Општите услови на работење со хартии од вредност ги уредуваат меѓусебните права и обврски на Брокерската куќа и на Клиентот при извршувањето на берзанското посредување, кое Брокерската куќа врз основа на овие општи услови на работење и евентуалните...
Општите услови за работење со хартии од вредност на ЕУРОХАУС АД Скопје
Општите услови на работење со хартии од вредност ги уредуваат меѓусебните права и обврски на Брокерската куќа и на Клиентот при извршувањето на берзанското посредување, кое Брокерската куќа врз основа на овие општи услови на работење и евентуалните посебни договори и налози, ќе го извршува со наплатување на надоместоци и трошоци од Клиентите, во согласност со стручната грижа како компетентна членка зa берзанско посредување.
I. ДЕФИНИЦИИ
Член 1
Изразите што се употребени во овие општи услови на работење го имаат следново значење, доколку во одделен случај од текстот на договорот не произлегува поинаку.
ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ
Тоа се следниве инструменти:
а) акции издадени од акционерски друштва и од командитни друштва на акции;
б) акции во инвестициските фондови кои работат според Законот за инвестициски фондови;
в) обврзници;
г) инструменти на пазарот на пари;
д) деривативни финансиски инструменти; ѓ) потврда за странска хартија од вредност; е) сертификат за депозит и
ж) други финансиски инструменти кои според Комисијата се сметаат за хартии од вредност.
БЕРЗАНСКО ПОСРЕДУВАЊЕ
Берзанско посредување е купување, односно продажба на хартии од вредност по налог и за сметка на Клиентот.
НАЛОГ ЗА КУПУВАЊЕ или НАЛОГ ЗА ПРОДАВАЊЕ или НАЛОГ
Налог за купување, или налог за продавање или налог е еднострана инструкција на Клиентот, кој може да биде даден усно, писмено или во електронска форма, а со кој на Брокерската куќа и се наложува да изврши определена трансакција со хартии од вредност за сметка на Клиентот, на начин и под услови определени со овие општи услови на работење, договорот за посредување и правилата за тргување на пооделни берзи.
ПРИЕМ НА НАЛОГОТ
Прием на налогот подразбира прием на налогот на Клиентот од страна на Брокерската куќа, како што е определено во член 3 од овие општи услови.
ПРИФАЌАЊЕ НА НАЛОГОТ
Прифаќање на налогот подразбира прифаќање на налогот од страна на Брокерската куќа, како што е определено во член 4 од овие општи услови на работењето.
ПРЕНОС НА НАЛОГОТ НА СТРАНСКИ ПАЗАР
Пренос на налогот на странски пазар подразбира дистрибуција на прифатениот на налогот од страна на Брокерската куќа до Странскиот брокер за негова понатамошна реализација, како што е определено во член 4 од овие општи услови на работењето.
СТРАНСКИ БРОКЕР
Странска брокерска куќа, која ги поседува сите потребни лиценци и е регулирана од страна на надлежено регулаторно тело согласно прописите на државата во која е регистрирана, а со која Брокерската куќа има склучено Договор за прием и пренос на налози на странски пазари.
СТРАНСКИ ЧУВАР НА ИМОТ
Финансиска институција која согласно Договорот меѓу Брокерската куќа и Странскиот брокер ги врши услугите поврзани со чувањето на хартии од вредност во странство.
ИЗВРШУВАЊЕ НА НАЛОГОТ или ТРАНСАКЦИЈА или СКЛУЧУВАЊЕ НА ТРАНСАКЦИЈА
Извршување на налогот или трансакција или склучување на трансакција значи склучување на куповни односно продажни правни зделки / трансакции со хартии од вредност врз основа на налозите на Клиентот.
ПОРАМНУВАЊЕ
Порамнување е процес на исполнување на обврските коишто произлегуваат од склучената трговска трансакција, односно извршување на плаќањето од страна на купувачот и пренос на сопственоста на хартиите од вредност од страна на продавачот.
СМЕТКА НА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ
Сметка на хартии од вредност е сметка за хартии од вредност во сопственост на Клиентот, а која што се води во базата на Централниот депозитар за хартии од вредност.
ОРГАНИЗИРАН ПАЗАР НА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ или БЕРЗА
Организиран пазар на хартии од вредност или берза е пазар на хартии од вредност кој што на јавноста и е достапен посредно или непосредно, каде што тргувањето се одвива редовно и кој што е уреден и е под надзор на надлежните органи.
ТРГУВАЊЕ СО ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ
Тргувањето со хартии од вредност подразбира склучување на правни зделки на купување, односно продажба на хартии од вредност.
ДОГОВОР ЗА СОРАБОТКА ВО БЕРЗАНСКАТА ТРГОВИЈА СО ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ
Тоа е договор врз основа на кој Брокерската куќа за платен надомест се обврзува да ги извршува налозите за сметка на Клиентот.
ДЕПОЗИТАР НА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ
Акционерско друштво, коешто во РС Македонија, врз основа на дозвола од Комисијата за хартии од вредност, извршува услуги на регистрација на хартии од вредност, порамнување на трговски трансакции, нетрговски преноси и други услуги во согласност со соодветните прописи.
СООДВЕТНИ ПРОПИСИ
Тоа се законски и подзаконски акти, правила, односно постапки, коишто секогаш важат на територијата на РС Македонија.
ИЗВЕСТУВАЊА
Тоа се писмени или усни известувања, коишто се определени во член 35 од овие општи услови на работење.
ОВЛАСТЕНО ЛИЦЕ
Тоа е лице, кое врз основа на поседување на дозвола за работење на брокер има право да склучува договори, да прима и извршува налози и да прима и посредува, односно да дава други известувања.
ТАРИФА НА БРОКЕРСКАТА КУЌА
Секогаш подразбира важечка тарифа на Брокерската куќа која е јавно објавена.
РАБОТЕН ДЕН
Тоа е ден (освен саботите, неделите и празниците), во кои работи Брокерската куќа, доколку овие општи услови на работење, односно договорот не определуваат поинаку.
II. РИЗИЦИ
Член 2
Со пополнување на „Апликацијата за идентификација/ажурирање на клиент“ како дел од законските обврски на Брокерската куќа, истата ги обезбедува потребните податоци и информации од Клиентот поврзани со неговото искуство во вложување во хартии од вредност и неговите финансиски можности и цели, а кои се значајни за заштита на неговите интереси.
Вложувањата во хартии од вредност се поврзани со соодветен степен на ризик, па затоа Клиентот со самото потпишување на Договорот за соработка во берзанска трговија со хартии од вредност односно Договорот за прием и пренос на налози за тргување на странски пазар (во понатамошниот текст: Договор), потврдува дека е свесен и дека го прифаќа ризикот поврзан со вложувањето на средства во хартии од вредност. Како резултат на сопствениот избор на хартии од вредност, ценовните флуктуации, курсните разлики, флуктуации на девизните курсеви и други фактори што влијаат на пазарот на хартии од вредност, а врз коишто Брокерската куќа нема никакво влијание, цените на хартиите од вредност постојано имаат промени и корекции.
III. БЕРЗАНСКО ПОСРЕДУВАЊЕ
Налози за купување или продажба на хартии од вредност
Член 3
Брокерската куќа ги прима налозите лично од Клиентите во рамките на своето работно време за работа со Клиенти во работниот ден. Налозите дадени преку електронскиот систем за тргување на домашните и странските берзи може да се примат во било кој период од денот.
Член 4
По приемот на налогот, Брокерската куќа истиот го прифаќа или го одбива, што соодветно и го евидентира во книгата на налози.
Прифаќањето на налогот и неговото проследување до соодветниот организиран пазар (берза) се врши по приемот на налогот. Брокерската куќа не е обврзана да го прифати секој примен налог и за истото веднаш треба да го извести Клиентот, заедно со причините за неприфаќањето на истиот.
Налогот може да биде отфрлен и од страна на организираниот пазар (берзата) доколку истиот не е даден според пропишаните правила на организираниот пазар – берзата. Клиентот ќе биде известен (електронски или писмено) од страна на Брокерската куќа за одбивањето на налогот и за причините за одбивањето.
Содржина на договорот
Член 5
Договорот ги содржи следните елементи:
а) општи услови за работењето на Брокерската куќа;
б) изјава на Клиентот дека е запознаен со општите услови на работењето пред склучување на договорот и дека имал можност да се запознае со содржината на договорот, како и дека е запознаен со процедурите кои го покриваат сегментот работа со хартии од вредност.
Освен ако поинаку не е утврдено со Законот за хартии од вредност за регулирање на односите меѓу Брокерската куќа и Клиентите се применуваат одредбите на Законот за облигациони односи.
Брокерскиот договор не смее да содржи одредби:
- со кои Клиентот се одрекува од кои било права кои произлегуваат од Законот за хартии од вредност или правилниците донесени врз основа на Законот за хартии од вредност;
- кои го ограничуваат правото на судска заштита во случај на спор со Брокерската куќа;
- кои предвидуваат друг надомест освен вообичаениот надоместок за извршување на трговските трансакции, во случај кога постигнатата цена по која е извршен налогот е поповолна за Клиентот отколку цената содржана во налогот на Клиентот.
Член 6
Брокерската куќа, под услови и на начин од овие општи услови на работење и на договорот, ќе изврши налог во согласност со упатствата на Клиентот, по приемот на налогот.
Содржина на налогот
Член 7
Клиентот со налогот од член 3 од овие општи услови на работење, кој што го доставува до Брокерската куќа, на начин и во форма, определена во договорот, ги определува пред сe:
– име и презиме (за физичко лице), односно назив (за правно лице) на Клиентот;
– матичен број на Клиентот;
– сметка за хартии од вредност на Клиентот во овластен депозитар;
– тип на налог (купува или продава);
– назив и опис на хартијата од вредност;
– шифра на хартијата од вредност;
– количина на хартии од вредност;
– цена по која треба да се изврши налогот;
– датумот до кога важи налогот;
– датум, час и минута на прием на налогот;
– специјални услови за реализација на количината (доколку ги има);
– дополнителни услови за реализација (доколку ги има);
– потпис на Клиентот (доколку налогот не е даден електронски).
Доколку налогот од член 3 се однесува на налог даден на Странски пазари, со налогот треба да се опфатат следните елементи:
– име и презиме, ЕМБГ, број на лична карта, односно број на пасош (за физичко лице), односно назив седиште, држава, матичен број на правното лице (за правно лице) на клиентот;
– тип на налог (купува или продава);
– вид на хартија од вредност кој се тргува;
– државата каде што е издадена хартијата;
– ИСИН на хартија од вредност;
– код на странскиот пазар преку која ќе се изврши налогот;
– ИСО код (ISO 10383- Codes for exchanges and market identification-MIC)
– количина за тргување;
– цена за реализација на тргувањето;
– датум на важност на налогот;
– потпис на Клиентот (доколку налогот не е даден електронски).
Промена, повлекување и одбивање на налогот
Член 8
Доколку Клиентот, по приемот и прифаќањето на налогот од страна на Брокерската куќа ја промени цената, количината или кој и да е друг елемент од налогот, се смета дека го повлекла иницијалниот налог и дека дала нов налог. Клиентот може својот налог да го промени или да го повлече, само ако Брокерската куќа, врз основа на иницијалниот налог на Клиентот сеуште не ги купила, односно продала хартиите од вредност. Брокерската куќа има право да наплати манипулативни трошоци за неизвршениот налог, доколку истите се пропишани во Тарифникот.
Брокерската куќа има право да го одбие приемот и прифаќањето на налогот во случај ако според нејзино мислење налогот, односно неговото извршување, е во спротивност со соодветните прописи или со деловната политика на Брокерската куќа. Налогот може да биде
отфрлен и од страна на организираниот пазар (берзата) доколку истиот не е даден според пропишаните правила на организираниот пазар – берзата.
Основни видови налози
Член 9
На Македонската берза на хартии од вредност и во БЕСТ Системот налозите за тргување можат да се поделат во четири основни вида:
1. Пазарен налог - Клиентот не утврдува ограничувања во цена, односно ја прифаќа најдобрата цена на пазарот;
2. Лимитиран налог - Клиентот ја дефинира прифатливата цена за купување (највисоката цена) или за продавање (најниската цена);
3. Пазарен во лимитиран - Клиентот не утврдува ограничувања во цената, односно ја прифаќа најдобрата цена на пазарот, при што доколку налогот во фазата на отворен пазар не се изврши во целост остатокот од налогот се трансформира во лимитиран налог за преостанатата количина по цена по која е делумно извршен или по аукциската цена формирана во фазата на отворање на пазарот или при прекинувачка аукција;
4. Стоп налог - Клиентот дефинира стоп цена, при што, во моментот на нејзиното достигнување на пазарот, налогот се активира како пазарен налог (стоп пазарен налог) или лимитиран налог (стоп лимитиран налог).
Налози со дополнителни услови за реализација се:
1. Налог со дополнителен услов за реализација - изврши или откажи - се извршува во согласност со ограничувањата за внес и извршување на налозите согласно режимот на тргување и фазата на пазарот. Нереализирана количина од налогот автоматски се отстранува од БЕСТ системот. Употребата на други дополнителни или специјални услови при внес на налогот изврши или откажи не е дозволена.
2. Налог со скриена количина - е налог кој не ја прикажува целокупната количина на налогот внесен во БЕСТ системот. На пазарот е прикажана само видливата количина/дел на налогот, а остатокот од налогот е внесен во системот како скриена количина. Употребата на други дополнителни услови при внес на налогот со скриена количина не е дозволена.
Налози со дополнителни услови за рокот на важност:
1. Дневен налог – важи само на денот на внес на налогот во БЕСТ системот. Нереализираните дневни налози автоматски се отстрануваат од БЕСТ системот после официјализирање на денот на тргување;
2. Налог со важност до одреден датум – важи од моментот на внес во БЕСТ системот, па се додека не се реализира или до одреден датум. Овој налог е валиден најмногу триесет
(30) календарски денови од денот на неговото внесување.
Налози со специјални услови за реализација на количината:
1. Налог со специјален услов за реализација на количината „се или ништо” – овозможува купување или продажба на хартија од вредност со едно внесување до утврдена цена, а во рамките на лимитите утврдени со Правилата за тргување на МБХВ, при што налогот мора да биде целосно извршен преку една или повеќе истовремени трансакции. Употребата на дополнителни услови за реализација на налогот не е дозволено. БЕСТ системот не дозволува внес на налог со специјален услови за реализација на количината "се или ништо" доколку на спротивната страна нема друг налог или доколку налозите на спротивната страна не го исполнуваат целосно условот за "се или ништо".
Налози за реализација на блок трансакции се:
1. Системски блок налог кој може да биде Б1 или Б2 во зависнот од денот на порамнување на трансакцијата. Условите за реализација на системски блок налог се определени со Правилата за тргување на МБХВ.
2. Налог за Административна Блок трансакција (административен блок) која се извршува надвор од редовното тргување. Условите за реализација на административниот блок налог се определени со Правилата за тргување на МБХВ.
Член 9а
На Странските пазари и на Платформата за тргување во странсто можат да се дадат следните типови на налози:
– Лимитиран налог, во кој Клиентот ги дефинира условите под кои што истиот може да се реализира на Странскиот пазар (највисоката цена за купување односно најниската цена за продавање);
– Лимитиран налог со инструкции (кој треба да биде во согласност со правилата за тргување на соодветниот Странски пазар на којшто се дава) и кој треба да содржи доволен број на недвосмислени информации неопходни за постапување по него;
– Пазарен (market) налог и
– Останати видови налози кои мора да бидат во согласност со правилата за тргување на соодветниот Странски пазар.
Начин на извршување на налозите на странките и водење на евиденции
Член 10
Брокерската куќа сите налози на Клиентите ги евидентира и ги извршува согласно соодветните позитивни законски прописи и тоа според редоследот на приемот на налозите.
Надомест, трошоци и давачки
Член 11
За извршување на услугите на берзанско посредување, Клиентот на Брокерската куќа и плаќа надомест и ги плаќа останатите трошоци што произлегуваат и се поврзани со берзанското посредување, во висина и на начин, определен во секогаш важечката тарифа на Брокерската куќа и со Договорот, доколку во Договорот или со некој друг акт не е определено поинаку. Клиентот е должен да ги плати надоместоците и трошоците од претходниот став на овој член пред извршувањето на налогот, освен ако со Договорот не е определено поинаку или ако Брокерската куќа не му постави на Клиентот поинакви барања. Сите евентуални даноци, такси и други оптоварувања согласно позитивните законски прописи на РС Македонија (во продолжение: даноци) се на товар на Клиентот и Брокерската куќа нема никакви обврски по тој основ, како пријавување на даноци, плаќање на истите и сл.
Член 12
Брокерската куќа во случај на извршување на налогот за продажба, ќе ги пресмета и ќе ги наплати надоместокот и останатите гореспоменати трошоци од претходниот член 11 на овие Општи услови на работење, преку задржување на провизиите и исплата на нето сума на трансакциската сметка на Клиентот, освен доколку не е поинаку договорен начинот на исплата на Клиентот.
Депонирање на средства
Член 13
Колиентот се обврзува дека пред извршувањето на налогот за купување, на Клиентската сметка на Брокерската куќа ќе ги депонира потребните средства, согласно Договорот, чија висина, за секој налог, зависно од нејзиниот вид и од условите на пазарот го определува лице овластено од Брокерската куќа.
Во случај на тргување на Странски пазари, Клиентот е должен да депонира на посебната сметка на Странскиот брокер / Странскиот чувар на имот доволно парични средства за извршување на налозите кои ќе бидат предмет на прием и пренос на Странски пазари.
Член 14
Брокерската куќа, во случај на отповикување на налогот за купување или негово делумно реализирање, а во врска со кој Клиентот депонирал средства, неискористените средства ќе ги уплати (врати) на трансакциската сметка на Клиентот согласно договорот, следниот ден по отповикувањето на налогот во врска со кој Клиентот депонирал средства, освен ако во договорот не е договорено поинаку или ако Клиентот дал писмена инструкција средствата да се задржат на Клиентската сметка (сметката за порамнување) за идни купувања. Во двата случаи, паричните средства може да останат на сметката за порамнување најмногу 30 дена од денот на уплатата на истите.
Во случај на нереализирање на налогот, од причина поинаква од отповикувањето на налогот, или во случај ако има вишок на средства од депонираните средства за порамнување на обврските кои произлегуваат од налогот за купување (во продолжение: неискористени средства), се постапува согласно барањето на Клиентот. Доколку Клиентот сака истите да ги искористи за подоцнежни купувањa на хартии од вредност, тогаш Клиентот дава писмена инструкција дека е согласен неискористените средства да се задржат на Клиентската сметка (сметката за порамнување) најмногу 30 дена од денот на уплатата на истите. Доколку Клиентот бара неискористените средства да се вратат, Брокерската куќа е должна неискористените средства да ги уплати на сметката на Клиентот наведена во договорот/налогот, во најкраток можен рок.
Депонираните средства, односно неискористените средства, не се сметаат за депозит и за нив не се пресметува никаква камата.
Депонирање на средства на Клиентската сметка на Брокерската куќа по основ на купување ХВ од страна на Клиентот
Член 15
Доколку Клиентот, во согласност со член 13, односно член 14, од овие Општи услови на работење, на Брокерската куќа депонирал средства на Клиентската сметка, за исполнување на паричните обврски од налогот за купување, износот платен за купување, се порамнува од депонираните средства. Ако Брокерската куќа не побарала депонирање на средства во времето на изготвување на налогот, или ако износот на депонираните средства не е доволен за порамнување на паричните обврски од купувањето на хартии од вредност, Клиентот е должен веднаш по известувањето од страна на Брокерската куќа, но најдоцна до денот на порамнувањето на трансакцијата, да ги доплати потребните парични средства, освен ако не е поинаку договорено со Брокерската куќа.
Депонирање на средства за тргување на Странски пазари
Член 15а
Доколку Клиентот дава куповен налог за тргување на Странски пазар, тој се обврзува пред давањето на налогот да обезбеди доволно парични средствата на неговата сметка кај Странскиот брокер / Странскиот чувар на имот за купување на хартиите од вредност. Во случај Клиентот да нема обезбедено доволно средства за целосна реализација на налогот во моментот на неговото давање и поради таа причина налогот биде одбиен од страна на Странскиот брокер, Брокерската куќа не е одговорна за одбивањето и нереализирањето на налогот, а Клиентот во целост ја презема одговорноста во случај налозите за купување на хартии од вредност да не се реализираат.
Уплата на средствата во корист на Клиентот по основ на продажба на ХВ
Член 16
Брокерската куќа се обврзува по порамнувањето на обврските по основ на склучените трансакции да го уплати износот на примените средства од извршениот налог за продажба, намален за одбитоците во согласност со овие Општи услови на работење, Договорот и важечкиот Тарифник, на сметката на Клиентот наведена во Договорот / Налогот, најдоцна
следниот работен ден од приемот на средствата т.е. од денот на порамнувањето на трансакцијата (освен во случаите пропишани со закон кога не зависи од волјата на Клиентот). По исклучок од овој член, доколку Клиентот сака истите да ги искористи за подоцнежни купувања на хартии од вредност, тогаш Клиентот дава писмена инструкција дека е согласен средствата од продажбата на хартиите од вредност да се задржат на Клиентската сметка (сметката за порамнување), но најмногу 30 дена од денот на порамнувањето на продажната трансакција.
Средства добиени од продажба на хартии од вредност на Странски пазари
Член 16а
Доколку дојде до реализација на продажен налог на Клиентот, по порамнувањето на трансакцијата, паричните средства од продажбата на хартиите од вредност се евидентираат и остануваат кај Странскиот чувар на имот и соодветно на Платформата за тргување во странство. Доколку Клиентот сака да повлече дел од паричните средства или сите средства, треба да достави барање до Странскиот брокер и Странскиот чувар на имот преку Платформата за тргување во странство или до Брокерската куќа преку писмено барање, по што веднаш и без одлагање, средствата ќе бидат префрлени на личната сметка на Клиентот во најкраток можен рок.
Пресметка за извршената работа
Член 17
Брокерската куќа го известува Клиентот и дава извештај за реализираните трансакции / порамнувањато на обврските од склучените трансакции, на начин договорен со Клиентот.
Судир на интересите
Член 18
Брокерската куќа е должна да го извести Клиентот за евентуалните судири меѓу интересите на Клиентот и интересите на Брокерската куќа, односно интересите на другите Клиенти на Брокерската куќа. Брокерската куќа е должна да работи на начин со која ќе се минимизира можноста за судир на интереси меѓу Клиентите, Брокерската куќа, и/или лицата вработени во Брокерската куќа.
Член 19
Брокерската куќа смее да купува хартии од вредност од налогот за продажба на Клиентот за сметка на овластено лице на Брокерската куќа, или за сметка на редовно вработен службеник на Брокерската куќа, односно на Клиентот да и продаде хартии од вредност од страна на овластено лице на Брокерската куќа или редовно вработен службеник на Брокерската куќа. Вработените можат да вкрстат трансакции со Клиенти на Брокерската куќа.
Брокерската куќа смее, во согласност со соодветните позитивни законски прописи и правила за тргување, да склучува трансакции со хартии од вредност истовремено и за повеќе Клиенти.
IV. ЗАЕДНИЧКИ ОДРЕДБИ
Водење и чување на документацијата
Член 20
Брокерската куќа смее во согласност со секогаш важечките прописи да собира, да води, да обработува и да чува податоци поврзани со овие Општи услови на работење.
Грижа
Член 21
При извршување на работи според овие Општи услови на работењето, Брокерската куќа ќе се однесува со грижа на добар стопанственик и добар познавач на соодветните позитивни законски прописи.
Член 22
Клиентот се обврзува дека за непречено извршување на услугите во берзанската трговија со хартии од вредност на Брокерската куќа, на нејзино барање ќе и достави соодветна документација, односно направи достапни соодветно потребни информации и податоци. Клиентот е должен да ја известува Брокерската куќа за сите околности, коишто се важни за извршување на услугите на Брокерската куќа во согласност со овие Општи услови на работење и Договорот.
Одговорност
Член 23
Без оглед на другите одредби на овие општи услови на работење:
(I) Брокерската куќа пред Клиентот или трети лица не одговара за евентуалната непосредна или посредна штета, обврските и/или загубата, настанати како последица на исполнувањето на обврските на Брокерската куќа согласно овие Општи услови на работење и Договорот, освен во случај на нејзино делување со умисла или голема негрижа, чијашто содржина се оценува во согласност со стандардите за грижливост на добра членка на Македонската берза.
(II) Клиентот се обврзува дека на Брокерската куќа ќе и ја плати секоја штета, трошоци и дека воопшто ќе ја ослободи од сите обврски настанати кон Брокерската куќа од односот кон кое и да е лице, коишто се последица од извршувањето на услугите според овие Општи услови на работење и Договорот, освен во случај на однесување со умисла или голема негрижа на Брокерската куќа, чијашто содржина се оценува согласно со стандардите за грижливост на добра членка на Македонската берза.
Член 24
Клиентот ги презема од Брокерската куќа сите обврски од услугите според овие Општи услови на работење и Договорот, коишто Брокерската куќа ги извршила за нејзина негова сметка.
Доцнење со плаќање
Член 25
Клиентот, во случај на доцнење со плаќање на која и да е доспеана и непорамнета обврска, а во врска со овие Општи услови на работење, Договорот или налогот, е должен на Брокерската куќа да и ги надомести трошоците за направената штета.
Промени на општите услови на работењето
Член 26
Во случај на промена на соодветните прописи или/и одлуки на кој и да е орган на власта, односно орган со јавни овластувања, коишто влијаат на исполнувањето на обврските на Брокерската куќа, според овие или во врска со овие Општи услови на работење, Договорот и налогот (во продолжение: промена на прописи), Брокерската куќа според сопствена проценка и одлука има право:
(I) да ги измени, односно да ги дополни овие Општи услови на работење, односно наведениот Договор, во согласност со таквата промена на прописите и согласноста на странката, или
(II) да отстапи од наведениот договор.
Ако Клиентот, во случај под (I) од претходниот став од овој член, не се согласува со таква промена, односно дополнување Брокерската куќа има право веднаш да отстапи од наведените Договори.
Се претпоставува дека Клиентот се согласува со промените на Општите услови на работење и наведените Договори, ако во рок од 7 работни дена од објавувањето од страна на Брокерската куќа за промените, односно Дополнувањата на овие општи услови на работење и наведениот Договор, писмено не ја извести Брокерската куќа за тоа дека не се согласува со тие промени, односно дополнувања.
Член 27
Без оглед на одредбата од претходниот член на овие Општи услови на работење, Брокерската куќа има право еднострано да ги промени, односно да ги дополни овие Општи услови на работење, доколку со таквите промени, односно дополнувања, суштински не навлегува во правата и обврските на Клиентот (во продолжение: суштински промени), според овие и во врска со овие Општи услови на работење и Договорот.
Во случај на суштински промени Брокерската куќа има право да отстапи од наведените Договори, ако Клиентот не се согласува со нив. Се претпоставува дека Клиентот се согласува со промените на Општите услови на работење, ако во рок од 7 работни дена од објавувањето на Брокерската куќа за суштинските промени писмено не ја извести Брокерската куќа за тоа дека не се согласува со таквите промени.
Непочитување на обврските
Член 28
Во случај на непочитување на обврските согласно со овие и во врска со овие Општи услови на работење, Договорот и налогот, (во продолжение: непочитување на договорните обврски), секоја страна може да отстапи од Договорот и да бара надомест на штета од другата договорна страна.
Член 29
Клиентите се согласуваат:
(I) дека Брокерската куќа, во случај Клиентот да не ги почитува договорните обврски, има право да ги наплати побарувањата, по претходно информирање и добиена согласност од Клиентот за настанатата ситуација;
(II) дека депонираните паричните средства на Клиентот, коишто се уплатени на Клиентската сметка на Брокерската куќа или се добиени со продажба на хартии од вредност во сопственост на Клиентот, Брокерската куќа има право да ги смета за средства за покривање на евентуалните побарувања што Брокерската куќа ги има од Клиентот, по претходно информирање и добиена согласност од Клиентот.
Траење на договорниот однос
Член 30
Времетраењето на договорот и условите за отстапување од него во случаите коишто не се наведени во овие општи услови на работење, Клиентите ги договараат во самиот Договор.
Во случај на откажување на наведениот Договор, од причини наброени во овие Општи услови на работење и наведениот Договор, наведениот Договор се продолжува до конечното порамнување на сите обврски на странката и Брокерската куќа според тој Договор, односно трансакциите склучени пред откажувањето.
Деловна тајна
Член 31
Заради заштита на интересите на Клиентот, Брокерската куќа се обврзува дека сите податоци и информации кои ги дознала при извршување на Договорот, или во врска со извршување на Договорот, ќе ги третира како деловна тајна.
Податоците и информациите од став 1 на овој член можат да се соопштат во следните случаи:
- ако Клиентот дал писмена согласност за нивно откривање;
- на писмено барање или налог на надлежен суд;
- на барање на Комисијата за хартии од вредност за вршење на контрола врз работењето на Брокерската куќа;
- на Управата за финансиско разузнавање во согласност со закон;
- на писмено барање на друг орган овластен со закон.
Податоците и информациите кои Брокерската куќа е должна да ги доставува до органи и институции согласно со закон, а кои претставуваат деловна тајна на Брокерската куќа, се сметаат за службена тајна.
Судска надлежност и избор на правото
Член 32
Евентуалните спорови од договорните односи, коишто се темелат врз овие општи услови на работење, Клиентот и Брокерската куќа ќе ги решаваат договорно, а во случај на судски спор договараат надлежност на стварно надлежниот суд во Скопје.
За проценка на сите договорни односи, коишто се темелат на овие општи услови на работење се користи македонското право.
Без оглед на првиот став на овој член Брокерската куќа може да ги остварува своите права кај кој и да е надлежен суд.
Неважење на одредбите
Член 33
Неважењето или неизвршливоста на одделна одредба на овие Oпшти услови и Договорот, не влијае на важноста и извршноста на другите одредби.
Во случај некоја одредба од овие општи услови на работење да е неважечка или неизвршлива, Брокерската куќа под услови од член 26 и 27 од овие Општи услови на работење, таквата одредба, ќе ја надомести со нова којашто е најблиска до неважечката, односно одредбата што неможе да се исполни. Во случај кога некоја одредба од Договорот е неважечка или неизвршлива, Клиентот и Брокерската куќа таквата одредба ќе ја надоместат со нова, којашто е најблиска до неважечката, односно до одредбата што неможе да се исполни.
Известување
Член 34
Брокерската куќа е должна да го извести Клиентот за склучување и порамнување на трансакцијата со хартии од вредност во рок од два дена по денот на порамнувањето. Брокерската куќа може да го извести Клиентот на начин кој е претходно дефиниран со Клиентот (лично преземање на извештајот, по електронска пошта, пошта, факс или телефонска порака – SMS).
Извештајот содржи податоци за:
– називот на издавачот на хартиите од вредност со кои е тргувано;
– видот, родот и класата на хартиите од вредност со кои е тргувано;
– видот на налогот - куповен или продажен;
– количината на хартиите од вредност со кои е тргувано;
– цената по која хартиите од вредност се купени, односно продадени;
– надоместокот за извршената трансакција;
– датумот на приемот на налогот за тргување, и
– датумот на порамнување на трансакцијата.
Извештајот од тргувањето на Странски пазари содржи податоци за:
– име и презиме, ЕМБГ, број на лична карта, односно број на пасош (за физичко лице), односно назив седиште, држава, матичен број на правното лице (за правно лице) на клиентот;
– ознака дали се работи за купување или продавање;
– вид на хартија од вредност;
– ИСИН на хартија од вредност;
– полното име на хартијата од вредност;
– код на странскиот пазар преку која се извршил налогот;
– цената по која е реализирано тргувањето ;
– количина која е реализирана;
– вкупниот износ на реализираната трансакција;
– трошоците за реализација на трансакцијата (брокерски трошоци, трошоци за порамнување, трошоци за организараниот пазар, регулаторни трошоци, даноци како и сите останати трошоци кои настанале при реализација на трансакцијата).
Во случај на писмен налог, барање задолжително или дозволено известување или порака (во продолжение: писмено известување) според овие или во врска со овие Општи услови на работење и Договорот, се смета дека писменото известување било проследено на соодветен начин, ако кумулативно се исполнети следниве барања:
(I) писменото известување за договорната странка, на којашто и е наменето, да и е доставено во писмена форма по пошта (со доказ дека е испратена пратката), по факс, по телефон со SMS порака или по електронска пошта;
(II) писменото известување на договорната странка, на којашто и е наменето, да е адресирано до овластеното лице и на адреса определена во Договорот.
(III) писменото известување да е потпишано од овластено лице, односно во случај на компјутерки запис посредувано од овластено лице.
Членство во саморегулирачка организација
Член 35
Брокерската куќа е членка на Македонската берза за хартии од вредност АД Скопје и на Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје.
Член 36
Овие Општи услови за работење со хартии од вредност на ЕУРОХАУС АД Скопје стапуваат на сила на денот на донесувањето.
Скопје, 13.12.2022 год.