Contract
Национална групација за осигурување АД ОСИГУРИТЕЛНА ПОЛИСА СКОПЈЕ
Бр . 02-1226/3
27.02.2023 год.
С К О П Ј Е
ПРЕДМЕТ НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 1
Со овие Услови се осигурува граѓанско правната одговорност на Осигуреникот како превозник за надомест на штети на стока предизвикани по негова вина за времетраење на превозот, кон корисниците на превозот.
УТВРДУВАЊЕ НА ОДГОВОРНОСТА
Член 2
Одговорноста на Осигуреникот се утврдува според одредбите на овие Услови и:
1. Законот за договорите за превоз во патниот сообраќај (“Сл.весник на РМ”, бр. 23/2013 од 14.02.2013 со сите подоцнежни измени и дополнувања).
2. Законот за облигациони односи (“Сл.весник на РМ”бр. 18/2001)
3. Конвенцијата за договорите за меѓународен друмски превоз на стоки (ЦМР), (“Сл.весник на РМ”, бр. 8/94).
Со овие Услови не е осигурена вондоговорната одговорност на Осигуреникот.
Согласно овие услови, предмет на осигурување не е:
1) општата одговорност која произлегува од дејноста на Осигуреникот (превозникот)
2) одговорноста на Осигуреникот (превозникот) за штети настанати на трети предмети и штети настанати како последица на загадување на средината (еколошки штети) при превоз на опасни материи
ОБЕМ НА ПОКРИТИЕТО
Член 3
(1) Осигурувањето ја покрива штетата која произлегува од барањето за надомест на штета на основа на законската одговорност на превозникот за стока примена во превоз, и тоа за:
1. докажана целосна или делумна физичка загуба, оштетување или уништување,
2. за задоцнување со испораката на пратките, односно пречекорување на рокот за достава,во домашен и меѓународен превоз, превземени на превоз со товарен лист или договор, во случај кога превозникот со започнување на превозот и пристигнување на местото на утовар/растовар задоцнува толку долго што другата страна повеќе нема интерес за договорениот превоз, во обем и услови наведени во одредбите од член 2, 3 и 5 од овие Услови.
3. трошоци за спор како и вон судски трошоци направени во врска со реализација на барањето ако се направени во согласност со осигурувачот, поради одбрана од неосновани или преголеми барања на трети лица и
4. вистинските трошоци за спасување, но најмногу до 40% од лимитот по штетен настан.
(2) Осигурувачот ќе му ги надомести на Осигуреникот износи кои тој треба да ги плати врз основа на одговорноста од член 2 на овие Услови.
(3) Максималната обврска на осигурувачот изнесува (е лимитирана) до износот утврден во полисата за осигурување на одговорноста на Осигуреникот, чиј составен дел се овие Услови.
Покритието се пресметува во денарска противвредност на ЕУР по среден курс на Индикативната курсна листа на Народна
банка на РС Македонија, на денот на настанување на штетата.
(4) Осигуреникот може да ја осигура својата одговорност и преку лимитот од претходниот став, со тоа што мора таквите пратки писмено да ги пријави на осигурувачот, со најавување на нивната вредност најмалку 2 (два) работни дена пред започнување на превозот. За таквите пратки и зголеменото осигурително покритие по ЦМР Осигуреникот доплаќа премија на разликата над лимитот, за што осигурувачот му издава посебна полиса.
(5) Лимитот на осигурителното покритие се определува спрема влекачот на возилото.
ИСКЛУЧУВАЊЕ ОД ОСИГУРУВАЊЕ
Член 4
(1). Осигурувачот не е во обврска да надомести штета и ако Осигуреникот спрема законските прописи за тоа е одговорен, а таа настанала како последица на една од следните причини:
1. xxxx намера или груба небрежност на Осигуреникот и лицата за кои тој одговара.
2. свесни постапки спротивни на Законот за безбедност во сообраќајот (управување со возилото под дејство на алкохол, дрога, пречекорување на дозволеното време за сигурно возење и постапување со стоката, претовар, односно преоптоварување, надминување на габаритот на превозното средство и сл.,
доколку постои причинско-последична врска помеѓу штетниот настан и кршењето на овие законски прописи.
3. испраќачот или примателот одбие да ја преземе стоката, а Осигуреникот без согласност на осигурувачот прифати сам да располага со истата, осигурувачот не го надоместува делот на штетата кој ќе настане од таа причина.
4. договорениот рок за превоз е пократок од вообичаениот за таква пратка на таа релација, а штетата настанала како последица од неисполнување на договорениот рок.
5. Осигуреникот направил спогодба за превоз па тој превоз не го извршил или заради тоа што се јавил кај порачателот на превозот со задоцнување, а со тоа ја прекршил спогодбата за превоз.
6. Осигуреникот пропуштил да ги преземе потребните организациони мерки за превоз на максимално дозволените профили и тежини во јавниот сообраќај, а штетата ќе настане поради непочитување на посебните сообраќајни прописи за дозволениот габарит за сигурен превоз (сообраќаен знак за известување на дозволената висина, ширина и носивост на друмско сообраќајно средство).
7. Осигурувачот не е во обврска да надомести штета доколку Осигуреникот врши превоз на стока која:
1. не е прицврстена на пропишаниот начин за прицврстување на тој вид на стока,
2. се превезува во нечисти транспортни садови,
3. поради превоз на
непрописно/несоодветно или недоволно пакување на стоката, нејзино редење, несоодветна амбалажа,
4. неисправно/несоодветно распоредување на стоката во возилото, што возачот или овластено лице од превозникот е во обврска да го увиди со неговото присуство при натовар/растовар на стоките и да стави забелешка во товарниот лист.
Доколку поинаку се договори и плати доплатна премија, за штети настанати на уредно пакувана стока/товар која е со надворешна амбалажа и поставена на палети заради причините наведени во точка 7) подточка 7.1 и 7.4 од претходниот став, обврската на Осигуреникот е лимитирана (под лимит) до 10% од сумата на осигурување наведена во полисата за осигурување и истата преставува максимална обврска за Осигурувачот по предметниот ризик.
8. кражба на стоката или на дел од стоката што се превезува, доколку:
- возилото со кое се врши превоз на пратката и од кое е извршена кражбата не е оставено на официјално обележано
паркинг место наменето за паркирање на таков вид на возила.
- кражбата настанала поради тоа што возилото не било заклучено
9.дефектна состојба на возилото употребено за превоз од негова страна или поради погрешна постапка или немарност на лицето од кое евентуално го изнајмил возилото
10. Осигурувачот не ја надоместува штетата, што ја исплатил Осигуреникот без негова согласност, ако рокот на плаќање законски е застарен.
11. за непојаснети кусоци, кои не се последица на физичка загуба или кражба на пратката. Според овие Услови документите за мерење и вагање не се доказ на физичка загуба или кражба на пратката.
12.превоз на благородни метали (ковани или нековани, преработени или непреработени) скапоцени камења и производи од благородни метали и скапоцени камења, хартии од вредност, валути и други скапоцености, освен ако посебно не се пријават и се превезуваат со вооружена придружба и специјални возила.
13. штетата на поштенски пратки, ако ги превезува Осигуреникот со своите превозни средства.
14. штети на личен имот на Осигуреникот и неговите вработени.
15. превоз на готови пари, музејски и уметнички предмети, нумизматички филателистички збирки, антиквитети и слични предмети
16. автомобили кои се превезуваат со специјални возила наменети за превоз на автомобили, освен ако поинаку не се договори
17. превоз на ствари при преселба
18. превоз за кој Осигуреникот не наплатил возарина
19. оштетување на стоката настаната како резултат на влегување и престојување во делот каде се превезува осигурениот товар на неовластени лица, без разлика дали превозникот е запознаен со тоа или не, освен ако поинаку не се договори и плати доплатна премија.
Обврската на Осигурувачот за горенаведениот ризик е лимитирана (под лимит) до 10% од сумата на осигурување наведена во полисата за осигурување и истата преставува максимална обврска за Осигурувачот по предметниот ризик.
Под поимот влегување и престојување во делот каде се превезува товатор се подразбира насилно оштетување на церадата, вратата или оштетување/отстранување на пломбата од
товарниот простор на возилото преку кои неовластени лица влегуваат во делот каде се превезува осигурениот товар.
(2) Согласно овие услови, осигурувањето не покрива загуба, штета, одговорност или трошоци кои се непосредно или посредно предизвикани и кои произлегуваат како последица на:
1.виша сила (земјотрес, поплава, гром, луња, снежна лавина, одрон, лизгање на земјиште и слично);
2.атмосферски врнежи (пороен дожд и снег) во случај кога тие предизвикале штета на пратката во превозното средство, а причина за тоа е несоодветно заштитени возила и приклучни возила на превозникот од атмосферски вилјанија, поради што дошло до навлегување на вода во возилата и оштетување на осигурените предмети
3.делување на атомска енергија, хемиско, боилшко, био-хемиско или електромагнетно оружје,
4.употреба или операција со било каков компјутер, компјутерски систем, компјутерски софтверски пограм,компјутерски вируси или било кој друг електронски систем како средства кои ја предизвикале штетата;
5.припремна, мобилна и воена состојба, побуни, востанија, политички немири, вооружена кражба, терористички актови од сите врсти и сл.;
6.штрајк (прекин на работа) или запленување; 7.акти на надлежни органи;
8.вина на испраќачот или примателот;
9.опасности поврзани со превоз на стоката во отворени возила;
10.целосна или делумна загуба или оштетување на стоката поради нејзините природни својства или мани, како рѓа, корозија, саморасипување, стврднување, стврднување поради заситеност на воздухот со влага и сл., освен ако се превезуваат со наменски возила;
11.разбојнички или други напади;
12.превземени санитарни или дезинфекциони мерки и сл.;
13.угинување на живи животни, живини и дивеч при превоз;
14.ако стоката се прима на превоз само под одредени услови - предадена на превоз со неисправни, неточни или непотполни ознаки или ако испраќачот ги нема превземено пропишаните мерки и внимание;
15.промена на бојата, мирисот и вкусот на стоката, освен во случај на расипување (докажан дефект на термографот) на термокингот од авто ладилници;
16.губење на комерцијална вредност на стоката, освен поради пречекорување на рокот на превозот во случаи на дефект на возилото;
17.молци и други штетници;
18.разлика во мерење, освен ако постои документ за официјално мерење на исти начини при натовар и растовар на стоката;
19.превоз на веќе оштетени предмети;
20. оштетување, кусок или загуба на пратката кои се случиле надвор од договореното територијално покритие на осигурувањето.
21. (СЕ БРИШЕ)
(3) Исклучување на ризик од заразни болести:
1. Исклучени се сите штети поради заразна болест, освен кога се исполнети условите за исклучување на заразено лице.
2.1. „Штета како резултат на заразна болест“ означува било каква штета, оштетување, одговорност или трошок од каква било природа, директно предизвикана или во голема мера предизвикана, придонесена, произлезена од или во врска со некоја од исклучените околности, како што се:
а) заразно заболување и / или
б) страв или опасност, без разлика дали се реални или перцепирани, од заразни болести и / или
в) каква било препорака, одлука или мерка донесена или преземена за ограничување, спречување да се намали или забави ширењето на инфекцијта на заразната болест или да се елиминира или минимизира правната одговорност во врска со таквата болест, без оглед дали е усвоена или преземена од власти или невладини правни лица или физички лица и / или
г) каква било препорака, одлука или мерка донесена за промена, пресврт или елиминирање на која било од околностите наведени во потстав (в) погоре, без разлика дали е донесена од властите или невладини правни лица или физички лица.
без оглед на која било друга причина или околност што во исто време или во која било друга низа придонесе за тоа.
2.2. Не доведувајќи го во прашање влијанието на Xxxxxxxx 2.1 (а), (б) и (г), препораки, одлуки и мерки од страна на кои и да било превземени за закотвување, поставување или задржување на сидрото, на пристаништето или на друго место на кој било брод, превозно средство, опрема или
платформа за да продолжат да патуваат, работат, тргуваат, товарат или истоваруваат стоки или друга вообичаена употреба не претставуваат исклучени околности, без разлика на тоа што тие или некои од нив се превземени во точка 2 (в).
3. „Заразна болест“ е секоја болест (без оглед дали е позната или непозната) што може да се пренесе со која било супстанца или агенс од еден на друг организам, кога: а) супстанцијата или агенсот вклучува, но не ограничувајќи се на тоа, вирус, бактерија, паразит или друг организам или каква било варијанта или мутација на претходно наведеното, без оглед дали се смета за жива или не, и
б) начинот на пренесување, без разлика дали е директен или индиректен, вклучува, но не е ограничен на човечки допир или контакт, пренесување преку воздух, пренесување преку телесни течности, пренесување од или преку било кој цврст предмет, површина, течност или гас и
в) болест, супстанција или агенсот може, дејствувајќи сам или заедно со други коморбидитети, состојби, генетски предиспозиции или со имунолошкиот ситем на човекот да предизвика смрт, болест, телесно оштетување или привремено или трајно нарушување на физичкото или менталното здравје или негативно да влијае на вредноста или безбедноста на кој било вид на имот.
4.1 Исклучувањето на заразено лице се применува кога (1) постапките или одлуките на кое било лице заразено или наводно заразено со заразна болест предизвикуваат или придонесуваат за наводен несакан настан и (2) кога ниту едно од таквите постапки или одлуки или наводната причина за несакан настан не е препорака, одлука или мерка како што е дефинирано во точките 2.1 (в) или 2.1 (г) погоре.
4.2 Доколку овие услови се исполнети, фактот или можноста дека дејствието/-јата или одлуката/-ките на поединецот се повредени или погодени од наводна или вистинска инфекција на тоа лице не исклучува штета што инаку секогаш се надоместува под услов да нема покритие за загуба, штета, одговорност или трошок што произлегува од какво било зголемување на ширењето, фреквенцијата, интензитетот или повторување на заразната болест поради постапките или одлуките на тоа лице.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРЕНИКОТ
Член 5
(1) Возилата (како и придружната опрема и прибор) редовно и квалитетно да ги
одржуваат и технички да се исправни и да одговараат за намената.
(2) Возачите континуирано да ги обучуваат и да ги познаваат обврските и правата што произлегуваат од договорот за превоз, ЦМР Конвенцијата, Упатството за користење на ТИР карнети, упатствата на Осигуреникот и осигурувачот.
(3) Возачите да ги обезбеди со потребните лични и документи за превоз и средства (дозволи, ТИР - карнети, фактури, упатства и сл.) пред започнување на превозот.
(4) Совесно да води сметка да секој ангажиран возач поседува возачка дозвола која важи во сите држави низ кои поминува како и таа да важи за категоријата во која спаѓа возилото со кои се врши превозот.
(5) Совесно да води сметка дека возачот на возилото се наоѓа во добра физичка и психичка состојба, со цел безбедно извршување на планираниот превоз.
(6) Во меѓународен транспорт за релации подолги од 450 км. за секое возило да има двајца возачи само за Источно европските земји.
(7) При натовар и растовар на стоките возачот задолжително да е присутен и да врши правилен квантитетен и квалитетен прием и предавање на стоките, проверка на амбалажата, редењето и прицврстување и растовар на стоките.
(8) Ако има недостатоци при натовар на амбалажата да бара од испраќачот веднаш да ги отстрани или во спротивно да става забелешка на товарниот лист за недостатокот при натовар или растовр што го вршат други лица.
(9) Во товарниот лист прецизно, читливо и точно да биде наведена адресата на примателот на стоката, негов телефон и да бара фотокопија од личната карта на лицето за контакт што го одредил примателот на стоката и само на тоа лице по идентификацијата смее да ја предаде стоката. Примателот треба да има фотокопија на броевите на ЦМР - товарниот лист, ТИР карнетот и бројот на пасош на возачите.
(10) По идентификација на примателот, едниот возач заедно со примателот да оди во Царина за да ги следи дали царинската процедура се извршува во Царина и од надлежни лица.
(11) По извршената царинска процедура да се заверат товарниот лист, ТИР - карнетот и стоката, возачот да ја предаде на правиот примател со идентификација на магационерот на примателот од лична карта и со внесување на податоците од истата во товарниот лист како и местото на
растовар и проверка на лицето за контакт со податоците со кои возачот располага.
(12) По пат на Источно - Европските земји возачите да настојуваат да возат во конвој со други возила и да ноќеваат и да паркираат на јавни паркинзи и царински терминали.
(13) Осигуреникот е должен секоја видлива штета, за која постои одговорност на превозникот, да ја утврди со записник при предавање на пратката во присуство на примателот на пратката и возачот пред предавање на пратката.
(14) Осигуреникот е должен веднаш или најдоцна во рок од три дена од кога ќе сознае, на осигурувачот да му ја пријави секоја штета која по негова оцена го минува износот од 1.000 ЕУР и да го има во предвид дадените упатства на осигурувачот за ангажирање на хавариски комесар за извид и процена на штетата.
(15) Осигуреникот е должен да ги преземе сите потребни мерки за спречување и намалување на штетата.
(16) Во случај на кражба, измама при прием и предавање на товарот, сообраќајна незгода или насилно влегување и престојување на неовластени лица во делот каде се превезува товарот Осигуреникот е должен таквиот настан веднаш да го пријави на полиција во најблиското место или на друг надлежен орган и за таквите пријави да му приложи доказ на осигурувачот.
ПРЕМИЈА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 6
(1) Осигуреникот е должен да ја плати премијата за осигурување, договорена со полисата за осигурување, и таа се плаќа во целост при склучување на полисата, доколку поинаку не е договорено.
(2) Премијата за осигурување е годишна и зависи од осигурителното покритие и се утврдува со полисата за осигурување.
(3) Осигуреникот е должен да даде список на осигурените возила и приколки со регистарски број, број на мотор и број на шасија, за приколките тип и регистарска ознака и веднаш, а најдоцна во рок од три дена да го извести осигурувачот за измените.
(4) Осигуреникот кој не ја платил премијата во рокови утврдени во полисата плаќа законска затезна камата.
(5) Ако Осигуреникот не ја плати премијата во утврдениот рок, осигурувачот може да се ескулпира од обврската за надомест на штета.
(6) Осигурувачот секоја година на Осигуреникот ќе му пресметува бонус, односно доплаток (малус) на премијата согласно Xxxxxxxx, земајќи го во предвид неговиот индивидуален технички резултат за последната година.
(7) Преносот на бонусот се врши при склучување на договорот за осигурување или при продолжување на осигурувањето (обнова на полиса) за нареден период на осигурување.
(8) Ако Осигуреникот го промени Осигурувачот при обнова на полисата, му се признава право на бонус ако пред почетокот на важност на новиот договор за осигурување, донесе претходна полиса за осигуруванје и потврда издадена од страна на претходниот Осигурувач за износот на ликвидирани штети и техничката премија за претходната година на осигурување.
(9) Пренос на бонусот не може да се врши кај осигурувањата кои се претходно склучени со скаденца помала од 1 (една) година.
(10) Во случај на промена на сопственоста на возилото, правото на бонус не се пренесува на новиот сопственик.
(11) На барање на Осигуреникот во случај на уништување или отуѓување на осигуреното возило, осигурувачот е во обврска да му го врати не искористениот дел од премијата со примена на премискиот систем “про рата темпорис”, освен ако на Осигуреникот дотогаш не му настанал осигурен случај.
ТЕРИТОРИЈАЛНО ПОКРИТИЕ
Член 7
(1) Ако е договорено осигурување во домашен транспорт, покритието на осигурувањето се однесува само на случите до кои би дошло на таа територија, односно во границите на Република Македонија.
(2) Ако е договорено осигурување во меѓународен превоз, покритието на осигурувањето се однесува само на случаите до кои би дошло на територија на Европа, освен ако во договорот за осигурување не е поинаку договорено.
КОНСТАТИРАЊЕ И ПРИЈАВУВАЊЕ НА ШТЕТИ
Член 8
(1) Осигуреникот или неговиот полномошник е должен секоја видлива штета, која е покриена со осигурување, да ја утврди записнички на вообичаен
начин, со учество на примателот, односно корисникот на превозот пред предавање на пратката.
(2) Осигуреникот е должен секоја штета, чиј износ е над 1.000 ЕУР во денарска противвредност, без одлагање, да му ја пријави на осигурувачот и да постапи по неговите упатства.
(3) Осигуреникот е должен да ги преземе сите потребни мерки за спречување, односно намалување на штетата.
(4) Секој случај на кражба на пратката, сообраќајна незгода, пожар или насилно влегување и престојување на неовластени лица во делот каде се превезува товарот Осигуреникот треба веднаш да го пријави на Полицијата и записникот за тоа да му го предаде на осигурувачот.
(5) Доколку Осигуреникот намерно или со крајно не внимание ги повреди обврските од овој член, осигурувачот може да се ослободи од обврската да му ги надомести штетите што ќе настанат поради тоа.
ДОСТАВУВАЊЕ НА ОШТЕТНО БАРАЊЕ
Член 9
(1) Ако оштетената странка поднесе оштетно барање, Осигуреникот е должен веднаш да му го достави на осигурувачот заедно со сите документи и податоци потребни за ликвидација на штета како што се:
-пријава на штета,
-оштетно барање на оштетеното лице,
-документи за превоз (товарен лист, договор),
-фактура или друг доказ за вредноста на пратката,
-писмена изјава на возачот и неговиот помошник за причината и околностите за настанување на штетата,
-докази врз основа на кои би можело да се утврди постоење или непостоење на одговорност на Осигуреникот за настанатата штета,
-записник од полиција, ако настанала сообраќајна незгода, кражба на пратката, пожар или насилно влегување и престојување на неовластени лица во делот каде се превезува товарот.
-докази и изјави кои осигурувачот ќе ги побара за појаснување на оштетното барање.
(2) Ако од околностите за настанатата штета, или од поднесената документација не може со сигурност да се утврди одговорноста на Осигуреникот за настанатата штета или за нејзината висина, осигурувачот е должен на Осигуреникот да му даде упатство за правните и други мерки, кои треба да ги преземе со цел да се заштити од
недокажани, неосновани или преголеми оштетни барања.
(3) Осигуреникот е должен, како совесен стопанственик, да ги преземе сите потребни мерки со цел да се заштити од неосновани барања. За преземените мерки Осигуреникот е должен без одложување да го извести осигурувачот.
БАРАЊЕ НА СОГЛАСНОСТ
Член 10
(1) Осигуреникот е должен пред признавање на својата обврска за надомест на штетата да побара согласност од осигурувачот и да се придржува на неговите упатства.
(2) Ако Осигуреникот не постапи согласно одредбите од претходниот став, осигурувачот може да ја одбие исплатата на штетата, целосно или делумно, во колку смета дека Осигуреникот не бил одговорен за настанатата штета или неговата одговорност е помала од онаа која ја признал.
(3) Одредбите од претходниот став се применуваат и на случаите кога одговорноста на Осигуреникот е утврдена во судски или арбитражен спор за кој Осигуреникот благовремено не го извести осигурувачот, а осигурувачот стави оправдана примедба во врска со водење на спорот.
ВИСИНА НА ОШТЕТА
Член 11
(1) Висината на оштетата за целосна или делумна загуба на пратката се утврдува според вредноста на предметите во времето и местото на отпрема и фактурата на продавачот, доколку таква вредност нема, тогаш по пазарната вредност, но во границите на законскиот лимит за ограничена одговорност, но максимум до лимитот утврден во член 3 и 4 на овие Услови т.е. полисата за осигурување.
(2) Ако Осигуреникот превезувал пратка со поголема вредност од договорениот лимит, и истата не ја пријавил во осигурување односно нема полиса за дополнително осигурително покритие, во случај на настанување на штета на таквата пратка, при исплата ќе се примени систем на пропорција меѓу осигурената вредност и вредноста на пратката.
(3) Ако Осигуреникот има осигурително покритие за товарно возило, а со влекачот приклучил специјално возило или ладилник, и тоа не го пријавил во
осигурување и не добил замена на полиса, во случај на штета ќе се примени пропорција помеѓу премиите и висината на штетата.
ФРАНШИЗА
Член 12
(1) Осигурувачот ќе ја надомести настанатата штета од сообраќајна незгода, пожар и експлозија без франшиза.
(2) Осигуреникот учествува со 20% франшиза од настанатата штета во случај на:
- погрешно предавање на пратката поради измама на возачите;
- кражба (освен докажана разбојничка кражба).
- Насилно влегување и престојување на неовластени лица во делот каде се превезува товарот.
(3) Во сите други случаи франшизата ќе изнесува во висина на природната загуба (кало, крш, растур) за кој дел согласно законските прописи и Условите за осигурување, не одговара превозникот.
ИСПЛАТА НА ШТЕТА
Член 13
(4) По утврдување на основот и висината на настанатата штета, осигурувачот ја исплаќа во рок од 15 дена.
(5) После овој рок плаќа законска камата.
(6) Оштетното барање нема да биде исплатено, ако претходно не е наплатена премијата за осигурување.
РЕГРЕСНО ПРАВО
Член 14
(1) Со исплата на штетата, на осигурувачот му преминуваат сите права кои Осигуреникот ги имал спрема лицата одговорни за настанување на штетата.
(2) Осигуреникот е должен навремено да ги преземе сите потребни мерки за обезбедување на регресните права кон лицата одговорни за штетата.
(3) Ако Осигуреникот не постапи согласно претходниот став, осигурувачот има право да го намали (или во целост да не го исплати) надоместокот за штета, пропорционално на висината на износот на неоствареното регресно право.
ЗАБРАНА ЗА НЕТОЧНО ПРИКАЖУВАЊЕ НА ОСИГУРИТЕЛНОТО
ПОКРИТИЕ СО ПОЛИСАТА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ОДГОВОРНОСТА НА КОРИСНИЦИТЕ НА ПРЕВОЗОТ
Член 15
(1) Со овие Услови и полисата за осигурување е покриена одговорноста на Осигуреникот како превозник за штета на пратките. Поради тоа Осигуреникот не смее да истапува кај корисникот на превозот со тврдење дека со полисата е осигурена и самата пратка (карго осигурување) и со што да го доведе сопственикот на пратката во заблуда дека со овие Услови и полисата целосно се осигурени и неговите интереси.
(2) Сите штетни последици, кои со вакво тврдење би ги произвел Осигуреникот доведувајќи го корисникот на превозот во заблуда, ќе паднат на негов терет, без било какво право тој да се повика на склучениот Дог вор за осигурување на неговата одговорност врз основа на овие Услови.
ПРАВНА ПОУКА
Член 16
Осигуреникот има право до Агенцијата за супервизија на осигурување како надлежен орган за супервизија на друштвото за осигурување, да достави претставка во однос на друштвото.
РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИ
Член 17
Споровите од овие Услови ќе се решаваат спогодбено или пред редовниот суд во местото на седиштето на осигурувачот.
ТРАЕЊЕ И ОТКАЗ НА ОСИГУРУВАЊЕТО
Член 18
Осигурувањето по овие Услови согласно бараното осигурително покритие се договара со посебна годишна полиса за осигурување на одговорноста на превозникот во земјата и странство за секое возило.
Осигурувањето се склучува со траење од една година, со наведување на час, ден, месец и година на почетокот и истекот на осигурувањето. Секоја договорна страна, во текот на траењето на договорот, може да го откаже Договорот по пат на известие со препорачано писмо и отказен рок од триесет (30) дена од стасаноста на премијата.
Осигурувачот може на Осигуреникот да му го откаже осигурувањето по овие Услови и без отказен рок, ако утврди дека Осигуреникот ја
прекршил забраната предвидена со одредбите од член 14 од овие Услови.
ДАТУМ НА ПРИМЕНА
Член 19
Овие услови ќе се применуваат на сите ново склучени осигурувања како и на постојните осигурувања доколку се тие поповолни за
осигурениците.