Contract
|
|
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
(1) Општите услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај (незгода) и овие Дополнителни услови за колективно комбинирано осигурување на пензионери од последици на несреќен случај (во натамошен текст: Дополнителни услови) се составен дел на договорот за колективно комбинирано осигурување од последици на несреќен случај, кој договарачот го склучил со Националната групација за осигурување АД "Осигурителна полиса" - Скопје (во натамошен текст: осигурувач).
(2) Договарач на осигурување може да биде секое правно лице.
СПОСОБНОСТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 2
(1) Според овие Дополнителни услови можат да се осигуруваат пензионери без оглед на годините на старост и здравстве-ната состојба и без плаќање на зголемена премија во смисла на член 9. став (3) точка 3 од Општите услови, освен лицата потполно лишени од деловна способност кои во секој случај се исклучени од осигурување.
НАЧИН НА СКЛУЧУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ
Член 3
(1) Договор за колективно комбинирано осигурување на пензионери од последици на несреќен случај може да се склучи по список со назначување на името, презимето и годината на раѓањето.
ТРАЕЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 4
(1) Ако во полисата не е поинаку договорено, осигурувањето започнува во 24,00 часот оној ден кој е означен како почеток на осигурувањето и престанува во 24,00 часот оној ден кој во полисата е наведен како ден на истек на осигурувањето.
(2) Ако во полисата е наведен само почетокот на осигурувањето, договорот за колективно комбинирано осигурување се продолжува од година во година се додека една од договорните страни не го откаже во смисла на член 8 од овие Дополнителни услови.
(3) За работниците кои се пензионирани по почетокот на осигурувањето означено во полисата, осигурувањето им започнува во 24,00 часот оној ден кога им престанал работниот однос кај договарачот на осигурувањето поради одење во пензија, под услов тоа договарачот да го пријави кај осигурувачот во рок од 30 дена.
(4) Договорот за осигурување престанува за секој осигуреник во 24,00 часот оној ден кога ќе поднесе писмено барање дека не сака да биде осигурен или договорот престанал по друг основ.
ОСИГУРЕНА СУМА
Член 5
(1) Осигурената сума означена во полисата е највисокиот износ до кој осигурувачот е во обврска за секој одделен осигуреник.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 6
(1) Обврската на осигурувачот по основ на осигурување од последици на несреќен случај се регулира со одредбите од членовите 5, 8, 9 и 10 од Општите услови.
НАЧИН И РОКОВИ НА ПРЕСМЕТУВАЊЕ И ПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈАТА
Член 7
(1) Пресметување на премијата се врши, во рокот означен во полисата за осигурување според фактичкиот број на осигурениците.
(2) Премијата се плаќа однапред за времето утврдено во полисата, доколку поинаку не е договорено.
(3) Обврска на осигурувачот спрема осигурувањето постои и во случај кога договарачот не ја платил премијата во рокот означен во полисата, ако осигурениот случај настанал за времетраење на осигурувањето во смисла на членовите 6 и 19 од Општите услови.
(4) Конечна пресметка на премијата се врши на крајот на траењето на осигурителната година. За пензионерите кои пристапуваат во текот на траењето на осигурувањето се плаќаат онолку дванаесеттини од годишната премија колку што месеци е во сила нивното осигурување до истекот на осигурителната година.
(5) Договарачот е должен на осигурувачот да му ја стави на увид евиденцијата и документацијата од која може да се утврди бројната состојба на пензионерите, како и висината на пресметаната и уплатената премија.
РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ
Член 8
(1) Секоја договорна страна, доколку договорот не престанал од некои други причини, може да го раскине договорот за колективно комбинирано осигурување на пензионери со неодредено траење.
(2) Раскинувањето на договорот се врши по писмен пат најмалку три месеци пред истекот на тековната година на осигурувањето.
ПРАВНА ПОУКА
Член 9
Осигуреникот има право до Агенцијата за супервизија на осигурување како надлежен орган за супервизија на друштвото за осигурување, да достави претставка во однос на друштвото.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 10
Овие Дополнителни услови важат со Општите услови за осигурување на лица од последици од несреќен случај, а доколку се во спротивност со содржината на Општите услови, важат овие Дополнителни услови.
ЧЛЕН 11
Овие Услови влегуваат во сила од 01.01.2021г. со што престануваат да важат Дополнителните условите за колективно осигурување на пензионери од последици на несреќен случај (незгода) (пречистен текст) бр.07-15/2-1/4 од 03.01.2014г.
Одбор на директори Претседател
М-р.Xxxxxx Xxxxxx