Contract
ПОСЕБНИ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ОПШТА ОДГОВОРНОСТ НА ИЗВЕДУВАЧОТ НА ГРАДЕЖНИ РАБОТИ
ВОВЕДНА ОДРЕДБА
Член 1
(1) За ова осигурување се користат и важечките Општи услови за осигурување на објекти во градба, освен во делот кој со овие услови е определен поинаку.
ПРЕДМЕТ НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 2
(1) Осигрувањето според овие услови ги покрива оштетните побарувања на трети лица за штета што произлегува од дејноста градење на објекти на градилишта што се наоѓаат надвор од седиштето на осигуреникот и се наведени во полисата а како последица имаат:
1) телесни повреди, заболувања или смрт на лица (повреда на лица);
2) оштетување, уништување или исчезнување на предмети (оштетување на предмети).
(2) Кај новоградбите, адаптациите, санациите, надградбите, реконструкциите, доградбите и слично, градилиште претставува место (локација), како што е тоа определено во документите од договорот за изградба, вклучувајќи ги и објектите и земјиштата кои служат за изградба на објектот, односно за изведба или подготовка на работи во рамките на градилиштето.
(3) Ако градилиштето не е можно да се определи во смисла на став 2 од овој член, градилиште претставува простор или дел од објектот каде што се извршуваат работите, вклучувајќи ги патиштата, просториите и земјиштата за манипулација и чување на материјалот и средствата за изведување или подготовка на работите.
ИСКЛУЧОЦИ
Член 3
(1) Осигурувачот не ја покрива и не ја надоместува штетата ако осигуреникот или неговите вработени незгодата ја предизвикаат:
1) намерно;
2) со однесување со кое нема да престанат иако би требало да очекуваат штетна последица од него (извесни штети);
3) со свесно кршење и/или непочитување на општите правила на техниката, техничките прописи, упатствата, нормативите, стандардите или одредбите на техничката инспекција или надзорниот орган;
4) со употреба на непроверени статички, пресметковни и други методи и непроверени конструкции и материјали.
(2) Ако не е поинаку договорено и не е пресметана дополнителна премија, осигурувачот не ги покрива:
1) оштетните побарувања за чиста финансиска загуба, која ќе настане поради дејствување, недејствување или грешка и која како последица нема ниту оштетување на предмети, ниту повреда на лица ниту е нивна последица;
2) оштетните побарувања на вработените на осигуреникот поради незгоди при извршување на работата (одговорност на работодавецот);
3) оштетните побарувања на вработените на подизведувачите и на другите лица што се (со)осигурени со истиот договор за осигурување (одговорност на работодавецот - подизведувачот);
4) меѓусебни оштетни побарувања на изведувачите, подизведувачите и другите лица што се (со)осигурени со истиот договор на осигурување вклучно со нарачателот (вкрстена одговорност – cross liability);
5) штетите на земјиштето или објектите кои настанале поради вибрации или поради отстранување или ослабување на потпорните греди;
6) оштетните побарувања поради минирање за штета на објектите и предметите кои се наоѓаат во кругот на 75 метри од местото на минирање;
7) оштетните побарувања поради загадување на околината (еколошка штета);
8) оштетните побарувања на фондовите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и осигурителните друштва за здравствено осигурување и останатите посредно оштетни лица (регресни побарувања):
9) оштетните побарувања за штета што ќе настане после предавањето на изградениот објект на нарачателот односно после извршен технички прием.
(3) Од осигурувањето се исклучени и оштетните побарувања:
1) кои според договорот или посебните одредби ги надминуваат обврските што прозилегуваат од правните прописи за одговорност;
2) кои се последица на околности што му биле познати на осигуреникот односно не можеле да му бидат непознати пред почетокот на осигурувањето и врз основ на кои можело да се очекува отштетно побарување;
3) за штети настанати по истекот на еден месец од кога осигуреникот, според договорот со нарачателот, ги извршил последните работи на градилиштето а гарантниот рок уште не е почнат;
4) на нарачателот, за штети кои ќе настанат поради неисполнување или неправилно исполнување на работите согласно со договорот за изградба, поради грешки во проектот, техничкото советување и надзор како и поради естетски грешки, нефункционалност и нерентабилност;
5) за штети на работите што ги извршил односно би морал да ги изврши осигуреникот, на вградениот материјал и на предметите што се вградуваат во осигурениот објект;
6) за штета на постоечкиот објект или на деловите од објектот на/во кои се вршат доградувања, надградувања, поправки или адаптации и на предметите во нив за кои се грижи осигуреникот (постоечки објект);
7) за штети на постоечките објекти кои не се предмет на договорот за изградба и кои се оддалечени од осигурениот објект 5 метри или помалку;
8) поради оштетување на соседните градежни објекти доколку не биле обезбедени соодветни мерки на заштита (зајакнување, потпирање и сл.);
9) за штети на предметите, односно објектите кои редовно настануваат и покрај исполнувањето на сите безбедносни прописи;
10) поради уништување, оштетување или загуба на готови пари, скапоцености, хартии од вредност, часовници, технички предмети како што се: камери, фотографски апарати, мобилни телефони, преносни (лап топ) компјутери и слично, што им припаѓаат на вработените на осигуреникот или на вработените на подизведувачот и другите лица што се (со)осигурени со истиот договор на осигурување, вклучувајќи ги и припадниците на нарачателот како и други предмети на погоре спомнатите лица кои не се наоѓаат во заклучени простории или во гардеробни ормарчиња;
11) поради штета што настанала при употреба или поседување на авиони или пловни објекти од било кој тип, како и на копнени моторни возила, приколки и самоодни
работни машини-доколку штетата настанала при нивно движење;
12) поради штета која настанала ако осигуреникот ја вршел дејноста без соодветни дозволи или ако штетата ја предизвикал работник кој извршувал работа кај осигуреникот без соодветна работноправна основа (работа на црно);
13) за штета што ќе ја претрпат:
a) осигуреникот и неговите роднини (до трето колено) и тогаш кога тие се вработени кај него;
б) лицата кои имаат во фирмата на осигуреникот удел од над 25% и/или имаат според законска основа или според актите на фирмата право односно можност да раководат со фирмата (мнозински сопственици) како и штетата што ќе ја претрпат нивните роднини (до третото колено) и тогаш кога тие се вработени кај осигуреникот;
14) поради штета на предметите од влијание на температура, гасови, пареа, влага, атмосферски падежи, чад, саѓи, прашина, тресење, мувла и слично, ако тоа влијание дејствува штетно во подолг временски период;
15) поради оштетување на предмети, кои осигуреникот ги зел под наем или на лизинг;
16) поради штета што би настанала ако осигуреникот не ги отстранил посебно опасните околности што ги побарал осигурувачот. Во случај на сомнение, како посебно опасна околност се смета околноста поради која веќе се случил штетен настан;
17) поради штети кои произлегуваат од било кое професионално заболување;
18) поради штети кои се последица на радиоактивни, отровни, експлозивни, односно други опасни карактеристики на било која нуклеарна направа или нејзин составен дел;
19) поради штети од дејство на магнетно и електро магнетно поле и потилхлорирани бифенили (PSB) и јонизирано зрачење;
20) поради штети кои произлегуваат од користење на азбест или вештачки минерални влакна или од користење на кремен во било користење на кремен во било која форма (прав од кремен кременово стакло, кременеста земја и сл.);
21) кои произлегуваат од болест или синдром на групна енцефалопатија, нејзина мутација или варијанта како на пр.говедска спонгиформна енцефалопатија (BSE), од шуга, пренослива кунска енцефалопатија (TME), болести на хронично свенување (CWD). Creutzfeldt-Jakobsova болест (CJD), Синдром Gerstmann-Straussler-Scheinker (GSS), куру односно треперење од страв или судбинска семејна несоница;
22) кои се резултат, односно последица на генетски изменети компоненти на генетски модифицирани организми (GMO), било кои белковини, кои потекнуваат од генетски модифицирани компоненти на GMO, или производите кои содржат такви компоненти или белковини;
23) која произлегува од здравствени проблеми кои посредно или непсоредно ќе ги предизвика или се поврзани со човечки Т-клеточен лимфотропен вирус од типот III (HTLV III) или вирусот LAV или нивни мутанти или варијанти или на било кој начин се поврзани со синдромот на стекната имунолошка дефициенција (AIDS) или со сличен синдром или проблем без оглед на неговото именување;
24) кои произлегуваат од зараза со метилицин резистентен staphylococcus aureus (MRSA), птичји грип, свински грип и легионела;
25) која произлегува од вршење на обиди, менување, набавка, добивање, подготвување, преработка, изработка, дистрибуција, чување или поинаква употреба на материјал кој во целост или делумно потекнува од човечкото тело (на пр.: ткива, клетки, органи,
имплантанти, крв, урина и секрети) и соодветни варијанти или био синтетички производи;
26) поради штета, загуба, издаток или трошок од секаков вид што е директна или индиректна последица од или е во врска со дејство преземено за контрола, превенција, угушување или на било кој начин се поврзани со:
а) војна, инвазија, дејство на странски непријатели, непријателски или воени операции (без оглед дали е војната објавена или не), граѓанска војна, побуна, револуција, востание, граѓански немири;
б) некое дејство на тероризам.
Дејство на тероризам се дефинира како дејство, кое вклучува употреба на сила, насилство и закана од било кои лица или групи на лица, без разлика дали дејствуваат сами или во име на било која организација или влада, посветени на политички, религиозни, идеолошки или слични цели со намера да се влијае на било која влада или да се заплаши јавноста или дел од јавноста.
СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 4
(1) Сумата на осигурување претставува горна граница на обврската на осигурувачот за поединечен осигурен случај, без оглед на бројот на оштетените.
(2) Ако не е договорено поинаку вкупниот надомест на штети во една осигурителна година е ограничен со сумата на осигурување (годишен агрегат на штети), осигурувањето престанува, кога тој износ ќе се исцрпи и продолжува само ако е тоа посебно договорено и е платена дополнителна премија.
ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Член 5
(1) При осигурување на одговорност се смета дека настанал осигурен случај во моментот кога настанал штетниот настан, поради кој би можело да се поднесе оштетно барање против осигуреникот.
(2) Сите штетни настани од иста причина, без оглед на бројот на оштетените лица или предмети, се сметаат како еден осигурен случај кој настанал кога настанал првиот штетен настан од тој вид, без оглед на тоа кога поедини штетни настани фактички настанале.
ДОЛЖНОСТИ НА ОСИГУРЕНИКОТ ПО НАСТАНУВАЊЕ НА ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Член 6
(1) Осигуреникот е должен да го извести осигурувачот дека се појавил осигурен случај веднаш, но најкасно во рок од 3 (три) дена од денот кога тој за него дознал и да му ги достави сите оригинални документи што содржат оштетни побарувања.
(2) Доколку документите се изгубат или исчезнат, осигуреникот е должен да пријави во најблиската полициска станица.
(3) Ако против осигуреникот или против лицето за кое осигуреникот е одговорен, се покрене судска постапка поради сомнеж за извршување на криминално дејство, или ако се издаде одредба за кривично казнена постапка, осигуреникот е должен веднаш да го извести осигурувачот иако веќе го пријавил осигурениот случај како што е определено во став 1 на овој член.
(4) Осигуреникот е должен да се однесува согласно со упатствата и советите на осигурувачот и да се потруди, во границите на своите можности да ја избегне, намали или разјасни штетата. Тој мора да го подржува осигурувачот како при одбивање на штетата така и при одредување на висината и решавање на штетата. Тој е должен да дава детални и вистинити известувања во врска со штетата, да ги наведе сите околности
поврзани со осигурениот случај и да му ги достави на осигурувачот сите запишани податоци кои можат да бидат значајни за проценката на осигурениот случај.
(5) Осигуреникот треба да му го препушти водењето на судската постапка на осигурувачот и да издаде овластување за застапување на овластеното лице од страна на осигурувачот.
(6) Осигурувачот може да одбие да го води спорот и да го препушти водењето на спорот на осигуреникот, ако процени дека нема место за давање правна заштита.
(7) Во случај од 6. став на овој член, осигуреникот во согласност и со упатство на осигурувачот, е должен да се придржува на упатствата и налозите на осигурувачот во поглед на водење постапка во парница.
(8) Осигуреникот нема право без претходна согласност од осигурувачот, да го прифати целосно или делумно оштетното побарување, да постигне спогодба или да изврши исплата на штета.
(9) Ако осигуреникот го спречи осигурувачот при решавање на оштетните побарувања или ако тој не соработува со него при решавање на осигурениот случај односно на било кој начин ги прекршува одредбите од договорот за осигурување, тој е должен да ја надокнади штетата што ќе му настане на осигурувачот поради тоа.
Овие Посебни Услови за осигурување на општа одговорност на изведувачот на градежни работи се донесени на 27-та седница на Одборот на директори, одржана на 11.08.2010 година, и влегуваат во употреба од 01.08.2010 година.