Contract
Македонски Телеком АД Област за Набавки и Логистика
ОПШТИ УСЛОВИ ЗА НАБАВКИ НА МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМ АД – Скопје
1. Област на примена
Овие Општи услови за набавки на Македонски Телеком АД – Скопје (во понатамошниот текст МКТ или “Набавувач”) се однесуваат и се применуваат исклучиво за набавки што ги врши МКТ. Сите противречни или спротивни услови на Добавувачот во однос на Општите услови за набавка на МКТ, нема да се применуваат, дури и во случај кога извршувањето на работата на Добавувачот е неспорно прифатена, и покрај познавањето на таквите услови на Добавувачот.
Освен доколку не е поинаку договорено со договор или во нарачката, полноважечки и обврзувачки за МКТ се само уредно потпишаните Договори и/или нарачки во писмена форма, но и во електронска форма со валиден електронски потпис од страна на овластени лица на МКТ.
Овие Општите услови за набавка важат само доколку нема претходно потпишан договор со Добавувачот или доколку некои од условите не се дефинирани во Нарачките.
Правата, обврските и условите дефинирани во Договор со Добавувачот или во Нарачките ги исклучуваат одредбите од овие Општи услови за набавка.
Прифаќањето на нарачката од Добавувач ги подразбира условите и одредбите наведените во овие Општи услови за набавка, и налозите и податоците во нарачката. Секоја разлика или дополнување во однос на овие Општи услови за набавка наведено во другата документација на Добавувачот, е неприфатлива.
Отпочнувањето со испораката на дел или на целата нарачка од страна на Добавувачот се смета како прифаќање на сите одредби и услови тука дефинирани, без разлика дали Добавувачот го потврдил прифаќањето на нарачката.
2. Интегритет и одговорност
(1) Набавувачот и Добавувачот треба да ги преземат сите потребни мерки да ги избегнат дејствата што предизвикуваат материјална штета. Било која од страните може да го раскине договорот (откаже нарачката) без претходно известување доколку дознае за таквите дејства.
(2) Добавувачот одговара за материјалните недостатоци на било кој предмет што тој ги имал во моментот на преминување на ризик врз Набавувачот, без оглед дали тоа му било познато.
(3) Добавувачот одговара и за оние материјални недостатоци што ќе се појават по преминувањето на ризикот врз Набавувачот ако се последица од причина што постоела пред тоа.
(4) Добавувачот одговара ако врз продадениот предмет постои некое право на трет што го исклучува, намалува или ограничува правото на Набавувачот, а за чие постоење Набавувачот не бил известен, ниту се согласил да го земе предметот оптоварен со тоа право.
3. Составни делови на општите услови
Составен дел на овие општи услови за набавка на Набавувачот е:
Уредно потпишана нарачка со опис на набавуваната опрема/услуга, суштествени и други елементи.
Приоритетот на важност:
1. Договор
2. Нарачка
3. Општи услови за набавки
4. Цени и услови на плаќање
(1) Договорената цена наведена во нарачката е фиксна цена до целосната реализација на набавката, вклучувајќи испорака до централниот магацин на Набавувачот или до објектот на Набавувачот, како што е наведено во нарачката од Набавувачот. Цената го вклучува превозот, осигурувањето, пакувањето и сите други трошоци што може да настанат при испораката/ подготвувањето за употреба/пуштањето во употреба на локација на Набавувачот, освен ако не е поинаку договорено.
(2) Договорената цена ги вклучува трошоците за сите инсталирања/ интегрирања и изведување на работата, на под-изведувачи на Добавувачот што може да се јават како неопходно потребни, а кои треба да се изведат од Добавувачот дури и по вообичаените работни часови, без да влијаат на тековното работење на Набавувачот.
(3) Реализацијата на нарачката опфаќа и достава на соодветни Упатства за работење, употреба и одржување, како и сите неопходни документи за правилна употреба на опремата, на македонски и англиски јазик. Сите упатства и целата документација наменета за Набавувачот, е вклучена во цената од нарачката, освен ако поинаку не е наведено и договорено со нарачката.
(4) За секоја испорака, Добавувачот треба да достави фактура/ сметка во 2 примерока, придружена со Потврда за прием (ЦоЦ) / Известување од магацин, потпишани од страна на одговорните лица на Набавувачот и Добавувачот. На фактурата/ сметката како Набавувач да биде назначен:
Македонски Телеком АД – Скопје, Орце Николов б.б.
Добавувачот сметката/фактурата ја доставува на следната адреса: Македонски Телеком АД – Скопје
Централна архива, Област за Финансии, Сектор за управување со готовина Орце Xxxxxxx б.б.,
1000 Скопје
(5) Фактурата на Добавувачот треба да ги содржи следните ставки, во спротивно Набавувачот ќе ја смета за непотполна и ќе ја врати до Добавувачот:
•Податоци за Добавувачот: име, адреса, даночен број и број на сметка во банка
•Податоци за Набавувачот: Македонски Телеком АД, 1000 Скопје, Орце Николов б.б.
•Број на нарачката на Набавувачот, број на Потврдата за прием(ЦоЦ)//Прием на стоки во магацин
•Ставки пропишани со закон (пр: датум на фактурата, рок за плаќање, наведени услуги, количина, единечна цена, вкупна цена, нето износ, процент и износ на ДДВ и сл.)
•Потврда за прием (ЦоЦ)/Прием на стоки во магацин во прилог
•Валута
(6) Плаќањето ќе се изврши во рок од 90 календарски дена, по извршувањето на работата или испораката на стоката и приемот на фактурата задолжително придружена со Потврда за прием (ЦоЦ)/Прием на стоки во магацин. Датум на прием на фактурата е датумот кога Централната архива на Набавувачот ја примила фактурата. Централната архива треба да стави печат/штембил на секоја фактура. Пресметувањето на рокот за плаќање започнува од овој датум.
(7) Секој договор со добавувачи кои се регистрирани во Македонија мора да се склучи во денари. Во случај на домашни набавки поврзани со увоз договорот може да содржи и девизна клаузула согласно која вредноста на услугите и/или стоките може да биде наведена или во евра или во американски долари, но договорот треба да пропишува дека фактурата на добавувачот треба да биде издадена и платена во денари според средниот курс на Народна Банка на РМ на датумот на издавањето на Потврдата за прием и известување од магацин. Секој договор со странски добавувачи (т.е. добавувачи кои се регистрирани во други земји) мора да се склучи или во евра или во американски долари.
(8) За задоцнети денарски плаќања ќе се пресметува законска казнена камата (висината на стапката на казнената камата се определува за секое полугодие, во висина на референтната каматна стапка од соновниот инструмент бна операциите на отворен пазар на Народна банка на Република Македонија, која важела на последниот ден од полугодието кое му претходело на тековното полугодие, зголемена за десет процентмни поени).Каматата за задоцнети девизни плаќања не смее да го надминува ЕУРИБОР +2% п.а. за плаќања во евра, ЛИБОР +2% п.а. за плаќања во американски долари.
(9) За ден на извршување на плаќањето ќе се смета денот на задолжувањето на банкарската сметка на Набавувачот.
(10) Добавувачот (домашно правно/физичко лице) се согласува, доколку има било каков долг кон Набавувачот, Набавувачот да може да направи компензација на овој долг со фактурата на Добавувачот без понатамошна дополнителна согласност. Во таков случај, Набавувачот е должен да го извести Добавувачот за деталите на компензацијата (датумот на важност, износот, детална листа на релевантни фактури).
4. Дозволи, одобренија, даноци и слично
(1) Освен ако не е поинаку договорено, Добавувачот е одговорен за добивање и плаќање на сите извозни и увозни дозволи или лиценци неопходни за реализација на нарачката.
(2) Доколку набавувачот од странски добавувач користи услуги кои подлежат на плаќање на данок на задршка, Набавувачот е должен од бруто договорената цена да го задржи и уплати данокот на задршка (“withholding tax”), за сметка на Добавувачот, доколку:
- Добавувачот е резидентен во земја со која Република Македонија нема склучено договор за одбегнување на двојно оданочување;
- Добавувачот е резидентен во земја со која Република Македонија има склучено договор за одбегнување на двојно оданочување, но истиот до Набавувачот нема доставено сертификат за резиденство или
- Добавувачот е резидентен во земја со која Република Македонија има склучено договор за одбегнување на двојно оданочување и има доставено сертификат за резиденство, но согласно наведениот договор дел од приходот може да се оданочи и во Република Македонија;
(3) Договорените цени во нарачката се нето цени, без вклучен ДДВ.
5. Испорака, реализација, пакување и документација
(1) Запазувањето на рокот за испорака е суштинско за реализација на нарачката. Добавувачот мора да го запази наведениот рок за испорака/извршување на нарачката.
(2) Добавувач пред испораката треба да му достави Известување за испорака, со наведен број на нарачка, предмет на нарачката, име на Добавувачот, фактура, товарен лист, податоци за шпедитерот. На пакувањето треба соодветно да биде наведен број на нарачката, предметот на набавката и целосната адреса на Набавувачот.
(3) Добавувачот е слободен да ги избере начинот на превоз и превозникот, како и компанијата за осигурување.
(4) Добавувачот се обврзува да ги обезбеди следните документи што треба да се приложат кон транспортот, онаму каде што е применливо:
а)Товаренлист(странски добавувач)1 оригинал и 2 копии б)Комерцијална фактура од Понудувачот1 оригинал и 2 копии в)Спецификација за утовар1 оригинал и 2 копии г)Испратница1 оригинал и 3 копии
д)Потврда за осигурување (странски добавувач) 2 копии
ѓ)Сертификат за потекло (ЕУР 1 или слично 1 оригинал (странски добавувач)
(5) Пред испорака на опремата Добавувачот по факс ќе ги испрати следните документи: 1.Комерцијална фактура со спецификација на цените на артиклите
2.Спецификација за утовар
(6) Набавувачот ќе ја потврди точноста на документите колку е можно побргу но не подоцна од 24 часа по нивниот прием по факс, доколку наредните 24 часа се во работен ден.Добавувачот не смее да започне со испорака пред Набавувачот да испрати потврда дека се пристигнати документите наведени во 1 и 2, погоре.
(7) Добавувачот ќе обезбеди такво пакување на опремата, со оглед на тоа дека е потребно таа да се заштити од оштетување или пропаѓање за време на нејзиниот транспорт до крајната дестинација, како е одредено со нарачката.
(8) Добавувачот е одговорен за сите оштетувања кои се резултат на неправилно пакување на опремата која треба да се испорача.
Цената на пакувањето, ознаките и документацијата во и на надворешната страна на пакетите е вклучена во цената од нарачката.
6 Договорна казна
(1) Доколку во нарачката договорната казна не е определена според наод на Набавувачот, во вкупен износ или на некој друг начин, во случај на задоцнување со исполнувањето, ќе се наплатува договорна казна и тоа:
(2) Добавувачот се обврзува да плати договорна казна на Набавувачот во случај на задоцнување со исполнувањето (испораката/ извршување на услугата), во случај на задоцнување со исполнувањето на други обврски (поправка и замена на несоодветната опрема/ услуга) во висина од 1% дневно и/или час од вредноста на нарачката, како и во случај на неуредно исполнување на своите обврски, а најмногу до 30% од вкупната вредност на нарачката.
(3) Основица за пресметување на договорната казна претставува нарачката, односно вкупниот износ без ДДВ.
(4) Доколку Набавувачот претрпел штета која ја надминува висината на договорната казна, Набавувачот ќе бара и разлика до целосниот надомест на штета.
(5) За штетите кои ќе ги предизвика Добавувачот со неисполнувањето на своите обврски од нарачката и овие Општи услови за набавка, Добавувачот е должен да му ги надомести на Набавувачот.
(6) Набавувачот го задржува своето правото да бара договорна казна поради задоцнување и во случај ако Набавувачот го примил исполнувањето на обврската.
(7) Доколку Добавувачот е одговорен за направена штета врз основа на одговорност за материјалните недостатоци на предметот на набавката (Product liability), тој се обврзува да го обештети Набавувачот во случај на барања за оштета од трети лица. Набавувачот треба веднаш да го извести Добавувачот за таквите барања за оштета при што нема да врши плаќања или да ги признава барањата без консултација.
7. Неизвршување на обврските од страна на Добавувачот
(1) Во случај на неизвршување на обврските од страна на Добавувачот се применуваат законските одредби, освен доколку не е поинаку определено.
(2) Набавувачот кој навремено и уредно го известил Добавувачот за недостатокот може:
- да бара од Добавувачот да го отстрани недостатокот или да му предаде друг предмет без недостаток (исполнување на договорот);
- да бара намалување на цената;
- да изјави дека го раскинува договорот.
Во секој од овие случаи Набавувачот има право и на надомест на штетата.
(3) Покрај тоа, и независно од тоа, Добавувачот му одговара на Набавувачот и за штетата што овој поради недостаток на предметот ја претрпел на другите свои добра, и тоа според општите правила за одговорноста за штета согласно ЗОО (Закон за облигационите односи).
8. Гаранција
(1) Добавувачот гарантира дека производите/ услугите нарачани со нарачката се испорачани според нарачаниот квалитет и истите се соодветни за предметната намена за која Набавувачот има намера да ги користи.
(2) Добавувачот експлицитно гарантира дека нарачаните и испорачани производи/ услуги овде опфатени се испорачани без дефекти во изработката, материјалот и извршувањето, и во потполност одговараат на спецификациите, инструкциите, цртежите, податоците, валидните прописи и мостри (доколку имало).
(3) Гарантиот рок што го обезбедува Добавувачот/производителот започнува од денот на преминување на ризикот или доколку е потребен прием - по извршувањето на приемот од страна на Набавувачот односно пуштање во работа.
(4) Добавувачот/производителот е должен да обезбеди и да му предаде на Набавувачот гарантен лист (со кој Добавувачот/производителот го гарантира исправното функционирање на предметот во текот на определеното време, сметајќи од денот на примопредавањето односно од денот на пуштањето во употреба) кој задолжително содржи:
- назив и седиште на Добавувачот (давачот на гаранција);
- податоци за производот со кој се идентификува производот;
- изјава за гаранција и за условите на гаранцијата;
- траење на гарантниот рок;
- назив на Набавувачот, датум на продажба, печат и потпис на овластениот работник, а ако се во во прашање постројки, уреди, опрема, и други средства – назив и седиште на Добавувачот, датум на пуштање во употреба и потпис на овластениот работник.
(5) Набавувачот поради неиправно функционирање, ќе бара од Добавувачот/производителот поправка (во рок утврден во нарачката) или замена на производот.
(6) Трошоците за материјал, резервни делови, работата, пренос и превоз на опремата/производот што ќе настанат при отстанување на дефектите, односно замената на производот со нов производ по основ на гаранцијата, паѓаат на товар на Добавувачот.
Добавувачот е должен на своја сметка да го пренесе предметот/производот до местото каде треба да го поправи, односно да се замени, како и поправениот предмет/производ да му го врати назад на Набавувачот.
За тоа време Добавувачот/производителот го поднесува ризикот од пропаѓање или оштетување на предметот.
(7) Во случај на рекламација (поправка или замена) во гарантен рок, гарантниот период се продолжува за период еднаков на периодот за време на кој Набавувачот не можел да ја користи делумно или целосно опремата/ услугата или гарантниот рок почнува повторно да тече од извршената замена.
(8) Производот (Опремата) која не е примена од страна на Набавувачот поради несоодветност со нарачката, неквалитет или кај која се јавува рекламација во гарантен рок, ќе му биде вратена на Добавувачот, на трошок на Добавувачот, вклучувајќи ги и транспортните и манипулативните трошоци. Трошоците на Набавувачот за проверка на испорачаната опрема, може да се бара да бидат покриени од страна на Добавувачот.
Доколку испорачаната опрема/ услуга не ги исполни условите и одредбите наведени во нарачката, Набавувачот го задржува правото да не ја прими целата испорачана опрема/ извршена услуга или делумно да ја прими испорачана опрема/ извршена услуга или во потполност да ја прими испорачана опрема/ извршена услуга. Независно од дејството на Набавувачот, Набавувачот ги задржува сите права во однос на Добавувачот во случај на несоодветни испораки.
9. Заштита на животната средина
Добавувачот треба да се придржува на правата и обврските во обезбедувањето услови за заштита и унапредување на животната средина и природата.
10. Преминување на ризик
(1) До предавањето на предметот на Набавувачот, ризикот за случајно уништување или оштетување на предметот го поднесува Добавувачот, а со предавањето на предметот ризикот преминува врз Набавувачот.
(2) Ризикот не преминува врз Набавувачот ако Набавувачот поради некој недостаток на предадениот предмет го раскинал договорот или барал замена на предметот.
(3) Ако предавањето на предметот не е извршено поради задоцнување на Набавувачот ризикот преминува врз Набавувачот во моментот кога паднал во задоцнување.
(4) Кога предметот на договорот се предмети определени според родот, ризикот преминува врз Набавувачот во задоцнување ако Добавувачот ги издвоил предметите очигледно наменети за извршување на предавањето и за тоа му испратил известување на Набавувачот.
(5) Кога предметите определени според родот се од таква природа што Добавувачот не може да издвои еден нивни дел, доволно е продавачот да ги извршил сите дејствија што
се потребни за да може Набавувачот да ги преземе предметите и за тоа да испратил известување до Набавувачот.
11. Право на патент, заштитено трговско име и индустриска сопственост на трета страна
(1) Добавувачот гарантира дека продажбата или употребата на опремата/ услугите опфатени со нарачката не ги прекршува правата на заштита на патент, трговско име и индустриска сопственост во Р.М. или надвор од неа.
(2) Добавувачот ќе го обесштети Набавувачот во однос на сите покренати постапки и настанати штети од сите судски одлуки, давачки, адвокатски трошоци што произлегуваат од таквото прекршување на употреба на патент, заштитено трговско име и индустриска сопственост, на прво писмено барање од страна на Набавувачот упатено до Добавувачот.
(3) Во случај на продажба на опрема/ услуги со заштитено патентно право, трговски име или индустриска сопственост од трета страна, Добавувачот со претходно писмено одобрување од Набавувачот има право да набави:
-за сметка на Купувачот и да му даде право на користење на Набавувачот.или
-да ја врати испорачаната опрема или дел од неа со што нема да ги прекршува правата на индустриска сопственост на трета страна или
-да го прифати одбивањето на Набавувачот да ја прими опремата/ услугата и да побара враќање на платените средства (доколку има) и на настанатите трошоци за превоз, инсталација и сл.
(4) Набавувачот не е одговорен за обесштетување на Добавувачот на било кој начин, во случај на прекршување на право на индустриска сопственост на трета страна .
12. Доверливост
(1) Набавувачот и Добавувачот трeба да ги чуваат како доверливи сите информации кои произлегуваат од делокругот на работење на другата страна, а за кои и двете страни ќе се запознаат преку деловната соработка, а кои информации не се јавно достапни. Таквите информации нема да се користат од страна на трети лица.
(2) Сите информации кои произлегуваат од нарачката, се сметаат за доверливи освен за членките на ДТ (Deutsche Telekom) и членките на МКТ групацијата (МКТ и Т-Мобиле Македонија АД).
(3) Пред доставувањето на доверливите информации на трета страна, вклучувајќи ги и Под-добавувачите, Добавувачот треба да добие писмена согланост од страна на Набавувачот.
13. Одредба за спречување на корупција во Општите договорни услови за набавка
Добавувачот е запознаен со обврската на МКТ да ги почитува правилата и принципите за спречување на корупција што се релевантни за договорните страни и со склучувањето на договорот добавувачот е согласен дека нема да прима пари или друг
надомест исплатен од МКТ за незаконски цели, вклучително и цели коишто го прекршуваат Законот за спречување на корупција на Република Македонија, како што се вршење или предизвикување на вршење на директни или индиректни плаќања на кој било владин претставник1 за да му помогне на Македонски Телеком АД – Скопје или на некој што делува во негово име да стекне или да задржи бизнис со или да го насочи бизнисот кон некое лице или да обезбеди каква било несоодветна предност.
Членовите, раководителите, вработените и сопствениците на Добавувачот не се владини претставници и Добавувачот не извршил и нема да изврши вработување/ангажирање или на друг начин да надомести или да понуди да надомести кој било претставник на владата, или да направи или да предизвика да направи било какви директни или индиректни понуди или плаќања на кој било претставник на владата, со цел да влијае или да доведе до која било одлука во корист на МКТ.
Доколку членовите, службениците, вработените и сопствениците на Добавувачот се владини претставници, тие се должни да дадат изјава за нивната позиција во владината институција во посебна декларација.
Добавувачот нема да вработи/ангажира каков било подизведувач, консултант, застапник или претставник во врска со овој договор без темелен документиран преглед на лицето и неговата репутација и интегритет.
Добавувачот нема да вработи/ангажира каков било подизведувач, консултант, застапник или претставник којшто не ги почитува правилата и принципите за спречување на корупција и во случај на какво било прекршување за истото веднаш ќе го информира МКТ.
Добавувачот ќе обезбеди информации во рок од 14 дена од писменото барање од МКТ во врска со примените или искористените плаќања според овој договор, како и сите информации во врска со исплата на сите средства за вработување/ангажирање на подизведувач, консултант, застапник или претставник во врска со овој договор.
1 Под „Владин претставник“ во смисла и за целите на правилата и принципите за спречување на корумпирано однесување се подразбираат: лица избрани во согласност со Законот за избори на Република Македонија; лица коишто спаѓаат во делокругот на Законот за државни службеници на Република Македонија; службеници, носители на мандат или вработени на (i) влада или кој било друг државен сектор, агенција или органи на истите (законодавни, административни и судски), (ii) регионално владино тело, или (iii) јавна меѓународна организација; лица коишто дејствуваат во официјално својство или вршат јавна функција за или во име на која било влада или сектор, агенција или органи на истите, регионално владино тело или јавна меѓународна организација; претставници на политичка партија (или политичка партија во целина); кандидати за владини функции; претставници на меѓународни организации, како што се Обединетите Нации или Светска Банка; поединци кои имаат функционален авторитет како службеник, но не се вработени во владата; консултанти и специјални советници на влади или владини претставници; службеници и вработени на претпријатијата во државна сопственост, дури и оние што работат со комерцијален капацитет, вклучувајќи ги болниците и здравствените институции.
Сите лица со статус на владини претставници можат да обезбедуваат одредени услуги на Македонски Телеком АД – Скопје доколку обезбедувањето на таквите услуги не ги повредува прифатените и инкорпорираните принципи согласно Политиката за усогласеност со приципите за спречување на корумпирано однесување, за помагање на Македонски Телеком АД – Скопје да добие или да задржи одреден бизнис.
МКТ може веднаш да го раскине овој договор доколку Добавувачот го прекрши Законот за спречување на корупција на Република Македонија и одредбите дефинирани во овие општи договорни услови.
14. Завршни одредби
(1) Набавувачот може нарачката да ја откаже согласно законските прописи, а има право да ја откаже и по сопствено наоѓање, еднострано без отказен рок.
(2) За прашањата кои не се регулирани во нарачките и со Општите услови за набавка на Набавувачот, ќе се применуваат одредбите согласно Законот за облигациони односи и законите на Р.М.
(3) Во случај на спор, ќе решава надлежниот суд во Скопје, Р.М., согласно македонското законодавство.
(4) Доколку некоја од одредбите од Општите услови за набавка не е валидна за предметната нарачка, тогаш останатите одредби од општите услови за набавка остануваат да важат за нарачка.
(5) Нарачката, правата и обврските што произлегуваат од истата, не смее да се доделат, префрлат или пренесат на трета страна, без претходна писмена согласност од страна на Набавувачот и секоја обид за префрлање или префрлена обврска од страна на Добавувачот на трета страна, без писмена согласност од Набавувачот, ќе се смета за ништовен и неважечки.
(6) Само условите наведени во овие Општи услови за набавка се сметаат за важечки и обрзувачки договор помеѓу Набвувачот и Добавувачот, освен доколку не е поинаку наведено во нарачката од Набавувачот.
Добавувачот има обврска да ја прифати или одбие нарачката во рок од 3 (три) работни дена од датата на нејзино доставуавање до Добавувачот по електронски пат, факс или писмено на адреса на МКТ, и истата ќе се смета за прифатена во целост и согласно Општите услови за набавка.
Доколку добавувачот нарачката не ја одбие во определениот рок, ке се смета дека добавувачот ја прифатил нарачката.
Овие Општи услови за набавка стапуваат во сила со денот на нивното усвојување, а се применуват од денот на нивното објавување на официјалната веб страна на Македонски Телеком АД - Скопје.