Податоците за месечната потрошувачка на електрична енергија Ви се достапни преку фактурите за потрошена електрична енергија и за дистрибуција на истата електрична енергија. Во прилог на фактурата од ЕДС, која покрај во хартиена Ви ја праќаме и во...
Врз основа на член 104 став 3 од Закон за енергетика (Сл. Весник на РМ бр. 96/18), член 8, ставови 1 и 2 од Правилата за снабдување со електрична енергија (Службен весник на РМ бр. 172/18), ЕДС Ви го
доставува овој
ПОТСЕТНИК ЗА ПОТРОШУВАЧИТЕ
кој содржи практични информации за Вашите права согласно договорот за снабдување со
електрична енергија, кој би можеле да го склучиме, како и Вашите права во поширокото пазарно опкружување
Со договор за снабдување со електрична енергија на ЕНЕРЏИ ДЕЛИВЕРИ СОЛУШНС ЕДС ДООЕЛ Скопје, се уредуваат следните основни елементи: датум на почеток и крај на снабдувањето, цени на електричната енергија (висока тарифа, ниска тарифа, цена за СДКО мерни места како прва опција, како и единечна цена за сите тарифи и мерни места како втора опција), начин и постапка за раскинување на договорот и можност за продолжување на важењето на договорот по истекот на времето за кое е склучен.
За да склучиме договор за снабдување со електрична енергија најпрво потребно е да ја прифатите нашата понуда. За да се пристапи кон склучување на договорот треба да нѐ известите дека прифаќате да бидете снабдувани од ЕДС и да ни доставите барање со информација на кои Ваши мерни места сакате да бидете снабдувани од ЕДС. Ве информираме дека доколку Вашата компанија користи повеќе мерни места, имате право да одберете различни снабдувачи за различни мерни места. Постапката за регистрирање на мерно место во балансна група на снабдувач ја води од Вас избраниот снабдувач, врз основа на Ваша изјава за прифаќање на условите и обврските од понудата и врз основа на издадено полномошно за снабдувачот.
Снабдувањето со електрична енергија од страна на ЕДС ќе започне во 00:00 часот на првиот ден од месецот кој согласно договорот е определен како прв месец од периодот на снабдување. Снабдувањето ќе заврши во 24:00 часот на последниот ден од месецот во кој согласно договорот завршува снабдувањето.
Цените на понудените производи од ЕДС зависат како од периодот на снабдувањето, така и од пазарните услови, односно од берзанските цени на електричната енергија на релевантните регионални берзи. Се разбира откако ќе ја прифатите понудата и го склучите договорот за снабдување, цените ќе бидат фиксирани за целиот период на снабдување за кој се склучува договорот. Во цената за снабдување се пресметани и вклучени сите трошоци за набавка и транспорт на енергијата од изворот до мрежата на систем-операторот - МЕПСО АД. Дополнително, ЕДС ќе ги покрие и трошоците за:
• царинење и царинската постапка,
• балансирање на Вашата потрошувачка,
• сите технички и административни постапки за приклучување на Вашите мерни места во балансната група на ЕДС,
• оперативната комуникација со операторите на системите за пренос и дистрибуција и опеараторот на пазар на електрична енергија, –и
• логистички услуги за реализација на снабдувањето.
Покрај фактурата за потрошена електрична енергија која ЕДС ќе Ви ја испорачува најдоцна до 18-ти во тековниот месец за претходниот месец, од страна на операторот на дистрибутивниот систем ќе добивате и фактура за надомест за користење на дистрибутивната мрежа на која Вашите мерни места се приклучени. Фактурата од операторот на дистрибутивниот систем ќе биде пресметана согласно тарифите за дистрибуција на електричната енергија, определени и објавени од страна на Регулаторната Комисија за Енергетика и Водни Услуги. ЕДС ќе Ве информира секогаш кога регулираните тарифи за дистрибуција на електрична енергија ќе бидат сменети.
ЕДС исто така ќе ве информира доколку организира постапка за доделување посебни поволности и попусти за своите услуги. Поволноста од склучување договор за снабдување со електрична енергија на слободниот пазар е огромна бидејќи со тоа штедите значителни финансиски средства, но и покрај таа поволност, ЕДС од време на време може да организира дополнителни попусти и поволности. ЕДС благовремено ќе ве информира за овие акции како и за условите под кои истите ќе можете да ги искористите.
Податоците за месечната потрошувачка на електрична енергија Ви се достапни преку фактурите за потрошена електрична енергија и за дистрибуција на истата електрична енергија. Во прилог на фактурата од ЕДС, која покрај во хартиена Ви ја праќаме и во електронска форма, доставуваме и Excel датотека со детален приказ за потрошувачката на секое Ваше мерно место (во нашата балансна група) посебно.
Квалитетот на нашата услуга е пропишан во Правилата за снабдување со електрична енергија и се однесува на комерцијалните услуги кои ЕДС ќе Ви ги пружи. За детали за услугите можете секогаш да се информирате на (00) 0000000 или на xxxxxx@xxx.xx.
Испораката на електрична енергија може да биде прекината во случаи кои согласно Законот за енергетика се предвидени како настани на виша сила и/или случаи на загрозена безбедност на електроенергетскиот систем. Во такви случаи, снабдувачот ќе Ве информира за чекорите кои треба да се преземат со цел да се зачува интегритетот и стабилноста на електроенергетскиот систем. Исто така, испораката и/или снабдувањето со електрична енергија може да бидат прекинати во случај на нередовно намирување на долг по основ фактура за испорачана енергија.
Договорот за снабдување се склучува на определено време. Најдоцна 60 (шеесет) дена пред истекот на договорот, снабдувачот ќе Ве информира за истекот на важноста на договорот, како и за крајниот рок за изјаснување дали сакате да ја продолжите соработката со постојниот снабдувач, или ќе одлучите да одберете нов снабдувач. Во случај договорот за снабдување да трае само еден месец, тогаш оваа информација ќе биде доставена на почетокот од договорот.
Предвремено раскинување на договорот е можно со допис во рок определен со договорот. Пред да го раскинете договорот, информирајте се од текстот на договорот и/или во комуникација со Вашиот снабдувач за правата и обврските на двете договорни страни кои произлегуваат од предвремено раскинување на договорот.
За да смените снабдувач по истекот на договорот за снабдување, потребно е да испратите изјава и полномошно до новиот снабдувач, со што новиот снабдувач ќе ја спроведе постапката за промена на снабдувач во Ваше име за оние мерни места за кои ќе го овластите новиот снабдувач.
Сите информации кои снабдувачот и потрошувачот ќе ги разменуваат во текот на извршување на договорот за снабдување ќе бидат разменувани по електронски пат или по телефон. Од овие причини потребно е во
договорот со Вашиот снабдувач да ги наведете сите телефонски броеви и сите електронски адреси на кои сакате да бидете контактирани. Затоа би било практично да одредите електронски адреси и телефонски броеви на кои ќе се доставуваат и/или соопштуваат информации во однос на прашања во врска со договорот.
Доколку не добиете фактура во рокот одреден со договорот за снабдување, можете да се обратите на снабдувачот со цел во најкраток можен рок истата да Ви биде доставена електронски или по пошта.
Доколку не сте задоволни од испорачаната услуга и/или фактура за испорачаната услуга, имате право на приговор кој може да го доставите до нас писмено, електронски или телефонски. На приговорот ќе добиете одговор во рок од 3 (три) дена. Во случај да не сте задоволни од одговорот можеме да оствариме и лична средба со цел надминување на разликите. Ако постигнувањето на решение прифатлифо за двете страни не е можно, во зависност од природата на спорот, истиот ќе биде решаван од Регулаторна Комисија за Енергетика и Водни Услуги и/или надлежен суд.
Доколку сметате дека Вашите права се повредени од страна на други учесници и/или институции на пазарот на електрична енергија, тогаш ЕДС како Ваш снабдувач ќе Ве застапува пред соодветниот оператор и/или пред други органи како и пред Регулаторна Комисија за Енергетика и Водни Услуги.
Конечно, ЕДС е посветена на одржливиот развој и зачувување на животната средина и во таа смисла ве советува да ги преземете сите мерки за подобрување на вашата енергетска ефикасност со што ќе заштедите потрошувачка на енергија, ќе придонесете за зачувување на животната средина и ќе ја подобрите вашата финансиска состојба. За таа цел на следниов линк можете да се информирате за мерките за енергетска ефикасност, начинот на финансирање на инвестициите за подобрување на истата како и за експертизата која ви е на располагање.
Регистер на енергетски контролори
За било кои други информации слободно обратете се на (00) 0000000 или на xxxxxx@xxx.xx
Со почит,
Тмот на ЕДС