Contract
XXXXXXXXX Игор УДК: 347.716:339.5 (4)
МЕЃУНАРОДНО ТРГОВСКО ЗАСТАПУВАЊЕ (ДОГОВОР ЗА МЕЃУНАРОДНО ТРГОВСКО ЗАСТАПУВАЊЕ)
Апстракт: Под терминот-договор за меѓународно трговско застапништво се подразбира таков договор со кој едно лице, застапник, трговски агент (the agent, l`agent d`affaires commerciales, l`agent commercial, l`intermediare, händlungsagent) се обврзува дека во име и за сметка на друго лице-властодавец (principall, representé) од друга земја или домашен властодавец во друга земја, ќе склучи една или повеќе трговски работи1. Исто така, меѓународниот договор за трговско застапување е договор склучен меѓу физички или правни лица со живеалиште, седиште или место на дејност во различни држави, каде едната страна (застапникот) се обврзува да подготви и/или да склучи трговски зделки од име и за сметка на другата страна (застапуваниот), а за тоа да добие соодветна награда2. Ваквите дефиниции на договорот за застапување се прифатени во поголем број европски правни системи, со тоа што постојат значителни разлики за поимот во континенталното и англосаксонското право. Така, civil law системите прават разлика меѓу застапување и комисион, додека во common law системите ваква разлика нема, со оглед на фактот што трговскиот агент е единствена форма на делување за сметка на налогодавачот и тој е овластен за продажба на стока, чување на стока во консигнација за продажба, купување на стока и друго.
Клучни зборови: меѓународно застапување, договор, регулатива, компаративен приказ
1) Xxxxxxx Р., Међународно привредно право, Савремена Администрација-Београд, 1986, стр.270; исто и Николовски А., Меѓународни трговски договори, Европски Универзитет- Факултет за правни науки Скопје-2006, стр.174
2) Пиперкова X., Международно търговско право (Международниот договор за търгов- ско представителство), ВЕБЕР-ВБ София, 1993, стр.209
XXXXXXXXX Xxxx
INTERNATIONAL COMMERCIAL AGENCY (CONTRACT OF INTERNATIONAL COMMERCIAL REPRESENTATION)
Abstract: The term Contract of International Commercial Representation means such a deal in which one person, agent, commercial agent (the agent, l`agent d`affaires commerciales, l`agent commercial, l`intermediare, händlungsagent) undertakes legal acts on behalf of another person-principall (representé) from another country or in another country, which will end with one or more commercial transactions. Likewise, international agency contract is a contract concluded between persons or entities with residence, seat or place of business in different states where one party (the agent) is obliged to prepare and / or to conclude commercial deals on behalf and for the account the other party (principal), and to receive appropriate reward. Such definitions of the representation contract are accepted in most European legal systems, but there are significant differences in the notion of continental and Anglo-Saxon law. Thus, civil law systems recognize a difference between representation and commission, while in common law systems there is no such difference, given the fact that the commercial agent is the only form of action on behalf of the principal and he has been authorized for sale of goods, storage of goods consignment sales, purchasing goods e.t.c.
Keywords: International agency, contract, regulation, comparative review
Договорот за застапување е регулиран со меѓународни и национални извори на правото. На меѓународен план, како најважен извор на правото е Женевската конвенција за застапување во меѓународната продажба на стока од 1983 година која настојува да ги надмине разликите што постојат помеѓу националните правни системи и да даде посебен придонес во делот на односите кои настануваат помеѓу застапникот и властодавецот со трети лица. Во националните правни системи на земјите, регулирањето на застапувањето е различно решено, бидејќи најчесто не се прави јасна дистинкција меѓу институтите трговско застапување и агентура. Така, во поголем број земји се употребува терминот „застапник“, а во други земји терминот „агент“, но во некои земји овие термини се поистоветуваат. Така на пример, Италија во Граѓанскиот кодекс од 1942 (Codice Civile) го има регулирано институтот застапување како и во посебниот закон
бр. 204 од 1985 година и во двете Национални колективни спогодби („За застапниците на индустриските претпријатија” и „За застапниците во трговските претпријатија”. Во француското право, под трговски застапник (агент) се подразбира лице кое професионално и самостојно преговара. Швајцарското право во Законот за облигациите од 1936 година застапништвото го опфаќа со договорот за агентура по кое агентот презема обврска да посредува трајно при склучување на договори во име и за сметка на принципалот3. Германија го има регулирано прашањето на трговскиот застапник со Трговскиот кодекс (1897 год.), изменет и дополнет во 1953 година, како и со Граѓанскиот кодекс од 1896 година. Така, согласно со член 84, алинеја 1 од Германскиот трговски кодекс, трговски застапник е лице кое во функција на самостоен претприемач е овластено постојано да посредува за склучување на трговски зделки во име и за сметка на друг претприемач (властодавец)4. Бугарија со донесување на Трговскиот закон (1991) сеопфатно го има регулирано прашањето на трговското застапување, бидејќи дотогаш не постоеле посебни одредби за договорот за трговско застапување, иако во Законот за обврски и договори (1950) имало одредби за воспоставување, реализација и престанок на застапнички работи и одредби за договорот за комисион. Во францускиот правен систем се прави разграничување меѓу независните трговски застапници (посредници-intermédiares indépendants) и зависните трговски застапници (трговски патници, застапници-représentants de commerce). Независните застапници се делат на два вида: посредници, кои имаат статус на трговци, и трговски агенти. Договорот за трговско застапување е регулиран со Декрет бр.58 од 23.12.1958 година, според кој трговскиот агент е мандатор кој при вршење на вообичаената и независна професија, без да е обврзан со договор, посредува и евентуално склучува договори за продажба, наем или услуги во име и за сметка на производители, индустријалци или трговци, при што правата и обврските се пренесуваат на застапуваниот5. Во англосаксонското право поимот agent ги вклучува во себе не само трговскиот застапник, туку и разни видови на трговски агенти кои работат во име и за сметка на налогодавачот, но и трговци кои склучуваат работи за свое име и за своја сметка. Според англосаксонското право под поимот agency се подразбира трговски застапник, комисионер, посредник и лица кои вршат некои посебни агенциски работи. Во Англија е донесен
3) Xxxxxxxxx, op. cit., стр.214
4) idem, стр.213
5) Xxxxxxxxx, op. cit., стр.215
посебен Закон за трговски застапници од 1889 година чие важење во 1890 година е проширено и на Шкотска.
Трговските застапници во меѓународното трговско работење се самостојни субјекти на трговското право, на ист начин на кој и домашното право им го признава таквиот субјективитет6.
По правило, во нашето право со работите на меѓународното трговско застапување се занимавааат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење на таа дејност под разни имиња и тоа: трговски агенции, трговски застапништва, застапништва на странски фирми, застапнички бироа, претставништва и др. Сите тие, без разлика на името, вршат работи на застапување и посредување. Поради тоа, доста често во практиката не се прави јасна разлика помеѓу овие две работи, иако во правната теорија е извршено јасно разграничување. Така, додека трговскиот застапник договорите ги склучува од името и за сметка на застапуваниот, трговскиот посредник само ги доведува странките во врска, а потоа тие самите склучуваат соодветен договор. Додека трговскиот застапник секогаш истапува од името и за сметка на застапуваниот, трговскиот посредник секогаш истапува од свое име и за своја сметка. При склучувањето и извршувањето на договорот со трето лице трговскиот застапник се однесува како договорна странка, и ги заштитува интересите на застапуваното лице, додека трговскиот посредник има неутрална улога и ги заштитува интересите на двете договорни странки.
Трговските застапници во меѓународниот правен сообраќај можат да застапуваат една или повеќе странски фирми или сите фирми од една земја, а исто така, едно или повеќе домашни трговски друштва во странство. Но, со оглед на фактот што застапниците во меѓународниот промет претставуваат самостојни субјекти, тие мораат да бидат регистрирани за вршење на таквата дејност. Во Италија регистрацијата на застапникот се врши во трговската комора (Camera di Commercio)7. Застапувањето на странски фирми на територијата на домашната држава се смета за посебна стопанска дејност која ја вршат лицата во својство на трговски застапник. Застапувањето на странските фирми се врши врз основа на договор за застапување кој се склучува меѓу домашниот трговски застапник и странското трговско друштво.
Во некои законодавства, меѓу кои е и македонското, застапувањето на странските фирми се регулира со императивни законски прописи. Така,
6) Xxxxxxxxxx, op. cit., стр.176
7) види: xxx.xxxxxxxxxxxxxxxxx.xx/xxxxxxx/xxxxxxxx-.xxx
во член 591 од ЗТД е предвидено дека за секоја подружница странското друштво, односно странскиот трговец-поединец назначува еден или повеќе застапници кои, во поглед на таа подружница, го застапуваат во неговото работење во Република Македонија. Странското трговско друштво може истите застапници да ги назначи и за повеќе подружници. Претходно, во член 581, став 2, Законот содржи императивна законска одредба според која странските друштва и странските трговци-поединци не можат да вршат дејност на територијата на Република Македонија се додека не организираат подружница.
Особена карактеристика на работите на застапувањето во меѓународниот промет на стоки и услуги е настапот на фирмата од една земја во деловни односи со партнери од странство посредно, во свое име, со склучување договор преку застапник кој живее во странство и кој не е вработен во домицилната фирма. Застапникот посредува или може да посредува и да склучува договори, или само да склучува договори со трети лица во име на застапуваниот.
Постојат различни гледишта за видовите односи што произлегуваат од договорот за трговско застапување. Така, според проф. Xxxxxxxxx, постојат два одделни видови односи од што произлегуваат и два вида договори: првиот е интерен однос-договорот што трговскиот застапник го склучува со својот властодавач, а вториот е надворешен, кој во основа се потпира на внатрешен однос-договорот кој застапникот го склучува со трето лице од името и за сметка на својот овластувач, властодавач8. Според проф. Драшкиќ, постои и трет вид односи, и тоа меѓу властодавецот и третите лица со кои преку застапникот е склучен договор9. Иако самиот договор за застапување непосредно ги регулира само првите видови односи, неговите одредби се одразуваат и на другите две групи односи, особено во поглед на обемот на овластувањата со кои застапникот се стекнува врз основа на договорот. Тој обем може да се разликува во неколку аспекти, и тоа: во поглед на територијата, видот на правните работи, содржината на идниот договор кој ќе го склучи застапникот, како и одговорноста за изборот на третото лице како договорна страна10.
Договорот за трговско застапување содржан во македонскиот Закон за облигациони односи (член 846) нема изречен меѓународен карактер и
8) Xxxxxxxxx, op. cit., стр. 209
9) Draškić M., Međunarodno privredno ugovorno pravo, 1970, Institut za uporedno pravo- Beograd, стр. 243
10) Xxxxxxx, op. cit., стр. 244
непосредно го обврзува застапникот постојано да се грижи трети лица да склучуваат договори со неговиот налогодавец, односно да посредува меѓу нив, како и според добиеното овластување да склучува договори со трети лица од име и за сметка на налогодавецот, кој е обврзан за секој склучен договор да му исплати определен надомест (провизија).
Постојат повеќе видови трговски застапништва. Но главната поделба на застапништвата се состои во: застапништво во внатрешниот промет и застапништво во надворешно-трговскиот промет. Меѓутоа, со оглед на тоа што во ниедно од веќе споменатите права, па ни во македонскиот правен систем, не се прави некоја позначителна разлика помеѓу внатрешно и меѓународно застапништво и лицата кои се овластени да ги вршат работите за застапување можат тоа да го вршат како за домашни, така и за странски налогодавачи. Меѓутоа, во меѓународниот трговски промет имаме повеќе видови трговски застапништва.
Поделбата на трговското застапништво во меѓународното трговско право може да се изврши по различни критериуми11 и тоа:
1. според територијата во која застапникот ја врши својата дејност;
2. според обемот на овластувањата кои ги има трговскиот застапник;
3. според начинот на вршењето на дејноста;
4. според обемот на гаранциите за изборот на трето лице при склучувањето на договорот;
5. според зависноста од стопанската дејност што ја врши.
Според првиот критериум, договорните странки со договорот за застапување или со деловните обичаи ја определуваат територијата на која трговскиот застапник ќе го застапува овластувачот. Обично, во меѓународното трговско право при определувањето на територијата на трговскиот застапник, тоа се прави за повеќе земји дури и за цели континенти (како на пример, застапник за Европа, Југоисточна Азија и др.). Според територијата каде што се врши застапувањето можеме да имаме месни (локални), обласни и генерални трговски застапници. Ако трговскиот застапник е овластен само за едно географско место и за неговата околина тогаш велиме дека се работи за месен (локален) трговски застапник. Но, ако трговскиот застапник е овластен од својот овластувач - комитент да застапува на едно пошироко подрачје, тогаш велиме дека се работи за обласен трговски застапник. Генерален трговски застапник е оној застапник кој е овластен од една или повеќе фирми да ги застапува истите на територија на една или повеќе земји, региони или континенти. Со одредувањето на територијата може да биде внесена и
11) Xxxxxxxxxx, op. cit., стр. 177
xxxxxxxx за ексклузивно право на застапникот за застапување на таа територија12. Во рамки на една територија може да се направи уште една поделба на трговските застапници, и тоа на постојани, фиксирани, кои дејствуваат и се овластени за застапување во точно определно место и патувачки застапници кои немаат постојано место на вршење на дејноста на застапувањето13.
Согласно со вториот критериум, меѓународното трговско застапување, по обемот на својата деловна дејност може да се појави како: специјално или посебно и генерално или општо. Под специјално (посебно) трговско застапништво подразбираме кога застапникот е овластен од име и за сметка на својот овластувач да склучи еден или повеќе определени видови правни работи. Спротивно на тоа, генералниот (општиот) застапник добива xxxxx xxxxxxx, целосно овластување со кое може да ги склучува сите правни работи од име и за сметка на овластувачот, односно да ја определува содржината на договорот согласно условите на пазарот, со општа обврска да постапува совесно14.
Во меѓународното трговско право важи деловен обичај, кој потекнува од определени национални права, дека застапуваните фирми се должни исклучиво да работат преку своите генерални трговски застапништва и не можат непосредно да стапуваат во контакт со евентуални деловни партнери во тие земји каде што имаат свој трговски застапник. Правна последица на таквиот став е на генералниот застапник да му се признае и исплати провизија-награда во определен процент што одговара на вредноста на склучената работа дури и во случај кога застапуваните фирми ги склучиле правните работи заобиколувајќи го генералниот застапник и одбегнувајќи ги неговите услуги во работењето (ваквиот став е прифатен и во нашата судска практика, доколку договорните страни тоа изречно го договориле)15.
Според третиот критериум, во зависност од тоа дали трговскиот застапник ја врши својата дејност во едно или повеќе различни
12) Види: член 1743 од Италијанскиот трговски законик „властодавецот не може истовремено да ангажира повеќе трговски застапници на исто подрачје за иста дејност, ниту пак трговскиот ѕастапник може да преземе обврска во иста област и за иста дејност да склучува договори за сметка на повеќе трговски друштва кои се во меѓусебна конкуренција“.
13) Xxxxxxxxxx Z., Privredno ugovorno pravo, Pravni fakultet-Univerzitet UNION/Službeni glasnik-Beograd, 2006, стр. 165
14) Xxxxxxx М., Међународно привредно уговорно право, Савремена администрација- Београд, 1990, стр.380
15) Xxxxxxxxxx, op. cit., стр.178
места или патувајќи од еден до друг деловен партнер, разликуваме постојани, повремени и мешовити трговски застапници. Застапниците (агентите) кои патуваат се разликуваат од трговските патници, бидејќи застапниците се самостојни субјекти кои ги претставуваат и застапуваат трговските друштва, додека трговските патници се лица кои се наоѓаат во работен однос со трговското друштво што го застапуваат на таков начин. Застапниците кои патуваат имаат пошироки овластувања во однос на трговските патници со оглед на фактот што се овластени дури и да примаат плаќање за сметка на овластувачот или да вршат плаќање од негово име.
Четвртиот критериум се однесува на различните видови застапништво според степенот на одговорноста на застапникот. Во случаи кога третото лице совесно ќе ја исполни правната работа што ја склучило од името и за сметка на овластувачот разликуваме обично правно застапништво и застапништво del credere. Кај обичното застапништво, застапникот ќе одговара само за евентуална несовесност и невнимание во поглед на избор на трето лице со кое склучил договор (culpa in eligendo), додека кај застапништвото del credere застапникот гарантира дека третото лице совесно ќе ги исполни своите обврски од склучената работа и тука застапникот се јавува како еден вид гарант на кого застапуваниот може да се обрати доколку третото лице не го исполни договорот16.
Според петтиот критериум, во зависност од стопанските дејности, застапниците се делат на оние кои од името и за сметка на својот овластувач купуваат и продаваат стока; застапници во областа на транспортот и осигурувањето; туристички застапници; берзански застапници и други. Посебна е положбата на застапникот при договорот за застапување со држење на консигнационо складиште, како што е чест случај во меѓународната трговија. Застапникот овде не само што е овластен и што е обврзан да склучи договор со трето лице, туку тој треба и да се грижи за стоката што се наоѓа во консигнационото складиште и од истото да ја испорача на лицата со кои што склучил договор од името на својот овластувач. Исто така, тој ја наплатува цената на чинењето при испорачаната стока17.
Договорни страни во меѓународниот договор за застапување се застапник (agent, the agent, l`agent d`affaires commerciales и сл.) и
16) Xxxxxxxxxx, op. cit., стр. 177, исто и: Xxxxxxx, op. cit., стр. 244
17) Xxxxxxxxxx, op. cit., стр. 179
застапувано лице, овластувач, налогодавец. Трговскиот застапник е независен трговец кој самостојно ја врши својата стопанска дејност и е рамноправен со овластувачот, па согласно начелата на слобода на уредување на односите и рамноправност на учесниците во облигационите односи, може слободно да ги регулира меѓусебните односи со овластувачот. Така, Трговскиот кодекс на Германија содржи одредба (чл.84 т.2), која во случај определено лице да не е независно од овластувачот, а кое има еднакви права на застапник, да се смета како работник на овластувачот. Исто така, Конвенцијата на земјите на Бенелукс за договори на трговското застапување содржи одредба според која застапникот не може да биде вработен од овластувачот, но според француското право, застапникот има право без никаква согласност да ангажира подзастапник, врз основа на одредбите на Кодексот за работа. Во англосаксонското право статусот на трговскиот застапник е доста широко определен и се приближува кон комисионерот. Тој не само што може да ја чува стоката на својот комитент, туку може да ја продава во свое име и за сметка на овластувачот.
Според Директивата на Советот на ЕЕЗ за изедначување на законодавствата на земјите - членки во однос на независните трговски застапници од 18.12.1986 год.18 застапникот е самостоен посредник кој има право на повеќестрани преговори за продажба, купување на стока за сметка на друго лице (овластувач), како и право да ги подготви и изврши таквите договори во име на овластувачот. За трговски застапник не може да се смета лице кое врз основа на вработување презема дејства во име на фирма или организација во која работи (чл.1 ст.2 и 3 од Директивата). Оваа Директива има улога во поглед на надминување на различностите кои постојат меѓу националните законодавства во поглед на трговските застапници, со крајна цел-заштита на правата на трговските застапници спрема трговците и создавање на единствена правна основа во поглед на обврските на трговските застапници заради избегнување на привилегирани позиции на пазарот19.
Во домашната правна теорија, согласно со Законот за облигационите односи, договорот за трговско застапување мора да биде склучен во писмена форма, со цел точно да се определи обемот на овластувањата на застапникот за подолг период и со цел преку писмената форма застапникот полесно да се легитимира спрема трети лица. Исто така, меѓународниот
18)Директива 86/653/EIO/1986
19) Xxxxxxxx X., Търговски представител. ЦИЕЛА-София, 2005, стр. 30
договор за трговско застапување во современата меѓународна трговска практика најчесто се склучува во писмена форма, иако меѓународните обичаи и правила на меѓународното трговско право немаат предвидено некоја посебна форма. Така на пример, во француското право писмената форма е задолжителна, додека во швајцарското, германското и англиското право тоа не се бара, бидејќи договорот е неформален20.
При склучувањето на овој договор се користат три основни начини, и тоа: склучување посебен договор составен и потпишан од овластени договорни странки, потпишување на типски или стандардни договори каде што се еднострано определени условите на договорот (овој начин најчесто го користат големите трговски агенции и меѓународни застапништва поради полесно и побрзо работење како и поради поедноставна заштита на своите интереси), и преку кореспонденција меѓу договорните странки, која се состои од писмен налог на овластувачот (понудата) и прифаќање од страна на понудениот застапник.
Во правната теорија за понудата се употребува терминот налог за застапување. При издавање на налог од страна на овластувачот тој може да се разликува по својата содржина, и тоа како специјален и како генерален налог. Специјалниот налог е таков налог кој се однесува само на точно определени правни работи, додека генералниот налог се однесува на сите правни работи на определена стопанска дејност или на определени видови работи на меѓународното трговско право. Меѓу другото, се поставува прашањето за правото на отповикување или повлекување на издадениот налог на застапникот, при што преовладува ставот дека издаден налог може да се отповика или повлече се додека меѓународниот трговски застапник не стапил во обврска спрема трето лице. Меѓутоа, во меѓународното трговско право општоприфатено е правилото дека трговскиот застапник е должен да се изјасни по добиениот налог. Во случај ако пропушти да го извести налогодавачот дека не може да го прифати дадениот налог ќе одговара за настанатата штета. Оваа обврска за изјаснување по добиениот налог е последица на правната природа на меѓународното трговско застапништво. Сите меѓународни трговски работи се засновуваат врз принципот на чесност и совесност, а особено договорот за меѓународно трговско застапување е правна работа која се темели на исклучителна доверба, добронамерност, ажурност и несебично заложување за интересите и успешен деловен резултат на овластувачот.
20) Xxxxxxxxxx, op. cit., стр. 180
Кога застапникот склучува договор со трето лице треба да нагласи дека договорот со трето лице го склучува во својство на застапник. Доколку тој тоа не го стори, ќе се смета дека договорот го склучува од свое име и за своја сметка. Во англосаксонското право агентот (застапникот) не е лично одговорен за склучениот договор дури ни тогаш кога во договорот не нагласил дека истапува во својство на агент, но под услов со агентура да се занимава подолг временски период21.
Договорните странки обемот на правата и обврските го регулираат со договорот за меѓународно трговско застапување, но во согласност со императивните норми кои важат во заинтересираните држави.
Застапникот при склучување на договори од името и за сметка на комитентот мора за тоа да биде овластен, во спротивно се применуваат општите правила за склучување на договори во стоковиот промет од страна на неовластени лица. Според Законот за облигационите односи застапникот не може да склучува договори од име и за сметка на својот налогодавец ако за тоа не е посебно овластен22.
Застапникот при склучувањето на договори со трети лица треба да постапува со внимание на добар и совесен стопанственик. Исто така, застапникот е должен при извршувањето на своите обврски да ги штити интересите на налогодавачот, да го чува неговиот имот и неговите права. Тој треба да стори се што е потребно, според околностите, да ги сочува правата и правните средства во полза на налогодавачот. Застапникот во односите со трети лица треба секогаш да ја одбегнува секоја постапка што би причинила недоверба или сомневање во однос на неговите овластувања, и во ниту еден случај не би можел да ги застапува двете договорни страни. Нашиот Закон за облигационите односи во член 857 предвидува дека застапникот одговара пред налогодавецот за исполнување на обврските од договорот за чие склучување посредувал или што според овластувањето ги склучил од името на налогодавецот, само ако за тоа посебно писмено гарантирал, а во тој случај тој има право и на посебен надомест-del credere провизија.
Ако се појде од ставот дека застапникот треба да постапува со внимание на добар стопанственик, тогаш произлегува обврска да го известува налогодавачот за сите работи при извршувањето на задачите кои ги презел со договорот. Според некои граѓански законици застапникот е должен без посебно барање на налогодавачот да го известува за сите
21) Xxxxxxxxxx, op. cit., стр.181
22) Види: член 848 од ЗОО – „Застапникот може да склучува договори од името и за сметка на својот налогодавец, ако за тоа добил од него посебно или генерално овластување“.
склучени договори во негово име и за негова сметка. Така, Законот за облигационите односи во член 853, став 3 предвидува дека застапникот е должен да му ги дава на налогодавецот сите потребни известувања за пазарната ситуација, особено оние што се од значење за секоја одделна работа. Според англиското право застапникот (агентот) е должен да го извести налогодавачот за сите факти кои би можеле да дејствуваат врз неговата одлука да го прифати или да не го прифати предложениот договор. Посебно, застапникот е должен да го извести налогодавачот за каков било свој личен интерес кој би можел да го има во трансакцијата (договорот)23.
Граѓанскиот законик на Унгарија го има прифатено следното решение: застапникот мора да го известува налогодавачот за своето работење и за состојбата во којашто се наоѓа работата, доколку тоа го бара овластувачот, а во случај на потреба и без тоа барање, а особено кога треба друго лице да се употреби во вршење на застапништвото или доколку новонастанатите околности бараат измена на налогот. Според италијанскиот Граѓански законик, трговскиот застапник е должен на налогодавачот да му даде известување за условите на пазарот од територијата која му е доверена, како и секое друго известување корисно да се оцени поволноста на одделни работи (како на пример, за финансиската положба на сегашните и на идните клиенти и др.). Доколку не е во можност да ги извршува доверените задачи тој е должен веднаш да го извести налогодавачот за тоа или во спротивност одговара за надомест на штета. Застапникот е должен да го извести налогодававачот и за приговорите на трето лице во врска со склучениот договор, бидејќи приговорот изјавен на застапникот се смета како да е изјавен на налогодавачот.
Застапникот е должен да се придржува кон дадениот налог или упатство од страна на налогодавачот во поглед на содржината и начинот на склучувањето на идните договори. Во случај ако застапникот ги пречекори овластувањата кои му се дадени и ако не се придржува кон дадените упатства при склучувањето или извршувањето на договорите, повлекува одговорност и обврски за себе, а не за налогодавачот. Оваа обврска произлегува од општата обврска на застапникот да постапува непристрасно и да ги штити интересите на налогодавачот како добар стопанственик (член 853, став 1 и 2 од ЗОО). Меѓутоа, обврската на застапникот одговара на општата обврска на секој полномошник кој
23) Xxxxxxx, op. cit., стр.383
е должен да се придржува кон дадените упатства од налогодавачот. Полномошникот може да се откаже од упатствата за работа само во случај кога тоа неодложно го бараат интересите на налогодавачот, а ако не постои можност истиот да биде претходно известен за тоа.
Застапникот (агентот), кој е овластен само да посредува нема право да прифаќа понуди, туку само да ги собира и да ги испраќа на налогодавачот. Во случај ако застапникот сепак склучи договор, според германското право, таквиот договор го обврзува налогодавачот само ако без одлагање не го одбие, односно ако не изјави на третото лице со кое е склучен договорот дека таков договор не признава и не прифаќа24.
Застапникот е должен како деловна тајна да ги чува сите податоци што ги дознал во текот на работењето за неговиот налогодавач. Меѓутоа, додека застапникот спрема својот налогодавач има обврска целосно да го информира за сите дејствија и податоци, спрема трети лица тој треба да ги чува сите доверливи тајни, информации или материјали кои ги добил или дознал врз основа на договорот за трговско застапништво. Обврската за чување на деловна тајна трае и по престанувањето на важноста на договорот за трговско застапување (член 855 од ЗОО).
Во Законот за облигационите односи е предвидена и забраната за застапникот, без согласност од налогодавецот, да преземе обврска да работи на исто подрачје и за ист вид работи за друг налогодавец. Оваа обврска ја предвидуваат голем број правни системи, бидејќи ако застапникот, во исто време, би ги застапувал интересите на конкурентски фирми, би ја повредил својата должност за заштита на интересите на овластувачот. Меѓутоа, националните права различно ја предвидуваат оваа обврска на застапникот. Така на пример, и италијанскиот Граѓански законик ја врзува за оваа обврска и обврската на исклучивост, така што трговскиот застапник не може на иста територија да работи за сметка на повеќе налогодавци, кои се во меѓусебни конкурентски односи. Но, Трговскиот кодекс на Чешка и швајцарскиот Законик за облигации предвидуваат дека исклучивоста на застапништвото мора да биде изрично договорена со посебна клаузула „за забрана на конкуренцијата“. Во случај на непостоење на таква спогодба, застапникот е овластен да склучи договор и за други лица како тоа да го прави и за своја сметка.
Трговскиот застапник, според обврските кои произлегуваат од договорот за застапување, има и определени права и тоа право на провизија; право на надомест на трошоци; право на задржување и
24) Xxxxxxxxxx, op. cit., стр. 184-185
заложно право. Со оглед на тоа што застапникот врши застапување како стопанска дејност, тој има право на провизија-награда и тогаш кога таа не предвидена во договорот. Ова општо стојалиште е прифатено, не само во нашата правна литература, туку и во законодавствата на други земји. Според швајцарскиот Законик за облигации и полскиот Граѓански законик, застапникот има право на вообичаена провизија и во случај кога таа не е определена со договор или со тарифа. Висината на провизијата се определува со договор или врз основа на тарифа на трговското застапништво. Доколку провизијата не е определена со договор или со тарифа, тогаш се применуваат месните обичаи доколку тие постојат или тоа се определува според вложениот труд и според степенот на стручното залагање на застапникот. Во нашиот Закон за облигациони односи (член 861, став 2) е предвидена можност, по барање на налогодавецот, судот да може да ја намали провизијата на справедлив износ ако во дадениот случај е несразмерно голема спрема вложениот труд и направената услуга. Меѓутоа, во поголем број национални права не постои единствено мислење за тоа во кој момент застапникот стекнува право на провизија. Според нашиот Закон за облигационите односи, трговскиот застапник стекнува право на провизија во моментот кога договорот ќе биде извршен (член 861). Вакво стојалиште е прифатено во нашата судска и деловна практика. Исто такво стојалиште содржи и швајцарскиот Закон за облигации. Меѓутоа, во некои други национални права како што е италијанскиот Граѓански законик и германскиот Трговски законик, застапникот стекнува право на провизија дури кога третото лице ќе ја исполни својата договорна обврска25.
Трговскиот застапник, по правило, не би можел да бара надомест
на трошоците за извршената работа. Меѓутоа, договорните странки можат и поинаку да се договорат. Исто така, на застапникот може да му се надоместат трошоците ако постои локален обичај во местото на застапувањето. Во поглед на оваа обврска на налогодавецот националните права на одделни земји најразлично го решаваат ова прашање. Во најголем број национални правни системи (на пример, италијанскиот Граѓански законик), изречно е предвидено дека застапникот нема право на надомест на трошоците, тоа значи дека во овие права се смета дека тие се содржани во провизијата која треба да ја даде налогодавецот. Така, дури Трговскиот кодекс на Чешка предвидува дека договорената провизија ги опфаќа сите барања на трговскиот застапник според
25) Xxxxxxxxxx, op. cit., стр. 187
овластувачот, вклучувајќи ја и наградата за придобивање на клиенти
- партнери. Според полскиот Граѓански законик, застапникот има право на надомест на трошоци што се оправдани, но под услов нивната висина да го минува обемот кој во определени услови е вообичаен. Швајцарскиот Законик за облигации застапува средно решение, според кое застапникот нема право на надомест на трошоците што настануваат од нормалното вршење на неговите работи, но има право на надомест на оние трошоци и издатоци кои ги презел врз основа на посебни упатства од налогодавецот или во својство на неповикан вршител на туѓи работи, како што се трошоците за транспорт и за царини.
Како средство за обезбедување на стасаните побарувања од договорот за застапување, во националните права е предвидено правото на задржување (ретенција) или правото на залог врз стварите на налогодавецот кои се наоѓаат кај застапникот. Меѓутоа, се поставува прашањето-дали на застапникот треба да му се признае ова право или не. Овие права можат да бидат предвидени со договор, но спорно е дали застапникот има право и тогаш кога тоа не е предвидено со договорот. Во нашата правна теорија, особено под влијание на швајцарското право, постои мислење дека застапникот треба да ги има тие права и тогаш кога не се предвидени со договорот26.
При регулирањето на меѓународниот договор за застапување, според проф. Николовски, можат да се применуваат само четири закони и тоа: законот на земјата каде што е склучен договорот меѓу овластувачот и застапникот; законот на земјата каде што застапникот ја врши својата дејност (работа); законот на седиштето на застапникот и lex fori. Во правната теорија, како и во судската практика во Франција и во другите континентални судови, поаѓајќи од аргументите дека не е погодно еден правен систем да ја регулира внатрешната, а друг надворешната активност на застапникот, е прифатена како супсидијарна (по автономијата на волјата) точка на врзување-теоријата за застапниковата активност. Во овој случај се применувало правото на земјата во која се одвивала застапниковата активност. Меѓутоа, проблем се појавил во случаите кога застапникот преземал обврски за склучување договори на територии на повеќе земји. Поради оваа причина во најново време и во многу национални права дадена му е предност на правото на земјата во која се наоѓа местото на седиштето на застапникот. Ако застапникот нема свое деловно седиште тогаш надлежно е правото на деловното седиште
26) Xxxxx X, Xxxxx X., Уговори робног промета, Београд 1969, стр. 191; исто и Николовски, op. cit., стр.189
на овластувачот. Во случај, овластувачот и застапникот да имаат исто државјанство се применува нивниот национален закон.
Трговското застапување во правото на Република Македонија
Договорот за трговско застапување е опфатен во Законот за облигационите односи, каде што во член 846 е предвидено дека „со договорот за трговско застапување се обврзува застапникот постојано да се грижи трети лица да склучуваат договори со неговиот налогодавец и во таа смисла посредува помеѓу нив и налогодавецот, како и според добиеното овластување, да склучува договори со трети лица од име и за сметка на налогодавецот, а овој се обврзува за секој склучен договор да му исплати определен надомест (провизија)”. Трговските застапници во правниот промет настапуваат како самостојни субјекти кои вршат работи на застапување и посредување. Во ставот 2 од наведениот член од ЗОО законодавецот овозможил простор за посеопфатно вршење на трговското застапување со можноста налогодавецот да има на исто подрачје за ист вид работи повеќе застапници. Но, веќе во следниот став е опфатена заштитата на налогодавецот од злоупотреба на овластувањата на застапникот со одредбата во која е предвидено дека еден застапник не може без согласност од налогодавецот да преземе обврска да работи на исто подрачје и за ист вид работи за друг налогодавец.
Формата на договорот за трговско застапување е строга, односно истиот мора да биде склучен во писмена форма, повторно заради избегнување на недоследностите и недоразбирањата околу обемот на дадените овластувања на трговскиот застапник од страна на налогодавецот. Воедно, застапникот може да склучува договори од името и за сметка на својот налогодавец ако за тоа добил од него посебно или генерално овластување. Конкретно, налогодавецот може со посебно полномошно да го овласти трговскиот застапник за преземање правни дејствија во точно определен обем и за конкретна правна работа, или истото може да биде генерално, со што на застапникот му се остава слобода на дејствување во име и за сметка на налогодавецот.
Со оглед на блискоста и честото намерно или случајно мешање на поимите на трговскиот застапник со трговскиот посредник, македонскиот Закон за облигационите односи направил јасна дистинкција меѓу овие два правни поими. Така, Законот определува дека трговскиот застапник договорите ги склучува од име и за сметка на застапуваниот, додека трговскиот посредник само ги доведува странките во врска, а потоа тие лично и непосредно склучуваат соодветен договор. Додека трговскиот
застапник истапува во име и за сметка на застапуваниот, посредникот тоа секогаш го прави од свое име и за своја сметка. Исто така, при склучувањето и извршувањето на договорот со трето лице трговскиот застапник се однесува како договорна страна и ги заштитува интересите на застапуваното лице, додека трговскиот посредник има неутрална улога и ги заштитува интересите на двете договорни страни27.
БИБЛИОГРАФИЈА
Xxxxxxx Xxxxxx, Међународно привредно уговорно право, Савремена администрација-Београд, 1990
Xxxxxxx Mladen, Međunarodno privredno ugovorno pravo, Institut za uporedno pravo-Beograd, 1970
Xxxxxxx Xxxxxxx, Међународно привредно право, Савремена Администрација-Београд, 1986
Xxxxxxxx Xxxxxxx, Търговски представител. ЦИЕЛА-София, 2005 Капор Владимир, Xxxxx Xxxxxx, Уговори робног промета, Београд
1969
Николовски Xxxxxxxxxx, Меѓународни трговски договори,
Европски универзитет -Факултет за правни науки Скопје - 2006 Николовски Xxxxxxxxxx, Xxxxxxx Xxxxxxx, Трговско право,
Скопје, 2005
Пиперкова Лиляана, Международно търговско право (Международниот договор за търговско представителство), ВЕБЕР-ВБ София, 1993
Xxxxxxxxxx Xxxxxx, Privredno ugovorno pravo, Pravni fakultet-Univerzitet UNION/Službeni glasnik-Beograd, 2006
27) Николовски X., Xxxxxxx X., Трговско право, Скопје, 2005, стр. 253