Contract
Генерален договор за моментна продажба/купување на хартии од вредност со обврска за нивно повторно купување/продажба
(Генерален репо-договор)
Склучен во на година, меѓу:
1. , (во понатамошниот текст: договорната страна)
2. , (во понатамошниот текст: договорната страна)
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
член 1
Со овој договор се регулираат правата и обврските на договорните страни, како и начинот и условите под кои договорните страни склучуваат трансакции за моментна продажба/купување на хартии од вредност со обврска за повторно купување/продажба на хартиите од вредност или на еквивалентни хартии од вредност (репо-трансакции).
Договорни страни во овој договор се резидентите во Република Македонија.
член 2
Поимите употребени во овој договор го имаат следново значење:
„Куповна цена“ е цената по која, на датумот на купување, купувачот ги купува хартиите од вредност коишто се предмет на трансакцијата од продавачот.
„Датум на купување“ е датумот на кој купувачот купува хартии од вредност (купени хартии од вредност) од продавачот.
„Датум на реоткуп“ e датумот на кој купувачот му ги продава купените или еквивалентните хартии од вредност на продавачот.
„Разлика во цените“ се утврдува на кој било ден за времетраењето на трансакцијата, со примена на репо каматна стапка на куповната цена за календарскиот број на денови во периодот од датумот на купување (вклучувајќи го и тој датум) до датумот на пресметување, или до датумот на реоткуп (исклучувајќи го тој датум) врз основа на 360 дена во годината, според пропорционалната метода на пресметка.
„Репо каматна стапка“ e каматната стапка којашто служи за пресметка на разликата во цените и се договара помеѓу договорните страни за одредена трансакција во проценти, на годишно ниво.
„Реоткупна цена“ на одреден ден е цената еднаква на збирот на куповната цена и разликата во цените пресметана на тој ден.
„Трансакција на повик“ е трансакцијата во која датумот на реоткуп не е определен при отпочнувањето на трансакцијата и тој ќе се определи дополнително, со писмено известување коешто едната договорна страна ѐ го испраќа на другата договорна страна. Доколку ниту една од договорните страни не достави писмено известување, ќе се смета дека датумот на реоткуп настапува последниот ден кога е дозволено тргување со тие хартии од вредност, но не подолго од една календарска година по датумот на купувањето.
„Трансакција со фиксен рок“ е трансакцијата кај која датумот на реоткуп е определен при отпочнувањето на трансакцијата.
„Еквивалентни хартии од вредност“ се хартиите од вредност коишто се од ист издавач, ист вид и имаат иста пазарна вредност, односно хартиите од вредност коишто за имателот имаат исти права како и хартиите од вредност коишто се предмет на трансакцијата. Еквивалентни хартии од вредност можат да бидат и други хартии од вредност коишто двете договорни страни ги прифатиле како еквивалентни хартии од вредност.
„Покритие“ е износот којшто едната договорна страна е должна да ѐ го пренесе, односно да ѐ го исплати на другата договорна страна во вид на хартии од вредност или парични средства како резултат на изложеност.
„Пазарна цена на хартиите од вредност“ претставува цената (зголемена за износот на пресметаната недостасана камата, доколку таа камата не е содржана во цената) одредена од општопризнат извор (берзи, пазари преку шалтер) за кој двете договорни страни се имаат договорено или цената за која двете договорни страни меѓусебно ќе се договорат.
„Коефициент на покритие“ е показател на односот помеѓу пазарната цена и куповната цена на хартиите од вредност, или некој друг однос за кој договорните страни се договориле.
„Минимален износ на барањето за покритие“ e износот којшто може да го утврдат договорните страни, а чиешто надминување повлекува барање за покритие на изложеност во трансакцијата.
„Работен ден“ е денот на кој се извршуваат плаќањата преку МИПС
(Македонски интербанкарски платен систем).
член 3
Врз основа на овој договор, едната договорна страна - продавач е согласна да ѐ продаде хартии од вредност на другата договорна страна - купувач, за што купувачот е согласен да ја плати куповната цена на продавачот со истовремена обврска, на некој иден датум којшто ќе го договорат двете договорни страни или на повик, купувачот да му ги продаде купените или еквивалентните хартии од вредност на продавачот, а за тие хартии од вредност продавачот да му плати на купувачот однапред утврдена реоткупна цена.
член 4
По потпишувањето на овој договор, договорните страни можат во кое било време да договорат трансакција согласно со член 3 од овој договор, на предлог на која било договорна страна.
Договорните страни се согласни да ги регулираат меѓусебните односи за определена трансакција со потпишување на заклучницата дадена во прилогот 1 на Договорот.
II. ПЛАЌАЊЕ И ПРЕНОС
член 5
Преносот на сопственоста на хартиите од вредност од страна на продавачот и преносот на паричните средства од страна на купувачот се вршат истовремено (според принципот „испорака наспроти плаќање“), согласно со условите договорени во заклучницата.
По исклучок, при склучување трансакции со странски хартии од вредност, договорните страни го договараат редоследот на преносот на паричните средства во денари и сопственоста на странските хартии од вредност.
член 6
Продавачот гарантира дека хартиите од вредност, односно еквивалентните хартии од вредност се исклучиво во негова сопственост и немаат оптоварувања или права на трети лица (заштита од евикција), дека хартиите од вредност се стекнати на законски начин и во врска со нив не се води судски спор или друга постапка пред надлежен орган.
член 7
Во случај кога хартиите од вредност коишто се предмет на трансакцијата се изразени во друга валута, пресметувањето на паричните обврски се извршува со примена на тековен девизен курс објавен на курсната листа на Народната банка на Република Македонија или друг девизен курс, којшто ќе го договoрат двете страни.
член 8
Доколку на кој било датум треба да се изврши меѓусебно плаќање врз основа на која било обврска согласно со овој договор, договорните страни можат да се договорат да ги пребијат меѓусебните обврски на плаќање и договорната страна којашто должи поголем износ да ѐ ја плати разликата што ја должи на другата договорна страна. Договорните страни можат да го применат истиот принцип и во однос на обврските за пренос на хартиите од вредност коишто меѓусебно се исти или еквивалентни.
III. ИЗЛОЖЕНОСТ
член 9
Договорните страни може да се договорат за регулирање на меѓусебните права и обврски врз основа на изложеност во трансакцијата.
член 10
Доколку договорните страни се договорат за утврдување изложеност во трансакцијата, одредуваат пазар којшто ќе го користат при утврдувањето на пазарната вредност на хартиите од вредност или, во отсуство на редовно формирање цени на примарниот и/или секундарниот пазар, одредуваат соодветен метод за вреднување на хартиите од вредност.
член 11
Доколку на кој било ден од датумот на купување до датумот на реоткуп на определена трансакција, реоткупната цена на тој ден помножена со утврдениот коефициент на покритие е поголема од тековната пазарна цена на хартиите од вредност, се смета дека постои изложеност на купувачот во висина на пресметаната разлика.
Доколку на кој било ден од датумот на купување до датумот на реоткуп во определена трансакција, реоткупната цена на тој ден помножена со утврдениот коефициент на покритие е помала од тековната пазарна цена на хартиите од вредност, се смета дека постои изложеност на продавачот во висина на пресметаната разлика.
член 12
Доколку меѓу договорните страни истовремено се одвиваат повеќе трансакции, изложеноста на едната договорна страна кон другата договорна страна се пресметува за секоја трансакција поодделно.
Договорната страна чијашто вкупна изложеност е поголема од вкупната изложеност на другата договорна страна, се смета за нето изложена во износот на таа разлика.
член 13
Договорната страна којашто во кој било момент е изложена, односно нето изложена кон другата договорна страна, може да бара од другата страна покритие во износ што е еднаков на таа изложеност, односно нето-изложеност.
Доколку договорните страни утврдиле минимален износ на барањето за покритие, барањето за покритие може да се упати само ако изложеноста, односно нето-изложеноста го надмине договорениот минимален износ.
член 14
Во договор помеѓу договорните страни, покритието може да се исплати во пари, односно да се пренесе во хартии од вредност.
Исплатата на покритието во пари од едната договорна страна на другата договорна страна ја зголемува обврската на другата договорна страна. Таа обврска се зема предвид при порамнувањето на меѓусебните обврски и побарувања на договорните страни на датумот на реоткуп, доколку не е исполнета пред датумот на реоткуп. Обврската се зголемува за износот на каматата пресметана со примена на репо каматна стапка и тоа од денот на исплата на покритието во пари до денот на неговото враќање или до датумот на реоткуп.
Преносот на покритието во хартии од вредност од едната договорна страна на другата договорна страна ја зголемува обврската на другата договорна страна. Хартиите од вредност се земаат предвид при порамнувањето на меѓусебните обврски и побарувања на договорните страни на датумот на реоткуп, доколку не се вратени пред датумот на реоткуп.
член 15
Кога настанува обврска, согласно со член 13 на овој договор, покритието се исплатува, односно се пренесува во рамки на роковите утврдени со заклучницата што е во прилог на овој договор. Ако роковите за исплата и пренос на покритието не се утврдени, покритието се доставува истиот ден кога ќе се утврди изложеноста, односно нето-изложеноста.
Доколку страната којашто е обврзана да плати покритие не го направи тоа, таа е должна да плати камата на пресметаниот износ на покритие за времетраењето на изложеноста, што е договорена согласно со член 23 од овој договор.
IV. ПРИХОДИ ОД ХАРТИИТЕ ОД ВРЕДНОСТ
член 16
Во случај кога врз основа на хартиите од вредност коишто се предмет на овој договор, во периодот помеѓу датумот на купување и датумот на реоткуп (за времетраењето на трансакцијата), се исплаќаат приходи, купувачот се обврзува дека на денот на исплата на приходот ќе му исплати на продавачот износ во иста висина и валута колку што изнесува приходот.
член 17
Доколку купувачот ги продаде купените хартии од вредност за времетраењето на трансакцијата, а издавачот го исплати приходот согласно со член 16 на овој договор, купувачот е должен на денот на исплата на приходот да му го исплати на продавачот износот којшто е еднаков на приходот што го исплатил издавачот.
Доколку купувачот не му го исплати приходот од член 16 на продавачот, должен е да плати казнена камата договорена согласно со член 23 од овој договор.
V. ЗАМЕНА НА ХАРТИИТЕ ОД ВРЕДНОСТ
член 18
Продавачот може, на сопствен трошок и со писмена согласност на купувачот, да ги замени купените хартии од вредност за други хартии од вредност (нови хартии од вредност) коишто, на датумот на замената договорена на тој начин, имаат пазарна вредност најмалку еднаква на пазарната вредност на купените хартии од вредност за кои се заменуваат.
член 19
Замената се спроведува со истовремен пренос на новите хартии од вредност од страна на продавачот на купувачот и на купените хартии од вредност од страна на купувачот на продавачот.
По исклучок, во случај на замена на странски хартии од вредност, преносот на новите хартии од вредност од страна на продавачот на купувачот и на купените хартии од вредност од страна на купувачот на продавачот не мора да се изврши истовремено.
член 20
Замената на хартии од вредност нема да се смета за обновување на трансакцијата на која се однесува замената, ниту за настанување на нова трансакција, туку трансакцијата ќе продолжи да се извршува на ист начин како и до тогаш, освен што новите хартии од вредност ќе се сметаат за купени хартии од вредност, наместо хартиите од вредност коишто се заменуваат.
VI. ПОВРЕДА НА ДОГОВОРОТ
член 21
Повреда на Договорот настапува доколку:
а) договорната страна не изврши која било обврска во согласност со овој договор;
б) договорната страна утврди дека не е во можност да исполни која било своја обврска утврдена со овој договор и/или утврдена со која било трансакција, којашто произлегува од овој договор.
член 22
Договорната страна којашто не е одговорна за повредата на Договорот, може да го раскине Договорот, конкретната трансакција или сите трансакции коишто произлегуваат од овој договор, со претходно писмено известување на другата договорна страна.
Со раскинувањето на Договорот, конкретната трансакција или сите трансакции коишто произлегуваат од овој договор, обврските на двете договорни страни достасуваат веднаш, а датумот на раскинување се смета за датум на реоткуп.
член 23
Договорната страна којашто е одговорна за повредата на Договорот е должна да ѐ ја надомести на другата договорна страна целокупната штета што настанала со повредата на Договорот, заедно со казнена камата што ја договориле договорните страни.
член 24
Ако на датумот на купување, продавачот не му ги пренесе хартиите од вредност на купувачот, а купувачот не му ја плати куповната цена на продавачот, ќе се смета дека двете договорни страни се повлекле од трансакцијата и заклучницата за таа трансакција ќе се смета за неважечка.
член 25
Ако на датумот на реоткуп, купувачот не му ги пренесе хартиите од вредност на продавачот, продавачот може да го пресмета износот на меѓусебните обврски (нетирање) користејќи ја тековната пазарна цена на хартиите од вредност или да ги купи хартиите од вредност и да ја смета нивната цена, зголемена за трансакциските трошоци, како пазарна цена на датумот на реоткуп.
Ако на датумот на реоткуп продавачот не му ја плати реоткупната цена на купувачот, купувачот може да ги задржи хартиите од вредност и да го пресмета износот на меѓусебните обврски (нетирање) користејќи ја тековната пазарна цена на хартиите од вредност, или да ги продаде хартиите од вредност и да ја смета продажната цена, зголемена за трансакциските трошоци, како пазарна цена на датумот на реоткуп.
Договорната страна која должи поголем износ врз основа на ставовите 1 и 2 од овој член е должна да ја плати пресметаната разлика на другата договорна страна на датумот на реоткуп.
Во случај кога не постои можност за купување или продажба на хартиите од вредност или не постои тековна пазарна цена формирана на примарниот или секундарниот пазар, купувачот може да ги задржи примените хартии од вредност, а продавачот може да ги задржи примените парични средства без пресметување на меѓусебните обврски (нетирање).
член 26
Доколку на датумот на купување/датумот на реоткуп само една од договорните страни ги изврши обврските од Договорот, другата договорна страна е должна да ги врати примените парични средства или хартии од вредност заедно со сите приходи од хартиите од вредност и казнената камата, договорена согласно со член 23 од овој договор, пресметана на куповната цена/реоткупната цена за периодот од датумот на купување/датумот на реоткуп до датумот на враќање.
член 27
Во случај на повреда на Договорот врз основа на член 17 став 2, продавачот може да пресмета нова реоткупна цена на датумот на реоткуп, намалена за приходот којшто купувачот не му го исплатил на продавачот на датумот на исплата од страна на издавачот на хартиите од вредност и
казнената камата на овој износ, договорена согласно со член 23 од овој договор.
VII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
член 28
Сите известувања коишто се испраќаат врз основа на овој договор се во писмена форма (по пошта, телефакс или некој друг начин на електронско испраќање пораки за кое се договориле договорните страни), а адресата на која се испраќаат е претходно определена од примачот на известувањето.
Известувањето од ставот 1 на овој член се смета за важечко:
а) ако е во писмена форма и е испратено по препорачана пошта со повратна потврда за прием, или ако пораката му е предадена на примачот на рака, кога примачот ја примил пораката;
б) ако е испратено по телефакс, кога испраќачот ќе добие одговор дека примачот го примил известувањето;
в) ако е испратено по електронски пат, кога испраќачот ќе добие одговор дека примачот ја добил електронската порака;
г) првиот нареден работен ден, доколку е примено во неработен ден.
член 29
Секоја договорна страна е должна веднаш да ја извести другата договорна страна за сите статусни и други промени поврзани со нејзиното работење, вклучително и за промени на адресата, бројот на телефаксот или определени податоци поврзани со испраќањето на пораките по електронски пат.
член 30
Правата и обврските на купувачот и продавачот од овој договор не се преносливи и купувачот, односно продавачот не можат да ги пренесат на трети лица.
член 31
Овој договор стапува во сила со денот на неговото потпишување, со рок на важење на неопределено време.
Овој договор може да се раскине со согласност на двете договорни страни под услови предвидени во Договорот.
член 32
Со раскинувањето на Договорот, се пресметуваат обврските на двете договорни страни, при што датум на реоткуп е датумот на раскинување на Договорот.
член 33
Во случај на стечај важат одредбите од Законот за стечај.
член 34
За сЀ што не е предвидено со овој договор важат одредбите од Законот за облигациони односи, Законот за хартии од вредност и другите важечки законски прописи.
член 35
Договорните страни ќе го решат секој спор којшто произлегува од овој договор спогодбено, а во спротивно надлежен е Основен суд Скопје 2 Скопје.
член 36
Овој договор е склучен во 4 (четири) истоветни примероци, од кои по 2 (два) примерока за секоја договорна страна.
Договорна страна Договорна страна
Прилог 1
ЗАКЛУЧНИЦА бр.
1. Договорна страна - купувач
Назив и адреса: Сметка во банка: Сметка на хартиите од вредност:
2. Договорна страна - продавач
Назив и адреса: Сметка во банка: Сметка на хартиите од вредност:
3. Датум на купување:
4. Датум на реоткуп
а) датум
б) на повик
5. Ознака на хартиите од вредност:
6. Номинален износ на хартиите од вредност:
7. Куповна цена:
8. Паричен износ на датумот на купување:
9. Реоткупна цена:
10. Паричен износ на датумот на реоткуп:
11. Репо каматна стапка: %
12. Коефициент на покритие а) да
б) не
13. Пазар за одредување на пазарната вредност при утврдувањето изложеност:
а) пазар:
б) пазарната цена е еднаква на реоткупната цена
Во случај страните да го одредат коефициентот на покритие во точка 12,
мора да ја пополнат и точката 13.
14. Рок за пренос (исплата) на покритие:
15. Минимален износ на барањето за покритие: а) да, минимален износ:
б) не
16. Дозволена форма на покритие:
a) покритие во пари
б) покритие во хартии од вредност
17. Договорен девизен курс за вреднување во денари на хартиите од вредност во странска валута и хартиите од вредност со валутна клаузула:
18. Казнена камата договорена согласно со член 23 од овој договор:
%
19. Останати одредби:
20. Со потпишувањето на оваа заклучница, договорните страни се обврзуваат дека оваа трансакција ќе се изврши согласно со одредбите од Генералниот репо-договор.
Датум: Датум:
Договорна страна - купувач: Договорна страна - продавач: