Contract
Број на Службен весник: 88/2009 Датум на објавување: 16.07.2009
КОЛЕКТИВНИ ДОГОВОРИ
Врз основа на член 32, став 5 од Уставот на Република Македонија, член 204, 205, 206, став 2 и 210, став 1 од Законот за работните односи ("Сл. весник на РМ" бр. 62/05) и Законот за измени и дополнување на Законот за работните односи („Сл. весник на РМ" бр. 106/08 и 161/08), Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачите на Македонија, на 10.07.2009 година, склучија
ОПШТ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР
ЗА СТОПАНСТВОТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
(вклучувајќи ја последната измена од 31.12.2013 година, објавена во Службен весник бр. 189/2013)
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ Член 1
Со овој колективен договор се уредуваат и доуредуваат, во согласност со закон и други прописи, правата, обврските и одговорностите на договорните страни кои го склучиле овој договор, а особено склучувањето, содржината и престанокот на договорот за вработување и други прашања од работните односи или во врска со работните односи во стопанството на РМ, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.
Член 2
Овој колективен договор се применува непосредно и е задолжителен за сите работници и работодавачи во чие име е склучен.
Член 3
Со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач, можат да се утврдат и други права и обврски, покрај утврдените со закон и овој колективен договор.
Со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач можат да се утврдат и поголеми права на работниците од оние утврдени со закон или со овој колективен договор.
1. Забрана на дискриминација Член 4
Во случај на дискриминација, работникот има право да бара надомест на штета во висина од 5 нето плати.
Основица за пресметување на надомест на штетата е просечната нето плата во Република Македонија исплатена во месецот пред утврдувањето на постоењето на дискриминацијата.
II. ДОГОВОР ЗА ВРАБОТУВАЊЕ Член 5
Со потпишување на договорот за вработување, се заснова работен однос меѓу работникот и работодавачот.
Член 6
Случаи кога работникот е отсутен од оправдани причини од работа и не може да отпочне со работа на денот определен со договорот за вработување се:
- болест;
- смртен случај на член на потесното семејство;
- елементарна непогода (пожар , поплава и сл);
- други случаи предвидени со колективен договор или договор за вработување.
1. Посебни услови за засновање на работен однос Член 7
Посебните услови можат да се предвидат како услов за вработување само ако се неопходни за извршување на работите на одредено работно место.
Како посебни услови за вработување можат да се предвидат, особено: стручната подготовка; посебни знаења и способности за извршување на соодветни работи; работно искуство; посебна здравствена состојба; психофизички и физички способности и други специфични услови, утврдени во колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач или со актот на работодавачот.
III. ОБВРСКИ НА РАБОТНИКОТ Член 8
Работникот е должен да врши и друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, а е во рамките на неговата стручна подготовка, врз основа на писмен акт од страна на работодавачот се додека траат причините, но не подолго од два месеци, само во случаи:
- кога треба да се замени отсутен работник;
- кога е зголемен обемот на работата;
- ако на работното место на кое работи е намален обемот на работа;
- на елементарни непогоди кои се случиле или непосредно се закануваат;
- на неопходно завршување на започнат процес, чие прекинување со оглед на природата на технологијата на работата би предизвикало материјални загуби;
- на спречување на расипување на суровини и материјали, односно отстранување на дефекти на опремата и на средствата за работа;
- на завршување на итни и неодложни работи;
- кога тоа е неопходно за отстранување или спречување на последиците во случаите на природна непогода или друга несреќа;
- во други случаи утврдени со колективен договор.
Работникот во сите случаи кога врши друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, има право на еднаква плата каква што примал на своето работно место, односно, плата која за него е поповолна.
IV. ПРОБНА РАБОТА, ПРИПРАВНИЧКИ И ВОЛОНТЕРСКИ СТАЖ Член 9
При склучувањето на договорот за вработување, работникот и работодавачот можат да договорат пробна работа.
Траењето на пробната работа за одредени работни задачи изнесува:
- за работи од I до III група сложеност, до два месеци;
- за работи од IV до V група сложеност, до четири месеци;
- за работи од VI до IX група сложеност, до шест месеци.
Начинот на спроведувањето и оценувањето на пробната работа го утврдува работодавачот.
Член 10
Начинот на организирањето и спроведувањето на приправничкиот стаж се уредува со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач, доколку со друг закон не е поинаку решено.
Член 11
Со договорот за волонтерски стаж може да се утврди правото на волонтерот на надомест на трошоци за превоз и исхрана.
V. ОТКАЖУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ
1. Откажување на договорот за вработување со отказ од страна на работодавачот
1.1 Откажување на договор за вработување од лични причини и причини на вина Член 12
Со колективен договор на ниво на дејност се уредуваат случаите на однесување, на недостаток на знаење или можности, неисполнување на посебните услови определени со закон, како и кршењето на работниот ред и дисциплина и неисполнувањето на работните обврски од страна на работникот кои доведуваат до откажување на договорот за вработување.
1.2. Откажување на договорот за вработување поради, економски, организациони,технолошки, структурни или слични причини - деловни причини
Член 13
Критериумите за структурата на работниците на кои им престанува работниот однос кај работодавачот поради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини - деловни причини, се утврдуваат со колективен договор на ниво на работодавач.
2. Откажување на договорот за вработување страна на работникот Член 14
Работникот во случај на отказ согласно член 100 од Законот за работните односи има право на испратнина во висина утврдена согласно член 97 од Законот за работните односи, како и на обештетување најмалку во висина на изгубената нето плата на работникот за време на отказниот рок.
VI. ПЛАТА И НАДОМЕСТОЦИ НА ПЛАТА
1. Плата Член 15
Работникот има право на плата.
Платата на работникот за работа со полно работно време и нормален учинок не може да биде пониска од најниската плата утврдена со колективен договор на ниво на дејност. Платата е составена од:
- основна плата;
- дел од плата за работна успешност и
- додатоци.
1.1. Основна плата Член 16
Основната плата се определува врз основа на барањата на работното место (стручна подготовка, стекнати вештини, сложеноста и одговорноста на работното место), а се утврдува така што износот на најниската плата се множи со коефициентот на степенот на сложеност на одделна група на работи на која припаѓа работното место на кое работникот работи согласно договорот за вработување.
Најниската плата за одделни степени на сложеност на работи и работни задачи претставува основна плата.
Член 17
Најниската плата за најнизок степен на сложеност се утврдува со колективните договори на дејностите.
Најниската плата ја утврдуваат и објавуваат потписниците на колективните договори на ниво на дејност најмалку еднаш годишно.
При утврдување на најниска плата ќе се поаѓа особено од: трошоците на живот; економските можности; општото ниво на платите на дејноста; нивото на продуктивноста, економичноста и рентабилноста; социјалните давања и други економски и социјални фактори.
Најниската плата ќе се усогласува со кумулативното движење на трошоците на живот во однос на декември од претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика со важност на почетокот на периодот.
Најниската плата за најнизок степен на сложеност ја објавуваат потписниците на Договорот по секое усогласување.
Член 18
Работодавачот кај кого настанале потешкотии во работењето, врз основа на изготвената програма со која се обезбедува надминување на настанатите проблеми врз основа на согласност од синдикатот може да утврди отстапување од најниската плата, со тоа што намалувањето на најниската плата не може да изнесува повеќе од 20% и не може да трае подолго од 6 месеци.
Со колективен договор на дејност, можат да се утврдат и други објективни околности кои битно ги нарушуваат тековите на репродукцијата, со што отстапувањето може да биде и поголемо од утврденото во ставот 1 на овој член.
Работодавачот е должен на работниците да им изврши исплата на разликата меѓу најниската плата за одделни степени на сложеност и помалку исплатената плата во смисла на ставовите 1 и 2 на овој член, во рок од 6 месеци по надминувањето на тешкотиите.
Член 19
Работите, односно работните места се групираат во групи на сложеност, како што следува:
Група Степен на
сложеност
I - Едноставни, повторливи и разновидни работи 1,00
II - Помалку сложени, повторливи и разновидни работи 1,20
III - Сложени, разновидни, повторливи и со повремена
појава на нови работи 1,30
IV - Посложени, разновидни работи за кои е потребна
самостојност и иницијативност 1,50
V - Посложени, разновидни работи за кои е потребна
голема самостојност и иницијативност 1,70
VI - Значајно сложени работи кои бараат самостојност и
иницијативност 1,90
VII - Мошне сложени работи кои бараат голема
самостојност, креативност и иницијативност 2,30
VIII - Мошне сложени работи кои бараат голема самостојност, креативност, иницијативност и
специјализираност 2,70
IX - Најсложени, специјализирани, креативни и
самостојни работи 3,00
Член 20
Со колективен договор на ниво на дејност односно на ниво на работодавач можат да се утврдат и други групи на повисоки степени на сложеност за типични работни места.
Со колективен договор или со акт на работодавачот се врши распоредување на работите во поодделни степени на сложеност.
1.2. Дел од плата за работна успешност Член 21
Критериуми и мерила за утврдување на работната успешност се: домаќински однос; обем; квалитет; креативност и инвентивност, остварена продуктивност, економичност; заштеди во процесот на работење; ефикасност и користење на средствата за работа и работното време и други утврдени со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач.
Работната успешност се мери, односно проценува за поединци или групи на работници според однапред утврдени критериуми и мерила со кои работникот се запознава пред да почне да работи.
Резултатите од работењето на работникот ги утврдува, односно оценува работникот кој го води и организира процесот на работа.
Доколку работникот не ги достигнува работните резултати од причини што не зависат од работникот (немање на струја и други енергенси, дефект на машините и немање на суровини или други објективни причини утврдени со колективен договор на ниво на работодавач), има право на основната плата.
Член 22
Во случај кога 50% од работниците не ги исполнуваат утврдените норми и нормативи, Синдикатот може да покрене иницијатива за нивно преиспитување.
1.3. Додатоци Член 23
Основната плата на работникот се зголемува кога работникот работи во услови потешки од нормалните за определено работно место, а особено:
- Работни задачи во чие извршување работникот е изложен на неповолните влијанија на околината (чад, саѓи, топол пепел, прашина, влага, високи, односно ниски температури, бучава, блескава вештачка светлина, работа во темни простории или во простории со несоодветно обоено светло);
- При работни задачи во кои согласно прописите работникот употребува заштитни средства како што се: заштитни чевли, гас маски, маски против прав, уреди за доведување свеж воздух или други заштитни средства;
- Работи при кои работникот е изложен на посебни опасности (пожар, вода, експлозија). Со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач, се утврдуваат потешките услови за работа од нормалните за одделни работни места и износот на зголемувањето по тој основ не зависи од висината на платата на работникот, туку се
xxxxxxxx во единствен износ за сите работници што работат во тие потешки услови на работа.
Со колективен договор на ниво на работодавач, со методологија, се вреднуваат потешките услови за работа од нормалните за одделни работни места.
Член 24
Основната плата на работникот се зголемува по час најмалку за:
- прекувремена работа | ................................ | 35% |
- работа ноќе | ................................ | 35% |
- работа во три смени | ................................ | 5% |
- работа во ден на неделен одмор | ................................ | 50% |
За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест на платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50%. Додатоците меѓусебно не се исклучуваат.
Правото на зголемен надоместок по основ на работа во три смени работникот го остварува само за ефективно поминато работно време во смени.
Член 25
Основната плата на работникот се зголемува за 0,5% за секоја година работен стаж.
Член 26
Работодавачот може, доколку не организирал исхрана за време на работа или нема организиран превоз до и од работното место, на работниците да им ја зголеми платата во висина што ќе ја определи во договор со синдикатот.
2. Дел за деловна успешност Член 27
На работникот може да му се исплати и дел по основ на деловна успешност на работодавачот.
3. Надоместоци на плата Член 28
Работодавачот на работникот му исплатува надомест на плата за:
- боледување - за време на привремена неспособност за работа;
- годишен одмор;
- платен вонреден одмор;
- време на прекин на работниот процес од причини од страна на работодавачот;
- празници и неработни денови утврдени со закон или друг пропис;
- од работа слободни денови;
- дообразование, стручно оспособување и преквалификација, односно доквалификација согласно со потребите на работодавачот;
- синдикално образование во договор со работодавачот;
- време на отказен рок;
- и други случаи утврдени со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач.
Во случаите од претходниот став на работникот му припаѓа надомест на плата во висина од неговата просечна плата од последните 12 месеци, доколку со закон поинаку не е определено.
Доколку работникот во тој период не примал плата му припаѓа надомест во висина на најниската плата.
Член 29
Работникот има право на надомест по основ на придонес од иновации, рационализации и други видови творештва, за потребите на работодавачот, кој се утврдува со договор склучен меѓу работникот и работодавачот.
Член 30
За време на приправничкиот стаж, на работникот му припаѓа плата најмалку 70% од најниската плата за одделен степен на сложеност предвидена за работното место за кое се оспособува.
Член 31
За време на времена неспособност за работа до 7 дена, работникот има право на надомест на плата во висина од 70% ; до 15 дена почнувајќи од првиот ден на боледувањето од 80% и над 15 дена за сите денови од 90% од основица утврдена со закон.
Член 32
Надоместокот на плата на работникот за време на прекин на работниот процес од деловни причини изнесува 70% од неговата плата за период до 3 месеци во тековната година.
Член 33
Инвалид на трудот остварува посебна заштита и права во согласност со прописите за пензиско-инвалидско осигурување, колективниот договор на ниво дејност и на ниво на работодавач.
Член 34
За време на штрајк кој е организиран заради повредени права на работниците уредени со закон, колективен договор и со договорот за вработување: три неисплатени плати; неплатени придонеси и надоместоци; непотпишување на колективен договор и необезбедени услови за работа, работодавачот на работникот му исплатува надоместок на плата во висина од 60% од основната плата на работникот за време од 5 работни дена.
Работникот ќе се стекне со право на надомест од плата само во случај ако легитимноста на штрајкот е во согласност со актот на соодветниот синдикат, односно ако добие легитимност од соодветниот синдикат.
4. Надоместување на трошоците поврзани со работата Член 35
Работникот има право на надомест на трошоците поврзани со работа, утврдени со закон и колективен договор и тоа:
- дневници за службени патувања во земјата во висина од 8% од основицата;
- дневници за службени патувања во странство согласно Уредбата за издатоците за службен пат и селидби во странство што на органите на управата им се признаваат во тековни трошоци;
- теренски додаток во зависност од обезбедените услови за работа на терен (сместување, исхрана и сл.), во висина утврдена со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач;
- надомест за одвоен живот од семејството,во висина утврдена со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач, но не помалку од 60% од основицата;
- надоместокот за одвоен живот се исплатува кога работникот е распореден, односно упатен на работа надвор од седиштето на фирмата или надвор од местото на постојаното живеалиште;
- надомест на трошоците за користење на сопствен автомобил за потреби на работодавачот во висина од 30% од цената на литар гориво што го користи автомобилот за секој изминат километар;
- надомест на трошоците при селидба за потребите на работодавачот, во висина на стварните трошоци;
- со колективен договор на ниво на дејност се утврдува висината на регресот за годишен одмор и новогодишниот надоместок.
Покрај надоместоците од став 1 на овој член согласно колективен договор, се исплатува надоместок и:
- во случај на смрт на работник на неговото семејство се исплатува надоместок во висина од три основици;
- во случај на смрт на член на семејното домаќинство на работникот му се исплатува надоместок во висина од 2 основици;
- во случај на потешки последици од елементарни непогоди најмалку во висина од една основица;
- за непрекинато боледување подолго од 6 месеци поради повреда на работа или професионално заболување во висина на основицата;
- за јубилејна награда во висина на основицата - за најмалку 10 години работа кај ист работодавач;
- при заминување во пензија најмалку двократен износ од основицата.
Основицата за пресметување на надоместоците на работниците претставува просечната месечна нето плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци.
Работодавачот на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа. Трошоците за исхрана може да
изнесуваат најмногу до 20% од просечната нето плата по работник исплатена во претходната година, а трошоците за превоз во висина на стварните трошоци во јавниот сообраќај.
На работникот му се исплатуваат и други надоместоци согласно колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач.
VII. РАБОТНО ВРЕМЕ Член 36
Почетокот, распоредот и завршетокот на работното време, го утврдува работодавачот, односно работоводниот орган во согласност со закон, акт на органот од државната управа од соодветната област, колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач.
Со колективен договор на ниво на работодавач се утврдуваат исклучително тешките услови на работното место според кои работното време пократко од 40 часа неделно, ќе се смета за полно работно време, но не пократко од 36 часа неделно.
За работните места кај кои постои поголема опасност од повреди или здравствени оштетувања, со колективен договор на ниво на работодавач, полното работно време може да трае помалку од 36 часа неделно.
Член 37
Со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач, се утврдуваат случаите во кои работникот е должен на барање на работодавачот да врши работи преку полното работно време (прекувремена работа).
VIII. ПАУЗИ И ОДМОРИ
1. Можности на поинакво уредување на работното време со колективен договор Член 38
Со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач, се определува временското ограничување на работните обврски на работникот кој работи ноќе и во просечно минимално траење на дневниот и неделниот одмор во случај на сменско работење.
2. Привремен принуден одмор Член 39
Со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач се уредуваат причините, условите и постапката за воведување на привремен принуден одмор.
3. Определување на траењето на годишниот одмор Член 40
Работникот има право на годишен одмор во текот на една календарска година во траење од најмалку 20 до 26 работни дена.
Траењето на годишниот одмор на работникот се определува врз основа на:
1. времето поминато во работен однос;
2. сложеноста на работите на работното место;
3. условите за работа;
4. здравствената состојба на работникот;
5. работник помлад од 18 години
Доколку работникот го надминува максимумот по основ на критериумите во овој член има право на годишен одмор само до 26 работни дена.
Должината на годишниот одмор, стекната по ставот 2, точките 4 и 5 од овој член, може да изнесува и повеќе од 26 работни дена.
Со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач можат да се утврдат и други критериуми со кои ќе се определува должината на траењето на годишниот одмор.
Член 41
Со колективен договор на ниво на дејност се определува траењето на годишниот одмор над 26 работни дена, за работниците кои работат во исклучително тешки услови за работа.
4.Платен одмор Член 42
Работникот има право на платен одмор заради лични и семејни околности до 7 работни дена во текот на годината во следните случаи:
- за склучување на брак 3
дена
- за склучување брак на дете 2 дена
- за раѓање или посвојување дете 2 дена
- за смрт на сопружник или дете 5
дена
- за смрт на родител, брат, сестра 2 xxxx
- за смрт на родител на сопружник 2 дена
- за смрт на дедо или баба 1 дена
- за полагање на стручен или друг испит за потребите на работодавачот 3
до дена
- за елементарни непогоди до 3
дена
Во случаите од став 1, отсуството од работа се обезбедува и се користи во деновите на траењето на основот врз основа на кој се остварува, без оглед на барањето на процесот на работа.
Член 43
Работникот може да отсуствува од работа без надомест на плата и придонеси од плата, најдолго 3 месеци, во следните случаи:
- за нега на член на семејство;
- за изградба или поправка на куќа, односно стан;
- за учество на културни и спортски приредби;
- за учество на конгреси, конференции и сл.;
- за лечење за своја сметка;
- во други случаи утврдени во колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач.
Одлука за отсуство од став 1 на овој член, донесува работодавачот или лицето кое тој ќе го определи во согласност со потребите на процесот на работата.
IX. НАДОМЕСТ НА ШТЕТА Член 44
Со колективен договор на ниво на работодавач, се определуваат случаи на штетни дејствија на работникот за кои се утврдува висината на паушалното обештетување, како и начинот и условите за намалување или простување на плаќањето на обештетувањето.
X. XXXXX РЕШАВАЊЕ НА ИНДИВИДУАЛНИТЕ И КОЛЕКТИВНИТЕ РАБОТНИ СПОРОВИ Член 45
Индивидуален работен спор претставува спор во врска со остварувањето на правата на работникот утврдени со закон, колективен договор и договорот за вработување.
Колективни работни спорови се спорови во врска со склучувањето, измената, дополнувањето и примената на колективниот договор, остварување на правото на синдикално организирање и штрајк.
Член 46
Споровите кои не можат да се решат со меѓусебно спогодување, можат да се решат по пат на помирување или по пат на арбитража.
Помирувањето е процес во кој независна, трета страна, определена од страните во спорот, им помага на страните во спорот во изнаоѓање на решение за спорот.
Арбитража е решавање на спор од страна на трета страна која ја определиле страните во спорот и која одлучува за спорот.
Член 47
Лицата помирувачи, односно арбитри, страните во спорот ги бираат од Листата на помирувачи, односно арбитри, што ја утврдуваат самите.
Страните во спорот заеднички го определуваат треттиот член во постапката за помирување односно арбитража.
1. Постапка за помирување (Мировен совет) Член 48
Индивидуалните и колективните работни спорови можат да се решаваат по пат на мирење и пред посебен Мировен совет.
Постапката за помирување започнува со предлог од било која страна, најдоцна во рок од 5 дена од настанувањето на спорот, во кој предлагачот на помирувањето ја изнесува содржината на спорниот однос.
По добивањето на предлогот, другата страна е должна да одговори во рок од 3 дена.
Страните во спорот, во Мировниот совет предлагаат свој член, а заеднички го определуваат третиот член на Мировниот совет од Листата на помирувачи.
Помирувачот раководи со Мировниот совет и им помага на страните во спорот во изнаоѓање на решение за спорот.
Во случај другата страна да не одговори на предлогот, не именува член за Мировниот совет, не се избере помирувач или не се постигне спогодба за решавање на спорот, постапката за помирување се запира.
Член 49
Постапката за помирување, страните во спорот се должни да ја завршат во рок од 15 дена, од поднесувањето на предлогот за постапка за помирување.
Спогодбата што ќе се постигне во постапката за помирување, мора да биде во писмена форма и истата е задолжителна за страните во спорот.
Член 50
Со колективен договор на ниво на работодавач, може да се доуреди формирањето на посебен мировен совет и постапката на решавање на индивидуален или колективен работен спор.
2. Постапка пред арбитража Член 51
Во случај на колективен работен спор, било која од страните во спорот, може да поднесе предлог за постапка пред арбитража во рок од 8 дена од денот на настанувањето на спорот, односно од денот на запирањето на постапката за помирување.
Арбитража може да врши еден или повеќе арбитри.
Страните во спорот, заеднички го избираат арбитерот или арбитрите од Листата на арбитри.
Арбитерот е должен да закаже расправа во рок од 5 дена од приемот на предлогот. На расправата се повикуваат овластени претставници на страните во спорот. Одлуката на арбитерот е конечна и извршна за страните во спорот.
Постапката пред арбитража завршува во рок од 15 дена од денот на настанувањето на спорот.
XI. ИНФОРМИРАЊЕ НА РАБОТНИЦИТЕ Член 52
Работодавачот најмалку еднаш годишно или по потреба, обезбедува информирање на работниците за прашања кои се од значење за нивната економска и социјална положба.
Информирањето се врши на начин соодветен на информацијата што треба да се пренесе и може да се однесува за сите или за одредена група вработени.
Информирањето може да биде: писмено или усно, преку овластен претставник.
XII. СТРУЧНО ОСПОСОБУВАЊЕ И ОБРАЗОВАНИЕ НА РАБОТНИЦИТЕ Член 53
Програмата, времетраењето, правата и обврските на договорните страни во однос на образованието, дошколувањето и оспособувањето на работниците во врска со потребите на работодавачот, се уредуваат со колективен договор, односно акт на работодавачот.
XIII. УСЛОВИ ЗА РАБОТА НА СИНДИКАТОТ Член 54
Работодавачот е должен да создаде услови за извршување на активностите на Синдикатот во врска со заштитата на правата на работниците од работниот однос, утврдени со закон и колективен договор.
Активноста на Синдикатот во согласност со став 1 од овој член, не може да се спречи со акт на работодавачот.
Член 55
На барање на Синдикатот, работодавачот доставува податоци и информации за оние прашања што имаат најнепосредно влијание врз материјалната и социјалната положба на членовите на Синдикатот (работниците) и ги разгледува мислењата и предлозите на Синдикатот во постапката на донесување одлуки и решенија, што имаат битно влијание врз материјалната и социјалната положба, односно во остварувањето на правата на работниците.
На синдикалниот претставник му се овозможува непречено комуницирање со работодавачот или од него овластено лице и со сите работници во претпријатието, кога тоа е неопходно за остварување на функцијата на Синдикатот.
На овластениот синдикален претставник кој не е вработен кај работодавачот, мора да му се овозможи непречена комуникација и синдикална активност од страна на работодавачот.
Член 56
Работодавачот ја пресметува и уплатува синдикалната членарина од нето платата на работникот согласно Одлуката на Синдикатот.
Работодавачот обезбедува стручни, административни и технички услови за работа и остварување на функциите на Синдикатот.
Член 57
Синдикалниот претставник има посебна заштита и не може да биде повикан на одговорност ниту доведен во неповолна положба, вклучувајќи го и престанокот на неговиот работен однос, освен во случај на извршување на кривично дело или предизвикување на поголема материјална штета кај работодавачот.
Како синдикален претставник, се сметаат и функционерите во синдикатот, кои се вработени кај работодавачот, а својата функција ја извршуваат волонтерски.
Посебната заштита на синдикалниот претставник трае за време на неговиот мандат и две години потоа.
Член 58
Синдикалниот претставник не може:
- да биде упатен на привремен принуден одмор;
- да биде распореден на друго работно место без негова согласност;
- да му престане работниот однос од деловни причини.
Член 59
Со одлука на Синдикатот, се утврдува бројот на синдикалните претставници кои уживаат заштита, а тоа се: членовите на извршните одбори во основните организации и бираните претставници во повисоките органи на синдикатот.
Член 60
Работодавачот е должен на синдикалниот претставник да му овозможи платено отсуство од работа заради ефикасно вршење на функциите на Синдикатот и синдикалното образование и оспособување.
Начинот, времето и условите на ослободување од работа на синдикалниот претставник, се уредуваат со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач.
Член 61
Член на Синдикатот кој е избран, односно именуван во органите на Синдикатот, чие вршење на функцијата бара привремено да престане да работи кај работодавачот, има право, по престанување на функцијата што ја вршел, во рок од 5 дена, да се врати кај работодавачот
на работно место кое одговара на неговата стручна подготовка, за што се склучува посебен договор со работодавачот.
XIV. ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА РАБОТНИЦИТЕ Член 62
Кога работникот поднел барање до работодавачот за отстранување на прекршувањето на некое негово право утврдено со закон, колективен договор и договор за вработување, или за остварување на истото, работодавачот е должен да соработува со синдикалните претставници за спогодбено решавање на настанатиот спор.
Член 63
Работникот има право да присуствува во постапката пред органот кој одлучува за поднесеното барање во втор степен и притоа да биде застапуван од Синдикатот.
Работникот кој отсуствува од работа заради присуство во постапката кај органот од ставот 1 на овој член, се смета како да бил на работа и по тој основ не може да му се намалува платата.
XV. ИЗМЕНУВАЊЕ, ДОПОЛНУВАЊЕ, ТОЛКУВАЊЕ И СЛЕДЕЊЕ НА ПРИМЕНАТА НА КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР
1. Изменување и дополнување на Колективниот договор Член 64
Секој учесник може да предложи изменување и дополнување на овој колективен договор.
Предлогот за изменување и дополнување на овој колективен договор во писмена форма се доставува до другиот учесник кој е должен да се изјасни во рок од 30 дена.
Во случај ако другиот учесник не го прифати или не се изјасни по предлогот во рокот од ставот 2 на овој член, учесникот - предлагачот може да започне постапка за усогласување.
Член 65
Постапката за усогласување започнува на барање на еден од учесниците на колективниот договор и треба да заврши во рок од 60 дена од поднесувањето на барањето.
Во рок од 10 дена од поднесувањето на барањето за усогласување се формира Комисија за усогласување.
Секој од учесниците именува по два члена во Комисијата за усогласување. Членовите на Комисијата договорно избираат претседател.
Секое усогласување што учесниците ќе го постигнат мора да биде во писмена форма. Со усогласените ставови, учесниците задолжително пристапуваат кон изменување и дополнување на Колективниот договор.
2. Следење на примената на Колективниот договор Член 66
За следење на примената на овој колективен договор, учесниците формираат Комисија. Секој од учесниците на овој колективен договор, именува по 3 члена во Комисијата од ставот 1 на овој член, во рок од 30 дена од склучувањето на овој колективен договор.
3. Толкување на Колективниот договор Член 67
Комисијата од членот 66 на овој колективен договор дава толкување на одредбите на овој колективен договор.
XVI. ПОСТАПКА ЗА ОТКАЖУВАЊЕ НА КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР Член 68
Овој колективен договор може да се откаже три месеци пред истекот на неговата важност.
Откажувањето на овој колективен договор се врши во писмена форма, при што се образложуваат причините за откажувањето.
Другата страна, на предлогот за откажување на Колективниот договор, е должна да одговори или да ја започне постапката за преговори, најдоцна во рок од 15 дена, од денот на приемот на поднесениот отказ.
Член 69
Доколку во рокот од членот 67 ставот 3 страната не се произнесе, се продолжува важноста на Колективниот договор, најдолго 3 месеци од денот на приемот на писмениот отказ.
XVII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ Член 70
Овој колективен договор се склучува за време од две години.
Важењето на овој колективен договор, се продолжува доколку страните склучат Спогодба најдоцна 30 дена пред истекот на важењето на Колективниот договор.
Член 71
Овој колективен договор и сите негови измени и дополнувања, како и неговото откажување се доставуваат за регистрација до Министерството за труд и социјална политика, пред нивното објавување во "Службен весник на РМ".
Член 72
Овој колективен договор влегува во сила со денот на склучувањето, а ќе се применува од денот на неговото објавување во "Службен весник на РМ".
10 јули 2009 година Скопје
Организација на работодавачите на Сојуз на синдикатите на Македонија Македонија
Претседател, Претседател,
м-р Xxxxxxx Xxxxxxxxxxx, с.р. Xxxxx Xxxxxxxxxx, с.р.