигурносни обележја - лични карактеристики кои давателот на платежни услуги му ги дава на корисникот на платежни услуги за целите на автентикација;
1.26. Кредитен трансфер - платежна услуга со која плаќачот дава инструкции на давателот на платежни услуги којшто ја одржува неговата платежна сметка за извршување на платежна трансакција или серија на платежни трансакции со која се одобрува платежната сметка на примачот;
1.27. Мандат - изразување согласност од страна на плаќачот и дадено одобрение на примачот и на давателот на платежни услуги на плаќачот (непосредно или посредно преку примачот), врз основа на што примачот може да иницира наплата на парични средства преку директно задолжување на конкретно наведената платежна сметка на плаќачот и со кои се овозможува давателот на платежните услуги на плаќачот да постапи согласно со таквата инструкција;
1.28. Матичен број на граѓанинот - единствена ознака на идентификационите податоци на граѓанинот;
1.29. Надоместок од примачот на плаќањето - (анг: merchant service charge) е надоместок што давателот на платежните услуги што врши прифаќање платежни трансакции го пресметува и наплатува од примачот на плаќањето, а во врска платежни трансакции засновани на картички;
1.30. Надоместок - сите трошоци и казни, доколку се предвидени, што потрошувачот ги платил или треба да ги плати на давателот на платежните услуги, за или во врска со услугите поврзани со платежната сметка;
1.31. Налог за пренос - секоја инструкција од учесникот во платниот систем и/или во системот за порамнување со хартии од вредност, да се стави на располагање на примачот на налогот износ на парични средства преку негово евидентирање на сметката на давател на платежни услуги, централна договорна страна или агент за порамнување или која било
друга инструкција што резултира со преземање или подмирување на обврска за плаќање како што е дефинирано со правилата за работење на платниот систем или инструкција од овластен учесник на пазарот на хартии од вредност за пренос на сопственичко право или интерес во врска со една или повеќе хартии од вредност, преку негово евидентирање на сметка за хартии од вредност во регистар или друг соодветен начин;
1.32. Неактивна сметка:
• платежна сметка на потрошувач кај давател на платежни услуги на која непрекинато во период од најмалку 24 месеци не се извршени одливни платежни трансакции авторизирани од потрошувачот или приливни платежни трансакции, со исклучок на пресметката и плаќање/наплата на камата, и/или кои било други платежни трансакции коишто се извршени во корист на давателот на платежни услуги или во врска со која давателот на платежни услуги немал со потрошувачот или лицата што се овластени за работење со платежната сметка или неговиот законски застапник документирана писмена, електронска и/или снимена телефонска комуникација или
• депозитна сметка во врска со која давателот на платежните услуги немал со потрошувачот или лицата што се овластени за работење со сметката или неговиот законски застапник документирана писмена, електронска и/или снимена телефонска комуникација, во непрекинат период од најмалку десет години;
1.33. Непрекинатост - својство на процесите, дејствијата и средствата потребни за вршење на услугите поврзани со плаќањата што овозможува потполна достапност и функционирање на однапред дефинирано прифатливо ниво на услугите поврзани со плаќањата;
1.34. Одржување на платежна сметка - услуга на давателот на платежните услуги за водење платежна сметка која нема статус на неактивна платежна сметка, како би можела истата да се користи од страна на корисникот на платежни услуги за целите на извршување на платежни трансакции;
1.35. Онлајн - (анг. online) е можност за поврзување преку јавно достапна комуникациска мрежа, како што е интернет, со цел користење на одредена услуга;
1.36. Парична дознака - платежна услуга при која се примаат парични средства од плаќач, со цел соодветниот износ на парични средства да се пренесе на примачот или на друг давател на платежни услуги кој дејствува во име и за сметка на примачот и/или при која паричните средства се примаат во име и за сметка на примачот и му се ставаат на негово располагање, без да се отвори платежна сметка во име на плаќачот или примачот;
1.37. Парични средства - готовина (книжни и ковани пари), електронски пари или други парични побарувања од давателот на платежни услуги (средства на сметки);
1.38. Пасивна каматна стапка - стапката по која се пресметува и плаќа камата на паричните средства што корисникот на платежни услуги ги чува на неговата платежна сметка;
1.39. Платежна апликација - компјутерски софтвер или еквивалент, ставен и/или вчитан на картичка, мобилен телефон, компјутер или каков било друг технолошки уред, којшто овозможува иницирање платежни трансакции засновани на картички и му овозможува на плаќачот да издава платни налози;
1.40. Платежна картичка - вид на платен инструмент кој му овозможува на плаќачот да иницира трансакција со дебитна или кредитна картичка и којшто може да се користи од имателот за плаќање на стоки и услуги и/или за повлекување и/или внесување готовина;
1.41. Платежна картичка со претплата (т.н. „припеид“ платежна картичка)“ – вид на платен инструмент на којашто се чуваат електронски пари;
1.42. Платежна сметка - сметка којашто ја одржува давател на платежни услуги на име на еден или повеќе корисници на платежни услуги и којашто се користи за извршување на платежни трансакции;
1.43. Платежна сметка со редовни месечни примања - платежна сметка на која се пренесуваат парични средства за кои согласно со Законот за данокот на личен доход е уредено оданочување и плаќање данок на личен доход и за која платежна сметка Управата за јавни приходи на Република Северна Македонија или Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија имаат информации во своите системи;
1.44. Платежна трансакција - внесување, повлекување или пренос на парични средства иницирани од плаќачот или во име на плаќачот или од примачот, независно од обврските кои произлегуваат од односот помеѓу плаќачот и примачот;
1.45. Платежна трансакција со дебитна картичка - платежна трансакција заснована на картичка, вклучително и платежна трансакција со платежна картичка со претплата, којашто не претставува платежна трансакција заснована на кредитна картичка, пришто за износот на секоја платежна трансакција направена со употреба на дебитната картичка, веднаш или на крајот на однапред дефиниран период се намалува состојбата на расположливите парични средства на платежната сметка на корисникот на платежни услуги;
1.46. Платежна трансакција со кредитна картичка - платежна трансакција заснована на картичка, каде што износот на трансакцијата, делумно или целосно, се задолжува од плаќачот, на однапред договорен датум во месецот, врз основа на посебен договор за расположлив кредит склучен меѓу давателот на платежни услуги и корисникот на платежни услуги со кој се утврдува дали, со која стапка и на кој начин ќе се пресметува и наплатува камата за позајмениот износ;
1.47. Платежна трансакција заснована на картичка - услуга која се заснова на инфраструктура и правила за работењето на картичната платежна шема заради извршување на платежна трансакција со користење на која било картичка, телекомуникациски, дигитални или информатички уреди, што може да содржат соодветна платежна апликација и којашто резултира со извршување трансакција со дебитна картичка или кредитна картичка, освен платежна трансакција врз основа на други видови на платежни услуги;
1.48. Платежна трансакција преку средства за комуникација на далечина - платежна трансакција која е иницирана преку интернет или преку уред што може да се користи за комуникација на далечина;
1.49. Платен инструмент - персонализиран уред(и) и/или збир на постапки договорени помеѓу корисникот на платежни услуги и давателот на платежни услуги и кои се користат за иницирање платен налог;
1.50. Платен инструмент заснован на картичка - секој платен инструмент, вклучително картичка, мобилен телефон, компјутер или каков било друг технолошки уред што содржи соодветна платежна апликација коишто на плаќачот му овозможуваат иницирање платежна трансакција заснована на картичка, а која не е кредитен трансфер или директно задолжување;
1.51. Платен налог - секоја инструкција од плаќач или примач до својот давател на платежни услуги со која се бара извршување на платежна трансакција;
1.52. Платен налог за присилна наплата - платен налог од извршител или надлежен орган согласно со закон до давател на платежни услуги со кој се бара извршување на платежна трансакција врз основа на документ за присилна наплата;
1.53. Плаќање со пресметка - меѓусебно намирување на паричните обврски и побарувања помеѓу учесниците во платниот промет со компензација, асигнација, цесија, преземање на долг и други облици на меѓусебно намирување на обврски и побарувања;
1.54. Плаќач - физичко лице или правно лице кое има платежна сметка и се согласува за извршување на платен налог од таа сметка или во случај кога не постои платежна сметка, физичко лице или правно лице кое дава платен налог;
1.55. Потрошувач - физичко лице кое склучува договор за платежни услуги заради остварување на цели кои не се поврзани со вршењето на неговата дејност или професија;
1.56. Прекугранична платежна трансакција или прекугранична платежна услуга - платежна трансакција или платежна услуга во чиешто извршување, односно давање, само еден од давателите на платежните услуги, независно дали е на плаќачот или на примачот, е основан и работи во Република Северна Македонија;
1.57. Премолчено должничко салдо - премолчено прифаќање на пречекорување на тековното салдо на платежната сметка на корисникот на платежни услуги, пришто давателот на платежните услуги му става на располагање на корисникот на платежните услуги парични средства во износ што го надминува тековното салдо на сопствените парични средства на платежната сметка или ако е договорено дозволено пречекорување, го надминува и износот на дозволеното пречекорување;
1.58. Пренесување на платежна сметка или услуга за преносливост - спроведување на пренесување по барање на потрошувачот, од еден кон друг давател на платежни услуги на: информации за сите или определени трајни налози за кредитни трансфери, повторливи директни задолжувања и повторливи приливни кредитни трансфери кои се извршуваат во корист или на товар на платежната сметка и/или на позитивното салдо на сопствените парични средства од една на друга платежна сметка, со или без затворање на платежната сметка од која се врши преносот;
1.59. Примач - физичко или правно лице за кое се наменети паричните средства кои се предмет на платежната трансакција;
1.60. Работен ден - ден на кој давателот на платежни услуги на плаќачот или давателот на платежни услуги на примачот вклучен во извршување на платежна трансакција е отворен за работа како би се овозможило извршување на платежната трансакција, односно период утврден со правилата за работа на платниот систем и системот за порамнување на хартии
од вредност кој ги опфаќа сите настани за време на работниот циклус на овие системи, независно во кој период од денот и ноќта се случуваат порамнувањата;
1.61. Расположливост - можност за достапност и непречено користење на услугите поврзани со плаќањата од страна на корисниците на платежните услуги;
1.62. Расположливи парични средства за присилна наплата - се сите парични средства на сметките на корисникот на платежни услуги - должник кај давателот на платежни услуги, освен паричните средства на сметките со посебна намена кои се издвоени согласно со закон или пропис донесен врз основа на закон и паричните средства одобрени врз основа на договор за дозволено пречекорување со давателот на платежни услуги;
1.63. Референтен девизен курс - девизен курс кој се користи како основа за пресметување при купување или продавање на странски платежни средства и којшто го става на располагање давателот на платежните услуги или којшто потекнува од јавно достапен извор;
1.64. Референтна каматна стапка - каматна стапка која се користи како основа за секое пресметување на камата и потекнува од јавно достапен извор и која може да биде проверена од двете договорни страни на договорот за платежни услуги;
1.65. Р-трансакција - платежна трансакција којашто не може да биде извршена правилно и точно од страна на давателот на платежните услуги или која предизвикува невообичаена обработка, меѓу другото причинета поради недостаток на парични средства, отповикување на платежната трансакција, погрешен износ или погрешен датум, нелегитимен мандат, погрешна или затворена платежна сметка (одбиена трансакција, отфрлена трансакција, вратена трансакција, отповикана трансакција, укината трансакција, трансакција за која е поднесено барање за откажување и трансакција со барање за поврат на парични средства), освен трансакција која е одбиена или не е извршена поради спроведувањето на мерки и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам од страна на давателите на платежните услуги;
1.66. Средство за комуникација на далечина - средство со кое може да се склучи договор за платежни услуги без истовремено физичко присуство на давателот на платежни услуги и корисникот на платежни услуги;
1.67. Траен медиум - секој инструмент кој му овозможува на корисникот на платежни услуги да ги зачува информациите кои се упатени лично до него на начин што овозможува да му бидат достапни во одреден временски период соодветен на целите на нивно користење и што дозволува непроменета репродукција на зачуваните информации;
1.68. Траен налог - инструкција дадена од плаќачот на давателот на платежни услуги којшто ја одржува платежната сметка, за извршување на кредитни трансфери во редовни временски интервали или на однапред утврдени датуми;
1.69. Трезорска сметка - е платежна сметка која се води во Народната банка на Република Северна Македонија и која содржи систем на платежни сметки управувани од Трезорот преку кои се евидентираат приливи и одливи за буџетските корисници;
1.70. Здравствена трезорска сметка - е платежна сметка која се води во Народната банка на Република Северна Македонија и која содржи систем на платежни сметки управувани од
Трезорот на Фондот преку кои се евидентираат приливи и одливи за јавните здравствени установи;
1.71. Услуга за давање информации за платежните сметки - онлајн услуга за давање збирни информации за една или повеќе платежни сметки на корисникот на платежните услуги што се одржуваат кај еден или повеќе други даватели на платежни услуги;
1.72. Услуга за иницирање плаќање - услуга за иницирање платен налог на барање на корисник на платежните услуги од негова платежна сметка која ја одржува друг давател на платежни услуги;
1.73. Услуги поврзани со платежната сметка - се сите услуги што се поврзани со отворањето, одржувањето и затворањето на платежната сметка, вклучително и платежни трансакции, како и договореното дозволено пречекорување и премолченото должничко салдо;
1.74. Услуги поврзани со плаќањата - се сите платежни услуги согласно Законот за платежни услуги и платни системи, вклучително и сите дејствија на техничка поддршка неопходни за точно вршење на платежните услуги;
3. ПЛАТЕЖНИ УСЛУГИ
Платежни услуги кои ги нуди Стопанска Банка а.д Битола како давател на платежни услуги се :
▪ отворање, одржување и затворање на платежни сметки;
▪ внесување готовина на платежна сметка;
▪ повлекување готовина од платежна сметка;
▪ издавање платни инструменти и/или прифаќање платежни трансакции;
▪ извршување на платежни трансакции (пренос на парични средства на платежна сметка кај давателот на платежни услуги на корисникот на платежни услуги или кај друг давател на платежни услуги) ;
▪ извршување на директни задолжувања, вклучувајќи еднократни директни задолжувања;
▪ извршување на платежни трансакции со платежни картички;
▪ извршување на платежни трансакции преку апликација за електронско банкарство за потрошувачи и правни лица и извршување на платежни трансакции преку апликација за мобилно банкарство за потрошувачи ;
▪ извршување на кредитни трансфери, вклучувајќи трајни налози за потрошувачи и правни лица ;
▪ извршување на платежни трансакции кај коишто паричните средства се обезбедени со кредитна линија за корисникот на платежни услуги ;
▪ парични дознаки;
▪ услуги за иницирање на плаќања
▪ услуги за давање информации за платежните сметки.
4. ДАВАЊЕ И ПОВЛЕКУВАЊЕ НА СОГЛAСНОСТ ЗА ИНИЦИРАЊЕ НА ПЛАТЕН НАЛОГ И ИЗВРШУВАЊЕ НА ПЛАТЕЖНА ТРАНСАКЦИЈА
Платежната трансакција се смета за авторизирана само ако плаќачот даде согласност за извршување на платежната трансакција.
Платежната трансакција може да се авторизира од страна на плаќачот пред нејзиното извршување или, ако е договорено меѓу плаќачот и давателот на платежните услуги, по нејзиното извршување.
Согласноста за извршување на поединечна платежна трансакција или за серија на платежни трансакции треба да биде дадена во :
▪ хартиена форма односно со рачно потпишан платен налог или траен налог (директно задолжување) од овластено лице за располање со средства на платежната сметка од која се иницира или извршува платежната трансакција
▪ електронска форма – електронски потпишан платен налог со валиден дигитален квалификуван сертификат од овластено лице за електронско располање со средства на платежната сметка од која се иницира или извршува платежната трансакција
▪ или друга форма која е регулирана со писмен договор помеѓу плаќачот и давателот на платежната услуга.
▪ Согласно Закон, согласноста може да биде дадена и преку примачот или преку давателот на услуги за иницирање на плаќања.
Ако согласноста за извршување на платежната трансакција не е дадена во една од формите наведени погоре или во формата договорена помеѓу плаќачот и давателот на платежната услуга, платежната трансакција ќе се смета како неавторизирана.
Плаќачот може да ја повлече согласноста за извршување на платежната трансакција во секое време, но најдоцна до моментот на неотповикливост на платниот налог.
Корисникот на платежни услуги не може да го отповика платниот налог откако налогот е примен од давателот на платежните услуги на плаќачот, освен во случаите :
▪ На директно задолжување . Плаќачот може да го отповика платниот налог најдоцна до крајот на работниот ден кој претходи на договорениот ден за задолжување на паричните средства.
▪ Кога има договорен ден (иден датум) за извршување на платниот налог помеѓу корисникот и давателот на платежни услуги. Корисникот на платежните услуги може да го отповика платниот налог најдоцна до крајот на работниот ден кој
претходи на договорениот ден за извршување на платниот налог. Kорисникот на платежни услуги кој иницира платен налог и давателот на платежни услуги можат да договорат извршувањето на платниот налог да започне на точно одреден ден или на крајот на одреден период или на денот на кој плаќачот ќе му ги стави на располагање на давателот на платежни услуги потребните парични средства за извршување на платниот налог, при што времето на прием на платниот налог се смета дека е договорениот ден за извршување на платниот налог. Aко договорениот ден од претходниот став е неработен ден за давателот на платежни услуги, се смета дека платниот налог е примен следниот работен ден.
▪ По истекот на наведените рокови во претходните ставови платниот налог може да се отповика само доколку е договорено меѓу корисникот на платежните услуги и давателите на платежните услуги.
Доколку платежната трансакција е иницирана од давател на услуги за иницирање на плаќања или преку примачот, плаќачот не може да го отповика платниот налог откако ја дал согласноста за иницирање на платежната трансакција на давателот на услугите за иницирање на плаќања или откако ја дал согласноста за извршување на платежната трансакција на примачот.
Исто така, Плаќачот може да ја повлече согласноста за извршување на серија на платежни трансакции во секое време, по што секоја идна платежна трансакција која е дел од серијата се смета како неавторизирана.
Давателот на платежни услуги може да пресмета и наплати надоместок за отповикување на платниот налог, доколку пресметката и наплатата на надоместокот е договорена и определена во рамковниот договор.
Девизниот платен налог, треба да ја има содржината пропишана со прописите од областа на платниот промет со странство, како и содржината предвидена во интерните обрасци на Давателот на платежни услуги.
Давателот на платежни услуги го прифаќа девизниот платен налог доколку се исполнети следните услови и тоа:
• доколку платниот налог е правилно пополнет, ги содржи сите информации и податоци барани и потребни согласно позитивните законски и подзаконски прописи и доколку е потпишан од овластени лица;
• доколку кон девизнио платен налог се приложени сите неопходни документи пропишани и определени со позитивните законски и подзаконски прописи, а во согласност со интерните акти на Давателот на платежни услуги;
• доколку е обезбедено покритие на сметка на Корисникот на платежни услуги кај Давателот на платежни услуги за плаќање на девизниот платен налог и за плаќање на надоместоците и трошоците на Давателот на платежни услуги;
• доколку девизниот платен налог, како и самото плаќање е во согласност со важечките домашни и меѓународни закони и прописи.
Корисникот на платежни услуги е одговорен за точноста и потполноста на податоците во девизниот платен налог како и за точноста и веродостојноста на приложената документација. Давателот на платежни услуги не одговара за евентуалната штета која би настанала кај Корисникот на платежни услуги заради извршување на погрешно, нецелосно пополнети, фалсификувани или променети налози и документи. Платните налози кои не ги исполнуваат условите за прием и постапување по истите, Давателот на платежни услуги ги одбива и најдоцна наредниот работен ден ги враќа на Корисникот на платежни услуги и за истото писмено, по електронски пат или со друг канал на комуникација го известува Корисникот на платежни услуги.
5. ПРИЕМ НА ПЛАТНИ НАЛОЗИ
▪ Време на прием на платниот налог е моментот кога давателот на платежните услуги на плаќачот го примил платниот налог.
▪ Давателот на платежни услуги на плаќачот ја задолжува платежната сметка на плаќачот по приемот на платниот налог.
▪ Ако времето на прием на платниот налог е во неработен ден за давателот на платежната услуга на плаќачот се смета дека платниот налог е примен следниот работен ден.
▪ Давателот на платежните услуги може да определи момент кон крајот на работниот ден како крајно време после коe примените платни налози се сметаат дека се примени следниот работен ден на давателот на платежни услуги.
▪ Корисникот на платежни услуги кој иницира платен налог и давателот на платежни услуги можат да договорат извршувањето на платниот налог да започне на точно одреден ден или на крајот на одреден период или на денот на кој плаќачот ќе му ги стави на располагање на давателот на платежни услуги потребните парични средства за извршување на платниот налог, при што времето на прием на платниот налог се смета дека е договорениот ден за извршување на платниот налог.
▪ Ако договорениот ден од претходниот став е неработен ден за давателот на платежни услуги, се смета дека платниот налог е примен следниот работен ден.
▪ Давателот на платежни услуги може да одреди максимален рок за извршување на платежните услуги кои се предмет на рамковниот договор;
▪ плаќачот и неговиот давател на платежни услуги може да договорат ограничување на потрошениот износ (поставување на лимит) за платежните трансакции кои се извршуваат преку одреден платен инструмент ;
▪ Корисникот на платежните услуги може да користи платни инструменти засновани на картичка . При склучувањето на рамковниот договор со давател на платежни услуги, врз основа на кој се издава платен инструмент заснован на картичка, потрошувачот може да побара два или повеќе различни платежни брендови на платни инструменти засновани на картичка, под услов таквата услуга да се нуди од страна на давателот на платежните услуги. Давателот на платежните услуги што издава платен инструмент заснован на картички е должен пред да се склучи рамковниот договор да овозможи потрошувачот да добие јасни и објективни информации за сите расположливи платежни брендови и нивните карактеристики, вклучително и за нивната функционалност, сигурносните карактеристики и трошоците поврзани со нив;
▪ Крајното време за прием на платни налози е утврдено од страна на Стопанска Банка а.д Битола e согласно објавениот термински план за прием на платни налози на веб страната на давателот на платежни услуги xxxxx://xxx.xxxxx.xx/xxxxxxxxx-xxxx-xx- plakanje.nspxn ;
▪ Временската рамка за прием и обработка на девизните платни налози е утврдено од Стопанска банка а.д. Битола сигласно објавениот Термински план за платен примет со странство на веб страната на Давателот на платежни услуги xxx.xxxxx.xx/xxxxxx- promet-vo-stranstvo-pravni-lica.nspx; xxx.xxxxx.xx/xxxxxxxxx_xxxx.xxxx ;
▪ Корисникот на платежни услуги се обврзува девизните платни налози (девизните платни инструменти) да ги доставува навреме, уредно, читливо и точно пополнети во согласност со применливите позитивни законски и подзаконски прописи во законски определените рокови, и согласно Терминските планови за извршување на платежни трансакции. Во спротивно, одговорноста паѓа на товар на Корисникот на платежни услуги, при што Давателот на платежни услуги не презема никаква одговорност за евентуално настанатата штета за Корисникот на платежни услуги ;
▪ Давателот на платежни услуги се обврзува да го извести Корисникот на платежни услуги за ненавремено доставени, неправилно или нецелосно пополнети девизни платни налози кои нема да бидат извршени ;
▪ Во случај на директно задолжување на плаќачот, давателот на платежни услуги пред да ја задолжи платежната сметка на плаќачот треба да изврши верификација на секое директно задолжување според информациите содржани во мандатот, за да провери дали износот и временскиот период на платежната трансакција на директно задолжување е во согласност со дадениот мандат, доколку мандатот според
платежната шема за директни задолжувања не овозможува право на безусловен поврат на паричните средства
6. НАДОМЕСТОЦИ, КАМАТНИ СТАПКИ и ДЕВИЗНИ КУРСЕВИ
Давателот на платежни усуги го информира корисникот на платежни услуги за видот и износот на сите надоместоци, вкупно и по поединечни ставки, кои се или би биле на товар на корисникот на платежни услуги, вклучително и за надоместоците поврзани со начинот и фреквенцијата за давање или ставање на располагање на информациите од страна на давателот на платежните услуги и чија што наплата е дозволена согласно со овој закон.
Давателот на платежни усуги е должен да го информира корисникот на платежни услуги и за разликата во висината на надоместоците што се пресметуваат и наплаќаат според начинот на иницирање на платежните трансакции од страна на корисникот, доколку постои таква разлика.
Давателот на платежни усуги е должен да го информира корисникот на платежни услуги и за висината на каматната стапка и/или девизниот курс што би се примениле при извршување на платежни трансакции јасно и со прецизен опис на начинот на нивното пресметување, вклучително и фреквенцијата за повторно утврдување на висината на каматната стапка што би се применувала, како и соодветниот датум и индексот или основата за утврдување на референтната каматна стапка и/или референтниот девизен курс. Во случаевите каде се договорени референтна каматна стапка или референтни девизни курсеви, давателот на платежни усуги е должен да го информира корисникот на платежни услуги за примената на промените по автоматизам во референтната каматна стапка или референтниот девизен курс.
Давателот на платежни услуги формира и објавува курсна листа на дневна основа врз база на понудата и побарувачката на девизниот пазар. Курсната листа е објавена на веб страната на Давателот на платежни услуги на следниот линк: xxx.xxxxx.xx/xxxxxx-xxxxx.xxxx.
При извршување на девизни плаќања од платежната сметка на Корисникот на платежни услуги, Давателот на платежни услуги ја применува важечката курсна листа на Давателот на платежни услуги и го информира Корисникот на платежни услуги за конкретен курс предвремено или договорува посебен курс за индивидуална соработка.
За наплата на надоместоците и трошоците за извршени трансакции во платниот промет со странство Давателот на платежни услуги има право да ја задолжи девизната сметката на Корисникот на платежни услуги. Доколку за плаќање на надоместоците и трошоците се
употреби странска валута, странската валута се откупува според куповниот курс од курсната листа на Давателот на платежни услуги. При ваквата наплата се смета дека Корисникот на платежни услуги го овластил Давателот на платежни услуги да ја пополни и потпише заклучницата за купопродажба на девизи.
Доколку Корисникот на платежни услуги - должник нема расположливи парични средства за присилна наплата во денари за целосно извршување на платежната трансакција врз основа на платниот налог за присилна наплата, Давателот на платежни услуги врши валутна конверзија во денари на неговите расположливи парични средства за присилна наплата во друга валута со примена на средниот курс на НБРСМ кој важи на денот на наплатата. Трансакцијата до износот потребен за целосно извршување на платежната трансакција врз основа на платниот налог за присилна наплата и ги пренесува на платежна сметка во денари на Корисникот на платежни услуги – должник. При ваквата наплата се смета дека Корисникот на платежни услуги го овластил Давателот на платежни услуги да ја пополни и потпише заклучницата за купопродажба на девизи.
Давателот на платежни услуги е должен да го информира корисникот на платежните услуги дека ќе се смета дека корисникот на платежни услуги ги прифатил предложените измени во условите на рамковниот договор доколку пред датумот на примена на измените не го извести давателот на платежни услуги дека не ги прифаќа истите.
Давателот на платежните услуги е должен да го информира корисникот на платежните услуги, дека во случај корисникот на платежни услуги да не ги прифати предложените измени, корисникот има право да го раскине рамковниот договор, на било кој датум пред датумот на примена на измените без да плати трошок или надоместок за раскинувањето на рамковниот договор, при што рамковниот договор престанува да важи од датумот на раскинување на договорот од страна на корисникот на платежните услуги.
7. КОМУНИКАЦИЈА ПОМЕЃУ ДАВАТЕЛОТ И КОРИСНИКОТ НА ПЛАТЕЖНИ УСЛУГИ
Комуникацијата помеѓу давателот и корисникот на платежни услуги се одвива на следните начини :
▪ Во електронска форма ( mail и виртуелно сандаче во е-банк – доколку корисникот на платежни услуги е корисник на услугата за е-банк на Стопанска Банка а.д Битола ). Штом корисникот на платежни услуги пријавил mail за
комуникација давателот на платежни услуги смета дека опремата и софтверот на корисникот му овозможуваат пристап и комуникација во електронска форма.
▪ Хартиена форма –известувања по пошта на адресата која корисникот на платежни услуги ја пријавил кај давателот на платежни услуги кај кого одржува платежна сметка
Корисникот на платежни услуги има право во секое време да ги побара и да ги добие договорните услови на рамковниот договор како примерок на предлог рамковен договор којшто ги содржи информациите за користење платежните услуги. Давателот на платежните услуги е должен информациите за користењето на платежни услуги да му ги даде на корисникот на платежни услуги на хартија или на друг траен медиум доволно време пред склучувањето на рамковниот договор или пред да прифати понуда со цел корисникот да се запознае со условите во врска со платежните услуги на давателот на платежни услуги пред склучувањето на рамковниот договор односно прифаќањето на понудата.
Давателот на платежни услуги ги дава информациите за платежни услуги во едноставна и сеопфатна форма, со употреба на разбирливи зборови.
Ако рамковниот договор е склучен по барање на корисникот на платежни услуги со користење на средства за комуникација на далечина, а кои не му овозможуваат на давателот на платежните услуги да ги исполни обврските за давање информациите за платежни услуги во едноставна и сеопфатна форма, давателот на платежни услуги е должен да ги исполни обврските веднаш по склучувањето на рамковниот договор.
Корисникот на платежните услуги има право за времетраењето на договорниот однос да ги побара на хартија или на друг траен медиум договорните услови од рамковниот договор, како и претходните информации, а давателот на платежни услуги е должен истите да му ги даде.
8. ПРАВА И ОДГОВОРНОСТИ НА ДАВАТЕЛОТ И КОРИСНИКОТ НА ПЛАТЕЖНИ УСЛУГИ (ПЛАЌАЧОТ И ПРИМАЧОТ) ВО ВРСКА СО ПЛАТНИТЕ ИНСТРУМЕНИТИ И ПЛАТНИТЕ ТРАНСАКЦИИ. ПОСТАПКА ПРИ НЕАВТОРИЗИРАНИ ИЛИ НЕПРАВИЛНО ИЗВРШЕНИ ПЛАТНИ ТРАНСАКЦИИ
Со цел да се одржи сигурноста на платниот инструмент корисникот на платежни услуги
има обврска :
▪ веднаш штом го добие платниот инструмент да ги превземи сите разумни мерки за заштита на корисничките сигурносни обележја на платниот инструмент,
▪ да го користи платниот инструмент во согласност со договорните услови за издавање и користење на платниот инструмент,
▪ во случај на сознание за губење, кражба, злоупотреба или неавторизирано користење на платниот инструмент, има обврска да го извести давателот на платежни услуги или лицето определено од давателот на платежни услуги за истото .
8.1. Права и одговорности на корисникот на платежни услуги - плаќачот Корисникот на платежни услуги- плаќачот има право на :
▪ надомест на загубите произлезени од извршени неавторизирани платежни трансакции поради загубен или украден платен инструмент или злоупотреба на платниот инструмент. По исклучок, плаќачот може да биде одговорен за надоместување на загубите произлезени од извршени неавторизирани платежни трансакции поради загубен или украден платен инструмент или злоупотреба на платниот инструмент до максимален износ од 1.200 денари или соодветната противвредност во други валути.
Корисникот на платежни услуги - плаќачот нема одговорност за извршени неавторизирани платежни трансакции ако :
▪ загубата, кражбата или злоупотребата на платниот инструмент не е возможно да била откриена од негова страна пред извршување на плаќањето, освен ако самиот постапувал со намера за измама ;
▪ загубата настанала поради постапување или непостапување на вработен, агент или филијала на давателот на платежни услуги или на надворешните лица на кои им е пренесено извршувањето на оперативните функции поврзани со давањето на платежните услуги.
Корисникот на платежни услуги -плаќачот целосно ги сноси загубите од извршените неавторизирани платежни трансакции доколку платежните трансакции настанале поради намера за измама од негова страна или поради неисполнување на неговите обврски како плаќач кои што се :
▪ превземање на сите разумни мерки за заштита на корисничките сигурносни обележја на платниот инструмент
▪ користење на платниот инструмент во согласност со договорните услови за издавање и користење на платниот инструмент, и
▪ известување на давателот на платежни услуги или лицето определено од давателот на платежни услуги, за губење, кражба, злоупотреба или неавторизирано користење на платниот инструмент.
Ако давателот на платежните услуги на плаќачот не прави засилена автентикација на клиентот, плаќачот не сноси финансиска загуба, вклучувајќи го и износот од 1.200 денари, освен ако плаќачот постапувал со намера за измама.
Доколку примачот или неговиот давател на платежни услуги не прифаќа засилена автентикација на клиентот, должен е да му ја надомести финансиската штета причинета на давателот на платежните услуги на плаќачот.
Плаќачот не е одговорен за финансиските последици кои произлегуваат од користење на загубен, украден или злоупотребен платен инструмент по доставување на известувањето до давателот на платежни услуги или лицето определено од давателот на платежни услуги за истото , освен ако плаќачот постапувал со намера за измама.
Доколку давателот на платежни услуги не обезбеди соодветни средства и начин за известување во секое време од страна на корисникот на платежните услуги до давателот на платежни услуги или лицето определено од давателот на платежни услуги во врска со губење, кражба, злоупотреба или неавторизирано користење на платниот инструмент и можност за блокадата на платниот инструмент плаќачот не е одговорен за финансиските последици од употребата на платниот инструмент, освен во случаевите кога плаќачот постапувал со намера за измама.
8.2 Одговорност на давателот на платежни услуги за неавторизирани платежни трансакции
Во случај на извршена неавторизирана платежна трансакција, давателот на платежни услуги на плаќачот е должен да го врати износот на неавторизираната платежна трансакција на плаќачот веднаш по дознавањето за трансакцијата (најдоцна до крајот на следниот работен ден, освен ако давателот на платежните услуги на плаќачот има разумен основ да се сомнева во измама и таквиот основ да го пријави до соодветните надлежни органи писмено) или по добивање на известување од корисникот на платежни услуги со барање за исправка кое плаќачот може да го достави најдоцна во рок од 13 месеци од датумот на задолжувањето.
Давателот на платежни услуги на плаќачот е должен да ја врати состојбата на задолжената сметка нa плаќачот во рокот наведен во претходниот став во истата состојба во која што би била доколку не била извршена неавторизираната платежна трансакција .
Давателот на платежните услуги одговорен за неавторизираната платежна трансакција е должен да изврши и поврат на износите на сите надоместоци што ги наплатил од плаќачот во врска со таквата трансакција и е должен да ги пресмета и плати сите камати на кои плаќачот би имал право доколку не била извршена неавторизираната платежна трансакција.
Доколку платежната трансакција е иницирана преку давател на услуги за иницирање на плаќања, давателот на платежни услуги којшто ја одржува платежната сметка и го примил известувањето од давател на услуги за иницирање на плаќања е должен веднаш, а најдоцна до крајот на следниот работен ден, да го врати износот на неавторизираната платежна трансакција и да ја врати состојбата на задолжената сметка нa плаќачот во истата состојба во која што би била доколку не била извршена неавторизираната платежна трансакција.
Давателот на услугите за иницирање на плаќања на барање на давателот на платежни услуги којшто ја одржува платежната сметка е должен:
▪ веднаш да му ги надомести настанатите загуби или платени износи што настанале како последица на повратот на паричните средства на плаќачот, вклучително и износот на неавторизираната платежна трансакција, доколку е одговорен за неавторизираната платежна трансакција, или
▪ да докаже дека во рамки на услугата што ја дава е извршена автентикација на платежната трансакција, платежната трансакција е точно евидентирана и врз извршувањето на платежната трансакција не влијаела техничка неисправност или друг пропуст поврзан со платежната услуга што ја извршил.
Во случај на извршување на неавторизирана платежна трансакција, плаќачот има право на надоместок за претрпена штета од одговорниот давател на платежни услуги согласно со Законот за облигационите односи.
Корисникот на платежни услуги го известува давателот на платежни услуги за секоја неавторизирана, неправилно иницирана или неправилно извршена платежна трансакција со доставување на писмено известување најдоцна во рок од 13 месеци од датумот на задолжувањето. Доколку давателот на платежни услуги не му ги дал или не му ги ставил на располагање на корисникот на платежни услуги информациите за извршувањето на неавторизирана или неправилно извршената платежна трансакција, во тој случај корисникот може да го поднесе известувањето во било кое време.
Давателот на платежни услуги може да го блокира платниот инструмент, заради објективно оправдани причини поврзани со:
▪ сигурноста на платниот инструмент;
▪ сомнеж за неавторизирано или измамничко користење на платниот инструмент или
▪ значително зголемен ризик дека плаќачот нема да може да ги исполни своите парични обврски поврзани со кредитната линија, во случај на употреба на платни инструмент со одобрена кредитна линија.
▪ договорено ограничување на потрошениот износ за платежните трансакции кои се извршуваат преку тој платен инструмент.
Давателот на платежни услуги е должен пред блокирањето на платниот инструмент, или веднаш по блокирањето на платниот инструмент да го информира плаќачот за блокирањето и кои се причините за истото на начин утврден со рамковниот договор, освен во случај кога информирањето за блокирање на платниот инструмент е спротивно на закон или ако за тоа постојат објективно оправдани сигурносни причини.
Давателот на платежни услуги е должен да ја отстрани блокадата на платниот инструмент или да го замени блокираниот платен инструмент со нов платен инструмент по престанокот на сомнежот за неавторизирано или измамничко користење на платниот инструмент.
8.3 Одговорност на давателот на платежните услуги за неизвршување, неправилно извршување или задоцнето извршување на платежни трансакции иницирани од страна на плаќачот
Во случај кога платниот налог е инициран непосредно од страна на плаќачот, давателот на платежни услуги на плаќачот е одговорен кон плаќачот за правилно извршување на
платежната трансакција. Ако корисникот на платежната услуга -плаќачот до давателот на платежната услуга доставил погрешна единствена идентификациска ознака, давателот на платежната услуга нема одговорност за неизвршување или неправилно извршување на платежната трансакција
Давателот на платежни услуги на плаќачот прави разумен напор за поврат на паричните средства од платежната трансакција со погрешно наведена единствена идентификациска ознака.
Давателот на платежните услуги на плаќачот е должен, во случај кога повратот на парични средства на платежна трансакција со погрешно наведена единствена идентификациска ознака не е можен, на писмено барање на плаќачот, да му ги достави на писмено сите информации со кои располага и коишто се релевантни за поведување на постапка пред надлежен орган.
Одговорноста во врска со авторизација и извршување на платежни трансакции е исклучена во случај на вонредни и непредвидливи околности, на кои страната која се повикува на околностите не можела да влијае на нив и се надвор од нејзина контрола и последиците од околностите се неизбежни независно од вложените напори за нивно избегнување или кога давателот на платежни услуги е обврзан да постапи согласно други правни обврски кои произлегуваат законот за платежни услуги и платени системи.
Давателот на платежни услуги на плаќачот не сноси одговорност доколку му докаже нa плаќачот, а по потребa и на давателот на платежните услуги на примачот, дека :
▪ износот на платежната трансакција која е во денари или евра во рамките на Република Македонија е одобрен на сметката на давателот на платежни услуги на примачот во истиот работен ден кога е примен платниот налог односно согласно терминскиот план на на платежни услуги на плаќачот
▪ износот на платежната трансакција која е во евра надвор од Република Македонија е одобрен на сметката на давателот на платежни услуги на примачот најдоцна до крајот на вториот работен ден по денот кога е примен платниот налог согласно терминскиот план на на платежни услуги на плаќачот . За прекугранични платежни трансакции во евра кон Европската економска област, давателот на платежни услуги на плаќачот е должен да обезбеди износот на платежната трансакција да биде одобрен на сметката на давателот на платежни услуги на примачот најдоцна до крајот на следниот работен ден по денот на приемот на платниот налог односно согласно терминскиот план на платежни услуги на плаќачот. Рокот може да се
продолжи за уште еден работен ден за прекуграничните платежни трансакции во евра кон Европската економска област коишто се иницирани на хартија.
Наведените рокови за извршување на прекуграничните платежни трансакции се применуваат соодветно и на други прекугранични платежни трансакции, освен ако корисникот на платежни услуги и давателот на платежни услуги се договорат за примена на подолг рок за извршување на платежните трансакции. Доколку за извршување на прекугранични платежни трансакции кон Европската економска област во други валути на земји од Европската економска област различни од евро е договорен подолг рок од рокот наведен во претходниот став, истиот не може да надмине четири работни дена од времето на прием на платниот налог согласно терминскиот план на платежни услуги на плаќачот.
Во случај кога давателот на платежни услуги на плаќачот изврши неавторизирана платежна трансакција или неправилно изврши платежна трансакција е должен веднаш да му го врати износот на неизвршената или неправилно извршената платежна трансакција на плаќачот. Доколку е задолжена сметката на плаќачот, давателот на платежни услуги на плаќачот е должен да ја врати состојбата на задолжената платежна сметка во состојбата во која сметката би била доколку неправилната платежна трансакција воопшто не била извршена.
Во случајот кога давателот на платежни услуги на примачот е одговорен за правилно извршување на платежната трансакција должен е веднаш да го стави износот на платежната трансакција на располагање на примачот и доколку е применливо, да го одобри износот на трансакцијата на платежната сметка на примачот со датум на валута на кој требал да биде одобрен износот. Датумот на валута на одобрување на платежната сметка на примачот не смее да е подоцна од работниот ден на кој износот на платежната трансакција се одобрува на сметката на давателот на платежни услуги на примачот. Давателот на платежни услуги на примачот е должен износот на платежната трансакција да го стави на располагање на примачот веднаш откако износот е одобрен на сметката на давателот на платежни услуги на примачот, во случаите кога давателот на платежни услуги на примачот: не врши валутна конверзија или врши валутната конверзија на паричен износ во евра или во други валути на земји од Европската економска област, во соодветна денарска противвредност. Истото важи и во случај на платежни трансакции што се извршуваат од страна на еден ист давател на платежни услуги.
Во случај на неизвршување или неправилно извршување на платежна трансакција во која платниот налог е инициран од страна на плаќачот, давателот на платежни услуги на плаќачот, независно од неговата одговорност е должен на барање на плаќачот, веднаш да
преземе мерки за следење на текот на платежната трансакција и за исходот да го извести плаќачот, без да му пресмета и наплати надоместоци за преземените мерки и за известувањето.
Давателот на платежни услуги кој е одговорен за неизвршена или неправилно извршена платежна трансакција или за задоцнето извршување на платежна трансакција иницирана од страна на плаќач е должен на својот корисник на платежни услуги да му изврши поврат на износот на сите пресметани и/или наплатени надоместоци, како и да изврши поврат, односно да ги плати сите камати на кои корисникот има право во врска со неизвршената или неправилно извршената платежна трансакција или заради задоцнето извршување на платежната трансакција.
8.4 Одговорност на давателот на платежните услуги за неизвршување, неправилно извршување или задоцнето извршување на платежните трансакции иницирани од страна на или преку примачот
Во случај кога платниот налог е инициран од страна на или преку примачот, давателот на платежни услуги на примачот е одговорен кон примачот за правилно пренесување на платниот налог до давателот на платежни услуги на плаќачот. Доколку платниот налог не е правилно пренесен, давателот на платежни услуги на примачот е должен веднаш да го пренесе кон давателот на платежни услуги на плаќачот.
Во случај на задоцнет пренос на платниот налог, давателот на платежни услуги на примачот е должен да ја одобри платежната сметка на примачот со тековен датум.
Давателот на платежни услуги на примачот, во согласност со законот за платни системи и платежни услуги е одговорен кон примачот за извршување на платежната трансакција и е должен износот на платежната трансакција да го стави на располагање на примачот веднаш, со датумот кога трансакцијата е извршена.
Во случај на неизвршена или неправилно извршена платежна трансакција за која давателот на платежни услуги на примачот не е одговорен, давателот на платежни услуги на плаќачот е одговорен кон плаќачот и, каде што е применливо, е должен веднаш и без одлагање, да му го врати на плаќачот износот на неизвршената или неправилно извршената платежна трансакција. Доколку е задолжена платежната сметка на плаќачот, давателот на платежни услуги на плаќачот е должен да ја врати состојбата на задолжената платежна сметка во состојбата во која сметката би била доколку неправилната платежна трансакција не била извршена.
Давателот на платежни услуги на плаќачот не е одговорен доколку докаже дека давателот на платежни услуги на примачот го примил износот на платежната трансакција, дури и во случај да има задоцнување на извршувањето на платежната трансакција.
Во случај на неизвршена или неправилно извршена платежна трансакција во која платниот налог е инициран од страна на или преку примачот, давателот на платежни услуги на примачот, независно од неговата одговорност согласно со Закон, е должен по доставено барање на примачот веднаш да преземе мерки за следење на текот на платежната трансакција и за исходот да го извести примачот без да му пресмета и наплати надоместоци за преземените мерки и за известувањето.
Давателот на платежни услуги кој е одговорен за неизвршена или неправилно извршена платежна трансакција или за задоцнето извршување на платежна трансакција иницирана од страна на или преку примачот е должен на својот корисник на платежни услуги да му изврши поврат на износот на сите пресметани и/или наплатени надоместоци, како и да изврши поврат, односно да ги плати сите камати на кои корисникот има право во врска со неизвршената или неправилно извршената платежна трансакција или заради задоцнето извршување на платежната трансакција.
Одговорност при вршењето на услугите за иницирање на плаќања за неизвршување, неправилно извршување или задоцнето извршување на платежните трансакции
Ако плаќачот го иницирал платниот налог преку давател на услуги за иницирање на плаќања, давателот на платежните услуги којшто ја одржува платежната сметка е должен на плаќачот да му го врати износот на неизвршената или неправилно извршената платежна трансакција и доколку е задолжена платежната сметка, истата да ја врати во состојба во која платежната сметка би била доколку неправилната платежна трансакција не била извршена.
Давателот на услуги за иницирање на плаќања е должен да докаже дека платниот налог е примен од давателот на платежни услуги којшто ја одржува платежната сметка согласно со предвидените термини за приме на платен налог во согалсност со Закон и дека во рамки на неговите надлежности во врска со платежната трансакција е извршена автентикација на платежната трансакција, дека платежната трансакција е точно евидентирана и врз извршувањето на платежната трансакција не влијаела техничка неисправност или друг пропуст кој предизвикал неизвршување, неправилно извршување или задоцнето извршување на платежната трансакција.
Доколку давателот на услуги за иницирање на плаќања е одговорен за неизвршување, неправилно извршување или задоцнето извршување на платежната трансакција, на барање на давателот на платежните услуги којшто ја одржува платежната сметка, е должен веднаш и без непотребно одлагање, да му ги надомести настанатите загуби или платените износи коишто произлегуваат од направениот поврат на парични средства на плаќачот.
Поврат на парични средства за платежни трансакции иницирани од страна или преку примачот е предвиден согласно член 93 од Закон за платежни услуги и платни системи.
9. РЕКЛАМАЦИИ
Давател на платежни услуги на плаќачот е должен на поднесено барање на плаќачот да изврши поврат на паричните средства на плаќачот за извршена и авторизирана платежна трансакција која е иницирана од страна на или преку примачот доколку се исполнети следните услови:
▪ при авторизацијата на платежната трансакција не е наведен точниот износ на платежната трансакција и
▪ износот на платежната трансакција го надминува износот кој плаќачот вообичаено го очекува имајќи ги предвид износите на минатите платежни трансакции, условите од рамковниот договор и релевантните околности во конкретниот случај, освен кога износот на платежната трансакција е надминат поради извршена валутна конверзија со примена на референтен девизен курс договорен помеѓу плаќачот и давателот на платежните услуги
Плаќачот од друга страна е должен да го докаже исполнувањето на горенаведените услови.
Износот на повратените парични средства од страна на давателот на платежни услуги на плаќачот ќе биде еднаков на вкупниот износ на извршената платежна трансакција.
Во случај на директните задолжувања, плаќачот којшто е потрошувач има право на безусловен поврат на паричните средства од својот давател на платежни услуги, доколку поднесе барање за поврат на средствата за платежна трансакција во рок од 56 дена од датумот на задолжување на износот на паричните средства.
Доколку во рамковниот договор меѓу плаќачот којшто не е потрошувач и давателот на платежни услуги на плаќачот, за директните задолжувања не е уредено безусловно право на плаќачот за поврат на паричните средства, давателот на платежните услуги на плаќачот, пред да ја задолжи платежната сметка на плаќачот е должен да изврши верификација на
секое директно задолжување според информациите содржани во мандатот, заради проверка на усогласеност на доставената платежна трансакција на директното задолжување со висината и временскиот период определени со мандатот.
Плаќачот и давателот на платежни услуги може со рамковниот договор да уредат дека плаќачот нема право на поврат на паричните средства согласно ставот ако:
▪ плаќачот непосредно му ја дал согласноста за извршување на платежната трансакција на давателот на платежни услуги и
▪ давателот на платежните услуги или примачот ги дал или ги ставил на располагање информациите за идната платежна трансакција на плаќачот на договорениот начин, најмалку 28 дена пред крајниот датум на достасување.
Плаќачот го поднесува барањето за поврат на паричните средства во рок од 56 дена од датумот на задолжување на износот на паричните средства.
Давателот на платежни услуги во рок од десет работни дена од добивање на барањето за поврат на паричните средства е должен да го врати целиот износ на платежната трансакција или да го одбие барањето со образложение на причините за одбивањето и со укажување на можностите за решавање на спорови и органите кај кои плаќачот може да се обрати доколку е незадоволен од образложените причини за одбивањето.
Кога барањето за поврат на парични средства е поднесено за директни задолжувања плаќачот којшто е потрошувач има право на безусловен поврат на паричните средства од својот давател на платежни услуги , давателот на платежни услуги нема право да го одбие барањето и е должен во рок од десет работни дена од добивање на барањето за поврат на паричните средства да го врати целиот износ на платежната трансакција.
10. ИЗМЕНИ И РАСКИНУВАЊЕ НА РАМКОВНИОТ ДОГОВОР
Секоја измена во рамковниот договор, вклучително и измената на овие информации за користење на платежните услуги, давателот на платежни услуги има обврска да ја соопшти
/предложи на корисникот на платежни услуги во едноставна и сеопфатна форма, со употреба на разбирливи зборови, на хартија или на друг траен медиум доволно време пред склучувањето на рамковниот договор или пред корисникот да прифати понуда за склучување на рамковен договор , однонсо најдоцна два месеци пред датумот на примена на измената.
Корисникот на платежните услуги ги прифаќа или не ги прифаќа предложените измени од во рамковниот договор пред датумот на примена на измените и за прифаќањето или неприфаќањето го известува давателот на платежни услуги.
Ќе се смета дека корисникот на платежни услуги ги прифатил предложените измени во условите на рамковниот договор или информациите за платежни услуги доколку пред датумот на примена на измените не го извести давателот на платежни услуги дека ги одбива истите.
Во случај корисникот на платежни услуги да не ги прифати предложените измени, корисникот има право да го раскине рамковниот договор, на било кој датум пред датумот на примена на измените без да плати трошок или надоместок за раскинувањето на рамковниот договор, пришто рамковниот договор престанува да важи со датумот на раскинување на договорот од страна на корисникот на платежните услуги.
Промените во висината на каматните стапки и девизниот курс може да се применат веднаш и без претходното известување под услов таквата одредба да е содржана во рамковниот договор и промените да се прават врз основа на менување на референтната каматна стапка и/или референтниот девизен курс договорен согласно рамковниот договор.
Давателот на платежни услуги е должен веднаш да го извести корисникот на платежни услуги за промени во висината на референтната каматна стапка на хартија или на друг траен медиум во едноставна и сеопфатна форма, освен ако страните не се договориле за точно одредена фреквенција или начин на којшто информациите би биле дадени или достапни.
Промените во висината на каматната стапка или девизниот курс кои се поповолни за корисникот на платежни услуги можат да се применат без претходно известување.
Промените во каматната стапка или девизниот курс кои се користат во платежните трансакции треба да се применуваат и пресметуваат на начин кој не ги доведува корисниците на платежни услуги во нееднаква положба.
Корисникот на платежни услуги може да го раскине рамковниот договор и да ја затвори платежната сметка во секое време или со отказен рок кој не може да биде подолг од 30 дена.
Раскинувањето на рамковниот договор и затворањето на платежната сметка е без надоместок за корисникот на платежни услуги, освен ако рамковниот договор е на сила во период пократок од шест месеци. Доколку договорот е на сила во период пократок од шест месеци, надоместоците за раскинување на рамковниот договор и затворањето на
платежната сметка се во висина на вистински направените трошоци на давателот на платежни услуги.
Давателот на платежни услуги може да го раскине рамковниот договор склучен на неопределено време со известување најмалку два месеци пред денот на раскинување на рамковниот договор. Известувањето за раскинување се доставува до корисникот на платежни услуги во хартиена форма или на траен медиум во едноставна и сеопфатна форма. Доколку рамковниот договор е склучен со користење на средства за комуникација на далечина, а кои не му овозможуваат на давателот на платежните услуги да ги исполни обврските за достава на известувањето во хартиена форма или на траен медиум , давателот на платежни услуги е должен да ги исполни обврските веднаш по склучувањето на рамковниот договор.
Погоренаведените одредби за раскинување на рамковен договор не важат во случај на неактивните платежни сметки и блокираните платежни сметки.
Во случај на раскинување на рамковниот договор и затворање на платежната сметка согласно кој надоместоците за платежните услуги од корисникот на платежни услуги се пресметуваат или наплатуваат на редовна основа, давателот на платежни услуги ги наплатува надоместоците во висина која е сразмерна на периодот до раскинување на договорот.
Доколку корисникот на платежни услуги надоместоците за платежните услуги ги платил однапред, давателот на платежни услуги е должен на корисникот на платежни услуги да му врати дел од износот на платените надоместоци кој е сразмерен на периодот од денот на раскинување на договорот до последниот ден на периодот за кој надоместокот е платен.
Давателот на платежните услуги е должен веднаш по истекот на рокот од два месеци од кога е доставено известувањето за раскинување на рамковниот договор, да го раскине договорот и да ја затвори платежната сметка, а доколку на платежната сметка има позитивно салдо да ги пренесе паричните средства на евиденциска сметка со посебна намена и не смее да пресметува и наплатува било какви надоместоци за одржување на евиденциската сметка.
Со преносот на паричните сметка со посебна намена не престанува правото на сопственост над паричните средства на корисникот на платежни услуги, вклучувајќи ги и подоблиците на правото на сопственост и другите права што произлегуваат од сопственоста.
Давателот на платежните услуги може да го раскине рамковниот договор на корисникот на платежните услуги кој е потрошувач доколку состојбата на паричните средства на платежната сметка изнесува нула во непрекинат период од 24 месеци.
11. ПРАВНА ЗАШТИТА И ПРАВО НА ПОПЛАКА
Во случај на спор во врска со платежните услуги и рамковниот договор се применува Закон за платежни услуги и платежни системи и надлежен суд е стварно и месно надлежниот суд.
Можностите коишто му се на располагање на корисникот на платежните услуги во насока на заштита на неговите права, се:
o правото на поднесување приговор до давателот на платежни услуги,
o правото на поднесувањето поплака до надлежниот орган за надзор на давателот на платежни услуги односно Народната Банка на Република Македонија
o вонсудската постапка за решавање на спорот
o судска постапка за решавање на спорот
12. РАЗРЕШУВАЊЕ НА СПОРОВИ
12.1. Постапкa кај давателите на платежни услуги
Корисникот на платежни услуги може да поднесе приговор до давателот на платежните услуги кога смета дека давателот не се придржува кон одредбите од Закон за платежни услуги и платежни системи .
▪ Давателот на платежни услуги е должен да воспостави и применува соодветни и ефективни процедури за решавање на приговорите од корисниците на платежните услуги во врска со правата и обврските кои што произлегуваат од Закон за платежни услуги и платежни системи
▪ Давателот на платежни услуги е должен на корисникот на платежни услуги да му достави одговор на сите наводи во приговорот доставен од корисникот на платежни услуги во писмена форма или на друг начин на известување кој е договорен помеѓу давателот на платежни услуги и корисникот на платежни услуги, во рок од 15 работни дена од денот на приемот на приговорот.
▪ Доколку давателот на платежни услуги не може да одговори во рок од 15 дена поради причини кои се надвор од контрола на давателот на платежни услуги, е должен да го извести корисникот на платежните услуги за доцнењето на одговорот со јасно наведување на причините и за рокот до кој корисникот на платежни услуги ќе го
добие одговорот, а кој не може да биде подолг од 35 работни дена од денот на приемот на приговорот.
▪ Давателот на платежни услуги е должен во одговорот на приговорот да го извести корисникот на платежните услуги за најмалку едно овластено лице или орган надлежен за вонсудската постапка за решавање на спорови во врска со правата и обврските кои произлегуваат од Закон за платежни услуги и платежни системи
12.2 Поплака до Народната банка
Корисниците на платежни услуги, кои претходно поднеле приговор до давателите на платежни услуги и други заинтересирани страни, вклучително и организации на потрошувачи, можат да поднесуваат поплаки до Народната банка со наводи за евентуални прекршувања на одредбите од Закон за платежни услуги и платежни системи од страна на давателите на платежни услуги
▪ Одговорот на поплаката доставен од страна на Народната банка не е обврзувачки за давателот на платежните услуги, ниту има правно дејство во врска со правните односи меѓу подносителот на поплаката-корисникот на платежните услуги и давателот на платежните услуги.
▪ Поплаката до Народната банка може да биде поднесена непосредно во архивата на Народната банка, по пошта со препорачана достава или во електронска форма со употреба на средство за електронска идентификација преку Националниот портал за електронски услуги.
▪ Во случај на технички прекин на функционалноста на Националниот портал за електронски услуги поплаката се доставува на важечката адреса на електронската пошта на Народната банка во форма на електронски документ преку квалификувана електронска препорачана достава.
▪ Одговорот на поплаката од страна на Народната банка може да биде доставен до поднисетлот на поплаката по пошта со препорачана достава или во електронска форма со употреба на средство за електронска идентификација преку Националниот портал за електронски услуги.
▪ Во случај на технички прекин на функционалноста на Националниот портал за електронски услуги одговорот на поплаката се доставува на важечката адреса на електронската пошта на подносителот на поплаката во форма на електронски документ преку квалификувана електронска препорачана достава.
▪ Постапувањето на Народната банка во врска со поднесените поплаки од корисниците на платежните услуги, на никој начин не ја исклучува или ограничува можноста за преземање една или повеќе мерки кон субјектите на надзор согласно со овој закон.
▪ Во случаите кога е соодветно и без да се доведува во прашање правото на поведување судска постапка од страна на подносителот на поплаката, Народната банка во одговорот го известува подносителот на поплаката за постоење на можноста за вонсудска постапка за решавање на спорови.
▪ Народната банка, гувернерот, вицегувернерите, неизвршните членови на Советот на Народната банка, вработените, за време и по престанокот на ангажманот во Народната банка, односно работниот однос, не одговараат спрема подносителот на поплаката, давателот на платежните услуги и/или трети лица, за штетите коишто може да настанат поради постапувањето во врска со дадените одговори по поднесените поплаки, освен кога се пречекорени нивните овластувања утврдени со закон и истите се осудени за кривично дело за истото.
▪ Поднесувањето поплака до Народната банка не го исклучува или ограничува правото на корисниците на платежни услуги или други заинтересирани страни, да поведат судски спор со давателот на платежни услуги, заради заштита на своите интереси.
12.3. Вонсудска постапка за решавање на спорови
Во случај на вонсудска постапка за решавање на спорови поврзани со правата и обврските кои произлегуваат од Закон за платежни услуги и платежни системи , давателот на платежни услуги е должен да му ги обезбеди на корисникот на платежни услуги следните информации:
▪ име, форма и правен статут за најмалку едно овластено лице или орган, надлежен за вонсудска постапка за решавање на спорови,
▪ опис на постапката за поднесување на барање за вонсудска постапка за решавање на спорови, вклучувајќи ја адресата, а доколку постои и важечката адреса на електронската пошта, на која корисникот на платежни услуги може да го упати барањето, како и образец за такво барање,
▪ рок во кој лицето или органот надлежен за вонсудска постапка за решавање на спорови треба да постапи по барањето за вонсудко решавање на споровите и
▪ дека поднесувањето на барањето за вонсудска постапка за решавање на споровите согласно со овој член и исходот на таквата постапка, не го засега правото на корисникот на платежни услуги за покренување на судска постапка пред надлежен суд.
▪ Давателот на платежни услуги е должен инфомациите од ставот погоре да ги обезбеди на јасен, сеопфатен и лесно достапен начин, и тоа:
o на својата интернет страница, доколку давателот на платежните услуги има интернет страница,
o во работни простории во кои ги дава платежните услуги на потрошувачите, и
o во рамковниот договор
▪ Давателот на платежни услуги е должен да учествува во вонсудска постапката за решавање на спорови која ја започнал потрошувачот.
▪ Давателот на платежни услуги не му наплаќа на потрошувачот надоместок во врска со вонсудската постапка за решавање на спорови.
▪ Овластено лице или орган, надлежен за вонсудска постапка за решавање на спорови е должен да соработува со надлежни тела за вонсудска постапка за решавање на спорови на други држави-членки во врска со правата и обврските кои произлегуваат од одредбите Дел трети и Дел четврти Закон за платежни услуги и платежни системи .