1] Одделните изрази наведени во овие Услови ги имаат следните значења: осигурувач e Триглав Oсигурување АД Скопје;
Општи услови за осигурување животни
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
[1] Одделните изрази наведени во овие Услови ги имаат следните значења: осигурувач e Триглав Oсигурување АД Скопје;
договарач е лице кое со осигурувачот го склучува Договорот за осигурување;
осигуреник е лице чиј имот и/или имотен интерес е осигурен со Договорот за осигурување; полиса е исправа за склучен Договор за осигурување;
премија за осигурување е договорен износ кој договарачот на осигурувањето му го плаќа на осигурувачот;
надомест од осигурување е износ кој осигурувачот го исплаќа при настанување на осигурен случај;
каренца е временски период на почетокот на договореното траење на осигурувањето утврден од страна на осигурувачот, во кој се исклучени обврските на осигурувачот доколку настане осигурен случај;
осигурен случај е иден, неизвесен и независен од исклучивата волја на осигуреникот штетен настан врз основа на кој настануваат обврските на осигурувачот од Договорот за осигурување, односно настан предизвикан од осигурен ризик;
осигурително покритие е обврска на осигурувачот да ги исполни обврските од Договорот за осигурување според договорените услови.
[2] Овие услови се темелат врз Законот за облигационите односи Законот за супервизија на осигурувањето и Законот за заштита и благосостојба на животните како и останатите подзаконски акти донесени врз основа на овие закони, и на соодветен начин се применуваат на договорот за осигурување кој што го склучуваат договарачот на осигурувањето и осигурувачот.
[3] Општите услови се составен дел на понудата и договорот за осигурување што договарачот на осигурувањето, односно осигуреникот ќе го склучи со Триглав Осигурување АД, Скопје.
член 1: осигурени опасности
[1] Осигурувачот ги надоместува штетите на осигурените животни во случај на:
1) пцовисување на животното поради болест или несреќен случај;
2) принудно колење на осигуреното животно кога, поради болест или несреќен случај, му се заканува непосредна опасност од пцовисување (принудно колење поради опасност за живот или од економски причини).
[2] При осигурување на пчели, осигурувачот ја покрива и штетата поради уништување на кошницата и медот во медиштето.
[3] Ако се договори и дополнително осигурување по Посебните услови за осигурување на животни и се плати соодветна дополнителна премија, осигурувањето на животни покрива и:
1) трошоци за лекување;
2) губење на теле и ждребе при отелување и ождребување;
3) пцовисување како последица на хемиски препарати кои се користат во земјоделството;
4) губење на приплодна способност; и
5) бегање на риби поради поплава или буици.
[4] Обемот на осигурителното покритие за дополнителни договорени опасности е утврден во Посебните услови за осигурување на животни.
член 2: дефинирање на поимите болест и несреќен случај
[1] За несреќен случај се смета секој ненадеен и од волјата на осигуреникот независен настан кој дејствува однадвор и ненадејно врз осигурените животни, и има за последица заболување, лекување, принудно колење или пцовисување.
Како несреќен случај се смета:
1) Пожар, удар од гром, експлозија, поплава, луња, лизгање и одронување на терен, снежна лавина, паѓање на воздушни летала;
2) Прегазување или судир со возила од сите видови, освен кај штети кои се надоместуваат по основа на одговорност;
3) Удар од одреден предмет или во одреден предмет, меѓусебна борба меѓу животните, ранување со оружје, паѓање, лизнување и слични надворешни повреди;
4) Давење во вода или кал, повреди нанесени од диви животни или каснување од змија;
5) Механичко задушување поради надворешни повреди, дејство на електрична струја и последици од топлина или смрзнување.
[2] Болест е абнормална состојба на организмот која го отежнува функционирањето на телото. Како болест се сметаат и: проблеми при раѓање, мозочен удар, алиментарни интоксикации, надуеност, грчеви, хернија. Под заразни болести во смисла на овие Услови се подразбираат болести кои имаат инфективен карактер и се преносливи.
член 3: предмет на осигурување
[1] Предмет на осигурување согласно овие Услови можат да бидат здрави животни, и тоа:
1) Копитари (коњи, маски, магариња и муле) со старост од 10 дена до 18 години, кај високовредни расплодни пастуви и до 21 година;
2) Говеда и биволи, според категории од:
– телиња за гоење од 10 дена до крајот на гоењето;
– јуници од 3 месеци до наполнети 17 месеци;
– стелни јуници и расплодни крави од 18 месеци до наполнети 12 години и
– расплодни бикови до наполнети 15 години;
3) Свињи од 21 ден или најмала тежина од 5 килограми до:
– крајот на гоењето;
– нерези, назимки и маторици до 7 години;
4) Овци и кози со старост од 3 месеци до наполнети 6 години.
[2] Други видови на домашни и други животни, како и животни под и над старосните граници определени со став (1) од овој член, можат да се осигураат само согласно Посебни услови на осигурување. Одредбите од овие Општи услови се применуваат и за Посебни услови за осигурување само ако тоа е предвидено согласно тие Посебни услови за осигурување.
[3] Осигуреникот е должен да ги осигура сите животни од ист вид кои се водат на истото одгледувалиште. Само со посебна согласност на осигурувачот, осигуреникот може да осигура само дел од животните од ист вид, односно поединечни категории животни, кои можат да се разликуваат.
[4] При склучување на Договорот за осигурување треба да се пријават и сите животни кои не се предмет на осигурување согласно овие Услови за осигурување и истите треба да се наведат во осигурителната документација. Ако за времетраење на осигурителното покритие таквите животни станат способни за осигурување (младите животни достигнуваат влезна возраст, болните животни оздравиле и сл.), осигуреникот треба да ги осигура најдоцна во рок од 14 дена од денот кога тие ги исполниле условите за осигурување.
[5] Осигурувачот може да побара на трошок на осигуреникот, доколку животните не се обележани или не се распознаваат, истите да се обележат така што ќе можат несомнено да се распознаваат.
[6] Не може да се примат во осигурување:
1) Животни кои се болни или постои сомневање за некоја болест;
2) Истоштени, закржлавени и слепи животни, животни во лоша кондиција;
3) Животни кои се чуваат во несоодветни зоохигиенски услови;
4) Животни кои не се економски исплатливи да се одгледуваат (животни за шкарт).
член 4: опасности кои не се опфатени со осигурувањето
[1] Со осигурителното покритие не се опфатени опасностите (ризиците) кои не се наведени во член 1 од овие Услови, како и штетите кои ќе настанат:
1) За време додека обврската на осигурувачот не започнала, согласно одредбите на овие Општи услови;
2) Поради болест на осигуреното животно, ако се утврди дека болеста постоела пред склучување на Договорот за осигурување, без оглед дали знаците на заболувањето биле забележани или не, и ако штетата настанала во рок од три месеци по склучување на осигурувањето или ако во тој рок недвосмислено е утврдено постоење на болеста;
3) Заболување, принудно колење, принудно отепување или пцовисување на животното настанато поради негово долготрајно, неразумно и претерано искористување;
4) Поради приплодна неспособност (јаловост) на животното, делумно губење на видот, убавината, млечноста, а кај гоените животни и поради мал прираст, и тоа без оглед на тоа од кои причини дошло до такви промени;
5) Испаѓање на матка или на вагина, ако тоа не е предизвикано од тешкото породување;
6) Поради недоволна или неправилна исхрана или исхрана со штетна храна по вина на осигуреникот;
7) Небрежност во одгледувањето на животните од страна на осигуреникот;
8) Поради кастрација или овариотомија извршена од нестручно или неовластено лице;
9) Поради земјотрес, нуклеарна експлозија и радиоактивна контаминација;
10) Поради кражба, загуба или мана на животното;
11) Поради воена и/или вонредна состојба, терор, насилство, јавни демонстрации и манифестации, за време на воени вежби или маневри, како и за време на најмување на животните на трети лица;
12) Кога осигуреното животно престојува надвор од местото наведено во полисата, а осигуреникот за таа промена не го известил осигурувачот;
13) Поради транспорт на животните, товарање, растоварање или претоварање;
14) Поради неизвршена вакцинација против болест која му се заканува на животното, ако штетата е настаната поради таа болест;
15) Поради пцовисување кое настанало како последица на непреземање и непридржување на ветеринарно- санитарните мерки за спречување на заразните и други болести предвидени со закон или со прописи донесени врз основа на закон, и во случај кога надлежниот орган не донел наредба за принудно колење или принудно отепување на животното;
16) Поради туберкулоза, бруцелоза, инфективна анемија кај копитари, лигавка и шап, свинска чума и леукоза (па и ако овие болести се утврдени само по клинички пат);
17) Поради принудно колење или отепување на животното извршено по наредба на надлежен орган;
18) Поради ветеринарни трошоци и други обврски одредени со Законот за заштита и благосостојба на животните.
[2] Осигурувачот не ги покрива трошоците за:
1) убивање, односно безболно убивање на животни;
2) отстранување на мртво или убиено животно. [3] Осигуреникот ги губи своите права:
1) поради ненавремено лекување на засегнатото животно, ако за тоа е виновен осигуреникот;
2) ако заколе или убие животно самоиницијативно, без фактичка потреба во однос на одредбите од овие Услови;
3) ако заколе или убие животно од економски причини без одобрување на осигурувачот;
4) ако не ги спроведува безбедносните мерки утврдени во Условите на осигурување.
[4] Осигурувачот не презема никаква обврска или право кое за осигуреникот произлегува од Законот за ветеринарно здравство.
член 5: сума на осигурување
[1] Животните се осигуруваат на вредност за која ќе се договорат осигурувачот со договарачот на осигурување, но таа вредност во секој случај не може да биде поголема од нивната реална пазарна вредност.
[2] Животните за гоење се осигуруваат на вредност што ќе ја постигнат на крајот на траењето на гоењето.
[3] По правило, сумата на осигурување се утврдува за секое животно поединечно. Кај ситните животни и животните кои се држат во стадо, а вредноста им е приближно изедначена, сумата на осигурување може да се одреди на просечна вредност – просечна сума на осигурување.
[4] Осигурувачот може за поединечни видови и категории на животни да ја определи највисоката и најниската вредност на која може да се склучи Договорот за осигурување.
[5] Сумата на осигурување е највисок износ на осигурена сума до која осигурувачот дава покритие и не може да служи како доказ за реалната (пазарна) вредност на животното.
член 6: место на осигурување
[1] Осигурителното покритие се применува само додека осигурените животни се наоѓаат во местото означено во полисата.
[2] Ако осигуреното животно заради исхрана, сместување или работа се пренесува од едно во друго место, тие места мораат да бидат наведени во полисата.
[3] Ако не е договорено поинаку, осигурителното покритие не важи кога животните се на изложба, на добиточни пазари, спортски и други манифестации и на тренинзи за такви манифестации.
[4] Осигуреникот е должен писмено да го извести осигурувачот ако осигуреното животно постојано или за повеќе од 14 дена го премести од местото наведено во полисата на некое друго место, или ако меѓу осигурените животни донесе друго животно од ист вид, најдоцна во рок од 3 дена од денот на преместување или доведување на ново животно.
[5] Осигурителното покритие важи само за територијата на Република Северна Македонија.
член 7: склучување на договор за осигурување
[1] Договорот за осигурување може да се склучи врз основа на понуда од договарачот на осигурувањето, која во писмена форма му ја поднесува на осигурувачот.
[2] Со потпишување на понудата, понудувачот изјавува дека пред склучување на договорот бил запознат со условите на склучување и изведување на осигурањето и дека договорните одредби се усогласени со договореното меѓу договорните страни.
[3] Потпишаната понуда за склучување на Договорот за осигурување која му била поднесена на осигурувачот го обврзува понудувачот во рок од (8) дена од денот кога пристигнала кај осигурувачот. Ако осигурувачот во тој рок не го одбие барањето, кое не отстапува од условите што ги предложил за осигурување, ќе се смета дека го прифатил барањето и дека договорот е склучен.
[4] Договорот за осигурување се склучува за период од една година
[5] Во случај на договор склучен на далечина, осигурувачот може да одреди дека Договорот за осигурување е склучен со самата уплата на премијата.
член 8: полиса
[1] Во полисата мораат да бидат наведени: договорните страни, опис на осигуреното животно и број на идентификација, ризикот опфатен со осигурувањето, траењето на осигурувањето и периодот на покритие, сумата на осигурување, премијата за осигурување, датумот и местото на издавање и потписи на договорните страни.
член 9: почеток и престанок на осигурителното покритие
[1] Ако не е договорено поинаку, осигурителното покритие за пцовисување, принудно колење или колење на животни поради незгода започнува да важи од дваесет и четвртиот час на денот што е означен во полисата како ден на почетокот на траењето на осигурувањето.
[2] Ако не е договорено поинаку, осигурителното покритие за пцовисување, принудно колење или
колење на животни поради болест започнува од дваесет и четвртиот час на 14-тиот ден од денот што е означен во полисата како ден на почетокот на траењето на осигурувањето.
[3] Полисата за осигурување започнува да важи за опасностите од:
1) крввоурината(hemаturiаvesicаlisbovis)– дваесетичетвртиот час на 180-тиот ден од денот што е означен во полисата како ден на почетокот на траењето на осигурувањето, ако дотогаш е платена првата рата од премијата, во спротивно осигурителното покритие започнува во дваесет и четвртиот час на 180-тиот ден од денот кога е платена првата рата на премијата за осигурување;
2) незаразна болест од која осигуреното животно ќе се разболи во каренцата и до крајот на каренцата нема да оздрави – дваесет и четвртиот час на денот кога животното оздравело, за што договарачот на осигурувањето треба на осигурувачот да му достави потврда од матичен ветеринар дека животното е здраво;
3) доколку осигуреното животно се разболи во каренцата од заразна болест – дваесет и четвртиот час на истиот ден кога е утврдено дека заразната болест е сузбиена, со тоа што тоа важи и за сите други животни од ист вид на исто осигурително место. Сузбивањето на заразната болест договарачот треба да го докаже со потврдата од матичниот ветеринар.
[4] Осигурителното покритие завршува во дваесет и четвртиот час на оној ден чиј датум е запишан на полисата како датум на истекување на осигурувањето.
[5] Договорот за осигурување може да биде со траење од една година или повеќегодишен, кога се продолжува од година во година.
член 10: каренца
[1] Во случај на штети од пцовисување, принудно колење или принудно отепување кои ќе настанат како последица на некоја болест, доколку не е поинаку договорено, се применува каренца од четиринаесет дена од денот на склучување на договорот за осигурување (Член 8 став 2).
[2] Ако осигуреното животно се разболи за времетраење на каренцата, а осигурениот случај какo последица на тоа заболување настане за времетраење на каренцата или по истек на каренцата, осигуреникот нема право на надомест на штета по основа на осигурувањето.
[3] Ако осигурувањето е условено со вакцинација, а вакцинацијата не е извршена пред почетокот на осигурителното покритие, каренцата за болеста против која треба да се вакцинира започнува од денот на извршеното вакцинирање.
[4] Во случај на зголемување на сумата на осигурување при обнова или за времетраење на осигурителното покритие, за зголемената сума на осигурување се применува каренца од 14 дена и надоместок на штета ќе се пресметува врз основа на старата сума на осигурување, ако заболувањето или осигурениот случај како последица на болест настане во рок од 14 дена од денот на извршеното зголемување.
[5] Договарачот на осигурувањето може со посебна доплата да ја исклучи каренцата. Во вакви случаи обврската на осигурувачот за надомест на штети започнува од дваесет и четвртиот час на денот што е означен во полисата како ден на почетокот на траењето на осигурувањето.
[6] При обнова на полисата, каренцата важи само за оние животни кои ќе бидат додадени во полисата, ако не е поинаку договорено.
член 11: осигурен случај
[1] Се смета дека осигурен случај настапил оној момент кога настанала една од осигурените опасности опфатени со ова осигурување.
[2] По исклучок, со претходна согласност на осигурувачот, се смета дека осигурен случај настанал во моментот кога осигуреното животно поради осигурен ризик било предадено на принудно колење.
[3] Кај осигурувањето за лекување на животните, осигурен случај настанал оној момент кога животното заболело, односно во времето на извршување на договорените здравствени услуги.
[4] По настанувањето на осигурен случај кај кој осигурените животни поради болест или повреда се лекувани, осигурителното покритие се продолжува (ако не е поинаку договорено), а за животните кои поради настанување на осигурен случај пцовисале или биле принудно заклани, осигурителното покритие престанува.
[5] Договорот за осигурување е ништовен ако во моментот на неговото склучување веќе настанал осигурен случај или тој бил во настанување, или било извесно дека ќе настане, или ако веќе тогаш постоела можност тој да настане.
член 12: обврски на осигуреникот по настанување на осигурен случај
[1] Ако осигуреното животно се разболи или се повреди во незгода, осигуреникот треба веднаш да го повика ветеринарот, да ги спроведува неговите упатства и да ги преземе сите потребни мерки за да се спречи, односно да се намали штетата.
Во случај на заболување или несреќен случај на поголем број животни, осигуреникот е должен веднаш да го извести осигурувачот.
[2] Во случај кога поради болест или несреќен случај постои непосредна опасност од пцовисување, осигуреникот е должен, поради намалување на штетата, да изврши принудно колење на осигуреното животно кога тоа ќе го препорача ветеринар или осигурувачот ќе даде дозвола.
Во итни случаи на непосредна опасност од пцовисување, осигуреникот е должен и сам да изврши принудно колење на осигуреното животно заради намалување на штетата.
[3] Осигуреникот треба да води евиденција за лекување на осигурените животни. При пријавувањето на осигурен случај поради болест, треба да поднесе и потврди за лекување (амбулантски дневници, сметки и сл.), инаку согласно овие Услови се смета дека животното не било навремено лекувано.
[4] Принудно колење од економски причини може да се изврши дури по писмено одобрение од осигурувачот. Во такви случаи осигуреникот ќе набави писмено мислење од ветеринар и ќе го достави до осигурувачот на решавање.
[5] Во случај на настанување на осигурен случај, осигуреникот е должен на сопствен трошок да ја достави сета потребна документација за решавање на барањето (пријава на штета, извештај на ветеринарот, потврда за извршено колење, потврда за продажба на животно, потврда за осеменување, датум на породување, потврда за движење на животното, амбуланторен дневник итн.).
[6] Во случај на непозната причина за пцовисување или убивање на осигуреното животно, осигуреникот е должен на сопствен трошок да достави наод од извршена обдукција.
[7] За осигурен случај настанат поради пожар, експлозија, судир на животното со возило, повреда со оружје или труење со хемикалии осигуреникот треба веднаш да го извести надлежниот орган за внатрешни работи (полиција) и да наведе кои животни се засегнати.
[8] Ако осигуреникот самиот го заколе или убие осигуреното животно, треба тоа да го изврши согласно ветеринарно-санитарните прописи.
[9] Осигуреникот треба на осигурувачот да му пријави настанување на осигурен случај најдоцна во рок од 3 дена од денот на настанување на осигурениот случај.
[10]Ако осигуреникот не го извести осигурувачот за настанатиот осигурен случај во определеното време, должен е да му ја надомести евентуалната штета на осигурувачот што тој би ја имал поради дополнителното утврдување на штетата.
[11]Осигуреникот има обврска да ги преземе потребните мерки за заштита на животните од заразни болести, од паразити, како и од дивеч.
[12]Осигуреникот има обврска со осигурените животни да постапува правилно, уредно да ги чува, правилно да ги храни, разумно да ги искористува и да ги преземе сите мерки за избегнување на штетите кај животните.
[13]Осигуреникот има обврска да врши редовно шкартирање на закржлавени, стари и за понатамошно чување неповолни животни.
Шкартираните животни можат да останат во осигурување најмногу до 30 дена од денот на извршеното шкартирање.
член 13: пријавување на околности значајни за ризикот
[1] Договарачот, односно осигуреникот должен е при склучување на Договорот за осигурување да му ги пријави на осигурувачот сите околности кои се неопходни за процена на ризикот и кои му се познати или не можеле да му останат непознати. Особено важни се сметаат оние околности без кои не е можно
да се склучи осигурувањето, односно се такви што осигурувачот би го склучил осигурувањето под посебни или изменети услови, односно не би го склучил осигурувањето.
[2] Договарачот на осигурувањето е должен да го извести осигурувачот за секоја промена на околностите кои би можеле да бидат значајни за оцената на ризиците (преместување во полоши и/или потешки услови за работа или одгледување, преместување од местото наведено во Договорот за осигурување, сместување на други животни меѓу осигурените животни итн.). Во овој случај договарачот на осигурувањето е должен без одлагање да го извести осигурувачот, ако ризикот е зголемен со некоја негова постапка, а ако зголемувањето на ризикот се случило без негово учество, тој е должен да го извести осигурувачот во рок од 14 дена откога дознал за тоа.
член 14: исклучувања на обврските на осигурувачот
[1] Осигурувачот нема обврски:
– за претходни состојби, освен ако при склучување на осигурувањето му биле пријавени на осигурувачот и ако истите ги прифатил.
Претходна состојба е болест, состојба односно повреда (вклучувајќи здравствени тешкотии, знаци на болест или симптоми) која настанала пред склучување на осигурувањето, односно постоела при склучување на осигурувањето, без разлика дали била дијагностицирана, односно лекувана и дали му била позната на осигуреникот или не можела да остане непозната;
– за болест, состојба односно повреда која во Договорот за осигурување е наведена меѓу исклучените обврски на осигурувачот.
член 15: утврдување и процена на штета
[1] Настанатата штета треба да се утврди веднаш на местото на настанување на осигурениот случај, на трупот или остатоците на пцовисаното, заклано или убиено животно.
[2] Настанатата штета ја утврдуваат претставник на осигурувачот, осигуреникот и надлежниот ветеринар. Ако претставникот на осигурувачот или надлежниот ветеринар не можат да учествуваат во утврдувањето на штета, штетата ја утврдува самиот осигуреник со сведоци, фотографии и со записник.
[3] При утврдување на штета треба да се утврдат околностите во кои настанала штетата, осигурената вредност на осигуреното животно, вредноста на остатоците и трошоците во врска со настанатиот осигурен случај.
[4] При пцовисување на осигуреното животно, штетата се пресметува според сумата на осигурување на животното или според реалната пазарна цена, доколку истата е пониска од сумата на осигурување пред самата незгода или заболувањето што претставува непосредна причина за настанување на штета, намалена за вредноста на употребливите делови на пцовисаното животно и договорената франшиза.
[5] При принудно заклано животно, штетата се пресметува до 60% од сумата на осигурување на осигуреното животно, во зависност од искористување на употребливите остатоци, водејќи притоа сметка за ветеринарно-санитарните прописи.
член 16: постапка на утврдување на штета со комисија– вештачење
[1] Во случај осигуреникот и осигурувачот да не се спогодат при утврдување и процена на штетата, секоја од договорените странки може да предложи штетата да се утврдува со вештачење.
[2] Предмет на вештачење можат да бидат утврдување на големината на штетата, причините за штетата и други работи ако се договорат, освен утврдување на право на надомест на штета.
[3] Барањето за вештачење се поднесува во писмена форма, со наведување на работите што ќе бидат предмет на вештачењето.
[4] Двете страни заеднички определуваат вешто лице кое мора да биде од овластена институција за вештачење, при што трошоците за вештачењето ги сносат двете страни еднакво.
член 17: пресметка за надомест на штета
[1] Осигурувачот има обврска да исплати надомест по основа на осигурувањето за штети причинети
од осигурени ризици согласно одредбите на овие Општи услови и на Посебните услови согласно кои осигурувањето е склучено, и тоа во законскиот рок кој не може да биде подолг од 14 дена од денот на комплетирање на целосната документација.
[2] Во случај на присилно колење поради опасност од пцовисување или од економски причини, осигурувачот ја исплаќа штетата максимум до 60% од сумата на осигурување на осигуреното животно. Ако осигуреникот не изврши принудно колење или тоа го сторил со задоцнување или со некоја друга постапка ја намалил вредноста на искористувањето, осигурувачот ќе ја намали висината на штетата за толку за колку што осигуреникот со своето однесување придонел за намалување на вредноста на искористувањето од настраданото животно.
[3] Износот на надоместокот по основа на осигурување не може да биде поголем од штетата што осигуреникот ја претрпел со настанување на осигурениот случај.
[4] Осигуреникот нема право по настанување на осигурен случај да му го препушти на осигурувачот животното врз кое настанало осигурениот случај или добиените производи и од него да бара исплата на целосната сума на осигурување.
[5] Ако е договорено осигуреникот да сноси дел од штетата (франшиза), при настанување на осигурен случај надоместокот од осигурувањето ќе се утврди на тој начин што на осигуреникот му се намалува дел од штетата во висина на договорената франшиза.
[6] За реална вредност на животното се смета вредноста што ја имало животното пред заболувањето што било причина за настанување на штетата.
[7] Ако се плати дополнителна премија и се вклучи ризикот губење на теле или ждребе при отелување или ождребување, и доколку настане осигурен случај, осигурувачот штетата ја исплатува за кравата или кобилата согласно сумата на осигурување, а за телето или ждребето до 20% од сумата на осигурување на кравата или кобилата.
член 18: плаќање на премија
[1] Со Договорот за осигурување, односно полисата за осигурување, договорени се висината и начинот на плаќање на премијата.
[2] Премијата за осигурување е евидентирана во важечката тарифа за осигурување.
[3] Согласно законските одредби, на премијата за осигурување не се пресметува данок.
[4] Договарачот на осигурувањето ја плаќа премијата одеднаш, освен ако не е поинаку договорено. Ако е договорено плаќањена рати, тогаш договарачот на осигурувањето ја плаќа првата рата во моментот на склучување на Договорот за осигурување или издавањето на лист на покритие, освен ако не е поинаку договорено, Осигурувачот е овластен сите доспеани неплатени рати од премијата да му ги одбие на осигуреникот при исплата на штетата. Кај тотална штета, сите неплатени рати од премијата доспеваат за наплата и се одбиваат од износот за надоместок на штета при исплата.
[5] Ако е договорено премијата да се плаќа на рати, за изминатото времетраење на осигурувањето може да се пресмета редовна камата на износот на премија за кој е договорено одложено плаќање. Доколку премијата на рати не е платена до денот на доспевање, може да се пресмета и законска казнена камата.
[6] За датум на плаќање на премијата се смета денот кога налогот ќе биде евидентиран од страна на банката на осигурувачот.
[7] Во случај на престанок на важење на Договорот за осигурување поради неплаќање на доспеана премија, договарачот на осигурувањето мора да ја плати премијата за неплатеното време до денот на престанок на важноста на Договорот за осигурување или целокупната премија за тековната осигурителна година, ако до денот на престанок на осигурувањето настанал осигурен случај за кој осигурувачот мора да исплати надомест од осигурување.
член 19: последици од неплаќање на премијата
[1] Обврската на осигурувачот престанува ако договарачот не ја плати доспеаната премија за осигурување по склучување на Договорот за осигурување, освен ако тоа не го направи некое друго заинтересирано лице во рок од 30 дена од денот кога на договарачот му било врачено препорачано писмо од осигурувачот за доспеаноста на премијата. Тој рок не може да истече пред да поминат 30 дена од доспеаноста на премијата за осигурување.
[2] Осигурувачот може по истекот на рокот од став 1 од овој член, да го откаже Договорот за осигурување без отказен рок доколку договарачот доцни со плаќањето на премијата која треба да ја плати по склучувањето на договорот, односно ако доцни со друга или следна премија. Откажувањето на Договорот за осигурување настапува по истекот на рокот од став 1 од овој член и со престанокот на осигурителното покритие, ако договарачот е предупреден со препорачано писмо за доспеаноста на премијата, како и за престанокот на осигурителното покритие.
[3] Во секој случај, Договорот за осигурување престанува да важи ако премијата не биде платена во рок од 1 година од доспеаноста во согласност со законските одредби.
[4] Со неплаќање на премијата за осигурување, договарачот не може еднострано да го раскине осигурувањето.
член 20: враќање на премијата
[1] На осигурувачот му припаѓа премија за тековната осигурителна година во целост ако:
1) настанал осигурен случај поради која и да е основна или дополнителна договорена опасност;
2) осигурувањето престанува затоа што осигурувачот врз основа на одредено дејство или пропуст на осигуреникот го раскинал договорот за осигурување.
[2] Осигурувачот го враќа делот од премијата за неискористеното време на осигурување ако осигуреното животно пцовисало, било заклано или убиено поради неосигурена опасност или пак било продадено, и тоа од денот кога осигуреникот тоа писмено го побарал од осигурувачот. Осигурувачот го враќа наведениот дел од премијата за осигурување само во случај кога врз основа на склучениот Договор за осигурување (полиса) не настанал осигурен случај поради која и да е основна или дополнителна договорена опасност.
[3] Ако осигуреното животно пцовисало, било заклано или убиено пред почетокот на осигурителното покритие, осигурувачот ја враќа целата платена премија за осигурување.
[4] Во други случаи на престанок на важноста на Договорот за осигурување пред крајот на периодот за кој е платена премијата, на осигурувачот му припаѓа премија до денот до кој трае покритието, ако не е договорено поинаку.
член 21: обновување на осигурувањето
[1] Повеќегодишните осигурувања договорните страни ги преуредуваат секоја година при доспеаноста на годишната премија за плаќање, за да се приспособи осигурителната сума на променетата осигурителна вредност на осигурените животни. Притоа осигурувачот повторно ги проценува осигурените опасности и во зависност од нивната промена одлучува за висината на премија за осигурување во следната година за осигурување. Исто така, осигурувачот од осигурување ги исклучува животните кои до преуредувањето ја надминале највисоката можна возраст за осигурување, освен ако со договарачот на осигурувањето тоа не го договори поинаку.
[2] Преуредувањето на осигурувањето може да се спроведе во секое време во текот на една осигурителна година ако се изменат околностите, ако во осигурувањето се вклучат животните кои ја достигнале со овие Услови пропишаната возраст, ако дојде до продажба на осигуреното животно или до купување на ново животно од ист вид и со иста намена на одгледување итн.
[3] Осигурувањето со утврден рок на траење може да се обнови при истекувањето. Притоа договорните страни по правило постапуваат еднакво како при преуредување на осигурување согласно став 1 од овој член.
[4] Ако по истекот на осигурувањето склучено за период од една година во рок од 30 дена од денот на истекот се склучи ново осигурување за истиот предмет на осигурување и за исти опасности за период од најмалку една година, за таквото осигурување се применуваат одредбите за каренца како кај преуредување на повеќегодишните осигурувања и на осигурувања со неодредено истекување на осигурувањето.
[5] При обновување на договорот за осигурување осигурувачот може да ги исклучи заболените животни од осигурувањето доколку постои опасност тие животни да пцовисаат. Исто така, осигурувачот може да одбие обновување на осигурувањето ако утврди дека животните се во лоша кондиција или дека живеат во лоши зоохигиенски услови.
[6] Одредбите за каренца се применуваат и при преуредувања и обновувања на осигурување, и тоа:
1) кај зголемени суми осигурување за разликата меѓу претходната и новата сума осигурување;
2) при вклучување на ново животно во осигурувањето;
3) за болестите кои постоеле уште пред зголемувањето на сумата на осигурување, без оглед на тоа дали знаците на болести биле забележливи или не, покритието во висина од зголемена сума на осигурување започнува да важи во 24 часот од 90-тиот ден од денот на преуредувањето на осигурувањето.
член 22: отуѓување на осигурено животно
[1] Ако осигуреникот го отуѓи осигуреното животно, осигурувањето престанува во мигот кога новиот сопственик го презел животното.
[2] Наместо на отуѓените осигурени животни, во осигурување може да се воведе друго животно на осигуреникот од ист вид, ако ги исполнува условите за осигурување, а осигуреникот отуѓувањето- набавката на новото животно ја пријавил на осигурувачот.
[3] Ваква замена дозволена е само еднаш во текот на траењето на осигурувањето, и тоа само за копитари, приплодни говеда и приплодни свињи.
[4] Нововнесеното животно се додава во полисата за осигурување и за тоа животно се применуваат одредбите за каренца.
член 23: осигурување по осигурен случај
За животните кои во осигурен случај пцовисале, биле заклани или убиени, односно предадени за колење од економски причини, осигурувањето престанува по настанување на осигурениот случај.
член 24: право осигурувачот да врши контрола
[1] Осигурувачот има право да врши контрола на склучените осигурувања, настанатите штети, ревизија на ризикот, како и контрола на извршувањето на договорените и пропишаните мерки и контрола на мерките на превентива во тек на целиот период на траење на осигурувањето, а осигуреникот е должен тоа да му го овозможи.
[2] Осигурувачот има право да ги исклучи од осигурување животните за кои при контролата ќе се утврди дека не можеле да бидат предмет на осигурување согласно член 3 став (1) од овие Услови.
[3] Осигурувачот има право да го раскине Договорот за осигурување, без отказен рок, во целост или делумно, ако при контролата се констатира дека осигуреникот по своја вина ги прекршил одредбите од овие Услови.
[4] Ако осигурувачот за повредите на одредбите од овие Услови сознал по настанување на осигурениот случај, има право да го намали износот на штетата за онолку за колку што настанатата штета е последица на повреда на договорените или пропишаните обврски.
член 25: начин на известување
[1] Сите известувања и изјави кои следуваат од одредбите на Договорот за осигурување, се издаваат во писмена форма.
[2] Се смета дека известувањето или изјавата се дадени навремено, ако пред истекот на рокот се пратат со препорачано писмо.
[3] Изјавата која треба да се прати на другата договорна страна е важечка тогаш кога другата договорна страна ќе ја прими.
член 26: промена на име и адреса
[1] Договарачот е должен да го извести осигурувачот за промена на адресата, односно името на фирмата и седиштето во рок од 15 дена од настанување на промената.
[2] Ако договарачот ја промени адресата на живеење, односно седиштето или своето, односно името на
фирмата, а притоа не го известил осигурувачот, доволно е осигурувачот да прати известување до договарачот на последната позната адреса и да го наслови на последното познато име.
член 27: Информации во врска со обработка на лични податоци
[1] Идентитет и контакт на податоците на контролорот и офицерот за заштита на личните податоци: Назив: Триглав Осигурување АД, Скопје
Седиште: бул.„8-ми Септември“ бр.16, Скопје
Офицер за заштита на личните податоци: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx
* Дополнителни податоци за офицерот за заштита на личните податоци може да најдете на интернет страницата на Друштвото xxxxx://xxx.xxxxxxx.xx/xx/xа-nas/kontakti
член 28: Обработка и заштита на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје врши обработка (собирање, евидентирање, организирање, чување итн.) на лични податоци на осигуреници, договорувачи на осигурување, нивните законски застапници или полномошници во согласност со одредбите на Законот за заштита на лични податоци и другите релеванти позитивни законски прописи, применувајќи соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на безбедност на личните податоци. Собраните лични податоци се дел од збирките на лични податоци на Триглав Осигурување АД, Скопје, а Триглав Осигурување АД, Скопје во својство на контролор на личните податоци, истите ги користи совесно, законито и согласно целта за која се собрани.
член 29: правен основ за обработката на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје собира, обработува, чува, користи и доставува лични податоци кои се неопходни при склучување на договорите за осигурување (полиси), врз основа на член 109 од Законот за супервизија на осигурување, а во согласност со Законот за заштита на личните податоци.
[2] Личните податоци се неопходни за обработка од страна на Триглав Осигурување АД, Скопје со цел исполнување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за осигурување, односно обработката на истите претставува основа за оценување на осигурително покритие и степен на оштета.
член 30: цели за обработката на личните податоци
[1] Личните податоци (телефонски број и електронска адреса – e-mаil), Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува со цел остварување на контакт заради ефикасно остварување на права и обврските кои произлегуваат од договорите за осигурување (полиси). Овие податоци за цели доставување на рекламни материјали, промоции, понуди како и за други цели на директен маркетинг од страна на Групацијата Триглав во Република Северна Македонија, ќе бидат искористени само доколку имате дадено согласност, преку одбирање на соодветната опција за согласност.
[2] Со цел водење на постапка за надомест на штета и воспоставување на бази на податоци за настанати штети, оценување на осигурително покритие и степен на оштета Триглав Осигурување АД, Скопје обработува и копии од документи во кои се содржани и лични податоци.
[3] Личните податоци од став 1 и став 2 на овој член Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува само врз основа на претходна согласност од субјектот на личните податоци, а недавањето на согласност за обработка на овие податоци може да има за последица несоодветно оценување на осигурително покритие или степен на оштета или пак неисплаќање на оштетно барање.
[4] Согласноста за обработка на личните податоци од ставот 3 на вој член може да се повлечево секое време преку доставување на известување за повлекување на согласност по пошта на следната адреса:
„бул.8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје“ со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx. Со повлекување на согласноста за обработка на лични податоци Триглав Осигурување АД, Скопје ќе прекине со понатамошна обработка на личните податоци и истите ќе ги избрише од базите на податоци со што можат да настанат последици наведени во став 3
од овој член.
член 31: рокови на чување на лични податоци
[1] Личните податоци, Триглав Осигурување АД, Скопје ги чува во рок за цело времетраење на договорниот облигационен однос, односно најмногу до 10 години по истекот на договорот за осигурување или во случај на настанување на штета, 10 години по затворањето на случајот на настанување на штетата, односно од денот на целосната исплата на надоместокот за настаната штета согласно член 109 став 8 од Законот за супервизија на осигурување.
[2] По истекот на роковите од став 1 на овој член личните податоци ќе бидат избришани/уништени од базите на податоци на Триглав Осигурување АД, Скопје и истите нема да се обработуваат за други цели.
член 32: права на субјектите на личните податоци
[1] Остварување на правата кои произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци (право на пристап, корекција, бришење, ограничување на обработката на лични податоци, приговор и преносливост), се врши преку доставување на барање на електронската адреса на офицерот за заштита на лични податоци: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx. На истата електронска адреса може да се достави барање во врска со сите прашања поврзани со обработката на личните податоци.
[2] Доколку субјектот на лични податоци смета дека обработката на личните податоци за целите наведени член 30, од страна на Триглав Осигурување АД, Скопје не е во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци, или пак смета дека е повредено некое право за заштита на личните податоци, има право да поднесе барање за утврдување на прекршување на прописите за заштита на личните податоци до Агенцијата за заштита на личните податоци како надлежен орган за вршење на надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци на територијата на Република Северна Македонија.
член 33: пренос на личните податоци
[1] Триглав Осигурување АД, Скопје е дел од Групацијата Триглав. Личните податоци на субјектите на лични податоци се пренесуваат во рамките на Групацијата, односно во матичното друштвото Заваровалница Триглав каде што личните податоци се обработуваат само за цели на чување. При вршење на преносот на личните податоци се обезбедува високо ниво на технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци. Исто така, во рамките на Групацијата Триглав се обезбедуваат сите неопходни заштитни мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци преку стандардни клаузули за заштита на личните податоци кои се одобрени од страна на Европската комисија. Сите дополнителни информации во однос на заштитните мерки може да се добијат со поднесување на барање до по пошта на следната адреса: „бул.8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје“ со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx.
член 34: обработка на лични податоци за цели на директен маркетинг
[1] Личните податоци за цели на директен маркетинг, Триглав Осигурување АД, Скопје ги обработува само врз основа на експлицитна согласност за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг кои ги врши Триглав Осигурување АД, Скопје или поврзаните друштва од рамките на Групација Триглав во Република Северна Македонија за своите услуги и услугите на поврзаните друштва од рамките на Групација Триглав во Република Северна Македонија.
[2] Согласноста за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг може да се повлече во секое време, бесплатно, со писмено барање (доставено на следната електронска адреса: xxxxxx.xx@xxxxxxx.xx, или по пошта до Триглав Осигурување АД, Скопје, бул.„8-ми Септември“ бр.16, 1000 Скопје, со назнака “До Офицерот за заштита на лични податоци”).
член 35: примена на законот
[1] За правата и обврските на договорните страни што не се регулирани со овие Услови, ќе се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи и Законот за супервизија на осигурување. Ако со овие Услови некое прашање е утврдено спротивно на законските прописи, ќе се применуваат одредбите од Законот.
[2] Во случај осигуреникот да не е задоволен од односот на осигурувачот во текот на траењето на договорот за осигурување, може да достави претставка до Агенцијата за супервизија на осигурување како надлежен орган за надзор над работењето на осигурувачот.
член 36:Приговор ( вонсудско решавање на спорови)
[1] Страните се согласни дека сите спорови што произлегуваат од овој Договор ќе се решаваат по мирен пат.
[2] Договарачот на осигурувањето и осигуреникот се согласни дека за сите спорни прашања, приговори (жалби) и несогласувања кои произлегуваат од односот со осигурувачот ќе го известат истиот без одложување. Известувањата во форма на приговор (жалба) од овој став се доставуваат во писмен облик, од што со сигурност може да се утврди содржината на известувањето и времето на неговото праќање.
[3] Осигурувачот ќе го проследи примениот приговор (жалба) од став 2 на овој член до Комисијата за приговори (жалби). Комисијата за приговори (жалби) е должна да донесе одлука по приговорот (жалбата) во писмен облик без одложување, но најдоцна во рок од 30 дена од денот на прием на приговорот (жалбата).
член 37: надлежност во случај на спор
[1] Во случај на судски спор, стварно и месно надлежен е судот според седиштето на осигурувачот.
член 38: надзор над друштвото за осигурување
[1] Орган надлежен за надзор на осигурителното друштво е Агенцијата за супервизија на осигурување.
член 39- застарување на барањата
[1] Побарувањата од договорите за осигурување застаруваат во согласност со одредбите од Законот за облигациони односи.
член 40: Санкциска клаузула – рестриктивна мерка за спречување на перење пари и финансирање тероризам
[1] Осигурувачот не дава осигурително покритие, односно не ја покрива одговорноста на осигуреникот за настаната штета или не исплаќа какви било други поволности, без оглед на Договорот за осигурување, доколку таквата исплата или плаќањето на каква било друга поволност би го изложила осигурувачот на некакви санкции, забрани или ограничувања врз основа на резолуциите на Обединетите нации, или на трговски или економски санкции, на кршење на законите или прописите на Европската Унија, Обединетото Кралство или САД.
член 41: изјава за информираност
[1] Договарачот на осигурувањето/осигуреникот со потписот на договорот за осигурување/полисата изречно потврдуваат дека при склучувањето на Договорот за осигурување, од страна на осигурувачот писмено се известени за сите податоци согласно членовите 49 и 50 од Законот за супервизија во осигурувањето и дека пред склучувањето на осигурувањето им е оставено разумно време за донесување на конечна одлука за склучување на Договорот за осигурување. Согласно ова, договарачот/осигуреникот со потписот на договорот за осигурување/полисата потврдуваат дека се известени и за правото за поднесување на жалба.
Член 42: завршни одредби
(1) Осигурувачот ќе го известува договарачот за сите промени во согласност со законските прописи.
[2] Овие Услови влегуваат во сила со денот на донесувањето и ќе се применуваат од 01.01.2021 година.