Contract
|
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1 Дефиниција
Според овие услови предмет на осигурување можат да бидат само нови мобилни телефони и таблети кои осигуреникот ги купил од регистрирана трговска фирма.
Член 2
Значење на одделни изрази
1. Осигурувач – Национална групација за осигурување АД “Осигурителна полиса“ Скопје;
2. Договорувач на осигурување - регистрирана трговска фирма со која осигурувачот има склучено договор за пласирање на овој вид на осигурување согласно овие Услови;
1. Премија - износ што се плаќа по договорот за осигурување;
2. Полиса – исправа за договор за осигурување;
3. Осигуреник – секое лице во чие владение е мобилниот телефон/таблет и ја поседува пропратната документација од истиот (гаранција, фактура/ фискална сметка, полиса за осигурување издадена од договорувачот на осигурувањето);
4. Предмет на осигурување – екран на мобилен телефон или таблет, за кој не е истечен гарантниот рок.
5. Сума на осигурување преставува максимална обврска (горна граница) на Осигурувачот по полиса за осигурување на мобилни телефони и таблети согласно избраниот модалитет/пакет на осигурување;
6. Тотална штета - штета во услови кога поправката не е економски оправдана;
7. Делумна штета - штета која што е економски оправдана.
Член 3
Траење на осигурување
Oбврската на осигурувачот од договорот за осигурување започнува од дваесетичетвртиот час на денот што е означен во полисата како ден на почеток на осигурувањето, освен ако поинаку не е договорено.
Договорот за осигурување престанува:
а) по истекот на дваесетичетвртиот час на денот што во договорот за осигурување е
наведен како ден на истек на осигурувањето;
б) со денот на исплата на надоместот за пријавената штета, при што Осигуреникот нема право на поврат на премија по основ на прекин на полсиата.
Член 4
Склучување на договор за осигурување
Осигурувачот со договорувачот на осигурување склучува Договор, со договорени премиски стапки, при што договорувачот води посебна евиденција за сите издадени поединечни договори за осигурувањe.
Ќе се смета дека е склучен поединечен договор за осигурување со издавање на Полиса за осигурување.
Пропратна документација на Полисата за осигурувањето е:
- Фискалната сметка со платено осигурување односно издадена фактура со наведен износ на премија за осигурување;
- Гаранцијата издадена од производителот во која е наведен моделот и серискиот број (ИМЕИ) на производот и датумот на купопродажбата и фактура или фискална сметка за утврдување на вредноста на уредот при купување – новонабавна вредност.
Член 5
Премија за осигурување
Премијата во оваа Тарифа, доколку не е поинаку одредено, е годишна премија, која се плаќа во денари одеднаш при склучување на договорот за осигурување.
ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ
Член 6
Обем на опасност од кршење
1. Со осигурувањето се дава осигурителна заштита на нов мобилен телефон или таблет само и исклучиво на екранот, доколку дојде до негово оштетување како резултат на настанување на непосреден ненадеен случај или непредвидлив случај на човечка волја, во услови кога осигурениот предмет се оштетува од пад или удар.
2. Осигуреникот има право на покритие за само еден штетен настан за времетраење на осигурителното покритие, и со исплата на штетата, осигурувањето престанува да важи.
3. Осигурувачот не е во обврска:
- да ги надокнади штетите кои се покриени со гаранцијата од производителот;
- да надокнади штета, доколку дојде до губење на податоци сочувани на уредот што може да настане во текот или како резултат на поправката на уредот. Осигуреникот е одговорен за правилното складирање на податоци, како и за неопходната резерва (backup) на податоците;
- да исплати посредни штети настани во врска со осигурениот случај: загуба на заработувачка, xxxxxxx, казни и сл.
Член 7
Обврски на осигуреникот во случај на штета
1. Осигуреникот е во обврска најдоцна во рок од 7 дена од денот на настанување на штетата да поднесе барање за надомест кај осигурувачот.
Осигуреникот има обврска на осигурувачот да му ги достави сите потребни известувања за околностите под кои се случил штетниот настан и сите докази потребни за утврдување на причина на обемот и висината на штетата. Осигуреникот не смее да ја менува состојбата на оштетениот односно уништениот предмет без овластување од страна на осигурувачот. Во случај на промена на ИМЕИ бројот на осигурениот мобилен телефон (таблет), (исклучиво поради поправки покриени со фабричката гаранција) за време на важноста на осигурувањето, осигуреникот е должен да го извести осигурувачот.
2. Во случај на пријава на штета, Осигуреникот треба да ги достави најмалку следните податоци за обештетување:
- Име и презиме, адреса, поштенски број и телефонски број на Осигуреникот,
- Модел и вид на уредот,
- Сериски број на уредот (IMEI),
- Датум на настанување на штета,
- Датум на пријавување на штета,
- Причина за настанување на штета (детална изјава),
- Фактура/фискална сметка за купување на уредот,
- Копија од гарантниот лист на уредот со задолжително наведен ИМЕИ број и датум на купување на уредот,
- Полиса за осигурување издадена од договорувачот на осигурувањето.
Член 8
Обврски на осигурувачот
Осигурувачот е во обврска:
1. Веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена од денот на пријавување на штетата, да пристапи кон утврдување и проценка на штетата;
2. Во законскиот рок да исплати надомест на штета согласно одредбите од овие Услови;
3. Да исплати делумна или тотална штета. Во случај на тотална штета, месечната стапка на амортизација изнесува:
- За мобилни телефони – 2%,
- За таблети – 2%.
4. Пресметка за тотална штета:
- Висина на штета = Моментална вредност (новонабавна вредност намалена за % амортизација) и одбиток за 50% корисни остатоци.
Член 9 Утврдување на надомест од
осигурувањето
Сумата на осигурување наведена во полисата за осигурување на мобилни телефони и таблети зависи од избраниот пакет на осигурување како што следи:
а) до 12.000,00 МКД (со вклучен ДДВ) – за избран ПАКЕТ 1 на осигурување.
Наведените суми на осигурувањето претставуваат максимална обврска (горната граница) на Друштвото за осигурување по полисата за осигурување на мобилни телефони и таблети во случај на штетен настан.
Надомест од осигурувањето се утврдува во висина на стварната штета на оштетениот екран на мобилниот телефон (таблет) утврдена од страна на овластениот сервис, но најмногу до сумата на осигурување наведена во самата полиса.
Осигурувачот е во обврска да ја надомести штетата која настанала само врз екранот на мобилниот телефон (таблет).
Сите други можни оштетени делови на уредот како што се, матична плоча, заден дел, камера, звучник, батерија, меморија и останати составни компоненти на уредот, осигурувачот не е во обврска да ги надомести.
Член 10
Учество на осигуреникот во штета – ФРАНШИЗА
Доколку во договорот за осигурување не е наведено поинаку, осигурувањето на мобилни телефони и таблети е договорено без учество на осигуреникот во штета - франшиза.
Член 11
Штети што не се покриени со осигурувањето
Осигурувачот не е должен да надомести штета, ако таа е предизвикана од:
1) оштетување на мобилниот телефон (таблет) кое директно или индиректно произлегува од војна, инвазија, дејства на странски непријатели, непријателски или воени операции (без оглед дали војна е објавена или не), граѓанска војна или слични граѓански воени дејствија, буна, револуција, востание, граѓански немири; внатрешни / домашни немири; воена или узурпаторска сила; политички насилни дејствија, атентати или дејства на тероризам, како и поради природни непогоди или нуклеарна енергија;
2) индиректни штети, последователни загуби во врска со осигурениот настан, губење на приходи, како и во случај на казни;
3) финансиска пропаст на трговецот и/или на било кој друг овластен сервис;
4) оштетување, уништување или губење на уредот, како резултат на:
- напуштање, заборавање или губење, изнајмување или давање под закуп;
- континуирана употреба, обично абење;
- пожар, кражба, провална кражба и разбојништво;
- оштетување од течност;
- директни врнежи;
- непочитување на упатствата за инсталација и работење или други несоодветни инсталации или лични несоодветни обиди за поправка на уредот, дополнителни оштетувања предизвикани од програмата, поставки, одржување или ремонт, модификација и чистење на уредот;
- компјутерски вируси, програмирање или софтверски грешки и оние кои создаваат последици или преку носители на софтвер и податоци;
- одговорност на трето лице загарантирана врз основа на законски или договорни одредби;
- незаконито дејство, намера или крајна небрежност, грешки или кривични дела на Осигуреникот или овластениот корисник на уредите;
- намерна употреба на механичка сила врз предметот на осигурување.
5) поправка во овластен сервис која не е извршена правилно или целосно или пак истото е направено делумно, и поради таквата поправка уредот не функционира. Осигурувачот не е во обврска да исплати штета на име дополнителна поправка.
Осигурувачот не е должен да надомести штета, настаната како:
1) директни или индиректни штети предизвикани врз други уреди;
2) помали дефекти или оштетувања кои се настанати поради гребење, чистење, стругање и други дефекти во изгледот или карактеристиките на мобилниот телефон или таблетот, кои не влијааат врз неговата техничката употреба;
3) резултат на дизајнирање, производство и други дефекти, што би довело до повлекување од страна на производителот, познат како епидемско или пандемско повлекување;
4) трошок за потрошни материјали, како што се батерии и полначи;
5) одговорност од производот;
6) губење на податоци или други информации од уредот.
Осигурувачот не е во обврска да исплати износ заради подобрување на функционирањето на уредот.
Член 12 Територијално важење на договорот за осигурување
Осигурителното покритие не е ограничено на територијата на Р.С. Македонија, но поправката на уредот се врши исклучиво по цени за услугите важечки на територијата на Р.С. Македонија.
Член 13 Надлежност во случај на спор
Во случај на спор меѓу договорувачот на осигурувањето, односно осигуреникот и осигурувачот, стварно е надлежен судот според местото на склучување на договорот на осигурување.
Член 14
Овие Услови се составен дел на Полисата за осигурување издадена од договарачот на осигурување.
Член 15
Преминување на правата на осигуреникот спрема одговорното лице врз осигурувачот (суброгација)
Со исплата на надоместот од осигурувањето, сите права на осигуреникот спрема лицето кое по која и да е основа е одговорно за штетата преминуваат врз осигурувачот според самиот закон до висината на исплатениот надомест согласно Законот за облигациони односи.
Член 16 Завршни одредби
Ако не се во спротивност со овие Услови, на осигурувањата склучени според овие Услови, се применуваат и Општите услови за осигурување на имот.
Овие услови стапуваат во сила од 26.12.2019 година.
Член 17 Правна поука
Осигуреникот има право до Агенцијата за супервизија на осигурување како надлежен орган за супервизија на друштвото за осигурување, да достави претставка во однос на друштвото.