Contract
ДОПОЛНИТЕЛНИ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ИМОТОТ НА ЕЛЕКТРОСТОПАНСКИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА
ПРЕДМЕТ НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 1
(1) Според овие услови предмет на осигурување од пожар и некои други опасности се сите основни средства и сите залихи на електростопанските претпријатија (производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија и останати дејности);.
(2) Предмет на осигурување од ризикот кршење машини се сите машини, машински делови, електрични уреди и нивните полнења, апарати и инсталации, подвижни машини (самоодни и несамоодни), далноводи-комплет, кабловски водоводи од висок напон, ТТ линии, механичка опрема кај електраните, опремата на жичарите, цевководи, гасоводи, топловоди, пароводи, водоводна и канализациона мрежа, антенски столпови, метални силоси и слично, транспортни уреди и друго, полнење (работен медиум) на осигурените машини и уреди, како и постољата, лежиштата и темелите кога нивната вредност е содржана во вредноста на осигурените предмети, маслото во парните турбини.
Доколку посебно се договори и е пресметана дополнителна премија, предмет на осигурување можат да бидат и постоља, лежишта и темели кога нивната вредност не е содржана во вредноста на осигурените предмети.
(3) Доколку посебно е договорено и е пресметана дополнителна премија предмет на осигурување, од ризиците за пожар и некои други опасности како и од ризиците за крш на машини, можат да бидат и:
1) средства земени на услуга доколку не се веќе осигурени со друг договор за осигурување;
2) средства кои се изработени или набавени после склучување на осигурувањето и спаѓаат во групата на осигурените средства. Доколку вредноста на овие средства не надминува 5% од вкупната сума на осигурување на основните средства тие се автоматски осигурени од моментот на преоѓањето на ризикот на осигуреникот. Ако пак вредноста на овие средства надминува 5% од вкупната сума на осигурување на основните средства и при набавка или изградба на нови објекти независно дали тие надминуваат или не 5% од вкупната вредност на осигурените средства, осигуреникот мора тоа веднаш да му го соопшти на осигурувачот. При тоа осигурувачот пресметува дополнителна премија за ново набавените средства.
(4) Според овие услови за ризикот пожар и некои други опасности предмет на осигурување не можат да бидат:
1) земјишта, непоплочени дворови, брани, насипи и насипани брегови кои не се изградени од камен, бетон, метал и насипани со земја со непропустиво јадро и кои не се обложени со цврст материјал (камен, бетон и сл.) од водната страна;
2) моторни и копнени возила, воздушни летала, приколки, самоодни машини, освен оние кои се движат во кругот на претпријатието и служат како помошни средства за работа без излегување на јавен пат, пловни објекти на вода;
3) стока во превоз, освен превозот во кругот на претпријатието, односно во кругот на нејзините делови без излегување на јавен пат, риби и други животни во истечни и неистечни води;
4) предмети изложени на саеми, изложби и пазари, непечени тули на отворен простор.
(5) За ризик кршење на машини предмет на осигурување не можат да бидат:
1) алати кои служат за обработка на материјалите, вадење на струготини (ножеви, глодала и бургии), тестери, брусни камења и сл. (ножеви, ножици и сл.) и со деформации, лиење и обликување (матици, матрици, кокили, колани и сл.) и алати за стегање доколку не се составен дел на машината и доколку не се водат како основни средства;
2) делови на машините кои служат за кршење и ситнење (топки, кугли, ударни чекани, плочи на млинови, челични и работни плочи на дробилица);
3) делови на машини кои се изложени на директно термичко влијание;
а) облоги на садови, уреди за согорување, решетки и ложишта, горилници-пламеници, електро-отпорни грејачи, електроди кај индустриските печки, садови за сипување и топење на метали;
б) облоги на печки ако поинаку не е договорено;
4) делови на машини: сите релјефни и други заменливи облоги на валците, валци, облоги на гребени-чешљуги, оклоп на млинови, флексибилни цевки, ремени, четки, обрачи, оплати (од гума, текстил или синтетички материјал), влошки за филтри, филтер платна, средства за термичка изолација, освен на топловодите и пароводите и заптивање, делови на спојници изложени на брзо трошење (гумени прстени, ламели и сл.) и преносни гумени кабли;
5) експлоатациски материјал (гориво, мазиво, разладни средства, хемикалии, средства за чистење), сијалици, јавни расветла од сите видови освен од удар на страно тело во столб и сл.;
6) xxxxxxx и xxxxxx;
7) ленти, синџири и јажиња на транспортните уреди, доколку не е посебно договорено и платена дополнителна премија;
8) катализатори;
9) предмети изложени на саеми, изложби и пазари.
ОСИГУРЕНИ ОПАСНОСТИ ОД ПОЖАР И НЕКОИ ДРУГИ ОПАСНОСТИ
Член 2
(1) Со осигурувањето по овие услови се дава осигурителна заштита од следните ризици:
1) пожар и удар на гром;
2) експлозија, освен експлозија од нуклеарна енергија доколку поинаку не е договорено,
3) луња;
4) град;
5) излевање на вода од водоводни и канализациони цевки;
6) удар на сопствено моторно возило или на сопствена работна машина во осигурениот градежен објект;
7) паѓање и удар на воздушни летала од сите видови;
8) манифестација и демонстрација;
9) поплава, порој, високи и подземни води;
10) лизгање, слегнување и одронување на тлото;
11) снежна лавина;
12) подлокување од надворешната страна на хидроградежните објекти;
13) притисок на водата предизвикан од поплавата на каналите, тунелите и цевководите;
14) самозапалување на залихи;
15) истечување на течности.
(2) При остварување на осигурен случај од ризиците назначени во став 1 од овој член со осигурувањето се покриени:
1) штетите од оштетување и/или уништување на осигурените предмети предизвикани при спасување (рушење, изнесување, укажување на помош и сл.) поради настанат осигурен случај;
2) штетите поради исчезнување на осигурените предмети при настанување на осигурен случај;
3) трошоците направени за расчистување во врска со настанатиот осигурен случај;
4) трошоците кои осигуреникот ги направил кога настанал осигурениот случај за мерките преземени поради отстранување и/или намалување на штетата во висина според член 25 на овие услови.
(4) Осигурувачот е во обврска да исплати надоместок само во случај на непосредни штети на осигурените предмети. Со осигурувањето Според овие услови не се покриени посредните штети поради настанат осигурен случај (загубена кирија, загубена добивка, намалување на вредноста на оштетениот предмет и сл.)
ДЕФИНИЦИИ НА ОСИГУРЕНИТЕ ОПАСНОСТИ (РИЗИЦИ) ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД ПОЖАР
Член 3
(1) Пожар во смисла на овие услови се смета оган настанат надвор од одреденото огниште или оган кој ова огниште го напуштил и е способен и понатаму да се развива со своја сопствена сила.
(2) Не се смета дека настапил пожар и осигурувачот не е во обврска да плати надоместок ако осигурениот предмет е уништен или оштетен:
1) поради изложување на корисен оган или топлина заради обработка или во друга намена (на пример во индустриската преработка, приглачење, сушење, пржење, печење и сл.) или поради паѓање или фрлање во огништа (печка, шпорет и сл.);
2) со осмадување (подгорување), опрлување, или со прегорување од цигари, направи за осветлување (жар, жарчиња) и сл.
3) поради вриење или затоплување, варење, чадење и слично.
(3) Со осигурувањето од опасност на пожар не се опфатени штети на оџаците настанати во врска со вршењето на нивната нормална функција.
ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД УДАР НА ГРОМ
Член 4
(1) Со осигурувањето од удар на гром, во смисла на овие услови се покриени штети што ги предизвикал гром со делување на сила и топлина, како и штети од удар на предмети соборени од громот.
(2) Со осигурувањето не се опфатени и осигурувачот не е во обврска да плати надоместок:
1) за штети на осигурените електрични постројки, апарати (вклучувајки ги и апаратите за готвење, пеглање, греење на кревети, радио апарати, телевизиски приемници, лампи, сијалици и сл.) или електрични водови поради дејствување на електрична енергија, пренапон или загревање поради преоптоварување, атмосферски влијанија, како статичко оптоварување, индукција поради атмосферски празнења и слични појави, затоа што такви штети се сметаат за погонски, меѓутоа се надоместува штетата од пожар кој би настанал со делување на електричната енергија како последица на тоа делување и понатаму самостојно се развивал;
2) штети предизвикани со пренесување на електрична енергија преку водови како последица од удар на гром
како и штети на заштитните осигурувачи од било кој вид, на заштитните прекинувачи и одводници, громобраните и слични уреди, настанати при вршењето на нивната нормална функција.
ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД ЕКСПЛОЗИЈА
Член 6
(1) Под експлозија, во смисла на овие услови со исклучок на експлозија од нуклеарна енергија се смета ненадејно пројавување на сила, заснована на стремежот на пареа или гасови за проширување.
Експлозија на садови под притисок (казани, цевки и сл.) постои само тогаш кога ѕидовите на садот во толкава мерка се искинати што се јавува моментално изедначување на внатрешниот и надворешниот притисок.
(2) Со осигурувањето не се опфатени:
1) штети на предметите на осигуреникот предизвикани со минирање кое се врши во рамките на неговата дејност или во рамките на дозволените дејности на трети лица;
2) штети на машините предизвикани од експлозија во местото на внатрешно согорување (цилиндер на моторот);
3) штети од експлозивно издувување на печки и слични направи;
4) штети од експлозија која е нормална појава во процесот на производство;
5) штети од експлозија од биолошки карактер;
6) штети поради пробивање на звучен зид,
7) штети од експлозија на садовите под притисок од став 1, алинеја 2 од овој член поради дотраеност, истрошеност или прекумерни наслаги на: рѓа, каменец, талог, тиња на осигурените предмети, но се надоместуваат штети на другите предмети во врска со настанатата експлозија.
ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД ЛУЊА
Член 7
(1) Луња, во смисла на овие услови се смета ветер што дува со брзина од 17,2 метри во секунда,односно 62 км на час и со јачина од 8 степени или повеке по Бофоровата скала.
Ке се смета дека дувал ветер со оваа брзина во местото каде се наога осигурениот предмет, ако ветерот кршел гранки и стебла или оштетил добро одржувани градежни објекти. Во случај на сомнение осигуреникот мора да ја докаже брзината на ветрот со извештај од хидрометеоролошка служба.
(2) Штетите од луња се опфатени со осигурувањето ако се предизвикани механички оштетувања на осигурените предмети:
1) со непосредно дејство на луњата;
2) со директен удар на предмети соборени или носени од луњата како и од пробивање на дожд, град, снег или други наноси во внатрешноста на објектот преку отворите што ги направила луњата.
(3) Со осигурувањето од луња не се опфатени штети:
1) од пробивање на дожд град, снег или други наноси низ отворени врати, прозорци или други отвори што постојат во објектот и не ги направила луњата;
2) од дожд, град, снег или други падавини на предметите сместени на слободен простор (пластови, камари и сл., во купишта, под настрешници и во останатите отворени објекти;
3) над со пропис предвидена тежина на снег;
4) на градежниот објект кој не бил изграден според вообичаен начин на градба во тоа место, или објект кој е слабо одржуван или дотраен;
5) на фолиите од вештачки материјал на топлите леи, кои служат за покривање на растенија непосредно или во облик на тунел.
ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД ГРАД (ГРАДУШКА)
Член 8
(1) Со осигурувањето се опфатени штети од уништување, односно оштетување на осигурените предмети кои ги предизвикал градот (градушка) со својот удар.Опфатени се и штети од пробивање на дожд и град низ отвори настанати од паѓање на град (градушка).
(2) Со осигурувањето не се покриени штети на стаклени топли леи и стакленици, како ни штети на молерајот (жбуки), на фасади, слабо одржувани или дотрајани објекти.
(3) Доколку посебно се договори, покриени се штети на стакла и најлони за топли леи и стакленици, освен за најлони чиј век на траење по гаранцијата на производителот е помал од една година.
ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД УДАР НА СОПСТВЕНО МОТОРНО ВОЗИЛО И СОПСТВЕНА РАБОТНА МАШИНА
Член 9
(1) Со осигурувањето се опфатени штети на осигурениот градежен објект кои ќе настанат со удар на сопствено моторно возило и сопствена работна машина.
(2) Со осигурувањето се опфатени и штети на другите осигурени предмети кои ќе настанат како последица на рушење на градежниот објект или на дел од објектот предизвикани со удар на сопствено моторно возило и сопствена работна машина.
ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД ПАГАЊЕ НА ВОЗДУШНИ ЛЕТАЛА
Член 10
(1) Паѓање на воздушни летала, во смисла на овие услови, се смета паѓање на воздушно летало од било кој вид на осигурениот објект.
(2) Се смета дека настанал осигурен случај од пагање на воздушното летало ако од директен удар на воздушното летало или од директен удар на неговите делови како и предмети од воздушното летало, осигурените предмети се уништат или оштетат.
ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД МАНИФЕСТАЦИИ И ДЕМОНСТРАЦИИ
Член 11
(1) Манифестација и демонстрација, во смисла на овие услови, се смета организирано или спонтано јавно изразување на расположението и желбите на група луѓе дозволено од страна на владините органи.
(2) Се смета дека настанал осигурен случај од манифестација или демонстрација ако осигурениот предмет е уништен или оштетен на било кој начин на делување на манифестантите односно демонстрантите (рушење, демолирање, кршење, палење и сл.).
ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД ПОПЛАВА, ПОРОИ И ВИСОКИ ВОДИ
Член 12
(1) Поплава во смисла на овие услови, се смета стихијно неочекувано поплавување на теренот од постојани води (реки, езера, мориња и др.) поради тоа што водата се излила од коритата или ги прелила одбрамбените насипи или брани, излевање на вода поради вонредна висока плима и бранови со необична јачина на море и езера и од надојдување на вода од вештачки езера.
За поплава се смета и неочекувано поплавување на теренот поради нагло создавање на големо количество на водена маса која настанала како последица од провала на облак.
Со осигурувањето од поплава опфатени се само штети предизвикани на осигурениот објект за време додека поплавата трае и непосредно после повлекување на водата.
(2) Под порој се смета стихијно неочекувано поплавување на теренот со водена маса која се создава на стрмни терени поради големи атмосферски врнежи и се слива во улиците и патиштата.
(3) Со осигурувањето не се опфатени:
1) штети од внатрешната страна на цевководите, каналите и тунелите предизвикани со механичко дејство на водата;
2) штети од габички настанати поради влага;
3) штети од подземни води во ускопи, нископи подземни ходници и јами во рудниците;
4) штети од поплава на вода излеана од канализациона мрежа, освен ако до излевањето дошло поради поплава или порој;
5) штети на предметите сместени во живи и суви корита на потоци и реки, како и на простор помегу потоци, односно реки и насипи (инудационо подрачје), освен ако поинаку не е договорено,
6) штети на полупроизводи, готови производи, стока и материјал кои не се складирани по важечките прописи.
(4) Со осигурувањето не се опфатени ни штетите на хидроградежните објекти поради поткопување на надворешните страни, а на канали, тунели и цевководи ни штети од притисок предизвикан од поплава во смисла од претходниот став, освен ако поинаку не е договорено.
(5) Со осигурувањето не се опфатени штети на хидроградежните објекти од високи води.
(6) Висока вода во смисла на овие услови се смета:
1) ненадејна појава на необичаен пораст на водостојот во неочекувано време;
2) подземна вода како последица од висока вода.
Обврските на осигурувачот за штети од високи води и подземни води како нивна последица почнува со порастот на високите води над однапред утврдените месечни коти на водостојот или проектот измерени според најблиску поставениот покажувач на водостојот.
За секој месец нормален е оној најголем месечен водостој за последните 20 години кој го покажува покажувачот на водостојот на најблискиот осигурен предмет со исклучок на посебно високите водостои.
ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД ИЗЛЕВАЊЕ НА ВОДА ОД ВОДОВОДНИ И КАНАЛИЗАЦИОНИ ИНСТАЛАЦИИ
Член 13
(1) Излевање на вода, во смисла на овие услови се смета неочекувано излевање на вода од водоводни и одводни (канализациони) цевки, како и од уредите за греење на згради со топла вода или парно греење и други уреди и апарати кои се приклучени на водоводната мрежа, поради оштетување, кршење, прскање или откажување на уредот за управување и сигурност на тие цевки, уреди и апарати.
(2) Осигуреникот е должен да се грижи за одржување на водоводните и одводните канализациони мрежи, уреди за греење со топла вода и парно греење како и за нивната заштита од замрзнување.
(3) Со осигурувањето не се опфатени штети:
1) од излевање на вода од отворени славини како и од одводни (канализациони) инсталации ако штетата настанала поради запушување на инсталациите;
2) настанати на самите водоводни и одводни инсталации, уреди, апарати и котли;
3) поради дотрајаност, истрошеност и корозија;
4) од габички настанати поради влага;
5) загуба на вода и загубена добивка;
6) штети на хидроскопни залихи кои не се складирани на палети високи најмалку 10 см или на пропишан начин;
7) настанати како последица на повреда на должноста на осигуреникот од став 2 на овој член;.
8) од излевање на вода од олуци и цевки за одвод на дождовница;
9) од слегнување на земјиште како последица од излевање на вода од водоводни и канализациони инсталации;
10) поради смрзнување на инсталациите кои се под контрола на осигуреникот.
ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД ЛИЗГАЊЕ НА ЗЕМЈИШТЕ
Член 14
(1) Под лизгање на земјиште, во смисла на овие услови, се сметаат ненадејни движења на земјината површина на коси терени со јасни манифестации на расцепување на површината на земјиштето и срозување, кои со појава на силни деформации и пукнатини на градежни објекти настануваат во краток период.
(2) Под одронување на земјиште во смисла на овие услови, се смета откинување и паѓање на материјалот како геолошка појава или во врска со лизгање на теренот.
(3) Се смета дека настанал осигурен случај, доколку деформациите, оштетувањата или уништувањата на осигурениот предмет настанале поради движење на земјиштето, притисок или удар на земјишниот материјал.
(4) Со осигурувањето не се опфатени штети:
1) на осигурениот предмет доколку лизгањето на земјиштето или одронувањето се предизвикани со дејноста на осигуреникот или со дејноста на било кое трето лице;
2) сосигурувањето не се опфатени трошоците за санирање на земјиштето.
ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД СЛЕГНУВАЊЕ НА ЗЕМЈИШТЕ
Член 15
(1) Под слегнување на земјиште, во смисла на овие услови се смета ненадејно вертикално движење на земјиното тло улегнување како геолошка појава.
(2) Со осигурување по овие услови се опфатени штети од уништување и/или од конструктивно оштетување на осигурените предмети. Под конструктивно оштетување на осигурените предмети се сметаат деформации, пукнатини, кршење на пооделни витални делови, објекти, уреди, инсталации и сл., без кои предметот, уредите, инсталациите и сл. не можат да се стават во предвидената функција и/или безбедно да се користат.
(3) Со осигурувањето по овие услови не се се покриени штети на осигурените предмети кај кои не настанало оштетување во смисла на став 1 и 2 од овој член:
1) слегнување заради грешка во статичка пресметка;
2) промена во естетскиот изглед на осигурената ствар;
3) центрирање, испитување и пуштање во работа на машини и уреди кај кои настанало оштетување на виталните делови;
4) испитување и пуштање во работа на инсталациите од сите видови;
5) кршење на стакло од сите видови;
6) пукнатини на земјишните објекти кои не ја загрозуваат стабилноста или функционалноста на објектот;
7) пукнатини на сите делови на градежниот објект кои не влијаат на стабилноста на тој дел или на целиот објект;
8) малтерски пукнатини од сите видови;
9) пукнатини на керамички и други обложени плочки;
10) молеро-фарбарски и собосликарски работи на градежните објекти.
(4) Со осигурувањето не се опфатени индиректни штети како последица на слегнување на земјиштето и тоа:
1) загуби на производство;
2) загуби поради престанување на работата;
3) договорена загуба или одговорност;
4) трошоци направени при спасување и расчистување;
5) трошоци за санација на земјиштето-тлото.
ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД СНЕЖНА ЛАВИНА
Член 16
(1) Снежна лавина, во смисла на овие услови се смета снежна маса во движење која се одвојува од планинските страни.
(2) Со осигурувањето се опфатени и штети предизвикани со делување на воздушниот притисок од снежната лавина.
ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД ИСТЕЧУВАЊЕ НА ТЕЧНОСТИ (ЛЕКАЖА)
Член 17
(1) Истечување (лекажа), во смисла на овие услови, се смета истечување на течности односно излегување на гасови од неподвижни садови - цистерни, цевководи и сл., ако течноста истече поради ненадејно прскање на садот или неочекуван дефект на вградените уреди за испуштање и истечување на течности.
(2) Со осигурувањето се покриени штети само на осигурените течности односно гасови доколку не е поинаку договорено.
(3) Ако посебно е договорено и е пресметана дополнителна премија со осигурувањето се опфатени и штетите на осигурените предмети од истечување на течности односно гасови.
(4) Осигурувачот не е во обврска да го исплати надоместот ако осигурените течности истечат затоа што прскањето на садот или дефектите на уредите настанале поради дотрајаност, лошо одржување на садовите, односно уредите, лошо зачепување или од лош затворач.
ОБЕМ НА ОПАСНОСТ ОД САМОЗАПАЛУВАЊЕ НА ЗАЛИХИ
Член 18
(1) Самозапалувањето е физичко-хемиски и биолошки процес на преогање на материјата од цврста состојба во состојба на пепелив прав без влијание на надворешни извори на пламен или високи температури.
(2) Материи склони на самозапалување се материи од растително потекло (сено, житарици и сл.), тресет и фосилните јаглени, масти и масла од растително потекло, хемиски материи и смеси (фосфор, цинков и алуминиски прав), соединенија, хидросулфиди на натриум, карбид на калциум и др.).
Влакнастите материјали поседуваат посебна способност на самозапалување само во случаите ако се натопени во растителни и животински масти: ленено, конопно и памучно масло, фирнајс, рибино масло и др.
(3) Опасноста од самозапалување на залихи е опфатена со осигурувањето само ако залихите се складирани и останатите работи се извршени по законски, односно технички прописи.
ОСИГУРУВАЊЕ НА РИЗИЦИ ОД КРШЕЊЕ МАШИНИ И НЕКОИ ДРУГИ ОПАСНОСТИ
Член 19
(1) Со осигурувањето се дава осигурителна заштита од оштетување или уништување на осигурените предмети од незгода во погонот, под која се подразбираат настаните што се случуваат непредвидено и одненадеж во врска со користење на осигурените предмети, и тоа:
1) грешка во материјалот, изработката и конструкцијата;
2) непосредно дејство на електрична енергија при појава на куса врска, пренапон и електричен лак;
3) распагање поради дејство на центрифугална сила;
4) недостаток на вода во парни котли и апарати со пареа, освен во случаите во кои следи експлозија;
5) мраз, притисок на мраз или снег или непосредно движење на мразот;
6) надпритисок или подпритисок (имплозија);
7) откажување (затајување) на уредите за заштита и регулирање, како и на елементите за автоматско управување со кои машината е опремена;
8) неспретност, невнимание или лоша намера на работниците или некое друго лице;
9) поради паѓање на осигурените предмети, удар или навлегување на страно тело (предмет) во осигурената ствар;
10) заглавување во текот на дупчење во дупки;
(2) Осигурувањето не ги покрива ризиците што не се наведени во став 1 од овој член како ни:
1) основните и дополнителните ризици кои се опфатени со Условите за осигурување од опасност од пожар и од некои други опасности;
2) провална кражба и разбојништво, штетно дејство на нуклеарна енергија, ерупции, истражни ерупции освен ако тоа посебно не се договори;
3) штетите поради недостатоци или грешки кои постоеле во моментот на склучување на осигурувањето, а кои би морале да му бидат познати на осигуреникот;
4) непосредни последици на трајни хемиски, термички, механички, атмосферски и други влијанија и услови за сместување и работа, оксидации, стареење, корозија, зрачење, прекумерни вибрации и слично;
5) последици од сите видови на трошење, абење, ерозија, кавитација и сл.;
6) прекумерни наслаги на рѓа, каменец на котловите, талог, тиња и сл., па и кога поради тоа настанало уништување или оштетување на осигурените предмети;
7) преоптовареност на машинските, и електрични уреди, апарати и инсталации преку границите на нивните проектни параметрии;
8) ставање во погон пред конечната поправка;
9) монтирање и пробно испитување на новите предмети,
10) динамично вртење на ротациони делови на машините, ротори, турбини, генератори и сл., освен ако тоа посебно не се договори;
11) повреда на техничките и други прописи и упатства за техничка експлоатација на осигурените предмети како и непревземање на заштитни мерки.
(3) Осигурувачот исто така не е во обврска:
1) за посредни штети настанати во врска со осигурениот случај загуба на заработувачка, xxxxxxx, казни и сл.;
2) за штети за кои по законски прописи или по договор одговара производителот односно испорачателот на предметите. Ако производителот, односно испорачателот ја оспорува одговорноста а штетата е предизвикана со незгода во погонот, одредена во став 1 од овој член, осигурувачот ќе му исплати надомест на осигуреникот, а потоа до износот на исплатениот надомест ќе стапи во сите права на осигуреникот спрема производителот односно испорачателот;
3) за трошоците за демонтирање и монтирање, кои се направени со цел за редовен преглед или одржување на осигурените предмети (периодични поправки или замена на истрошените делови), па и во случај кога ќе се утврди оштетување од осигурен ризик (опасност).
Надоместот при настан на ваков осигурен случај ќе ги покрие само трошоците за поправка или замена на оштетените делови кои не биле предвидени за периодична поправка односно замена.
4) Во случај кога постољето, лежиштето или темелот не се содржат во вредноста на осигурените предмети а се вклучени во осигурување, осигурувачот е во обврска да дава осигурителна заштита од опасностите од став 1 од овој член само ако оштетувањето на истите е последица на оштетување или уништување на машината од опасностите покриени со овие услови.
5) Ако посебно се договори осигурувачот е во обврска да исплати надомест на штета поради оштетување или уништување на осигурените предмети од ерупција која би настанала при опитно дупчење.
ВАЖНОСТ И МЕСТО НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 20
Кај осигурувањето од ризикот пожар и некои други опасности
(1) Осигурувањето важи за времето додека осигурените предмети се наоѓаат во местото назначено во полисата.
(2) Осигурувањето е во важност и тогаш кога сите осигурени предмети ќе се преместат од местото што е означено на полисата на некое друго место во рамките на осигурениковото седиште на територија на Република Македонија и за кое место благовремено е известен осигурувачот.
Кај осигурувањето од ризикот крш на машини и други опасности
(1) Осигурувањето важи за времето додека осигурените предмети се наогаат во местото назначено во полисата и за време кога:
1) се монтирани и готови за работа;
2) се наоѓаат во работа;
3) се дадени под наем или на послуга, доколку работат во услови и служат на намената за која се проектирани и градени;
4) кога се демонтираат и ремонтираат поради преместување или поправка, како и за времетраењето на поправката на местото на користење или во работилница на осигуреникот, под услов преместувањето или поправката да ги обавуваат работници на осигуреникот;
5) кога заради проверка на исправноста, поправка или преместување, се превезуваат, но само во границите на микролокацијата на погонот и најмногу до 15 км надвор од границите на микролокацијата
(2) Осигурувањето е во важност и кога сите осигурени предмети ќе се преместат од местото што е означено на полисата на некое друго место во рамките на седиштето на осигуреникот на територија на Република Македонија.
ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Член 21
(1) Се смета дека настанал осигурен случај во моментот кога поради една од осигурените опасности почнало да настанува оштетување или уништување на осигурените предмети.
ВРЕДНОСТ НА ОСИГУРЕНИТЕ ПРЕДМЕТИ
Член 22
(1) Вредноста на осигурените предмети е:
1) за сите видови на градежни објекти – висината на цената на изградениот нов објект Според цените во местото каде се наоѓа објектот, намалена за износот на проценатата истрошеност;
2) за мебел, уреди, машински справи, инсталации и апарати
– висината на набавната цена на нови такви предмети намалена за износот на проценатата истрошеност (техничка и економска);
3) за обртни материјални средства (суровини, полупроизводи, ситен инвентар и сл.) и немонтирана опрема – во висина на цените по кои е склучено осигурувањето, односно по набавните цени ако се пониски;
4) за предмети од злато и платина, непреработени благородни метали, скапоцени камења, ретки и скапоцени предмети, уметнички предмети, планови, цртежи, модели, калапи, документи, ракописи и деловни книги – во висина на износот договорно одреден помеѓу осигурувачот и договорувачот на осигурување/осигуреникот. Ако тој износ не е договорно утврден предметите назначени во оваа точка се сметаат за осигурени до најмногу 500 ЕУР по парче и 2.500 ЕУР по збирка во денарска противвредност по средниот курс од Народна Банка на Република Македонија на денот на настанување на штетата.
НАПЛАТА НА ПРЕМИЈАТА И ПОСЛЕДИЦИ ОД НЕПЛАЌАЊЕ
Член 23
(1) Договорувачот на осигурувањето/осигуреникот е должен да ја плати премијата за осигурување, но осигурувачот е должен да ја прими уплатата на премијата од секое лице кое има правен интерес таа да биде платена
(2) Првата или еднократната премија за осигурување осигуреникот мора да ја плати при приемот на полисата за осигурување.
(3) При плаќање на премијата преку фактура или некој друг документ, каде обично се определува рокот на плаќање на првата премија, се смета дека премијата за осигурување е платена доколку плаќањето е извршено до рокот на доспевање на фактурата или некој друг документ.
(4) Ако е договорено премијата, да се плаќа на рати, и не се пресметани камати поради одложување на плаќањето, при настан на осигурен случај доспеваат за плаќање сите рати на премијата од тековната осигурителна година.
(5) Доколку е договорено премијата, да се плаќа на рати или наназад, може да се пресмета редовна камата од износот на премијата, за која е договорено одложување на плаќањето. Ако премијата на рати не е платена до денот на доспевање, може да се пресмета и затезна камата.
(6) Доколку премијата е платена по пошта или банка, за време на плаќање се смета денот кога средствата приспеваат на трансакциската сметка на осигурувачот.
(7) Ако на осигуеникот му се признал попуст за времетраење на осигурувањето и тој тоа го прекинал пред истекот на договорениот рок, осигурувачот има право да ја наплати разликата до премијата што осигуреникот би требало да ја плати ако осигурувањето било склучено само за период до прекинувањето.
(8) Во случај кога договорот за осигурување престанува да важи поради неплатена премија осигуреникот мора да ја плати премијата до денот на важењето. Ако до денот на важењето на договорот за осигурување настанал осигурен случај, за кој осигурувачот мора да плати отштета, осигуреникот мора да ја плати целата премија за тековната осигурителна година.
УТВРДУВАЊЕ НА НАДОМЕСТ ОД ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 24
(1) Висината на надоместот на осигурувањето се утврдува:
1) во случај на уништување или исчезнување на предмети според вредноста на осигурените предмети дефенирана во член 22 на овие услови за време на настанување на осигурениот случај намалена за вредноста на остатоците,
2) во случај на оштетување на предметите во висина на трошоците за поправка според цените на материјалот и работата за време на настанување на осигурениот случај, намалени за износот на просечната истрошеност и вредноста на остатоците ако поинаку не е договорено. Во трошоците за поправка пресметани се и трошоците за демонтажа, монтажа и превоз кои се за таа цел направени;
3) ако при поправка на предметите оштетени поради еден од осигурените ризици од овие Услови, одделни делови се заменат со нови, при пресметка на надоместот ќе се земе во предвид намалената вредност на заменатите делови поради истрошеност, освен ако не е поинаку договорено;
4) поголемите трошоци, како трошоци за други поправки, кои не се во врска со настанатиот осигурен случај на осигурените предмети и трошоците за направеното подобрување при поправката и слично, паѓаат на товар на осигуреникот;
5) ако трошоците за поправка (трошоци за воспоставување на техничка исправност) на оштетеното средство се поголеми од трошоците за поправка со замена на одделни делови на оштетеното средство со нови, штетата
се надоместува во износ на трошоците за поправка со замена на нови делови;
6) осигурувачот не е во обврска да ги надомести трошоците кои осигуреникот ќе ги направи поради измена во проектот, конструкцијата, материјалот, локацијата и слично, па и тогаш кога е таа измена моментално или трајно добронамерна за воспоставување на техничка исправност, односно за понатамошна експлоатација (користење) на средствата;
7) ако трошоците за поправка на оштетениот предмет се поголеми од вредноста на осигурениот предмет на денот на настанување на осигурениот случај, ќе се постапи како да е предметот уништен и надоместот ќе се пресмета според точка 1 од овој став;
8) осигурувачот не е во обврска да ја надомести вредноста на целиот уред или апарат ако оштетениот односно уништениот дел не може да се набави или поправи затоа што апаратот – уредот е набавен во странство или повеќе не се произведува.
Во таков случај осигурувачот е во обврска да ја исплати само вредноста на оштетениот, односно уништениот дел на апаратот, а висината на надоместот се утврдува пропорционално според неговото учество во целината или според вредноста на слични или истовидни предмети.
9) ако сумата на осигурување е помала од вредноста на предметите за време на настанување на осигурениот случај (подосигурување) штетата ќе се надомести во однос помеѓу сумата на осигурување и вредноста на осигурените предмети (пропорција);
10) штети на полнење (работен медиум) се надоместуваат во процентуална вредност според векот на траење по постојните прописи и под услов штетата да е последица од оштетувањето на машината од опасностите покриени со овие услови;
11) ако е посебно договорено и пресметана дополнителна премија осигурувачот ќе ги надомести и трошоците:
а) за земјени работи, вклучувајќи и асфалтирање и трошоци за изнаоѓање грешки односно места на штети на далноводите, каблите и цевководите;
б) за ноќни, празнични и продолжени работи.
12) оштетена или уништета опрема од увоз, може да се поправи или набави во странство само ако таа опрема не може да се поправи или набави во Република Македонија. Ако увозната опрема биде уништена, а истата таква опрема со исти квалитет се произведува во Република Македонија, на име отштета ќе се признае вредноста утврдена според опремата на домашниот пазар намалена за износот на проценетата истрошеност и вредноста на остатоците;
13) во случај трошоците за поправка на оштетената опрема од увоз да ја преминуваат вредноста на иста таква нова опрема која може да се набави во земјата, на име отштета ќе се признае вредноста на таква нова опрема по цена на домашниот пазар намалена за износот на остатоците на оштетената опрема од увоз;
14) договорувачот на осигурувањето/осигуреникот не може да го замени оштетениот предмет или дел на тој предмет со нов, ако може да се изврши поправка и после тоа не постои опасност за сигурност во погонот или експлоатација;
15) неопходните трошоци за отстранување и смалување на штетата направени по упатство на осигурувачот се надоместуваат и кога нивниот надомест ја надминува сумата на осигурувањето;
16) ако договорувачот на осигурување/ осигуреникот оштетените средства ги поправи во сопствена режија ќе му се признае режиски час. Режискиот час не може да биде поголем од режискиот час на другите ремонтни претпријатија овластени за изведување на таков вид на
работа кои се наоѓаат најблиску до местото на осигурување.
(2) Доколку не е поинаку договорено надоместот од осигурувањето се намалува за договореното учество на осигуреникот во секоја штета (франшиза)
НАДОМЕСТ НА ТРОШОЦИ
Член 25
(1) На име трошоци направени за расчистување, чистење и рушење во врска со настанатиот осигурен случај на осигурените предмети осигурувачот ги надоместува неопходните издатоци за тоа но најмногу до 3% од износот на претрпената штета.
Во трошоците за расчистување спаѓаат неопходните издатоци за одвоз на огорнината, шутот и тињата до најблиското место за истовар.
Во трошоците за рушење спаѓаат неопходните издатоци при настанување на осигурениот случај за рушење на преостанатите оштетени неупотребливи делови и нивното однесување до најблиското дозволено место за истовар.
(2) Осигурувачот ги надоместува неопходните трошоци при настанување на осигурен случај за превземените мерки заради отстранување и намалување на штетата па и тогаш кога тие мерки не биле успешни.
(3) Вкупниот надомест на име трошоци и на име надомест од осигурување не може да ја надмине сумата на осигурување освен кај нужните трошоци за отстранување и намалување на штетата направени по налог на осигурувачот, кои се надоместуваат и тогаш кога заедно со надоместот од осигурување ја надминуваат сумата на осигурување.
(4) Во случај на подосигурување трошоците за расчистување, рушење, отстранување и намалување на штетата се надоместуваат во ист однос како и надоместот од осигурување, освен во случај кога тие трошоци се направени по налог на осигурувачот.
(5) Осигурувачот не е во обврска да ги надомести трошоците настанати за отстранување на причинителот на штетата, како и трошоците за интервенција на противпожарните друштва или други организации чија должност според карактерот на работата е бесплатно да даваат помош кога ќе настане осигурен случај.
ПОСТАПКА НА ПИСМЕН ПРИГОВОР И ВЕШТАЧЕЊЕ
Член 26
(1) Доколку осигуреникот не е задоволен од обемот и видот на надоместот на штетата дозволен е писмен приговор до надлежниот орган на осигурувачот.
(2) Надлежниот орган на осигурувачот ги разгледува и приговорите во кои се тврди дека дошло до кршење на деловниот морал.
(3) Секоја од договорните страни може да бара одредени спорни факти да ги утврдат вештаци . Ако другата страна се сложува со тоа, се пристапупа кон вештачење.
(4) Секоја договорна страна писмено именува свој вештак. Избраните вештаци пред почетокот на работата избираат трет вештак, како претседател кој не може да биде од редовите на лицата кои се во работен однос со осигурувачот и осигуреникот.
(5) Вештаците му предаваат на осигурувачот и осигуреникот по еден примерок од својот писмен наод во определен рок. Ако наодите на вештаците меѓусебно отстапуваат, осигурувачот нивните писмени наоди веднаш ќе му ги предаде на третиот вештак, кој своето стручно мислење го дава само во границите на констатациите од двата вештаци
(6) Констатациите на вештаците се задолжителни за двете страни.
(7) Секоја договорна страна ги сноси трошоците на вештакот што го бира и половина од трошоците за третиот вештак.
(8) Кај осигурување на машини, машински делови, инсталации и
апарати вештаците се должни да покрај проценетата висина на штетата да утврдат и:
1) причината на штетата, утврдена или претпоставена;
2) трошоците за поправка, превози и монтажа;
3) новонабавената вредност на уништените, односно оштетените предмети;
4) стварната вредност на уништените, односно оштетенате предмети;
5) зголемената вредност на предметите поради поправка, односно замена на старите со нови делови;
6) вредноста на неупотребливите нови делови од остатоците.
ВАЖНОСТ НА ОПШТИТЕ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ИМОТ
Член 27
(1) Составен дел на овие Услови се Општите услови за осигурување на имот. Одредбите на Општите услови за осигурување на имот се применуваат доколку не се во спротивност со одредбите на овие Услови.