Contract
ДОГОВОР
ЗА СНАБДУВАЊЕ СО ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА
Склучен помеѓу:
1. _______________________________________________________________________, ЕМБС _____________, даночен број _________________________, жиро сметка _____________________________ депонент на __________________________, претставувано од ________________________________________ како Управител, (во натамошниот текст: Снабдувач на електрична енергија / Снабдувач) и
2. Тутунски комбинат АД Прилеп, со седиште на ул. Прилепски бранители бр.85 Прилеп, со ЕМБС 4018117 и ЕДБ 4021949119965 застапуван од Генералниот извршен директор Xxxxx Xxxxxxxxxx (во натамошниот текст: Потрошувач на електрична енергија / Потрошувач)
I. ПРЕДМЕТ НА ДОГОВОРОТ
Член 1
Со овој договор се регулираат меѓусебните права и обврски на Снабдувачот на електрична енергија и Потрошувачот на електрична енергија во согласност со Законот за енергетика, Правилата за пазар на електрична енергија и Правилата за снабдување со електрична енергија.
Периодот на снабдување ќе започне на 01.06.2024 до 31.05.2025 година.
Член 2
Мерењето на електричната енергија со која бил снабден потрошувачот ќе го врши Операторот на електродистрибутивниот систем преку мерни уреди кои ги вградува, одржува, контролира и менува согласно закон и Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија.
Отчитувањата на мерните уреди, Операторот на електродистрибутивниот систем ги доставува до Снабдувачот.
Член 3
Најавата на потрошувачката на електрична енергија кон операторот на пазарот во име на Потрошувачот, без надомест, ја врши Снабдувачот.
Трошоци за балансирање на потрошувачката на Потрошувачот целосно ќе бидат покриени од страна на Снабдувачот и Потрошувачот нема да сноси никакви дополнителни трошоци за балансирањето на својата потрошувачка.
Снабдувачот ќе го зачлени Потрошувачот во својата балансна група без надомест.
Снабдувањето ќе се врши на мерните места кои се во сопственост на Потрошувачот и истите се дадени во Прилог бр. 1- Листа на мерни места кон овој Договор.
Потрошувачот се обврзува да го извести Снабдувачот со писмено известување доколку инсталира фотонапонска електроцентрала (во понатамошниот текст: ФЕЦ) наменета за сопствена потрошувачка на Потрошувачот.
Потрошувачот се обрзува за исполнување на обврската цитирана во претходниот став со доставување на писмено известување кое ќе ги содржи информациите за инсталираниот капацитет на ФЕЦ и планиран почеток на комерцијалната работа на ФЕЦ.
Известувањето од претходниот став се однесува само за отпочнување со работа на ФЕЦ, а не се однесува на дневни известувања за очекувано производство на електрична енергија.
II. ЦЕНА И ПРЕСМЕТКА НА ЕЛЕКТРИЧНАТА ЕНЕРГИЈА СО КОЈА БИЛ СНАБДЕН ПОТРОШУВАЧОТ
Член 4
ЦЕНА: Цена за електрична енергија со која потрошувачот ќе биде снабден:
Цената за испорачаната електрична енергија ќе биде изразена во денарска вредност и истата не вклучува ДДВ
При конверзија на евра во денари, се користи дневниот курс објавен од НБРМ, на последниот ден од месецот за кој се фактурира.
Во цената се покриени и вклучени следните елементи:
Испорачана енергија
Сите увозни царини и трошоци
Трошоци за балансирање и отстапувањата
Трошоци на cross – border капацитетите (увезување на енергија преку граница)
Дневна оператива кон МЕПСО (најава и физички номинации)
III. СОДРЖИНА И ДОСТАВУВАЊЕ НА ФАКТУРИТЕ
Член 5
Во сметките за потрошена електрична енергија ќе бидат содржани следните елементи:
Потрошена електрична енергија
Тарифата за организирање на пазарот на електрична енергија (ОПЕЕ)
Надомест за испорачана електрична енергија од повластени производители (ППЕЕ)
Потрошена електрична енергија од сопствено производство
Како и други давачки или надомести кои можат да бидат наметнати со закон, а за кои Снабдувачот ќе го информира Потрошувачот благовремено
Пресметковен период ќе изнесува 1 (еден) месец.
Член 6
Тарифите за Организирање на пазарот на електрична енергија (ОПЕЕ) и надомест за испорачана електрична енергија од повластени производители (ППЕЕ) ги утврдува Регулаторна Комисија за Енергетика на Република Македонија, односно Операторот на пазар на електрична енергија и ќе се наплаќаат заедно со фактурата за потрошена електрична енергија.
Член 7
Снабдувачот на Потрошувачот ќе му издава фактура за потрошената електрична енергија согласно отчитаната состојба на мерното/ите место/а преку кои Потрошувачот се снабдува со електрична енергија за соодветниот пресметковен период, согласно Правилата за снабдување со електрична енергија.
Член 8
Снабдувачот му ја доставува фактурата за потрошена електрична енергија на Потрошувачот во рок од 18 дена по завршувањето на пресметковниот период.
Изготвената фактура за испорачана електрична енергија Снабдувачот ќе ја доставува по електронски пат на е-пошта на Потрошувачот, наведена во Договорот.Ваквиот начин на достава на фактурата ќе се смета за валиден и обврзувачки за Потрошувачот.
Член 9
Потрошувачот се обврзува фактурата да ја плати во рок не подолг од 25 (дваесет и пет) дена од денот на завршување на пресметковниот период.
Во случај на доцнење на плаќање на сметката односно фактурата од страна на Потрошувачот, Снабдувачот има право да наплати и законска казнена камата.
Доколку Потрошувачот од било која причина не добил фактура за пресметковниот период, истиот е должен да побара копија од истата и не е ослободен од обврската за плаќање.
Доколку Потрошувачот не плати за потрошената електрична енергија или било каква договорна обврска во временските рамки дефинирани во договорот, Снабдувачот има право да поведе постапка за прекинување на снабдувањето со електрична енергија и/или да го раскине Договорот. Во овој случај Потрошувачот ќе ги сноси и плати трошоците за постапката за исклучување.
Член 10
Потрошувачот писмено ќе го извести снабдувачот за промена на начинот на кој сака да му бидат доставувани фактурите како и за секоја промена на е-пошта на која истите се доставуваат согласно овој Договор.
IV. ПРИГОВОР НА ПРЕСМЕТКА
Член 11
Потрошувачот има право на приговор на доставените фактури од снабдувачот во поглед на пресметката направена во истите.
Доколку при одлучување по приговорот се утврди дека причината за оспорување е погрешно изготвена пресметка, ќе се достави нова искорегирана пресметка до потрошувачот.
Доколку при одлучување по приговорот се утврди дека причината за оспорување е потрошената елекрична енергија, снабдувачот ќе го повика операторот да се произнесе по наводите од приговорот во рок не подолг од три работни дена. По произнесувањето од страна на операторот, во рок не подолг од три работни дена, снабдувачот ќе го достави одговорот до потрошувачот и ќе го извести за начинот на остварувањето на неговите права.
V. ОГРАНИЧУВАЊЕ ИЛИ ПРЕКИН НА СНАБДУВАЊЕ СО ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА
Член 12
Во случај на појави и настани што претставуваат виша сила (земјотрес, поплава, пожар, јавни немири, демонстарции, воени конфликти, прогласување на енергетска кризна состојба и сл.) или настани на прекин (непланирано намалување или прекин на капацитетот на оптоварување како резултат на технички причини и појави во високонапонските мрежи од изворот на енергија до местото на испорака), затварање на границите за пренос на електрична енергија со соседните држави,односно настани кои снабдувачот неможе да ги контролира, да ги предвиди или надмине (настани вон контрола на Снабдувачот), Снабдувачот има право да бара од потрошувачот да ја ограничи (намали) или прекине потрошувачката на електричната енергија со цел да се зачува интегритетот и стабилноста на електроенергетскиот систем, согласно Законот за енергетика.
Операторот и снабдувачот не одговараат доколку настане влијание од трети страни: превземени дејствија од трети страни кои предизвикале оневозможување на операторот на соодветниот систем или снабдувачот да ги исполни своите обврски согласно закон и прописите донесени врз основа на закон, при што непредвидливите настани не се предизвикани ниту можеле да бидат спречени од страна на операторот на соодветниот систем или снабдувачот.
VI. МЕЃУСЕБНА КОМУНИКАЦИЈА
Член 13
Договорните страни се должни меѓусебно да се информираат по писмен пат за настанати промени или состојби кои може да имаат влијание врз исполнувањето на договорените обврски. Тука спаѓаат промена на сопственост и барања за промена на снабдувач.
Договорните страни се должни меѓусебно да се информираат по писмен пат и за настанати промени во начинот на плаќање, адреса за доставување на фактури и промена кај мерното место и тоа во рок од 15 (петнаесет) дена од настанатата промена.
Потрошувачот ќе го информира Снабдувачот за промената на динамиката на потрошувачка на електрична енергија во услови на несакана хаварии и дефекти, планирани ремонти и планирани редукции во потрошувачка, поради колективни годишни одмори или верски празници.
VII. ЗАВРШУВАЊЕ И РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ
Член 14
Договорот може да биде прекинат, т.е. раскинат во следниве случаи:
- Врз основа на заедничка писмена согласност од двете договорни страни
- Еднострано на барање на Потрошувачот со писмен допис доставен најдоцна 30 (триесет) дена пред посакуваниот датум на раскинување
- Со писмено известување од Снабдувачот, со отказен рок од 30 (триесет) дена, во случаи кога Потрошувачот е во задоцнување во однос на своите обврски согласно овој Договор.
Снабдувачот е должен писмено да го извести потрошувачот за намерата за раскинувањето на договорот за снабдување и можноста за промена на снабдувач со образложување на причините за раскин, мерките и дејствијата кои потрошувачот треба да ги преземе за да не дојде до раскинување, во рок за нивно превземање не пократок од 15 (петнаесет) дена.
VIII. ДОВЕРЛИВОСТ НА ИНФОРМАЦИИ
Член 15
Страните се согласуваат дека сите информации на овој договор се доверливи и се обврзуваат да се третираат како деловна тајна.
Член 16
Обелоденување на било кој дел од овој договор од била која од страните кон трети страни ќе биде единствено можно по претходно стекната согласност за таквото обелоденување од другата страна во писмена форма, или по барање на надлежен орган согласно закон во постапка која недвосмислено наложува обелоденување на било кој дел од овој Договор по службена должност.
IX. НАДОМЕСТ НА ШТЕТА
Член 17
Потрошувачот има право на надомест на штета од Снабдувачот доколку комерцијалните услуги на снабдувачот се со понизок квалитет од стандардниот утврден со Правилата за снабдување со електрична енергија.
Член 18
Доколку Потрошувачот претрпи штета поради лош квалитет на мрежните услуги, тогаш при утврдена одговорност на операторот на дистрибутивниот систем, Снабдувачот нема да сноси никаква одговорност.
X. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 19
Потрошувачот е должен да го извести снабдувачот за секоја промена на податоците од овој Договор во рок од 15 дена од настанување на промената.
Овој договор произведува правна сила со денот на неговото потпишување од двете договорни страни.
Член 20
За меѓусебна комуникација, покрај адресите наведени во преамбулата на овој Договор, Потрошувачот и Снабдувачот ќе ги користат следниве контакт податоци:
За Снабдувачот: За Потрошувачот:
E-mail: E-mail:
Член 21
За сите прашања кои не се уредени со овој договор ќе се применуваат одредбите од позитивните законски и подзаконски акти и прописи.
Сите спорови кои ќе произлезат од остварувањето на правата и обврските од овој Договор договорните страни ќе настојуваат да ги решаваат спогодбено, а доколку истото не биде можно признаваат надлежност на Основен суд Прилеп.
Договорот е склучен и потпишан во 2-два истоветни примероци, од кои по еден за секоја договорна страна.
СНАБДУВАЧ ПОТРОШУВАЧ Тутунски комбинат АД Прилеп
________________________ _______________________