Contract
АКЦИОНЕРСКО ДРУШТВО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ВИНЕР - ВИЕНА ИНШУРЕНС ГРУП СКОПЈЕ
УСЛОВИ
ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА МОТОРНИ И ПРИКЛУЧНИ ВОЗИЛА
ОД АВТОМОБИЛСКА ОДГОВОРНОСТ
(пречистен текст)
Усвоени и донесени со Одлука на Управниот одбор на Акционерското друштво за осигурување ВИНЕР - Виена Иншуренс Груп Скопје
Aрх. бр. 3972/0202/1/22 од 28.03.2022 год.
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
Одделните изрази употребени во овие Услови ги имаат следните значења:
1) ОСИГУРУВАЧ: АКЦИОНЕРСКО ДРУШТВО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ВИНЕР - Виена Иншуренс Груп Скопје;
2) ДОГОВОРУВАЧ НА ОСИГУРУВАЊЕ: лице кое со осигурувачот склучило договор за осигурување;
3) ОСИГУРЕНИК: лице чијaшто законска одговорност при употреба на моторно возило е покриена со договор за осигурување;
4) ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ: настан што може да доведе до остварување на оштетно побарување од страна на оштетениот;
5) КОРИСНИК: сопственик на моторно и/или приклучно возило (во понатамошниот текст: возило) и секое лице што има право на располагање, односно на кого возилото му е дадено на користење;
6) СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ: износ на кој е осигуренa законската одговорност на осигуреникот;
7) ПРЕМИЈА: износ кој договорувачот на осигурување го плаќа по договорот за осигурување;
8) ПОЛИСА: исправа за договор за осигурување.
ОБЕМ НА ПОКРИТИЕ
Член 1
(1) Осигурувачот е во обврска, врз основа на прописите за одговорност за надомест на штета, да надомести штета ако со употреба на возилото се причини штета на трето лице, поради:
1) Смрт, телесна повреда, нарушување на здравјето, или
2) Уништување или оштетување на предмети, освен од одговорност за штети за предмети што ги примил на превоз.
(2) Покрај одговорноста на корисникот на возилото, осигурена е и одговорноста на сите лица кои постапуваат по волјата на корисникот при употреба на возилото (возач, кондуктер и сл.), како и на лицата што се превезуваат во возилото по волја на неговиот корисник.
(3) Со осигурувањето од одговорност, опфатена е и одговорноста за штета што ќе ја причини приклучно или неисправно возило додека е споено со возилото кое го влече и откако се одвои од тоа возило и дејствува во функционална зависност со него.
(4) Договорената осигурена сума претставува горна граница на обврските на осигурувачот за сите давања по еден штетен настан, доколку поинаку не се договори, без оглед на бројот на оштетените. Повеќе временски поврзани штети, ако настанале поради иста причина, претставуваат еден осигурен случај.
(5) Обврска на осигурувачот која произлегува од осигурувањето на автомобилска одговорност не може да биде поголема од минималните суми на осигурување, пропишани во Законот за задолжително осигурување во сообраќајот освен ако со договорот за осигурување не е предвиден повисок износ.
(6) Со осигурувањето од автомобилска одговорност се опфатени штетите предизвикани со употреба на возилото од неовластено лице, согласно одредбите на членот 16 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот.
(7) Ако посебно се договори, со осигурувањето од автомобилска одговорност, може да се опфати осигурување од кршење и оштетување на стаклата на возилото (освен фарови, ретровизори, задни стоп
светла, покажувачи на правец, кровни стакла), согласно тековните Услови за комбинирано осигурување на моторни возила – каско, кои се важечки во моментот на издавање на полисата.
При договорено осигурување на кршење и оштетување на стакла за патнички возила, товарни возила и автобуси задолжително е фотографирање на возилото, во случај кога за прв пат се осигурува кај осигурувачот и во случај кога иако возилото било осигурано претходната година кај осигурувачот има прекин и измена на скаденца.
(8) Ако посебно се договори со осигурувањето од автомобилска одговорност може да се договори осигурување на сите лица кои имаат својство на возач, патник или работник на моторно или друго возило, согласно Општите услови за осигурување лица од последица од несреќен случај (незгода) и Дополнителните услови за осигурување на возачи, патници и работници од последици на несреќен случај (незгода) за време на управување и возење на моторни и други возила, кои се важечки во моментот на издавање на полисата.
ВЛИЈАНИЕ НА ПРОМЕНА НА СОПСТВЕНОСТА НА ВОЗИЛОТО ВРЗ ДОГОВОРОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 2
Ако во текот на траењето на осигурувањето се промени сопственикот, односно корисникот на возилото, правата и обврските од договорот за осигурување од автомобилска одговорност преминуваат врз новиот сопственик, односно корисник и траат до истекот на тековниот период за осигурување.
ИСКЛУЧУВАЊЕ ОД ОСИГУРУВАЊЕ
Член 3
(1) Од осигурително покритие исклучени се оштетните побарувања:
1) Xxx по основ на договор или посебно ветување го надминуваат обемот на обврските што произлегуваат од правните прописи од одговорност за причинета штета;
2) На лицето кое управувало со возилото, со чија употреба е предизвикана незгодата;
3) Од сопственикот, сосопственикот, договорувачот на осигурувањето и секој друг корисник на возилото кој во моментот на настанувањето на незгодата не управувал со возилото, со чија употреба е предизвикана незгодата, но само за износот на штета поради уништување и оштетување на предмети;
4) Од лицето кое на нелегален начин присвоило возило, како и соучесникот во нелегалното присвојување на возило, со чија употреба е предизвикана незгодата, без разлика дали истото управувало со возило во моментот на настанување на незгодата, и
5) Од лицата кои штетата ја претрпеле како резултат на:
- употреба на возило во спортски приредби за кои е добиена официјална согласност и на кои е потребно да се постигне максимална брзина и
- употреба на возило во терористички акт или воени операции дефинирани согласно Кривичниот закон.
6) Што се однесуваат на предмети доверени на осигуреникот или на некое друго осигурено лице, а особено ако тие ствари ги превезува, користи или чува;
7) Заради оштетување на лица или предмети кои ќе настанат при превоз со возилото, поради нуклеарни или други радиоактивни материи, ако оштетувањето е непосредно или посредна последица на кинење на јадрото или од зрачење на тие материи;
8) За штети причинети при воени операции или побуни.
(2) Ако посебно не се договори, од осигурително покритие се исклучени оштетните побарувања кои произлегуваат од штетен настан што настанал за време додека возилото било мобилизирано или реквирирано од страна на надлежни органи и организации во мирно време и тоа од моментот на пристигнување на првото определено место до моментот на превземање на возилото.
ГУБЕЊЕ НА ПРАВАТА ОД ОСИГУРУВАЊЕ
Член 4
(1) Осигуреникот ги губи правата од осигурување:
1) Ако овозможи да се превезуваат лица на место кое не е предвидено за превоз на лица, за барањата што тие лица ќе ги постават, освен за барање на лицата што се превезуваат во согласност со прописите;
2) Ако со возилото управува без пропишана дозвола за соодветен вид на возилото или ако му е изречена мерка на безбедност или заштитна мерка управување со тој вид на возило, или без надзор на овластен возач - инструктор се обучува за управување со возило во сообраќајот;
(2) Ако не е платена дополнителна премија за зголемен ризик, осигуреникот ги губи правата од осигурување за секој осигурен случај во сразмер помеѓу платената премија и премијата што требало да се плати.
(3) Ако во моментот на сообраќајна незгода возилото го управувал под дејство на алкохол, дрога или други наркотици, под услови и начин утврдени во условите за управување со моторно возило утврдени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
1) Се смета дека возачот, како корисник на возилото, бил под дејство на алкохол ако:
- алкохолниот тест е позитивен, а не се погрижи со помош на анализа на крвта да се утврди степенот на негова алкохолизираност, освен ако земањето на крв го загрозува неговото здравје (на пр. хемофилија);
- по сообраќајната незгода избега или одбие да оди на испитување на неговата алкохолизираност, или консумира алкохол, така што го оневозможува утврдувањето и присуство на алкохол во крвта во моментот на настанување на штетата.
2) Се смета дека возачот е под дејство на дрога или други наркотици ако:
- со стручен преглед се утврди дека покажува знаци на пореметеност поради употреба на дрога или други наркотици;
- по сообраќајната незгода избега или одбие да оди на испитување за утврдување на состојбата дали е под дејство на дрога или други наркотици.
(4) Осигуреникот, не губи право на осигурување на дополнително договорените осигурувања наведени во став 7 и став 8 од Член 1, во случаевите наведени во ставот 2 и ставот 3 од овој член.
ПРАВО НА СУБРОГАЦИЈА
Член 5
(1) Осигурувачот што ќе ја надомести штетата предизвикана со употреба на возило од страна на неовластено лице има право на регрес за исплатениот износ на надомест на штета заедно со сите споредни побарувања (камата и трошоци на постапка), а во врска со истиот штетен настан.
(2) За неовластено лице во смисла на овој правилник се смета лицето - причинителот на штетата кое:
- ја предизвикал штетата управувајќи со возило без соодветна возачка исправа (вклучувајќи лице кое е на обука за добивање на возачка исправа без присуство на овластено лице);
- ја предизвикал штетата управувајќи со возило без соодветна категорија на возачка исправа;
- ја предизвикал штетата управувајќи со возило со измината важност на возачка исправа-дозвола;
- ја предизвикал штетата управувајќи со возило во периодот кога имал забрана за управување на возилото издадено од надлежен орган;
- ја предизвикал штетата управувајќи на нелегален начин со возило или ако причинителот на штетата е соучесник во таквиот чин или во обид или извршување на кривично дело;
- ја предизвикал штетата управувајќи со возило под дејство на алкохол над дозволеното ниво согласно со закон, наркотични дроги или психотропни супстанции.
(3) Осигурувачот освен во случаите предвидени согласно овие услови, регресни побарувања поднесува и во подолу наведените случаеви:
- кога штетата е предизвикана од такси возило, осигурано од автоодговорност кај осигурувачот, но без соодветен пропишан со тарифа доплаток за осигурување на такси возило (регрес се бара солидарно и од сопственикот на такси возилото и од возачот на такси возилото);
- кога оштетениот има склучен договор за комбинирано осигурување - каско кај осигурувачот и го остварил правото на надомест на штета која е настаната во сообраќајна незгода, во тој случај Осигурувачот има право на повраток на исплатените средства – регрес од друштвото / друштвото за осигурување каде возилото причинител има полиса за осигурување од автомобилска одговорност;
- кога оштетениот има склучено договор за комбинирано осигурување - каско кај осигурувачот и го остварил правото на надомест на штета, а причина за предизвиканата штета претставува неодржувањето на коловозот од страна на надлежната институција определена со закон, осигурувачот има право на повраток на исплатените средства - регрес од погоре наведената институција надлежна за одржување на јавните патишта во државата;
- кога на оштетениот - сопатник во возилото осигурано кај осигурувачот, му е надоместена нематеријална штетата согласно одребите од ЗОО како трето лице без оглед на вина, осигурувачот има право на регрес на исплатениот износ од страна на друштвото / компанијата за осигурување каде возилото причинител има полиса за осигурување од автомобилска одговорност;
- кога правото на надомест на нематеријална штета го остварил сопатник во возило сопственост на правен субјект, осигурано од автомобилска одговорност кај осигурувачот, а причините за настанувањето на незгодата е техничка неисправност на возилото, осигурувачот има право на поврат на исплатените средства - регрес од правниот субјект сопственик на возилото;
- осигурувачот има право на регрес и во оштетните побарувања по основ на имотно осигурување од кражба и разбојништво, во случаите кога има познат сторител и други дела кои се казниви согласно Кривичниот законик на РСМ.
(4) Осигурувачот има право да побара регресни побарувања во сите случеви, за кои ќе оцени дека штетата е како последица на ризик, за кој според тарифа на премии е превидено доплаток на премија заради зголемен ризик.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРЕНИКОТ
Член 6
(1) Лицето кое управува со превозно средство е должно да го има Договорот за осигурвање (полиса) или било кој доказ за склучен договор за осигурување при користењето на превозното средство во сообраќајот и е должен истиот да го даде на увид на барање на овластено лице на органот за внатрешни работи кое врши контрола на сообраќајот.
(2) Осигуреникот е должен да го извести осигурувачот за настанување на сообраќајна незгода и да достави пополнет Европски извештај за сообраќајна незгода во рок од 30 дена од денот на настанувањето на незгодата.
Во случај на поголема штета, над износот предвиден со Европски извештај, како и во случаеви, кога другиот учесник во сообраќајната незгода одбие да даде лични податоци, односно податоци за возилото, или го напушти местото на сообраќајната незгода, во случај на спротивставени мислења за вината, во случај на судар со нерегистрирано возило, со возило со странска регистрација, возач под дејство на алкохол, возење без возачка дозвола, осигуреникот е должен да ја пријави сообраќајната незгода на надлежните органи за внатрешни работи и да почека увид на лице место за да утврдат под кои околности и како настанала сообраќајната незгода.
(3) Непочитувањето на рокот за известување од став 2 на овој член не влијае на оштетеното лице за надомест на штета.
(4) Доколку осигуреникот не постапи согласно одредбите од ставот 2 на овој член, осигурувачот има право на регрес на сите исплатени средства или настанати трошоци кои не би настанале доколку осигуреникот ги почитувал роковите за известување предвидени во ставот 2 од овој член.
(5) Осигуреникот, според своите можности, е во обврска да му помогне на осигурувачот во утврдување на одговорноста и е должен да му даде вистински и исцрпни податоци за штетниот настан и околностите под кои тој настанал.
(6) Ако против осигуреникот е истакнато оштетно барање, е поднесена тужба за надомест на штета, е поставено имотно правно побарување, или е ставен предлог за обезбедување на докази, тој е во обврска, без одложување, за тоа да го извести осигурувачот и да му ги достави сите докази што ги содржи соодветното побарување.
(7) Осигуреникот е должен водењето на парницата да го препушти на осигурувачот.
(8) Осигуреникот е должен обработувањето на оштетното побарување да го препушти на осигурувачот и нема право да го одбие, а особено нема право да го признае, освен ако со тоа не се прави очигледна неправда.
(9) Договорувачот на осигурување, односно осигуреникот е должен сите свои известувања упатени на осигурувачот писмено да ги потврди, а особено за промената на име, назив и адреса.
(10) Повредата на обврските од овој член има за последица смалување на обврските на осигурувачот за толку колку што настанала поголема штета поради тие повреди.
(11) Осигуреникот, сопственик на возилото е должен писмено да го извести осигурувачот со кој склучил договор за осигурување од автомобилска одговорност за промена на регистарските податоци кои се однесуваат на тоа возило најдоцна во рок од 15 дена од денот на настанатата промена.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 7
(1) Осигурувачот е должен да ги подмири оправданите барања и да преземе мерки за заштита на осигуреникот од неосновани или претерани оштетни барања. Ако осигурувачот ја повреди оваа обврска должен е на осигуреникот да му ја надомести штетата.
(2) Осигурувачот е овластен во име на осигуреникот да ги дава сите изјави, кои според негово мислење се потребни, заради надомест на штетата, или заради заштита од неосновани или претрпени барања.
(3) Трошоците за одбрана на осигуреникот во кривична постапка ги надоместува осигурувачот само во случај кога изрично дал согласност за бранител и се обврзал за надомест на трошоците.
(4) Трошоците на парничната постапка ги надоместува осигурувачот доколку парницата ја водел осигуреникот во согласност со осигурувачот, или ако бил застапуван од лице што го одредил осигурувачот и тоа во полн износ без оглед на висината на осигурената сума.
(5) Кога правното лице кое врши работи на здравствено, пензиско и инвалидско осигурување ќе истакне барање за надомест на средства потрошени за лекување и други трошоци за згрижување направени согласно прописите за здравствено осигурување спрема Осигурувачот, Осигурувачот е должен во рамките на одговорноста на својот осигуреник да плати надоместок во висина на овие трошоци, односно е должен да плати сразмерен износ на придонесот за инвалидско или пензиско осигурување, освен во случај на штета предизвикана со употреба на неосигурено или непознато возило.
ТЕРИТОРИЈАЛНО ВАЖЕЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 8
(1) Осигурителното покритие, ако поинаку не е договорено, се однесува на територијата на Република Северна Македонија и на земјите членки на Советот на бироа за зелена карта.
(2) За возилата што ги користат македонските работни и други организации за изведување на градежни, монтажни, истражувачки и слични работи вон територијата на Република Северна Македонија, може за време на изведувањето на тие работи, да се склучи осигурување од одговорност по овие Услови.
(3) Ако во државата во која настапил осигурен случај, осигурувањето од одговорност е задолжително, се смета дека осигурувањето било договорено на минимална осигурена сума пропишана во таа земја, освен ако покритието од полисата за осигурување е поповолно за осигуреникот.
(4) За возила со странска регистрација осигурувањето важи само на територијата на Република Северна Македонија и не може да се издаде зелена карта.
ЗАПОЧНУВАЊЕ И ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ОСИГУРИТЕЛНО ПОКРИТИЕ
Член 9
(1) Обврската на осигурувачот од договорот за осигурување започнува по истекот на 24 часот на денот што во исправата за осигурување е наведен како почеток на осигурување, ако до тој ден е платена премијата, односно по истекот на 24 часот на денот кога премијата е платена, освен ако поинаку не е договорено.
(2) Обврската на осигурувачот престанува по истекот на 24 часот на денот што во исправата за осигурување е наведен како ден на истек на осигурувањето.
УТВРДУВАЊЕ НА ПРЕМИЈА
Член 10
Премијата за осигурување се утврдува со Тарифата на премии за осигурување на сопственци на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
БОНУС - МАЛУС Систем
Член 11
При склучување на договорите за осигурување од автомобилска одговорност се применува Бонус-Малус системот, со основните премиски степени и останати одредби утврден според Централната евиденција за штети од страна на Национално Биро за осигурување на РСМ.
ПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈА
Член 12
(1) Договорувачот на осигурување - осигуреник премијата ја плаќа при преземање на полисата, ако поинаку не е договорено.
(2) Договорувачот на осигурување - осигуреникот премијата ја плаќа на свој ризик и трошок.
(3) Ако премијата е платена по пошта или преку банка - депонент, како ден на плаќање се смета денот кога премијата уредно е уплатена.
(4) При промена на сопственоста, премијата за осигурување и сите недоспеани рати, доспеваат во целост, а обврската за плаќање на премијата и на поранешниот договорувач на осигурувањето - осигуреникот останува и доспева за наплата веднаш штом осигурувачот дознал за истото.
ВРАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈА
Член 13
Во случај на уништување или одјавување на возилото, осигурувачот е во обврска, да врати дел од премијата за преостанатото време на траење на осигурувањето (про - рата) сметано од денот на приемот на барањето за откажување на договорот, доколку до тогаш не се остварил осигурен случај.
ОБРАБОТКА И ЧУВАЊЕ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
Член 14
(1) Договорувачот на осигурувањето и Осигуреникот (клиент) дава согласност осигурувачот да собира, чува, обработува и ги користи личните податоци кои се неопходни за склучување и реализација на договорот за осигурување (полиса), односно оценување на осигурително покритие и степен на оштета, во земјата и доколку е потребно и во странство, во согласност со член 109 од Законот за супервизија на осигурување и законските одредби за заштита на личните податоци, правата на потрошувачите и внатрешните акти на Осигурувачот.
(2) Оваа согласност се однесува и на овластените лица односно овластени лица за застапување и посредување, како и договорни обработувачи на лични податоци на осигурувачот кои може да ги обработуваат личните податоци на осигуреникот, да ги доставуваат податоците до осигурувачот, како и да вршат проверка на точноста и промените на личните податоци кај надлежни државни органи и установи и други правни и физички лица, кои располагаат со тие податоци.
(3) Личните податоци кои се обработуваат врз законска основа, клиентот има обврска сам да ги обезбеди и да ги достави до Осигурувачот. Доставувањето на лични податоци со цел склучување (исполнување) на договор е доброволно, но треба да се има предвид дека ако личните податоци кои се неопходни за давање на услугата не бидат доставени од клиентот, тие услуги не ќе може да бидат обезбедени од страна на Осигурувачот.
(4) Клиентот дава согласност на осигурувачот да ги користи личните податоци (име и презиме, адреса за комуникација, електронска адреса и/или телефонски број, но не и податоците за здравствената состојба) за цели на вршење директен маркетинг за себе и поврзани друштва во земјата и во странство, но само врз основа на претходно дадена изречна изјава на согласност за оваа цел, а во согласност со прописите со кои се уредува заштитата на личните податоци. Во изјавата за согласност, задолжително треба да биде наведено дека клиентот може во секое време бесплатно и на едноставен начин, трајно или привремено да ја повлече согласноста за вршење на директен маркетинг, и тоа со писмено барање доставено или испратено на адресата на осигурувачот.
(5) Осигурувачот врши обработка (собирање, евидентирање, организирање, чување итн.) на личните податоци на клиентот, неговиот законски застапник или полномошник во согласност со прописите за заштита на личните податоци и другите соодветни позитивни законски прописи, применувајќи соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на безбедност при обработка на личните податоци кои се подетално пропишани со интерните акти за обезбедување на безбедност при обработката на личните податоци. Собраните лични податоци се дел од збирките на лични податоци на осигурувачот кој во својство на контролор на личните податоци, ги користи совесно, законито и согласно целта за кои се собрани.
Здравствените податоци односно личните податоци кои се однесуваат на здравјето на клиентот се посебна категорија на лични податоци во согласност со Законот за заштита на личните податоци (чувствителни лични податоци), поради што уживаат посебна заштита, односно подлежат на построг режим на заштита.
Осигурувачот воспоставува заштитни мерки за обработка и чување на здравствените податоци.
(6) Xxxxxxxx има право да бара од осигурувачот да ги дополни, исправи или избрише неговите лични податоци, ако истите се нецелосни, неточни или неажурирани и доколку се исполнети целите за нивна
обработка или ако биле незаконски обработувани. За да го оствари ова право, клиентот доставува или испраќа писмено барање на адресата на осигурувачот.
(7) Осигурувачот ги чува личните податоци во временски период до исполнување на целта заради која истите се обработуваат, што е во согласност со прописите за заштитата на личните податоци и интерните акти за обезбедување на безбедност при обработката на личните податоци каде што овие рокови се подетално утврдени.
Дополнителни информации во однос на заштита на личните податоци: xxxx://xxx.xxxxxx.xx/xxxxxxx-xx-xxxxx- podatoci/.
ИНТЕРНАЦИОНАЛНИ САНКЦИИ
Член 15
Осигурувачот нема да реализира исплата на надомест на штета доколку на тој начин се прекршуваат применливите меѓународни или локални санкции/рестриктивни мерки, закони или прописи кои се директно применливи за Осигурувачот и доколку тоа доведе до негово изложување на некакви санкции, забрани или ограничувања. Во случај на спор помеѓу договорните страни од оваа одредба, надлежен суд е надлежниот суд во Виена или надлежниот суд во Р.С.Македонија (без референца на одредбата за судир на закони).
ИЗВЕСТУВАЊЕ НА ОСИГУРЕНИКОТ
Член 16
Договорувачот на осигурувањето и Осигуреникот со потпишување на договорот за осигурување/полисата изречно потврдуваат дека при склучувањето на истиот, од страна на осигурувачот во писмена форма се известени за сите податоци согласно членовите 49 и 50 од Законот за супервизија во осигурувањето односно се известени и за правото за поднесување на жалба и потврдуваат дека пред склучувањето на осигурувањето им е оставен разумен рок во кој конечно одлучиле да го склучат Договорот за осигурување.
ПИСМЕНА ФОРМА
Член 17
(1) Договорот за осигурување е полноважен само ако е склучен во писмена форма.
(2) Сите известувања и изјави што се даваат по одредбите на договорот за осигурување, мора да бидат дадени во писмена форма.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 18
Постапка по приговори
Во случај осигурувачот и осигуреникот да не се согласат по однос на обемот и висината на штетата, осигуреникот има право на приговор во рок од 30 дена од приемот на писменото известување од осигурувачот, до Второстепената комисија за решавање на штети по приговор, која е должна во рок од 30 дена по приемот на приговорот да одговори по приговорот.
Постапка по жалба
Договорувачот на осигурувањето, односно осигуреникот во однос на работењето на осигурувачот има право на жалба до Агенцијата за супервизија на осигурување како орган надлежен орган за супервизија на друштвата за осигуруавње.
Решавање на спорови
Евентуалните спорови кои би произлегле од договорот за осигурување, договорните страни ќе ги решаваат спогодбено, а доколку до спогодба не дојде надлежен е Основниот Граѓански суд Скопје.