Contract
|
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
1. Општите услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај (незгода) и овие Дополнителни услови за колективно осигурување на работници од последици на несреќен случај - незгода (во натамошниот текст: Дополнителни услови), се составен дел на Договорот за колективно осигурување на работниците од последици на несреќен случај, што договарачот на осигурувањето ќе го склучи со АД “Осигурителна полиса“ Скопје (во натамошниот текст: осигурувач).
2. Договарач на осигурувањето, во смисла на овие Дополнителни услови, може да биде секое правно лице што склучува колективно осигувуање за своите работници.
СПОСОБНОСТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 2
1. Лицата што се осигуруваат според овие Дополнителни услови, осигурени се без разлика на нивната здравствена состојба, општата работна способност и без плаќање на зголемена премија во смисла на член 9, став 3, точка 5 од Општите услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај (незгода), освен лицата потполно лишени од работната способност, кои во секој случај се исклучуваат од осигурувањето.
2. Со ова осигурување не се опфатени работниците:
- кои писмено изјавиле дека не сакаат да бидат осигурени;
- кои кај договарачот се во граѓанско – правен однос;
- кои се постари од 67 години.
НАЧИН НА СКЛУЧУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ
Член 3
1. Договорот за колективно осигурување на работници од последици на несреќен случај може да се склучи со назначување на осигурениците во полисата на список приложен кон полисата и без назначување на осигурениците во полисата.
2. Ако е договоренo осигурување на работници според приложен список на осигуреници, списокот мора да содржи име, презиме и eвидентен број на секој осигуреник. Осигурувањето се однесува само на вработените именувани во списокот. (Осигурување според приложен список).
3. Ако е договорено осигурување на работници без назначување на осигурениците со име и презиме во полисата, осигурувањето се однесува на сите вработени (на определено или неопределено време) кај договарачот на осигурувањето. Осигурениците во полисата се назначуваат како сите вработени според платниот список на договарачот (осигурување според платен список). Копија од платниот список или друга кадровска евиденција задолжително се прилага со полисата.
4. Ако во колективното осигурување, без оглед дали е склучено со приложен список, или според платен список, се вклучени и лица кои со договарачот на осигурувањето имаат договор за дело, тие мора да бидат посебно назначени во списокот на осигуреници, односно за нив треба да се приложи посебен список.
ТРАЕЊЕ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 4
1. Ако во полисата не е поинаку договорено, осигурувањето започнува во 24,00 часот во оној ден кој е означен како почеток на осигурувањето и престанува во 24,00 часот во оној ден кој во полисата е наведен како ден на истек на осигурувањето.
2. Ако е договорено осигурување според приложен список, за работниците кои се вработиле, или стапуваат во осигурувањето по почетокот на осигурувањето означено во полисата, осигурувањето започнува од 24,00 часот на денот кога пријавата за новиот осигуреник пристигнала до осигурувачот.
3. Ако е договорено осигурување за сите вработени според платен список, за работниците кои се вработиле или стапуваат во осигурувањето по почетокот на осигурувањето означено во полисата, осигурувањето започнува од 24,00 часот на денот кога започнал работниот однос.
4. За работниците на кои им престанал работниот однос кај договарачот на осигурувањето по било кој основ, осигурувањето престанува да важи во 24,00 часот на денот на престанок на работниот однос. За осигуреници кои се во граѓански правен однос со договарачот, осигурувањето престанува во 24,00 часот на денот на истек на нивниот договор за дело, или друг соодветен договор.
ОСИГУРЕНА СУМА
Член 5
1. Осигурената сума наведена во полисата е најголем износ до кој осигурувачот е во обврска за секој осигуреник одделно.
2. Според овие Дополнителни услови за колективно осигурување на работници, можат да се договорат следните ризици: смрт од незгода, инвалидитет, дневен надомест и трошоци за лекување поради несреќен случај.
3. Можат да се договорат различни осигурени суми за осигурување од последици на несреќен случај зависно од класата на опасност во која спаѓаат одделни работници (осигуреници).
4. При одредување на класата на опасност во која спаѓа одделен работник за осигурување од последици на несреќен случај, се зема неговото постојано место на извршител на одредени работи и работни задачи.
5. Во случај на промена на работното место на осигуреникот во текот на траењето на осигурувањето, при настанување на несреќен случај се зема онаа утврдена осигурена сума која одговара на класата на опасност од она работно место на кое осигуреникот работел во моментот на настанување на несреќниот случај.
ОБЕМ НА ОБВРСКИТЕ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 6
1. На обврските на осигурувачот за осигурување од последици на несреќен случај, се применуваат одредбите на член 5, 8, 9 и 10 од Општите услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај (незгода).
НАЧИН И РОКОВИ ЗА ПРЕСМЕТУВАЊЕ И ПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈА
Член 7
1. Пресметувањето на премијата за целото времетраење на осигурувањето се врши според бројот на осигурениците во време на склучување на договорот за осигурување (почетна бројна состојба на осигуреници).
2. Почетната бројна состојба на осигуреници е еднаква на бројот на осигуреници на приложениот список, односно на бројот на вработени на платниот список. Договарачот на осигурувањето по приложен список е должен веднаш, а најдоцна по истекот на месецот во кој настанала промената, да го извести осигурувачот за лицата на кои им престанал работниот однос, односно за лицата кои се вклучиле во осигурување.
Договарачот на осигурувањето според платен список е должен секои три месеци да достави список на нововработени лица и список на лица на
кои им престанал работниот однос во изминатите три месеци. Договарачот е должен веднаш да го извести осигурувачот и да го достави списокот на лицата доколку во текот на еден месец бројот на осигуреници се изменил за повеќе од 3% или за повеќе од 5 лица.
3. Премијата се плаќа однапред за времето утврдено во полисата. Ако е договорено одложено плаќање на премијата на рати, во полисата за осигурување со посебна пресметка се договараат роковите во кои ќе се врши корекција на пресметката на премијата во зависност од измената на почетната бројна состојба на осигуреници во текот на траење на осигурувањето.
4. Кога е договорено одложено плаќање на премијата во месечни рати, а договарачот на осигурувањето доцни со уплатата на месечните рати, осигурувачот е во обврска спрема осигуреникот односно корисникот, само за дел од осигурената сума сразмерно на платената премија за осигурување, односно само за толку 12 (дванаесеттини) од осигурената сума за колку што е платена премија за осигурување.
По наплата на доспеаната премија за осигурување за осигурителната година во која настанал осигурениот случај, осигурувачот е во обврска спрема осигуреникот, односно корисникот, да го доплати неисплатениот дел од осигурената сума.
Одредбата се применува соодветно кога е договорено квартално или полугодишно плаќање на премијата за осигурување.
5. Ако во текот на осигурителната година бројот на осигурениците се променил во обем што влијае на висината на договорената премија за едно лице, конечната пресметка на премијата се врши според просечниот број на осигуреници. Разликата меѓу уплатената и премијата што требало да се плати според просечниот број на осигуреници, договарачот, односно осигурувачот е должен да ја плати во рок од 30 дена од истекот на полисата за осигурување.
Просечниот број на осигуреници во текот на една осигурителна година се утврдува на тој начин што ќе се собере бројот на осигурениците на крајот на секој месец од осигурителната година, па добиениот збир ќе се подели со 12.
6. Кај повеќегодишните договори за осигурување, осигурувачот ќе го анализира техничкиот резултат за секоја година на осигурување и доколку истиот во претходната година е негативен, за наредната година се врши корекција на премијата за осигурување во вид на доплата (малус), која ќе се зголеми најмногу до 40% од вкупната годишна
премија за осигурување договорена со полисата за осигурување.
7. Договарачот е должен на осигурувачот да му ја даде на увид евиденцијата и документацијата од која ќе може да се утврди работниот статус на осигурениците, или други факти од значење за регулирање на правата и обврските од договорот за осигурување.
ОСИГУРУВАЊЕ НА ЧЛЕНОВИ НА СЕМЕЈСТВО
Член 8
1. Со договорот за колективно осигурување на работници во претпријатие, можат да се осигуруваат и брачните другари и децата на осигурениците, до колку писмената пријава за истите се поднесе во рок од 30 дена од денот на почеток на осигурувањето.
2. Можат да се осигураат брачните другари кои не се постари од 64 години, децата со наполнети 14 години кои живеат во заедничко семејство со осигуреникот, не стапиле во брак и не се постари од 26 години.
3. За осигурување на членови на семејството потребна е писмена согласност од членот на семејството што се осигурува. Во списокот на осигуреници – членови на семејства, приложен кон полисата за осигурување, покрај името и презимето, се запишува и сродството со осигуреникот.
4. Осигурувањето за членови на семејството започнува во 24,00 часот оној ден кој во писмената пријава, предложена на осигурувачот е означен како почеток на осигурувањето, но не порано од 24,00 часот оној ден кога осигурувачот ја примил пријавата, а престанува во 24,00 часот оној ден кога му престанал работниот однос на осигурениот работник кај договарачот на ова осигурување, или договорот престанал по некој друг основ.
ОТКАЖУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ
Член 9
1. Секоја договорна страна, доколку договорот не престанал по договорена причина, може да го откаже договорот за колективно осигурување на работниците со неодредено траење.
2. Откажување на договорот се врши по писмен пат најмалку три месеци пред истекот на тековната година на осигурување.
3. Ако е склучено колективно осигурување за кое секој работник плаќа премија за осигурување од својата плата, откажувањето на договорот се врши со претходна согласност на осигурените работници.
ПРАВНА ПОУКА
Член 10
Осигуреникот има право до Агенцијата за супервизија на осигурување како надлежен орган за супервизија на друштвото за осигурување, да достави претставка во однос на друштвото.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 11
Овие Дополнителни услови важат со Општите услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај (незгода), а доколку нивната содржина е во спротивност со содржината на Општите услови, важат овие Дополнителни услови за колективно осигурување на работници од последици на несреќен случај (незгода).
Член 12
Овие Услови влегуваат во сила од 01.01.2021г. со што престануваат да важат Дополнителните услови за колективно осигурување на работници од последици на несреќен случај - незгода (пречистен текст) бр.02-2636/2 од 24.04.2019г.
Одбор на директори Претседател
М-р.Xxxxxx Xxxxxx