• За секоја испорака, Добавувачот треба да достави фактура/ сметка во 2 примерока, придружена со Потврда за прием (CoC) / Известување од магацин, потпишани од страна на одговорните лица на Набавувачот и Добавувачот. На фактурата/ сметката како...
ОПШТИ УСЛОВИ ЗА НАБАВКИ НА МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМ АД
1. Област на примена
Овие Општи услови за набавки на Македонски Телеком АД – Скопје (во понатамошниот текст
„МТ“ или „Набавувач“) се однесуваат и се применуваат исклучиво за набавки што ги врши МТ. Сите противречни или спротивни услови на Добавувачот во однос на Општите услови за набавка на МТ, нема да се применуваат, дури и во случај кога извршувањето на работата на Добавувачот е неспорно прифатена, и покрај познавањето на таквите услови на Добавувачот.
Освен доколку не е поинаку договорено со договор или во нарачката, полноважни и обврзувачки за МТ се само уредно потпишаните Договори и/или нарачки во писмена форма, но и во електронска форма, со валиден електронски потпис од страна на овластени лица на МТ.
Овие Општи услови за набавка важат само доколку нема претходно потпишан договор со Добавувачот или доколку некои од условите не се дефинирани во Нарачките.
Правата, обврските и условите дефинирани во Договор со Добавувачот или во Нарачките ги исклучуваат одредбите од овие Општи услови за набавка.
Прифаќањето на нарачката од Добавувачот ги подразбира условите и одредбите наведени во овие Општи услови за набавка, и налозите и податоците во нарачката. Секоја разлика или дополнување во однос на овие Општи услови за набавка наведено во другата документација на Добавувачот, е неприфатлива.
Отпочнувањето со испораката на дел или на целата нарачка од страна на Добавувачот се смета како прифаќање на сите одредби и услови тука дефинирани, без разлика дали Добавувачот го потврдил прифаќањето на нарачката.
2. Интегритет и одговорност
• Набавувачот и Добавувачот треба да ги преземат сите потребни мерки да ги избегнат дејствата што можат да предизвикаат материјална штета. Било која од страните може да го раскине договорот (да ја откаже нарачката) без претходно известување доколку дознае за такви дејства.
• Добавувачот одговара за материјалните недостатоци на било кој предмет што тој ги имал во моментот на преминување на ризикот врз Набавувачот, без оглед дали тоа му било познато.
• Добавувачот одговара и за оние материјални недостатоци што ќе се појават по преминувањето на ризикот врз Набавувачот ако се последица од причина што постоела пред тоа.
• Добавувачот одговара ако врз продадениот предмет постои некое право на трето лице што го исклучува, намалува или ограничува правото на Набавувачот, а за чие постоење Набавувачот не бил известен, ниту се согласил да го земе предметот оптоварен со такво право.
3. Составни делови на општите услови
Составен дел на овие општи услови за набавка на Набавувачот е:
- Уредно потпишана нарачка со опис на набавуваната опрема/услуга, суштествени и други елементи.
Приоритет на важност:
1. Договор
2. Нарачка
3. Општи услови за набавки
4. Цени и услови на плаќање
• Договорената цена наведена во нарачката е фиксна цена до целосната реализација на набавката, вклучувајќи и испорака до централниот магацин на Набавувачот или до објектот на Набавувачот, како што е наведено во нарачката од Набавувачот. Цената го вклучува превозот, осигурувањето, пакувањето и сите други трошоци што може да настанат при испораката/ подготвувањето за употреба/ пуштањето во употреба на локација на Набавувачот, освен ако не е поинаку договорено.
• Договорената цена ги вклучува трошоците за сите инсталирања/ интегрирања и изведување на работата, на под-изведувачи на Добавувачот што може да се јават како неопходно потребни, а кои треба да се изведат од Добавувачот дури и по вообичаените работни часови, без да влијаат на тековното работење на Набавувачот.
• Реализацијата на нарачката опфаќа и достава на соодветни Упатства за работење, употреба и одржување, како и сите неопходни документи за правилна употреба на опремата., на македонски и англиски јазик. Сите упатства и целата документација наменета за Набавувачот, е вклучена во цената од нарачката, освен ако поинаку не е наведено и договорено со нарачката.
• За секоја испорака, Добавувачот треба да достави фактура/ сметка во 2 примерока, придружена со Потврда за прием (CoC) / Известување од магацин, потпишани од страна на одговорните лица на Набавувачот и Добавувачот. На фактурата/ сметката како Набавувач да биде назначен:
Македонски Телеком АД – Скопје, Орце Николов б.б.
Добавувачот сметката/фактурата ја доставува на следната адреса:
Македонски Телеком АД – Скопје
Централна архива, Област за Финансии, Сектор за управување со готовина Орце Николов бб, 1000 Скопје
• Фактурата на Добавувачот треба да ги содржи следните ставки, во спротивно Набавувачот ќе ја смета за непотполна и ќе ја врати до Добавувачот:
o Податоци за Добавувачот: име, адреса, даночен број и број на сметка во банка
o Податоци за Набавувачот: Македонски Телеком АД, 1000 Скопје, Орце Николов б.б.
o Број на нарачката на Набавувачот, број на Потврдата за прием (CoC)/
/Известувањето од магацин
o Ставки пропишани со закон (пример: датум на фактурата, рок за плаќање, наведени услуги, количина, единична цена, вкупна цена, нето износ, процент и износ на ДДВ и сл.)
o Потврда за прием (CoC)/ Известување од магацин во прилог
o Валута
• Плаќањето ќе се изврши во рок од 90 календарски дена, по извршувањето на работата или испораката на стоката и приемот на фактурата задолжително придружена со Потврда за прием (CoC)/ Известување од магацин. Датум на прием на фактурата е датумот кога Централната архива на Набавувачот ја примила фактурата. Централната архива треба да стави печат/ штембил на секоја фактура. Пресметувањето на рокот за плаќање започнува од овој датум.
• Секој договор со добавувачи кои се регистрирани во Македонија мора да се склучи во денари. Во случај на домашни набавки поврзани со увоз, договорот може да содржи и девизна клаузула согласно која вредноста на услугите и/или стоките може да биде наведена или во евра или во американски долари, но договорот треба да пропишува дека фактурата на добавувачот треба да биде издадена и платена во денари според средниот курс на Народна Банка на Република Македонија на датумот на издавањето на Потврдата за прием и известување од магацин. Секој договор со странски добавувачи (т.е. добавувачи кои се регистрирани во други земји) мора да се склучи или во евра или во американски долари.
• Каматата за задоцнети денарски плаќања не смее да ја надминува објавената статутарна казнена каматна стапка која се однесува на должничко-доверителските односи (основната каматна стапка на Народна Банка на Република Македонија
зголемена за 200%). Каматата за задоцнети девизни плаќања не смее да го надминува ЕУРИБОР +2% п.а. за плаќања во евра или ЛИБОР +2% п.а. за плаќања во американски долари.
• За ден на извршување на плаќањето ќе се смета денот на задолжувањето на банкарската сметка на Набавувачот.
• Добавувачот (домашно правно/ физичко лице) се согласува, доколку има било каков долг кон Набавувачот, Набавувачот да може да направи компензација на овој долг со фактурата на Добавувачот без понатамошна дополнителна согласност. Во таков случај, Набавувачот е должен да го извести Добавувачот за деталите на компензацијата (датумот на важност, износот, детална листа на релевантни фактури).
Дозволи, одобренија, даноци и слично
• Освен ако не е поинаку договорено, Добавувачот е одговорен за добивање и плаќање на сите дозволи или лиценци за извози и увоз неопходни за реализација на нарачката.
• Доколку набавувачот од странски добавувач користи услуги кои подлежат на плаќање на задржан данок, Набавувачот е должен од бруто договорената цена да го задржи и уплати задржаниот данок (withholding tax), за сметка на Добавувачот, доколку:
- Добавувачот е од земја со која Република Македонија нема склучено договор за одбегнување на двојно оданочување;
- Добавувачот е од земја со која Република Македонија има склучено договор за одбегнување на двојно оданочување, но истиот до Набавувачот нема доставено сертификат за матична држава, или
- Добавувачот е од земја со која Република Македонија има склучено договор за одбегнување на двојно оданочување и има доставено сертификат за матична држава, но согласно наведениот договор дел од приходот може да се оданочи и во Република Македонија;
• Договорените цени во нарачката се нето цени, без вклучен ДДВ.
6. Испорака, реализација, пакување и документација
• Запазувањето на рокот за испорака е суштинско за реализација на нарачката. Добавувачот мора да го запази наведениот рок за испорака/извршување на нарачката.
• Добавувачот пред испораката треба да достави Известување за испорака, со наведен број на нарачка, предмет на нарачката, име на Добавувачот, фактура, товарен лист, податоци за шпедитерот. На пакувањето треба соодветно да биде наведен број на нарачката, предметот на набавката и целосната адреса на Набавувачот.
• Добавувачот е слободен да ги избере начинот на превоз и превозникот, како и компанијата за осигурување.
• Добавувачот се обврзува да ги обезбеди следните документи што треба да се приложат кон транспортот, онаму каде што е применливо:
а) Товарен лист (странски добавувач) 1 оригинал и 2 копии б) Комерцијална фактура од Понудувачот 1 оригинал и 2 копии в) Спецификација за утовар 1 оригинал и 2 копии
г) Испратница 1 оригинал и 3 копии
д) Потврда за осигурување (странски добавувач) 2 копии
ѓ) Сертификат за потекло (ЕУР 1 или слично) 1 оригинал (странски добавувач)
• Пред испорака на опремата Добавувачот по факс ќе ги испрати следните документи:
1. Комерцијална фактура со спецификација на цените на артиклите
2. Спецификација за утовар
• Набавувачот ќе ја потврди точноста на документите колку е можно поскоро но не подоцна од 24 часа по нивниот прием по факс, доколку наредните 24 часа се во работен ден. Добавувачот не смее да започне со испорака пред Набавувачот да испрати потврда дека се пристигнати документите наведени во 1 и 2, погоре.
• Добавувачот ќе обезбеди такво пакување на опремата, со оглед на тоа дека е потребно истата да се заштити од оштетување или уништување за време на нејзиниот транспорт до крајната дестинација, како што е одредено со нарачката.
• Добавувачот е одговорен за сите оштетувања кои се резултат на неправилно пакување на опремата која треба да се испорача.
Цената на пакувањето, ознаките и документацијата во пакетите и на надворешната страна на пакетите е вклучена во цената од нарачката.
• Договорна казна
o Доколку во нарачката договорната казна не е определена според наод на Набавувачот, во вкупен износ или на некој друг начин, во случај на задоцнување со исполнувањето, ќе се наплатува договорна казна и тоа:
o Добавувачот се обврзува да плати договорна казна на Набавувачот во случај на задоцнување со исполнувањето (испораката/ извршување на услугата), како и при задоцнување со исполнувањето на други обврски (поправка и замена на несоодветната опрема/ услуга) во висина од 1% дневно и/или час од вредноста на нарачката, а најмногу до 30% од вкупната вредност на нарачката.
o Основица за пресметување на договорната казна претставува нарачката, односно вкупниот износот без ДДВ).
o Доколку Набавувачот претрпел штета која го надминува износот на договорната казна, Набавувачот ќе бара и разлика до целосниот надомест на штета.
o За штетите кои ќе ги предизвика Добавувачот со неисполнувањето на своите обврски од нарачката и овие Општи услови за набавка, Добавувачот е должен да му ги надомести на Набавувачот.
o Набавувачот го задржува своето правото да бара договорна казна поради задоцнување и во случај ако Набавувачот го примил исполнувањето на обврската.
o Доколку Добавувачот е одговорен за направена штета врз основа на одговорност за материјалните недостатоци на предметот на набавката (Product liability), тој се обврзува да го обесштети Набавувачот во случај на барања за оштета од трети лица. Набавувачот треба веднаш да го извести Добавувачот за таквите барања за оштета при што нема да врши плаќања или да ги признава барањата без консултација.
8. Неизвршување на обврските од страна на Добавувачот
• Во случај на неизвршување на обврските од страна на Добавувачот се применуваат законските одредби, освен доколку не е поинаку определено.
• Набавувачот кој навремено и уредно го известил Добавувачот за недостатокот може:
- да бара од Добавувачот да го отстрани недостатокот или да му предаде друг предмет без недостаток (исполнување на договорот);
- да бара намалување на цената;
- да изјави дека го раскинува договорот.
Во секој од овие случаи Набавувачот има право и на надомест на штетата.
• Покрај тоа, и независно од тоа, Добавувачот му одговара на Набавувачот и за штетата што истиот, поради недостаток на предметот, ја претрпел на другите свои добра, и тоа според општите правила за одговорноста за штета согласно ЗОО (Законот за облигационите односи).
9. Гаранција
• Добавувачот гарантира дека производите/ услугите нарачани со нарачката се испорачани според нарачаниот квалитет и истите се соодветни на предметната намена за која Набавувачот има намера да ги користи.
• Добавувачот експлицитно гарантира дека нарачаните и испорачани производи/ услуги опфатени во овој документ се испорачани без дефекти во изработката, материјалот и извршувањето, и во целост одговараат на спецификациите, инструкциите, цртежите, податоците, валидните прописи и мостри (доколку постојат).
• Гарантиот рок што го обезбедува Добавувачот/производителот започнува од денот на преминување на ризикот или, доколку е потребен прием, по извршувањето на приемот од страна на Набавувачот односно пуштање во работа.
• Добавувачот/ производителот е должен да обезбеди и да му предаде на Набавувачот гарантен лист (со кој Добавувачот/ производителот го гарантира исправното функционирање на предметот во текот на определеното време, сметајќи од денот на примопредавањето односно од денот на пуштањето во употреба) кој задолжително содржи:
- назив и седиште на Добавувачот (давателот на гаранција);
- податоци за производот со кој се идентификува производот;
- изјава за гаранција и за условите на гаранцијата;
- траење на гарантниот рок;
- назив на Набавувачот, датум на продажба, печат и потпис на овластениот работник, а ако се во прашање постројки, уреди, опрема, и други средства – назив и седиште на Добавувачот, датум на пуштање во употреба и потпис на овластениот работник.
• Набавувачот поради неисправно функционирање, ќе бара од Добавувачот / производителот поправка (во рок утврден во нарачката) или замена на производот.
• Трошоците за материјал, резервни делови, работата, пренос и превоз на опремата/ производот што ќе настанат при отстранување на дефектите, односно замената на производот со нов производ по основ на гаранцијата, паѓаат на товар на Добавувачот.
Добавувачот е должен на своја сметка да го пренесе предметот/ производот до местото каде треба да го поправи, односно да се замени, како и поправениот предмет/производ да му го врати назад на Набавувачот.
За тоа време Добавувачот/ производителот го поднесува ризикот од уништување или оштетување на предметот.
• Во случај на рекламација (поправка или замена) во гарантен рок, гарантниот период се продолжува за период еднаков на периодот за време на кој Набавувачот не можел да ја
користи делумно или целосно опремата/ услугата или гарантниот рок почнува повторно да тече од извршената замена.
• Производот (Опремата) што не е примен од страна на Набавувачот поради несоодветност со нарачката, несоодветен квалитет или кај која се јавува рекламација во гарантниот рок, ќе му биде вратена на Добавувачот, на трошок на Добавувачот, вклучувајќи ги и транспортните и манипулативните трошоци. Трошоците на Набавувачот за проверка на испорачаната опрема, може да се бара да бидат покриени од страна на Добавувачот.
Доколку испорачаната опрема/ услуга не ги исполни условите и одредбите наведени во нарачката, Набавувачот го задржува правото да не ја прими целата испорачана опрема/ извршена услуга или делумно да ја прими испорачана опрема/ извршена услуга или во целост да ја прими испорачана опрема/ извршена услуга. Независно од дејството на Набавувачот, Набавувачот ги задржува сите права во однос на Добавувачот во случај на несоодветни испораки.
10. Заштита на животната средина
Добавувачот треба да се придржува на правата и обврските во обезбедувањето услови за заштита и унапредување на животната средина и природата..
11. Преминување на ризик
• До предавањето на предметот на Набавувачот, ризикот за случајно уништување или оштетување на предметот го поднесува Добавувачот, а со предавањето на предметот ризикот преминува врз Набавувачот.
• Ризикот не преминува врз Набавувачот ако Набавувачот поради некој недостаток на предадениот предмет го раскинал договорот или барал замена на предметот.
• Ако предавањето на предметот не е извршено поради задоцнување на Набавувачот ризикот преминува врз Набавувачот во моментот кога паднал во задоцнување.
• Кога предметот на договорот се предмети определени според видот, ризикот преминува врз Набавувачот во задоцнување ако Добавувачот ги издвоил предметите очигледно наменети за извршување на предавањето и за тоа му испратил известување на Набавувачот.
• Кога предметите определени според видот се од таква природа што Добавувачот не може да издвои еден нивни дел, доволно е продавачот да ги извршил сите дејствија што се потребни за да може Набавувачот да ги преземе предметите и за тоа да испратил известување до Набавувачот.
12. Право на патент, заштитено трговско име и индустриска сопственост на трета страна
• Добавувачот гарантира дека продажбата или употребата на опремата/ услугите опфатени со нарачката не ги прекршува правата на заштита на патент, трговско име и индустриска сопственост во Република Македонија или надвор од неа.
• Добавувачот ќе го обесштети Набавувачот во однос на сите покренати постапки и настанати штети од сите судски одлуки, давачки и адвокатски трошоци што произлегуваат од таквото прекршување на употреба на патент, заштитено трговско име и индустриска сопственост, на прво писмено барање од страна на Набавувачот упатено до Добавувачот.
• Во случај на продажба на опрема/ услуги со заштитено патентно право, трговски име или индустриска сопственост од трета страна, Добавувачот со претходно писмено одобрување од Набавувачот има право да набави:
• за сметка на Купувачот и да му даде право на користење на Набавувачот или
• да ја врати испорачаната опрема или дел од истата со што нема да ги прекршува правата на индустриска сопственост на трета страна или
• да го прифати одбивањето на Набавувачот да ја прими опремата/ услугата и да побара враќање на платените средства (доколку има) и на настанатите трошоци за превоз, инсталација и сл.
• Набавувачот не е одговорен за обесштетување на Добавувачот на било кој начин, во случај на прекршување на право на индустриска сопственост на трета страна.
13. Доверливост
• Набавувачот и Добавувачот треба да ги чуваат како доверливи сите информации кои произлегуваат од делокругот на работење на другата страна, а за кои и двете страни ќе дознаат преку деловната соработка, а кои информации не се јавно достапни. Таквите информации нема да се користат од страна на трети лица.
• Сите информации кои произлегуваат од нарачката, се сметаат за доверливи освен за членките на DT (Deutsche Telecom) и членките на МТ групацијата (МТ и Т-Мобиле АД).
• Пред доставувањето на доверливите информации на трета страна, вклучувајќи ги и под- добавувачите, Добавувачот треба да добие писмена согласност од страна на Набавувачот.
14. Завршни одредби
• Набавувачот може нарачката да ја откаже согласно законските прописи, а има право да ја откаже и по сопствено наоѓање, еднострано без отказен рок.
• За прашањата кои не се регулирани во нарачките и со Општите услови за набавка на Набавувачот, ќе се применуваат одредбите согласно Законот за облигациони односи и законите на Р.М.
• Во случај на спор, ќе решава надлежниот суд во Скопје, Република Македонија, согласно македонското законодавство.
• Доколку некоја од одредбите од Општите услови за набавка не е валидна за предметната нарачка, тогаш останатите одредби од општите услови за набавка остануваат да важат за нарачка.
• Нарачката, правата и обврските што произлегуваат од истата, не смее да се доделат, префрлат или пренесат на трета страна, без претходна писмена согласност од страна на Набавувачот и секоја обид за префрлање или префрлена обврска од страна на Добавувачот на трета страна, без писмена согласност од Набавувачот, ќе се смета за ништовен и неважечки.
• Само условите наведени во овие Општи услови за набавка се сметаат за важечки и обрзувачки договор помеѓу Набавувачот и Добавувачот, освен доколку не е поинаку наведено во нарачката од Набавувачот.
Добавувачот има обврска да ја прифати или одбие нарачката во рок од 3 (три) работни дена од датумот на доставување на истата до Добавувачот по електронски пат, факс или писмено на адреса на МТ, и истата ќе се смета за прифатена во целост и согласно Општите услови за набавка.
Доколку добавувачот нарачката не ја одбие во определениот рок, ќе се смета дека добавувачот ја прифатил нарачката .
Овие Општи услови за набавка стапуваат во сила со денот на нивното усвојување, а се применуваат од денот на нивното објавување на официјалната веб страната на Македонски Телеком АД.