Contract
Д О Г О В О Р
за начинот и условите за користење на преносната мрежа и надоместокот за користење на електропреносниот систем
СКЛУЧЕН ПОМЕЃУ: АД “МЕПСО ”
и
Корисник
Врз основа на член 7 став 3 од Правилата за снабдување со електрична енергија (Службен весник на Република Македонија бр.144/12 и 91/13), а во врска со обврските на Операторот на електро преносниот систем согласно членовите 67, 68, 69 и 71 од Законот за енергетика (Службен весник на Република Македонија бр.16/11, 136/11, 79/13, и 164/13), како и обврските од член 4 од Мрежните правила за пренос на електрична енергија енергија (Службен весник на Република Македонија бр.95/2006) се склучува:
Д О Г О В О Р
за начинот и условите за користење на електропреносната мрежа и надоместокот за користење на електропреносниот систем
помеѓу:
(1) ОПЕРАТОР НА ЕЛЕКТРОПРЕНОСНИОТ СИСТЕМ НА МАКЕДОНИЈА, Акционерско друштво за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем, во државна сопственост - СКОПЈЕ ул. “Максим Горки” бр.4, 1000 Скопје, жиро сметка 530010100845304 Охридска банка АД Скопје, ЕДБ: МК 4030004529600 застапувано од Претседател на Управен одбор на АД МЕПСО М-р Xxxxxx Xxxxxx
и
(2) Корисник
-
Член 1
Предмет на договорот
(1) Предмет на уредување на Договорот за начинот и условите за користење на електропреносната мрежа и надоместокот за користење на електропреносниот систем (во понатамошниот текст: Договор)претставуваат правата и обврските помеѓу договорните страни кои се однесуваат на начинот и условите за користење на електропреносната мрежа и надоместокот за користење на електропреносниот систем.
Член 2
Пристап на електропреносната мрежа
(1) АД МЕПСО е должен да обезбеди непречен пристап на корисникот на електропреносната мрежа, заради набавка, пренос и снабдување со електрична енергија на начин и услови утврдени со овој Договор.
(2) АД МЕПСО е должен да обезбеди објективност, недискриминаторност и транспарентност на информациите и податоците кои се однесуваат на пристапот на електропреносната мрежа.
(3) Под електропреносна мрежа се подразбира електроенергетски постројки и друга опрема за пренос на електрична енергија на 400 kV и 110 kV напонско ниво, што се во сопственост на АД МЕПСО и делови од постројки и мрежа на 110 kV и повисоко напонско ниво, што се во сопственост на корисниците на електропреносниот систем или тие имаат право да ги користат.
(4) Приклучувањето на електроенергетски објекти на корисникот на електропреносната мрежа, ќе се врши согласно закон, подзаконските прописи и Мрежните правила за пренос на електрична енергија (во понатамошниот текст: Мрежни правила за пренос.
Член 3
Податоци за одговорни служби
(1) Договорните страни се согласни во рок од 15 дена по потпишувањето на овој ДДоговор да разменат податоци за одговорните служби (лица) кои ќе имаат задача да ги координираат и планираат краткорочните и долгорочните исклучувања на елементите на поврзување на електропреносниот систем во форма на писмено известување.
(2) Секоја договорна страна е одговорна, во случај на промена на доставените податоци навремено да ја информира другата страна, во рок и начин утврден во став 1 од овој член.
Член 4 Обврски на договорните страни во случај на случаен испад
(1) При случаен испад на дел од електропреносната мрежа од било какви причини, двете договорни страни ќе преземат максимални напори, секој од своја страна, за повторно воспоставување на нормален режим на работа, при што ќе водат сметка за максимално искористување на сите технички можности за преземање односно испорака (пренос) на електрична енергија.
(2) Заради одржување на сигурноста на електроенергетскиот систем во случај на негово загрозување поради настанување на непредвидени околности, АД МЕПСО треба да ги превземе потребните мерки и активности определени со закон, друг пропис и Мрежните правила.
Член 5
Одржување на постројките
(1) Корисникот на електропреносната мрежа има обврска да ги држи во доверлива состојба, експлоатира, реконструира, ремонтира и оперира постројките за поврзување кои се наоѓаат во негова сопственост во однос на точката на прием/испорака, согласно техничките норми и правила кои се во сила.
(2) АД МЕПСО има обврска да ги одржува во доверлива состојба, експлоатира, реконструира, ремонтира и управува со електропреносните капацитети и со сите потребни инсталации кои се во негова сопственост наменети за поврзување со корисникот на електропреносната мрежа, а сето тоа во согласност со техничките норми и правила кои се во сила.
(3) Договорните страни се согласни начинот и условите за одржување на заедничките електроенергетски објекти и опрема да го регулираат со посебни договори.
Член 6
Планирани исклучувања и работење
(1) Во случај на потреба за исклучување на елемент(и) од електропреносната мрежа или елемент(и) од мрежата на корисникот доколку тој располага со таква мрежа или елементи, кои влијаат на другата договорна страна, а со цел надградба, измена или имплементирање на техничките решенија кои ќе ја подобрат работата на соодветната мрежа, исклучувањето ќе се спроведе во предходно усогласени и потврдени термини од двете страни.
(2) АД МЕПСО и корисникот на електропреносната мрежа, ги усогласуваат планирањата од ставот 1 од овој член согласно претходно договорена динамика. Во случај на неусогласеност помеѓу договорните страни, корисникот на електропреносната мрежа има обврска да го прилагоди своето работење согласно потребите на АД МЕПСО.
(3) За обезбедување на сигурно работење на електропреносната мрежа, АД МЕПСО и корисникот на електропреносната мрежа, се согласни да ги стават на располагање еден на друг сите потребни информации.
Член 7 Принудно исклучување на преносните капацитети
(1) Кога исполнувањето на обврските од овој Договор од страна на корисникот на електропреносната мрежа и/или АД МЕПСО би го довеле во опасност здравјето и животот на луѓето, сигурноста на опремата, би го оштетиле имотот или би предизвикале хаварија, тогаш АД МЕПСО и/или корисникот на електропреносната мрежа можат да пристапат кон принудно исклучување на електропреносните капацитети на начин, постапка и известување кои се во согласност со Законот за енергетика и Мрежните правила за пренос.
(2) Во случаите од став 1 од овој член, АД МЕПСО и/или корисникот на електропреносната мрежа се должни да преземат максимални напори за што побрзо воспоставување на нормален режим на работа на електроенергетскиот систем.
Член 8 Квалитет на напонот и размена на реактивна енергија
(1) Договорните страни се согласни дека размената на рекативната енергија ќе ја задржат на најниско можно ниво.
(2) За да се обезбеди потребниот квалиетет на напонот согласно Мрежните правила, договорните страни ќе вложат максимални напори за ограничување на повратните влијанија од мрежата на едната договорна страна кон мрежата на другата договорна страна.
Член 9
Пресметковни мерни места
(1) Пресметковните мерни места се мерни места на кои се утврдува односно мери испорачаната и/или превземената електрична енергија од електропреносниот систем дадени во Прилог 1 на овој Договор.
(2) Во случај на неисправност на пресметковните мерни уреди поставени на мерните места од став 1 на овој член, за утврдување на испорачаната и/или превземената електрична енергија се користат контролните мерни уреди кои што се наведени во Прилог 2 на овој Договор.
(3) Местоположбата на пресметковните мерни места ја утврдува АД МЕПСО согласно Мрежните правила за пренос.
Член 10 Регистрација на електрична енергија на пресметковните мерни места
(1) Во секоја точка на испорака/прием на електричната енергија помеѓу електропреносниот систем и корисникот на електропреносната мрежа треба да се вгради мерна опрема за регистрација на активна и реактивна електрична енергија во две насоки, во временски интервали од 15 минути.
(2) Операторот на електропреносниот систем е должен да вгради мерен уред кој ќе биде за пресметковна намена а другата договорна страна има обврска да вгради контролен мерен уред со истите технички карактеристики.
(3) Двете договорни страни се согласни меѓусебно да ги разменуваат податоците од своите мерни уреди според договорена временска динамика, во усогласени временски интервали и по појава на специфични оперативни околности кои ќе предизивикаат потреба од размена на податоци од мерните уреди.
(4) Според потребите на ЕЕС, АД МЕПСО ќе побара инсталирање на заштитни уреди, а Xxxxxxxxxx е обврзан истите да ги набави, инсталира и одржува согласно инструкциите на АД МЕПСО.
Член 11
Мерни уреди и мерна опрема
(1) Мерните уреди кои се користат за пресметка и фактурирање мораат да бидат верификувани од страна на Бирото за метрологија во согласност со Законот за метрологија. Мерните уреди и приклучните клеми мора да бидат пломбирани од страна на АД МЕПСО.
(2) Секоја промена или контрола на мерната опрема може да се направи само по претходно утврден и заеднички договорен план за работа и секогаш во присуство на двете договорни страни. За наведените активности треба да се изготви записник потпишан од двете договорни страни и притоа секоја страна задржува по еден примерок од записникот.
Член 12
Интервенции во мерната опрема
(1) Ниту една договорна страна не смее сама да изведува никакви интервенции во мерната опрема која служи за пресметка без претходно да ја извести и повика другата договорна страна. Известувањето мора да се испрати најмалку 3 (три) работни дена пред предвидената интервенција.
(2) Договорните страни можат да побараат вонредна контрола на мерните уреди која мора да се изврши најдоцна 5 (пет) работни дена по поднесеното барање.
Член 13
Отчитување на податоци од мерни места
(1) Отчитувањето на податоците од пресметковните и контролните мерни места се врши со опрема и софтвер за далечинско отчитување на мерните места (red registry, load profile) од страна на АД МЕПСО.
(2) АД МЕПСО и корисникот на електропреносната мрежа, треба да обезбедат непречено далечинско отчитување на податоците од пресметковните и контролните мерни уреди.
(3) АД МЕПСО го делегира правото на далечински пристап до мерните податоци од уредот, така што го дефинира списокот на овластени корисници на мерните податоци.
(4) АД МЕПСО го доделува времето на пристап согласно сопствените потреби за аквизирање и потребите на корисникот врз основа на недискриминаторни принципи.
(5) Непочитување на утврдената распределба на време за пристап на мерните податоци ќе доведе до скратување на правото на пристап од страна на АД МЕПСО.
(6) Обврска на корисникот е да користи лиценцирани апликации за комуникација и пренос на податоци и единствено корисникот може да го користи правото за пристап кое му е доделено од страна на АД МЕПСО.
(7) АД МЕПСО има право на пристап до податоците од мерните системи на корисникот на електропреносниот систем.
Член 14
Комуникациски врски
(1) АД МЕПСО и корисникот на електропреносната мрежа ги обезбедуваат комуникациските врски за отчитување, согласно постоечките системи на обете страни, без ограничување кон другата страна.
(2) При испад на комуникациските врски, обете страни, со взаемна соработка е потребно истите да ги доведат во исправна состојба, за размената на информации да биде согласно останатите членови од овој Договор.
(3) Во случај на потреба од замена на постоечкиот систем кај една од страните, другата страна е потребно да даде целосна поддршка за размената на потребните информации да продолжи согласно останатите членови од овој Договор.
Член 15 Контрола на класата на точност на мерните уреди
(1) Доколку се воочат поголеми разлики од дозволените при споредба на вредности од пресметковните и контролните мерења тогаш треба да се изврши контрола на класата на точност на пресметковните и/или контролните мерни уреди. Откако ќе се утврди грешката ќе се изврши корекција на пресметката согласно Член 17 од овој Договор.
(2) Било која договорна страна има право да побара вонредна проверка на класата на точност (вонредна верификација) на мерниот уред за пресметки.
Член 16
Трошоци за контрола на класата на точност /исправноста на мерните уреди
(1) Доколку при контрола на класата на точност /исправноста на мерните уреди од Член 15 од овој Договор резултатот покаже дека мерните уреди регистрирале електрична енергија во границите на пропишаните дозволени отстапувања, трошоците за извршената контрола ги плаќа онаа договорна страна која ги побарала вонредните мерења.
(2) Доколку при контрола на класата на точност /исправноста на мерните уреди од Член 15 од овој Договор се утврди дека има отстапувања од дозволените граници, тогаш трошоците за извршената контрола на мерните уреди ги плаќа сопственикот на мерниот уред.
Член 17
Корекција на пресметката
(1) Ако се утврди дека отстапувањето на мерните уреди ги надминува дозволените граници кои се пропишани во прописите за метрологија за соодветната класа на точност на мерните уреди или настане дефект на мерната опрема се врши корекција на пресметката.
(2) Корекцијата на пресметката од ставот 1 на овој член се врши за временски период додека траела грешката.
(3) Ако времето кога настанала грешката не може точно да се утврди, тогаш при корекцијата се зема предвид половина од времето од последната контрола, но најмногу 6 (шест) месеци наназад.
(4) Корекцијата на пресметката ќе се изврши врз основа на записник за констатирана количина на електрична енргија, согласно цените кои важеле во периодот додека траела грешката.
Член 18
Пресметковен период
(1) Пресметковниот период е во времетраење од еден месец, а започнува на првиот ден во месецот во 00:00 часот и трае до последниот ден во месецот до 24:00 часот.
Член 19
Податоци за пресметка на надоместок за пренос на електрична енергија
(1) За пресметка на надоместокот за услугата пренос на електрична енергија која АД МЕПСО го фактурира за предадените количини на електрична енергија измерени во точките на испорака се користат податоците регистрирани на пресметковните мерни уреди.
(2) Во случај на дефект на пресметковните мерни уреди или баждарење на истите, пресметувањето на надоместокот од ставот 1 на овој член ќе се врши согласно податоците регистрирани на контролните мерни уреди.
(3) При утврдување на надоместокот од ставот 1 на овој член се применуваат соодветните тарифи за пресметковни елементи за користење на електропреносниот систем утврдени од страна на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.
Член 20
Технички загуби на електрична енергија
(1) Ако контролниот мерен уред од Член 19 став 2 не се наоѓа во точката на испорака/прием на електрична енергија, отчитаната вредност ќе се корегира за процентот на технички загуби до точката на испорака/прием на електрична енергија.
(2) Процентот на загубите од ставот 1 на овој член се утврдува врз основ на распололива документација од страна на овластени лица на двете договорни страни.
Член 21
Фактурирање и плаќање
(1) Пресметковните податоци се усогласуваат најдоцна до 4-от ден во тековниот месец за претходниот месец.
(2) До 5-ти во месецот, за претходниот месец, АД МЕПСО треба да достави фактура за надоместок за користење на електропреносниот систем. Пресметката треба да се изготви врз основа на тарифи за пресметковни елементи, одобрени и објавени од страна на Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија.
(3) Корисникот на електропреносната мрежа е должен вкупниот износ на фактурата од став 2 на овој член да ја плати до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец.
(4) Во случај на спор, доколку корисникот на електропреносната мрежа, одбие да го плати делот од пресметаната сума кој што е спорен, тогаш во договорениот рок корисникот на електропреносната мрежа е обврзан да го плати делот од пресметаната сума што не е спорен.
(5) За задоцнето плаќање корисникот на електропреносната мрежа има обврска да плати законска затезна камата.
Член 22
Гаранција за плаќање
(1) За осигурување на исплатите од овој Договор, корисникот на електропреносната мрежа во рок од осум (8) дена по потпишувањето на овој Договор, ќе му поднесе на АД МЕПСО банкарска гаранција кои се составен дел на овој договор или ќе депонира средства на сметка на АД МЕПСО.
(2) Висината на банкарската гаранција и/или депонираните средсва треба да го покрива износот од највисоката месечна фактура за пренесената електрична енергија пресметана согласно планираната потрошувачка во електроенергетскиот биланс. Доколку превземањето на електрична енергија ги надмине планираните количини, АД МЕПСО има право веднаш да побара нова банкарска гаранција и/или депонирани средства согласно новата потрошувачка.
(3) Банкарската гаранција ќе биде платива со презентација на фактура и изјава потпишана од овластено лице дека фактурата не е платена во рок и начин предвиден со овој договор.
(4) Банкарските гаранции мора да бидат издадени во форма во која банката- гарант безусловно и неотповикливо се обврзува да го плати секој износ до гарантираниот и тоа на прво писмено барање доставено од АД МЕПСО.
(5) Доколку корисникот на електропреносната мрежа не ја плати својата обврска во договорениот рок АД МЕПСО му доставува писмена опомена.
(6) Доколку и во рок од 8 (осум) дена од доставувањето на писмената опомена Корисникот не ја плати доспеаната обврска, АД МЕПСО ќе ја наплати банкарската гаранција и/или ќе ги искористи депонираните средсва.
(7) Доколку банкарската гаранција биде делумно или во целост наплатена и/или депонираните средства бидат целосно или делумно искористени, Корисникот има обврска веднаш но не подоцна од 8 (осум) дена да достави нова банкарска гаранција и/или да ги надополни депонираните средства на износ согласно став 2 од овој член.
(8) АД МЕПСО ќе го исклучи корисникот од електропреносната мрежа доколку корисникот не обезбеди банкарска гаранција и/или депонираните средсва согласно став 2 од овој член или не обезбеди нова банкарска гаранција и/или не ги надополни депонираните средства согласно став 7 од овој член.
(9) Рокот на важноста на банкарската гаранција и/или депонираните средства ќе го покрие времетраењето на овој Договор плус 15 (петнаесет) работни дена од денот на валутата на последната фактура.
Член 23
Пребивање на парични побарувања
(1) Договорните страни можат да ги пребијат со взаемна согласност сите доспеани меѓусебни парични побарувања.
Член 24
Доверливост на информации
(1) Договорните страни се согласни да ги третираат доверливо, како деловна тајна, било кои информации за деловни активности, финансиски и правни состојби кои се меѓусебно разменети заради остварување на овој Договор.
(2) Информациите од став 1 на овој член не смеат да бидат откриени или на поинаков начин да бидат достапни на неовластени трети лица.
(3) Информациите од став 1 на овој член можат да бидат достапни на трети лица само во оправдани случаи, при што задолжително е потребна претходна писмена согланост од другата Договорна страна.
(4) Информациите од став 1 на овој член можат да бидат достапни на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија или други надлежни државни органи, само доколку тоа е утврдено со Закон или други подзаконски акти или на барање на надлежен суд.
(5) Во случај на прекршување на одредбите од овој член од Договорот од една од договорните страни, другата договорна страна има право да бара надомест на штетата.
(6) Оваа одредба ќе се применува во периодот од датумот на откривањето на информацијата и ќе трае во текот на три години по истекот на важноста на овој Договор или по неговото раскинување.
(7) Договорните страни се согласни дека нивните обврски за доверливост на информациите и податоците според овој Договор ќе го надживеат времетраењето на овој Договор, освен доколку не настане измена на законите или доколку таквата информација на друг начин не стане достапна за јавноста.
Член 25
Виша сила
(1) Виша сила, во смисол на овој Договор подразбира непредвидливи природни настани (поплави, земјотреси, лизгања на терени, пожари, силни ветрови, прекумерни наслаги на мраз на проводниците и столбовите, атмосферски празнења), како и други настани до кои не е дојдено по вина и се надвор од контрола на договорните страни, како што се: војна, граѓански нереди, неизбежни вонредни состојби, доколку го спречуваат во значителна мерка или го оневозможуваат работењето на договорените страни.
(2) Xxxx кој настан на виша сила ќе ги ослободи договорните страни од нивните обврски според овој Договор, до степен до кој таквиот настан на виша сила ја спречува погодената Договорна страна во исполнувањето на договорните обврски и во текот на периодот во кој таквиот настан на Виша сила дејствува.
(3) Доколку како резултат на виша сила, при извршувањето на обврските, некоја од Договорните страни е само делумно погодена, оваа Договорна страна е одговорна за извршувањето на обврските кои не се погодени од виша сила.
(4) Договорните страни се согласни веднаш да се известат меѓусебно за постоењето на било какви околности кои се надвор од нивната контрола, а кои предизвикуваат неостварување или незадоволително остварување на обврските од овој Договор и да преземаат разумна и оправдана меѓусебна соработка заради превенција на вакви околности и нивните последици.
(5) Договорната страна погодена од настан на виша сила писмено ќе ја извести другата страна за настанувањето и завршувањето на таков настан на виша сила.
(6) Договорните страни се согласни дека обврските на Договорната страна која известила за ваков настан, а кои биле достасани при настанувањето на виша сила ќе бидат исполнети по поправањето на околностите предизвикани од настанувањето на виша сила.
(7) Доколку, согласно мрежните правила за пренос на електрична енергија како резултат на појава на виша сила, дојде до нарушување на работата во електроенергетскиот систем, корисникот на електропреносната мрежа е согласен да учествува во повторно враќање на системот во режим на нормална работа според одбранбените планови, како и планот за реставрација/воспоставување на напојувањето.
Член 26
Разрешување на спорови
(1) Договорните страни се согласни да се обидат да решат било каков спор помеѓу нив, кој произлегува од овој Договор, преку непосредни преговори.
(2) Доколку спорот не се разреши по договорен пат од двете страни во рок од 30 (триесет) календарски дена заинтересираната договорна страна поднесува барање за разрешување на несогласувањето до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија согласно Законот за енергетика и Правилникот за начинот, условите и постапката за разрешување на споровите коишто настанале меѓу вршителите на енергетските дејности и корисниците на енергетските дејности, како и висината на надоместокот на трошоците за разрешување на спорот.
(3) Доколку настанатиот спор не се реши и по спроведена постапка од став 2 на овој член , заинтересираната договорна страна може да поведе соодветна постапка пред надлижниот суд.
Член 27
Наследување на права и обврски
(1) Договорните страни имаат права и обврски, доколку настапат статусни или законски промени во нивниот правен статус, да ги пренесат сите или дел од своите права и обврски, кои произлегуваат од овој Договор на друг.
(2) За сите промени од ставот 1 на овој член, двете договорни страни се должни писмено да ја известат другата договорна страна најдоцна во рок од 5 (пет) работни дена од настанување на промената.
(3) Овој Договор ќе се применува и на правните наследници на Договорните страни кои ќе произлезат од евентуалните структурни промени на Договорните страни согласно Законот за трговски друштва (присоединување, поделба, спојување или основање на трговски друштва).
Член 28
Прилози кон Договорот
(1) Прилозите кон овој Договор се составен дел од Договорот.
Член 29
Времетраење и потпишување на договорот
(1) Овој Договор влегува во сила со денот на негово потпишување и исполнувањето на обврските кои корисникот ги превземал а се содржани во Член 21, став(1) и ќе важи до 31.12.2014 година, а од страна на лицата овластени за преставување и застапување на договорните страни.
(2) Договорните страни имаат право да го раскинат овој Договор во секое време со претходно известување од 30 дена од денот на раскинувањето, доколку за тоа постои взаемна согласност.
(3) Доколку 30 дена пред истекот на важноста на овој договор ниту една договорна страна не испрати известување до другата договорна страна за намерата за склучување на нов договор, важноста на овој договор се продолжува и во наредната година по истите услови кои се уредени во овој Договор.
(4) Договорните страни се согласни дека овој Договор, целосно ја претставува нивната волја, и истиот е потпишан од страна на лицата овластени за преставување и застапување на договорниоте страни, во 5 (пет) оригинални примероци - по два за секоја Договорна страна и еден за Регулаторна комисија за енергетика.
Член 30
Измена и дополнување на договорот
(1) Доколку некоја од Договорните страни сака да го измени или дополни овој Договор, ќе испрати Предлог за измена или дополнување до другата Договорна страна.
(2) Предлогот за измена или дополнување секогаш ќе биде во форма на писмен предлог во поглед на засегнатиот дел од Договорот.
(3) Договорот може да се измени или дополни само од Договорните страни, во писмена форма преку нивните овластени претставници.
Член 31
Делумна неважност на договорот
(1) Доколку од било која причина некој дел(ови) од овој Договор, вклучувајќи ги и прилозите и дополнувањата на истиот, стане неважечки или неприменлив(и), другите делови од Договорот ќе останат важечки и во сила помеѓу Договорните страни, освен доколку причината за таквата неважност или неприменливост доведе до неважност или неприменливост на целиот Договор или на било кој негов дел без кој овој Договор не би бил склучен или не би се очекувало да биде склучен.
(2) Доколку настанат промени во законските и подзаконските прописи договорните страни се согласни да го усогласат договорот со новите прописи, со склучување на Анекс кон овој Договор.
(3) Договорните страни се обврзуваат, доколку се укаже можност, определени делови од договорот да се заменат со правни одредби кои ќе придонесат за подобрување на нивната состојба од економски, технички и правен аспект.
Член 32
Раскинување на договорот
(1) Овој Договор може да биде раскинат спогодбено со заемна согласност на двете договорни страни. За спогодбеното раскинување на Договорот, договорните страни ќе склучат писмена спогодба со која ќе ги уредат спорните прашања, во спротивно нема да се смета дека Договорот е спогодбено раскинат.
(2) АД МЕПСО има право еднострано да го раскине овој Договор без претходно известување или отказен рок доколку корисникот на електропреносната мрежа не се придржува кон обврските преземени со овој Договор.
Член 33
Известувања и документи
(1) Сите известувања и докумети кои се во согласност и во врска со овој Договор ќе бидат составени во писмена форма на Македонски јазик на кирилски писмо, освен ознаките на Меѓународниот систем на единици - SI (System Internationale d’ Unites).
(2) Известувањата дадени од Договорните страни во врска со овој Договор ќе бидат испратени на адресата на другата Договорна страна дадена во овој Договор, преку курир, препорачана пошта, телеграма, меил или факс.
(3) Известувањата испратени преку препорачана пошта ќе се сметаат за доставени на 5-иот ден по испраќањето, додека известувањата испратени по телеграм, маил или факс на 2-иот ден по нивното испраќање.
(4) Поштенски адреси/броеви на факс на Договорните страни:
За АД МЕПСО: За Корисникот на преносна мрежа:
ул. Максим Горки бр.4, ул. ---------------
1000 Скопје, 1000 Скопје,
П. Фах 352, П. Фах ,
Р. Македонија Р. Македонија
Факс: + 389 2 3111-160 Факс: + 389 2 3хххххххх
Xxxx Xxxx
Член 34
Примена на законски и подзаконски прописи
(1) За се она што не е регулирано со овој Договор ќе се применуваат соодветните законски и подзаконски прописи, а особено одредбите од Законот за облигациони односи и Законот за енергетика и нивните подзаконски акти.
Список на прилози кои се интегрален дел од овој Договор. Прилог 1. Пресметковни мерни места
Прилог 2. Контролни мерни места
Скопје, на
ЗА АД МЕПСО: М-р Xxxxxx Xxxxxx дипл.маш.инг | ЗА --------------------------------: ------------------------------------- |