i) Правосилните и извршните одлуки на судови на една договорна држава, со кои врз основа на важечките прописи на државата на парничниот суд е утврдено дека тужителите или вмешатели треба да ги надоместат парничните трошоци или да ги платат судските...
ДОГОВОР
МЕЃУ ФЕДЕРАТИВНА НАРОДНА РЕПУБЛИКА ЈУГОСЛАВИЈА И РЕПУБЛИКА АВСТРИЈА ЗА ЗАЕМЕН ПРАВЕН СООБРАЌАЈ ОД 16 ДЕКЕМВРИ 1954 ГОДИНА*
ПРВ ДЕЛ
ПРАВНА ЗАШТИТА, ДОСТАВУВАЊЕ И ПРАВНА ПОМОШ ВО ГРАЃАНСКА МАТЕРИЈА
Правна заштита
Член 1
Државјаните на една договорна држава имаат, на територијата на другата договорна држава, слободен пристап до судови и можат да се појавуваат пред судовите под истите услови како и сопствените државјани.
Член 2
(1) Ако државјани на една договорна држава, коишто имаат живеалиште или деловно седиште во една од договорните држави, постапуваат како тужители или вмешатели пред суд на другата договорна држава, од нив не мора да се бара да обезбедат парнични трошоци ниту да дадат аванс за судски такси.
(2) Аванс за трошоците што го сноси странката може да се бара од државјаните на другата договорна држава под истите услови и во истиот обем како и од сопствените државјани.
Член 3
(i) Правосилните и извршните одлуки на судови на една договорна држава, со кои врз основа на важечките прописи на државата на парничниот суд е утврдено дека тужителите или вмешатели треба да ги надоместат парничните трошоци или да ги платат судските такси, се извршуваат на барање на територијата на другата договорна земја. Барањето за надоместок на парничните трошоци треба да го достави странката на која ѝ се досудени трошоците, а барањето за наплата на судските такси го доставува државата; ова барање може да се поднесе непосредно на надлежниот суд или може да се упати на начин предвиден за поднесување замолници.
(2) Подносителот на барањето треба да приложи: заверен препис од изрекувањето на одлуката со потврда за правосилност и извршност, како и превод на тоа на јазикот на судот до кој барањето се поднесува или упатува. Точноста на преводот ја потврдува преведувач што е службено поставен во една од договорните држави; заверка на потписот на преведувачот не е потребна.
(3) Одлуките наведени во став 1 што ги донел суд на друга држава се извршуваат како и сопствените одлуки, со тоа што странките нема претходно да се сослушуваат, туку им останува задржаното право на жалба.
Член 4
Државјаните на една договорна држава ги уживаат пред судовите на другата договорна земја погодностите кои се признаваат со оглед на приходите и имотната состојба (сиромашно право) под истите услови и во истиот обем како и сопствените државјани.
Член 5
(1) Уверението што е потребно за стекнување на погодностите наведени во член 4 го издаваат државните органи на онаа договорна држава во која што предлагачот има вообичаено живеалиште.
(2) Xxxxxxx предлагачот нема вообичаено живеалиште во ниту една од договорните земји, доволно е уверението на дипломатското или конзуларното претставништво на државата каде што тој е државјанин, надлежно според местото на неговото вообичаено
∗Договорот е објавен во „Службен весник на ФНРЈ“ – Додаток, бр. 8/55, а стапил на сила на 13 декември 1955 година.
живеалиште.
Член 6
(1) Државниот орган што е надлежен за издавање на уверението наведено во став 1 од член 5 може од државните органи на другата договорна држава да побара известување за приходите и имотната состојба на предлагачот.
(2) Судот што одлучува по молбата за признавање на погодностите наведени во член 4 го задржува правото, во рамките на своите овластувања, да ги провери поднесените уверенија и известувања.
Заеднички одредби за доставување и правна помош
Член 7
(1) Договорните држави се обврзуваат дека на молба ќе вршат доставување и меѓусебно ќе си пружат правна помош во парнични и вонпарнични предмети, вклучувајќи ги прашањата од семејно право и старателство; ова важи и во случај кога за тие работи надлежни се управните органи.
(2) Во следните одредби од овој дел од Договорот под судовите се подразбираат и управните органи доколку се надлежни за работите наведени во став 1.
Член 8
Југословенските и австриските судови меѓусебно комуницираат од една страна преку државните секретаријати за правосудна управа на народните републики Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора, а од друга страна, преку Сојузното министерство за правда на Република Австрија, доколку со овој Договор не е изречно одредено поинаку (член 17 став 2).
Член 9
(1) Замолниците за доставување и правна помош се составуваат на српско-хрватски, словенечки, македонски или германски јазик. Тие мора да содржат службен печат на органот од кој потекнуваат и не е потребна нивна заверка.
(2) Исправите и другите пишани документи што се составуваат при решавањето на замолниците наведени во став 1 мора да бидат напишани на еден од јазиците наведени во став 1.
Член 10
Замолницата треба да го содржи предметот на молбата и да се означуваат странките по име, занимање и место на живеалиште или седиште. Покрај тоа, во замолницата за доставување мора да се назначи адресата на примателот и видот на списи што треба да се достават, а во замолницата за правна помош, околностите за кои треба да се спроведе доказ, а доколку е потребно, и прашањата што треба да му се постават на лицето што треба да биде сослушано.
Член 11
Извршувањето на замолниците се врши според законите на замолената држава. Меѓутоа, барањето на судот од кој потекнува замолницата да се постапи според некоја посебна форма се извршува само доколку тоа не е во спротивност на начелата на законодавството на замолената држава.
Член 12
(1) Доколку замолениот суд не е надлежен, ја упатува замолницата до надлежниот суд.
(2) Извршувањето на замолниците може да се одбие само ако замолената држава смета дека со извршувањето на замолницата се загрозуваат нејзините суверени права или нејзината сигурност, или дека извршувањето е во спротивност со основните начела на нејзиното законодавство.
Член 13
Судот од каде што потекнува замолницата без одлагање се известува во сите случаи кога замолницата не е извршена, и тоа во случаи на упатување на друг суд со наведување
на тој суд, а во случај на одбивање, се наведување на причината за тоа.
Доставување
Член 14
(1)Списите што треба да се достават мора да бидат составени на јазикот на замолениот суд или со нив мора да биде приложен превод на тој јазик. Преводот треба да биде службен или да биде потврден како веродостоен од страна на преведувач што е службено поставен во една од договорните земји; заверка на потписот на преведувачот не е потребна.
(2) Доколку списите не се составени на јазикот на замолениот суд, ниту е приложен превод на тој јазик (став 1), замолениот суд ќе се ограничи на тоа да ја изврши доставата со предавање на документите на примателот ако тој е волен да ги прими.
Член 15
Доставувањето на списите се докажува или со доставница, што треба да содржи датум, потписи на доставувачот и на лицето што ги презело списите, како и печат на судот, или со уверение на замолениот суд од кое произлегуваат фактите, формата и времето на
доставување.
Член 16
Судовите на договорните држави можат на територијата на другата договорна земја да доставуваат списи преку дипломатските или конзуларните претставници на својата држава на лица што не припаѓаат ниту на државата во која треба да се изврши доставата ниту на некоја трета држава. Притоа не смеат да применуваат принудни средства, ниту смеат да се закануваат со нив.
Правна помош
Член 17
(1) Судовите до кои се упатени замолниците за правна помош ги извршуваат и притоа, по потреба, ги применуваат истите принудни средства како и при извршувањето на замолниците за правна помош на судовите од сопствената држава. Принудни средства нема да се применуваат ако станува збир за лично доаѓање на страните во парницата.
(2) Судот од каде што потекнува замолницата, може, на негово барање да биде известен за времето и местото на извршување на бараната работа; тоа известување го вршат судовите непосредно преку пошта.
Трошоци за доставувањето и правната помош
Член 18
(1) Што се однесува до извршувањето на замолниците за доставување и правна помош, од државата од која потекнува замолницата не смее да се бараат никакви такси ниту трошоци. Од тоа се исклучени само надоместоците за вештаци.
(2) Спроведувањето на вештачењето може да зависи од депонирање аванс кај замолениот суд само ако странката го сноси трошокот за надоместок на вештакот.
ВТОР ДЕЛ
КРИВИЧНИ ПРЕДМЕТИ
Доставување и правна помош
Член 19
Договорните држави се обврзуваат да вршат доставување и да обезбедат меѓусебна правна помош во кривични предмети по молба.
Член 20
Доставувањето нема да се изврши и правна помош нема да се обезбеди ако делото што е предмет на кривична постапка, според законите на замолената држава не е судски казниво - или ако пак тоа претставува чисто воено или фискално кривично дело.
Член 21
Извршувањето на доставувањето и обезбедувањето правна помош може да се одбие:
1. ако замолената држава смета дека со извршувањето на замолницата се загрозуваат нејзините суверени права или нејзината сигурност, или дека извршувањето е во спротивност со основните начела на нејзиното законодавство;
2. ако обвинетиот е државјанин на замолената држава и не се наоѓа на територијата на државата од каде што потекнува замолницата.
Член 22
Правната помош особено опфаќа извршување судски извидувачки и истражни работи, како што се испитување на обвинетиот, сослушување сведоци и вештаци, судски увид, претрес, одземање предмети и предавање акти и предмети што се однесуваат на одредена кривична постапка. Меѓутоа, овие акти и предмети се предаваат само ако се чуваат кај органот на замолената држава и ако нема посебни причини против тоа; тие треба да се вратат колку што е можно поскоро.
Член 23
(1) Ако некое лице, независно какво државјанство има, прими на територијата на една договорна земја покана за одреден судски кривичен или граѓански предмет и доброволно се појави пред судот на другата договорна земја како сведок или вештак, не смее таму да се гони или да се лиши од слобода поради претходни кривични дела или осуди, или како соучесник во кривично дело кое е предмет на постапката во која тоа лице се сослушува како сведок или вештак. Со кривичните дела и осудите се изедначуваат казниви дела и решенија за казнување поради кои управните органи водат постапка, односно што ги донеле.
(2) Меѓутоа, лицето наведено во став 1 ја губи оваа погодност ако, иако имало прилика, не ја напуштило територијата на државата од чијшто суд е повикано во рок од пет дена откако престанала потребата за негово присуство во суд.
(3) Во замолницата за доставување покана треба да се наведе износот што ќе биде исплатен за покривање на патните трошоци и трошоците за сместување. Државата од која што потекнува замолницата на повиканото лице, на негово барање, ќе му даде аванс за покривање на патните трошоци и на трошоците за сместување.
Член 24
(1) Ако лицето што судот на една договорна држава го бара за сведок или за вешто лице е лишено од слобода на територијата на друга договорна држава, тогаш за негово привремено предавање може да се замоли Државниот секретаријат за внатрешни работи на Федеративна Народна Република Југославија, односно Сојузното министерство за правда на Република Австрија.
(2) Оваа молба ќе биде исполнета ако лицето се согласи со тоа и ако нема посебни причини против тоа. Лицето треба да биде вратено што е можно побрзо. Притоа соодветно се применува одредбата на член 23 став 1.
Член 25
Одредбите на членовите 8 до 11, 12 став 1, 13 до 15 и 17 став 1, се применуваат за извршувањето на доставувањето и давањето правна помош во кривична материја.
Известување за казни
Член 26
(1) Договорните држави ги соопштуваат меѓусебно по дипломатски пат четиригодишните преписи од казнените листови за правосилни осудувачки пресуди што се однесуваат на државјани на другата договорна држава и кои, според важечките прописи, се впишуваат во регистарот на казни.
(2) Исто така, договорните држави ги соопштуваат една на друга и подоцнежните одлуки и решенија што се однесуваат на такви пресуди и се внесуваат во регистарот на казни.
(3) Освен тоа, договорните држави доставуваат една на друга по молба во поединечен
случај изводи од пресудите наведени во став 1.
Член 27
Договорните држави даваат една на друга по молба и по дипломатски пат, известувања за впишувањата во регистарот на казни:
1. што се однесуваат на државјани на државата што бара такви известувања;
2. што се однесуваат на други лица, ако против нив се води во државата што бара известување, а тие лица се наоѓаат во таа држава.
Трошоци
Член 28
(1) Трошоците што произлегуваат од извршувањето на доставувањето и обезбедувањето правна помош во кривични материи, како и давање известувања ги сноси договорната држава на чијашто територија тие трошоци настанале.
(2) Меѓутоа, трошоците што произлегуваат од замолница за спроведување докази со вештачење или за привремено упатување на лице што е лишено од слобода на територијата на замолената држава, ги надоместува државата од која што потекнува замолницата.
ТРЕТ ДЕЛ ОСТАВИНА
Член 29
(1) Државјаните на една договорна држава можат, според правото на таа држава или според правото на другата договорна држава, со изјава на последната волја или дарување во случај на смрт, да располагаат со својот целокупен имот што се наоѓа на територијата на другата договорна држава.
(2) Државјаните на една договорна држава можат, врз основа на законско наследно право или право на нужен дел, или врз основа на изјава на последната волја или дарување во случај на смрт, да стекнат во другата договорна држава имотни права под истите услови и во еднаков обем како и државјаните на таа држава.
Член 30
За расправата за недвижниот имот од оставината и за решавање на спорните барања на наследство, нужниот дел или легатот на кој се однесува тој имот исклучиво се надлежни судовите на онаа договорна држава на чијашто територија се наоѓа имотот.
Член 31
(1) За расправата за движниот имот од оставината на државјани на договорната држава, како и за решавање на спорните барања на наследство, нужниот дел или легатот на кој се однесува тој имот исклучиво се надлежни судовите на државата на која припаѓа завештателот, освен ако не е поинаку утврдено во овој договор. Меѓутоа, не се исклучува надлежноста на судовите на другата договорна држава во случаи во кои извршувањето предвидено во став 2 веќе не е можно.
(2) Секоја договорна држава се обврзува дека ќе ги признаваат и извршуваат одлуките за наследство и спорните барања на наследство, нужниот дел или легатот што се донесени од судови на државата на која припаѓа завештателот, доколку тие одлуки се однесуваат на движно наследство што се наоѓа на нејзината територија, а станува збор за оставина на државјанин на другата договорна држава, и тоа:
1. ако ништо друго не произлегува од следните одредби, или
2. ако тие одлуки не се во спротивност со основните начела на законодавството на државата во која што се наоѓа оставината.
(3) Во однос на списите што треба да се приложат со предлогот за извршување се применуваат одредбите на член 3 став 2; меѓутоа, во парнични предмети треба да се приложи заверен препис на одлуката заедно со образложението.
(4) Судовите на договорните држави ги предаваат, поради спроведување на расправа за оставина во смисла на став 1, на молба на органи на државата на која припаѓал завештателот, телесни движни ствари од неговата оставина, доколку
1. во следните одредби не е поинаку одредено, односно
2. доколку тоа не е против забраната за извоз или девизно-правните прописи.
Член 32
Судот на договорната држава на чијашто територија починал државјанин на другата договорна држава должен е да достави заверен препис на посмртница до конзуларниот орган на државата чијшто државјанин бил починатиот.
Член 33
(1) Ако во една договорна држава се наоѓа движна оставина на државјанин на друга договорна држава, суд или друг надлежен државен орган презема, на предлог или по службена должност, мерки што се потребни за обезбедување и целисходно управување со оставината, како и за спречување на нејзино намалување или други заканувачки штети. Особено ако во вакви случаи мора да се направи попис на сите движни работи од оставината што се наоѓа на таа територија и, според околностите на случајот, тој имот да се стави под печат, или да се одреди негово оставање на безбедно место, или да се постави сигурно лице за старател на таа оставина.
(2) Судот или државниот орган ги презема мерките наведени во став 1 според прописите што важат за тие мерки во нивната сопствена држава. Меѓутоа, тие мерки се спроведуваат, на молба на другата држава, и во некоја посебна форма доколку тоа не е во спротивност со основните начела на законодавството на замолената држава.
(3) Доколку во местото каде што се наоѓа движната оставина има седиште на конзуларниот орган на државата чијшто државјанин бил починатиот, тогаш мерките наведени во став 1 може да се преземат само ако конзуларниот орган бил навремено известен за тоа; конзуларниот орган има право да учествува во преземањето службени дејства и да дава предлози.
(4) Во останатите случаи, конзуларниот орган треба без одложување да биде известен за сите мерки што се одредени за обезбедување и управување со оставината. Овие мерки може, без штета по правата на трети лица, на предлог на конзуларниот орган, да бидат изменети или укинати.
Член 34
(1) На предлог на наследниците, или на лица кои имаат право на нужен дел или легатар, што се државјани на договорната држава во која се наоѓа оставината или кои престојуваат на нејзината територија, судот може да ја задржи целата оставина или доволен дел од истата, додека надлежниот суд на државата чијшто државјанин бил завештателот не донесе правосилна одлука за барањето за наследство, нужен дел или легат.
(2) Истите мерки судот може да ги преземе и на предлог на доверителите кои се државјани на договорната држава на чија територија се наоѓа оставината, или кои престојуваат на таа територија, доколку ги пријават своите побарувања и, ако е потребно, покренат постапка за нивно признавање.
Член 35
(1) Во однос на предлозите наведени во член 34, со оглас се одредува рок од три до шест месеци во кој барањата на горенаведените лица мора да се пријават и, доколку е потребно, да се покрене постапка за нивно признавање. Ако барањата не се пријават во овој рок, односно ако не се покрене постапка за нивно признавање, не може да се одбие предавањето на движната оставина со повикување на одредбите на член 34.
(2) До конзуларниот орган на државата чијшто државјанин бил починатиот се доставува заверен препис на огласот.
Член 36
(i) Ако последното пребивалиште на завештателот кој бил државјанин на една договорна држава било на територијата на другата договорна држава, наследниците или лицата кои имаат право на нужен дел, ако живеат на територијата на другата држава, можат да предложат во рокот утврден во член 35, став 1, судот на таа држава да спроведе расправа за движната оставина што се наоѓа во таа држава. Овој предлог ќе биде извршен ако на тоа нема приговор од наследник, лице овластено на нужен дел или легатар, по извршено прописно соопштение, во рок од еден до три месеци што го утврдува судот. Во таков случај на таа држава се надлежни за решавање на спорни барања за наследство, нужен дел или легат.
(2) Ако во смисла на став 1 за движната оставина треба да расправа судот на државата во која се наоѓа оставината, се применуваат одредбите на наследното право на државата чијшто државјанин бил завештателот, и тоа како и за расправата за оставината, така и при решавањето на спорните барања на наследство, нужен дел или легат.
Член 37
(1) Ако државјанин на една договорна држава почине за време на патување на територијата на другата договорна држава, а таму нема пребивалиште, ниту вообичаено живеалиште, тогаш работите што тоа лице ги носело со себе, без никакви формалности му се предаваат на конзуларниот орган на неговата држава.
(2) Конзуларниот орган каде што се предадени тие работи постапуваат со нив според прописите на својата држава, откако ќе ги регулира долговите што починатото лице ги направило за време на престојот во државата во која починало.
Член 38
Во парнични и вонпарнични предмети за оставина по која се расправа на територијата на една договорна држава, конзуларниот орган на другата договорна држава е овластен да ги застапува нејзините државјани ако тие се отсутни и не одредиле полномошник; при што не се навлегува во одредбите за задолжително застапување преку адвокат.
Член 39
Што се смета за движен имот е одредено според прописите на државата во која се наоѓа тој имот.
Член 40
(1) Додека двете договорни држави не склучат договор за избегнување двојно оданочување во областа на давачки за стекнување имот во случај на смрт, секоја договорна држава го задржува правото, пред предавањето на движната оставина на органите на другата договорна држава, да ги наплатат сите давачки во случај на смрт според нејзините закони.
(2) Прописите што постојат во договорните држави за обезбедување и наплата на давачки во случај на смрт не се менуваат.
ЧЕТВРТ ДЕЛ
ЗАВЕРУВАЊЕ И ИСПРАВИ
Заверување
Член 41
Јавните исправи што се изготвени или издадени од суд, државен орган или јавен нотар во една договорна држава, доколку содржат службен жиг или печат, не мора да се заверуваат за употреба пред судови и државни органи на другата договорна држава.
Член 42
Приватните исправи што се заверени од суд, државен орган или јавен нотар во една договорна држава не мора понатаму да се заверуваат за употреба пред судови и државни органи на другата договорна држава.
Размена на исправи за личната состојба
Член 43
(1) Двете договорни држави меѓусебни си доставуваат, без давачки и трошоци, исправи за личната состојба.
(2) Ако државен орган на една договорна држава впише во матичните книги раѓање, склучување брак или смрт на државјанин на другата договорна држава, тогаш до конзуларниот орган на државата за чијшто државјанин станува збор, се доставува извод од матичната книга на родените, венчаните или умрените.
(3) Изводите од матичните книги на умрените се доставуваат веднаш, а останатите изводи заедно на секои три месеци.
Издавање на исправи за личната состојба
Член 44
(1) Двете договорни држави се обврзуваат да издаваат и доставуваат една на друга исправи за личната состојба без давачки и трошоци, доколку за тоа бидат замолени во јавен интерес што е доволно означен.
(2)Ваквите молби се упатуваат преку дипломатски или конзуларен пат до надлежниот државен орган.
(3) Со молбата за издавање исправи за личната состојба, како ни со издавањето на такви исправи не се прејудицира прашањето на државјанството.
Член 45
Под исправи за личната состојба во смисла на член 44 се подразбираат изводите од
матичната книга на родените, исправите за впишување раѓање на мртво дете, изводи од матичните книги на венчаните и изводи од матичните книги на умрените.
Уверение за способност за стапување во брак
Член 46
Во меѓусебниот однос на договорните држави нема да се бара потврда за надлежноста на одредени внатрешни државни органи во странство за издавање уверение за способност за стапување во брак.
ПЕТТИ ДЕЛ
ИЗВЕСТУВАЊА ЗА ПРАВНИТЕ ПРОПИСИ
Член 47
Државниот секретаријат за надворешни работи на Федеративна Народна Република Југославија и Канцеларијата на Сојузниот Канцелар, Внатрешни работи, на Република Австрија доставуваат едни на други, на барање, текст на прописи што важат или важеле на подрачјето на нивната држава, а по потреба и известувања за одредени правни прашања.
ШЕСТИ ДЕЛ
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 48
Овој Договор ќе биде ратификуван, а инструментите за ратификација ќе се изменат во Белград.
Член 49
(1) Овој Договор стапува на сила триесет дена откако ќе бидат инструментите за ратификација.
(2) Договорот се склучува за време од пет години и останува на сила додека една договорна држава не ѝ соопшти на другата договорна држава дека го откажува договорот шест месеци пред истекот на договорната година.
Како потврда на горенаведеното, полномошниците на двете договорни држави го потпишале и ставиле свој печат на овој Договор.
Составено во Виена на 16 декември 1954 година во два оригинални примероци на српско-хрватски и германски јазик, и двата текста се автентични.
ЗАВРШЕН ПРОТОКОЛ
При изготвувањето на Договорот за заемен правен сообраќај што денес е склучен меѓу Федеративна Народна Република Југославија и Република Австрија, постои согласност во следниве точки:
a) под „судови“ во смисла на овој Договор се подразбираат и стопанските судови што постојат во Федеративна Народна Република Југославија;
b) под „јазикот на замолениот суд“ во смисла на овој Договор се подразбира српско-хрватско, словенечки или македонски јазик за целата територија на Федеративна Народна Република Југославија, и германски јазик за територијата на Република Австрија;
c) Во Федеративна Народна Република Југославија јавни исправи за личната состојба се и изводите издадени од органите на верските заедници од матичните книги на тие заедници, што се водени по претходните прописи на подрачја каде што не постоеле државни матични книги, ако тие изводи се издадени пред 9 мај 1946 година.
Во Република Австрија, јавни исправи за личната состојба се и исправите што ги издаваат надлежните конфесионални органи на законски признаените цркви и верски здруженија за случаи на лична состојба што настанале пред 1 јануари 1939 година.
Двете договорни држави ќе достават една на друга попис на горенаведените верски заедници во Федеративна Народна Република Југославија и цркви и верски здруженија во Република Австрија, во рок од три месеци од денот на стапување на сила на овој Договор.
Составено во Виена на 16 декември 1954 година во два оригинални примероци на српско-хрватски и германски јазик, и двата текста се автентични.