Contract
ДОГОВОР МЕЃУ СОЦИЈАЛИСТИЧКА ФЕДЕРАТИВНА РЕПУБЛИКА ЈУГОСЛАВИЈА И ШПАНИЈА ЗА ПРАВНА ПОМОШ ВО КРИВИЧНАТА МАТЕРИЈА И ПРЕДАВАЊЕ ОД 8 ЈУЛИ 1980 ГОДИНА
Прв Дел ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Обврска за укажување на правна помош
(1) Договорните страни се обврзуваат, според одредбите утврдени подолу, да укажуваат взаемнa правна помош во сите постапки во врска со кривичните дела за кои во моментот кога правната помош се бара надлежeн e правосудниот орган на страната молител.
(2) Исто така, правна помош укажува:
а) во постапка за дела за кои може да се поднесе правен лек до судот надлежен за кривични предмети,
б) во постапката по барање за надоместок на штета заради неосновано или неоправдано кривично гонење,
в) во кривичната постапка при одлучување по барањето за надоместок на штета, г) во предмети, одлагање на казната или прекин на издржување на казната,
д) во постапката за помилување.
Член 2
Начин на комуникација
(1) Писмената комуникација за испраќање и примање на документи во врска со правната помош се врши преку органи кои секоја страна ги одредува преку размена на ноти.
(2) Освен начинот на комуникација од став 1 на овој член, секоја страна може во секој случај да комуницира по дипломатски пат. Практичниот дел на постапката, освен во предмети на предавање може да се врши и преку конзуларни претставници ако истото го дозволуваат прописите на замолената страна.
(3) Во итни случаи, надлежните органи на страната молител може до надлежните органи на замолената страна да достават замолница директно или преку Меѓународната организација за криминалистичка полиција (Интерпол).
Член 3
Воени злосторства и полициски мерки
Овој договор не се применува:
а) на кривични дела што се состојат само од повреда на воените должности и обврски, б) на мерки од исклучиво полициски карактер.
Член 4 Употреба на јазикот
(1) Надлежните органи на двете договорни страни изготвуваат пријави и други писмени поднесоци на своите официјални јазици, во согласност со своите устави, со приложување на заверен превод.
(2) Надлежните органи на било која од договорните страни можат да користат исклучиво англиски и француски јазик за преводите во замена за јазиците предвидени со став 1 од овој член.
(3) При размена на податоци за казнената евиденција согласно член 15 став (2) и (3) на овој договор превод не треба да се приложи.
Член 5
Ослободување од легализација
За документите кои се однесуваат на примената на овој договор не е потребна легализација.
Член 6 Трошоци
(1) Извршувањето на замолницата за правна помош не повлекува надоместок на трошоци, освен оние кои настануваат на територијата на замолената страна поради повикување на сведок или вештак.
(2) Трошоците кои настануваат поради предавање на територијата на замолената страната паѓаат на товар на таа страна. Доколку предавањето се врши по воздушен пат, трошоците за летот ги намирува страната молител.
Втор Дел
ПРАВНА ПОМОШ ВО КРИВИЧНАТА МАТЕРИЈА
Член 7 Причини за одбивање
Правната помош може да се одбие: а) ако делото на кое се однесува замолницата за правна помош не е казниво со закон согласно правото на замолената страна, б) ако замолената страна смета дека со извршување на замолницата за правна помош може да се наруши нејзината безбедност, јавниот поредок или други суштински интереси, в) ако замолницата се однесува на кривично дело кое замолената страна го цени како политички мотивирано кривично дело или дело поврзано со такво кривично дело.
Член 8 Политички кривични дела
(1) Како политичко или со него поврзано кривично дело нема да се смета терористички чин против животот, вклучувајќи го обидот и соучеството.
(2) Примената на став 1 на овој член не влијае на преземените идни обврски од страна на договорните страни врз основа на друг мултилатерален меѓународен договор.
Член 9
Доставување на документација
(1) Замолената страна ги доставува правните одлуки или документи во врска со кривичната постапка, која страната молител ги испратила за таа цел.
(2) Доставување се врши со едноставно испраќање на документите до примателот, по барање на страната молител и на начин предвиден со прописите на замолената страна.
(3) Доставувањето се потврдува со потврда која содржи датум и потпис на примателот или со потврда на надлежниот орган, со која се докажува датумот и начинот на доставата. Документот што служи како доказ за предавањето се доставува до страната молител, и ако доставувањето не се извршила – се наведуваат причините за тоа. На барање на страната молител, замолената страна наведува дали испораката на документи е извршена во согласност со нејзините прописи.
(4) Барање за изведување на обвинетиот, сведокот или судскиот вештак пред правосудните органи на страната молител, нема да се изврши доколку е примено помалку од 30 дена
пред датумот назначен за рочиштето. Страната молител мора да го почитува овој рок при поднесување на барањето.
(5) Ако страната молител бара лицето да се појави пред судот во својство на сведок, судски вештак или обвинет, овој повик се доставува според формулираното барање. Такво барање не смее да содржи закана за принудни мерки или санкции за неодзивање на судскиот повик.
Член 10
Надоместоци, патни трошоци и трошоци за престој
(1) Сведок или вештак кој ќе се одзве на повик доставен согласно член 9 од овој договор има право на надоместок, патни трошоци и трошоци за престој што страната молител треба да ги исплати во износи што одговараат најмалку на оние предвидени во важечките тарифи и одредби во таа држава. Трошоците за патување и престој се пресметуваат според местото на живеење на сведокот или вештакот.
(2) Во замолницата за доставување на повик, или во самиот повик, се наведува приближно износот на надоместокот, што надлежниот орган на страната молител ќе му го надомести на сведокот или вештакот со назнака патни трошоци, трошоци за престој и надоместоци.
Член 11
Присуство на лице лишено од слобода во својство на сведок или вештак пред судот
(1) Ако едната договорна страна бара лицето лишено од слобода да се појави како сведок вештак или за соочување, истото ќе биде привремено предадено на територијата каде што треба да биде сослушано под услов да биде вратено во рокот определен од страна на замолената страна.
(2) Предавањето ќе се одбие:
а) ако лицето лишено од слобода не се согласи со тоа,
б) ако предавањето може да доведе до продолжување на неговото лишување од слобода,
в) ако постојат други важни причини против неговото спроведување на територијата на страната молител.
(3) Предавањето може да се одложи ако е потребно присуство на лице лишено од слобода во кривична постапка која се води на територијата на замолената страна.
(4) Ако лицето лишено од слобода поради сведочење, вештачење или соочување треба да се спроведе од страна на трета држава до една од договорните страни, а преку територијата на другата договорна страна, доколку тоа не е во спротивност со одредбите од член 7 и 8 од овој договор, се одобрува транзитот на лице лишено од слобода ако тоа не е државјанин на таа договорна страна.
(5) При предавањето или транзитот на лице лишено од слобода, тоа лице го задржува статусот на притворено лице освен ако замолената страна бара да биде пуштено на слобода. Доколку лицето биде пуштено на слобода се применуваат одредбите од член 12 на овој договор.
Член 12
Присуство на лице на слобода во својство на сведок или вештак пред судот
(1) сведок или вештак, без оглед на државјанството, доколку се одзве на поканата на правосудните органи на страната молител, нема да се гони, притвора или да биде подложен на други ограничувања на слободата во таа држава за сторено кривично дело или казна изречена пред напуштање на територијата на замолената страна.
(2) Лице, без оглед на државјанството, кое е повикано да пристапи пред праводсудните органи на страната молител со цел да одговара кривично, ако истото го прифати повикот, не може да биде кривично гонето, притворено или подложено на други ограничувања на слободата за дела и пресуди што не се наведени во повикот а потекнуваат од време пред лицето да ја напушти територијата на замолената страна.
(3) Заштитата определена со овој член престанува ако лицата наведени во ставот 1 и 2 на овој член остануваат доброволно повеќе од четириесет и пет дена на територијата на страната молител a потребата од нивното присуство пред правосудните органи престанала или ако по напуштање на територијата повторно се вратиле таму.
Член 13
Претрес и пленидба на ствари
Секоја договорна страна може да побара од другата страна да изврши претрес или пленидба на ствари. Замолницата ќе биде извршена доколку се однесува на кривично дело што е казниво според законот на замолената страна и ако прописите тоа го дозволуваат.
Член 14 Постапка по замолница
(1) Замолената страна ќе постапи по налозите во однос на кривичната постапка, кои ќе ги достават правосудните органи на страната молител.
(2) Ако замолницата се однесува на судски списи, доказен материјал или било каков вид на документи, замолената страна ќе обезбеди само заверени преписи или фотокопии, освен ако страната молител изрично не ги бара оригиналите.
(3) Замолената страна може да го одбие доставувањето на предмети, судски списи или оригиналните документи, ако тоа не е дозволено со прописите на замолената страна или тие се потребни во тековни кривични постапки.
(4) Предметите или документите поднесени за извршување на замолницата се враќаат што е можно поскоро, освен ако замолената страна не ги отстапи.
Член 15 Барање за известување
(1) Молбите на судот во граѓански предмети или на управен орган во врска со кривичната постапка мора да се образложат. Истите се извршуваат доколку прописите на замолената страна го дозволуваат тоа.
(2) Секоја договорна страна ќе ја извести другата договорна страна за сите уписи во казнената евиденција која се однесува на нејзините граѓани.
(3) Податоците се разменуваат на секои шест месеци помеѓу Сојузниот секретаријат за правосудство и организација на сојузната управа на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и министерството за правда на Шпанија.
Член 16
Содржина на замолницата за правна помош
(1) Замолницата за правна помош се изготвува во писмена форма а ја потпишува судија или надлежно службено лице и на неа се става официјален печат.
(2) Замолницата за правна помош треба да содржи:
а) назив на органот што ја поднесува замолницата, б) видот на документи или списи,
в) точен опис на бараната правна помош,
г) краток опис и правна оценка на казнено дејство со податоци за време и место на стореното дејство доколку истото не произлегува од приложената документација,
д) ако е можно, идентитетот и државјанството на обвинетото или осуденото лице, ѓ) името и адресата на примателот.
(3) Замолницата за доставување документи содржи адреса на примателот и документот кој се доставува.
(4) Кон замолницата за претрес на лице или простории или за пленидба и предавање на предмети или исправи се приложува соодветна судска одлука.
(5) Замолената страна може да побара дополнителни известувања потребни за носење на одлука според врз основа на овој договор или за извршување на правна помош.
Член 17 Проследување до надлежниот орган
Ако органот до кој е упатена замолницата не е надлежен за негово извршување, тој ќе ја проследи до надлежниот орган.
Член 18 Извршување на замолницата
При извршувањето на замолницата, се применува правото на замолената страна.
Член 19
Известување за времето и местото на извршување
(1) На барање на страната молител, замолената страна, доколку е можно, ќе ја извести за времето и местото на извршување на замолницата.
(2) Заинтересираните правосудни органи и други учесници во постапката можат да присуствуваат при преземање на дејствието за правна помош, ако замолената страна се согласи.
Член 20 Образложение на одбивањето
Секое целосно или делумно одбивање на правна помош се образложува.
Трет дел ПРЕДАВАЊЕ
Член 21 Обврска за предавање
(1) Договорните страни се обврзуваат, во согласност со долунаведените одредби и услови, да вршат меѓусебно предавање на лица кои се гонат заради кривично дело од страна на правосудните органи на страната молител или кои се бараат за извршување на правосилно изречена казна.
(2) Лице кое во времето на извршувањето на кривичното дело сеуште нема навршено 18 години, а при поднесување на барањето за предавање не е на возраст од 21 година, а кое на територијата на замолената страна има вообичаено живеалиште, надлежните правосудни органи ќе испитаат дали предавањето би можело да биде пречка во развојот или ресоцијализацијата и дали од истото треба да се откаже. Во таков случај, надлежните органи на замолената страна може да ги изнесат своите забелешки на страната молител која има изрично право да донесе конечна одлука.
Член 22
Дела за кои се врши предавање
(1) Предавање се врши само за дела за кои согласно правото на страната молител и замолената страна е пропишана казна лишување од слобода од најмалку една година.
(2) Ако предавањето се бара за извршување на казна за дела предвидени со став 1 на овој член, истото се одобрува ако правосилно изречената казна односно нејзиниот остаток е подолг од шест месеци. Предавањето, исто така, се одобрува при извршување на неколку казни чиј збирен период е поголем од шест месеци.
Член 23 Политички кривични дела
(1) Предавањето не се одобрува за кривично дело кое спрема оценката на замолената страна претставува политичко кривично дело или дело поврзано со такво кривично дело.
(2) Како политичко или со него поврзано кривично дело, нема да се смета терористичко кривично дело против животот, вклучувајќи обид и соучество.
(3) Примената на став 2 од овој член не задира во обврските преземени или кои ќе бидат преземени од страна на договорните страни врз основа на друг мултилатерален меѓународен договор.
Член 24
Воени кривични дела
Предавање не се одобрува ако делото за кое се бара предавање се состои само од повреда на воените должности и обврски.
Член 25 Фискални кривични дела
При даночни, царински, девизни и други фискални кривични дела предавање се одобрува согласно условите предвидени со овој договор кога станува збор за поединечни, посебно одредени кривични дела кои ќе бидат утврдени во дополнителен протокол.
Член 26
Непредавање од уставни причини
(1) Замолената страна нема да го одобри предавањето на лице за кое смета дека согласно уставот не смее да го предаде.
(2) Договорните страни одбиваат предавање на свои државјани. Државјанство на бараното лице се оценува при носење на одлуката за предавање.
Член 27 Ne bis in idem
Предавањето не се одобрува ако бараното лице е правосилно осудено за кривично дело или дела за кои се бара предавање.
Член 28
Застареност
Предавањето не се одобрува ако настапило застарување на гонењето односно извршување на казна согласно законот на страната молител или замолената страна во моментот кога замолената страна го примила барањето.
Член 29 Осуда во отсуство
Ако бараното лице е осудено во отсуство, предавањето се одобрува само ако страната молител обезбеди гаранции дека ова лице ќе ги ужива сите можности за одбрана и дека ќе му се овозможи примена на сите правни лекови во согласност со законските прописи на страната молител.
Член 30
Смртна казна
Доколку согласно страната молител за делото за кое се бара предавање е пропишана смртна казна а истата казна за тоа дело не е пропишана во законот на замолената страна, предавањето се одобрува само под услов смртната казна да не биде изречена односно извршена.
Член 31
Место на извршување
Замолената страна може да одбие да го предаде бараното лице заради кривично дело кое согласно законот на замолената страна, било во обид или извршено на нејзина територија или на место изедначено со таа територија.
Член 32
Надлежност на замолената страна за судењето
(1) Предавањето може да се одбие ако против бараното лице се води кривична постапка пред судот на замолената страна за истите дела кои се предмет на барањето за предавање.
(2) Одредбата од став 1 на овој член не се применува ако кривичното дело заради кое се бара предавање е извршено на територијата на страната молител на штета на таа страна или нејзините државјани.
Член 33 Амнестија
Амнестија обезбедена во замолената држава не го спречува предавањето, освен ако делото може да биде предмет на кривично гонење од страна на судот на замолената држава.
Член 34
Вонредни судови
(1) Предадено лице не може да биде изведено пред вонреден суд на територијата на страната молител.
(2) Предавање не се одобрува заради извршување на санкции изречени од вонредниот суд.
Член 35 Барање и прилози
(1) Барањето се доставува во писмена форма по дипломатски пат.
(2) Кон барањето се приложува:
а) оригинал или заверен препис на правосилната одлука или налог за апсење или документ со исто правно дејство кој се изготвува во форма пропишана со закон на страната молител, б) опис на делото за кои се бара предавање, со наведување на што е можно поточни податоци за времето и местото на извршување на делото, неговата правна квалификација и текстот на законските одредби што може да се применат,
в) препис на законските одредби кои се применуваат за кривичното дело или, ако тоа не е возможно, законски прописи кои можат да се применат, како и што е можно поточни податоци за лицето кое се бара и сите други податоци кои се погодни за утврдување на неговиот идентитет и државјанство.
Член 36 Дополнителни известувања
Ако известувањата доставени од страната молител се недоволни за одлука на замолената страна врз основа на овој договор, замолената страна ќе ги побара сите потребни дополнителни известувања а може да утврди и рок за нивно доставување.
Член 37
Привремен притвор во постапката за предавање
(1) Во итни случаи, правосудните органи на страната молител може да побараат привремен притвор на бараното лице. По барањето одлучуваат надлежните органи на замолената страната согласно нејзиното право.
(2) Во барањето за привремен притвор се наведува постоење на еден од исправите наведени во член 35, став 2, под а) и дека постои намера да се поднесе барање за предавање, а се наведуваат и податоци за кривичното дело за кое се бара предавање, времето и местото на стореното кривично дело, предвидената или изречена казна и ако е можно опис на лицето за кое се бара предавање.
(3) Освен преку дипломатски пат, барање за привремен притвор може да се испрати до надлежниот орган на замолената страна преку пошта или преку меѓународната организација за криминалистичка полиција (Интерпол). Страната молител ќе биде известена за мерките преземени по нејзиното барање.
(4) Привремениот притвор може да се укине ако барањето за предавање и прилозите од член 35 став 2 од овој договор не се достават до замолената страна во рок од 30 дена, а во никој случај притворот не може да надмине 45 дена сметајќи од часот на притворање. Привремено пуштање на слобода е можно ако замолената страна ги презела сите мерки што ги смета за неопходни за да се спречи бегството на тоа лице.
(5) Пуштањето на слобода не исклучува повторно притворање ниту предавање ако барањето за предавање биде поднесено подоцна.
Член 38
Притворање без барање на договорната страна
(1) Доколку надлежен орган на едната договорна страна притворил лице заради основано сомневање дека сторило кривично дело што може да послужи како повод за предавање на другата договорна страна, тој орган ќе ја извести договорната страна директно или по дипломатски пат и ќе обезбеди податоци за времето на апсење и местото на притвор.
(2) Договорната страна во чиј интерес е извршено притворањето, без одлагање ќе ја извести другата договорна страна дали ќе поднесе формално барање за предавање или не. Ако во рок во рок од 15 дена не добие одговор или ако одговорот е негативен, притворот се укинува без одлагање. Барањето мора да биде поднесено во рокот определен во член 37, став 4 од овој договор.
Член 39
Повеќе барања за предавање
(1) Ако повеќе држави бараат предавање за исти или различни дела, замолената страна ќе донесе одлука земајќи ги в предвид сите околности, а особено релативната тежина на кривичното дело, место на извршување на делото, време на поднесување на барањето за предавање, државјанство на лицето кое се бара и можноста за одложено предавање на друга држава.
(2) Ако едната договорна страна и некоја трета држава бараат истовремено предавање, и доколку една од нив се стекне со предност, замолената страна со одлуката за барањата за
предавање ќе ѝ соопшти на страната молител ако се согласува со евентуално понатамошно предавање на лице од државата во која е предадено во друга држава која бара предавање.
Член 40
Предавање на лице чие предавање е одобрено
(1) Замолената страна ќе ја извести страната молител како што е предвидено во првиот став на член 35 од овој договор за нејзината одлука за предавање.
(2) Секое целосно или делумно одбивање мора да биде образложено.
(3) Доколку се одобри предавањето, страната молител се известува за местото и времето на предавање и колку бараното лице било задржано во притвор во текот на постапката за предавање.
(4) Освен во случајот предвиден во став 5 од овој член, лицето чие предавање е одобрено може да биде пуштено на слобода ако, по истекот на 15 дена од времето определено за предавање, не биде преземено. Во секој случај, лицето се пушта на слобода по истекот на 30 дена, со тоа што замолената страна може да одбие предавање на лице за исто дело.
(5) Ако предавањето или преземањето на лице чие предавање е одобрено не е можно поради исклучителни околности, заинтересираната страна ќе ја извести другата страна во врска со тоа и во тој случај двете страни ќе се согласат за новото време на предавање а ќе се применат одредбите од став 4 на овој член.
Член 41
Одложување на предавање или условно предавање
(1) Замолената страна, по издавањето на одобрувањето, може предавањето на бараното лице кое во таа држава се гони или е осудено за друго кривично дело, а не за тоа што е предмет на предавање, да го одложи.
(2) Наместо одлагање на предавањето, замолената страна може привремено да го предаде бараното лице на страната молител под услови кои тие заеднички ги утврдиле.
(3) За време на престојот на нејзината територија, страната молител го чува тоа лице во притвор или затвор. Траењето на притворот или затворот се смета од напуштање на територијата на замолената страна до враќањето на таа територија се смета, ако е возможно, во казната која би му ја изрекол судот на замолената страна.
Член 42 Принцип на специјалност
Предаденото лице нема да се гони кривично ниту да се лиши од слобода заради извршување на казна ниту ќе биде подложено на друго ограничување на личната слобода за дело сторено пред предавањето и за кое предавање не е побарано освен во следниве случаи:
а) ако страната што го врши предавањето тоа го одобрува. За таа цел, барањето се доставува со прилозите од член 35 од овој договор и со судски записник за изјавата на лицето за кое е побарано предавање. Одобрението се издава ако кривичното дело за кое е побарано предавање е опфатено со обврската за предавање согласно овој договор,
б) ако предаденото лице, иако имало можност, не ја напуштило територијата на страната на која ѝ било предадено за време од 45 дена по конечното пуштање на слобода или ако по напуштањето на територијата повторно се вратило таму.
Член 43
Промена на правна оценка
Доколку во текот на постапката се промени правната квалификација, предаденото лице нема да биде гонето или осудено, освен во случај кога новата правна квалификација при истата фактичка состојба дозволува предавање.
Член 44
Понатамошно предавање на трета земја
Освен во случајот предвиден во член 42 точка (б) од овој договор, страната молител може само со согласност на замолената страна на која лицето е предадено да го предаде на трета земја која го бара заради кривично дело сторено пред предавањето. Замолената страна може да побара да се достават документите предвидени со член 35 став 2 на овој договор.
Член 45
Известување за исходот од кривичната постапка
На барање на замолената страна, страната молител ќе ја извести за исходот од кривичната постапка против предаденото лице и ќе достави препис од правосилната одлука.
Член 46 Предавање на предмети
(1) На барање на страната молител, замолената страна, до степен до кој тоа ѝ го дозволуваат нејзините законските прописи ќе врши одземање и предавање на предмети:
а) кои можат да послужат како доказен материјал, или
б) кои потекнуваат од кривичното дело, а кои во моментот на притворање се наоѓаат или дополнително ќе бидат откриени кај бараното лице.
(2) Предметите од став 1 на овој член се предаваат ако одобреното предавање на лицето, поради смрт или бегство, не може да се оствари.
(3) Доколку овие предмети се предмет на плендиба или конфискација на територијата на замолената страна, истата може, во врска со кривичната постапка која е во тек, привремено да ги задржи или да ги предаде под услов да бидат вратени.
(4) Ова не задира во правата на замолената страна или на трети лица во однос на тие предмети. Ако постојат такви права, предметите по завршувањето на постапката се враќаат бесплатно во најкраток рок.
Член 47 Транзит
(1) Транзит низ територијата на една од договорните страни ќе се одобри по барање поднесено согласно член 35 став 1 од овој договор, под услов да не се работи за кривично дело за кое замолената страна смета дека е политичко или чисто воено кривично дело имајќи го предвид членот 23 и 24 од овој договор.
(2) Транзит на државјанин на замолената страна во смисла на член 26 став 2 од овој договор може да се одбие.
(3) Освен случаите од став 4 на овој член, треба да се поднесат документите предвидени во член 35, став 2 од овој договор.
(4) Во случај на превоз преку воздушен пат, се применуваат следниве одредби:
(а) Ако не е предвидено меѓуслетување, страната молител ќе ја извести страната преку чија територија треба да се прелета и ќе го потврди постоењето на некои од документите наведени во член 35, став 2, точка а).
Во случај на непредвидено меѓуслетување, тоа известување има дејство на барање за привремен притвор согласно член 37 од овој договор и страната молител поднесува формално барање за транзитна екстрадиција,
б) ако е предвидено меѓуслетување, државата молител поднесува формално барање за транзит.
Член 48 Постапка
Доколку поинаку не е определено со овој договор, на постапката за предавање и постапката за привремен притвор се применува само правото на замолената страна.
Четврти Дел
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 49 Толкување
Тешкотиите кои произлегуваат од примената или толкувањето на овој договор ќе се отстранат по дипломатски пат.
Член 50
Ратификација, влегување во сила и престанок
(1) Овој договор е предмет на ратификација, инструментите за ратификација ќе бидат разменети во Белград.
(2) Овој договор влегува во сила по истекот на 30 дена по размена на инструментите за ратификација и останува во сила по истекот на 6 месеци од денот на кој една од договорните страни го откажала.
(3) Предавање побарано по влегувањето во сила на овој договор ќе се разгледува во согласност со неговите одредби, без оглед на времето кога е сторено кривичното дело.
(4) Предавања кои се бараат пред влегувањето во сила на овој договор ќе бидат разгледани и разрешени во согласност со одредбите кои претходно важеле за секоја договорна страна. Во таа смисла, ополномоштениците го потпишуваат овој договор во два оригинални примерока на српско-хрватски и шпански јазик, при што секој текст е подеднакво валиден.
Склучен во Белград, 8 јули 1980 година.