Во меѓународната комуникација, КСС го користи називот: Confederation of Free Trade Unions of Macedonia, со кратенка KSS.
Врз основа на член 188 од Законот за работни односи ("Сл.весник на РМ" бр. 52/12 год), Четвртиот Конгресот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија на ден 21.12.2015 год. донесе
С Т А Т У Т
на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија
О П Ш Т И О Д Р Е Д Б И
Член 1
Конфедерацијата на слободните синдикати на Македонија (во понатамошниот текст КСС), е доброволна синдикална организација која има за цел изразување и остварување на економските, социјалните, културните и други заеднички интереси на членките.
КСС дејствува на територијата на Република Македонија и неговата работа е јавна.
Член 2
КСС е составена од Федерација за јавен сектор и Федерација на приватен сектор и од гранкови синдикати кои своите активности ги регулираат со донесување на свои статути, а кои се во согласност со Статутот на КСС.
Член 3
КСС во изградувањето на ставовите и целите е независна и самостојна организација во однос на државните органи и институции, политичките партии, управните и други органи, работоводните органи во претпријатијата, установите, работодавачите и нивните здруженија, верските заедници и други организации.
Член 4
Остварувањето на својата функција и улога КСС ја врши по пат на преговарање со државните органи, асоцијации на работодавачите и други органи и организации, посредување за остварување на барањата, колективно договарање и остварување на правата кои произлегуваат од работниот однос.
Име, седиште, печат, знаме и амблем на КСС
Член 5
Целосното име на организацијата е: Конфедерација на слободни синдикати на Македонија.
Скратена ознака е: КСС.
Во меѓународната комуникација, КСС го користи називот: Confederation of Free Trade Unions of Macedonia, со кратенка KSS.
КСС има својство на правно лице, со свој печат и жиро сметка.
Член 6
Седиштето на КСС е во Скопје на улица “50 Дивизија бр. 25”.
Член 7
КСС има амблем во овална форма со портокалова боја, со внатрешна елипса со сива боја во која на портокалова позадина се испечатени бели букви ,,КСС’’ од кои што буквата ,,К“ е стилизирана и на нејзината лева страна е прикажана стилиризирана фигура на човек.
Член 8
КСС има знаме со портокалова боја, а во средината е амблемот на КСС.
Член 9
Печатот на КСС има тркалезна форма со пречник од 38 мм. и го содржи текстот: "Конфедерација на слободни синдикати на Македонија".
Печатот во средината го содржи знакот на Синдикатот.
Штембилот има правоаголна форма и го содржи текстот. "Конфедерација на слободни синдикати на Македонија" со место за број и датум.
Ц Е Л И , П Р И Н Ц И П И и З А Д А Ч И на К С С
Член 10 Целите, принципите и задачите на КСС се:
- да изгради посилно и независно синдикално движење посветено на организирање, колективно преговарање и учество во донесување или изменување на законите со кои се регулираат правата од работен однос;
- да се ангажира за подобрување на квалитет на животот и пристоен животен стандард, достоинствена и достапна здравствена заштита, побезбедни работни места и поздрава работна средина, економска и социјална сигурност за членовите на гранските синдикати, членки на КСС;
- да допринесе кон развојот на демократско општество, владеење на правото и еднаков третман пред законот и институциите;
- да развие конструктивни односи базирани на партнерство, социјално лидерство и активизам, како и транспарентност и одговорност преку активноститe согласно на Статутот и Програмата;
- да се бори против квази-синдикализмот со јасно формулирани и реализирани активности кои произлегуваат од вистинските интереси на работниците и објективните можности на социјалните партнери;
- преку активностите на гранските синдикати, членки на КСС и активностите на органите на КСС постојано да се потврдува определбата за градење на синдикално движење кое ќе се бори за достоинството и функционирање на правната држава;
- да предлага, преговара,склучува и да ги спроведува општите колективни договори
на национално ниво;
- да организира стручно и синдикално образование за членовите на органите на КСС
- да развива информативно-пропагандна активност од интерес за членките на КСС заради афирмација на синдикалната политика и афирмација во јавноста;
- да соработува со други синдикати на национално ниво ( сојузи, федерации и конфедерации) во државата, како и со меѓународни сојузи и асоцијации на синдикати;
- да остварува други заеднички интереси и права согласно Уставот, законите, колективните договори и меѓународните конвенции.
П Р А В А И О Б В Р С К И Н А Ч Л Е Н К И Т Е Н А К СС
Член 11
Членките на КСС имаат права и обврски да:
- ги почитуваат целите и принципите на Статутот, Програмата и одлуките донесени од страна на органите на КСС;
- активно да учествуваат во градењето на политиката на КСС во изразување на заедничките цели и интереси на членките;
- да ги усогласуваат своите ставови и барања кои се во надлежност на највисоките државни органи, со цел, преку надлежностите на КСС истите да можат да ги покренуваат и реализираат пред социјалните надлежни партнери на национално ниво;
- активно да работат на градење на заедничка синдикална политика и стратегија по барања кои се од заеднички интерес на членките и истите да се промовирааат и да се бара нивно реализирање преку Економско социјалниот совет на национално ниво;
- да го градат единството на делувањето и активноста на органите на КСС и целосно да се воздржуваат од било какви активности кои ќе штетат во функционирањето и угледот на КСС;
- активно и со целосен интерес да учествуваат во работата на органите и телата на КСС преку своите преставници во истите;
- редовно да ги извршуваат своите обврски спрема КСС вклучително и синдикалната членарина утврдена со Одлука на органите на КСС;
- да работат на создавање услови за формирање на заеднички стручни служби, доколку истите се од интерес на сите членки или пак на дел на членките на КСС;
- постојано да работат на подигнување на стандардите за градење на заеднички интереси во рамките на КСС вклучително и заеднички имот, пред се работни простории, објекти за одржување на синдикални манифестации ( семинари, конференции, синдикални школи ), како и објекти за одмор и рекреација за членовите на гранските синдикати;
- формирање на заеднички фондови кои ќе бидат во функција на финансиското јакнење на Конфедерацијата, а преку тоа и на гранските синдикати.
Ф И Н А Н С И Р А Њ Е Н на К СС
Член 12
Работата на КСС се финансира од членарината од гранските синдикати и од други приходи како што се: донаторство, спонзорство, акции, банкарски записи, подароци и камати на своите средства.
Висината на членарината се одредува со Одлука на Конференција на КСС.
Членарината од гранските синдикати се подмирува најдоцната до крајот на , тековниот за претходниот месец.
Неспроведувањето на одлуката за распределба на членарината се смета за повреда на Статутот на КСС.
О Р Г А Н И НА К СС
Член 13
Органи на КСС се:
- Конгрес;
- Конференција;
- Надзорен одбор
- Претседателство;
- Извршен Одбор
Конгрес
Член 14
Конгресот е највисок орган на КСС кој се свикува на пет години. Одлука за свикување на Конгресот носи Конференцијата по предлог на Извршниот одбор на КСС. Одлуката за свикување на Конгресот се носи најмалку 60 дена пред одржувањето на Конгресот.
Член 15
Одлука за бројот и структурата на делегатите кои ги избираат членките на КСС ја носи извршниот одбор на КСС, а нивниот избор го вршат гранските синдикати најдоцна 30 дена пред одржување на Конгресот.
Членовите на Конференцијата по функција се делегати на Конгресот.
Член 16
Конгресот одлучува и ги усвојува, по предлог на Конференцијата, следните документи:
- усвојува Деловник за работа на Конгресот.
- Програма за работа на КСС за мандатниот период;
- Статут на КСС;
- Финансиски извештај за претходниот мандатен период;
- избира Претседател на КСС и Надзорен одбор.
Член 17
Вонреден Конгрес се свикува со одлука на Конференцијата по иницијатива на
најмалку ½ од гранските синдикати кои опфаќаат најмалку ⅔ од членството на КСС.
Делегати на вонреден Конгрес се истите делегати на последниот Конгрес. Делегатите на кои по разни основи им престанало членството во КСС ќе бидат заменети со нови делегати од страна на гранските синдикати.
Конференција
Член 18
Конференцијата е највисок орган на КСС помеѓу два Конгреса.
Конференцијата ја сочинуваат избрани членови од гранските синдкати кои ќе се утврдат со посебна Одлука на Извршниот Одбор.
Членовите на Претседателството учествуваат во работата на Конференцијата, но без право на глас.
Секој грански синдикат има право на еден член во Конференцијата како и на дополнителен број членови согласно став 2 од овој член.
Конференцијата се свикува по потреба, но најмалку еднаш годишно или по барање на најмалку една половина од членовите на Конференцијата на КСС, најдоцна во рок од 30 денa.
Конференцијата ја свикува Претседателот на КСС.
Член19
Конференцијата на КСС ги врши следните работи, по претходен предлог на Извршниот одбор:
- го разгледува и усвојува годишниот финансиски извештај;
- предлага и донесува одлуки за различни облици на предупредување и притисок, вклучувајќи и генерален штрајк во согласност со законот, колективните договори и овој Статут;
- донесува одлуки за измени и дополнување на Статутот најмногу до
⅓ од одредбите содржани во него;
- дава иницијатива, предлози и размислувања во постапката на донесување закони и други прописи кои се од интерес на синдикатите;
- утврдува кандидати за Претседател на КСС и членови на Надзорен одбор;
-по предлог на Извршниот Одбор врши избор на Потпретседатели
- назначува ВД Претседател на КСС за период од најмногу 6 месеци и со можност за продолжување на мандатот до одржување на Конгрес;
- донесува одлука за престанок на функцијата на Претседателот на КСС согласно член 27 од овој Статут;
- донесува Одлука за прием и исклучување на членки на КСС
- донесува одлука за свикување на Конгрес;
- предлага конгресни документи и
- одлучува за други прашања од својот делокруг на работа.
Член 20
За работа на Конференцијата на КСС потребно е присуство повеќе од ½ од членовите, а одлуките се полноважни ако за нив се изјаснат најмалку ⅔ од присутните членови.
Извршен Одбор
Член 21
Извршниот Одбор e извршен орган на КСС.
Извршниот Одбор го сочинуваат Претседателот на КСС, Генерален секретар и Претседателите на репрезентативните грански синдикати, членки на КСС.
Член 22 Извршниот Одбор ги врши следниве работи:
- ја имплементира Програмата и другите документи усвоени од Конгресот и Конференцијата на КСС;
- дава предлози, мислења и сугестии на прашања сврзани со колективното преговарање, организациските и законските цели и програми до органите на КСС и надлежни институции;
- основа и раководи со работата на комисии;
- усвојува одлуки кои произлегуваат од тековното работење на КСС;
- ги определува критериумите за избор на Претседател на КСС;
- предлага кандидати за Претседател и членови на Xxxxxxxx Xxxxxx;
- врши подготовка за одржување на Конгресот;
- на предлог на Претседателот врши избор на Генерален Секретар;
- предлага кандидати за избор на Потпретседатели на КСС до Конференцијата
- формира стручна служба на КСС;
- подготвува финансов план и програма за секоја наредна година;
- врши избор на делегати и членови во органите на други асоцијации;
- ги подготвува седниците на Конференцијата и Xxxxxxxxxxxxxxx на КСС;
- дава овластување за потпишување колективни договори
- врши и други работи кои се во интерес на КСС согласно Статутот.
За својата работа Извршниот Одбор е одговорен пред Конференцијата на КСС.
Член 23
За работа на Извршниот Одбор потребно е присуство од најмалку ⅔ од вкупниот број членови.
Одлуките се полноважни ако за нив гласаат повеќе од ½ од вкупниот број присутни членови.
Член 24
Членовите на Извршниот одбор кои два пати едно подруго нема да присуствуваат на седниците и своето отсуство нема да го оправдаат за објективноста на отсуството, за истото ќе биде известен нивниот грански синдикат. Доколку продолжи нивното отсуство и на други седници во текот на истата година, Извршниот одбор е должен да побара од Конференцијата на КСС нивно исклучување од членство на КСС и покренување на одговорност пред надлежниот орган на одлучување во нивниот грански синдикат.
Претседателство на КСС
Член 25
Претседателството на КСС го сочинуваат сите Претседатели на гранските синдикати на КСС.
Со Претседателството раководи Претседателот на КСС. Претседателството има консултативна улога и истото може да дава предлози, мислења и сугестии до Извршниот одбор на КСС.
Иницијатива за свикување на седници на Претседателството може да дадат најмалку повеќе од половината членови на истото со конкретен предлог на прашања со кое бараат свикување на седница на Претседателството.
Претседателството се свикува по потреба, а најмалку еднаш на шест месеци.
Претседател на КСС
Член 26 Претседателот на КСС ги врши следните работи:
- преговара со социјалните партнери на национално ниво;
- ги потпишува сите акти донесени од страна на органите на КСС;
- ги потпишува сите колективни договори на национално ниво во согласност со законите со претодно добиено овластување од Извршниот одбор;
-организира прес конференции и јавни настапи;
-соработува и ја претставува КСС пред невладини организации, здруженија и меѓународни синдикални организации;
-свикува седници на Конференцијата, Претседателство и Xxxxxxxx одбор и ги води истите;
-учествува во работата на органите на КСС и пред истите покренува иницијативи во интерес на КСС;
-налогодавач е на сретствата на КСС
-дава предлог до Извршниот одбор за избор на Генерален секретар;
-врши и други работи во согласност со овој Статут.
За својата работа Претседателот е одговорен пред Конгресот на КСС.
Член 27
Претседателот на КСС е истовремено и Претседател на Конференцијата, Претседателството и на Извршниот одбор на КСС.
Претседателот на КСС функцијата ја обавува професионално или волонтерски.
Претседателот се избира со мандат од 5 години со можност за повторен избор по истекот на мандатот.
Член 28
На Претседателот на КСС функцијата му престанува:
- доколку Конференцијата утврди кршење на Статутот од страна на Претседателот на КСС и
- со поднесување на оставка.
Генерален секретар на КСС
Член 29
Генералниот секретар го избира Извршниот одбор на КСС по предлог на Претседателот на КСС.
Генералниот секретар функцијата ја извршува волонтерски со мандат од 5 години и можност за повторен избор.
Тој ги подготвува сите состаноци на Конференцијата и Извршниот одбор и е задолжен за имплементирање на политиката и програмите на КСС и одлуките донесени од Конференцијата и Извршниот одбор.
Професионалниот и техничкиот персонал му помагаат на Генералниот секретар во спроведување на овие задачи и обврски. За своите активности Генералниот секретар одговара пред Извршниот одбор и Претседателот на КСС.
Член 30
Генералниот секретар извршува работи кои ќе му ги довери Претседателот на КСС и Извршниот одбор на КСС:
Генералниот секретар одговара пред Извршниот одбор и Претседателот на КСС.
Потпретседатели
Член 31
Потпретседателелите работат согласно надлежностите кои ќе им ги додели Претседателот.
Надзорен одбор на КСС
Член 32
Надзорниот одбор е орган на Конгресот на КСС и се состои од 5 члена и 5 заменици.
Надзорниот одбор од своите редови избира Претседател.
Членовите на Надзорниот одбор не можат да бидат членови на Конференцијата и на Извршниот одбор на КСС.
Мандатот на членовите на Надзорниот одбор трае 5 години без можност за повторен избор.
Член 33 Надзорниот одбор ги има следните надлежности:
- врши контрола на материјално - финансиското работење на КСС;
- соработува со инспекциските служби задолжени за финансиско работење согласно законските прописи;
Надзорниот одбор им поднесува годишен Изврештај за финансиското работење на КСС на Извршниот одбор и на Конференцијата на КСС.
Годишниот извештај по предллог на Извршниот одбор го усвојува Конференцијата на КСС.
Надзорниот одбор му поднесува извештај за својата работа како и за материјално-
финансиското работење на КСС во меѓуконгресниот период на наредниот Конгрес.
Стручна служба
Член 34
КСС формира стручна служба со стручен и административно-технички персонал. Бројот и составот на Стручната служба се утврдува со акт за систематизација кој го донесува Извршниот одбор.
Р Е Ш А В А Њ Е Н А С П О Р О В И
Мировен совет
Член 35
Во случај на спор страните можат да се договорат да го дадат на решавање на
посебен мировен совет. Договорот за мировниот совет мора да биде склучен во писмена форма.
Мировниот совет е составен од 3 члена, од кои по еден член е од страните што го водат спорот, а третиот член го именува Извршниот одбор на КСС.
Арбитража
Член 36
Арбитража се определува доколку не може да се реши спорот со Мировниот совет. Арбитражата се состои од 5 члена од кои по еден член именуваат страните, а 3 члена именува Извршниот одбор на КСС од кои едниот се избира за Претседател на Арбитражата.
Арбитражата е должна во рок од еден месец да донесе одлука за спорот.
Одлуката на Арбитражата е конечна и задолжителна за двете страни и против неа не е дозволено поведување спор пред надлежен суд.
ПРЕСТАНОК НА КСС
Член 37
КСС може да престане да работи со донесување Одлука за укинување.
Одлука за укинување донесува Конгресот. Одлуката е полноважна ако за тоа се изјаснат ⅔ од членовите на Конгресот.
Секој синдикат на КСС може да поднесе предлог за престанок на КСС. Конференцијата има право да достави мислење до Конгресот во однос на предлогот на членката за престанок на КСС најмалку 30 дена пред одржувањето на Вонредниот конгрес со единствена точка на дневен ред.
Доколку се усвои Одлуката, тогаш престанува важењето на сите финансиски обврски на КСС спрема трети лица, вклучувајќи ги и обврските спрема стручниот и техничкиот персонал.
Конгресот усвојува посебен акт со кој се утврдува поделбата на имотот на КСС.
П Р Е О Д Н И И З А В Р Ш Н И О Д Р Е Д Б И
Член 38
КСС стекнува правна и деловна способност со денот на запишувањето во надлежниот регистар.
Член 39
Овој Статут влегува во сила со денот на неговото донесување.
Во Скопје,
21.12. 2015 год. КСС
Претседател Xxxxxxx Xxxxxxxxx