Contract
УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ПРАТКИ ВО ДОМАШЕН ТРАНСПОРТ
ПРЕДМЕТ НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 1
Предмет на осигурување, според овие Услови за осигурување на пратки во домашен транспорт, се сите или договорените карго-пратки што претставуват предмет на трговска дејност на осигуреникот и се превезуваат со сопствени или туѓи превозни средства во границите на Р Македонија со домашен товарен лист, договор или испратница.
ПЕРИОД НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 2
Осигурувањето се договара за времетраење од 12 месеци или доколку поинаку не е договорено.
ОСИГУРИТЕЛНО ПОКРИТИЕ
Член 3
Осигурителното покритие, во согласност со член 1 од овие Услови, ги опфаќа сите штети од физичка загуба или оштетување на стоките што се продаваат, купуваат или се користат во бизнисот на осигуреникот за време на транспорт.
Осигуреникот може да избере едно од долунаведените осигурителни покритија дадени во пакет, и тоа:
- ПАКЕТ /А/, за сите пратки превезувани на територијата на Р Македонија или
- ПАКЕТ /Б/, именувани и наброени ризици во полисата за сите пратки превезувани на територијата на Р Македонија.
ОСИГУРЕНИ РИЗИЦИ
Член 4
Загуба или оштетување на стока за време на транспорт, директно предизвикана од некој од следниве осигурени настани:
ПАКЕТ /А/
1. пожар;
2. експлозија;
3. виша сила (поплава, гром, луња, снежна лавина, лизгање на земјиште);
4. судир на возило за превоз со некој надворешен објект;
5. сообраќајна незгода (превртување, свиткување на половина или исфрлање од колосек на копнени превозни сред- ства);
6. сообраќајна незгода со нешто што не е на или дел од превозно средство;
7. судир, кршење или присилно слетување на воздушно превозно средство;
8. делумна кражна и кражба на целата пратка;
9. штети при натовар и истовар на пратката.
ПАКЕТ /Б/
1. пожар;
2. експлозија;
3. сообраќајна незгода (превртување, свиткување на половина или исфрлање од колосек на копнени превозни средства);
4. судир на возило за превоз со некој надворешен објект.
ДОПОЛНИТЕЛНИ ОСИГУРЕНИ ТРОШОЦИ
Член 5
Ако не е посебно договорено со осигуреникот, осигурувачот нема да плати повеќе од 500 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Р Македонија за:
- трошоци за расчистување и отстранување на остатоците од местото на незгода, каде што осигуреникот е законски или договорно обврзан да ги плати тие трошоци;
- трошоци за транспорт и расчистување, оправдано напра-вени во просториите на осигуреникот, по испорака или вра- ќање на спасената стока и плус трошоци за транспорт и расчистување за отстранување на оваа стока и трошоци за уништување на остатоците;
- трошоци за секоја дополнителна возарина, или за спасување на стоката, кои осигуреникот ги направил за остранување на стоката од секое место на незгода, вклучувајќи го и трошокот за транспорт за испорака на стоката до крајната дестинација или за враќање на стоката до местото од кое била испратена;
- оправдани трошоци настанати за избегнување или минимизирање за секаква понатамошна загуба или оштетување на стоката.
ИСКЛУЧЕНИ РИЗИЦИ ОД ОСИГУРУВАЊЕ
Член 6
Осигурувачот нема обврска на осигуреникот да му исплати надомест и трошоци за штета за загуба или оштетување на стоката:
1. што постоела или настанала пред започнување на транспортот;
2. предизвикана од демонтирање, монтажа, процена, тестирање или складирање, освен во редовен тек на транспортот;
3. што е резултат на механичко, електрично или електронско прекинување или погрешно функционирање, каде што нема надворешен доказ за штета во транзит од еден осигурен настан;
4. поради лоша намера или груба небрежност на осигуреникот;
5. од вообичаено испарување и редовна загуба во тежината;
6. поради природни својства или внатрешни мани на стоката (како 'рѓа, кало, испарување и др.);
7. ако за превоз на пратката користел несоодветно возило или контејнер или недоволно и несоодветно пакува- ње/амбалажа (вклучено и редење на стоката во контејнерот);
8. за непреземање на посебни мерки во врска со превоз на предмети што во јавниот превоз го пречекоруваат пропиша-ниот габарит;
9. за неправилна или неточна декларација на стоката;
10. за штети плативи од одговорност на превозникот;
11. од воени и политички настани, штрајк и штети од штрајкувачи, терористи или кои било лица што дејствуваат со политички намери;
12. што се директно или индиректно предизвикани од или Што настанале од употреба или работа со информатичко- технолошки уред како средство за нанесување на штета.
Во случај кога овој исклучок се јавува како додаток кон полиси што покриваат ризици на војна, граѓанска војна, рево-луција, востание, бунт или граѓански безредија што произлегуваат од тоа или од кој било непријателски чин од или против воинствена моќ или тероризам или кое било лице што дејствува со политички мотив, точка 12 став 1 нема да ги исклучува штетите што инаку би биле покриени, а кои настанале од употребата на информатичко- технолошки уреди во системот за лансирање и/или наведување и/или механизмот за пукање на кое било оружје или ракета.
Под поимот информатичко-технолошки уред се подразбира секој компјутерски систем, хардвер, софтвер, програма, код, податоци, процес, вирус, база на информации, микрочип, интегрирани кола или сл. уреди во или поврзани со компјутерска опрема или некомпјутерска опрема без разлика дали се во сопственост на осигуреникот.
СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 7
Максималниот лимит на осигурување, во согласност со овие Услови, е 25 000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Р Македонија по една пратка на денот на издавање на полисата.
Со осигуреникот може да се договори и помал лимит на осигурително покритие во зависност од потребите во работењето.
Сума на осигурување на секоја поединечна пратка е нејзината фактурна вредност со можност на зголемување до 10 % по основа на дополнителни трошоци.
Сумата на осигурување во полисата е лимит по еден штетен настан, а не вкупната вредност на сите превози во текот на целата година.
Секоја пратка со поголема вредност од лимитот утврден во полисата осигуреникот е должен да ја пријави на осигурувачот пред започнување на превозот. За такви пратки осигурувачот има право да одреди посебни услови и премиски стапки и издава посебна поединечна полиса.
ОСНОВИЦА ЗА ПРЕСМЕТКА НА ПРЕМИЈА
Член 8
Основицата за пресметка на премијата во согласност со член 1 и 3 од овие Услови се договара со осигуреникот и може да биде:
- остварениот промет во минатата деловна година или
- планираниот промет во тековната година на сите, или договорените пратки што патуваат на ризик на осигурениот. Вредноста на прометот се прикажува во полисата во денари.
Остварениот, т.е. планираниот промет се утврдува по пат на аналитичка евиденција за сите или договорените карго- пратки што патуваат на ризик на осигуреникот и се превезуваат со сопствени или туѓи превозни средства во границите на Р Македонија со домашен товарен лист, договор или испратница, доколку поинаку не се договори.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРЕНИКОТ
Член 9
1. Осигуреникот има обврска, најдоцна до 10-ти во секој тековен месец, да даде писмен извештај за остварениот промет во изминатиот месец, со точни податоци за вредноста на сите пратки што ги превезувал, во согласност со фактурите при набавка и продажба, или други официјални документи, доколку поинаку не е договорено.
2. Осигуреникот има обврска, по завршување на деловната година, т.е. периодот на осигурување во полисата, писмено, на осигурувачот да му достави конечни податоци од периодичната или годишната сметка, за извршениот транспорт/промет, со цел конечна пресметка на премијата за осигурување, доколку поинаку не е договорено.
3. Осигуреникот е должен секоја штета над договорениот лимит на франшиза во полисата да ја пријави на осигурувачот на најбрз можен начин (телефон, факс и др.) за да се организираат навремен извид и процена на висината на штетата.
4. Осигуреникот е должен оштетените стоки да ги смести во соодветни простории во зависност од природата на стоките, со претходна согласност од осигурувачот.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 10
1. Осигурувачот има право да врши увид во деловните книги и евиденцијата на осигуреникот со цел да се увери во вистинитоста на дадените податоци потребни за пресметување на премијата, а особено во случај на штета.
2. Ако со контрола осигурувачот констатира дека осигу-реникот намерно го прикрива извршениот промет, тој има право да го откаже осигурувањето или да исплати сразмерен дел на штетата.
3. Осигурувачот има право да го раскине осигурањето во случај на неприкажување на објективни околности (објективни околности се оние околности за кои може да се очекува да имат влијание на оцената на осигурувачот при прием во осигурувањето).
4. Осигурувачот е должен конечните податоци за транспортот што ќе ги добие од осигуреникот да ги чува како деловна тајна.
5. Во случај на делумно или целосно уништување на пратката, осигурувачот има обврска да ја надомести штетата заедно со другите трошоци во висина до сумата на осигурување во полисата.
ПРИЈАВА И ИСПЛАТА НА ШТЕТА
Член 11
За остварување на правото на надомест на штета, осигуреникот е должен на осигурувачот во оригинал да му ги приложи следните документи:
- пријава за штета на стока во транспорт и барање за надомест на штета;
- полиса за осигурување;
- товарен лист; - испратница и фактура за пратката;
- записник од извршениот увид и процена на штетата од проценителот на осигурувачот или некоја независна контролна куќа;
- изјава од возачот за причината за настанување на штетата;
- записник од полиција (за сообраќајна незгода, кражба и др.);
- други документи и кореспонденција потребни за утврдување на основата и висината на штетата.
Осигурувачот е должен по комплетирање на отштетното побарување да ја реши и да ја исплати штетата во рок од 15 дена.
ФРАНШИЗА
Член 12
Осигуреникот учествува со задолжителна франшиза од минимум 100 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Р Македонија, во секој штетен настан, доколку поинаку не е договорено.
Износот на франшизата се договара со осигуреникот и е прикажан во полисата.
ОБЕЗБЕДУВАЊЕ И ПРЕНОС НА ПРАВОТО НА РЕГРЕС
Член 13
Осигуреникот е должен да ги преземе сите неопходни мерки, со цел да се смало штетата и да го обезбеди и да го сочува регресното право на осигурувачот против трети лица одговорни за штета.
НАДЛЕЖНОСТ НА СУДОТ
Член 14
Во случај на спор меѓу договарачот на осигурувањето, односно осигуреникот и осигурувачот, месно е надлежен Основниот суд Скопје 2, Скопје.
ОТКАЗ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 15
Осигурувањето, според овие Услови за осигурување, секоја од договорените страни може да го откаже со препорачано писмо и отказен рок од 30 дена.
Овие Услови за осигурување се составен дел на полисата за осигурување на пратки во домашен транспорт и му се врачуваат на осигуреникот при издавање на полисата.
ВАЖНОСТ НА ОПШТИТЕ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ИМОТ
Член 16
Доколку не се во спротивност со овие Услови, на осигурувањата склучени според овие Услови се применуваат и Општите услови за осигурување на имот.
ПРАВО НА ЖАЛБА
Член 17
Договарачот, осигуреникот или корисникот на осигурувањето може да достават жалба во однос на осигурувачот до Агенцијата за супервизија на осигурувањето, како орган надлежен за супервизија на друштвата за осигурување.
Бр.02-5534/5
Датум: 11.7.2018 година
Претседател на Управен одбор Xxxxx Xxxxx
Овие Услови за осигурување ги донесе Управниот одбор на Друштвото на 98-та редовна седница одржана на 10.02.2016 година со одлука бр.02- 1297/3-22 со примена од 15.02.2016 година и измените и дополнувањата донесени на 209-та редовна седница одржана на 11.7.2018 година со одлука бр.02-5534/5 со примена со денот на донесувањето.
Лектор Xxxxxxxx Xxxxxxxx