Contract
Генерални напомени
Исплата на средства се врши по целосна реализација на инвестицијата која мора да е во согласност со Договорот за финансиска поддршка. Корисникот кој има склучен Договор за финансиска поддршка за одобрена инвестиција во целост е одговорен за реализација на одобрената инвестиција.
Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на ко-финансирање на реализирани инвестиции во висина до 50% од вредноста на одобрената инвестиција.
Доделената финансиска поддршка е неповратна.
Принцип на единечно финансирање – ИПАРД Програмата финансира типови на инвестиции кои не се финансираат од други грант фондови од ИПА, од Буџетот на РМ или други фондови од донаторски или финансиски институции со цел да се одбегне двојно финансирање на самата инвестиција.
Принцип на грант – Поддршката по овој основ подразбира доделување на неповратни финансиски средства (грант) во висина од 50% од вкупната прифатена инвестиција (или 55% за мерка 101) од кои (75%) од Буџетот на Европската Унија и (25%) од Буџетот на Република Македонија.
Принцип на видливост или означување на инвестцијата – Корисникот е должен во рок од 5 дена од денот на извршувањето на исплатата/последната исплата на видливо место, согласно Прилог 3 на договорот да истакне налепница ( големина А или Б ) и/или комеморативна плакета на која е наведено дека инвестицијата е финансирана со средства од ИПАРД Програмата 2007-2013 и истата да не ја отстрани за целото времетраење на договорот. Корисникот е должен пред почетокот на спроведување на инвестицијата да постави на видливо место билборд согласно Прилог 3 од НАЦРТ ВЕРЗИЈА од Договор за финансиска поддршка (Прилог 3 на ова Упатство) на кој е наведено дека инвестицијата ќе биде финансирана со средства од ИПАРД Програмата 2007-2013 и истиот да не го отстрани најрано шест месеци по завршување на работите.
Барателите мора да ги исполнуваат минималните национални стандарди за заштита на животната средина, јавното здравство, здравјето на животните и растенијата, благосостојба на животните и заштита при работа до моментот кога се донесува одлуката за доделување финансиска поддршка освен за нови инвестиции кога исполнетоста на минималните национални стандарди се бара пред поднесување на барање за исплата.
Во случај кога минималните национални стандарди, кои се засновани на стандардите на Европската Унија, се новововедени во периодот кога барањето е примено, помошта може да се додели без разлика на неисполнувањето на стандардите под услов производниот капацитет да ги исполни новите стандарди до крајот на реализација на инвестицијата.
Финансиската помош ќе биде доделена само доколку инвестицијата е наменета да ги исполни стандардите на Европската Унија на крајот на реализација на инвестицијата.
1. Општи прифатливи трошоци
Прифатливи трошоци за ко-финансирање се однесуваат на: а) изградба или обновување на објекти
б) набавка на повеќегодишни насади
в) набавка на нови машини и опрема, вклучувајќи компјутерски софтвер во износ на пазарната вредност на средствата
г) општи трошоци поврзани со прифатливи трошоци наведени во точките а), б) и в) како што се архитекти, инжињери и други консултантски трошоци, физибилити студии, стекнување на патентни права и лиценци во максимален износ од 12% од вкупните прифатливи трошоци наведени во точките а), б) и в) и се во согласност со следните услови:
- за проекти со вкупни прифатливи трошоци на инвестиции наведени во точките а), б) и в) помеѓу 1.000.000 и 3.000.000 евра, во денарска противвредност, трошоците за изработка на деловен план не можат да бидат поголеми од 4% од прифатливите трошоци на овие инвестиции, и
- за проекти со вкупни прифатливи трошоци на инвестиции наведени во точките а), б) и в) помали од 1.000.000 евра, во денарска противвредност, трошоците за изработка на деловен план не можат да бидат поголеми од 5% од прифатливите трошоци на овие инвестиции, и
Новата механизација и опрема треба да потекнува од следните земји:
Земји членки на ЕУ:
Австрија, Белгија, Данска, Финска, Франција, Грција, Ирска, Италија, Луксембург, Германија, Холандија, Португалија, Шпанија, Шведска, Велика Британија, Кипар, Чешка, Естонија, Унгарија, Малта, Латвија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Бугарија и Романија, Хрватска.
Земји кандидати за ЕУ:
Турција, Македонија, Србија, Црна Гора.
Земји потенцијални кандидати за ЕУ:
Босна и Херцеговина, , Косово, , и Албанија.
Земји од Инструментот за европско соседство и партнерство
Алжир, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Египет, Грузија, Израел, Јордан, Либан, Либија, Молдавија, Мароко, Палестинска самоуправа на Западниот брег и појасот Газа, Сирија, Тунис, Украина, Норвешка, Лихтенштајн, Исланд, Швајцарија и Руска федерација.
2. Неприфатливи трошоци
Следниве трошоци не се прифатливи за ко-финансирање;
- даноци, вклучувајќи даноци на додадена вредност;
- царини и увозни давачки, или некои други давачки;
- купување, изнајмување или закуп на земја и постојни објекти, независно од тоа дали закупот ќе доведе до пренесување на сопственоста на закупецот;
- казни, финансиски казни и трошоци од судски спорови;
- оперативни трошоци;
- користени машини и опрема;
- банкарски давачки, трошоци за гаранции и слични давачки;
- трошоци за конверзија, давачки и загуби од девизниот курс поврзани со сметката во евра на ИПАРД, како и други исклучиво финансиски трошоци;
- придонеси во натура;
- купување на права за земјоделско производство, животни, годишни растенија и нивно засадување;
- секое одржување, амортизирање и трошоци за наем;
трошоци на јавната администрација во управување и спроведување на помошта, имено оние на оперативната структура и, особено, режиски трошоци, наеми и плати на персоналот ангажиран за активности на управување, спроведување, следење и контрола.