Contract
Друштво за осигурување
ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје
ПОСЕБНИ УСЛОВИ
ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ГОСТИ ВО ХОТЕЛИ, МОТЕЛИ, КАМПОВИ, БУНГАЛОВИ, КАПАЛИШТА, ЛЕКУВАЛИШТА И СЛИЧНО ОД ПОСЛЕДИЦИ НА
НЕСРЕЌЕН СЛУЧАЈ (НЕЗГОДА)
Јануари 2021 година
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
(1) Општите услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај (незгода) и овие Посебни услови за осигурување на гости во: хотели, мотели, кампови, бунгалови, капалишта, лекувалишта и сл. од последици на несреќен случај (незгода) (во понатамошен текст: Посебни услови), се составен дел на договорот за осигурување на гости во: хоели, мотели, кампови, бунгалови, капалишта, лекувалишта и сл. од последици на несреќен случај (незгода), кој договорувачот на осигурувањето го склучува со осигурувачот.
(2) Договорувач на осигурувањето може да биде секоја организација која се занимава со хотелска или слична дејност, како и секое друго физичко лице кое има дозвола да прима гости на ноќевање и сместување.
(3) Лицата што се осигуруваат по овие Посебни услови, осигурени се без оглед на нивната здравствена состојба, општата работна способност и годините на старост, како и без плаќање на зголемена премија во смисла на член 9, став (3), точка 5 на Општите услови, освен лицата потполно лишени од работна способност кои во секој случај се исклучуваат од осигурувањето.
НАЧИН НА СКЛУЧУВАЊЕ НА ДОГОВОР
Член 2
Договорот за осигурување гости од последици на несреќен случај се склучува според книгата на гости или друга евиденција што е пропишана.
ТРАЕЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 3
Ако не е во полисата поинаку договорено, осигурувањето започнува во однос на секој одделен гостин во моментот кога како гостин е воведен во пропишаната евиденција на гостите и трае до моментот, кога според хотелскиот ред или некој друг ред го загуби својството на хотелски гостин.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 4
(1) Осигурувачот е во обврска, ако несреќниот случај настане во текот на траењето на осигурувањето, додека гостинот престојува во хотелот или се наоѓа надвор од него.
(2) Кон осигурувањето на гости се вклучува осигурувањето од законска одговорност на договорувачот спрема осигурените гости поради телесни повреди, оштетување, односно исчезнување на некој од нивните предмети до износите означени во полисата.
Правата и обврските од ова осигурување се регулирани со Посебните услови за осигурување од одговорност на договорувачот на осигурувањето од последици на несреќен случај (незгода) и од овие Посебни услови.
НАЧИН И РОКОВИ ЗА ПРЕСМЕТКА И ПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈА
Член 5
(1) Пресметка на премијата се врши во рокот означен во полисата за осигурување, според реалниот број на осигурените гости.
(2) Договорувачот е должен да му ги стави на увид сите книги и други евиденции од кои може да се утврди бројната состојба на гостите, како и висината на пресметаната и платена премија.
(3) Договорувачот е должен да ја плати на осигурувачот договорената премија за целото времетраење на осигурувањето во рокот назначен во полисата.
(4) Ако премијата се исплаќа по пошта се смета дека е уплатена во 24,00 часот оној ден на кој е уплатена по пошта. Ако се плаќа со вирман се смета дека е платена во 24,00 часот оној ден на кој е предаден вирманскиот налог на банката.
(5) Обврската на осигурувачот спрема секој осигуреник поединечно постои и во случај кога договорувачот не ја уплатил премијата во рокот означен во полисата, ако осигурениот случај настанал за времетраење на осигурувањето во смисла на претходниот став на овој член и члено 6 и 19 од Општите услови
ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
КОГА ОСИГУРЕНИТЕ ЛИЦА СЕ ПОМЛАДИ ОД 14 ИЛИ ПОСТАРИ ОД 75 ГОДИНИ
Член 6
(1) Ако поради несреќен случај настапи смрт на осигуреникот помлад од 14 години, осигурувачот е во обврска да исплати на име трошоци за погреб, договорена осигурена сума за случај на смрт, но најмногу до износот кој максимално е утврден со Одлука на Одбор на Директори .
(2) Кога лицето што претрпело несреќен случај е постаро од 75 години, осигурувачот е во обврска да исплати само 50% од износот кој инаку би требало да го плати.
ПРИЈАВА НА НЕСРЕЌЕН СЛУЧАЈ
Член 7
(1) Договорувачот е должен веднаш да му го пријави на осигурувачот секој настан кој според овие Посебни услови има влијание врз обврската на осигурувачот (несреќен случај, оштетување или исчезнување на предмети), како и да им го пријави на органите надлежни за кривично гонење, доколку таков настан повлекува чија и да е кривична одговорност. Исклучена е обврската на осигурувачот за оштетување или исчезнување на предмети, ако оштетното побарување е поставено на договорувачот од гостин по губење на својството гостин.
(2) Договорувачот е обврзан на барање на осигурувачот да му ги даде сите потребни известувања со цел за разјаснување и утврдување на постоењето и висината на обврската.
ЗАСТАРУВАЊЕ НА ПОБАРУВАЊАТА
Член 8
(1) Побарувањата на осигуреникот или на корисникот на осигурувањето, односно на трето лице од договорот за осигурување од незгода, застаруваат согласно одредбите од Законот за облигациони односи.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
член 9
[1] За односите од договорот за осигурување се применува правото на Република Северна Македонија.
[2] За односите меѓу осигурувачот, договарачот и осигуреникот кои не се договорени во договорот за осигурување, се применува Законот за облигациони односи.
[3] На осигурувањата склучени по овие Посебни услови се применуваат и Општите услови за осигурување лица од последици на несреќен случај (незгода), доколку не се во спротивност со овие Посебни услови.
[4] Доколку некои од одредбите на Општите услови за осигурување лица од последици на несреќен случај (незгода) се спротивни на одредбите на овие Услови, ќе се применуваат одредбите утврдени во овие Посебни услови.
Постапка по приговори
Во случај осигурувачот и осигуреникот да не се согласат по однос на обемот и висината на штетата, осигуреникот има право на приговор во рок од 8 дена од приемот на писменото известување од
осигурувачот, до Второстепената комисија за решавање на штети по приговор, која е должна во рок од 30 дена да одговори по приговорот.
Постапка по жалба
Договорувачот, односно осигуреникот во однос на работењето на Друштвото има право на жалба до Агенцијата за супервизија на осигурување како орган надлежен орган за супервизија на друштвата за осигуруавње.
Решавање на спорови
Евентуалните спорови кои би произлегле од договорот з а осигурување, договорните страни ќе ги решаваат спогодбено, а доколку до спогодба не дојде надлежен е Основен суд Скопје 2 Скопје.
Овие Услови се донесени врз основа на Овластување на Oдборот на директори на Друштво за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје дадено на својата редовна седница на 10.12.2020 година со Одлука бр.0203-11/08 и ќе се применуваат од 01.01.2021 година.