Contract
Општи Услови и Правила за Купување на Индиректни Стоки, Услуги и Опрема за Производство на ДРЕКСЛМАЈЕР Групацијата
Верзија 1, Датум на издавање 1ви Јануари, 2015 година
Сите нарачки за купување на индиректни стоки, услуги и опрема за производство, внесени од купувачот до добавувачот ("Нарачка за Купување") истовремено со или по преносот на овој документ се предмет на следните услови и правила ("Услови и Правила") и истите ќе го регулираат купопродажниот договор во врска со таквата нарачка ("Договор за Купување"). Примачот на Нарачката за Купување се нарекува "Добавувач", а Купувачот или било кој од неговите назначени филијали се нарекува "Купувач". Договор за Купување е секој договор формиран со прифаќање на Нарачката за Купување од Добавувачот или било каков договор потпишан од страна на Купувачот и Добавувачот за купување на индиректни стоки, услуги и опремата за производство.
1. ОСНОВА НА ДОГОВОРОТ: Испорака на индиректни стоки, опрема за производство (двете во понатамошниот текст нарекувани “стоки”) и/или извршување на услуги со утврден квалитет, ниво на цена и време наведени во Нарачката за Купување или на друг начин наведени во неа, се суштината на секој Договор за Купување.
2. ПРИФАЌАЊЕ НА НАРАЧКАТА ЗА КУПУВАЊЕ:
2.1. Освен доколку поинаку не е определено во писмен договор помеѓу страните, Нарачката за Купување ќе се смета за прифатена порано кога Добавувачот: (а) даде писмена согласност; (б) ја испорача договорената стоката во рокот определен со овие правила; (в) дава услуги во рокот определен со овие правила; или (г) започнува со работа на стоки кои ќе бидат специјално произведени за Купувачот.
2.2. Освен доколку не е определен поинаков рок за Нарачка за Купување, Добавувачот ќе ја прифати или одбие секоја Нарачка за Купување со писмено известување до Купувачот во рок од 2 дена од приемот. Нарачка за Купување која што не е изречно одбиена во рокот определен во овој Оддел 2.2, ќе се смета за прифатена.
3. ПРЕОВЛАДУВАЧКИ УСЛОВИ: Овие и само овие Услови и Правила и, доколку е применливо, секој документ назначен во нив, исклучиво ќе го регулира секој Договор за Купување. Само конкретна писмена согласност на Купувачот ќе го обврзува истиот со било кои услови од понатамошниот текст пренесени или предложени од страна на Добавувачот. Општите услови во овој документ може да се менуваат или дополнуваат со документи на Купувачот, како Договорот за Купување, Договор за Услуги, Договор за Транспорт на Стоки, Договор за Опрема за Производство (“Договори”) кои ќе бидат инкорпорирани со упатување, при што конфликтните термини во прво споменатиот документ ќе преовладуваат над конфликтните термини во подоцна споменатите документи, под услов конфликтот да нема влијание на остатокот на документите ( "Документација за Купување"):
(1) Поединечен Договор за Купување;
(2) Договори;
(3) Овие Општи Услови и Правила за Купување на Индиректни Стоки, Услуги и Опрема за Производство
Било која Документација за Купување ќе се применува во последната форма соопштена на Добавувачот, пред Договорот за Купување, под услов при што ќе се достави до Добавувачот, под услов Договорите да се применуваат во формата во која се извршени.
4. ПАКУВАЊЕ, ОЗНАЧУВАЊЕ И ИСПОРАКА: (а) Освен ако не е поинаку определено во Документацијата за Купување, сите стоки ќе бидат соодветно спакувани, означени и испорачани, на сметка на Добавувачот, во согласност со спецификациите во Документацијата за Купување, или ако не е уредено таму, во согласност со добрата и прифатена практика за обезбедување навремена испорака и обезбедување од штета, со цел да се обезбедат најниски транспортни стапки, да се исполнат барањата на превозникот и да се обезбеди пристигнувањето до одреденото место за испорака без штета. Добавувачот е одговорен за сите стоки до испораката на утврденото место за испорака, без оглед на местото на инспекција; (б) Купувачот не е одговорен на Добавувачот да му плати или да му врати било какви контејнери, пакувања, палети или други материјали за пакување; и (в) Добавувачот ги обработува документите за испорака и ја води испораката до определеното место за испорака, како што е определено од Купувачот (г) Добавувачот мора да му обезбеди на Купувачот декларација на Добавувачот, која ги задоволува моменталните применливи царинските прописи.
На барање, Добавувачот ќе му обезбеди на Купувачот INF.4 (Регулатива (ЕК) бр 1207/2001) информативен лист одобрен од страна на царинските органи за испорачаната стока.
5. ВРЕМЕ НА ИСПОРАКА:
5.1. Времето е од суштинско значење за секој Договор за Купување и Добавувачот е одговорен за строго придржување до закажаниот датум за испорака. Добавувачот е согласен доколку испораката е одложена надвор од закажаниот датум за испорака од било која причина, Добавувачот да е одговорен за сите загуби, трошоци и издатоци направени од страна на Купувачот а причинети од таквото одложување, вклучувајќи, без ограничување, трошоци за брз транспорт и испорака (вклучувајќи воздушен транспорт и давачки за испорака преку викенд). Добавувачот, исто така, е согласен во случај на такво одложување, Добавувачот да е одговорен за сите случајни, последователни и договорени штети на Купувачот, вклучувајќи, без ограничување, плата за прекувремена работа и трошоци поврзани со бенефиции на вработените, поединечни трошоци за прекин со активности и работа, трошоци за брз транспорт и испорака (вклучувајќи воздушен транспорт и давачки за испорака преку викенд) и други трошоци, издатоци, надоместоци и загуби кои се резултат на неможноста на Купувачот да ги исполни условите од договорот поради доцнење.
5.2. Купувачот може да ја одбие и врати на трошок и ризик на Добавувачот (i) секоја испорака на стоки (или дел од неа), која е примена пред датумот на испорака, (ii) секоја делумна испорака или (iii) било која прекумерна количина на стока. Истото важи и за испораки примени по истекотна датумот, периодот или редоследот на испорака. Алтернативно, Купувачот може да прифати испораки во претходните случаи, под услов договорените рокови за плаќање да останат непроменети.
6. ИНСПЕКЦИЈА И ОДБИВАЊЕ:
6.1. Добавувачот е согласен Купувачот да има право да врши увид и тестирање на стоките и изработката до степен кој Купувачот смета дека е изводливо, во секое време и место, вклучувајќи за време на производство; Купувачот исто така има право, без оглед на претходното плаќање или тестови, да го извести Добавувачот дека понудените стоки или услуги или се одбиени или им треба корекција или поправка; и Добавувачот, на сопствен трошок, веднаш ќе ги преземе сите чекори за постигнување целосна усогласеност со сите услови на Договорот за Купување.
6.2. Во случај Нарачката за Купување да содржи услуги на инсталација или составување на купените стоки, Купувачот може да побара од Добавувачот да изврши тестови со кои ќе ја потврди нивната усогласеност со дадените спецификации или предвидената употреба пред конечно прифаќање на стоките. Плаќања направени од страна на Купувачот нема да претставуваат прифаќање на стоките, ниту конечното прифаќање ќе претставува признавање на Купувачот на латентни дефекти или ќе ограничи било кое од правата на Купувачот, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на правата на Купувачот согласно Оддел 8 подолу и/или согласно важечкиот закон за одговорност за производ.
6.3. Под никакви околности плаќањето за стоките и услугите нема да претставува прифаќање на стоки и услуги или ограничување на било кои права на Купувачот, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на, правата на Купувачот наведени во Оддел 8 и 14 подолу.
7. СОПСТВЕНОСТ И ПЛАЌАЊЕ:
7.1. Купувачот ќе добие слободна и чиста сопственост над стоките и услугите купени по прифаќањето на таквите стоки и услуги од страна на Купувачот. Сопственоста ќе се смета дека е пренесена во седиштето на Купувачот, како што произлегува од адресата на Купувачот на Нарачката за Купување по испораката. Ризикот од губење, уништување или оштетување на стоките ќе премине на Купувачот по испораката.
7.2. Роковите за плаќање ќе бидат шеесет (60) календарски дена нето од навремена испорака на стоки и или извршување на услугите и приемот на уредна или ревидирана фактура, освен ако поинаку не е договорено помеѓу Купувачот и Добавувачот во Нарачката за Купување или било која друга Документација за Купување. Доколку Германскиот закон важи за Нарачка за Купување или било кој друга Документација за Купување и доколку не е поинаку договорено помеѓу Купувачот и Добавувачот, роковите за плаќање ќе бидат триесет (30) календарски дена од навремена испорака на стоки и или извршување на услуги и приемот на уредна и ревидирана фактура.
8. ГАРАНЦИЈА: Добавувачот гарантира дека стоките или услугите се
(1) се во согласност со предметната Нарачка за Купување како и со
сите спецификации, цртежи, описи или примероци опремени или утврдени од страна на Купувачот; (2) се во согласност со најсовремените стандарди, се со задоволителен квалитет, од добар материјал и добро изработени, без дефекти; (3) ги вклучуваат најновите достигнувања од областа на инженерството и технологијата;
(4) ќе одговараат и ќе бидат доволни за намената, вклучувајќи, без ограничувања дека ќе може да се справат со предвидениот капацитет,
(5) се во согласност со сите закони и прописи (доколку е применливо) како и во согласност со предвидената употреба на планираната локација на употреба, вклучувајќи ги и Правилата за безбедност и здравје при работа, ако е применливо во локалната јурисдикција; и (6) ги носат сите знаци, ознаки и сертификати потребни за таквата употреба на планираната локација на користење. Дополнително, Добавувачот обезбедува снабдување со резервни делови за стоки за период од 15 години по купување. Добавувачот е одговорен за целосен надомест и компензација на разумните трошоци (вклучувајќи и парични казни и штети) поврзани со дефектни производи или услуги, производи или услуги кои отскокнуваат од предвиденото, како и производи или услуги кои не се во согласност со предвиденото. Добавувачот експлицитно се согласува да го брани, да го обештети и да го штити Купувачот од сите побарувања, загуби, трошоци за замена, случајни, специјални и последователни штети, како и од трошоците за порамнување, предизвикани од било каков настан во рок од 36 месеци од конечното прифаќање, вклучувајќи ги сите трошоците за судските постапки и адвокатски трошоци, кои настанале или произлегле како резултат на прекршувањата на гаранциите на Добавувачот, но сепак под услов секоја Опрема за Производство да била под гаранција, ако не е поинаку договорено во писмена форма, надвор од тие 36 месеци во текот на целиот производствен циклус. Условите од овој Оддел 8 важат и по престанокот или истекот на било кој договорен однос помеѓу страните.
9. ПРЕНЕСУВАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ НА ДОБАВУВАЧОТ: Добавувачот нема да го пренесе, даде на под - договор или да го делегира вршењето на своите обврски без изречна претходна писмена согласност на Купувачот, која може да не се даде од која било причина, а која во ниеден момент не претставува или не се смета за новација, а Добавувачот секогаш ќе му остане одговорен на Купувачот за секое прекршување од страна на лицето на кое му е пренесена обврската и/или подизведувачот на условите дефинирани во Документацијата за Купување.
10. ОПЦИЈА НА КУПУВАЧОТ ЗА ПРЕСТАНОК: Купувачот, по свој избор, може да го раскине Договорот за Купување во целост или делумно со писмено известување до Добавувачот, по чиј прием Добавувачот веднаш ќе престане со работа на денот и во обемот утврден во известувањето и ќе ги прекине сите нарачки и/или договори во обемот кој соодветствува со раскинатиот Договор за Купување. Добавувачот, веднаш по приемот на известувањето за раскинување на Договорот за Купување, ќе го посоветува Купувачот за квантитетот на материјалите и недовршеното производство,или купени и добиени пред престанокот како и за најповолната варијанта за добавувачот во ситуацијата. Добавувачот ќе се придржува до инструкциите на Купувачот, а во врска со трансферот и располагањето со сопственоста и поседувањето на таквата работа и стока. Купувачот ќе му ја плати на Добавувачот цената во нарачката за завршената работа и/или стоката прифатена од страна на Купувачот како и трошоците на Добавувачот за работата во тек и за суровините во врска со прекинатата работа, предмет на ревизија од страна на Купувачот.
11. ОТКАЖУВАЊЕ ПОРАДИ ПРОПУСТ: Ако Добавувачот (а) не ги испорача стоките или не ги изврши услугите во времето определено во Документацијата за Купување (или на друг начин изречно прифатено од страна на Купувачот во писмена форма), (б) не изврши некоја од другите одредби од Договорот за Купување и (ако има можност за исправка) не направи исправка на пропустот во рок од 10 дена од приемот на известувањето од Купувачот за тој пропуст(и) (в) стане неликвиден , направи пренос во корист на доверители или оди во стечај или во ликвидација, или (г) се спои во друго друштво и/или му се изврши експропријација или биде национализиран, тогаш Купувачот, со писмено известување до Добавувачот, може да го откаже во целост или било кој дел од Договорот за Купување, без било каква одговорност, освен во однос на цената која што е определена во Документацијата за Купување за изавршените услуги и комплетираните стоки доставени до и прифатени од страна на Купувачот. Во однос на работата во врска со Договорот за Купување која е завршена, во процес или на друг начин не е завршена, Купувачот го задржува правото да ја преземе целосно сопственоста, слободна и чиста од било какви залози, над цела или дел од таа работа, веднаш по известување на Добавувачот за таа цел, без оглед дали крајните услови за цената се договорени или не. Ако по известувањето за пропустот се утврди дека Добавувачот не направил пропуст, работата засегната со таквото
престанување ќе се смета за прекината согласно претходниот Оддел 10, а правата и обврските на страните ќе се регулираат како што е наведено во Оддел 10.
12. ИЗМЕНИ: Купувачот, во било кое време и со писмено известување до Добавувачот, може да направи измени во генералниот обем на Договорот за Купување. Ако било која ваква измена предизвика зголемување или намалување на трошоците или времето потребно за извршување на било кој дел од Договорот за Купување, цената на нарачката или времето на испорака или обете ќе бидат соодветно прилагодени но само доколку измената била одобрена од претставникот за набавки на Купувачот наведен во односната Нарачка за Купување.
13. ДОВЕРЛИВОСТ: Добавувачот ќе ги чува како строго доверливи условите на секој Договор за Купување, фактот дека му продава на Купувачот, дека бил контактиран од Купувачот заради доставување на стоки и услуги до Купувачот, како и сите разменети информации поврзани со потенцијален или постоен Договор за Купување кој не е моментално достапен за јавноста. Добавувачот понатаму се согласува да не го користи името на Купувачот на било кој начин вклучително, но не ограничувајќи се на рекламирање или други промотивни материјали или публикации без претходно добиена писмена согласност од Купувачот.
14. ПРАВА ОД ИНТЕЛКТУАЛНА СОПСТВЕНОСТ: Добавувачот гарантира (и изјавува) дека продажбата или користењето на стоките и/или услугите не повредува ниту придонесува кон повреда на било кој патент, авторско право, трговска марка, услужна марка или друга интелектуална сопственост на трето лице. Добавувачот со ова го штити Купувачот од одговорност, ќе го обештети и ќе го заштитува од било кој прекршок/побарување/тужба (реална или за која може да претстои) во било која земја и било која и секоја одговорност која произлегува од истите, вклучително, но не ограничувајќи се на адвокатски трошоци и судски трошоци. Сите примероци, шаблони, модли, калапи, шеми, специјални шрафови, мерни инструменти, тест опрема, нацрти, планови, спецификации и било кои и сите материјали доставени до Доставувачот ќе останат во сопственост на Купувачот, а Доставувачот ќе се држи до истата доверливост и нема да ги користи за друго освен за извршување на Договорот за Купување и сите такви материјали ќе му ги врати на Купувачот веднаш по исполнување или откажување на односниот Договор за Купување.
15. ВИША СИЛА: Секој Договор за Купување е предмет на промена од страна на Купувачот во случај на природна непогода, пожар, несреќа, штрајкови, владини мерки или други настани или околности надвор од контрола на Купувачот.
16. КУМУЛАТИВНОСТ НА ПРАВНИ СРЕДСТВА: Правата и правните средства резервирани за Купувачот во Документацијата за Набавка се кумулативни и дополнителни на било кои други или понатамошни права и правни средства добиени со закон или еднаквост. Ниту едно откажување од било кое посебно прекршување или неисполнување нема да се смета за откажување од било кое идно прекршување или неисполнување или од било кое од правата на Купувачот.
17. ОСИГУРУВАЊЕ:
17.1. Добавувачот ќе одржува осигурување на свој трошок на разумно барање на Купувачот и во секој случај во износи соодветни и прифатливи за Купувачот, особено за заштита од можни ризици кои произлегуваат од стоки и/или услуги или во врска со Договорот за Купување. Добавувачот навремено ќе обезбеди потврда за осигурување која го покажува износот на осигурувањето , број на полисите и датумот на истекување и ќе бара осигурителната компанија, брокер или агент да му даде на Купувачот соодветно известување за секое истекување или откажување на било која полиса.
17.2. Доколку е применливо во одредени јурисдикции (на пример САД, Обединето Кралство), Купувачот исто така ќе биде прикажан како дополнителен осигуреник на сеопфатната општа полиса за одговорност видно на сертификатот за осигурување доколку услугите се изведуваат во просториите на Купувачот.
17.3. Купувачот ќе има право да добие такво осигурување по договор со Добавувачот и Добавувачот ќе му ги надомести на Купувачот сите трошоци за набавка на таквото осигурување.
18. ДОКУМЕНТАЦИЈА/ ИМОТ НА КУПУВАЧОТ:
18.1. Сета документација, залихи, материјали, опрема, алати, поврзан софтвер и други предмети (заедно со сите нивни
приклучоци, додатоци, модификации, поправки, реновирања и замени) дадени од Купувачот, директно или индиректно, на Добавувачот за да ги изврши услугите, или за кои Добавувачот бил платен (освен преку амортизација на делови) од Купувачот („Имот на Купувачот“) ќе биде и ќе остане имот на Купувачот и сите права, сопственоста и интереси во Имотот на Купувачот ќе останат кај купувачот, и ќе бидат предмет само на ограниченото право на држење дадено на Добавувачот согласно овој оддел. Купувачот, во кое било време, ќе има право да си го врати Имотот на Купувачот, на барање на Купувачот.
18.2. Добавувачот ќе се однесува со Имотот на Купувачот со должна грижа и внимание и ќе ги одржува постојано подготвени за работа. Освен ако не е поинаку писмено договорено, трошоците за тековни поправки, одржување и подготвеност на Имотот на Купувачот во беспрекорна состојба ќе ги поднесе Добавувачот во секој аспект.
18.3. На барање на купувачот, Добавувачот ќе му ја открие содржината нивните доставени стоки на Купувачот.
19. ДРЖАВНИ ПРОПИСИ/СИГУРНОСТ:
19.1. При извршување на Договорот за Купување, Добавувачот се согласува да работи во согласност со сите применливи федерални, државни или локални закони и правила, вклучително, но не ограничувајќи се на, применливите закони и правила за заштита на животната средина, закони и правила за еднакви можности при вработување, законот за безбедност и здравје при работа и законот за фер работни услови и да го обезбеди истото за подизведувачите и добавувачите. Добавувачот се обврзува да работи без коруптивни практики, да не се вклучува во кривични дела и да ги преземе сите потребни мерки да избегне појава на такви постапки. Добавувачот ќе работи во согласност со сите применливи антикорупциски закони вклучително, но не ограничувајќи се на Британскиот закон за корупција.
19.2. Добавувачот сам ќе биде одговорен за усогласеноста со сите задолжителни одредби во врска со работни односи, како и за сите прашања во врска со својот персонал и со вработените назначени или ангажирани од Добавувачот за да ги извршат услугите кои се предмет на одредена Нарачка за Набавка дадена од Купувачот. Нема да има никаква договорна, работна или друга врска помеѓу Купувачот и персоналот на Добавувачот или неговите назначени или ангажирани вработени; соодветно, Добавувачот сам ќе биде одговорен и ја презема обврската да го обесштети и да го заштити Купувачот од секоја тужба или постапка која персоналот на Добавувачот или неговите назначени или ангажирани вработени може да ги поднесат против Купувачот.
19.3. Добавувачот ќе преземе превентивни мерки за заштита на просториите на Купувачот и ќе го заштити Купувачот од сите можни штети и/или загуби кои ќе настанат во врска со професионални несреќи на персоналот на Добавувачот и/или неговите назначени или ангажирани вработени.
19.4. Добавувачот ја презема обврската да ги преземе сите активности во врска со соодветната Нарачка за Купување со своја опрема и алати и/или со дозвола да ги користи од нивниот сопственик. Во било кое време на барање на Купувачот, Добавувачот .мора да обезбеди соодветен доказ за сопственост на опремата и алатите кои Добавувачот ќе ги користи за време на давањето на услугите во просториите на Купувачот. Купувачот нема да биде одговорен за било кои стоки и материјали кои Добавувачот ги користи за време на давњето на услугите нарачани од Купувачот.
19.5. Добавувачот ќе ги обезбеди и ќе ги плати сите лиценци, дозволи и инспекции кои се барани од владин орган или агенција во однос на предметот на нарачката за Купување.
20. ВАЖЕЧКО ПРАВО; ЈУРИСДИКЦИЈА: Условите на Договорот за Купување, вклучително и овие Индиректни Услови и Правила, ќе бидат составени согласно со законите на земјата (државата/провинцијата ако е применливо) во која се наоѓа седиштето на Купувачот видно од адресата на Купувачот на Нарачката за Купување. Основните судови во местото на седиштето на Купувачот ќе имаат исклучива надлежност. Правилата и условите наведени во Конвенцијата за Меѓународна Продажба на Стоки на Обединетите Нации (ЦИСГ) со ова се изречно исклучени од примена.
21. ИЗМЕНИ/ЗАСЕБНОСТ:
21.1. Никакви промени, дополнувања и измени на овие Индиректни Правила и Услови нема да бидат важечки или обврзувачки, освен ако не се изречно писмено договорени помеѓу Купувачот и Добавувачот.
21.2. Ако некоја одредба од овие Услови и Правила е прогласена или произлезе дека е неспроведлива или не е валидна, валидноста на останатите одредби ќе остане незасегната.
22. ДАНОК ПО ЗАДРШКА :
22.1. Доколку законската регулатива бара данок по задршка и/или други слични даноци или давачки да бидат задржувани од Купувачот во врска со услугите кои ги обезбедува Добавувачот (како што се испорака на стоки, вршење на услуги, давање на лиценца за права) и тие мора да бидат исплатени на државата или владиниот орган, Купувачот има право да го одбие достасаниот износ на данок по задршка и/или други слични даноци или давачки од договорениот надомест. Во такви случаи, Купувачот ќе ја должи исплатата на надоместот намален за достасаниот износ на данок по задршка и/или други слични даноци или давачки.
22.2. Во случаи кога Xxxxxxxxx веќе го исплатил бруто износот на надоместокот без одбивање на данокот по задршка и/или други слични даноци или давачки, Добавувачот е должен да му го надомести уплатениот износ на данок по задршка и/или другите слични даноци или давачки, платени во врска со надоместокот на Купувачот и истиот ќе го обештети Купувачот.
22.3. До степен до кој правото на наплата на данокот по задршка и/или други слични даноци или давачки, во целост или во дел, се ограничени со меѓувладини договори, Добавувачот веднаш ќе ги достави сите документи (на пример, на потврда за даночен резидентен статус, потврда за ослободување), кои се неопходен предуслов за било кое целосно или делумно ослободување од данок по задршка на Купувачот.
23. ПРАВО НА ПРИСТАП НА КУПУВАЧОТ:
Купувачот, по претходно известување од дваесет и четири (24) часа ќе има пристап до работните простории на Добавувачот во нормално работно време со цел да изврши надзор врз работата на Добавувачот според овој Договор. Ова право на пристап ќе биде овозможено, пред се, на сите лица кои работат за Купувачот кои се одговорни за надзор врз напредокот на примената на резултатите од ревизија, за инспекција, или се одговорни за оценка на Добавувачот. Дополнително, правото на пристап може да ги вклучи клиентите и претставниците на Купувачот или претставници од јавни органи од кои се бара да извршат инспекција, но само доколку се придружувани од претставник на Купувачот. Добавувачот ќе ги обезбеди истите права на пристап за Купувачот и во однос на просториите на под-добавувачите
/подизведувачите на Добавувачот.