Contract
Врховен суд на Република Македонија Договорна камата Гзз.бр.118/00и Рев.бр.517/00 Сентенца
Должникот кој платил на доверителот договорна камата повисока од максимално одредената со закон, има право да бара нејзино враќање, само ако при плаќањето го задржал правото да бара нејзино враќање или ако платил за да ја избегне принудата.
Образложение
Барањето за заштита на законитоста е основано.
Врз основа на утврдената фактичка состојба, пониските судови во побиваната со која е потврдена првостепената пресуда тужбеното барање на тужителот го уважиле и го задолжиле тужениот да му врати на тужителот на име главен долг износ од 27.000 ДЕМ, со домицилна камата сметано од 14.4.1997 година до денот на исплатата или да му исплати денарска противвредност во износ според средниот девизен курс на Народна банка на Република Македонија на денот на исплатата со законска затезна камата сметано од 14.4.1997 година до денот на исплатата, како и да му ги надомести трошоците по постапката во износ од 63.840,00 денари во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата, под страв на присилно извршување. Противтужбеното барање на тужениот делумно го уважиле и ја поништиле како незаконита одредбата од договорот за заем, склучен помеѓу странките на 15.11.1993 година и оваа одредба да не произведува правно дејство во однос на висината на каматната стапка сметано од максималната дозволена законска камата, односно домицилна каматна стапка до износот на договорено определената месечна каматна стапка во износ од 10%, односно 7%. Го задолжиле тужителот да му врати на тужениот на име повеќе исплатена камата над максимално дозволената законска камата износ од 7.046 ДЕМ, со домицилна камата сметано од 8.5.1998 година до денот на исплатата во денарска противвредност сметано по средниот девизен курс на Народна банка на Република Македонија на денот на исплатата, како и да му надомести дел од трошоците на тужениот по постапката во износ од 31.730,00 денари с# во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата, под страв на присилно извршување.
Пониските судови прифатиле дека согласно член 262 од ЗОО, доверителот е овластен да бара од должникот исполнување на обврската, а должникот е должен да ја исполни совесно во с# како што гласи таа. Тужениот е во обврска да му врати на тужителот износ од 27.000 ДЕМ, со домицилна камата во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на
денот на исплатата, а од причина што овој износ тужениот го зел од тужителот на заем. Помеѓу странките, согласно член 557 од ЗОО, бил склучен писмен договор за заем, а странките не го спорат главниот долг. Согласно член 399 став 1 од ЗОО, пониските судови прифатиле дека ништовна е одредбата од договорот за заем во делот за висината на договорената камата, бидејќи стапката на договорената камата помеѓу поединци не може да биде поголема од каматната стапка која во местото на исполнувањето се плаќа на штедни влогови по видување. Бидејќи странките договориле повисока каматна стапка од договорената, одлучиле дека тужителот е должен да му ја поврати на тужениот повеќе исплатената камата определена во договорот.
По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, основани се наводите во барањето за заштита на законитоста.
Согласно член 399 став 1 од ЗОО, стапката на договорната камата помеѓу поединци не може да биде поголема од каматната стапка која во местото на исплатувањето се плаќа на штедни влогови по видување. Во одредбата е одредена максималната стапка на договорната камата помеѓу поединци.
Согласно став 4 од истиот член, ако е договорена поголема камата од дозволената, ќе се примени највисоката дозволена каматна стапка. Согласно член 211 од ЗОО, тој што ќе изврши исплата знаејќи дека не е должен да плати, нема право да бара враќање, освен ако го задржал правото да бара враќање или ако платил за да ја избегне принудата. Од писмениот договор склучен помеѓу странките не произлегува дека тужениот го задржал правото да бара враќање на повисоко платената договорна камата од максимално одреденената камата во член 399 од ЗОО. Меѓусебниот договор склучен помеѓу странките на спорот не содржи одредба во која е предвидено дека тужениот го задржува правото да бара враќање на повисоко платената договорна камата од максимално одредената камата- член 211 во врска со член 399 од ЗОО. Од изведените докази во текот на редовната постапка, неспорно произлегува дека тужениот договорната камата му ја исплатил на тужителот, меѓутоа пониските судови не утврдиле дали тужениот на тужителот плаќањето на договорената камата го извршил доброволно, односно дали тужениот договорната камата ја платил за да ја избегне принудата.
По мислење на овој суд, должникот кој платил на доверителот договорна камата повисока од максимално одредената со закон, ќе има право да бара нејзино враќање, само ако при плаќањето го задржал правото да бара нејзино враќање или ако платил за да ја избегне принудата.
Решение на Врховниот суд на Република Македонија, Гзз.бр.118/2000 и Рев.бр.517/2000 од 22.6.2000 година.