Contract
ОПШТИ УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА УНИВЕРЗАЛНА УСЛУГА
1. ВОВЕД
Општите услови за користење на универзална услуга на Македонски Телеком АД Скопје (во понатамошниот текст: Општи услови за користење на универзална услуга), ги содржат и ги регулираат условите под кои Македонски Телеком АД – Скопје на крајниот корисник, врз основа на негово разумно барање ќе му овозможи појдовни и дојдовни повици во националниот (домашниот) и меѓународниот телефонски сообраќај.
Овие Општи услови за користење на универзална услуга се во согласност со Законот за електронските комуникации, Правилникот за видот и содржината на податоците и информациите за општите услови во однос на пристапот и користењето на јавните комуникациски услуги кои ги објавуваат операторите и за видот и содржината на податоците што ќе ги објавува Агенцијата за електронски комуникации, Правилникот за обезбедување на услугите опфатени со универзална услуга, Одлука бр. 0201-2135/39 од 23.12.2016 година, со која Македонски Телеком АД Скопје е назначен за давател на Универзална услуга и Општите услови за засновање претплатнички однос и за користење на услугите на Македонски Телеком АД Скопје, кои ги содржат и ги регулираат општите услови на Стандардниот претплатнички договорот за засновање претплатнички однос за обезбедување пристап кон јавната комуникациска мрежа и користење на јавните електронски комуникациски услуги на Македонски Телеком, вклучувајќи ги правата и обврските на договорните страни.
Општите услови за засновање на претплатнички однос за обезбедување пристап кон јавната комуникациска мрежа и користење на јавните електронски комуникациски услуги на Македонски Телеком ќе се применуваат за сите околности кои не се предвидени во овие Општи услови за користење на универзална услуга.
Македонски Телеком АД Скопје (во понатамошниот текст: Македонски Телеком) може, особено доколку тоа го налагаат пазарните услови или законската регулатива, да ги промени и/или дополни овие Општи услови за користење на универзална услуга.
Овие Општи услови за користење на универзална услуга и нивните измени се достапни на увид на секое продажно место на Македонски Телеком, како и на веб-страницата xxx.xxxxxxx.xx.
2. ЗНАЧЕЊЕ НА ИЗРАЗИТЕ СОДРЖАНИ ВО ОПШТИТЕ УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА УНИВЕРЗАЛНА УСЛУГА
Секој од подолу наведените изрази го има следното значење:
2.1. Универзална услуга е минимален пакет од услуги со определен квалитет, достапен по прифатлива цена за сите крајни корисници во Република Македонија, без оглед на нивната географска локација;
2.2. Давател на универзална услуга е правно лице кое обезбедува универзална услуга;
2.3. Јавна телефонска говорница е телефонски уред достапен на јавноста чие користење плаќа со пари, кредитни платежни картички, однапред платени картички, како и картички со кодиран пристап;
2.4. Броеви на служби за итни повици се броеви од Планот за нумерација за јавни комуникациски мрежи и услуги на Република Македонија кои особено се наменети за полиција, противпожарна служба, итна медицинска помош, служба за известување и тревожење, вклучувајќи го и единствениот европски број за итни повици Е-112, како и единствениот европски број 116.000 кој е наменет за пријавување на исчезнати деца.
3. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ
3.1. Предмет на Општите услови за користење на универзална услуга
Со овие Општи услови за користење на универзална услуга, детално се регулираат условите за поврзување на краен корисник на фиксна локација со јавна комуникациска мрежа, врз основа на негово разумно барање.
• поврзување на крајниот корисник со јавната телефонска мрежа, на негово разумно барање со овозможување пристап до јавните телефонски услуги на определена фиксна географска локација, овозможувајќи му појдовни и дојдовни повици во националниот (домашниот) и меѓународниот телефонски сообраќај, комуникации преку факсимил и пренос на податоци со брзина од 2Мbps за дојдовна насока (downlink) што е доволна да се обезбеди ефикасен пристап на интернет;
• обезбедување на јавни телефонски говорници или други јавни пристапни точки за обезбедување на говорни услуги за да се задоволат разумните потреби на крајните корисници од аспект на географска опфатеност со задоволителен број на јавни телефонски говорници или други јавни пристапни точки, со можност за пристап на корисниците со посебни потреби и со соодветен квалитет на услугата;
• обезбедување на мерки за еднаков пристап и употреба на јавните телефонски услуги од страна на крајните корисници со посебни потреби, вклучувајќи и пристап до броеви на службите за итни повици, целосниот телефонски именик и телефонската служба за информации под еднакви услови, како и на другите крајни корисници во Република Македонија.
3.2. За крајните корисници Македонски Телеком ги обезбедува следните тарифни модели како дел од Универзалната услуга:
- Минимален пакет
- Тарифен модел за лица со посебни потреби
- Попуст за лица со посебни потреби
- Социјален припејд пакет
- Пензионер
- Интернет пакет за пензионери.
3.3. За сите тарифни модели споменати во член 3.2. Македонски Телеком го задржува правото најмалку еднаш годишно да побара од страна на крајните корисници да достават валидна документација со која ќе ја докажат оддржливоста за користење на соодветниот тарифен модел.
4. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
4.1. Измени и дополнувања на Општите услови за користење на универзална услуга
Македонски Телеком го задржува правото, по сопствена одлука, а особено доколку тоа го налагаат пазарните услови или измените во законската регулатива, да ги промени или дополни овие Општите услови.
Македонски Телеком навремено ги информира крајните корисници за промените во Општите услови за користење на универзална услуга.
4.2. Влегување во сила и примена на Општите услови за користење на универзална услуга
Општите услови за користење на универзална услуга влегуваат во сила на денот на нивното донесување, а ќе се применуваат од денот на нивното објавување на официјалната веб страница на Македонски Телеком.
Со денот на влегување во сила на овие Општи услови за користење на универзална услуга престануваат да важат сите претходно објавени Општи услови за користење на универзална услуга.
04.10.2017 година, Скопје