Contract
Д О Г О В О Р
за деловна соработка
Склучен на ден 04.05.2021 година, во Скопје помеѓу:
1. ЛУКСОР ТРАДЕ ДООЕЛ, со седиште на бул. Xxxx Xxxxxxxxx бр. 35/2-13, Скопје, со ЕМБС 6445217 и ЕДБ 4030009056182, претставуван од управителот Xxxxxxxxx Xxxxxxxx (во понатамошниот текст како Продавач) и
2. Самостоен синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија, со седиште на ул. Маџир Маало бр.36 - Скопје, со ЕМБС 4264045 и ЕДБ 4030994240332, претставуван од Xxxxx Xxxxxxxx, во својство на претседател на СОНК (во понатамошниот текст како СОНК)
Дефиниции
Договорните страни ги договорија дефинициите за следните поими:
⮚ Договорни страни се страни кои го склучуваат овој Договор и претставуваат правни лица основани според важечките закони на X.X.X.
⮚ Синдикална организација е подружница на СОНК во Јавна институција од дејноста детска заштита, образование, наука и култура, што ја сочинуваат вработени-членови на СОНК, со свој овластен претставник и своја жиро сметка.
⮚ Член на СОНК претставува физичко лице вработено во Јавна институција од дејноста детска заштита, образование, наука и култура, а зачленето во Синдикална организација на СОНК при одредена институција од погоренаведените дејности. Членот на СОНК воедно е и барател на производи и услуги.
⮚ Производ претставува стока која продавачот ја продава во своите продажни места, а е предмет на купување на секој член на СОНК.
⮚ Одложено плаќање значи плаќање на купопродажната цена на повеќе делови според утврдена динамика, односно на рати кои се утврдени според точни временски интервали.
⮚ Потврда за членство означува Потврда издадена од Синдикалната организација, во која е член барателот на производи и услуги, која потврдува дека носителот на Потврдата е член на СОНК.
⮚ Месечна рата означува износ кој се состои од основен долг, кој се исплатува секој месец преку задршка од месечната плата.
⮚ Доспевање на рата е последниот ден кога членот на СОНК ја плаќа месечната рата, односно се исплатува преку задршка од месечната плата.
⮚ Доспевање на фактура го означува последниот ден кога членот на СОНК е должен да го исплати целиот износ на фактурата или преостанатиот
неисплатен износ од фактурата.
⮚ Административна забрана – документ потпишан од директорот, благајникот (сметководител, секретар итн.) и членот на СОНК, со кој се прави задршка од плата на барателот за исплата на месечна рата и во кој е наведенo дали лицето е во работен однос на неопределено или на определено време, наведувајќи го датумот до кога важи договорот, како и до кој износ е солвентен да плаќа за услугите од член 2 на овој Договор.
Член 1
Предмет на овој Договор е регулирање на деловната соработка помеѓу договорните страни во врска со овозможување купопродажба на производи од асортиманот на производи на Продавачот, како и давање на услуги, на одложено плаќање, без камата, преку задршка од плата на членовите на СОНК, под услови и начин определени со овој Договор.
Член 2
Продавачот се обврзува за членовите на СОНК да важи Понудата која е составен дел на овој Договор.
Член 3
Право на користење на услугите со одложено плаќање може да оствари вработен – член на СОНК, кој е кредитно способен и има склучено договор за работа на неопределено време.
Ова право може да го оствари и член на СОНК - вработен на определено време, кој е кредитно способен, под услов ратите да бидат исплатени 2 месеци пред истек на договорот за работа. Продавачот го задржува правото да го одреди бројот на рати, кај оние членови кај кои договорот за работа им истекува за помалку од 6 месеци, врз основа на административната забрана, во која е наведен датумот на важност на договорот за вработување.
Член 4
Сопирањето на рати од плата ќе се врши согласно Член 1 од овој Договор, на еднакви рати, од кои првата доспева при исплата на првата плата по добивањето на амортизациониот план.
Месечните рати по задршката ќе се уплаќаат уредно и навремено на трансакциска сметка на Продавачот, 210-064452170-188, депонент НЛБ Тутунска Банка и ЕДБ 4030009056182.
Лицето задолжено за плаќање на фактурата односно на месечната рата, задолжително да се повика на бројот на фактурата во цел на дознака, како и бројот на рата.
Член 5
Синдикалната организација на СОНК при одредена институција, во која е член барателот на производи и услуги, се обврзува да ја обезбеди и организира наплатата на ратите по претходно доставен амортизационен план, а по пат на задршка од месечната плата.
Синдикалната организација на СОНК, во која е член барателот на производи и услуги, се обврзува дека:
-ќе издава заверена Xxxxxxx во која ќе потврди дека барателот е член на СОНК, ќе ги впише неговите потребни податоци предвидени во самата Потврда и датумот кога е издадена;
-ќе посредува и води сметка за уредна и навремена исплата на рати според претходно доставен амортизационен план;
-по извршената уплата на секоја рата, до продавачот ќе достави список на лицата на кои им е одбиена ратата, со што ќе го наведе износот што им е задржан за отплата на ратата.
Член 6
Продавачот се обврзува врз основа на заверена и потпишана Изјава од членот на СОНК, Административна забрана и Потврда за членство да изврши услуга на барателот наведена во член 1 на овој Договор односно да продава производи за безготовинско плаќање, од програмата и асортиманот застапен во продавниците на Продавачот, согласно Понудата од член 2 на овој Договор.
Со една Потврда односно Административна забрана може да се купува во една од продавниците на Продавачот.
Потврдата издадена од Синдикалната организација, во која е член барателот на производи и услуги, важи 10 дена од денот на издавање.
Член 7
Продавачот е должен на лицето што ја подигнало стоката од продавницата да му даде еден примерок од фактурата за видот и вредноста на купената стока, а по еден примерок доставува до Синдикалната организација и благајникот (сметководител, секретар итн.)
Продавачот е должен еднаш месечно до Синдикалната организација да достави фактури со спецификација поединечно за секој член на СОНК од таа Синдикална организација.
Член 8
Во случај на престанок на работниот однос на вработениот (член на СОНК) или преместување кај друг работодавач, Синдикалната организација ќе го извести Продавачот за престанокот на работниот однос на истиот. Членот на СОНК е должен да го подмири долгот кон Продавачот, а Продавачот во спротивно може да пристапи кон организирање на потполна наплата на направениот долг.
Во случај на боледување над 30 дена на лицата кои подигнале стока или добиле одреден вид на услуга, должни се својот долг да го платат вирмански.
Член 9
Во случај на нередовно плаќање од страна на член на СОНК, Продавачот е должен да ги извести потписникот на овој договор - СОНК како и претседателот на синдикалната организација во која е член барателот, со цел да се регулира и надмине таквата состојба.
СОНК и Синдикалната организација, во која е член барателот на производи и услуги, не сносат никаква одговорност во случај на ненавремено плаќање на доспеани рати. Единствено одговорен во тој случај би бил барателот – член на СОНК, согласно Изјавата потпишана од негова страна.
Член 10
Договорот се склучува на 1 (една) година и стапува на сила со денот на негово потпишување од двете страни.
Доколку ниту една од договорните страни не го откаже договорот пред истекот, истиот по автоматизам се продолжува се додека една од договорните страни побара негово раскинување, која е должна тоа да го направи по писмен пат, со наведување на причините за раскинување на договорот со отказен рок од 30 дена.
Измени и дополнувања на договорот се вршат по писмен пат на предлог на една од договорните страни со склучување на анекс договор кон основниот договор.
Член 11
Во случај на спор, договорните странки ќе се обидат истиот да го разрешат спогодбено, а во спротивно решава надлежниот Основен суд во Скопје.
Член 12
Овој Договор е составен во 4 (четири) еднакви примероци од кои по два за секоја договорна странка.