Contract
Општи услови за осигурување на посеви и плодови
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
(1) Одделни изрази во овие услови го имаат следново значење:
осигурувач - Триглав Осигурување АД Скопје, друштво за осигурување со кое е склучен договор за осигурување;
договарач на осигурувањето - лице кое склучува договор за осигурување;
осигуреник - лице чиј имот и/или имотен интерес се осигурува. Договорувачот на осигурувањето и осигуреникот се исто лице, освен кај осигурувањето за туѓа сметка;
полиса - исправа за склучениот договор за осигурување;
премија - износ кој договорувачот на осигурувањето му го плаќа на осигурувачот (во натамошниот текст: премија за осигурување);
надомест од осигурување – износ кој го плаќа осигурувачот врз основа на склучениот договор за осигурување.
(2) Овие услови се темелат врз Законот за облигационите односи и Законот за супервизија на осигурувањето како и останатите подзаконски акти донесени врз основа на овие закони, и на соодветен начин се применуваат на договорот за осигурување кој што го склучуваат договарачот на осигурувањето и осигурувачот.
(3) Општите услови се составен дел на понудата и договорот за осигурување што договарачот на осигурувањето, односно осигуреникот ќе го склучи со Триглав Осигурување АД, Скопје.
Член 1 - ОСИГУРЕНИ ОПАСНОСТИ
(1) Осигурувачот ги надоместува штетите на осигурените посеви и плодови, ако за времетраењето на осигурувањето се уништени или оштетени поради град, пожар или удар од гром.
(2) Ако посебно се договори и плати дополнителна премија, со осигурувањето се покриени и штети на осигурените посеви и плодови од ризиците пролетен мраз, поплава и луња.
(3) Осигурувачот има обврска да плати надомест за штета што настанала со оштетување или уништување на осигурените посеви и плодови само за изгубениот количински принос, а не и за изгубениот квалитет на плодовите.
Ако се договори и дополнително осигурување според Посебните услови и ако се плати соодветна дополнителна премија, се осигурува и квалитетот кај и овошни плодови.
(4) Осигурувачот не покрива штети што настанале како резултат на елементарни непогоди кои не се наведени во овие услови, како и штети предизвикани од растителни болести.
(5) Осигурувачот не покрива штети што настанале како резултат на атомска реакција, атомска радијација или радиоактивна контаминација.
Член 2 - ПРЕДМЕТ НА OСИГУРУВАЊЕ
(1) Предмет на осигурување се посеви и плодови, лековити билки, украсни билки, овошен, лозов и шумски посадочен материјал, млади овоштарници и лозја пред стапување во род, млади шумски култури (во натамошниот текст: посеви и плодови).
(2) Со осигурувањето се опфатени посевите и плодовите кои се наведени во полисата и тоа:
1. житни култури, маслодајни и семенски билки; со посебен договор може да се осигурат житни култури за слама и сирак за метли;
2. кај коренестите и кртолестите билки – коренот и кртолата;
3. xxxxxxxx, лековити, мирисни и украсни билки според целта на одгледување;
4. кај конопот - стеблото; ако конопот се осигурува за семе, осигурено е само семето, освен ако не е посебно осигурено и стеблото;
5. кај ленот - стеблото и семето;
6. кај тутунот - листот, ако се произведува за семе тогаш и семето доколку тоа е посебно договорено;
7. кај хмељот - плодот;
8. кај крмните растенија - крмниот принос, а доколку се осигурени за семе, само семето;
9. кај расадот - садниците;
10. лозјата за принос на грозје и шира;
11. кај овошките - плодот;
12. кај јагодестото овошје - плодот;
13. кај младите шумски насади - стеблото;
14. кај овошните садници - за подлога и калемење.
(3) Меѓупосевите треба посебно да се осигурат.
(4) Неродните овошни и лозови насади, освен младите неродни овошни и лозови насади не се предмет на ова осигурување.
(5) Посевите и плодовите кои во тековната година веќе биле еднаш оштетени од ризиците опфатени со ова осигурување, не можат да бидат повторно осигурени од овие ризици во истата година. Доколку подоцна се утврди дека било склучено такво осигурување, истото се поништува, при што на осигуреникот му се враќа платената премија.
(6) Посевите и плодовите кои во текот на годината се косат или берат повеќе пати, се осигуруваат за целокупниот принос.
Член 3 – ОБВРСКА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА СИТЕ ПОСЕВИ И ПЛОДОВИ ОД ИСТ ВИД
(1) Осигуреникот има обврска да ги осигури сите површини под посеви и плодови од ист вид. Тоа се однесува и на посевите и плодовите кои колективно се осигуруваат, освен ако не е поинаку договорено. Поголемите осигуреници имаат обврска да ги осигурат сите посеви и плодови од ист вид, поделени по економски единици.
(2) Доколку осигуреникот не ги осигури сите посеви, односно плодови од ист вид, се исплаќа само оној дел од штетата на осигурените посеви и плодови што одговара на соодносот меѓу осигурената и реалната површина под тие посеви и плодови, односно соодносот меѓу осигурениот и реалниот број на стебла или пенушки.
(3) Ако за времетраењето на осигурувањето настапи промена во планот за сеидба или во површината, осигуреникот е должен без одлагање да го пријави истото кај осигурувачот заради измена на полисата и тоа во рок од 15 дена од денот кога ја извршил сеидбата или садењето. Доколку не го стори тоа и ако при ликвидација на штетата се утврди неусогласеност меѓу осигурената и реално засеаната или засадената површина, односно меѓу осигурениот и реалниот број на стебла или пенушки, надоместот од осигурување се пресметува според одредбите од став 2 на овој член.
Член 4 - СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ
(1) Сумата на осигурување за посеви и плодови е еднаква на висината на очекуваниот производ, вреднуван по договорена цена.
(2) Осигуреникот има право да побара намалување на сумата на осигурување ако докаже дека реалната вредност на осигурениот посев, односно плод од ист вид е помала од сумата на осигурување, но само ако разликата изнесува најмалку 20% и ако во меѓувреме не настанал осигурен случај. Намалување на сумата на осигурување за поединечни видови посеви и плодови може да се побара за времетраењето на осигурувањето, но најдоцна до крајот на оној месец пред месецот во кој посевите се жнеат, односно во кој плодовите се берат.
(3) Осигуреникот има право да бара и зголемување на сумата на осигурување со доплата на премија ако за времетраењето на осигурувањето дојде до зголемување на реалната вредност на осигурените посеви или плодови и ако во меѓувреме не настанал осигурен случај.
(4) Доколку осигуреникот не побара промена на осигурувањето во наведениот рок, го губи правото на намалување на сумата на осигурување.
(5) Осигурувачот има право за времетраењето на осигурувањето да врши преглед на осигурените посеви и плодови заради утврдување на нивната состојба. Прегледот и утврдувањето на состојбата на посевите и плодовите го вршат осигурувачот и осигуреникот заедно. Врз основа на извршениот преглед се составува записник за утврдување на состојбата на посевите и плодовите, при што осигурувачот има право да побара корекција на сумата на осигурување во моментот кога сé уште не настанал осигурен случај.
Член 5 - ПОЧЕТОК И ПРЕСТАНОК НА ОБВРСКИТЕ НА OСИГУРУВАЧОТ
(1) Обврската на осигурувачот за исплаќање надомест на штета започнува во 24:00 часот на третиот ден од денот кој во договорот за осигурување е означен како почеток на осигурување, ако до тој ден е
платена премија или било дозволено одложено плаќање на премија.
(2) Обврската на осигурувачот за исплаќање надомест на штета согласно со став 1 од овој член, во никој случај не почнува:
1. кај лозовите насади - додека не излезе ластарот од пупката, што значи дека мора да бидат отворени најмалку 20% од пупките и да има видливи зелени ливчиња кај поединечни сорти (фенофаза Д);
2. кај овошките - додека не се отворени барем 20% од цветовите во насадите на поединечни овошни видови и сорти;
3. кај хмељот - додека ластарот не изникне од земјата;
4. кај овошниот, лозовиот и шумскиот посадочен материјал - додека не изникнат од земја, односно не се засадени;
5. кај класираните и калемени лози - додека калемените делови не сраснат со основата. Калемот мора да почне да пупи - посадениот калем мора да расте;
6. кај зеленчукот, тутунот, украсните цвеќиња и младите шумски насади - додека растенијата не се посадени или расадени; ако зеленчукот и украсните растенија се одгледуваат на места каде се посадени, додека не никнат од земја;
7. кај житните култури и останатите посеви кои не се посебно наведени - од моментот на никнување.
(3) Обврската на осигурувачот за надомест на штета престанува:
1. кај житните култури, маслените билки, конопот, ленот, крмните билки и посевите наменети за семе - кога ќе бидат окосени, ожнеани или на друг начин обрани;
2. кај коренестите и кртолестите билки – кога коренот или кртолата ќе се извадат од земја;
3. кај грозјето, овошјето и зеленчукот, ако плодовите се обрани;
4. кај овошниот, лозовиот и шумскиот посадочен материјал, како и кај младите шумски култури, украсните билки - по извршеното вадење или режење;
5. За сите останати посеви и плодови кои не се посебно наведени, најдоцна до 31 октомври во 24:00 часот, освен за културите каде агротехничкиот рок на жетва, односно берба е продолжен и по 31 октомври и кај кои обврската на осигурувачот за надомест од осигурување престанува по извршената жетва, берба, режење и вадење од земја, но најдоцна до 31 декември во 24:00 часот.
(4) Ако осигурените посеви, односно плодови не се ожнеани или обрани најдоцна во рок од 10 дена по завршувањето на жетвата, односно бербата во соодветното место, обврската на осигурувачот престанува во 24 часот од десеттиот ден, сметајќи од денот на завршување на жетвата или бербата во соодветното место, додека после тоа настанатите штети не се надоместуваат.
Член 6 - ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Кај осигурување на посеви и плодови се смета дека настанал осигурен случај во моментот кога поради една од осигурените опасности дошло до оштетување на осигурените посеви и плодови.
Член 7 - ОБВРСКИ НА ОСИГУРЕНИКОТ ПО НАСТАНУВАЊЕ ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
(1) По настанување на осигурен случај врз основа на кој се бара надомест, осигуреникот е должен веднаш, а најдоцна во рок од три дена по дознавањето писмено да го извести осигурувачот дека настанал осигурен случај. Доколку осигуреникот не ја пријави штетата во наведениот рок, истиот е должен да му ја врати можната штета на осигурувачот која тој би ја претрпел како резултат на ненавремена пријава.
(2) Осигуреникот е должен веднаш по настанување на осигурен случај да ги преземе сите мерки со цел да се спречи зголемување на штетата, притоа придржувајќи се до советите на осигурувачот. Пред сé, должен е да ги преземе сите агротехнички мерки (плевење, окопување, прскање, запрашување и друго). Во случај на оштетување на посевите, односно плодовите за време на жетвата (бербата), осигуреникот е должен и пред да се изврши процена на штетата да ја продолжи жетвата или бербата, а со цел спречување натамошно зголемување на штетата.
Доколку осигуреникот не постапи како што е наведено, нема да му се надомести оној дел од штетата кој настанал поради тоа.
(3) Кога оштетениот посев или плод мора да се ожнее или обере, а сé уште не е извршена процена на штетата, осигуреникот е должен на почетниот, средниот и крајниот дел од парцелата да остави 10 м2 оштетен посев или плод, 5-10 необрани пенушки кај лозјата, односно необрани во овоштарник неколку стебла дијагонално, коишто ќе послужат како основа за процена на штетата.
Член 8 - ПРОЦЕНА НА ШТЕТА
(1) По добивање пријава за настанат осигурен случај, осигурувачот е должен да изврши утврдување и процена на штетата.
(2) Процената на штета може да биде претходна (претпроцена), конечна и контролна. Кога процената е претходна (претпроцена) се утврдува состојбата на посевите и плодовите, природата на оштетувањата и другите елементи кои се од важност за конечно утврдување, односно процена на штетата.
(3) Кај конечната процена на штета се утврдува количината на приносот што се намалува како резултат на осигурениот случај.
(4) Осигурувачот може да ја повтори процената (контролна процена) и да побара нејзина корекција.
(5) Ако еден ист посев или плод е оштетен повеќе пати, процентот на штета се утврдува според состојбата на посевите или плодовите при последното оштетување.
(6) Ако осигуреникот не се согласува со процената, должен е своето несогласување со процентот да го соопшти во писмена форма на осигурувачот во рок од три дена од денот на соопштување на резултатите од процената. Доколку осигуреникот не постапи така, процената се смета за конечна.
(7) Доколку постои неусогласеност со процената, страните можат заеднички да определат вештачење од овластена институција или агенција за вештачење, при што трошоците за истата ги сносат двете страни подеднакво.
Член 9 - ОСИГУРЕНА ВРЕДНОСТ
(1) Осигурената вредност на посевите и плодовите е еднаква со висината на остварениот принос вреднуван по откупните цени на големо за време на подготовката на приносот.
Член 10 - ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ (НАДОМЕСТ ОД ОСИГУРУВАЊЕ)
(1) Обврските на осигурувачот се одредуваат врз основа на следново:
1) сумата на осигурување, ако осигурената вредност е еднаква или поголема од сумата на осигурување;
2) осигурената вредност, ако истата е пониска од сумата на осигурување.
(2) Ако вкупната штета на посевите и плодовите од ризиците опфатени со осигурување изнесува 5% или помалку, штетите не се надоместуваат (интегрална франшиза), освен ако не е поинаку договорено.
(3) Ако е договорено осигуреникот сам да сноси дел од штетата (одбитна франшиза), надоместокот од осигурување кој осигурувачот мора да го исплати, се намалува за договорениот дел од сумата на осигурување или од висината на настаната штета во зависност од договорената одбитна франшиза.
(4) Кога штетата е тотална, на осигуреникот во случаите од став 1 точка 1 од овој член му се исплаќа надомест во висина на сумата на осигурување, а во случаите од став 1 точка 2 од овој член се исплаќа надомест во висина на осигурената вредност.
(5) Кога штетата е делумна, на осигуреникот како надомест му се исплаќа процент од осигурената сума или од осигурените вредности кој е пропорционален со оштетените посеви или плодови и намален за договорената одбитна франшиза. Надоместот се пресметува од сумата на осигурување како во случајот од став 1 точка 1 од овој член, а од осигурената вредност како во случајот од став 1 точка 2 од овој член.
(6) Ако процентот на оштетеување изнесува 80% или повеќе, износот на надоместот се намалува за висината на трошоците потребни за работите кои не биле извршени поради штетата, и тоа од нејзиното настанување до жетвата, односно бербата и се намалува за договорената одбитна франшиза.
Тој одбиток се одредува според вистинската висина на тие трошоци за оштетените култури, а изнесува најмалку 20% од износот на надоместот во зависност од развојната фаза на оштетената култура.
(7) Во случај кога младите посеви или ново засадените насади се тотално уништени, а според годишното време, временските услови и соодветноста на земјиштето сè уште може да се засее или посади истата култура, на осигуреникот му се исплаќа 30% од сумата на осигурување. Кога посевите или плодовите се тотално уништени, а според годишното време, временските услови и соодветноста на земјиштето не е можно повторно сеење или садење на истата култура, на осигуреникот му се исплаќа 50% од сумата на осигурување.
(8) Исплатата на штета доспева четиринаесеттиот ден по комплетирањето на потребната документација. Ако е потребен увид за утврдување на осигурениот случај и обемот на обврските на осигурувачот или доколку утврдувањето на правата за оштета не може да се заврши во рок од 14 дена, доспевањето настапува на четиринаесеттиот ден по завршените увиди. Во никој случај доспеаноста не може да настапи пред истекот на 14 дена од денот кога посевите или плодовите биле ожнеани или обрани.
Член 11 - ПЛАЌАЊЕ ПРЕМИЈА
(1) Првата или еднократна премија, договорувачот на осигурувањето мора да ја плати при склучување на договорот за осигурување, а остатокот од премијата за кој е договорена динамика за плаќање на рати треба да се плати најдоцна пред истекот на осигурувањето. Ако е договорено плаќање на премијата на рати, за наплата доспеваат сите рати во тековната година на осигурување кога настанал осигурениот случај.
(2) Ако е договорено плаќање на премијата на рати, за изминатото времетраење на осигурувањето може да се пресмета редовна камата на износот на премија за кој е договорено одложено плаќање. Доколку премијата на рати не е платена до денот на доспевање, може да се пресмета и законска камата.
(3) За датум на плаќање на премијата се смета денот кога налогот ќе биде евидентиран од страна на банката на осигурувачот.
(4) Ако без разлика на договореното време на осигурување, во договорот била одредена пониска премија, а осигурувањето од која било причина престанало пред истекот на тоа време, осигурувачот има право да ја наплати разликата до онаа премија која договорувачот на осигурувањето би морал да ја плати кога договорот за осигурување би бил склучен само за толку време колку што навистина траело осигурувањето.
(5) Во случај на престан на важноста на договорот за осигурување поради неплаќање на доспеаната премија, договорувачот мора да ја плати премијата за неплатеното време до денот на престан на важноста на договорот за осигурување или да ја плати целокупната премија за тековната осигурителна година (ако до денот на престан на осигурувањето настанал осигурен случај за кој осигурувачот мора да исплати надомест од осигурување).
Член 12 – ПОСЛЕДИЦИ ОД НЕПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈАТА
(1) Ако премијата за осигурување не е платена до денот на доспеаност, осигурувачот може да го извести договорувачот да ја плати премијата за осигурување. Ако премијата за осигурување не е платена во рокот
кој е наведен во известувањето и кој не е пократок од триесет (30) дена, осигурувачот може да го раскине договорот за осигурување без отказен рок, при што на осигурувачот му припаѓа доспеаната премија за осигурување.
(2) Во случај на доцнење при плаќање на премијата, осигурувачот може да побара поврат на трошоците кои поради доцнењето предизвикале законска казнена камата.
(3) Договорувачот со неплаќање на премијата за осигурување не може еднострано да го раскине осигурувањето.
Член 13 - ПОВРАТ НА ПРЕМИЈА
(1) На осигурувачот му припаѓа целокупната премија ако осигурените посеви и плодови се уништени или оштетени од осигурените опасности.
(2) Во случај на намалување на сумата на осигурување, на осигуреникот му се враќа дел од платената премија за осигурување кој е пропорционален со намалувањето на сумата на осигурување и тоа за времето од денот кога е предадено писменото барање за намалување на сумата на осигурување до истекот на осигурувањето.
(3) Ако осигурените посеви и плодови не биле засеани или засадени или биле целосно уништени пред почетокот на осигурителното покритие, осигурувачот ја враќа премијата што била платена за тие посеви и плодови.
(4) Осигурувачот враќа дел од премијата за неискористениот дел од осигурувањето, ако осигурените посеви или плодови за времетраењето на осигурувањето се уништени од неосигурена опасност. Осигуреникот има право да побара поврат на премијата во рок од 15 дена откако биле уништени осигурените посеви и плодови.
Член 14– ОСИГУРУВАЊЕ ПО ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Кога ќе настане осигурен случај, преостанатите, односно повторно посеаните посеви или засадени насади се осигурени во висина на разликата меѓу првичната сума на осигурување или осигурената вредност и исплатената оштета.
Член 15 - НАЧИН НА ИЗВЕСТУВАЊЕ
(1) Договорите за осигурување се полноважни само ако се во писмена форма.
(2) Сите известувања и изјави кои произлегуваат од одредбите на договорот за осигурување, се издаваат во писмена форма.
(3) Се смета дека известувањето или изјавата се дадени навремено, ако пред истекот на рокот се испратат со препорачано писмо.
(4) Изјавата што треба да се испрати до друго лице станува важечка тогаш кога лицето ќе ја прими.
Член 16 – ПРОМЕНА НА ИМЕ И АДРЕСА
(1) Договарачот на осигурувањето мора да го извести осигурувачот за промена на адресата на живеење, односно на седиштето, како и за промена на своето име или името на фирмата во рок од 15 дена од денот на промената.
(2) Ако договарачот на осигурувањето ја промени адресата на живеење, односно на седиштето, како и своето име или името на фирмата, а притоа не го извести осигурувачот, доволно е осигурувачот да испрати известување до договорувачот на осигурувањето на адресата која му е последно позната и да го наслови на името кое му е последно познато.
Член 17 - ПРИМЕНА НА ЗАКОН
За правата и обврските на договорните страни што не се уредени со овие услови, ќе се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи и Законот за супервизија на осигурување. Ако со овие услови некое прашање е утврдено спротивно на законските прописи, ќе се применуваат одредбите од законот.
Во случај осигуреникот да не е задоволен од односот на осигурувачот за времетраењето на договорот за осигурување, може да достави жалба до Агенцијата за супервизија на осигурување како надлежен орган за супервизија на осигурувањето.
Член 18 – ПРИГОВОР (ВОНСУДСКО РЕШАВАЊЕ СПОРОВИ)
(1) Страните се согласни дека сите спорови што произлегуваат од овој договор ќе се решаваат по мирен пат.
(2) Договорувачот на осигурувањето и осигуреникот се согласни дека за сите спорни прашања, жалби и несогласувања кои произлегуваат од односот со осигурувачот ќе го известат истиот без одложување. Известувањата во вид на приговор од овој став се доставуваат во писмена форма од што со сигурност може да се утврди содржината на известувањето и времето на неговото праќање.
(3) Осигурувачот ќе го достави примениот приговор од став 2 на овој член до Комисијата за приговори (жалби). Комисијата за приговори (жалби) е должна да донесе одлука по приговор во писмена форма без одложување, но најдоцна во рок од 30 дена од денот на прием на приговорот.
Член 19 - НАДЛЕЖНОСТ ВО СЛУЧАЈ НА СПОР
Споровите меѓу договарачот на осигурувањето, односно осигуреникот на една страна и осигурувачот на друга страна ги решава стварно и месно надлежен суд според седиштето на осигурувачот.
Член 20 – НАДЗОР НАД ДРУШТВОТО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Орган надлежен за надзор на осигурителното друштво е Агенцијата за супервизија на осигурување.
член 21: Информации во врска со обработка на лични податоци
[1] Идентитет и контакт на податоците на контролорот и офицерот за заштита на личните податоци:
Назив: Триглав Осигурување АД, Скопје
Седиште: бул.„8-ми Септември“ бр.16, Скопје
Офицер за заштита на личните податоци: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx
* Дополнителни податоци за офицерот за заштита на личните податоци може да најдете на интернет страницата на Друштвото xxxxx://xxx.xxxxxxx.xx/xx/xx-xxx/xxxxxxxx
член 22: Обработка и заштита на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје врши обработка (собирање, евидентирање, организирање, чување итн.) на лични податоци на осигуреници, договорувачи на осигурување, нивните законски застапници или полномошници во согласност со одредбите на Законот за заштита на лични податоци и другите релеванти позитивни законски прописи, применувајќи соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на безбедност на личните податоци. Собраните лични податоци се дел од збирките на лични податоци на Триглав Осигурување АД, Скопје, а Триглав Осигурување АД, Скопје во својство на контролор на личните податоци, истите ги користи совесно, законито и согласно целта за која се собрани.
член 23: правен основ за обработката на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје собира, обработува, чува, користи и доставува лични податоци кои се неопходни при склучување на договорите за осигурување (полиси), врз основа на член 109 од Законот за супервизија на осигурување, а во согласност со Законот за заштита на личните податоци.
[2] Личните податоци се неопходни за обработка од страна на Триглав Осигурување АД, Скопје со цел исполнување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за осигурување, односно обработката на истите претставува основа за оценување на осигурително покритие и степен на оштета.
член 24: цели за обработката на личните податоци
[1] Личните податоци (телефонски број и електронска адреса – e-mail), Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува со цел остварување на контакт заради ефикасно остварување на права и обврските кои произлегуваат од договорите за осигурување (полиси). Овие податоци за цели доставување на рекламни материјали, промоции, понуди како и за други цели на директен маркетинг од страна на Групацијата
Триглав во Република Северна Македонија, ќе бидат искористени само доколку имате дадено согласност, преку одбирање на соодветната опција за согласност.
[2] Со цел водење на постапка за надомест на штета и воспоставување на бази на податоци за настанати штети, оценување на осигурително покритие и степен на оштета Триглав Осигурување АД, Скопје обработува и копии од документи во кои се содржани и лични податоци.
[3] Личните податоци од став 1 и став 2 на овој член Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува само врз основа на претходна согласност од субјектот на личните податоци, а недавањето на согласност за обработка на овие податоци може да има за последица несоодветно оценување на осигурително покритие или степен на оштета или пак неисплаќање на оштетно барање.
[4] Согласноста за обработка на личните податоци од ставот 3 на вој член може да се повлечево секое време преку доставување на известување за повлекување на согласност по пошта на следната адреса:
„бул.8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје“ со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx. Со повлекување на согласноста за обработка на лични податоци Триглав Осигурување АД, Скопје ќе прекине со понатамошна обработка на личните податоци и истите ќе ги избрише од базите на податоци со што можат да настанат последици наведени во став 3 од овој член.
член 25: рокови на чување на лични податоци
[1] Личните податоци, Триглав Осигурување АД, Скопје ги чува во рок за цело времетраење на договорниот облигационен однос, односно најмногу до 10 години по истекот на договорот за осигурување или во случај на настанување на штета, 10 години по затворањето на случајот на настанување на штетата, односно од денот на целосната исплата на надоместокот за настаната штета согласно член 109 став 8 од Законот за супервизија на осигурување.
[2] По истекот на роковите од став 1 на овој член личните податоци ќе бидат избришани/уништени од базите на податоци на Триглав Осигурување АД, Скопје и истите нема да се обработуваат за други цели.
член 26: права на субјектите на личните податоци
[1] Остварување на правата кои произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци (право на пристап, корекција, бришење, ограничување на обработката на лични податоци, приговор и преносливост), се врши преку доставување на барање на електронската адреса на офицерот за заштита на лични податоци: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx. На истата електронска адреса може да се достави барање во врска со сите прашања поврзани со обработката на личните податоци.
[2] Доколку субјектот на лични податоци смета дека обработката на личните податоци за целите наведени член 24, од страна на Триглав Осигурување АД, Скопје не е во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци, или пак смета дека е повредено некое право за заштита на личните податоци, има право да поднесе барање за утврдување на прекршување на прописите за заштита на личните податоци до Агенцијата за заштита на личните податоци како надлежен орган за вршење на надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци на територијата на Република Северна Македонија.
член 27: пренос на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје е дел од Групацијата Триглав. Личните податоци на субјектите на лични податоци се пренесуваат во рамките на Групацијата, односно во матичното друштвото Заваровалница Триглав каде што личните податоци се обработуваат само за цели на чување. При вршење на преносот на личните податоци се обезбедува високо ниво на технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци. Исто така, во рамките на Групацијата Триглав се обезбедуваат сите неопходни заштитни мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци преку стандардни клаузули за заштита на личните податоци кои се одобрени од страна на Европската комисија. Сите дополнителни информации во однос на заштитните мерки може да се добијат со поднесување на барање до по пошта на следната адреса: „бул.8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје“ со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx.
член 28: обработка на лични податоци за цели на директен маркетинг
[1] Личните податоци за цели на директен маркетинг, Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува само врз основа на експлицитна согласност за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг кои ги врши Триглав Осигурување АД, Скопје или поврзаните друштва од рамките на Групација Триглав
во Република Северна Македонија за своите услуги и услугите на поврзаните друштва од рамките на Групација Триглав во Република Северна Македонија.
[2] Согласноста за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг може да се повлече во секое време, бесплатно, со писмено барање (доставено на следната електронска адреса: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx, или по пошта до Триглав Осигурување АД, Скопје, бул.„8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје, со назнака “До Офицерот за заштита на лични податоци”).
член 29- застарување на барањата
[1] Побарувањата од договорите за осигурување застаруваат во согласност со одредбите од Законот за облигациони односи.
член 30: Санкциска клаузула – рестриктивна мерка за спречување на перење пари и финансирање тероризам
[1] Осигурувачот не дава осигурително покритие, односно не ја покрива одговорноста на осигуреникот за настаната штета или не исплаќа какви било други поволности, без оглед на Договорот за осигурување, доколку таквата исплата или плаќањето на каква било друга поволност би го изложила осигурувачот на некакви санкции, забрани или ограничувања врз основа на резолуциите на Обединетите нации, или на трговски или економски санкции, на кршење на законите или прописите на Европската Унија, Обединетото Кралство или САД.
член 31: изјава за информираност
[1] Договарачот на осигурувањето/осигуреникот со потписот на договорот за осигурување/полисата изречно потврдуваат дека при склучувањето на Договорот за осигурување, од страна на осигурувачот писмено се известени за сите податоци согласно членовите 49 и 50 од Законот за супервизија во осигурувањето и дека пред склучувањето на осигурувањето им е оставено разумно време за донесување на конечна одлука за склучување на Договорот за осигурување. Согласно ова, договарачот/осигуреникот со потписот на договорот за осигурување/полисата потврдуваат дека се известени и за правото за поднесување на жалба.
Член 32: завршни одредби
(1) Осигурувачот ќе го известува договарачот за сите промени во согласност со законските прописи.
[2] Овие Услови влегуваат во сила со денот на донесувањето и ќе се применуваат од 01.01.2021 година.