Contract
Врз основа на член 32 став (1) точка 4) и член 193 став (4) од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19), Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија на седницата одржана на 18 октомври 2019 година донесе
Р Е Ш Е Н И X
за одобрување на Образец на Договор за откуп на електрична енергија произведена од повластен производител на електрична енергија од обновливи извори на енергија којшто користи повластена тарифа
1. На Националниот оператор на пазар на електрична енергија МЕМО ДООЕЛ Скопје му се одобрува Образецот на Договор за откуп на електрична енергија произведена од повластен производител на електрична енергија од обновливи извори на енергија којшто користи повластена тарифа.
2. Одобрениот Образец од точка 1 од ова Решение е во прилог на ова Решение.
3. Се задолжува Националниот оператор на пазар на електрична енергија МЕМО ДООЕЛ Скопје Образецот од точка 1 од ова Решение да го објави на својата веб страница.
4. Ова Решение влегува во сила со денот на донесување, а одобрениот Образец од точка 1 од ова Решение ќе се применува од 1 ноември 2019 година.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И X
Операторот на електропреносниот систем на Република Северна Македонија, Акционерското друштво за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем во државна сопственост Скопје (во понатамошниот текст: АД МЕПСО Скопје) како носител на лиценца за организирање и управување со пазарот на електрична енергија, до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: Регулаторна комисија за енергетика) на 21 јануари 2019 година достави предлог текст на Образец на Договор за откуп на електрична енергија произведена од повластен производител на електрична енергија од обновливи извори на енергија којшто користи повластена тарифа (во понатамошниот текст: Образец), заведен под архивски број 12-111/1, заради одобрување.
Регулаторната комисија за енергетика го разгледа предлог текстот на Образецот, по што во текот на месец јуни 2019 година се одржаа работни состаноци помеѓу претставници на Регулаторната комисија за енергетика и АД МЕПСО Скопје на кој беа разгледани и инкорпорирани забелешките на Регулаторната комисија за енергетика по однос на предлог текстот на Образецот.
По усогласување на забелешките и предлозите на работните состаноци, се изготви нов предлог текст на Образецот, кој беше предмет на разгледување на подготвителна седница одржана на 12 септември 2019 година.
Согласно заклучоците од подготвителната седница, заинтересираните страни до Регулаторната комисија за енергетика доставија писмени забелешки и коментари.
По усогласување на забелешките и предлозите доставени од заинтересираните страни, се изготви финален текст на Образецот којшто е предмет на одобрување на ова Решение.
Регулаторната комисија за енергетика на седницата одржана на 25 септември 2019 година донесе Одлука за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност организирање и управување со пазарот на електрична енергија на Националниот оператор на пазар на електрична енергија - МЕМО ДООЕЛ Скопје, за вршење на енергетска дејност организирање и управување со пазарот на електрична енергија, која започна да се применува на 1 октомври 2019 година.
Регулаторната комисија за енергетика постапувајќи по службена должност на седницата одржана на 30 септември 2019 година донесе Одлука за престанок на лиценца за вршење на
енергетска дејност организирање и управување со пазарот на електрична енергија на АД МЕПСО, која започна да се применува на 1 октомври 2019 година.
Имајќи го во предвид горенаведеното, Регулаторната комисија за енергетика на 18 октомври 2019 година одржа седница на која врз основа на член 193 став (4) од Законот за енергетика на Националниот оператор на пазар на електрична енергија - МЕМО ДООЕЛ Скопје како носител на лиценца за организирање и управување со пазарот на електрична енергија му се одобри Образецот кој е во прилог на ова Решение.
бр. 12-111/5 ПРЕТСЕДАТЕЛ
18 октомври 2019 година
Скопје Xxxxx Xxxxxxxxxx
ПРИЛОГ:
− Образец на Договор за откуп на електрична енергија произведена од повластен производител на електрична енергија од обновливи извори на енергија којшто користи повластена тарифа
Изготвил: Xxxxxxxxxx Xxxxxxxxxxx Xxxxxxxxxx Одобрил: Xxxxx Xxxxxxxx
Д О Г О В О Р
за откуп на електрична енергија произведена од повластен производител на електрична енергија од обновливи извори на енергија којшто користи повластена тарифа
Скопје, ДД.ММ. ГГГГ
1. (назив на правното лице) со седиште на ул. ,жиро сметка депонент во (банка) , со ЕДБ: , носител на лиценца за производство на електрична енергија, како продавач застапувано од
управител (во понатамошниот текст: Повластен производител) и
2. (назив на правното лице) со седиште на ул. , жиро
сметка депонент во (банка) , со ЕДБ: ,
носител на лиценца за организирање и управување со пазарот на електрична енергија, како купувач застапувано од , управител (во понатамошниот текст: оператор на пазарот),
(во понатамошниот текст: договорни страни), имајќи предвид дека:
(1) Повластениот производител се стекнал со статус на повластен производител којшто користи повластена тарифа врз основа на Решение за стекнување на статус на повластен производител донесено од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: Регулаторна комисија за енергетика) број
од година,
(2) Повластениот производител врши дејност производство на електрична енергија од (вид
на електроцентрала), лоцирана на со номинален инсталиран капацитет од
(во понатамошниот текст: електроцентрала),
(3) Електроцентралата на повластениот производител е приклучена на (електропреносниот или електродистрибутивниот), со Решение за согласност за приклучување број донесено од страна на (назив на операторот на електропреносниот или електродистрибутивниот систем ) на година.
(4) Регулаторната комисија за енергетика донесe Одлука за користење на повластена тарифа на електрична енергија бр. од година со која на повластениот производител му се одобрува користење на повластена тарифа за електричната енергија произведена од електроцентралата , и
(5) Операторот на пазарот е должен, во согласност со член 88, став (2), точка 11) од Законот за енергетика да склучува договори за откуп и продажба, како и преземање на балансна одговорност за произведената електрична енергија од повластените производители коишто користат повластена тарифа, како и согласно член 193, став (2) од истиот закон каде што е утврдено дека операторот на пазарот со електрична енергија е должен, по барање на повластениот производител, да склучи договор за откуп на електричната енергија по повластени тарифи во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето,
врз основа на барањето од повластениот производител број од година, на ДД.ММ.ГГГГ во Скопје склучија
Д О Г О В О Р
за откуп на електрична енергија произведена од повластен производител на електрична енергија од обновливи извори на енергија којшто користи повластена тарифа
ПРЕДМЕТ НА ДОГОВОРОТ
Член 1
(1) Со овој Договор се утврдуваат меѓусебните права и обврски при откуп на електричната енергија произведена во електроцентрала на повластениот производител од страна на операторот на пазарот, како и други права и обврски кои произлегуваат од Законот за енергетика и другите прописи со кои се уредуваат правата и обврските во однос на производството и откупот на електрична енергија произведена од повластен производител на електрична енергија од обновливи извори на енергија којшто користи повластена тарифа.
ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА ДОГОВОРОТ
Член 2
(1) Овој Договор се склучува на одредено време за период од години согласно периодот за користење на повластената тарифа утврден со Одлуката за користење на повластена тарифа на електрична енергија донесена од страна на Регулаторна комисија за енергетика број од
година.
(2) Овој Договор се применува од денот на влегување во сила на Одлуката од став (1) од овој член, односно од година и важи до година.
(3) Податоците за почетната состојба на броилото во 00,00 часот на денот определен во согласност со став (1) од овој член го констатираат овластени лица на договорните страни според податоците доставени од операторот на системот на којшто е приклучена електроцентралата на повластениот производител.
ОБВРСКА ЗА ПРОДАЖБА НА ЦЕЛОКУПНАТА ПРОИЗВЕДЕНА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА
Член 3
(1) Повластениот производител се обврзува дека за времетраењето на овој Договор ќе му ја продава целокупната електрична енергија произведена од (вид на електроцентрала), изградена на (локација на електроцентрала – КП, КО), со инсталирана моќност на електроцентралата од kW, исклучиво на операторот на пазарот.
(2) Операторот на пазарот се обврзува за времетраењето на овој Договор да ја откупи и да му ја плати на повластениот производител целокупната електрична енергија произведена од електроцентралата и предадена на електропреносниот или електродистрибутивниот систем.
(3) За времетраењето на овој Договор повластениот производител не смее да ја зголемува инсталираната моќност на електроцентралата утврдена во став (1) од овој член.
ИЗНОС НА ПОВЛАСТЕНА ТАРИФА
Член 4
Операторот на пазарот се обврзува да му ја плати на повластениот производител електричната енергија откупена во согласност со член 3 став (2) од овој Договор по повластена тарифа утврдена во Одлуката за користење на повластена тарифа на електрична енергија наведена во член 2, став (1) од овој Договор, којашто изнесува €cents/kWh.
НАМАЛУВАЊЕ НА ПОВЛАСТЕНАТА ТАРИФА
Член 5
(1) Договорните страни се согласни дека во случај кога се исполнети условите за намалување на повластената тарифа утврдена во член 4 од овој Договор за повластениот производител кој користи фосилни горива, откупот на електричната енергија произведена и испорачана од електроцентралата на повластениот производител кој користи фосилни горива од страна на операторот на пазарот ќе се врши по повластената тарифа согласно Одлуката за користење на намалена повластена тарифа на електрична енергија донесена од страна на Регулаторната комисија за енергетика за периодот утврден во Одлуката.
(2) Во случаите од став (1) од овој член повластениот производител не смее да користи фосилно гориво над највисокиот дозволен процент утврден со уредбата од ставот (3) на членот 187 од Законот за енергетика.
БАЛАНСНА ОДГОВОРНОСТ
Член 6
(1) Електроцентралата на повластениот производител припаѓа во балансната група каде што балансно одговорна страна е операторот на пазарот.
(2) Операторот на пазарот, во согласност со обврските утврдени во Законот за енергетика, Правилата за пазар на електрична енергија и Правилата за балансирање на електроенергетскиот систем, се додека трае овој договор е балансно одговорна страна за произведената електрична енергија од повластениот производител, и е должен на операторот на електропреносниот систем да му ги надомести трошоците за балансирање и потребните системски услуги поврзани со произведената електрична енергија од повластениот производител.
(3) Операторот на пазарот ќе ги врши работите од ставот (2) од овој член без да наплатува никаков надоместок од повластениот производител.
ФАКТУРИРАЊЕ
Член 7
(1) Повластениот производител, врз основа на мерните податоци доставени од операторот на системот на кој е приклучена електроцентралата, до петтиот ден во календарскиот месец до операторот на пазарот доставува фактура за испорачаната електрична енергија во пресметковниот период од претходниот календарски месец.
(2) Пресметковниот период започнува во 00,00 часот од првиот ден од календарскиот месец и трае до 00,00 часот во првиот ден од наредниот календарски месец.
(3) Фактурата од став (1) од овој член особено ги содржи:
1) називот на повластениот производител како и името и видот на електроцентралата во која е произведена електричната енергија,
2) бројот на овој Договор,
3) пресметковниот период,
4) износот на повластената тарифа,
5) почетниот датум и месецот за којшто се однесува фактурата,
6) вкупната количина на испорачаната електрична енергија изразена во киловатчасови (kWh) во пресметковниот период за која се наплатува повластената тарифа,
7) износот кој што треба да се плати за испорачаната електрична енергија,
8) средниот курс за Евро на Народната Банка на Република Северна Македонија на последниот работен ден од пресметковниот период,
9) износот на пресметаниот данок на додадена вредност, ако продавачот е даночен обврзник на овој данок,
10) вкупниот износ за плаќање и
11) крајниот рок за плаќање.
(3) Износот за плаќање од став (2), точка 7) од овој член се изразува во денари според средниот курс на Народна Банка на Република Северна Македонија на последниот работен ден во календарскиот месец за кој се однесува фактурата.
(4) Повластениот производител кој користи повластена тарифа за производство на електрична енергија од термоелектроцентрала на биогас, а кој има инсталирано дополнителна генераторска единица, не смее да ја фактурира количината на произведена електрична енергија од основната и помошната генераторска единица којашто е поголема за 10% од производството што соодветствува на 8.760 работни часови во годината за 1 MW инсталирана моќност на основната генераторска единица во текот на календарската година.
(5) Повластениот производител од став 4 на овој член за користењето на дополнителна генераторска единица е должен писмено да го извести Операторот на пазар за планираното времетраење и количина на електричната енергија произведена од дополнителната генераторска единица, во рок од седум работни дена пред планираното користење на дополнителната генераторска единица.
ПЛАЌАЊЕ НА ФАКТУРАТА
Член 8
(1) Операторот на пазарот е должен добиената фактура од член 7 од овој Договор да ја плати до 20- тиот ден во календарскиот месец, а доколку фактурата не е доставена до петтиот ден во календарскиот месец, операторот на пазарот е должен да ја плати фактурата во рок од 15 дена од денот на прием на фактурата.
(2) Операторот на пазарот може да достави барање за проверка (рекламација) во рок од три работни дена од денот на приемот на фактурата, при што е должен да го плати неспорниот дел од фактурата во рокот утврден во ставот (1) од овој член.
(3) Повластениот производител е должен да постапи по рекламацијата во рок од три работни дена од денот на приемот на барањето на операторот на пазарот на електрична енергија.
(4) Во случај кога рекламацијата е оправдана, повластениот производител во рок од пет работни дена од приемот на рекламацијата ќе изврши соодветни исправки на фактурата и фактурата во која се содржани исправките заедно со известување за основаност на рекламацијата ја доставува до операторот на пазарот.
(5) Рок за плаќање на оспорениот дел на фактурата е 15 дена од денот на приемот на известувањето за основаноста на рекламацијата.
(6) Ако Операторот на пазарот не ја плати фактурата во рокот определен во ставот (1) односно ставот
(5) од овој член, повластениот производител ќе му достави известување дека фактурата не е платена и ќе побара фактурата да биде платена во рок од 15 дена од приемот на известувањето.
ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ПЛАЌАЊАТА
Член 9
Операторот на пазарот ги прифаќа правните последици коишто произлегуваат од овој Договор и е согласен овој Договор да се солемнизира кај нотар и да претставува извршна нотарска исправа врз основа на која повластениот производител ќе може да бара спроведување на присилно извршување заради наплата на доспеани а неплатени побарувања коишто произлегуваат од овој Договор, со право, во согласност со одредбите од Законот за извршување коишто се применуваат врз присилно извршување на нотарски исправи, да бара да се спроведе постапката за присилно извршување од сите денарски и девизни жиро сметки на Операторот на пазарот, како и од целокупниот движен и/или недвижен имот со којшто располага Операторот на пазарот.
ПЛАНИРАЊЕ НА ПРОИЗВОДСТВОТО НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА
Член 10
(1) Во периодот на важење на овој Договор повластениот производител е должен на барање на операторот на пазарот да му достави на операторот на пазарот индикативен план за годишно производство на електрична енергија на електроцентралата за наредната година со месечна динамика.
(2) Договорните страни се согласни дека за првата година од работењето на електроцентралата повластениот производител ги определува податоците во планот од став (1) од овој член врз основа на техничката документација за изградбата на електроцентралата, а за секоја наредна година повластениот производител ги коригира податоците во планот врз основа на реално оствареното производство во истиот период во претходната година, земајќи ги предвид плановите за одржување и ремонти на електроцентралата.
ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА ЕЛЕКТРОЦЕНТРАЛАТА
Член 11
(1) Повластениот производител во текот на експлоатацијата на електроцентралата е должен да превзема активности за обезбедување погонска и функционална способност, како и безбедно работење, согласно соодветните мрежни правила на операторот на системот на којшто е приклучена електроцентралата.
(2) Повластениот производител е должен да постапува по секоја инструкција на операторот на електропреносниот и/или операторот на електродистрибутивниот систем во согласност со
соодветните мрежни правила со цел да се овозможи сигурно, безбедно и стабилно работење на електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија.
(3) Во случај на промена на режимот на работа на електроцентралата на повластениот производител поради дефект или од други оправдани причини, овластеното лице на повластениот производител е должен писмено да го извести овластеното лице на операторот на пазарот за непланираните отстапувања од утврдениот режим на работа, со процена за времето на траење на прекинот.
(4) Во случај на виша сила од член 18 од овој Договор, повластениот производител нема обврска да испорачува електрична енергија, а операторот на пазарот нема обврска да ја превземе електричната енергија од електроцентралата, се додека не се отстранат последиците од вишата сила. Квалитетот на електричната енергија што се испорачува од електроцентралата на повластениот производител треба да биде во согласност со соодветните мрежни правила.
(5) Повластениот производител може да користи дополнителна генераторска единица под услов произведената електрична енергија од дополнителната генераторска единица да ја користи исклучиво за сопствена потрошувачка, но не смее да се испорачува во електропреносниот односно електродистрибутивниот систем на кој што е приклучена електроцентралата.
(6) Повластениот производител е должен писмено да го извести операторот на пазарот за инсталирањето на дополнителна генераторска единица од член 7, став (4) од овој член, а во рок од седум работни дена пред планираното користење на дополнителната генераторска единица повластениот производител писмено го известува операторот на пазарот за планираното времетраење и количина на електричната енергија произведена од дополнителната генераторска единица.
ПРЕКИНИ НА РАБОТЕЊЕТО НА ЕЛЕКТРОЦЕНТРАЛАТА
Член 12
(1) За електроцентралата со инсталирана моќност поголема од 10 MW повластениот производител е должен до операторот на пазарот до крајот на месец ноември во тековната година да достави план за ремонти на електроцентралата за наредната година.
(2) Договорните страни ќе го усогласат почетокот на планираните ремонтни активности во зависност од траењето и причината на планираните ремонти, по претходна согласност на операторот на системот на којшто е приклучена електроцентралата на повластениот производител.
(3) Повластениот производител е должен да го извести операторот на пазарот за секој случај на непланиран испад на една или повеќе производни единици на електроцентралата или за привремено намалување на инсталираниот капацитет на електроцентралата во рок од четири часа од испадот, односно од отпочнувањето на состојбата на привремено намалување на инсталираниот капацитет.
(4) Во случаите од став (3) од овој член повластениот производител е должен:
1) во рок од 48 часа од испадот да му достави на операторот на пазарот проценка за тоа дали и кога се очекува вкупниот капацитет да биде повторно расположлив,
2) во рок од четири часа да го извести операторот на пазарот за враќање на капацитетот којшто испаднал во состојба на расположливост и да му ги надомести на операторот на пазарот сите трошоци којшто ги претрпел заради непостапување согласно одредбите од овој член, врз
основа на известување доставено од операторот на пазарот во кое се наведени сите трошоци коишто ги претрпел како и докази за таквите трошоци, а ако повластениот производител ги прифати тие трошоци фактурата за испорачана електрична енергија за наредниот месец ќе биде намалена за износот на тие трошоци.
ЕЛЕКТРОЕНЕРГЕТСКА КРИЗНА СОСТОЈБА И СОСТОЈБА НА ВИСОК ОПЕРАТИВЕН РИЗИК НА ЕЛЕКТРОЕНЕРГЕТСКИОТ СИСТЕМ
Член 13
(1) Во случај на електроенергетска кризна состојба, договорните страни се должни да постапуваат согласно Уредбата за критериумите и условите за прогласување на електроенергетска кризна состојба, правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности во услови на кризна состојба, обврските за примена на мерките кои се преземаат во случај на кризна состојба и начинот на испорака на електрична енергија.
(2) Во случај на состојба на висок оперативен ризик на електроенергетскиот систем договорните страни се должи да постапуваат согласно соодветните мрежни правила и упатствата од операторот на системот на којшто е приклучена електроцентралата.
МЕРЕЊЕ НА ЕЛЕКТРИЧНАТА ЕНЕРГИЈА
Член 14
Договорните страни се согласни дека:
1) Пресметковното мерно место е дефинирано согласно соодветните мрежни правила, а отчитувањето на броилата ќе се врши согласно мрежните правила.
2) Местото на испорака на електричната енергија е по правило на местото на мерење. Доколку местото на мерење поради технички причини не се наоѓа на местото на испорака, договорните страни се согласни да се изврши корекција на мерењето согласно соодветните мрежни правила правила.
3) Мерните уреди треба да се со карактеристики утврдени во соодветните мрежни правила и нивната употреба да биде одобрена од операторот на системот на која што е приклучена електроцентралата на повластениот производител.
НАЧИН НА МЕРЕЊЕ
Член 15
(1) Количината на електрична енергија испорачана преку соодветниот систем за електрична енергија, ја утврдува операторот на системот на кој е приклучена електроцентралата на повластениот производител, со отчитување на пресметковното броило на секој 1-ви во месецот, во 00:00 часот и ја доставува на договорните страни.
(2) Секоја договорна страна има право:
1) на приговор до операторот на системот на кој е приклучена електроцентралата на повластениот производител во однос на отчитаната количина на испорачана електрична енергија и
2) да побара вонредна контрола на прецизноста на инсталираниот мерен уред.
(3) Страните се согласни дека страната што го доставила приговорот од став (2) од овој член е должна без одлагање да ја извести другата страна за доставувањето на приговорот и кон известувањето да и достави копија од приговорот.
(4) Доставувањето на приговорот од став (2) на овој член нема да го спречи правото на повластениот производител да ја достави фактурата до операторот на пазарот во рокот утврден во членот 8 од овој Договор.
ПОСТАПУВАЊЕ ВО СЛУЧАЈ НА ПРЕКИН НА МЕРЕЊЕ
Член 16
(1) Во случај на дефект, контрола на исправноста или верификација на мерниот уред, испорачаната количина на електрична енергија на соодветниот систем за електрична енергија, се утврдува врз основа на записник на соодветниот систем оператор и повластениот производител.
(2) Ако количината на испорачаната електрична енергија во случаите од став (1) од овој член не може да се утврди согласно став 1 од овој член, договорните страни се согласни да се примени методологијата за утврдување на количина на електрична енергија утврдена во Правилата за определување на надоместок за штета причинета на производителите и потрошувачите на електрична енергија донесени од Регулаторната комисија за енергетика.
ОГРАНИЧУВАЊА ВО ИСПОРАКАТА НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА
Член 17
(1) Договорните страни се согласни дека неможноста повластениот производител да ја испорача произведената електрична енергија поради прекин или намалена испорака на електрична енергија во системот или на дел од системот на којшто е приклучена електроцентралата претставува ризик кој е закана за редовната испорака на електрична енергија во согласност со овој Договор за што ниедна договорна страна не е одговорна.
(2) Ако повластениот производител смета дека му е причинета штета поради намалена испорака или прекин во испораката на електрична енергија во системот на којшто е приклучена електроцентралата предизвикани од операторот на тој систем, може да достави до операторот на соодветниот систем барање за надомест на штета во согласност со Правилата за определување на надоместок на штета причинета на производителите и потрошувачите на електрична енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика.
(3) Ако повластениот производител смета дека му е причинета штета поради тоа што операторот на системот на којшто е приклучена електроцентралата постапувајќи спротивно од обврската од член 163 од Законот за енергетика не обезбедил приоритет при диспечирање на електричната енергија произведена во електроцентралата ќе поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика против одлуката на соодветниот оператор со која се одбива приоритетот при диспечирањето.
(4) Операторот на пазарот се обврзува да му ги обезбеди на повластениот производител сите податоци и информации со кои што располага, а се потребни за отпочнување на постапката за барање на надомест на штетата од ставот (2) и постапката по приговорот од став (3) од овој член.
ВИША СИЛА
Член 18
(1) Во случај на виша сила, договорната страна што е засегната од настанот или состојбата на виша сила нема обврска да ги исполнува обврските од овој договор чиешто исполнување станало невозможно, се додека не се отстранат последиците од вишата сила.
(2) Во случај на виша сила, договорните страни се должни да постапуваат согласно Правилата за пазар на електрична енергија, соодветните мрежни правила и упатствата издадени од соодветниот оператор на системот на кој што е приклучена електроцентралата.
(3) Во смисла на став (1) од овој член виша сила е настан или состојба коишто во моментот на настанувањето биле надвор од контролата на засегнатата договорна страна, не можеле да бидат предвидени од засегнатата договорна страна, а последиците од таквите настани или состојби засегнатата договорна страна не можела да ги надмине со примена на разумно прифатлив напор, а особено:
1) природни непогоди од поголем обем и интензитет, како што се земјотреси, поплави, лизгање на земјиште, суши, вулкански ерупции, оркански ветришта, снежни наноси, поројни дождови, оштетувања или разурнувања предизвикани од удар на гром, епидемии и слични природни настани; или
2) пожари или експлозии што предизвикале оштетувања или разурнувања на опрема, машини и/или инсталации, како и на разурнување или блокирање на енергетската, телекомуникационата или сообраќајната инфраструктура; или
3) војна или воена или вонредна состојба, терористички напади, револуции, протести, саботажа, штрајкови (исклучувајќи штрајкови од страна на вработени кај една од договорните страни); или
4) дејствија на органи на државна или локална власт или носители на јавни функции поради кои лиценци, одобренија, дозволи и/или други документи кои се потребни за исполнување на обврските или користењето на правата од овој Договор не се издадени, изменети или продолжени во законските утврдени рокови по поднесеното барање од договорната страна, или укинати или поништени поради причини кои не претставуваат противзаконско или неетичко однесување од страна на засегнатата договорна страна; или
5) национализација или експропријација на електроцентралата, или на дел од електроцентралата; или
6) меѓународни санкции или влегување во сила на ратификувани меѓународни договори коишто ја обврзуваат Република Северна Македонија да ги применува, ако поради нивната примена операторот на пазарот не е во можност да ги исполни своите обврски кои произлегуваат од овој договор; или
7) делумен или целосен прекин на работата на соодветниот систем или дел од системот за време на траењето на одлуката за прогласување вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или на локалната самоуправа каде е лоцирана електроцентралата; или
8) ако операторот на соодветниот систем, заради обезбедување на сигурноста во снабдувањето или безбедноста на соодветниот систем, преземе мерки со кои значително се
ограничува приоритетот на пристап на системите и/или приоритетот при диспечирање на електричната енергија произведена од обновливи извори на енергија.
ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА НАСТАН НА ВИША СИЛА
Член 19
(1) Засегнатата страна, која поради настан на виша сила не е во можност да ги исполни своите обврски од овој Договор е должна да ја извести другата страна веднаш, но не подоцна од три дена од моментот кога започнал или престанал настанот на виша сила, за:
1) настанувањето и престанувањето на ефектите предизвикани од настанот на виша сила
2) мерките коишто ги презема за надминување на состојбите и за ублажување на последиците од настанот на виша сила и
3) моментот од кога ќе биде во можност да продолжи со исполнувањето на своите обврски утврдени со овој Договор.
(2) Кон известувањето од став (1) од овој член засегнатата страна ќе и достави на другата договорна страна докази од коишто недвосмислено може да се утврди дека настанот или состојбата на коишто се повикува засегната страна се наведени во член 18 став (3) од овој договор, како и дека настанот или состојбата во моментот на настанувањето биле надвор од контролата на засегнатата договорна страна, не можеле да бидат предвидени од засегнатата договорна страна, а последиците од таквите настани или состојби засегнатата договорна страна не можела да ги надмине со примена на разумно прифатлив напор.
(3) Доколку двете страни се погодени од настанот на виша сила, денот кога двете страни ќе бидат во можност да продолжат со исполнувањето на своите обврски утврдени со овој Договор ќе се смета за датумот на престанување на ефектите од настанот на виша сила.
ПОСЛЕДИЦИ ОД НАСТАНОТ НА ВИША СИЛА
Член 20
(1) Во случај на настанување на виша сила овој Договор останува во сила, меѓутоа неговите правни дејствија се одложуваат за времетраењето на настанот на виша сила.
(2) Во случајот од став (1) од овој член Операторот на пазарот е должен да му ги исплати на повластениот производител сите парични обврски коишто настанале пред настанувањето на вишата сила.
(3) По престанувањето на дејствијата на виша сила важењето на овој Договор продолжува, а периодот на важењето на овој Договор се продолжува за периодот на дејствувањето на вишата сила, за што по барање на повластениот производител, во согласност со одредбите од член 32 од овој Договор, се склучува анекс кон овој Договор со кој рокот утврден во член 2 став (2) од овој Договор се продолжува за времетраењето на настанот на виша сила.
(4) Договорните страни се согласни анексот во ставот (3) од овој член да го склучат најдоцна во рок од 30 (триесет) дена од донесување на одлуката од страна на Регулаторната комисија за енергетика по однос на барањето на повластениот производител за склучување на Анекс кон овој Договор.
(5) Анексот на договорот од став (4) од овој член отпочнува да произведува правно дејство откако Регулаторната комисија за енергетика ќе изврши соодветни измени на решението за стекнување на статус на повластен производител на електрична енергија и одлуката за користење на повластена тарифа на електрична енергија.
(6) Ако Операторот на пазарот одбие да го склучи анексот кон овој Договор од став (3) од овој член повластениот производител има право да отпочне постапка за разрешување на спор во согласност со член 21 од овој Договор.
(7) По исклучок од ставот (1) од овој член, во случај на настан на виша сила од член 18, став (2), точки
4) и 5) од овој Договор, правните дејствија не се одложуваат за времетраењето на дејствијата на виша сила ако повластениот производител побара раскинување на овој Договор.
РАЗРЕШУВАЊЕ НА СПОРОВИ
Член 21
(1) Договорните страни се согласни дека споровите во врска со примената на одредбите на овој Договор, ќе ги решаваат спогодбено.
(2) Ако спорот не се разреши во согласност со став (1) од овој член, договорните страни се согласни спорот да се разреши од страна:
1) на надлежен суд во Република Северна Македонија, или
2) Центарот за разрешување на спорови и преговори при Секретаријатот на Енергетската заедница.
(3) Ако повластениот производител е странско лице на кое својството на инвеститор му се признава врз основа на меѓународен договор ратификуван од страна на Република Северна Македонија, договорните страни се согласни спорот да се разреши пред арбитражен суд основан во согласност со Законот за меѓународна трговска арбитража на Република Северна Македонија или пред меѓународна арбитража во согласност со меѓународниот договор со кој на странското лице му се признава својство на инвеститор или друг ратификуван меѓународен договор, за што договорните страни се согласни да склучат арбитражна спогодба.
ПРОМЕНИ ВО ЗАКОНОДАВСТВОТО И РЕГУЛАТИВАТА
Член 22
(1) Сите нови закони и подзаконски прописи што се однесуваат на исполнување на предметот на овој Договор, како и промената или престанувањето на важењето на законите и подзаконските прописи со кои се уредува предметот на овој Договор кои се влезени во сила и чијашто примена, односно престанување на важење, настанале по отпочнувањето на примената на овој Договор, ќе се применуваат на одредбите на овој Договор од денот на нивното влегување во сила, односно престанување на важење.
(2) Ако во случаите од став (1) од овој член се зголемуваат обврски или се намалуваат правата на повластениот производител, или финансиската положба на повластениот производител се влошува, или се предизвикува зголемување на трошоците на неговото работење, повластениот производител, со цел да не се предизвика влошување на неговата економска состојба, има право да побара од операторот на пазарот да биде склучен анекс кон овој Договор во согласност со одредбите од член 32 од овој Договор, освен ако измените на законите и подзаконските прописи се применуваат подеднакво и недискриминаторно на сите трговски друштва во Република Северна Македонија, без оглед на дејноста што ја вршат.
НИШТОВНОСТ
Член 23
(1) Договорните страни се согласни дека ако во текот на времетраењето на овој Договор за една или повеќе одредби од овој Договор се утврди дека се ништовни или неприменливи тоа нема да влијае на полноважноста или применливоста на другите одредби од овој Договор, кој што ќе продолжат да бидат полноважни.
(2) Договорните страни се согласни дека ќе настојуваат, ако е тоа потребно одредбата, односно одредбите од овој Договор за коишто е утврдено дека се ништовни или неприменливи да ги заменат со полноважни односно применливи одредби со соодветна примена на одредбите од член 32 од овој Договор.
РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ПО БАРАЊЕ НА ПОВЛАСТЕНИОТ ПРОИЗВОДИТЕЛ
Член 24
(1) Повластениот производител може во секое време пред истекот на рокот за кој што е склучен овој Договор да бара раскинување на овој Договор ако оцени дека е тоа во негов интерес и за тоа е должен да му достави на операторот на пазарот писмено известување.
(2) Повластениот производител е должен писмено да го извести операторот на пазарот за намерата за раскинување на договорот.
(3) Договорот престанува да важи по истекот на 30 дена од денот на кој операторот на пазарот го примил писменото известување од ставот (2) од овој член.
(4) По раскинувањето на овој Договор во согласност со став (1) од овој член, повластениот производител ќе го изгуби статусот на повластен производител, без право повторно да се стекне со тој статус за истата електроцентрала.
(5) Во случаите од став (1) и став (2) од овој член операторот на пазарот нема обврска да му ги надомести на повластениот производител штетите и загубите коишто настанале или можеле да настанат поради раскинувањето на овој Договор, освен ако тие штети и загуби се настанати поради противзаконско или неетичко однесување, или однесување со крајно невнимание од страна на операторот на пазарот.
РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ПОРАДИ ПРЕКРШУВАЊЕ НА ДОГОВОРНИТЕ ОБВРСКИ ОД СТРАНА НА ОПЕРАТОРОТ НА ПАЗАРОТ
Член 25
(1) Повластениот производител има право да го раскине овој Договор поради прекршување на договорните обврски од страна на операторот на пазарот за што ќе му достави писмено известување во кое се содржани и причините за барањето за раскинување, ако:
1) Операторот на пазарот доцни со исплата на износот што е должен да го плати, при што таа исплата не ја извршил ниту во дополнителниот рок од 15 дена по приемот на известувањето од повластениот производител за неисполнување на обврската, а повластениот производител не можел да го наплати тоа побарување во согласност со член 9 од овој Договор, или
2) Операторот на пазарот не склучи анекс кон овој Договор во случај на донесување на нови или со промена или престанување на закони и подзаконски акти, во согласност со член 20 став (3) и 22 став (2) од овој Договор.
(2) Во случаите од став (1) од овој член повластениот производител не може да бара договорот да биде раскинат во рок покус од 30 дена од денот на кој операторот на пазарот го примил писменото известување од ставот (1) од овој член. Во случаите од став (1) точка 2) од овој член повластениот производител има право на надоместок за штетата што ја претрпел поради раскинувањето на овој Договор.
(3) Операторот на пазарот има право да го одбие барањето за исплата на надомест на штета од став
(3) од овој член ако смета дека не се настанати услови за раскинување на овој Договор и има право да покрене постапка за разрешување на спор во согласност со одредбите од овој Договор.
(4) Повластениот производител е согласен дека на барање на операторот на пазарот ќе склучат спогодба за плаќање на рати на надоместокот на штета поради раскинувањето на овој Договор.
(5) Повластениот производител нема право да бара плаќање надоместок на штета настаната поради раскинување на овој Договор во случајот од став (1), точка 1) од овој член, освен за фактурите доспеани на денот на раскинување на овој Договор
(6) Правото на исплата поради раскинување на овој Договор достасува во рок од 30 дена од денот на кој повластениот производител до операторот на пазарот доставил барање за исплата.
(7) Ако повластениот производител го раскине овој Договор ќе го изгуби статусот на повластен производител, без право повторно да се стекне со тој статус за истата електроцентрала.
ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ НЕЗАВИСНО ОД ВОЛЈАТА НА ДОГОВОРНИТЕ СТРАНИ
Член 26
(1) Овој Договор престанува независно од волјата на договорните страни во случај кога:
1) на повластениот производител му престанал статусот на повластен производител за електроцентралата, или
2) ако друго лице во согласност со закон е назначено за вршење на дејност оператор на пазар на електрична енергија, или
3) периодот за користење на повластената тарифа е истечен.
(2) Ако Операторот на пазарот утврди дека повластениот производител постапува спротивно на обврските утврдени во член 3 став (3), член 5 став (2) и член 11 став (6) од овој Договор, ќе побара надлежните државни органи да отпочнат постапка за одземање на статусот на повластен производител.
ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ОДГОВОРНОСТА И НАДОМЕСТУВАЊЕ НА ШТЕТА
Член 27
(1) Договорните страни се согласни дека ако една договорна страна со прекршувањето на договорните обврските и предизвикала штета за другата договорна страна, ќе и ја надомести стварната штета на другата договорна страна.
(2) Оштетената договорна страна има право да бара и надоместок за изгубена добивка ако штетата е причинета со измама, намерно неисполнување на договорните обврски или неисполнување на договорните обврски поради крајно невнимание.
(3) Одредбите од ставовите (1) и (2) од овој член нема да влијаат на правото на повластениот производител да бара од операторот на пазарот да исплати надоместок на штета поради раскинување на договорот во случаите предвидени во член 25 од овој Договор.
(4) Ако операторот на пазарот не ја исполни својата обврска за плаќање на надоместок на штета од ставот (3) од овој член, повластениот производител може да бара наплатување со примена на одредбите од член 9 од овој Договор.
(5) Ако поинаку не е предвидено со овој Договор, ниедна договорна страна нема да биде одговорна кон другата договорна страна за било каква индиректна штета или загуби од било кој вид, независно од тоа како настанале.
ОТКАЖУВАЊЕ
Член 28
(1) Ако некоја страна не успее да искористи или да оствари некое свое право, побарување, овластување или можност утврдена во овој Договор или не бара од другата страна да ги исполнува и да се придржува кон нејзините обврски од овој Договор, тоа не претставува откажување на таа страна од тоа право, побарување, овластување или можност или откажување од условите и одредбите од овој Договор во однос на било кое друго сегашно или идно прекршување на овој Договор од другата страна.
(2) По исклучок од став (1) од овој член откажувањето е полноважно ако е дадено во писмена форма и потпишано од овластениот претставник на договорната страна, а во него недвосмислено, прецизно и целосно се наведени правата, побарувањата, овластувањата и можностите од коишто страната се откажува, како и моментот од кога откажувањето отпочнува да произведува правно дејство.
ПРЕНОС НА ПОБАРУВАЊАТА ОД ОВОЈ ДОГОВОР
Член 29
(1) Договорните страни се согласни дека повластениот производител има право:
1) да ги пренесе своите побарувања кои произлегуваат од овој договор на трети лица и за тоа треба писмено да го извести Операторот на пазарот.
2) да воспостави залог врз своите побарувања кои произлегуваат од овој договор согласно Законот за договорен залог во корист на трети лица и за тоа треба писмено да го извести операторот на пазарот.
(2) Известувањата од став (1), точки 1) и 2) од овој член се полноважни ако се дадени во писмена форма и потпишани од овластениот претставник на повластениот производител и во него недвосмислено, прецизно и целосно се наведени побарувањата коишто повластениот производител ги пренесува, односно воспоставува залог, податоци за лицето врз коишто се пренесуваат односно во чија корист се воспоставува залогот, како и моментот од кога преносот, односно залогот отпочнуваат да произведуваат правно дејство.
(3) Повластениот производител е должен известувањата од став (1), точки 1) и 2) од овој член да ги достави најдоцна во рок од седум дена од денот од кога преносот, односно залогот отпочнуваат да произведуваат правно дејство
СТАТУСНИ ПРОМЕНИ КАЈ ДОГОВОРНИТЕ СТРАНИ
Член 30
(1) Ако повластениот производител, во согласност со законот со кој се уредува работењето на трговските друштва во Република Северна Македонија, изврши промена во сопственичката структура или статусна промена, должен е за тоа да го извести операторот на пазарот во рок од пет работни дена од денот на уписот на промената во Централниот регистар на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: Централен регистар).
(2) Кон известувањето од став (1) од овој член повластениот производител доставува тековна состојба издадена од Централниот регистар, од којшто може да се утврди уписот на настанатата промена во Централниот регистар.
(3) По донесувањето на одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за менување на лиценцата за вршење на енергетска дејност производство на електрична енергија и решението за изменување на решението за стекнување на статус на повластен производител и одлука за изменување на одлуката за користење на повластена тарифа на електрична енергија донесени од Регулаторната комисија за енергетика поради промени во сопственичката структура или статусни промени, договорните страни ќе склучат анекс со кој овој Договор ќе се усогласи со настанатите промени.
(4) Ако поради промена во законот со кој правата и обврските на операторот на пазарот коишто произлегуваат од овој Договор ги презема друго лице определено со закон, договорните страни се согласни дека во рок од 15 дена од влегувањето во сила на тој закон ќе склучат анекс со кој овој Договор ќе се усогласи со настанатите промени.
(5) Договорните страни се согласни дека нема да бараат престанување на овој Договор со раскинување поради промените од ставовите (1) и (4) од овој член.
НАЧИН НА ИЗВЕСТУВАЊЕ
Член 31
(1) Во рок од три работни дена од денот на склучувањето на овој Договор секоја договорна страна ќе назначи одговорно лице за взаемна размена на информации и податоци потребни за извршување на обврските коишто произлегуваат за договорните страни од овој Договор и веднаш ќе ја извести другата договорна страна за името и презимето на тоа лице, неговата положба во друштвото на договорната страна и податоците за контакт (адреса, телефонски и телефакс број, адреса на електронска пошта).
(2) Ако за времетраењето на овој Договор договорната страна го промени лицето од став (1) од овој член, веднаш ќе ја извести другата страна за настанатата промена и ќе и ги достави податоците за контакт на новоназначеното лице.
(3) Сите известувања, размена на информации и податоци или други обраќања помеѓу договорните страни ќе се вршат помеѓу лицата назначени согласно ставовите (1) и (2) од овој член и ќе бидат во писмена форма.
(4) Ако поради итност некое известување е направено по усмен пат, страната која што известила е должна во рок од 24 часа по направеното усно известување истото известување со идентична содржина да го достави до другата договорна страна во писмена форма.
(5) Известувањето се смета за уредно доставено ако е поднесено:
1) во архивата на другата договорна страна, или
2) по препорачана или курирска пошта со јасна идентификација на моментот на приемот на известувањето, или
3) во електронска форма на адресата за електронска пошта на лицето од став (1) од овој член.
ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊА
Член 32
(1) Секоја договорна страна има право да побара од другата договорна страна овој Договор да биде изменет и дополнет, ако тие измени и дополнувања се во согласност со законите и другите прописи, како и со одредбите од овој Договор.
(2) Измените и дополнувањата од став (1) од овој член се вршат во форма на Анекс кон овој Договор, кој што го потпишуваат двете договорни страни.
(3) Договорните страни се должни да склучат Анекс кон овој Договор во случаи кога се променети соодветните акти донесени од Регулаторната комисија за енергетика.
(4) Ако за одредени измени и дополнувања содржани во анексот од став (2) од овој член е потребно одобрување или согласност од надлежен државен орган анексот произведува правно дејство по влегување во сила на соодветното одобрување или согласност.
ДОВЕРЛИВОСТ НА ПОДАТОЦИ
Член 33
(1) Договорните страни се согласни дека содржината на овој Договор е достапна за сите заинтересирани трети лица.
(2) Договорните страни се согласни да обезбедат доверливост на сите податоци и информации кои ги разменуваат и тие информации и податоци да ги користат исклучиво за извршување на нивните обврски коишто произлегуваат од овој Договор, како и од Законот за енергетика, Правилата за пазар на електрична енергија и соодветните мрежни правила.
ПРИМЕНЛИВО ПРАВО
Член 34
На правата и обврските на Договорните страни од овој Договор се применуваат соодветните важечки прописи на Република Северна Македонија.
ЗАВРШНА ОДРЕДБА
Член 35
(1) Договорните страни го потпишуваат овој Договор, преку нивните овластени претставници, во пет оригинални примероци - по два за секоја Договорна страна и еден за Регулаторната комисија за енергетика.
(2) Овој договор влегува во сила на денот на потпишувањето од двете договорни страни.
(оператор на пазар) (повластен производител)