Друштво за осигурување UNIQA а.д. Скопје, ул. Маркс и Енгелс 3, 1000 Скопје, тел. 02 3109 060. факс 02 3215 128, www.uniqa.mk
Општи услови за осигурување
посеви и плодови
Друштво за осигурување UNIQA а.д. Скопје, ул. Маркс и Енгелс 3, 1000 Скопје, тел. 00 0000 000. факс 02 3215 128, xxx.xxxxx.xx
Овие услови се донесени на редовна седница на Управен одбор одржана на 27.06.2012 година и со одлука бр.011/12 се применуваат од денот на донесувањето.
I Уводни одредби
1. Осигурувач - друштво за осигурување УНИКА а.д. Скопје со кое е склучен договор за осигурување.
2. Договарач на осигурување - лице кое со осигурувачот склучува договор за осигурување.
3. Осигуреник - лице чиј посев, односно плод е осигурен и на кое му припаѓаат правата од осигурувањето.
4. Премија - износ кој се задржува плаќа (задржува) за осигурување по договорот за осигурување.
5. Сума на осигурување - сума на која посевот или плодот е осигурен, доколку од содржината на договорот за осигурување не произлегува нешто друго.
6. Полиса - документ за договор за осигурување .
7. Лист на покритие - потврда која привремено ја заменува полисата.
II Општи одредби Член 1
Осигурен случај
(1) Настанот за кој се склучува осигурување (осигурен случај) мора да биде иден, неизвесен и независен од исклучивата волја на договарачот.
(2) Се смета дека настапил осигурен случај во оној момент кога една од осигурените опасности почнала да предизвикува штети на осигурените посеви и плодови.
Член 2
Кога договорот за осигурување е склучен
(1) Договорот за осигурување е склучен кога договарачите ќе потпишат полиса за осигурување или лист на покритие.
(2) Усмената понуда дадена на осигурувачот за склучување на договор за осигурување не го обврзува ниту понудувачот ниту осигурувачот.
(3) Писмената понуда дадена на осигурувачот за склучување на договор за осигурување го обврзува понудувачот, ако тој не одреди покус рок, за време од осум дена од денот кога понудата пристигнала до осигурувачот.
(4) Ако осигурувачот во рокот одреден со претходниот став не ја одбие понудата која не отстапува од условите под кои тој го врши предложеното осигурување, се смета дека ја прифатил понудата и дека договорот е заклучен.
(5) Во случајот од претходниот став договорот за осигурување се смета заклучен кога понудата ќе пристигне до осигурувачот.
(6) Ако осигурувачот во врска со примената понуда побара некакво дополнување или измени, како ден за прием на понудата се смета денот кога на осигурувачот ќе му бидат предадени бараните дополненија или измени, односно кога ќе биде известен за прифаќање на неговите услови.
(7) Ако понудувачот по барање од претходниот став не го извести осигурувачот ниту во рок од осум дена за прифаќање на неговите услови односно не ги достави бараните измени и дополненија се смета дека не ги прифатил условите за осигурување, и дека отстапил од склучување на договорот за осигурување.
Член 3
Полиса и лист на покритие
(1) Во полисата мора да бидат наведени: договорените страни, осигурениот предмет, ризикот опфатен со осигурување, траење на осигурувањето и периодот на покритие, сумата на осигурување, премијата за осигурување, место и датум на издавање на полисата и потписи на договорените страни.
(2) Полисата за осигурување може привремено да биде заменета со лист на покритие во кој се внесуват битните елементи на договорот. Листот на покритието може да трае најмногу еден месец.
(3) Осигурувачот е должен да го предупреди договарачот на осигурувањето дека општите и посебните услови за осигурување се составен дел на договорот и да му го предаде нивниот текст, ако тие
услови не се печатени на самата полиса.
(4) Извршувањето на обврските од претходниот став мора да биде констатирано на полисата.
(5) Во случај на несогласување на некои одредби од општите или посебните услови и некои одредби од полисата се применуваат одредбите од полисата, а во слчај на несогласување на некои печатени одредби од полисата и некои нејзини ракописни одредби се применуват овие последниве.
(6) Според договорот на договарачите, полисата може да гласи на одредено лице, по наредба или на доносителот.
Член 4
Траење на договорот за осигурување
Договорот за осигурување се склучува со одреден рок на траење:
1. За време од една година или пократко-краткорочно осигурување,
2. За време преку една или повеќе години-повеќегодишно осигурување.
Член 5
Почеток и престанок на обврските на осигурувачот
(1) Обврската на осигурувачот да исплати надомест од осигурување почнува по 24 часот од денот кој во полисата за осигурување е означен како почеток на осигурување, ако во тој ден е платена премија, инаку по 24 часот од денот кога е платена премија за осигурување, доколку не се договори поинаку и доколку се исполнети условите од став (3) од овој член.
(2) Ако е договорено плаќање на премијата во одредени рокови или плаќање на премијата со вирман, обврската на осигурувачот за исплата на надоместокот од осигурување почнува по 24 часот од денот кој во полисата за осигурување е означен како почеток на траење на осигурувањето, доколку се исполнети условите од став (3) на овој член.
(3) Покрај исполнетите услови од став (1) и (2) од овој член, почетокот на обврската на осигурувачот за надоместок од осигурување се одредува за одделни посеви и плодови според фазата на развој и тоа:
1. Кај лозјата, малините и хмелот по излегувањето на ластарот од пупката.
2. Кај овошјето - кога ќе се исушат односно опаднат венечните ливчиња на 50% цветови од иста сорта.
3. Кај овошниот, лозовиот и шумскиот посадочен материјал, украсното шибје и младите шумски култури - од почетокот на вегетацијата, односно од моментот на никнување односно засадување.
4. Кај градинарските култури, тутунот и цвеќињата - од денот на расадувањето, а ако тие се произведуваат со сеење на постојано место од моментот на никнувањето.
5. Кај житариците и останатите посеви кои не се наведени во точките 1.
до 4. од овој став - од моментот на никнување.
(4) Обврската на осигурувачот за надоместок од осигурување за одделни посеви и плодови престанува:
1. Кај житариците, маслените билки, конопот, ленот, добиточните билки и посевите оставени за семе - кога ќе бидат окосени, ожнеани, или на друг начин обрани.
2. Кај коренестите и кртолестите билки - кога коренот или кртолата ќе се извадат од земјата.
3. Кај овошјето, грозјето, хмелот и градинарските билки, плодот, односно родот да биде обран.
4. Кај овошниот, лозовиот и шумскиот посадочен материјал како и кај младите шумски култури, украсните жбунови и врбите за плетарство - по извршеното вадење или режење.
5. За сите останати посеви и плодови кои не се наведени во точките од 1 до 4 од овој став најдоцна до 31 октомври во 24 часот освен за културите каде агротехничкиот рок на жетва односно берба е продолжен и по 31 октомври кај кои обврската на осигурувачот за надомест од осигурување престанува по извршената жетва или берба, но најдоцна 10 (десет) дена по
завршувањето на жетвата, бербата во соодветното место.
Член 6
Плаќање на премија
(1) Договарачот на осигурувањето е должен да ја плати премијата за осигурување, но осигурувачот е должен да ја прими уплатата на премијата од секое лице кое има правен интерес таа да биде платена.
(2) Премијата се плаќа во договорените рокови, а ако треба да се исплати наеднаш се плаќа при склучување на договорот за осигурување.
(3) Место за плаќање на премијата е местото во кое договарачот на осигурувањето има стан, односно седиште или живеалиште.
(4) Премијата осигуреникот може да ја плати на осигурувачот непосредно, на неговиот претставник, по пошта или преку банка.
Член 7
Спречување на осигурениот случај спасување
(1) Осигуреникот е должен да ги преземе пропишаните договорени и сите останати мерки потребни да се спречи настанувањето на осигурениот случај, а ако осигурениот случај, настапи, должен е да преземе се што е во негова моќ да се ограничат неговите штетни последици.
(2) Осигурувачот е должен да ги надомести трошоците, загубите како и другите штети предизвикани со свесни обидувања да се отстрани непосредната опасност од настанување на осигурениот случај како и обидот да се ограничат неговите штетни последици и тогаш кога тие обиди останале без успех.
(3) Осигурувачот е должен да го даде овој надомест дури ако тој заедно со надоместокот од штети од осигурениот случај ја применува сумата на осигурување, во колку е одобрен од страна на осигурувачот.
(4) Ако осигуреникот не ја исполни својата обврска за спречување на осигурениот случај или обврската за спасување, а за тоа нема оправдување, осигурувачот нема обврска за надомест за штета.
(5) Осигурувачот има право да врши контрола за извршувањето на одредбите за заштитните мерки од овој член.
(6) Ако со осигуреникот е договорен или му е одреден рок до кога мора да се спроведат мерките за спречување на остварувањето или зголемувањето на опасностите, надоместокот на осигуреникот му се исплатува и тогаш кога осигурениот случај настанал до истекот на договорениот рок, и ако штетата е во причинска врска со договорените пропишани односно одредени заштитни мерки.
Член 8
Начин на известување
(1) Сите известувања и пријави кои договорените странки се должни да ги направат во смисла на одредбите од овие услови, мора да се потврдат писмено ако се направени усно, по телефон или на некој друг начин.
(2) Како ден на известување, односно пријавување се смета денот кога е примено известување, односно пријавата.
Ако известувањето односно пријавата е пратена по пошта препорачано, како ден на прием се смета денот на предавањето во пошта.
(3) Договорите кои се однесуваат на содржината на договорот полноважни се само ако се склучени во писмена форма.
Член 9
Промена на адресата - називот (фирмата)
(1) Осигуреникот, односно договарачот на осигурувањето е должен да за промените (измена) на адресата на станот односно промена на името на фирмата и седиштето (работни простории) го извести осигурувачот во рок од 15 дена од денот на настанатите промени.
(2) Доколку осигуреникот не го извести осигурувачот за промените од претходниот став, за полноважноста на известувањата што ги испраќа осигурувачот доволно е ако тој ги упати на осигуреникот со препорачано писмо според последните податоци за адресата на станот, работните простории, односно името на фирмата со која располага. Известувањето станува полноважно на денот кога според редовниот тек на работите станало полноважно да немало промени во претходниот став.
Член 10
Измени на условите за осигурување и тарифите на премии
(1) На постојните договори за осигурување склучени на траење подолго од една година, измените во условите за осигурување и тарифите на премии направени по заклучување на договорот за осигурување, ќе се применуваат по истекот на тековната година на осигурување.
(2) Осигурувачот е должен писмено или на друг погоден начин да го извести договарачот на осигурувањето за извршените промени во условите за осигурување, односно тарифите на премии.
(3) Договарачот на осигурувањето има право во рок од 60 дена од денот на приемот на известувањето за извршените измени во условите за осигурување, односно тарифите на премии да го откаже договорот за осигурување.
(4) Во случај на отказ од претходниот став договорот за осигурување престанува во 24 часот од последниот ден на тековната година на осигурување во која е извршена измена на условите за осигурување односно тарифата на премии.
(5) Ако договарачот на осигурувањето не го откаже договорот во рокот одреден во став (3) од овој член, договорот за осигурување со почеток на наредната година на осигурување се менува во согласност со извршените измени во условите за осигурување, односно тарифата на премии.
Член 11
Особени основи за губење на правото на надоместок Осигурувачот не е во обврска да го исплати договорениот надоместок ако штетата е предизвикана намерно или со измама од страна на договарачот на осигурувањето, осигуреникот или корисникот на осигурувањето.
Член 12
Правна ситуација по настанување на осигурен случај
(1) Оштетените посеви односно плодови остануват на осигуреникот.
(2) По настанување на осигуран случај преостанатите посеви или плодови, односно повторно насеаните (насадени) посеви и плодови, осигурени се на разликата помеѓу првобитната сума на осигурување и исплатениот надоместок.
Член 13
Надлежност во случај на спор
Во случај на спор помеѓу осигуреникот и осигурувачот надлежен е стварно надлежниот суд спотед местото на склучување на договорот за осигурување.
III Посебни одредби Член 14
Предмет на осигурување
(1) Осигурени се посеви (вклучувајќи пострни, подпосеви и меѓупосеви), плодови, ливадски треви, лековити билки, украсни билки и овоштарници и лозја, млади овоштарници и лозја пред стапување во род, овошен лозов и шумски посадочен материјал, млади шумски култури до наполнети 6 години, врби за плетарство и трски.
(2) Осигурано е кај посевите и плодовите наведени во полисата:
1. Кај житариците, маслодајните билки и останатитте култури оставени за семе зрната (семе), кај житариците може да се осигури и стеблото (слама и пченковината), а кај сиракот метлицата, доколку тоа посебно се договори.
2. Кај коренестите и кртолестите билки - коренот и кртолата.
3. Кај градинарските, лековити и украсни билки според целта на одгледување.
4. Кај конопот - стеблото, а ако се произведува за семе само семето, кај конопот за семе со осигурувањето може да се опфати и стеблото доколку тоа посебно се договори.
5. Кај ленот - стеблото и семето.
6. Кај хмелот - плодот.
7. Кај памукот - плодот (чаурата),
8. Кај афионот - семето и чаурата,
9. Кај тутунот - листот, ако се произведува за семе тогаш и семето доколку тоа посебно се договори,
10. Кај крмните растенија и ливадските треви - крмната маса, а кога се произведува за семе само семето.
11. Кај расадот - билките,
12. Кај овошјето и лозјето само плодот, односно родот, а ако посебно се договори може да се осигури и стеблото, односно пенушката,
13. Кај младите шумски култури - стеблото.
14. Кај овошниот, лозовиот и шумскиот посадочен материјал, подлогите, калемите, резниците и садниците, како и калем гранчињата кај овошките и ластарите (виоки) кај лозјата - само во матични насади.
15. Кај врбите за плетарство - прачките.
16. Кај трските - стебленцето.
(3) Пострните посеви, подпосевите и меѓупосевите опфатени се со осигурување само во случај ако на полисата се посебно осигурани и ако за нив е платена посебна премија.
(4) Посевите и плодовите како и останатитте култури наведени во став (1) од овој член, еднаш веќе оштетени од ризикот од кој се врши осигурување неможат да бидат осигурени.
(5) Ако по склучувањето на договорот за осигурување се утврди дека осигурениот посев односно плод пред склучување на договорот за осигурување бил оштетен од ризикот кој е покриен со тоа осигурување осигурувчот може да бара поништување на договорот.
(6) Во случај на поништување на договорот за осигурување од причините наведени во претходниот став, осигурувачот го задржува наплатувањето на премијата и има право да бара наплата на премијата за периодот на осигурување во кој побарал поништување на договорот.
Член 15
Осигурени опасности (ризици)
(1) Осигурувачот е во обврска да плати надоместок од осигурување за штетите предизвикани со оштетување или уништување на осигурените посеви и плодови од основните опасности град, пожар и гром, додека посевите, односно плодовите се неожнеани односно необрани.
(2) Ако се договори и дополнително осигурување по посебните услови и плати соодветна дополнителна премија, осигурувсчот е во обврска да плати надоместок од осигурување и за штети настанати од дополнителните опасности (ризици).
(3) Осигурувачот е во обврска да плати надоместок од осигурување за штетите само за загуба на количински принос, а не и во квалитет, освен кај:
1. Конопот и ленот за влакно.
2. Сиракот за метла.
3. Овошен, лозов и шумски посадочен материјал и посадочен материјал од украсни жбуњови и дрва.
4. Врби за плетење, во кои случаи се надоместуваат и штетите во загуба на квалитет.
(4) Осигурувачот е во обврска да плати надоместок од осигурување и за штетите кои настанат и во загуба на квалитет кај тутунот осигурен по посебните услови.
(5) Осигурувачот е во обврска да плати надоместок од осигурување и за штети кои настанат и со загуба на квалитет кај:
1. Посеви и плодови за производство на семе.
2. Овошје.
3. Трпезно грозје, ако е договорено дополнително осигурување по посебните услови и ако е платена соодветна дополнителна премија.
Член 16
Опасности (ризици) кои не се опфатени со осигурување
Со осигурување не се опфатени штети кои ке настанат како последица на:
(1) Војна, инвазија, дејства на странски непријатели, непријателски или воени операции (без оглед дали војна е објавена или не), граѓанска војна, побуна, револуција, востание, граѓански немири, имајќи го во предвид учеството во или големината на востанието, воена или узурпаторска сила; или
(2) (а) биолошка или хемиска контаминација;
(б) проектили, бомби, гранати, експлозивни средства;
(в) поради секое дејство на тероризам
За примена на овој додаток дејство на тероризам значи, дејство, вклучувајки, но не и ограничување на употреба на сила или насилство и/
или закана со нив на лице или група на лица,без оглед дали дејствуваат сами или во корист на или во врска со било која организација(и) или влада(и) обврзани со политички, религиозни, идеолошки или етнички цели и причини вклучувајќи и намера да се влијае на влада и/или да се изложи јавноста или дел од јавноста под страв.
За примена на (а) контаминацијата значи контаминација, труење или превентива и/или ограничување на употреба на објект поради влијание на хемиски и/или биолошки материи.
Овој додаток исклучува и загуба,штета, цена или трошок од секаков вид директно или индиректно настанат од последица од или во врска со дејство преземено за контрола, превенција, уништување или на било кој начин се однесува за и/или 2 погоре.
Ако преземачите на осигурување потврдат дека поради овој исклучок, штета, загуба, цена или трошок не се покриени со ова осигурување товарот за докажување на спротивното паѓа на осигуреникот.
Член 17
Сума на осигурување
(1) Посевите и плодовите се осигурени на износот што го одредува осигуреникот (сума на осигурување), но најмногу до висина на очекуваната вистинска вредност во соодветната година, ако поинаку не е договорено.
(2) Како основ за пресметување на вредноста на посевите односно плодот се зема висината на очекуваниот принос и слободната пазарна цена која се очекува да биде во соодветната година по жетвата, односно бербата, гарантираната цена ако така се договори, или цената договорена со организаторот на производството.
Член 18
Обврска за осигурување на сите посеви и плодови од ист вид
(1) Договарачот на осигурувањето е обврзан да ги осигури сите површини под посеви и плодови од ист вид. Тоа се однесува и на посевите и плодовите кои масовно се осигуруваат, доколку масовно осигурување поинаку не е договорено.
(2) Ако не се осигуруваат сите посеви, односно плодови од ист вид според претходниот став, надоместокот од осигурување се исплатува сразмерно помеѓу осигурената и стварната површина под тие посеви и плодови. Кога договорот за осигурување е склучен по бројот на стеблата или пенушките надоместокот од осигурување се исплатува во сразмер помеѓу осигурениот и вистинскиот број на стеблата или пенушките.
(3) Ако во текот на траењето на осигурувањето настапи промена во структурата на осигурените површини, договарачот на осигурувањето е обврзан тоа без одлагање да го пријави на осигурувачот.
(4) Доколку договарачот на осигурувањето не ја изврши својата обврска за промените од претходниот став па со настанувањето на осигурениот случај се утврди неслагање помеѓу осигурените и стварно засеани површини, односно помеѓу осигурениот и стварниот број на стебла или пенушки, надоместокот од осигурување ќе се исплаќа по определбите од став (2) на овој член.
Член 19
Намалување или зголемување на сумата на осигурување и премијата
(1) Договарачот има право да бара намалување на сумата на осигурување, ако вистинската вредност на осигурениот посев, односно плод од ист вид биде помала од сумата на осигурување, и ако во меѓувреме не настанал осигурен случај.
(2) Во сразмер со намалување на сумата на осигурување од претходниот став се намалува и премијата за осигурување за времето од денот на поднесувањето на писменото барање до осигурувачот за намалување на сумата на осигурување па до истек на траењето на осигурувањето.
(3) Намалување на сумата на осигурување и премијата од став (1) и (2) од овој член, договарачот на осигурувањето може писмено да бара до 30 дена пред почетокот на жетвата, односно бербата на тие посеви или плодови на парцелите за кои се бара намалување. Намалувањето не може да биде помало од 20%.
(4) Договарачот на осигурувањето има право да бара зголемување на сумата на осигурување ако во текот на траењето на осигурувањето се
зголеми вистинската вредност на осигурените посеви или плодови, и ако во меѓувреме не настанал осигурен случај.
(5) Сразмерно на зголемувањето на сумата на осигурување од претходниот став се зголемува и премијата за осигурување.
(6) Ако некој од осигурените посеви воопшто не е засеан односно засаден и осигурувачот не носи никаков ризик, договарачот на осигурувањето за тој посев не плаќа премија за осигурување.
(7) Договарачот на осигурувањето може да поднесе писмено барање за отпишување или враќање на премија од претходниот став до почетокот на жетвата, односно бербата на посевите од ист вид во соодветното место.
(8) Ако осигурениот посев или плодот за времето додека трае осигурувањето е уништен со штетни настани кои не се опфатени со осигурувањето, сума на осигурување и премијата се намалува сразмерно со времето од денот на уништувањето на посевот па до денот кога би престанала обврската на осигурувачот за носење на ризиците по одредбите од член 5 став (4) на овие услови.
(9) Договрачот на осигурувањето може да поднесе писмено барање за намалување на премијата од претходниот став најдоцна во рок од 15 дена, сметајќи од денот на уништувањето на посевот или плодот.
(10)Ако осигурениот посев или плод биде уништен пред почетокот на обврската на осигурувачот за исплата на надоместок од осигурување, договарачот на осигурувањето за тој посев не ја плаќа премијата за осигурувањето.
(11) Вослучај на уништување наосигурениот посев или плод од претходниот став, договарачот на осигурувањето може да поднесе писмено барање за отпишување на премијата најдоцна во рок од 15 дена, сметајќи од денот на настанатото уништување на осигурениот посев или плод.
Член 20
Неделивост на премијата
(1) Премијата од тарифата на премии важи за еден период на осигурување, т.е. За времето од склучувањето на осигурувањето па до жетвата, односно бербата, доколку по посебните услови за осигурување тоа не е поинаку регулирано но најмногу до една година.
(2) Утврдената премија за осигурување не може да се намали поради скратување на рокот на траење на осигурувањето, освен во случаите од член 19 на овие услови.
(3) Ако посевот или плодот истовремено е осигурен од повеќе ризици, па во текот на траењето на осигурувањето дошло до остврување на некој од осигурените ризици, осигурувачот ја задржува вкупната премија за сите ризици.
Член 21
Преглед на состојбата на осигурените посеви и плодови (ревизија на ризици)
(1) Осигурувачот има право во текот на траењето на осигурувањето да врши преглед на осигурените посеви и плодови поради утврдување на состојбата во врска со обврските кои произлегуваат од склучениот договор за осигурување.
(2) Прегледот и утврдувањето на состојбата на посевите го вршат осигурувачот и осигуреникот заедно.
(3) По извршениот преглед од став (1) и (2) на овој член, се составува записник за утврдената состојба.
Член 22
Обврска на осигуреникот кога ќе настапи осигурен случај Кога ќе настапи осигурен случај врз основа на кој се бара надоместок, осигуреникот е должен да постапи според следното:
1. Веднаш, а најдоцна во рок од три дена по настанувањето на осигурениот сучај, пријави на осигурувачот дека настанал осигурен случај.
2. Ако пријавата е направена усно или преку телефон мора веднаш, а најдоцна во рок од три дена да се потврди писмено.
3. Во пријавата за настанатиот осигурен случај, треба да се наведе денот и часот на настанување, на кои посеви односно плодови и површини настанала штетата и тоа по видови на посеви и парцели.
4. Во случај посевите, односно плодовите да бидат оштетени за време
на жетвата (бербата) осигуреникот е должен и пред процена на штетата да ја обави жетвата или бербата, со цел спречување на понатамошното зголемување на штетата.
5. Кога оштетениот посев или плод мора да се ожнее или обере, а процената на штетата сеуште не е извршена осигуреникот е должен да остави контролни примероци на долниот, средниот и горниот дел на парцелата дијагонално од најмалку по10 м2 од оштетениот посев, односно плод необрано, а кај лозјата најмалку 10 пенушки, кај овошјата неколку стебла необрани на долниот, средниот и горниот дел од лозјето, односно овоштарниците дијагонално, кои ќе послужат како основ за процена на штетата, кај културите кај кои жетвата-бербата се врши машински - со комбајнирање осигуреникот мора да остави контролни примероци во вид на лента.
6. Осигуреникот е должен на осигурувачот да му ги даде сите податоци и докази со кои располага, а се неопходни за утврдување на причините, обемот и големината на штетата.
Член 23
Утврдување и процена на штети
(1) По примање на пријавата за настанатиот осигурен случај, осигурувачот е должен да пристапи кон утврдување и процена на штетата. Утврдувањето и процената на штетата го вршат осигурувачот и осигуреникот. Осигуреникот може да овласти и друго лице да го застапува во процената.
Осигурувачот е должен за свој претставник во процената да одреди земјоделски стручњак.
(2) Осигуреникот е должен на покана на претставникот на осигурувачот да излезе на теренот поради процена на штетата или да овласти друго лице да го застапува во процената.
Ако тоа не го направи, претставникот на осигурувачот ќе изврши процена во присуство на претставник од месната заедница или собранието на општината.
(3) Процената може да биде претходна (предпроцена) и конечна:
1. Кога процената е претходна (предпроцена) не се утврдува конечната висина на штетата, туку само се утврдува состојбата на посевите и плодовите, природата на оштетувањата и други елементи кои се од важност за конечно утвдување, односно процена на штетата. Ако оштетувањето е незначително и кога со сигурност може да се утврди дека конечниот процент на штета не може да биде поголем од 5%, се врши конечна процена.
2. Кај конечната процена на штетата се утврдува: дали се сите посеви, односно плодови од ист вид осигурени, големината на оштетената парцела, колкав е процентот на штетата од настанатиот осигурен случај, и колкав би бил приносот ако плодовите односно посевите не биле оштетени од осигурениот случај.
3. Кога посевите и плодовите се оштетени со дејство на некоја друга опасност која не е опфатена со осигурување, се утврдува колкав е процентот на оштетување од таа опасност и за висината на тој процент се намалува висината на приносите кои би се добиле ако оштетување од тие ризици воопшто немало.
4. Културите кои се жнеат или берат, два или повеќе пати имаат повеќе откоси, утврдувањето и процената на шетата се вршат врз основа на бројот на бербите, процентот на оштетувањата и просечниот принос на оштетените берења. Исто така треба да се утврди колку плод е набрано од оштетените берби пред настанатото оштетување.
5. Ако еден ист посев или плод биде оштетен повеќе пати, процентот на штетата се утврдува според состојбата на посевите или плодовите во последното оштетување
6. При утврдување на површините под оштетените посеви и плодови, добиениот резултат се заокружува кај хектарот на 1 ар.
(4) Кога осигурувачот и осигуреникот не се сложуваат во процената се приоѓа на вештачење. Во тој случај осигуреникот е должен, во смисла на член 22 точка 5 и 6 од овие услови, да остави контролни парцели во оштетена состојба се додека не се изврши вештачење. Ако не постапи така,
штетата се пресметува според првобитната процена на осигурувачот.
(5) Несогласувањето во процена на штетата, се констатира во записникот за процена на штети. Ако на процената не присуствувал осигуреникот или неговиот застапник, осигуреникот е должен своето несогласување со процентот писмено да го соопшти на осигурувачот во рок од три дена од денот на соопштување на резултатите од процената. Доколку осигуреникот не постапи така процената се смета за полноважна.
(6) Осигурувачот и осигуреникот имаат право да бараат и вршат контрола на извршената процена според состојбата на самото место, а пред жетвата
- бербата, освен процената на извршеното вештачење.
(7) Ако осигуреникот или осигурувачот не се сложуваат со наодот на утврдувањето при контролата на процената се пристапува кон вештачење во смисла на член 23 од овие услови.
Член 24
Постапка за вештачење
(1) За постапката на вештачење во смисла на член 23 став (4) од овие услови важат следните начела:
1. Секоја странка писмено именува свој вештак во рок од пет дена од денот на извршената процена, а во случај кога осигуреникот или неговиот застапник не присуствувал на процената, во рок од три дена од денот на соопштувањето на резултатите на процената.
2. За вештаци можат да се именуваат само лица со завршен земјоделски факултет кои не учествувале во процената.
3. Пред почетокот на вештачењето и двата именувани вештаци бираат трет вештак како претседател, кој не може да биде од редовите на лица во работен однос со осигурувачот или осигуреникот.
4. Вештаците работат истовремено и своите наоди во писмена форма ги предаваат на трет вештак - претседател.
5. Ако наодите на вештаците меѓусебно отстапуваат: претседателот одлучува за спорните прашања во границите на наодите на двајцата вештаци. По еден примерок од одлуката претседателот писмено дава на осигурувачот и осигуреникот.
(2) Секоја страна ги сноси трошоците на својот вештак. Трошоците на претседателот ги сносат и двете страни по пола.
Член 25
Утврдување на надомест од осигурување
(1) Висината на надоместокот од осигурување, се утврдува:
1. Од сумата на осигурување - ако вредноста на приносот е еднаква на сумата на осигурување или поголема од неа.
2. Од вистинската вредност на приносите - ако таа вредност е помала од сумата на осигурување.
(2) Вредноста на осигурените посеви, односно плодови се пресметува на тој начин што од утврдениот принос кој би се постигнал да немало никакви оштетувања, се одбива намалувањето на приносот поради евентуалното оштетување од опасностите кои не се опфатени со осигурување, и така добиениот принос се пресметува по договорената цена во полисата, а за договореното производство - по цените договорени со организаторот на производство.
(3) Кога штетата е делумна, на осигуреникот на име надоместок му се исплатува: во случаите од став (1) точка 1. Од овој член, од сумата на осигурување, во случаите од став (1) точка 2. Од овој член - од вредноста на приносот - онолку проценти за колку проценти посевите, односно плодовите се оштетени.
(4) Кога штетата е тотална, на осигуреникот на име надоместок му се исплатува:
1. Во случаите од став (1) точка 1. Од овој член, износот на сумата на осигурување.
2. Во случаите од став (1) точка 2. Од овој член, износот на вредноста на приносите, овие износи се намалуваат за трошоцитте за производство, кои од настанувањето на штетата до завршувањето на жетвата или бербата нема да се остварат, земајќи, ги при тоа во предвид и трошоците непходни за отстранување на растителните остатоци.
(5) Ако процентот на оштетување изнесува 80% и повеќе се смета дека
штетата е тотална, а износот на надоместокот се намалува во висина на трошоците за неизвршените работи, најмалку за 20%.
(6) Кога младите или брзо засеаните посеви се тотално уништени, а според годишното време, временските услови и прикладноста на земјиштето место нив е можно да се засее истата култура, на осигуреникот му се исплатува аконтација на надоместокот од осигурување во висина до 30% од сумата на осигурување.
(7) Кога посевите или плодовите се тотално уништени, а според годишното време, временските услови и прикладноста на земјиштето, не е можно сеењето или садењето да се изврши со иста, туку со некоја друга култура, на осигуреникот му се исплатува аконтација на надоместок од осигурување во висина 50% од сумата на осигурување.
(8) Ако во смисла на став (6) и (7) од овој член, новонасеаниот односно насаден посев не успеал при околностите на кои осигуреникот не можел да влијае, или делумно успеал, надоместокот од осигурување се утврдува на следниот начин:
1. Ако посевот воопшто не успеал, се пресметува вкупниот износ на надоместокот во смисла на одредбите од став (1), (2), (4) и (5) од овој член и на осигуреникот му се исплаќа разликата помеѓу исплатениот износ на аконтација по став (6) или (7) од овој член и вкупно утврдениот износ на надоместокот.
2. Ако посевот делумно успеал, првин се утврдува постигнатата вредност на засеаните, односно засадени култури и таа вредност се додава на исплатениот износ на аконтацијата од став (6) и (7) од овој член. Ако така добиениот износ биде помал од вредноста која осигурената култура би ја имала да не дошло до настанување на осигурениот случај на осигуреникот ќе му се се надомести разликата до таа вредност.
(9) Износот на трошоците за производство во смисла на став (4) од овој член не се одбива кога се врши пресејување, односно пресадувње на тотално уништените посеви и плодови.
(10)Барањето за исплата на разлика на надоместок во смисла на став
(8) од овој член, осигуреникот е должен писмено да му го поднесе на осигурувачот и тоа пред да се ожнее посевот обере плодот, или оправданоста на барањето договорно ја утврдуваат осигуреникот и осигурувачот.
(11) Доколку осигуреникот не изврши пресејување, односно пресадување во смисла на став (6) и (7) од овој член, исплатената аконтација ќе се смета конечна со надоместокот од основот на осигурувањето.
Член 26
Франшиза
(1) Ако е договорено осигуреникот да сноси дел од штетата (договорен самопридржај, франшиза), при настанување на осигурен случај надоместокот од осигурувањето ке се утврди на тој начин што на осигуреникот отпаѓа дел од штетата во висина на договорениот самопридржај.
Член 27
Надоместок на трошоци
(1) Осигурувачот ги надоместува трошоците предизвикани со свесен обид да се отстрани непосредната опасност од настанување на осигурениот случај како и обидите да се ограничи неговата штетна последица само доколку осигуреникот тие обиди ги презел во согласност со осигурувачот.
(2) Ако осигурувачот одбие да даде согласност на предложените мерки од став (1) од овој член во случај на настанување на штетата обврзан е да го исплати надоместокот од договорот за осигурување во целост.
Член 28
Примена на општите услови
Овие услови се применуваат за осигурување на посеви и плодови доколку со посебните услови не е поинаку регулирано, или доколку примената на општите услови за осигурување на посеви и плодови не е во целина или делумно исклучена со посебните услови.
Член 29
Завршни одредби
(1) Во случај кога осигуреникот, односно корисникот на осигурувањето смета дека друштвото за осигурување не се придржува кон одредбите од договорот за осигурување, истиот може да достави претставка до:
1. Организационата единица надлежна за решавање на спорови меѓу договорни страни во рамките на друштвото за осигурување ( комисија за постапување по преставки)
2. Службата за внатрешна ревизија во друштвото за осигурување;
3. Организацијата за заштита на потрошувачи и
4. Агенцијата за супервизија на осигурување.
Друштвото за осигурување преку воспоставен систем и интерни процедури одлучува по поднесените преставки во рок од 30 дена од денот на поднесување на преставката
Друштвото води регистар на доставени и решени преставки и за истите во законските рокови е должно да ја известува агенцијата за супервизија на осигурувањето.
За сето она што не е регулирано со овие општи услови, законот за супервизија на осигурување и законот за заштите на потрошувачите важат одредбите на Законот за облигациони односи
(2) Согласно со Законот за супервизија на осигурувањето, член 107 и член 108, податоците за осигуреникот и полисата се доверливи.