1] Општите услови за осигурување на гаранција – продолжена гаранција на моторни возила (во понатамошниот текст: Општи услови) се составен дел на Договорот за осигурување, склучен меѓу осигуреникот и „Триглав Oсигурување АД, Скопје“, (во натамошниот...
Општи услови за осигурување на гаранција – продолжена гаранција на моторни возила
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
[1] Општите услови за осигурување на гаранција – продолжена гаранција на моторни возила (во понатамошниот текст: Општи услови) се составен дел на Договорот за осигурување, склучен меѓу осигуреникот и „Триглав Oсигурување АД, Скопје“, (во натамошниот текст: „осигурувач“).
член 1: значење на поимите
[1] Во овие Услови изразите ќе го имаат следното значење: договарач на осигурувањето е правно лице кое склучило Договор за осигурување со осигурувачот;
осигуреник е правно лице од мрежата на овластени увозници на моторни возила; осигурувач е Триглав Осигурување АД, Скопје;
премија за осигурување е договорен износ кој договарачот на осигурувањето му го плаќа на осигурувачот;
полиса е исправа за склучен Договор за осигурување;
сума на осигурување е највисок износ до кој осигурувачот дава покритие;
ново возило е возило од редовната продажна програма, купено во мрежата на овластени дистрибутери на генералниот увозник, со карактеристики утврдени во Договорот;
половно возило е возило кое е продадено како половно возило во продажната мрежа на осигуреникот и за кое постои документација за извршени редовни сервиси, детално опишани во Договорот;
потврда за продолжена гаранција е писмен документ кој го примил осигуреникот и со кој се потврдуваат склучувањето на Договорот за осигурување, износот на премијата и износот на осигурување и сите останати важни елементи, доколку не е поинаку договорено;
сервисна книшка е исправа со прописи и докази за редовни периодични сервисни прегледи, во согласност со предвидените прописи на производителот на возилото, кои сопственикот на возилото треба да ги испорача во согласност со член 2 став 1 точките 2) и 4) од овие Услови;
договор за користење на продолжена гаранција е документ со кој се дефинирани правилата, правата и обврските на осигуреникот при извршување на програмата за продолжена гаранција, и тој е составен дел на Договорот за осигурување.
[2] Овие услови се темелат врз Законот за облигационите односи, Законот за супервизија на осигурувањето, како и останатите подзаконски акти донесени врз основа на овие закони, и на соодветен начин се применуваат на договорот за осигурување кој што го склучуваат договарачот на осигурувањето и осигурувачот.
[3] Општите услови се составен дел на понудата и договорот за осигурување што договарачот на осигурувањето, односно осигуреникот ќе го склучи со Триглав Осигурување АД, Скопје.
член 2: обврски на осигуреникот
[1] При осигурување на продолжена гаранција, осигуреникот е обврзан:
1) најдоцна до петтиот ден од наредниот месец да ги собере и да му ги достави на осигурувачот, или на лице одредено од него, податоците за продадените возила во претходниот месец во пропишаната форма согласно Договорот за соработка;
2) да врачи потврда за осигурување на гаранција – продолжена гаранција, и да го информира сопственикот на возилото за гаранциските услови и за задолжителното вршење на редовните и периодичните сервисни прегледи на возилото согласно прописите на производителот, што треба да
се евидентира во потврдата за продолжена гаранција и во сервисната книшка;
3) при секое пријавување на дефект на возилото за кој постои покритие согласно овие Услови, а најдоцна во рок од 3 дена од пријавувањето на дефектот, да го извести осигурувачот, или лицето одредено од осигурувачот, за сите релевантни и потребни податоци и информации за настанувањето на штетата, природата на дефектот и обемот на трошоците, врз основа на кои ќе може да се одлучува за статусот на самата штета;
4) по доставување на податоците за дефектот да се почека со поправка на возилото и да не се менува состојбата на возилото сè додека не се добие потврден одговор од страна на осигурувачот, или лицето одредено од него, во врска со покритието на штетата;
5) доколку се добие одобрување да се изврши поправка на дефектот, поправката на возилото ќе се изврши во согласност со стандардите и нормите на производителот на возилото;
6) да ги зачува сите сменети делови и склопови на возилото кои биле предмет на поправка на дефектот врз основа на продолжената гаранција поради можна инспекција (надзор) во следните 3 месеци;
7) за секој (пронајден) идентификуван или пријавен дефект на броилото за помината километража на возилото веднаш треба да го извести осигурувачот, или лицето одредено од него, и да овозможи увид во поминатата километража пред поправката или замената;
8) во случај кога гаранцијата на производителот истекла предвремено (на пример, поминати повеќе од 100 000 км, непочитување на пропишаното одржување и сервисирање на возилото), осигуреникот е обврзан да го извести осигурувачот, или лицето одредено од него, за промената на датумот на важност на продолжената гаранција.
СОДРЖИНА И ОПСЕГ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
член 3: предмет на осигурување
[1] Согласно овие Услови, предмет на осигурување се штетите настанати на склоповите и деловите на возилото по електричен или механички дефект одреден со договорното покритие, а кои се наведени во полисата за осигурување за:
1) патнички возила;
2) лесни товарни возила до 3,5 т вкупна маса.
[2] Доколку со Договорот за осигурување не е поинаку уредено, предмет на осигурување на гаранцијата – продолжена гаранција, нема да бидат:
1) склопови и делови кои се регистрирани надвор од Република Македонија;
2) склопови и делови кои се употребуваат за дејност такси, рентакар, автошколи, полициски и возила за интервенција;
3) склопови и делови за возила на хибриден, електричен или плински погон;
4) склопови и делови за возила кои се употребуваат за трки;
5) склопови и делови за возила кои се посебно наведени во Договорот;
6) надградба на возила, која не ја изработува ниту испорачува производителот на возилото.
[3] Доколку поинаку не е договорено, под овие Услови може да се осигурат само возилата кои се купени преку продажната мрежа на осигуреникот на територијата на Република Македонија, како што е одредено во Договорот.
[4] Во ниту еден случај предмет на осигурување по програмата за продолжена гаранција нема да бидат склопови и делови на возилото кои се предмет на редовно одржување на возилото или кои се менуваат повеќекратно (како што се гумени, текстилни и синтетски облоги, флексибилни цевки, бришачи, клип-прстени, филтри, средства за топлотна изолација, лежишта и сл.), освен доколку нивната замена не била предизвикана како последица на штетата на склоповите и деловите на возилото кои имаат покритие согласно ова осигурување.
[5] Доколку не е поинаку договорено, во ниту еден случај предмет на осигурување нема да бидат склопови и делови на возилото кои треба да се заменат поради обезбедување на законски и други еколошки прописи или барања во смисла на издувни гасови и сл.
член 4: територијална важност на осигурувањето
[1] Осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција важи на територијата на Република Македонија.
[2] Доколку едно возило, кое е осигурено со осигурување на гаранција – продолжена гаранција, привремено се наоѓа надвор од територијата на Република Македонија, ова осигурување ќе важи и во Европската Унија (вклучително и во Швајцарија и Норвешка), во Босна и Херцеговина, Република Црна Гора и Република Србија.
член 5: осигурени опасности
[1] Со осигурување на гаранција – продолжена гаранција покриени се штетите на склоповите и деловите на возилото поради механички или електричен дефект кои настанале како последица на користење на возилото согласно прописите за експлоатација на возилото и неговото одржување.
член 6: неосигурени опасности
[1] Со осигурување на гаранција – продолжена гаранција не се покриени штети на склоповите и деловите на возилото кои:
1) настанале во моментот кога биле одвоени од возилото;
2) настанале за време на важење на гаранцијата на производителот на возилото;
3) трошоци за делумна или целосна санација на штета, кои ги поднесува производителот на возилото во периодот по истекот на гаранцијата на производителот;
4) поради незабележливи појави и грешки на возилото кои биле присутни при продажба на возилото и кои биле или требало да му бидат познати на осигуреникот;
5) настануваат поради природна истрошеност, намалување на квалитетот или корозија;
6) настануваат како последица на непочитување на упатствата од производителот за користење и одржување на возилото или поради небрежно ракување со него;
7) настануваат како загуба или штета поради сообраќајна несреќа, неадекватна употреба или кој било друг намерен или незаконски пропуст или невнимание;
8) настануваат на осигурениот предмет за време додека возилото било противправно одземено;
9) настануваат поради непосредно влијание на невреме, град, гром, земјотрес, поплави, пожар или надворешна експлозија;
10) за кои е одговорно трето лице, како, на пример, производител, застапник на продажба, доставувач, сервисер и сл.;
11) настануваат при употреба на возила за трка, тест или слични возења;
12) настануваат во моментот кога возилото било мобилизирано или го употребувале органите на власта во мирнодопски услови, и тоа од времето на преземање на возилото од страна на органите на власта до моментот на враќање на возилото на сопственикот;
13) настануваат поради преоптовареност со товар или приколка, спротивно на препораките на производителот на возилото;
14) настануваат поради употреба на несоодветно погонско гориво, масло и останати течности и филтри;
15) настануваат поради промена на основната конструкција на возилото или (преработка) менување на возилото и моторот (tuning), а кои производителот на возилото и осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција не ги дозволуваат;
16) настануваат како последица на дефект на осигурените или неосигурените склопови или делови на возилото за кои е потребна поправка, а која не била навремено извршена
(последователна штета);
17) се случуваат поради војна или настани слични на војна, како што се инвазии, непријателства, граѓански војни, буни, востанија или воени удари;
18) настануваат поради непосредно или посредно влијание на нуклеарно гориво или нуклеарен отпад.
[2] Со осигурување на гаранција – продолжена гаранција не е покриена посредната штета која се случува како последица на осигурен случај кој е покриен со ова осигурување (на пример, загуба на заработка, казни, трошоци за услуги на асистенција, барања за отштета, трошоци за складирање и гаражирање на возилото и сл.).
член 7: исклучување од осигурувањето
[1] Осигурувачот нема обврски по основ на осигурување на гаранција – продолжена гаранција во случај:
1) на непочитување и кршење на обврските од член 2 на овие Услови;
2) кога сопственикот или корисникот на возилото ги крши условите за одржување и користење на возилото, а кои се пропишани од страна на производителот или со осигурување на гаранција – продолжена гаранција;
3) кога сопственикот или корисникот на возилото ги крши условите за распоредот и интервалите на сервисирање на возилото во сервисот на осигуреникот или кај лица одредени од него;
4) доколку осигурениот случај настапи по исполнувањето барем на еден услов за прекинување на гаранцијата согласно условите на осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција (на пр.: поминати километри, старост на возилото, период за кој била платена премијата и сл.);
5) за возилата од став (2) или за пријавите за штета од ставовите (3), (4) или (5), од член 3
од овие Услови, освен доколку не е поинаку договорено;
6) ако се смени намената на возилото која била договорена со осигурувањето на гаранција
– продолжена гаранција (на пр., такси, рентакар, автошкола, возила за трки...);
7) доколку се утврди дека сопственикот или корисникот на возилото имал неовластен пристап до броилото за поминати километри, а за тоа не го известил осигуреникот или осигурувачот;
8) штетата на возилото да била последица на некоја од причините наведени во член 6 од овие Услови.
член 8: обем на осигурително покритие и утврдување на висината на штетата
[1] Осигурителното покритие кај осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција се однесува на склоповите и деловите од член 3 на овие Услови, а исто така ги опфаќа опасностите од член 5 на овие Услови, но најмногу до вредностите кои се наведени во член 10 на овие Услови.
[2] Доколку истовремено се вршат поправки на склоповите и на деловите на возилото кои се предмет на осигурување и на склопови и делови кои не се предмет на осигурување со продолжена гаранција, тогаш осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција се однесува само на трошоци за поправка на осигурените склопови и делови на возилото.
[3] Штетата која е покриена со осигурување на гаранција – продолжена гаранција се утврдува врз основа на висината на трошоците за поправка согласно со стандардите и нормите на производителот на возилото. Притоа, се почитува договорената цена за работен час на сервисерот и ценовникот на резервни делови на увозникот на возилото. Доколку со Договорот за осигурување на гаранција – продолжена гаранција или со други постојни договори меѓу сервисерот и осигурувачот е договорен каков било попуст на цената на работен час или рабат на вградените составни делови на возилото (нови или фабрички обновени), или производителот признава штета
по истекот на гаранцијата, тогаш тие корекции на трошоците за поправка се применуваат и кај пресметката на штетата.
[4] Од трошоците за набавка на нови составни делови не се одбива делот за истрошеност на постојните, освен доколку не е поинаку договорено.
[5] Со осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција не се покриваат трошоци за поправки кои имаат за цел разубавување по поправка, ниту пак трошоци за поправка за подобрување и усовршување.
[6] Доколку поради одредени околности не може да се набават одредени резервни делови, тоа нема да влијае врз висината на штетата и висината на трошокот за поправка.
[7] Со осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција не се покриваат трошоците за:
1) контрола, мерење или нагодување, ако тие не се во врска со штетата која е покриена со осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција,
2) влечење или складирање на дефектното или расипано возило,
3) наем на заменско возило,
4) чистење на возилото,
5) трошоци за привремена поправка за која не била дадена согласност од страна на осигурувачот, или лице одредено од него.
член 9: учество на осигуреникот во штетата (франшиза)
[1] Кај осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција осигуреникот не учествува во штетата, освен доколку не е поинаку договорено.
член 10: утврдување на надоместок од осигурување
[1] При осигурување на гаранција – продолжена гаранција, надоместокот на осигурувачот за нови и половни возила е трошок во висина на утврдената штета на осигурените склопови и делови на возилото по член 8 од овие Услови, во полна висина или до договорениот лимит, за сите штети вкупно, но не повеќе од моменталната вредност на возилото пред настанувањето на дефектот.
[2] Надоместокот од осигурувањето се проценува и надоместува врз основа на претходна согласност на осигурувачот, или лицето одредено од него, како што е наведено во Договорот за осигурување на гаранција – продолжена гаранција на вистински изведените поправки во овластениот сервис за дадената марка на возила, а за што бил издаден работен налог и сметка за поправката во согласност со стандардите и нормите на производителот на возила.
[3] Во случај кога, од кои било причини, осигуреното возило не може да се поправи или поправката според стандардите на осигурувачот е неекономична, надоместокот за осигурување ќе се ограничи на процената на штетата, која не може да биде поголема од вредноста на возилото на денот на процената на штетата на возилото.
член 11: суброгација
[1] Со исплатата на надоместокот за осигурување во согласност со овие Услови, сите права на осигуреникот кон трети лица кои се одговорни за настанувањето на утврдената штета преоѓаат на осигурувачот до висината на исплатениот износ.
[2] Преминот на правото од осигуреникот на осигурувачот не смее да биде штетен за осигуреникот. Ако надоместокот кој го добил во наведениот случај, од која било причина, е помал од штетата која му била нанесена, осигуреникот има право да побара дополнителен надоместок од одговорното лице кое ја предизвикало штетата.
член 12: почеток и престанок на осигурителното покритие
[1] Осигурителното покритие за осигурување на гаранција – продолжена гаранција за ново возило, за кое е платена осигурителната премија, почнува во 24 часот од денот на истекот на гаранцијата на производителот за ново возило (договорен број на месеци од продажбата на новото возило) и
кој со Договорот за осигурување на гаранција – продолжена гаранција е наведен како ден за почеток на осигурувањето.
[2] По исклучок на ставот (1) од овој член, во случај кога е така договорено, осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција за нови возила започнува по поминатиот договорен број на километри (на пр. 100 000 км) од продажбата на новото возило (ако тој услов настапи прв во однос на условот од став (1) од овој член). Во тој случај, датумот на почеток на продолжената гаранција, согласно договорената граница за поминати километри, се поместува во 24 часот истиот ден кога возилото ја поминало границата на километри утврдена во договорот за соработка помеѓу осигурувачот и осигуреникот.
[3] Осигурителното покритие за осигурувањето на гаранција
– продолжена гаранција престанува во 24 часот на денот договорен како ден кога истекува осигурувањето. Во случај на предвремен почеток на осигурителното покритие согласно со став
(2) од овој член, датумот на почеток на осигурувањето на продолжената гаранција започнува веднаш по истекувањето на гаранцијата од производителот, а датумот на истекување со поместува наназад, за периодот меѓу новиот и договорениот почеток на осигурувањето.
[4] Со исклучок на став (3) од овој член, во случаите кога е така договорено, осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција престанува кога возилото ќе ги помине договорениот број километри во периодот на важност на гаранцијата на производителот и гаранцијата врз основа на осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција (ако тој услов настапи прв во однос на договореното истекување на осигурувањето).
[5] Осигурителното покритие за половни возила за осигурување на гаранција – продолжена гаранција, за кои е платена осигурителната премија, почнува со продажбата на половното возило во дистрибутивната мрежа во која осигурувачот има потпишан договор за соработка и кој со Договорот за осигурување на гаранција – продолжена гаранција е наведен како ден на почеток на осигурувањето.
[6] Осигурителното покритие за половни возила по осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција престанува во 24 часот на денот договорен како ден на истекување на осигурувањето и кој е утврден со Договорот за осигурување.
[7] Осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција важи под услов кога поради кршење на правилата на употреба или одржување на возилото во периодот на основната гаранција на производителот не дошло до губење на правото на гаранција од производителот.
ПРЕМИЈА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
член 13: плаќање на премијата
[1] Премијата за осигурување на возила во осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција е утврдена со ценовникот кој е составен дел на Договорот за осигурување.
[2] Осигуреникот е должен да му плати на осигурувачот осигурителна премија согласно со Договорот за осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција.
член 14: промена на сопственикот на возилото
[1] Во случај на промена на сопственикот на возилото осигурено со осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција, осигурувањето продолжува да важи.
член 15: постапка за вештачење
[1] Во случај договорните страни да не се согласат при заедничко утврдување и процена на штетата, секоја договорна страна може да побара утврдување и процена на штетата од комисија на стручни лица (вештаци).
[2] Секоја договорна страна именува по еден вештак кој не е во работен однос кај осигурувачот, односно осигуреникот. Назначените вештаци пред почетокот на работата назначуваат трет вештак, кој дава свое мислење само кога заклучоците на првите двајца вештаци се различни, но само во границите на констатациите на двајцата вештаци. Мислењето на третиот вештак е конечно и може
да се оспори само во случај на грешка во пресметката.
[3] Секоја договорна страна ги покрива трошоците за вештакот кој го именувала, а за третиот вештак трошоците се делат на половина.
[4] Заклучоците од вештаците се обврзувачки за двете страни.
член 16: форма на Договорот за осигурување и начин на известување
[1] Документацијата кон Договорот за осигурување и во врска со него мора да биде на македонски јазик и во пишана форма, или во договорена електронска форма, и стапува на сила од денот на приемот.
[2] Договарањата за содржината на Договорот за осигурување се важечки само ако се склучени во писмена форма.
[3] Сите известувања и изјави што треба да се дадат според одредбите на Договорот за осигурување мора да бидат во писмена форма.
[4] Известувањето или изјавата се дадени навремено ако пред истекот на рокот се пратат со препорачано писмо.
[5] Изјавата која треба да се даде на друго лице важи од моментот кога тоа лице ќе ја прими.
[6] Како ден на прием се смета следниот работен ден по препорачано предадената пратка, пратена на последната дадена адреса од страна на примателот.
член 17: промена на податоци
[1] Осигуреникот е должен да го извести осигурувачот за промена на адресата на живеење, односно седиштето или своето име, односно името на фирмата во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на промената.
[2] Ако осигуреникот ја промени адресата на живеење, односно седиштето или своето име, односно името на фирмата, а притоа не го известил осигурувачот, доволно е осигурувачот да прати известување до осигуреникот на последната позната адреса и да го наслови на последното име, односно назив на фирмата.
[3] Во случај на неуспешен обид за доставување на препорачаната пратка до осигуреникот, осигурувачот ќе ја смета вратената пратка како уредно доставена и ќе ја чува во своето седиште.
член 18: преглед на резултатите од спроведувањето на осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција
[1] Во текот на траењето на Договорот за осигурување на гаранција
– продолжена гаранција договорните страни можат да побараат преглед на резултатите остварени во осигурувањето, измена на податоците и евиденциите и врз основа на анализата да предложат:
1) продолжување на договорениот износ без промени;
2) промена на ценовникот на премиите на осигурување за продолжување на Договорот за осигурување;
3) промена на условите на осигурување за осигурување на продолжената гаранција;
4) промена на другите елементи од условите на осигурувањето кои се однесуваат на технологијата на работата и извршувањето на осигурувањето.
[2] Исто така, секоја договорна страна има право на проверка и увид во заменетите делови на возилата кои се предмет на поединечните барања на Договорот за осигурување, и тоа во рок од 3 месеци, или да извршат надзор во текот на поправките на возилото.
[3] Во случај на неприфаќање на предложените барања од точките 2, 3 и 4 од ставот (1) или барањата од ставот (2) од овој член, договорните страни имаат право да започнат постапка за прекинување на Договорот за осигурување.
член 19: промена на Договорот за осигурување и измена на условите
[1] Во случај на промена на Договорот за осигурување на гаранција
– продолжена гаранција во период на важење на Договорот, промените нема да имаат влијание врз осигурителниот однос на возилата кои биле осигурени пред воведување на промените, освен ако со Договорот за осигурување не е уредено поинаку.
[2] Ако осигурувачот ги промени условите за осигурување или тарифата на премии, треба да го извести за тоа договарачот на осигурувањето во рок согласно законските прописи.
член 20: прекин на Договорот за осигурување
[1] Осигуреникот или осигурувачот можат, независно од која причина, во секој момент да го раскинат Договорот за осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција со тоа што договорната страна која го раскинува Договорот треба во писмена форма да ја извести за својата намера другата договорна страна. Во тој случај отказниот рок е 3 месеци од денот на приемот на препорачаното писмо со кое е доставена намерата за раскинување на Договорот. Одредбите од Договорот остануваат во важност за возилата кои биле продадени до датумот на неговото прекинување.
[2] Во случај на откажување на Договорот од причини утврдени во член 18 став (1) на овие Услови, рокот за раскинување на Договорот се скратува на 30 дена од денот на приемот на препорачаното писмо со барање за негово раскинување.
[3] Договорот за осигурување може да се раскине во случај кога:
1) е донесена одлука за ликвидација на осигуреникот;
2) стечајниот управник на осигуреникот склучил договор во корист на повереникот или не е во можност да ги намири своите долгови, и
3) некоја договорна страна грубо ги крши условите на Договорот за осигурување и не го коригира прекршокот во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето за побарана корекција, доставено од другата договорна страна.
[4] Во случај на раскинување на Договорот за осигурување на гаранција – продолжена гаранција, прекинувањето нема да има влијание врз договорите за возила кои се веќе опфатени со осигурувањето на гаранција – продолжена гаранција, под услов за тоа осигурување да била платена премијата на осигурувачот.
член 21: информации во врска со обработка на лични податоци
[1] Идентитет и контакт на податоците на контролорот и офицерот за заштита на личните податоци: Назив: Триглав Осигурување АД, Скопје
Седиште: бул.„8-ми Септември“ бр.16, Скопје
Офицер за заштита на личните податоци: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx
* Дополнителни податоци за офицерот за заштита на личните податоци може да најдете на интернет страницата на Друштвото xxxxx://xxx.xxxxxxx.xx/xx/xx-xxx/xxxxxxxx
член 22: обработка и заштита на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје врши обработка (собирање, евидентирање, организирање, чување итн.) на лични податоци на осигуреници, договорувачи на осигурување, нивните законски застапници или полномошници во согласност со одредбите на Законот за заштита на лични податоци и другите релеванти позитивни законски прописи, применувајќи соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на безбедност на личните податоци. Собраните лични
податоци се дел од збирките на лични податоци на Триглав Осигурување АД, Скопје, а Триглав Осигурување АД, Скопје во својство на контролор на личните податоци, истите ги користи совесно, законито и согласно целта за која се собрани.
член 23: правен основ за обработката на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје собира, обработува, чува, користи и доставува лични податоци кои се неопходни при склучување на договорите за осигурување (полиси), врз основа на член 109 од Законот за супервизија на осигурување, а во согласност со Законот за заштита на личните податоци.
[2] Личните податоци се неопходни за обработка од страна на Триглав Осигурување АД, Скопје со цел исполнување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за осигурување, односно обработката на истите претставува основа за оценување на осигурително покритие и степен на оштета.
член 24: цели за обработката на личните податоци
[1] Личните податоци (телефонски број и електронска адреса – e-mail), Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува со цел остварување на контакт заради ефикасно остварување на права и обврските кои произлегуваат од договорите за осигурување (полиси). Овие податоци за цели доставување на рекламни материјали, промоции, понуди како и за други цели на директен маркетинг од страна на Групацијата Триглав во Република Северна Македонија, ќе бидат искористени само доколку имате дадено согласност, преку одбирање на соодветната опција за согласност.
[2] Со цел водење на постапка за надомест на штета и воспоставување на бази на податоци за настанати штети, оценување на осигурително покритие и степен на оштета Триглав Осигурување АД, Скопје обработува и копии од документи во кои се содржани и лични податоци.
[3] Личните податоци од став 1 и став 2 на овој член Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува само врз основа на претходна согласност од субјектот на личните податоци, а недавањето на согласност за обработка на овие податоци може да има за последица несоодветно оценување на осигурително покритие или степен на оштета или пак неисплаќање на оштетно барање.
[4] Согласноста за обработка на личните податоци од ставот 3 на овој член може да се повлече во секое време преку доставување на известување за повлекување на согласност по пошта на следната адреса: „бул.8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје“ со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx. Со повлекување на согласноста за обработка на лични податоци Триглав Осигурување АД, Скопје ќе прекине со понатамошна обработка на личните податоци и истите ќе ги избрише од базите на податоци со што можат да настанат последици наведени во став 3 од овој член.
член 25: рокови на чување на лични податоци
[1] Личните податоци, Триглав Осигурување АД, Скопје ги чува во рок за цело времетраење на договорниот облигационен однос, односно најмногу до 10 години по истекот на договорот за осигурување или во случај на настанување на штета, 10 години по затворањето на случајот на настанување на штетата, односно од денот на целосната исплата на надоместокот за настаната штета согласно член 109 став 8 од Законот за супервизија на осигурување.
[2] По истекот на роковите од став 1 на овој член личните податоци ќе бидат избришани/уништени од базите на податоци на Триглав Осигурување АД, Скопје и истите нема да се обработуваат за други цели.
член 26: права на субјектите на личните податоци
[1] Остварување на правата кои произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци (право
на пристап, корекција, бришење, ограничување на обработката на лични податоци, приговор и преносливост), се врши преку доставување на барање на електронската адреса на офицерот за заштита на лични податоци: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx. На истата електронска адреса може да се достави барање во врска со сите прашања поврзани со обработката на личните податоци.
[2] Доколку субјектот на лични податоци смета дека обработката на личните податоци за целите наведени член --, од страна на Триглав Осигурување АД, Скопје не е во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци, или пак смета дека е повредено некое право за заштита на личните податоци, има право да поднесе барање за утврдување на прекршување на прописите за заштита на личните податоци до Агенцијата за заштита на личните податоци како надлежен орган за вршење на надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци на територијата на Република Северна Македонија.
член 27: пренос на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје е дел од Групацијата Триглав. Личните податоци на субјектите на лични податоци се пренесуваат во рамките на Групацијата, односно во матичното друштвото Заваровалница Триглав каде што личните податоци се обработуваат само за цели на чување. При вршење на преносот на личните податоци се обезбедува високо ниво на технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци. Исто така, во рамките на Групацијата Триглав се обезбедуваат сите неопходни заштитни мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци преку стандардни клаузули за заштита на личните податоци кои се одобрени од страна на Европската комисија. Сите дополнителни информации во однос на заштитните мерки може да се добијат со поднесување на барање до по пошта на следната адреса:
„бул.8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје“ со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx.
член 28: обработка на лични податоци за цели на директен маркетинг
[1] Личните податоци за цели на директен маркетинг, Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува само врз основа на експлицитна согласност за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг кои ги врши Триглав Осигурување АД, Скопје или поврзаните друштва од рамките на Групација Триглав во Република Северна Македонија за своите услуги и услугите на поврзаните друштва од рамките на Групација Триглав во Република Северна Македонија.
[2] Согласноста за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг може да се повлече во секое време, бесплатно, со писмено барање (доставено на следната електронска адреса: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx, или по пошта до Триглав Осигурување АД, Скопје, бул.„8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје, со назнака “До Офицерот за заштита на лични податоци”).
член 29: санкциска клаузула – рестриктивна мерка за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам
[1] Осигурувачот не дава осигурително покритие, односно не ја покрива одговорноста на осигуреникот за настаната штета или не исплаќа какви било други поволности, без оглед на Договорот за осигурување, доколку таквата исплата или плаќањето на каква било друга поволност би го изложила осигурувачот на некакви санкции, забрани или ограничувања врз основа на резолуциите на Обединетите нации или на трговски или економски санкции, на кршење на законите или прописите на Европската Унија, Обединетото Кралство или САД.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
член 30: примена на законот
[1] За правата и обврските на договорните страни што не се регулирани со овие Услови, ќе се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи и Законот за супервизија на
осигурување. Ако со овие Услови некое прашање е утврдено спротивно на законските прописи, ќе се применуваат одредбите од законот.
[2] Во случај осигуреникот да не е задоволен од односот на осигурувачот во текот на траењето на Договорот за осигурување, може да достави жалба до Агенцијата за супервизија на осигурување како надлежен орган за супервизија на осигурувањето.
член 31: надлежност во случај на спор
[1] Споровите што настануваат помеѓу осигуреникот, од една страна, и осигурувачот, од друга страна, ги решава стварно и месно надлежниот суд според седиштето на осигурувачот.
член 32: вонсудско решавање на спорови (приговор)
[1] Договорните страни се согласни дека сите спорови што произлегуваат од овој Договор ќе се решаваат по мирен пат.
[2] Договарачот на осигурувањето и осигуреникот се согласни дека за сите спорни прашања, жалби и несогласувања кои произлегуваат од односот со осигурувачот ќе го известат истиот без одложување. Известувањата во форма на приговор од овој став се доставуваат во писмена форма, од што со сигурност може да се утврди содржината на известувањето и времето на неговото праќање.
[3] Договарачот на осигурувањето, осигуреникот, односно
корисникот на осигурување кој смета дека со одлуката (решението) на осигурувачот за отштетното побарување му се нарушени правата од осигурувањето, може да поднесе приговор до Комисијата за приговори (жалби) на осигурувачот.
[4] Комисијата за приговори (жалби) е должна да донесе одлука по приговорот во писмена форма без одложување, но најдоцна во рок од 30 дена од денот на прием на приговорот.
член 33: надзор над друштвото за осигурување
[1] Орган надлежен за вршење надзор на осигурителното друштво е Агенцијата за супервизија на осигурување.
[2] Во случај осигуреникот да не е задоволен од односот на осигурувачот во текот на траењето на Договорот за осигурување, може да достави претставка до Агенцијата за супервизија на осигурување како надлежен орган за надзор над работењето на осигурувачот.
Член 32: Изјава за информираност
[1] Договарачот на осигурувањето/осигуреникот со потписот на договорот за осигурување/полисата изречно потврдуваат дека при склучувањето на Договорот за осигурување, од страна на осигурувачот писмено се известени за сите податоци согласно членовите 49 и 50 од Законот за супервизија во осигурувањето и дека пред склучувањето на осигурувањето им е оставено разумно време за донесување на конечна одлука за склучување на Договорот за осигурување. Согласно ова, договарачот/осигуреникот со потписот на договорот за осигурување/полисата потврдуваат дека се известени и за правото за поднесување на жалба.
член 35: влегување во сила
Условите со ознаката УС-пгмв/20-12-мк влегуваат во сила на 01.01.2021 година.