Contract
АКЦИОНЕРСКО ДРУШТВО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ВИНЕР - ВИЕНА ИНШУРЕНС ГРУП СКОПЈЕ
УСЛОВИ
ЗА КОМБИНИРАНО ОСИГУРУВАЊЕ НА МОТОРНИ ВОЗИЛА – КАСКО
(пречистен текст)
Усвоени и донесени со Одлука на Управниот одбор на ВИНЕР – Виена Иншуренс Груп АД Скопје Арх.бр. 764/0202/1/23 од 24.01.2023
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
Овие Услови, во зависност од содржината на договорот за осигурување, се применуваат при:
1. каско осигурување на моторни возила
2. осигурување од ризик кршење
3. осигурување на дополнителна опрема, багаж, патни колекции на примероци на стока и други предмети во моторни возила.
Одделните изрази употребени во овие Услови ги имаат следните значења:
1) осигурувач - акционерско друштво за осигурување ВИНЕР – Виена Иншуренс Груп Скопје (во понатамошниот текст Осигурувач);
2) договорувач на осигурување - лице кое со осигурувачот склучило договор за осигурување и кое има обврска да ја плати премијата;
3) осигуреник - лице чиј предмет, односно имотен интерес е осигурен и на кое му припаѓаат правата од осигурување;
4) премија - износ што се плаќа по договорот за осигурување;
5) сума на осигурување - износ на кој возилото, предметот, односно имотниот интерес е осигурен, а се користи како основа при пресметка на премијата;
6) осигурен случај - настан кој може да доведе до остварување на оштетно побарување;
7) полиса - исправа за договорот за осигурување.
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Почеток и престанок на обврските на осигурувачот
Член 1
1. Договорот за осигурување е склучен кога двете договорни страни ќе ја потпишат полисата за осигурување.
2. При склучување на договорот за осигурување, возилото кое е предмет на осигурување мора да биде во Р. С. Македонија и задолжително да се направат слики од прием во осигурување освен кога се работи за возило од салон, или возило кое претходно било покриено со полиса за осигурување кај Осигурувачот, но под услов да било со ист квалитет на осигурување.
За возила над 50.000 евра новонабавна вредност искажана во денари по среден курс на НБРСМ на денот на прием во осигурување, задолжителен е и извид на возилото со цел утврдување на состојбата од страна на Секторот за штети. Во сите останати ситуации, издавачот на полисата мора самиот да направи извид.
При прием во осигурување клиентот потпишува дали возилото кое се осигура имало во минатото посериозни оштетувања или тотална штета, заради соодветен третман при решавање на штетата, и отстранување на оштетувањата кои се од претходните настани.
3. Обврските на Осигурувачот од договорот за осигурување започнуваат по истекот на
24 часот на денот што во полисата за осигурување е означен како почеток на траење на осигурувањето, ако до тој ден е платена договорената премија, доколку поинаку не е договорено.
4. Обврските на Осигурувачот престануваат по истекот на 24 часот на денот што во исправата за осигурување е означен како ден на истек на осигурување.
5. Ако исправата за осигурување содржи само почеток на осигурувањето (перманентно осигурување), односно во полисата е наведено дека се работи за повеќегодишно осигурување, договорот за осигурување (полисата) се продолжува од година во година, со плаќање на годишната премија назначена на полиса за секоја година, посебно со точно утврдени рокови, се додека една од договорените страни не го откаже најдоцна три месеци пред истекот на годишниот период за осигурување.
6. Кај физичките лица договорот за осигурување (полисата) се склучува за период на траење од една година, со можност за склучување на повеќегодишен договор.
Влијание на промена на сопственоста на возилото врз договорот за осигурување
Член 2
1. Со промена на сопственоста на осигуреното возило, договорот за осигурување престанува по истекот на 24-тиот час на денот кога новиот сопственик го презел возилото, дури и доколку тоа не и' било соопштено на компанијата од страна на стариот или новиот сопственик.
2. Кај осигурувањето исклучиво од ризикот кршење на стакло на патнички возила како дополнителен ризик во полисите за Автомобилска одговорност, при промена на сопственоста на возилото договорот за осигурување се пренесува на новиот сопственик.
3. Поранешниот сопственик има право на враќање на премијата за неискористеното време, доколку во изминатиот период на траење на осигурувањето не била настаната штета по полисата и тоа само: доколку сопственикот се иселил во странство (и возилото е одјавено), доколку во периодот на траењето на осигурувањето возилото е отуѓено на трето лице или доколку настапила смрт (во кој случај правата ги остваруваат наследниците по закон).
4. Поранешниот сопственик нема право на враќање на премијата ако неискористеното време е помалку од 4 месеци.
5. Поранешниот сопственик, односно Договорувачот, има обврска за доставување на барањето за поврат на премија по полисата, со придружната документација – доказ за извршената промена на сопственост на возилото, најдоцна во рок од 5 дена по извршената промена на сопственоста. Доколку не го стори тоа во овој рок, се смета дека се откажал од правото на поврат на премија за преостанатиот период на осигурување. Доколку се промени сопственоста на возилото во кругот на потесното семејство, договорот за осигурување не преминува на новиот сопственик, односно престанува да важи.
Плаќање на премија
Член З
1. Премијата за осигурување Договорувачот на осигурувањето ја плаќа при склучувањето на договорот, ако поинаку не е договорено. Кај перманентните и повеќегодишни осигурувања премијата за следниот период на осигурување, стасува за наплата на денот што во полисата на осигурување е означен како почеток на осигурувањето, освен ако поинаку не е договорено.
Договорувачот на осигурување премијата ја плаќа на сопствен ризик и сопствен трошок.
2. Ако премијата е платена во пошта или банка како ден на плаќање на премијата се смета денот кога премијата е уредно уплатена во пошта или банка, за што како доказ се смета уредно пополнетиот вирман од страна на поштата, односно банката.
3. Доколку настане осигурен случај – штета, независно што е договорено плаќање на рати, премијата за осигурување стасува за наплата веднаш.
Враќање на премија
Член 4
1. Ако осигуреното возило биде уништено пред почетокот на обврските на Осигурувачот, на Договорувачот на осигурување му се враќа износот на наплатената премија намалена за износот на трошоците за издавање на полисата.
2. Ако осигуреното возило биде уништено по почетокот на обврските на Осигурувачот од ризици опфатени со осигурување, на Осигурувачот му припаѓа целиот износ на премијата пресметан со полисата за осигурување и истата доспева за наплата веднаш во целост;
3. Ако возилото се одјави кај надлежен орган со предавање на регистарските таблици, осигурувањето може да се откаже и премијата се враќа за останатиот дел на времетраењето на осигурувањето, доколку до моментот на прекин на полисата не била настаната штета, под услов да премијата за осигурување е платена во целост и доколку не се изминати
повеќе од 8 месеци од периодот на почетокот на осигурувањето, во спротивно на Осигурувачот му припаѓа целиот износ на премијата.
Премијата се враќа по писмено барање на Договорувачот на осигурувањето со доказ за одјавата на возилото издадена од надлежниот орган.
4. При прекин на полиса, во случаи предвидени со овие Услови, покрај доказот за прекин на полисата, Договорувачот / Осигуреникот, доставува и барање за прекин / изјава за немање штета.
Обврски на Осигуреникот кога ќе настане осигурен случај
Член 5
1. Кога ќе настане осигурен случај врз основа на кој се бара надомест за осигурување, Осигуреникот е должен:
• веднаш да ги преземе сите мерки кои се во негова можност за отстранување и намалување на штетата, оштетениот осигурен предмет да го обезбеди од натамошни оштетувања;
• веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена, по дознавањето на штетата, да му пријави на Осигурувачот дека на осигуреното возило настанала штета со остварување на осигурен случај и писмено да ја потврди пријавата;
• во сите случаи предвидени со прописите, а особено кога штетата е предизвикана од пожар, експлозија, поплава и порој, кражба, противправно одземање, разбојништво и сообраќајна незгода, како и вандализам задолжително сите штетни настани да ги пријави во органите на Министерството за внатрешни работи, а со цел извид на штетниот настан од страна на службени лица од МВР од лице место за време на случување на сообраќајната незгода / штетниот настан, и на Осигурувачот да му достави Записник за увид од лице место, освен кога се работи за мали оштетувања (мали гребатинки на каросеријата или мали оштетувања /бриз/ на браниците од возилото) кога возилото било на паркинг простор.
• Осигуреникот е должен да состави и потпише европски извештај само под услови кои се дефинирани за негова примена согласно ЗБСП.
• веднаш по настанувањето на осигурениот случај, односно кога тоа е можно на Осигурувачот да му даде попис на уништените, односно оштетените ствари со приближно назначување на нивната вредност;
• до увидот на оштетувањата од страна на претставникот на Осигурувачот да не ја промени положбата, односно фактичката состојба на оштетените, односно уништените предмети, освен ако промената е нужна во јавен интерес или поради смалување, односно спречување на зголемување на штетата;
2. Осигуреникот е должен на Осигурувачот да му ги даде сите податоци со кои располага, а кои се неопходни за утврдување на причината, обемот и висината на штетата;
3. Ако Осигуреникот не ја изврши во предвиденото време својата обврска од став 1 точка 1 и 2 од овој член, а за тоа нема оправдување, должен е да ја надомести на Осигурувачот штетата која тој поради тоа ја имал.
4. Ако Осигуреникот во рок од 14 дена, од добивање на допис за комплетирање на документацијата потребна за решавање на оштетно побарување од страна на Осигурувачот, не ја достави бараната документација или во секој случај не ја комплетира потребната документација во рок од 90 дена од барањето за комплетирање, Осигурувачот има право, барањето за оштетно побарување да го одбие како некомплетно и за истото да не следува надомест од причини што Осигуреникот не пројавил интерес за комплетирање на предметот, односно се смета дека се откажува од правото на надомест.
5. Ако се настанати оштетувања од поплава, порој, високи води и земјотрес покрај Министерството за внатрешни работи треба да се извести и пријави случајот во Дирекција за заштита и спасување.
6. Осигуреникот е должен да постапува по насоките на Осигурувачот во делот на процена на штетата, односно да се прави стриктно процената во сервисот кој ќе го посочи Осигурувачот.
7. Обврска на Осигуреникот е и да ги чува двата оригинални клуча од возилото и сообраќајна книшка и во случај на кражба на истото пред исплата на штетата да му ги предаде на Осигурувачот.
Процена на штета и вештачење
Член 6
1. По приемот на пријавата за настанатиот осигурен случај Осигурувачот е должен веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена, да пристапи кон утврдување и процена на штетата. Ако тоа не го направи, Осигуреникот може да пристапи кон проценка и отстранување на штетата, под услов претходно да обезбеди доказ во поглед на настанување на осигурениот случај и обемот на штетата;
2. Процената строго се врши по насоките на Осигурувачот и во овластен сервис кој ќе го одреди Осигурувачот. Доколку Осигуреникот не постапува и не се согласува возилото да го однесе во овластениот сервис на процена, а тоа се побара од страна на Осигурувачот, се смета тогаш дека нема дополнителни оштетувања, односно дека Осигуреникот не сака да се утврди фактичката состојба, а со тоа записникот за процена на Винер - Виена Иншуренс Груп АД Скопје е конечен.
3. Барање за дополнување на комисискиот записник за процена со утврдени оштетени дополнителни делови може да се земат во предвид само ако се во рок од 8 дена од изготвувањето на првичниот записник за процена. Во случај договорените страни да не се согласат при заедничкото утврдување и процена на штетата, секоја од договорните страни може да побара штетата да се утврди и процени од комисија на стручњаци (вештачење) при што секоја од договорените страни писмено го именува својот вештак. За вештаци можат да се именуваат лица кои не се во работен однос со Осигурувачот, односно Осигуреникот / Договорувачот на осигурувањето. Пред почетокот на постапката на вештачење, двата вештака именуваат трет вештак за Претседател. Процената и вештачењето согласно овој став се прави единствено во овластен сервис на Винер – Виена Иншуренс Груп АД Скопје.
4. Предмет на вештачење може да бидат спорните моменти во поглед на настанување на осигурениот случај, причински последична врска, обемот на оштетување и висината на штетата. Кои спорни моменти ќе бидат предмет на вештачењето, за секој случај поодделно, ги одредуваат Осигуреникот и Осигурувачот со писмен договор за вештачење.
5. Секоја договорна страна ги сноси трошоците на својот вештак. Трошоците на Претседателот подеднакво ги сносат двете страни.
6. Наодот на вештаците е конечен и ги обврзува договорните страни, а може да се побива само во случај на пресметковни грешки.
Договорен самопридржај (франшиза)
Член 7
1. Ако со полисата за осигурување е договорено Осигуреникот да сноси еден дел од штетата (договорен самопридржај - франшиза), кога ќе настане осигурен случај, надоместот се утврдува така што на товар на Осигуреникот паѓа делот на штетата во висина на договорениот самопридржај (франшиза), а согласно условите под кои е склучено осигурувањето.
2. За патничките моторни возила кои се осигуруваат од ризикот кражба, противправно одземање на возилото и разбојништво се пресметува франшиза согласно следните параметри:
• со франшиза во висина од 15% од износот на пресметаниот надомест, за возила со вредност од 20.000 евра до 40.000 евра, односно 20% од износот на пресметаниот надомест, за возила со вредност над 40.000 евра, кај кои е вклучен ризикот кражба, противправно одземање на возилото и разбојништво при склучување на осигурување, со
можност за откуп на франшизата со доплаток во висина 70% од основната премија за осигурување во двата случаја;
3. Кај потполното каско осигурување со франшиза само за патничко моторно возило, франшизата не се однесува на кршењето на стакла. Кај страничните и задното стакло франшиза не се пресметува, додека за предното стакло франшиза не се пресметува само при првата штета, а за сите останати штети на предно стакло се пресметува 40% учество во штетата. Кај сите останати возила франшизата се однесува и на кршење стакло.
4. Кај делумно каско осигурување – кршење и оштетување на стакла на патнички возила, осигурувањето се склучува без франшиза за првата штета, а за секоја наредна штета задожителната франшиза е 40% од висина на штета (освен доколку не е поинаку договорено и наведено во полисата), а за товарни возила и автобуси се склучува со задолжителна франшиза од 20% од висина на штета при прва штета, за секоја наредна 40% од висина на штета, освен доколку не е платена соодветна премија за покритие без франшиза, што мора задолжително да биде наведено во полисата за осигурување.
5. Кај ризик земјотрес, задолжителна франшиза - учество на осигуреникот во штетниот настан и тоа 25 % од пресметаниот надомест - штета, доколку поинаку не е договорено и тоа да е назначено во полисата.
6. Во случај на потполно каско осигурување без франшиза, на моторни возила постари од 8 години, во случај на делумни штети се пресметува задолжителна франшиза од 30% во секој штетен настан, освен доколку поинаку не се договори и наведе во самата полиса. Во случај да е избрана опција потполно каско осигурување со франшиза, при надомест на штета се применува поголемиот износ на франшиза.
Правна положба по настанување на осигурен случај
Член 8
1. По настанување на осигурен случај и исплата на надомест од осигурување, ако се однесува за оштетување на возило (делумна штета), возилото останува и понатаму осигурено на неговата стварна вредност во смисла на овие Услови.
2. Во случај на уништување на возилото (тотална штета) осигурувањето престанува.
3. Исклучително ако штетата е утврдена како тотална од економски причини (нерентабилна поправка на возилото) по извршената поправка на возилото, по извршен преглед и фотографирање на возилото од страна на овластен проценител кај Осигурувачот, може со нова полиса да се осигура од каско ризици.
4. Одредбите од став 1, 2 и 3 од овој член се применуваат и на другите осигурени предмети, освен кај оние за кои поинаку е договорено.
Писмена форма
Член 9
1. Договарањата што се однесуваат на содржината на договорот за осигурување согласно овие услови полноважни се само ако се склучени во писмена форма.
2. Сите известувања и изјави што се даваат по одредбите од договорот за осигурување во текот на неговото траење мора да бидат дадени во писмена форма, со исклучок на известувањата на Осигурувачот според член 10 од овие Услови.
Измена на Условите за осигурување и тарифата на премии
Член 10
Ако Осигурувачот за времетраењето на договорот за осигурување, ги измени Условите за осигурување или тарифата на премии, тие се применуваат од следниот период на осигурување (прво наредно скаденцирање).
Територијално важење на осигурувањето
Член 11
(1) Осигурувањето е во важност за време додека возилото се наоѓа на територијата на Р. С. Македонија и останатите европски земји, доколку поинаку не се договори.
(2) Кај осигурувањето на моторцикли осигурувањето од ризикот кражба е во важност доколку е одобрено и за тоа Осигуреникот плати соодветна премија.
(3) Осигурувањето на возила на работни и други организации кои изведуваат или учествуваат во изведување на градежни, монтажни и слични работи надвор од територијата на Р. С. Македонија посебно се договара.
Соосигурени лица
Член 12
1. Освен Осигуреникот, кој не е правно лице, соосигурени се и лицата на кои осигуреникот им го препуштил управувањето на осигуреното возило, а врз основа на писмен документ.
2. Не се смета за соосигурено лице, лицето што без уредно писмено овластување од осигуреникот го користело, односно управувало осигуреното возило.
3. Знаењето и однесувањето на соосигуреното лице се смета како знаење и однесување на Осигуреникот.
4. Правото на Осигурувачот по основ на суброгација (регрес) преминува спрема лицето што го управувало возилото по овластување на Осигуреникот кој е директно или индиректно одговорен за штетниот настан (сообраќајна незгода, вандализам, разбојништво, невнимание, злонамера), а тоа не е Осигуреникот.
Надлежност во случај на спор
Член 13
Во случај на спор меѓу Договорувачот на осигурувањето, односно Осигуреникот и Осигурувачот, надлежен е судот во Скопје.
Обем на осигурување
Член 14 Осигурувањето може да биде склучено како:
1. потполно каско осигурување од ризици опфатени со член 16 од овие услови, а согласно избраниот продукт;
2. потполно каско осигурување за моторцикли од ризици опфатени со член 16, точка
1 до точка 12 и дополнително вклучување на ризикот кражба, противправно одземање и разбојништво ако биде одобрено.
3. потполно каско осигурување - со вклучување во осигурување на ризикот кршење опфатени со член 16, точка 1 до точка 12 и член 29 од овие Услови.
4. делумно каско осигурување - од ризиците опфатени со член 17 од овие услови.
5. дополнителни видови на осигурување - од ризиците на член 16 од овие услови.
6. посебни видови на каско осигурување.
II. ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ
Предмет на каско осигурување на моторни возила
Член 15
1. Предмет на осигурување се сите видови моторни, приклучни и работни возила (во понатамошен текст “возила”), заедно со радиоапарат, алат и прибор стандардно испорачани од производителот.
2. Ако посебно се договори (посебни видови на осигурувања), предмет на осигурување можат да бидат:
• алат, дополнителна опрема, приклучни уреди, прибор и резервни делови кои не се стандардно испорачани од производителот;
• радиоапарат, грамофон, магнетофон, касетофон, телевизор и радиостаница на возилото, кои не се вградени во возилото од страна на производителот;
• рекламни натписи во возило и на возило – рекламно пано.
3. Со осигурување не се опфатени штети:
• кои ќе настанат на делот на возилото за време додека тој просторно е одделен од него.
• на возила кои вршат:
- транспорт на експлозиви како нитро-глицерин и/или било кои слични експлозиви;
- транспорт во големи количини на запалливи течности (употребата на цистерна за превоз на мазут за потребите на Осигуреникот не е исклучено);
- транспортирање на хемикалии или течни гасови, компресирани и/или во гасовита форма.
• На јавни возила за итни случаеви, возила на полиција или армија, и специјални возила за аеродромски услуги, кои се исклучени од осигурување, освен во случај кога истите се посебно одобрени од Реосигурувачот.
Потполно каско осигурување
Член 16
Со потполно каско осигурување се надоместуваат штетите што се предизвикани од ризиците стриктно наведени во полисата за осигурување како договор за осигурување потпишан од двете страни (називите на продуктите во рамки на полисата се од комерцијален аспект), а согласно следните дефиниции:
1. сообраќајна незгода: превртување, судар, удар, лизгање, урнување и сл. |
2. паѓање на некој или удар од некој предмет, освен кај работните машини, доколку за истите не е платена премија за осигурување од кршење. |
3. Пожар Доколку пожарот е намерно подметнат, истиот се надоместува за 50%. |
4. ненадејно надворешно термичко или хемиско дејство |
5. удар на гром |
6. експлозија, освен подметната експлозија, експлозија од нуклеарна енергија, терористички акт или војна. |
7. луња Под луња се смета ветер со брзина од 17,2 м/сек., односно 62 км на час (јачина од 8 степени по Бофоровата скала) или повеќе. |
8. снежна лавина Покритието е и за штети предизвикани од дејство на воздушен притисок од снежни лавини. |
9. паѓање на воздушни летала |
10. злонамерни постапки или обест на трети лица, но не и вандализам |
11. оштетување на тапацирот во осигуреното возило предизвикано при давање помош на лица кои се повредени во сообраќајна несреќа или на некој друг начин; |
12. намерно предизвикување на штета на осигурениот предмет, но само со цел да се спречи поголема штета на тој или друг предмет или на лица; |
13. град |
14. манифестации и демонстрации |
15. кражба, противправно одземање на возило и разбојништво Во случаите од претходната алинеја на оваа точка се смета дека возилото исчезнало ако не се пронајде во рок од 90 дена, сметано од денот на пријавата за исчезнување на надлежниот орган за внатрешни работи. Кај моторцикли штетите настанати од ризикот кражба, противправно одземање на возилото и разбојништво се надоместуваат само ако осигурувањето е склучено со вклучен ризик кражба. Штетите настанати поради кражба на делови од возило, алат, прибор, резервни и други делови се опфатени со осигурување само ако деловите, алатот и приборот, во моментот на извршувањето на кражбата биле прицврстени на возилото или ако се наоѓале во заклучено возило и ако истите не се |
пронајдат во рок од 60 дена од денот кога е сторена штетата. Во врска со ризикот кражба, со осигурување се опфатени и оштетувања предизвикани на возило со насилно отворање заради кражба, како и оштетувања предизвикани на возило со неовластено ставање во погон (оштетување на: врата, брава на врата, волан, електрична инсталација и други склопови во врска со ставањето на возилото во погон). |
16. поплава, порој и високи води Под поплава се смета стихијно, неочекувано поплавување на терен од постојани води (реки, езера, море и др.) поради тоа што водата се излeaла од коритото или пробила одбранбен насип или брана, излeвање на вода поради вонредно висока плима и бранови на море и езера со необична јачина и од надојдување на вода од вештачки езера. Под поплава се смета и неочекувано поплавување на теренот поради нагло формирање на големи количества на водена маса која настанала како последица на атмосферски паѓања, само под услов ако врнежи се со количина поголеми од 100 мм или l/m2 Под порој се смета стихијно неочекувано поплавување на терен со водена маса која се формира на надолнини, поради силни атмосферски појави и се слeва по улици и патишта, само под услов ако врнежи се со количина поголеми од 100 мм или l/m2. Под висока вода се смета: - исклучителна појава на невообичаен пораст на водостојот во неочекувано време, - подземна вода како последица на високи води. Обврската на осигурувачот за штети од високи и подземни води како нивни последици започнува со порастот на високите води над однапред утврдени месечни коти на водостој или протек измерен и според покажувачот на водостојот, на најблиското место на штетата. Со осигурување не се опфатени: - штети од поплави предизвикани со излевање на канализациона мрежа, освен ако до излевање дошло поради поплави или порои; - штети на возила додека се наоѓаат на простор помеѓу поток, односно река и насип, односно во живо или суво корито на река или поток, освен ако не е поинаку договорено. Во случаи од алинејата 2 од овој став осигурувачот не е во обврска да надомести штета која настанала со движење на возилото низ поплавено подрачје, улици, патишта или слично, речно корито или поток и кога на возачот му било познато дека се движи во пресрет на стихијно дејство на вода, кога свесно влегува со возилото низ водната површина која може да нанесе штета на возилото, освен кога се работи за спасување на лица и имоти. |
17. Земјотрес Осигурително покритие од разорно дејство на земјотрес, кој со своето разурнувачко дејство ги оштети или уништи осигурените предмети, при што разорното дејство на земјотрес се смета доколку земјотресот бил со интензитет од 5 (пет) и повеќе степени според Европската Макросеизмичка Скала (ЕМС) за мерење на степенот на интензитетот на земјотресот Не се смета за осигурен случај сите земјотреси кои се со интензитет помали и послаби од 5 (пет) степени според Европската Макросеизмичка Скала (ЕМС) Осигурителното покритие се однесува и на пожар и експлозија настаната како последица на земјотрес. Земјотреси од исти епицентар, кои претходат на главниот удар и во фаза на смирување на тлото после главниот удар, претставува еден штетен настан. Под еден штетен настан се подразбираат сите движења поместувања на тлото кои се манифестираат во рамките на 168 часовен интервал од моментот на првото регистрирање на земјотресот Земјотресот мора да биде сеизмографски регистриран: 1. Степенот на интензитетот на местото на осигурените предмети се цени спрема последиците на рушење (разорување) дефинирани во Европската Макросеизмичка Скала (ЕМС). 2. Доколку степенот на интензитетот не може со сигурност да се оцени, особено околу границите на 5 (пет) степени, тогаш е Осигурувачот во обврска да обезбеди доказ од надлежната институција. Опфатени се директни материјални штети како последица на земјотресот настанати на возила осигурени по каско осигурување со вклучен ризик земјотрес. Не се опфатени индиректни материјални штети како последица на земјотресот и тоа: 1) трошоците направени за расчистување, 2) намалена естетска вредност на осигуреното возило (мала гребнатина). |
Доколку согласно она што е пропишано во Тарифата има исклучување или дополнување на одредени ризици од осигурителното покритие, истото се утврдува во полисата со наведување на ризиците кои се покриени.
Осигурување на возила на поправка во автомеханичарски и ремонтни сервиси
1. Осигурувањето се склучува со максимално покритие по штетен настан од 3.000 Евра.
2. Максимална обврска на Осигурувачот во текот на осигурителен период – агрегатен износ во висина од 20.000 Евра во денарска противвредност според среден курс на НБРСМ.
3. По оваа тарифна група се осигуруваат туѓи возила кои сервисот ги превзел поради поправка, како и за време на пробни возења и за време на стоење, само во кругот на сервисот, под услов истиот да е физички заграден и обезбедуван.
Со ова дополнително осигурување не се покриени штети на деловите на возилата на кои се врши поправка и штети поради нестручно извршена поправка, миење и подмачкување на возилото.
Делумно каско осигурување
Член 17
1. Возилата се осигуруваат со Делумно Каско од следниве ризици:
ДЕЛУМНО КАСКО – СТАКЛА | кршење и оштетување на стакло на патнички, товарни возила и автобуси |
ДЕЛУМНО КАСКО – МИРУВАЊЕ | Делумно каско при мирување на возилото. |
Делумно каско осигурување – ризици | |
–ДЕЛУМНО КАСКО - СТАКЛА: | |
кршење и оштетување на стакла кај патнички, товарни возила и автобуси, освен кровни стакла, стакла на светлата и огледалата Опфатени се и штетите настанати од ризиците предвидени од член 16 од овие Услови, како и кршење на стакло настанато како погонска штета. |
2. Делумно каско - само за време на мирување
Може да се договори со осигурувањето да бидат опфатени ризиците од член 16 (потполно каско осигурување), точка 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 12, 13 и 15 од овие Услови.
Осигурувањето важи само за време додека осигуреното возило се наоѓа на местото кое во полисата е означено со точна (поблиска) адреса како место на осигурување, освен ако се работи за возила наменети за продажба, кои се сместени во автосалони и на отворен простор кој е заграден и постојано чуван, како и возила на правни лица сместени во дворното место на Осигуреникот. Просториите, отворениот простор или дворното место мора да бидат обезбедени со камери.
Со осигурувањето не се опфатени и ризиците сообраќајна незгода и погонска штета, кои би настанале по остварувањето на ризикот кражба, противправно одземање на возилото и разбојништво.
Каско осигурување при Финансиски лизинг и долгорочен закуп (оперативен лизинг)
Член 17 а
1. При осигурување на возила во случај на финансиски лизинг и договорен закуп (оперативен лизинг), сите права од договорот за каско осигурување му припаѓаат на давателот на лизингот односно закуподавачот (сопственикот на возилото), кој во полисата за осигурување претставува – Осигуреник.
Ако корисникот на лизингот како Договорувач на осигурувањето, го откупи возилото пред истекот на договорот за осигурување, правата и обврските кои произлегуваат од договорот за осигурување се префрлаат на корисникот на лизингот од времето на стекнување на сопственост и договорот останува во сила, а врз основа на претходно писмено известување од Лизинг компанијата.
Корисникот на лизинг или давателот на лизинг се должни, без одложување да го известат Осигурувачот за предвремениот откуп на возилото и да достават доказ за сопственост (сообраќајна дозвола).
Во случај на редовен откуп на возилото по истек на договорот за осигурување, сите права кои корисникот на лизинг ги стекнал како Договорувач на осигурувањето, може да ги задржи како Осигуреник, ако одлучи, да го продолжи каско осигурувањето во ВИНЕР.
2. Се смета дека при финансиски лизинг ризикот затајување, под услов да е покриен со осигурување, односно да е платена соодветната премија за него, настанал, ако се исполнети два услови:
• На давателот на лизинг не му е вратено возилото во сопственост со посебна постапка за стекнување на сопственост, согласно законска регулатива за финансиски лизинг;
• Давателот на лизинг во потполност ја почитувал процедурата за оцена на бонитетот на примателот на лизинг при одобрување на лизингот во склад со минималните услови потребни за склучување договор за финансиски лизинг и ги презел сите мерки за соодветни проверки при склучување на договорот за лизинг.
3. Се смета дека при долгорочен закуп (оперативен лизинг) ризикот затајување, под услов да е покриен со осигурување, односно да е платена соодветната премија за него, настанал, ако се исполнети следните услови:
• Закуподавачот – давателот на лизинг го раскинал договорот за долгорочен закуп, побарал од закупецот - примателот на лизинг да му го врати возилото во поседување, но возилото да не му е вратено во поседување во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето до закупецот.
• Закуподавачот – давателот на лизинг поднел кривична пријава на надлежен суд поради кривично дело затајување.
• Давателот на лизинг во потполност ја почитувал процедурата за оцена на бонитетот на примателот на лизинг при одобрување на лизингот во склад со минималните услови потребни за склучување договор за оперативен лизинг и презел сите мерки за соодветни проверки при склучување на договорот за лизинг.
Дополнителни видови на осигурување
Член 18
Ако посебно се договори, со осигурување од ризиците од член 16 (потполно каско осигурување) од овие услови, е опфатено и:
1. алат, дополнителна опрема, приклучни уреди, прибор и резервни делови кои се наведени во член 15 став 2 од овие Услови, како и разни украсни делови и уреди наменети за возилото, кои се дополнително вградени, прицврстени, односно ставени во возилото;
2. радиоапарат кој не е вграден од производителот на возила, грамофон, магнетофон, телевизор и радиостаница, конструктивно предвидени за употреба во возилото и надвор од него, со тоа што ако нема траги на обивање на вратата од возилото со осигурување не е покриен ризикот од член 16 став 1 од овие услови;
3. рекламни натписи во возило и на возило – рекламно пано.
Составни делови на радиоапарат, радиостаница и телевизор се сметаат: антената и звучниците.
Доколку за наведените работи не е платена дополнителна премија истите не се предмет на осигурување и за истите нема да биде исплатена штета во случај на настанување на штетен настан врзан со нив.
Осигурувањата од овој член, се склучуваат на договорена сума на осигурување.
Губење на правата од осигурување
Член 19
Осигурувачот не е во обврска да ги надомести штетите кои не се предизвикани од ризиците од член 16 и 17 од овие Услови, како ни штетите што настанале:
1. поради дефект за време на движење на возилото (таканаречени погонски штети), како на пример поради: грешка во материјалот, истрошеност на материјалот, лошо ракување,
оштетување на федери и амортизери, продупчување, пресекување или прснување на надворешна или внатрешна гума, оштетување на тркало поради возење со празни гуми, недоволно или несоодветно подмачкување, недостаток на вода во ладилникот, оштетувања на ладилник кои не се настанати како последица на сообраќајна незгода, односно не се покриени оштетувања на ладилник кои не настанале како директен удар со друго возила туку од друга причина, оштетување на електрична инсталација, оптоварување преку дозволена носивост, лошо ракување и примена на дополнителна опрема (синџири за снег, багажници и сл.) и други погонски штети.
Осигурувачот, меѓутоа е во обврска да надомести штета од сообраќајна незгода, пожар и експлозија, која настанала непосредно како последица на погонска штета.
Осигурувачот е во обврска да ја надомести штетата предизвикана поради дефект кога возилото е во движење (погонска штета) при остварување на ризиците кражба, противправно одземање на возило со намера да се употреби за возење и разбојништво;
2. поради смрзнување на течноста во ладилникот или блокот на моторот;
3. на моторот или други склопови на возилото, како последица на губење на масло или течност од ладилникот во текот на продолжувањето на возењето после оштетување на возилото;
4. со губење на погонски материјал поради остварен осигурен случај;
5. со губење на масло од моторот, диференцијалот и менувачот и течност за ладење;
6. од товарот што се превезува со возило, освен во случај на сообраќајна незгода;
7. од товар при натовар и истовар, ако не е платена посебна премија, освен при натовар и истовар со дигалка, ако при тоа се откине јажето или дојде до кршење на дигалката, односно уредот за натовар и истовар и ако при паѓање на товарот возилото биде оштетено. Ако при натовар или истовар на возилото со самоистоварувачки сандак (кипер возило), дојде до превртување на целото возило, се надоместува само штетата настаната како последица на превртување;
8. поради тоа што возилото е ставено во погон пред конечната поправка, освен ако се работи за штета настаната по привремената поправка што треба да овозможи движење или влечење на возилото до работилницата која треба да изврши друга привремена или конечна поправка;
9. поради техничка неисправност на возилото, со исклучок ако техничката неисправност настанала ненадејно во текот на возењето и предизвикала остварување на ризик од член 16 на овие Услови, оптоварување преку дозволената носивост, истрошеност на гуми преку пропишана граница, како и во други случаи во кои штетата настанала како исклучива последица на непридржување или повреда на одредбите за заштитни мерки;
10. за време на превезувањето со друго превозно средство;
11. посредно, со остварување на осигурениот случај, како: загуба на заработувачка, денгуба, казна, трошоци за користење на изнајмено возило, плаќање по основ на одговорност, освен за чување на возило на најнужно потребно време на местото на незгодата или на друго најблиско погодно место, ако не се работи за место на престојувалиште, односно седиште на осигуреникот;
12. поради намалување на вредноста на возилото по поправка која е извршена во врска со остварениот осигурен случај;
13. поради остварување на ризикот од член 16 став 1, точка 12, ако извршителот е брачен другар, сродник по крв во прва линија, брат или сестра, усвоител или усвоеник на договорувачот на осигурување, односно осигуреникот, или лице кое со договорувачот на осигурување или осигуреникот живее во заедничко домаќинство, а не се работи за лице за чии постапки осигуреникот одговара по било кој основ;
14. за време додека возилото е мобилизирано или реквирирано од страна на воени или цивилни органи во мирновременски услови од моментот на стигнување на првото одредено место, до моментот на преземање на возилото;
15. поради воени операции или побуни;
16. Осигурувачот не е во обврска да ја надомести штетата во случаи кога Осигуреникот не ја пријави штетата навремено во надлежен орган според законска регулатива според член 5, од овие услови.
Доколку поинаку не се договори, Осигурувачот не е во обврска да надомести:
17. штети причинети при учество на возилото во натпревари заради постигнување најголема или просечна брзина, рели-натпревари или возење за оцена вклучувајќи го и службениот тренинг за тоа;
18. штети на деловите на возилата на кои се врши поправка и штети поради нестручно извршена поправка, миење и подмачкување на возилото;
19. штети што настанале надвор од територијата на Европа, ако поинаку не е договорено;
20. штети како последица на основно и договорено проширување на осигурително покритие и за случаи и ризици за кои, инаку, по Закон не одговара, односно, одговорноста преминува на друг субјект;
21. штети како последица на осигурен случај настанат поради непрописно управување со возило на возач почетник, спротивно на одредбите од ЗБСП.
22. Ако Осигуреникот во рок од 14 дена, од добивање на допис за комплетирање на документацијата потребна за решавање на оштетно побарување од страна на Осигурувачот, не ја достави бараната документација или во секој случај не ја комплетира потребната документација во рок од 90 дена од барањето за комплетитрање, Осигурувачот има право, барањето за оштетно побарување да го одбие како некомплетно и за истото да не следува надомест од причини штп осигуреникот не пројавил интерес за комплетирање на предметот, односно се смета дека се откажува од правото на надомест.
Исклучување на обврските на осигурувачот
Член 20
1. Осигурувачот не е во обврска да надомести штета која е настаната за време додека со возилото управува лице без соодветна дозвола за управување на тој ви д возило, освен за време на обука за стекнување на возачка дозвола што се изведува во согласност со прописите, како и доколку има непочитување на законската регулатива за возач аматер. Ќе се смета дека возачот го управува возилото без возачка дозвола и кога со возилото управува за време додека му е изречена забрана за управување на тој вид на возило од страна на властите.
2. За време додека со возилото управува лице под дејство на алкохол, дрога, несоодветно употребени лекарства или други наркотици, како и доколку во возилото некој од патниците е под дејство на претходно наведените средства. Во смисла на овие услови се смета дека:
• возачот е под дејство на алкохол ако во крвта има повеќе од 10,855 милимола алкохол во 1 литар крв (повеќе од 0,5% алкохол), или без оглед на количеството на алкохол во организмот ако со стручен преглед се утврди дека покажува знаци на алкохолна пореметеност;
• ако алкохолниот тест е позитивен, а не се погрижи со анализа точно да се утврди степенот на неговата алкохолизираност, освен во случај кога земањето на крв е штетно за неговото здравје (на пр. хемофилија);
• ако по сообраќајната незгода избега, не повика полиција навремено или одбие да се подложи на испитување на неговата алкохолизираност, или консумира алкохол и го оневозможи утврдувањето на количината на алкохол во крвта;
• возачот е под дејство на дрога, лекарства кои не се препишани од надлежно медицинско лице или други наркотици ако со стручен преглед се утврди дека покажува знаци на пореметување поради употреба на дрога или други наркотици, како и ако по сообраќајната незгода избега или одбие да се подложи на испитување неговата дрогираност.
3. За време додека со возилото управува лице – професионален возач под дејство на алкохол, а во смисла на овие услови се смета дека професионален возач е под дејство на алкохол ако во крвта има над 0,0% алкохол.
4. Осигуреникот исто така ги губи правата од осигурување ако штетата е причинета намерно, или со измама од страна на договорувачот на осигурување, и другите соосигурени лица од член 12 од овие Услови, а не се работи за лице за чии постапки Осигуреникот одговара по било кој основ.
5. Во сите случаеви, кога Осигурувачот цени дека е потребно, може да побара одредување на присуство на алкохол во крвта преку ВИДМАРКОВИОТ Фактор на елиминација (0,138 %0 на час) за лицето кое управувало со возилото, но и на останатите лица.
6. Осигуреникот се движел низ стихијно подрачје, подрачје на улици, патишта поплавени со вода како резултат на поројни дождови каде штетата настанала со движење на возилото низ поплавено подрачје од дејството на водата.
7. Осигурувачот не е во обврска да ја надомести штетата ако осигурениот случај е настанат под земја, односно во рударски јами и окна и др. видови на подземно работење.
8. Осигурувачот не е во обврска да ја надомести штетата ако осигурениот случај е настанат за време на брзински испитувања, рели и тркања.
9. Осигурувачот не е во обврска да ја надомести штетата настаната како резултат на кражба, доколку Осигуреникот не ги достави двата оригинални клуча од возилото во случај истото да е украдено и на било каков начин се докаже дека возилото било отклучено или еден од клучевите се наоѓал во возилото за време на кражбата.
10. Осигурувачот не е во обврска за исплата на штета која настанала од неименувани ризици.
Пресметување на премија
Член 21
1. За утврдување на премијата меродавна е новонабавната цена на ново возило, изразена во денари во моментот на склучување на договорот за осигурување. Новонабавна цена на ново возило е цената на производителот зголемена за давачките (транспортни трошоци, данок, царина и сл.).
За осигурениците што се ослободени од плаќање на ДДВ исто така важи ст.1 од овој член.
2. Ако се работи за возило што го нема во продажба, ниту во каталог за ориентациони цени на моторни возила неговата набавна цена се утврдува според набавната цена на слично, односно сродно возило.
3. Возила со музејска вредност, трофејни возила, возила составени од делови на две или повеќе возила и сл. се осигуруваат на сума на осигурување со посебна спогодба.
Останати одредби за бонус и малус
Член 22
1. Не се смета за пријавена штета ако осигуреникот сам ја надомести истата, или ако е предизвикана од неовластено лице кое управувало со возило, а не е член на потесното семејство на Осигуреникот. Во тој случај на осигуреникот задолжително му се одобрува бонус.
2. На Осигуреник што склучува годишно потполно каско осигурување му се одобрува бонус од 10%, ако за тоа возило има кај истиот Осигурувач осигурување од автомобилска одговорност (АО) .
3. Ако Осигуреникот по уништување (доколку уништувањето настанало по вина на некој трет, а по полисата за каско не е пријавена штета), продажба, место порано осигуреното возило осигура друго возило, оствареното право на бонус преминува на новото возило, ако новото возило е од иста тарифна група. Ако возилото е уништено, продадено и сл. пред истекот на годината на осигурување, тогаш за следната година на осигурување се пресметува ист процент на бонус кој се применувал при пресметувањето на премијата за
осигурување за отуѓеното, односно уништеното возило, ако заменувањето на возилото е извршено во рок од една година.
4. Во случај на продажба на возилото правото на бонус не се пренесува на новиот сопственик.
5. Ако Осигуреникот го смени Осигурувачот, му се признава право на бонус ако донесе писмена потврда од претходниот Осигурувач за претходното траење на осигурување и бројот на едноподруго години без пријавена штета. Во случај да Осигуреникот не може да обезбеди писмена потврда, правото на бонус, може да го добие со потпишување на Изјава за немање на штети во претходен период и приложување на полисата од претходната компанија.
6. Под потполно каско осигурување се подразбираат и случаите кога со ова осигурување се склучи и осигурување на алат, дополнителна опрема, приклучни уреди, прибор и резервни делови, кои не се сметаат за составни делови на возилото како и осигурување од кршење.
Утврдување (процена) на висина и надомест на штета
Член 23
Висината на штетата се утврдува:
1. Кај уништување и исчезнување на возило (тотална штета) според новонабавната вредност како сума на осигурување на која е осигурено возилото намалена за износот на севкупната амортизација на возилото по сите основи и пазарната вредност на остатоците на возилото, како и износот на франшизата.
Амортизацијата и пазарната вредност на остатоците на возилото се утврдуваат спрема актите на Осигурувачот.
Ако новонабавената вредност на возилото со сите дополнителни трошоци (транспортни трошоци, царина, данок и сл.) е помала од новонабавната вредност која е земена како сума на која е осигурено возилото (сума на осигурување), висината на штетата се утврдува кога од реалната, фактичката новонабавената вредност (сума на осигурување) се одбие износот на амортизацијата на возилото и износот на остатоците на возилото според актите на Осигурувачот и износот на франшизата.
Новонабавната вредност кај возила кои имале претходно настаната тотална штета, па се поправени се намалува при повторно тотална штета за 50% при пресметката на штетата.
2. При делумна штета, висината на штетата може спогодбено да се утврди со пресметка за трошоци на поправката.
Од износот на трошоците за набавка на нови делови заради замена на оштетените и износот на трошоците за лакирање не се одбива соодветен износ поради истрошеност (амортизација), освен за делови на возила постари од 8 години, како и кога наместо уништените, односно оштетените, се набавуваат нови гуми, акумулатори, церада, катализатори и други делови кои се трошат и абат, и тоа во процент во кој овие делови се амортизирани и кога се заменуваат делови кои во време на незгодата биле со претходни оштетувања се одбива соодветна амортизација или се врши замена со половен дел.
Осигурувачот има обврска оштетениот дел да го замени со дел од ист квалитет како и пред оштетувањето.
Осигурувачот нема обрска за надомест на делови кои претходно биле оштетени, а се нестручно поправени или воопшто не се заменети.
Доколку за поправка на возилото нема делови во Р. С. Македонија, Осигурувачот е во обврска да ја надомести цената од ценовникот на производителот на возилото без износот на соодветни давачки (царина, данок и сл.).
Не се надоместуваат поголеми трошоци за поправка кои настанале поради тоа што при поправката се направени измени, подобрувања или усовршувања.
Осигурувачот не е во обврска да ја надомести вредноста на целото возило или склопот ако оштетениот или уништениот склоп, односно дел не може да се набави за време на
извршувањето на поправката, а се работи за склоп, односно дел кој каталошки е предвиден за замена.
3. Ако вредноста на возилото намалена за износот на амортизацијата и износот на вредноста на остатоците на денот на утврдување на висината на штетата е помала од трошоците за поправка, ќе се постапи како возилото да е уништено и штетата ќе се пресмета како тотална (став 1 точка 1 од овој член).
4. Спасените делови на уништеното, односно оштетеното возило (остатоците од возилото) остануваат на Oсигуреникот и нивната вредност се утврдува по пазарна вредност според состојбата во која се наоѓаат во моментот на утврдувањето на висината на штетата и таа вредност се одбива од висината на штетата, доколку странките меѓусебно поинаку не се договорат.
5. Ако во случај на остварување на ризиците од член 16 став 1 точка 15 од овие Услови возилото се пронајде пред истекот на рокот од 90 дена, сметајќи од денот на пријавувањето на исчезнувањето на возилото на надлежниот орган, Oсигуреникот е должен да го преземе возилото.
Ако возилото не се пронајде до истекот на рокот од претходната алинеја на овој став Oсигуреникот има право да бара од Oсигурувачот штетата да му ја надомести како да се работи за потполно уништување на возилото пресметана како во став 1 од овој член, но без спасени делови.
Во случај на остварување на ризиците од член 16 став 1 точка 15 од овие Услови, ако возилото се пронајде по истекот на рокот од 90 дена од денот на пријавата за исчезнувањето кај надлежниот орган, Oсигуреникот има право да го преземе, односно задржи возилото, но под услов да го врати евентуално исплатениот надомест.
6. Во случај на каско осигурување, со или без франшиза, на мотори возила постари од 8 години, во случај на делумни штети осигурувањето се склучува со задолжителна франшиза од 30% во секој штетен настан.
7. Износот на оштета кај Осигурениците кои се обврзници за плаќање на данок, се намалува за пресметаниот ДДВ, а износот на оштета кај Осигурениците кои не се даночни обврзници, се исплаќа со пресметан ДДВ.
8. Кај осигурувањето на алат, дополнителна опрема, приклучни уреди, прибор и резервни делови кои не се стандардно испорачани од производителот на возилото, како и радиоапарат, грамофон, магнетофон, касетофон, телевизор и радиостаница, клима уреди и плински уред за движење на возилото и рекламни натписи, штетата ќе се надомести во висина на настанатата штета, а најмногу до висина на сумата на осигурување.
9. Ако сумата на осигурувањето е помала од новонабавната вредност (подосигурување), штетата и во случај на делумна ќе се надомести сразмерно помеѓу сумата на осигурувањето и новонабавната вредност, односно се применува правилото на пропорција притоа штета се намалува за кофициентот добиен со количникот помеѓу сумата на осигурување и новонабавната вредност (делумна штета * коефициент = надомест на штета).
10. Доколку во текот на траењето на осигурувањето, клиентот има поголема фрекфенција на штети, од втората штета каде износот на надомест на штета се намалува за 10%, на секоја наредна штета износот на надомест за штета се намалува за по дополнителни 10%.
Надомест на трошоци во врска со настанат осигурен случај
Член 24
1. Осигурувачот е во обврска да ги надомести:
трошоците за влечење или превоз на остатоците од уништеното возило, ако тоа е направено само по писмено барање на Oсигурувачот, до овластен сервис со кој Oсигурувачот има склучено договор.
Исклучени се од покритие и Осигурувачот нема обврска да ги надомести:
• трошоците за влечење или превоз на оштетеното возило до најблиска сервисна работилница која може да изврши нужна или целосна поправка, освен доколку не е поинаку договорено и наведено во самата полиса со соодветна премија за истото;
• трошоците за отстранување на причината на штетата;
• трошоците за вадење на возилото што се слизнало од патот, а на кое не е остварен осигурен случај (уништување или оштетување);
• трошоците за интервенција на противпожарно друштво или други организации, чија должност е бесплатно да укажуваат помош, кога ќе настапи осигурен случај.
III. ОСИГУРУВАЊЕ ОД РИЗИКОТ КРШЕЊЕ
Предмет на осигурување
Член 25
1. Со осигурување од ризикот кршење може да бидат опфатени:
• работен уред на товарни возила, автобуси, приколки, контејнери и работни возила;
• работни возила во целина.
Моторот е составен дел на работниот уред само ако исклучиво служи за движење на работниот уред, а не и за движење - влечење на возилото во насоки. Ако истиот мотор истовремено служи за движење на возилото и за движење на работниот уред на возилото, не се смета за составен дел на работниот уред на возилото.
Шасијата, односно основата на кое се наоѓа работниот уред, како и возачката кабина, каросеријата, трансмисијата и останатите делови на возилото што овозможуваат движење (влечење) на возилото во насока, во секој случај не се сметаат за работен уред, односно за дел од работен уред.
Со потполно каско осигурување опфатени се и штетите на електрични и дизел - електрични локомотиви што се причинети од непосредно дејство на електрична енергија.
Предмети кои се исклучени од осигурување
Член 26
Со осигурување не се опфатени, ниту тогаш кога нивната вредност е содржана во вредноста на осигуреното возило:
• приклучни уреди на трактори и земјоделски машини;
• работни елементи на земјоделски машини, како: ралници, дискови, клинови, дрљачи (брани), ножеви, коси и запци со сечива, прсти, мотики, ножеви со носачи и сл.
• делови на машини што се изложени на директно термичко влијание, како: облоги на садови и уреди за осигурување, решетки на лежиште, пламеници на согорувачи, електроотпорни грејачи и сл., освен мотори со внатрешно согорување;
• делови на машини изложени на абење и замена, сита, релјефни и други заменливи облоги на валјаци, облоги на гребени, чешли, флексибилни цевки, ремени, четки и обрачи, оплати (од гума, текстил или синтетички материјали), влошки за филтер, филтер платна, средства за термичка изолација и затворање, делови на спојки изложени на брзо трошење (гумени прстени, гумени уметоци, ламели и сл.), преносни кабли, со исклучок на оние кои автоматски се намотуваат на калеми, лизгачки и движечки лежаи со внатрешен пречник до 100 мм;
• материјал за експлоатација, како: гориво, мазиво, средства за разладување, хемикалии, средства за чистење и сл.;
• транспортни ленти, ланци и јажиња;
• пневматици (гуми) за возила;
• гасеници на возила гасеничари, доколку поинаку не се договори;
• алат што може да се менува како: сврдел, алат и делови на машини кои непосредно служат за кршење и ситнење, калапи, матрици, ножеви, примероци и облоги на валјаци, пили, сита, брусен камен, жигови (печати);
• масло за подмачкување;
• катализатори;
• средства за затнување и изолација и средства за ладење во уредите за ладење.
Важност на осигурувањето
Член 27
Предметите на осигурување од член 25 став 1 од овие Услови осигурени се само за време:
• додека се монтирани и подготвени за работа;
• кога се наоѓаат во работа;
• кога се демонтираат и монтираат поради преместување и ремонтирање;
• кога се превезуваат во внатрешен превоз поради чистење, поправка и преместување во кругот на микролокација на погон, а најмногу до 15 км надвор од кругот на микролокацијата.
Начин на склучување на договор за осигурување
Член 28
1. Договор за осигурување од опасности (кршење на работен уред и кршење во целина) предвидени со член 29 од овие услови, може да се склучи само ако е склучен договор за потполно каско осигурување.
2. Договорот за осигурување од став 1 од овој член се склучува со или без франшиза, зависно од начинот на склучувањето на договорот за потполно каско осигурување.
Осигурени опасности (ризици)
Член 29
1. Осигурувачот е во обврска да исплати надомест на штета причинета со уништување или оштетување на осигурениот предмет поради незгода во погон, под која се подразбира настан што настанал непредвидено и ненадејно во врска со употребата на осигурениот предмет, и тоа поради:
• непосредно дејство на електрична енергија, краток спој, атмосферски и друг пренапон, електричен лак и слично;
• прскање или распаднување поради дејство на центрифугална сила;
• мраз, освен замрзнување на водата во склоповите на моторите, притисок на мраз или снег, или непосредно движење на мраз;
• заглавување во време на бушење во бушотини.
2. Осигурувачот е во обврска да исплати надомест од став 1 од овој член за полнење со масло на осигурената машина, само кога штетата е последица на оштетување или уништување на машината од опасности опфатени со овие услови.
3. Кај електричните и дизел електричните локомотиви со потполното каско осигурување се опфатени и штетите од дејство на електрична енергија, а додека ризиците од став 1 од овој член не се вклучени во осигурување.
Опасности (ризици) кои не се опфатени со осигурување
Член 30
1. Осигурувачот не е во обврска да плати надомест за штети што се предизвикани од опасности (ризици) што не се наведени во член 29 од овие услови, како на пример:
• недостатоци и грешки кои постоеле во моментот на склучување на договорот за осигурување, а овие недостатоци или грешки биле или морале да му бидат познати на осигуреникот или лицето одговорно за погонот;
• непосредни последици од трајни хемиски, термички, атмосферски, механички и други влијанија и услови на сместување и работа како: оксидирање, стареење, корозија, зрачење, прекумерно вибрирање и слично;
• последици од сите видови на трошење, абење, абразија, ерозија, кавитација и друго;
• прекумерни наслаги на: р’ѓа, воден камен, талог, тиња и сл. дури и тогаш кога поради тоа настанало уништување или оштетување на осигурениот предмет;
• пренапнатост или преоптовареност на возилото преку границите на неговите проектни параметри;
• недоволно и несоодветно одржување;
• ставање во погон пред конечна поправка;
• при монтирање и пробно испитување на нови предмети и
• повреда на законски и технички прописи и упатства за техничка експлоатација на осигурените возила, како и поради непреземање на заштитни мерки.
2. Осигурувачот, исто така не е во обврска да надомести штети:
• посредна, во врска со настанатиот осигурен случај, како: изгубена заработувачка, денгуба, казна итн.;
• настанати на ремени, движечки ленти, пневматици (гуми) на возила и сл.;
• настанати на гасеници на возила гасеничари, доколку поинаку не е договорено;
• за кои по законските прописи или по договор, одговара производителот или испорачателот на предметот;
• настанати во врска со трошоците за поправка, ако штетата и поправката се утврди при редовен периодичен преглед со цел за одржување.
IV. ОСИГУРУВАЊЕ НА БАГАЖ, ПАТНИ КОЛЕКЦИИ НА ПРИМЕРОЦИ НА СТОКА И ДРУГИ ПРЕДМЕТИ ВО МОТОРНИ ВОЗИЛА
Предмет на осигурување и осигурени ствари
Член 31
1. Предмет на осигурување, во смисла на овие Услови, во зависност од содржината на договорот за осигурување може да биде:
• багаж во автобус, патнички автомобили, товарни и специјални возила;
• патни колекции на примероци на стока во патнички автомобили и комби возила;
• алат и прибор кој служи за вршење на професионална дејност, а кој се превезува во патнички автомобили и комби возила и
• подвижна техника која се наоѓа во патнички и комби возила (инструменти, апарати, камери и слично).
2. Предметите се осигурени кога се во возилото, само доколку не се изложени на видно место, или прицврстени на него.
3. Осигурувањето на багаж во автобуси, патнички автомобили, товарни и специјални возила, се однесува на предмети за лична потреба кои Oсигуреникот, возачот или патниците ги носат со себе во возилото или на возилото, вклучувајќи ја и облеката на себе, а која на овие лица им служи за време додека се на пат. Багаж, во смисла на претходната алинеја, покрај вообичаените предмети за лични потреби, зависно од времето, целта и траењето на патувањето се сметаат уште и: опрема за викенд и кампување, аматерски фотоапарат и кинокамера со прибор, батериски радиоприемник, грамофон со плочи и касетофон, двоглед, ловечка пушка, лично оружје и спортски реквизити.
Не се смета за багаж:
• материјал и предмети што служат за вршење на професионална дејност.
4. Кај осигурувањето на патни колекции на примероци на стока во полисата се наведува каква колекција се осигурува (колекција на сувенири, манифактурна колекција, електротехничка и друга стока, колекции на книги итн). Кај осигурување на алат и прибор кој служи за извршување на професионална дејност во полисата се наведува каков алат и прибор се осигурува, од што се состои и за која професионална дејност служи.
Кај осигурување на подвижна техника во полисата се назначува која подвижна техника се осигурува и од што се состои.
Осигурени опасности (ризици)
Член 32
1. Осигурувачот е во обврска да исплати надомест на штета предизвикана со уништување, оштетување или исчезнување на предмети од член 31 став 1 од овие услови, со остварување на опасности предвидени во член 16 од овие Услови, точка 1 до точка 15.
2. При настанувањето на ризикот кражба, Oсигурувачот е должен да ја надомести штетата доколку дошло до кражба на возило или предметите се украдени од заклучено возило, односно од возило што се наоѓало во заклучена гаража, или се украдени предмети што биле прицврстени на возило.
Место на осигурување
Член 33
1. Предметите од член 31 став 1 од овие Услови се осигурени од почетокот на тргнувањето на пат, па се до враќање од пат.
2. Осигурувањето е во важност за време додека возилото се наоѓа на пат на територијата на Р.С. Македонија и останатите европски земји, ако поинаку не се договори.
Сума на осигурување и надомест
Член 34
1. Сумата на осигурување се утврдува, спрема вредноста на предметите што можат да се најдат во возилото. Осигурувањето на дополнителна опрема, багаж и слично се склучува со 20% франшиза.
2. Кај тотална штета на Oсигуреникот му се надоместува вредност на осигурениот предмет, но најмногу до висина на сумата на осигурување.
3. Кај делумна штета, оштетата се исплатува во целост, но најмногу до висина на сумата на осигурување.
4. Кај осигурување на багаж во автобуси, пресметувањето на надоместокот ќе се изврши во сразмер помеѓу бројот на регистрираните места и бројот на патниците што биле во автобусот, доколку се утврди дека во автобусот се наоѓале поголем број на патници отколку што изнесува бројот на регистрираните места за кои е платена премија.
Обработка и чување на лични податоци
член 35
1. Договорувачот на осигурувањето и Осигуреникот (клиент) дава согласност осигурувачот да собира, чува, обработува и ги користи личните податоци кои се неопходни за склучување и реализација на договорот за осигурување (полиса), односно оценување на осигурително покритие и степен на оштета, во земјата и доколку е потребно и во странство, во согласност со член 109 од Законот за супервизија на осигурување и законските одредби за заштита на личните податоци, правата на потрошувачите и внатрешните акти на Осигурувачот.
2. Оваа согласност се однесува и на овластените лица односно овластени лица за застапување и посредување, како и договорни обработувачи на лични податоци на осигурувачот кои може да ги обработуваат личните податоци на осигуреникот, да ги доставуваат податоците до осигурувачот, како и да вршат проверка на точноста и промените на личните податоци кај надлежни државни органи и установи и други правни и физички лица, кои располагаат со тие податоци.
3. Личните податоци кои се обработуваат врз законска основа, клиентот има обврска сам да ги обезбеди и да ги достави до Осигурувачот. Доставувањето на лични податоци со цел склучување (исполнување) на договор е доброволно, но треба да се има предвид дека ако личните податоци кои се неопходни за давање на услугата не бидат доставени од клиентот, тие услуги не ќе може да бидат обезбедени од страна на Осигурувачот.
4. Клиентот дава согласност на осигурувачот да ги користи личните податоци (име и презиме, адреса за комуникација, електронска адреса и/или телефонски број, но не и податоците за здравствената состојба) за цели на вршење директен маркетинг за себе и поврзани друштва во земјата и во странство, но само врз основа на претходно дадена изречна изјава на согласност
за оваа цел, а во согласност со прописите со кои се уредува заштитата на личните податоци Во
изјавата за согласност, задолжително треба да биде наведено дека клиентот може во секое време бесплатно и на едноставен начин, трајно или привремено да ја повлече согласноста за вршење на директен маркетинг, и тоа со писмено барање доставено или испратено на адресата на осигурувачот.
5. Осигурувачот врши обработка (собирање, евидентирање, организирање, чување итн.) на личните податоци на клиентот, неговиот законски застапник или полномошник во согласност со прописите за заштита на личните податоци и другите соодветни позитивни законски прописи, применувајќи соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на безбедност при обработка на личните податоци кои се подетално пропишани со интерните акти за обезбедување на безбедност при обработката на личните податоци. Собраните лични податоци се дел од збирките на лични податоци на осигурувачот кој во својство на контролор на личните податоци, ги користи совесно, законито и согласно целта за кои се собрани.
6. Здравствените податоци односно личните податоци кои се однесуваат на здравјето на клиентот се посебна категорија на лични податоци во согласност со Законот за заштита на личните податоци (чувствителни лични податоци), поради што уживаат посебна заштита, односно подлежат на построг режим на заштита.
7. Осигурувачот воспоставува заштитни мерки за обработка и чување на здравствените податоци.
8. Клиентот има право да бара од осигурувачот да ги дополни, исправи или избрише неговите лични податоци, ако истите се нецелосни, неточни или неажурирани и доколку се исполнети целите за нивна обработка или ако биле незаконски обработувани. За да го оствари ова право, клиентот доставува или испраќа писмено барање на адресата на осигурувачот.
9. Осигурувачот ги чува личните податоци во временски период до исполнување на целта заради која истите се обработуваат, што е во согласност со прописите за заштитата на личните податоци и интерните акти за обезбедување на безбедност при обработката на личните податоци каде што овие рокови се подетално утврдени.
10. Дополнителни информации во однос на заштита на личните податоци: xxxx://xxx.xxxxxx.xx/xxxxxxx-xx-xxxxx-xxxxxxxx/.
V. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 36
Со влегувањето во сила на овие Услови престанува важењето на сите претходно донесени услови за комбинирано осигурување на моторни возила.
Покрај овие услови за комбинирано осигурување на моторни возила, со посебно одобрување за секое осигурување со осигурително покритие поинакво од препораките и параметрите на важечкото реосигурителното покритие, во важност се одредбите дадени од факултативното реосигурување кои задолжително треба да се наведени во полисата за осигурување.
Постапка по приговори
Доколку Оштетениот не се согласил по однос на обемот или висината на оштетното побарување, има право на приговор во рок од 30 дена од приемот на писменото известување од Осигурувачот до Второстепената комисија за решавање на штети по приговор, која е должна во рок од 30 дена да одговори и одлучи по приговорот.
Постапка по жалба
Договорувачот, односно Oсигуреникот во однос на работењето на Друштвото има право на жалба до Агенцијата за супервизија на осигурување како орган надлежен орган за супервизија на друштвата за осигурување.
Решавање на спорови
Евентуалните спорови кои би произлегле од договорот за осигурување, договорните страни ќе ги решаваат спогодбено, а доколку до спогодба не дојде надлежен е Основен Граѓански суд Скопје.