Contract
|
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
(1) Општите услови за осигурување на лица од последици од несреќен случај (незгода) и овие Дополнителни услови за осигурување на деца од последици на несреќен случај (во натамошен текст: Дополнителни услови), се составен дел на договорот за осигурување на деца од последици на несреќен случај, што договарачот на осигурувањето ќе го склучи со Националната групација за осигурување АД "Осигурителна полиса" - Скопје (во натамошен текст: осигурувач).
(2) Договарач може да биде родителот или старателот на детето, како и секое друго физичко или правно лице што има интерес да склучи вакво осигурување.
(3) So овие Дополнителни услови се осигуруваат деца до 14 години живот без оглед на здравствената состојба и без плаќање на зголемена премија во смисла на член 9 став (4) точка 3 од Општите услови, освен душевно болните деца кои во секој случај се исклучени од осигурувањето.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 2
(1) Осигурувачот е во обврска да ја исплати договорената осигурена сума предвидена во полисата целосно или делумно, или да надомести трошоци за лекување ако несреќниот случај кој има за последица инвалидитет, или краткотрајно нарушување на здравјето на осигуреникот настане:
1. во секојдневниот живот на осигуреното дете (дома и надвор од куќата, во училиште, на улица, на игралиште, при играње, при училишна настава, при излети и екскурзии и тн.);
2. при возење со кое и да е превозно средство;
3. при занимање со следните спортови: гимнастички вежбања, атлетика, пливање, веслање, едрење, возење со кајак, рибарење, санкање, скијање, лизгање по мраз, голф, фудбал, ракомет, одбојка, кошарка, тенис, мечување, јавање, возење со велосипед и со ролшуи, како и при скијачки скокови.
(2) Кога ќе настапи смрт на осигуреното лице поради несреќен случај, осигурувачот е во обврска трошоци за погреб да ја исплати договорената осигурена сума во случај на смрт, но, најмногу до износот кој како максимален е утврден со одлука на Одборот на директори на Националната групација за осигурување АД "Осигурителна полиса" - Скопје.
ТРАЕЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член З
Ако во полисата е означен само денот на почетокот на осигурувањето, осигурувањето автоматски престанува со истекот на онаа година на осигурување во која осигуреното дете наполнило 14 години живот.
КОРИСНИЦИ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 4
Доколку во полисата не е предвидено, како корисник на осигурувањето се смета:
1. за трошоци за погреб во случај на смрт на осигуреникот - лицето што ќе докаже дека ги исплатило трошоците или дека, е во непосредна обврска да ги плати;
2. во случај на инвалидитет на осигуреникот, самиот осигуреник;
3. во случај на краткотрајно нарушување на здравјето на осигуреникот, лицето што ќе докаже дека ги исплатило трошоците за лекување, или е во непосредна обврска да ги плати.
ПРАВНА ПОУКА
Член 5
Осигуреникот има право до Агенцијата за супервизија на осигурување како надлежен орган за супервизија на друштвото за осигурување, да достави претставка во однос на друштвото.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 6
Овие Дополнителни услови важат со Општите услови за осигурување на лица од последици од несреќен случај, а доколку нивната содржина е во спротивност со содржината на Општите услови, важат овие Дополнителни услови.