Contract
Триглав Осигурување АД бул. 8-ми Септември бр. 16 1000 Скопје
УС-нпс-ПЗП 12-1-мк
Дополнителни услови за доброволно осигурување на патници во јавен превоз од последици на несреќен случај
член 1: општи одредби
[1] Општите услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај (во понатамошниот текст: Општи услови) и овие Дополнителни услови се составен дел од договорот за доброволно осигурување на патници во јавен превоз од последици на несреќен случај.
[2] Патниците во јавниот воздушен сообраќај не може да се осигуруваат по овие дополнителни услови.
[3] Договарач на осигурувањето, според овие дополнителни услови, може да биде правно лице овластено за превоз на патници.
член 2: осигурени лица
[1] За патник во јавен превоз се смета лице кое патува или има намера да патува и кое купило патничка карта и полиса за осигурување.
[2] Лицето кое е вработено во превозното средство не се смета за патник.
[3] Корисникот на осигурувањето мора да докаже дека лицето било патник и дека било осигурено.
[4] Лицата наведени во став (1) од овој член се осигуруваат без оглед на нивната здравствена состојба, општа работоспособност и старост, и тоа без плаќање на зголемена премија во смисла на член 8 став (1) точка 6 од Општите услови, освен лицата кои според член 4 став (4) од Општите услови, во секој случај се исклучени од осигурување.
член 3: осигурени опасности
[1] Во осигурување се вклучени незгодите кои настануваат за време на возењето, при влез и излез од превозното средство, на станицата или друг простор наменет за патници.
[2] Осигурувачот гарантира само во случај ако патникот во моментот на незгодата има полиса за осигурување која го има истиот датум како и патничката карта, освен ако последниов услов не е поинаку одреден со посебен договор.
[3] Осигурувачот гарантира само за незгодите на релацијата наведена на патничката карта.
[4] При патување со повратна патничка карта, патникот е осигурен само ако и за повратното патување купил полиса за осигурување.
[5] Патниците со месечни или останати претплатнички патнички карти кои немаат посебни полиси, а кои се издаваат заедно со наведените патнички карти, може да бидат осигурени само ако купат посебна полиса за секое патување, доколку тоа не е поинаку посебно договорено.
[6] Осигурувачот гарантира за штети поради оштетување или уништување на багаж, ако багажот бил уништен или оштетен поради сообраќајна несреќа, но најмногу до сумата на осигурување наведена во полисата. Исклучено е покритието за пари, накит и скапоцености.
член 4: сума на осигурување
[1] Осигурувачот гарантира најмногу до висината на сумата на осигурување наведена на една полиса и во случај ако патникот има повеќе полиси за осигурување.
член 5: траење на осигурувањето и покритието
[1] Осигурителното покритие за поединечен патник започнува од моментот на купување на патничката карта и полисата за осигурување.
[2] Ако патникот купил патничка карта и полиса во претпродажба, осигурителното покритие започнува со неговото доаѓање на местото одредено за патници.
[3] Осигурителното покритие за секој патник престанува во моментот на напуштање на целната станица на која патувањето прекинало.
член 6: плаќање на премија
[1] Премијата се пресметува врз основа на бројот на продадени полиси за осигурување.
[2] Договарачот е должен да му ја приложи на осигурувачот пресметката на премијата за договорениот период и истовремено да ја достави премијата.
[3] Договарачот е должен да ја плати договорената премија на осигурувачот за сите осигуреници без исклучок и за цело времетраење на осигурувањето, во рокот наведен на полисата.
[4] Обврската на осигурувачот за поединечен осигуреник постои и во случај кога Договарачот не ја платил премијата во рокот наведен во полисата, ако незгодата настанала за времетраењето на осигурувањето според одредбите од членовите 6 и 15 од Општите услови.
[5] Договарачот е должен да му овозможи увид на осигурувачот во евиденцијата од која може да се утврди исправноста на пресметката и плаќањето на премијата.
член 7: обврски после осигурен случај
[1] За должностите на осигуреникот после настанувањето на осигурен случај, важат одредбите од член 11 од Општите услови.
[2] Договорувачот е должен на осигурувачот да му го пријави секој настан од кој би можеле да настанат обврски на осигурувачот по овие Дополнителни услови.
[3] Договарачот е должен да му ги даде на осигурувачот, сите потребни информации за појаснување на настанот и околностите кои се важни за утврдување на постоењето и висината на неговите обврски.
член 8: завршни одредби
[1] Овие Дополнителни услови важат заедно со Општите услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај. Доколку нивната содржина се разликува од Општите услови, тогаш важат овие Дополнителни услови.