Contract
ДОГОВОР МЕЃУ СОЦИЈАЛИСТИЧКА РЕПУБЛИКА ЈУГОСЛАВИЈА И
ЧЕХОСЛОВАЧКАТА СОЦИЈАЛИСТИЧКА РЕПУБЛИКА ЗА РЕГУЛИРАЊЕ НА ПРАВНИТЕ ОДНОСИ ВО ГРАЃАНСКАТА, СЕМЕЈНАТА И КРИВИЧНАТА
МАТЕРИЈА
ПРВ ДЕЛ
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Правна заштита
(1) Државјаните на едната договорна страна уживаат на територијата на другата договорна страна иста правна заштита во однос на својата личност и имот како и сопствените државјани.
(2) За остварување на своите права и интереси државјаните на едната договорна страна може да се обратат пред органите на другата договорна страна, што се надлежно да одлучуваат во предметите од граѓанската, семејната и кривичната материја, под истите услови како и сопствените државјани.
Член 2
Правна помош
Судовите, обвинителствата, арбитражните и другите органи на договорните страни, што се надлежни да одлучуваат во предметите од граѓанската, семејната и кривичната материја, си даваат меѓусебна правна помош во овие предмети под условите што се утврдени во овој договор.
Член 3
Обем на правната помош
Правната помош во предметите од граѓанската, семејната и кривичната материја опфаќа доставување на писмена и извршување определени процесни дејствија, како што се сослушувањето сведоци, странки и обвинети, вештачење, увид и друго.
Член 4
Начин на комуникација
Доколку со овој договор не е предвидено поинаку, при обезбедувањето правна помош надлежните органи на договорните страни комуницираат преку органите за коишто договорните страни ќе се известат меѓусебно по дипломатски пат.
Член 5
Јазик на меѓусебната комуникација
Органите на договорните страни, при укажувањето на правната помош, комуницираат на еден од јазиците на договорните страни.
Член 6 Содржина на замолницата
(1) Замолницата за правна помош треба да го содржи називот на органот што ја поднесува замолницата, називот на органот кон којшто е упатена замолницата, назнака за предметот за којшто се бара правна помош, име односно назив на странките, обвинетите, нивното државјанство, занимање и престојувалиште или живеалиште (седиште), како и името и адресата на нивните застапници, предметот на замолницата и податоци што се неопходни за постапување по замолницата. Во предметите од кривичната материја треба да се наведе и опис и правна квалификација на делото, а по можности и местото и датумот на раѓање на обвинетите, како и имињата на нивните родители.
(2) Замолницата мора да биде потпишана и да носи службен печат.
(3) Централните правосудни органи на договорните страни може спогодбено да ги утврдат обрасците што ќе ги користат за барање и укажување правна помош.
Член 7
Постапување по замолницата
(1) Замолениот орган при давањето правна помош постапува согласно со прописите на својата земја. Меѓутоа, замолениот орган може, на барање на органот од којшто потекнува замолницата, да постапува и на начинот што е наведен во замолницата.
(2) Ако замолениот орган не е надлежен, ја упатува замолницата на надлежниот орган.
(3) Ако адресата што е наведена во замолницата е неточна или воопшто не е наведена адреса, замолениот орган презема мерки за утврдување на адресата.
(4) Замолениот орган, на барање, навремено и непосредно го известува органот од којшто потекнува барањето за времето и местото на извршување на дејствието.
(5) Ако замолницата не може да се исполни, замолениот орган ги враќа актите наведувајќи ги причините што го спречиле исполнувањето на замолницата.
Член 8
Доставување
(1) Замолениот орган ги доставува писмената согласно со прописите на својата земја, доколку истите се составени на јазикот на замолената договорна страна или ако е приложен заверен превод на тој јазик. Во спротивно замолениот орган му го предава писменото на примателот само ако тој сака да го прими.
(2) Преводот на писмената што треба да се достави се заверува од овластен преведувач или државен орган, односно од дипломатско или конзуларно претставништво на една од договорните страни.
Член 9
Потврда за доставување
Потврдата за доставување се изготвува согласно прописите на замолената договорна страна. Во потврдата за достава мора да бидат наведени местото и денот на прием и потпис на примателот или да биде наведен поинаков начин на доставување.
Член 10
Доставување на сопствените државјани
Договорните страни имаат право на своите државјани да им доставуваат писмена и преку своите дипломатски или консуларни претставништва. Во тој случај не може да се применуваат принудни мерки.
Член 11
Заштита на сведоци и вештаци
(1) Ако во постапката пред органите на едната договорна страна е неопходно личното учество на некое лице што треба да се сослуша како сведок или вештак, а што се наоѓа на територијата на другата договорна страна, поканата се упатува преку надлежниот орган на таа договорна страна.
(2) Поканетото лице е должно да се јави на поканата и поканата не смее да содржи закани за принудни мерки во случај ако лицето не се јави.
(3) Сведокот или вештакот што ќе се јави на поканата на надлежниот орган на другата договорна страна не може да биде, без оглед на државјанството, повикан на кривична одговорност или лишен од слобода на територијата на таа договорна страна за какво било кривично дело сторено пред поминувањето на границата на договорната страна од којашто потекнува поканата, ниту да биде предмет на извршување казна врз основа на претходно донесена пресуда. Исто така, овие лица не може да бидат повикани на кривична одговорност или лишени од слобода во врска со нивното сведочење или вештачење, како ни за кривичното дело што е предмет на постапката,
(4) Сведокот или вештакот ја губи заштитата што е наведена во став 3 ако не ја напушти територијата на договорната страна што го повикала во рок од седум дека откако ќе му биде соопштено дека неговото присуство повеќе не е потребно. Во овој рок не се смета времето во коешто сведокот или вештакот не можел да ја напушти територијата на таа договорна страна поради причини што не зависеле од неговата волја.
(5) Повиканите лица имаат право на надомест за патните трошоци и трошоците за престој, како и за изгубена заработка, а вештаците, покрај тоа, и на награда за вештачење. Во поканата се наведува какви надоместоци им припаѓаат на овие лица, а на нивно барање им се дава аванс за покривање на трошоците.
Член 12
Трошоци за правната помош
(1) Договорните страни нема да бараат надомест на трошоците за извршените дејствија по замолниците за правна помош и за достава, со исклучок на наградата за извршеното вештачење и другите трошоци што настанале во врска со вештачењето.
(2) Вештачењето може да се услови со претходно авансно плаќање, ако трошоците за вештачење ги поднесува странката.
(3) Замолениот орган го известува органот од којшто потекнува замолницата за висината на трошоците што настанале во врска со извршувањето на замолницата.
Член 13
Одбивање правна помош
Давањето правна помош во предметите од граѓанската, семејната и кривичната материја може да се одбие ако замолената договорна страна смета да со исполнувањето на замолицата ќе бидат повредени нејзините суверени права или основните начела на нејзиното законодавство.
Член 14
Правни известувања
Централните правосудни органи на договорните страни си даваат меѓусебно, на барање, известувања за прописите што се важечки или биле важечки во нивните земји заедно со нивните текстови, како и известувања за поединечни правни прашања.
Член 15 Исправи
(1) Изправите што ги издал или заверил надлежниот орган на едната договорна страна, а содржат службен печат и потпис, може да се користат на територијата на другата договорна страна без натамошно заверување. Ова се однесува и на преписите или преводите на исправите што ги заверил надлежен орган.
(2) Исправите што на територијата на едната договорна страна се сметаат за јавни исправи имаат доказна сила на јавна исправа и на територијата на другата договорна страна.
Член 16
Известување за адресата
Централните правосудни органи, на барање, си даваат заемна помош во утврдувањето на адресата за лица што се наоѓаат на териториите на нивните држави, доколку тоа се бара поради остварување на правата на нивните државјани.
Член 17
Правни лица
Одредбите од овој договор соодветно се применуваат и на правните лица.
ВТОР ДЕЛ
ГРАЃАНСКА И СЕМЕЈНА МАТЕРИЈА
Оддел 1.
ЛИЧЕН СТАТУС
Член 18
Xxxxxx и деловна способност
(1) Правната и деловната способност на физичкото лице се утврдува согласно законодавството на договорната страна чијшто државјанин е тоа лица.
(2) Правната способност на правното лице се утврдува согласно законодавството на договорната страна врз основа на чиишто прописи е основано правното лице.
Член 19
Прогласување за мртов
(1) За прогласување некое лице за мртво е надлежен судот на договорната страна чијшто државјанин било тоа лице во времето кога според последните информации сè уште било живо.
(2) Судот на едната договорна страна може да ги прогласи за мртви државјаните на другата договорна страна:
а) на предлог од лицето што сака врз основа на наследство или брак да ги оствари своите права на недвижниот имот на исчезнато лице што се наоѓа на територијата на договорната страна пред чијшто суд се води постапка, или
б) на предлог на брачниот другар не исчезнатото лице поради утврдување престанок на бракот, ако во времето на поднесување на предлогот има престојувалиште на територијата на договорната страна пред чијшто суд се води постапката.
(3) Прогласувањето некое лице за мртво врз основа на став 2 се врши согласно законите на договорната страна чијшто државјанин било исчезнато лице во времето кога според последните информации тоа лице сè уште било живо.
(4) Одлуката што е донесена согласно став 2 има правно дејство единствено на територијата на онаа договорна страна чијшто суд донел таква одлука.
(5) На барање од заинтересираното лице надлежниот суд на договорната страна на чијашто територија била донесена одлуката врз основа на став 2 ја укинува или изменува оваа одлука доколку тоа е нужно со оглед на друга одлуката донесена во тој предмет од страна на судот што е наведен во став 1.
ЛИШУВАЊЕ ОД И ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ДЕЛОВНАТА СПОСОБНОСТ
Член 20
Ако со овој договор не е определено поинаку, за лишување од и ограничување на деловната способност е надлежен судот на онаа договорна страна чијшто државјанин е лицето за чијашто деловна способност треба да се одлучи.
Член 21
(1) Ако судот на едната договорна страна утврди дека постојат услови за лишување или ограничување на деловната способност на државјанин на другата договорна страна, што има живеалиште на територијата на таа договорна страна, го известува за тоа надлежниот суд на другата договорна страна. Во неодложните случаи тој суд може привремено да ги преземе потребните мерки за заштита на ова лице или на неговиот имот. За овие мерки се известува судот на договорната страна чијшто државјанин е тоа лице.
(2) Ако судот што бил известен врз основа на став 1 во рок од три месеци не отвори постапка, или во тој рок не се изјасни, постапката за лишување или ограничување на деловнаата способност се спроведува од судот на договорната страна на чијашто територија ова лице има живеалиште. Лишувањето или ограничувањето на деловната способност во таквиот случај може да се изрече само поради причини што се предвидените во зкаоните на двете договорни страни. Одлуката за лишување или ограничување на деловната способност се доставува на судот на другата договорна страна.
Член 22
Одредбите од чл. 20 и 21 на овој договор соодветно се применуваат и за враањето на деловната способност.
Оддел 2.
СЕМЕЈНИ ПРЕДМЕТИ
Член 23 Склучување брак
(1) Условите за склучување брак се проценуваат за секое лице согласно законот на договорната страна чијшто државјанин е тоа лице.
(2) Одредбите од став 1 не ја исклучуваат примената на законите на договорната страна на чијашто територија се склучува бракот, доколку се работи за такви пречки поради коишто склучувањето на бракот е апсолутно забрането.
(3) Формата за склучување на бракот се утврдува согласно законот на договорната страна на чијашто територија се склучува бракот.
ЛИЧНИ И ИМОТНИ ОДНОСИ НА БРАЧНИТЕ ДРУГАРИ
Член 24
(1) Личните и имотните односи на брачните другари се регулираат според законот на договорната страна чиишто државјани се двата брачни другари.
(2) Ако едниот брачен другар е државјанин на едната договорна страна а другиот на другата договорна страна, нивните лични и имотни односи се уредуваат согласно законот на онаа договорна страна чиешто последно заедничко државјанство имале брачните другари.
(3) Ако брачните другари немаат и немале заедничко државјанствот на една од договорните страни, нивните лични и имотни односи се уредуваат согласно законот на онаа договорна страна на чијашто територија тие имаат или имале последно заедничко престојувалиште.
Член 25
(1) За одлучувањето за личните и имотните односи на брачните другари е надлежен судот на договорната страна чијшто државјани се брачните другари.
(2) Ако едниот брачен другар е државјанин на едната договорна страна а другиот на другата договорна страна, за одлучување во овие предмети е надлежен судот на договорната страна на чијашто територија брачните другари имаат или имале последно заедничко живеалиште.
Член 26
Развод на бракот
(1) Ако двата брачни другари се државјани на едната договорна страна, за развод на бракот е надлежен судот и се применува законот на договорната страна чијшто државјани биле брачните другари во времето на поднесувањето на тужбата. Ако во времето на поднесувањето на тужбата имале престојувалиште на територијата на другата договорна страна, за развод на бракот е надлежен, исто така, судот на таа договорна страна. Во тој случај бракот може да се разведе само поради причини и под услови што се истовремено предвидени во законите на двете договорни страни.
(2) Ако во времето на поднесување на тужбата едниот брачен другар бил државјанин на едната договорна страна а другиот државјанин на другата договорна страна, за развод на бракот е надлежен судот на договорната страна на чијашто територија двата брачни другари имаат престојувалиште. Ако едниот брачен другар има престојувалиште на територијата на едната договорна страна а другиот на територијата на другата договорна страна, надлежен е судот на онаа договорна страна на чијашто територија има престојувалиште тужениот брачен другар. Во двата случаи бракот може да се разведе само поради причини и под услови што се истовремено предвидени во законите на двете договорни страни.
Член 27
Неважност на бракот
За утврдување на постоењето или непостоењето на бракот како и за поништување на бракот се применуваат согласно одредбите од член 26 на овој договор.
Член 28
Правни односи меѓу родителите и децата
(1) Утврдувањето и оспоруваето на татковство односно мајчинство се регулира согласно законот на договорната страна чијшто државјанин е детето во времето на раѓање.
(2) Во однос на формата на признавање на татковството, односно мајчинстовот, доволно е ако се постапувало во согласност со прописите на договорната страна на чијашто територија е направено признавањето.
(3) Останатите правни односи меѓу родителите и децата, особено воспитувањето и издржувањето на детето, се регулираат согласно законот на договорната страна чијшто државјанин е детето.
(4) За решавање на правните односи согласно ставовите 1 и 3 надлежен е како органот на договорната страна чијшто државјанин е детето, така и органот на договорната страна на чијашто територија живее детето.
Член 29
Посвојување
(1) Ако посвоителот и посвоеникот се државјани на една иста договорна страна, условите за посвојување и раскинување на посвојувањето се проценуваат согласно законот на таа договорна страна.
(2) Ако посвоителот е државјанин на едната договорна страна а посвоеникот е државјанин на другата договорна страна, за посвојување и раскинување на посвојувањето треба да бидат исполнети условите што се предвидени со законите на двете договорни страни.
(3) За одлучување за посвојувањето и раскинувањето на посвојувањето во согласност со одредбите од став 1 надлежен е органот на договорната страна чијшто државјани се посвоителот и посвоеникот, а доколку имаат престојувалиште на територијата на другата договорна страна, надлежен е и органот на таа договорна страна. За одлучувањето за посвојување и раскинување на посвојување во соглансост со одредбите од став 2 се надлежни органите на двете договорни страни.
СТАРАТЕЛСТВО
Член 30
(1) За одлучувањето за ставање под старателство и престанок на старателството е надлежен органи на договорната страна чијшто државанин е штитеникот, доколку со овој договор не е одредено поинаку.
(2) Ставањето под старателство и престанокот на старателството се регулираат согласно законот на договорната страна чијшто државјанин е штитеникот.
(3) Правните односи меѓу старателот и штитеникот се регулираат согласно законот на договорната страна чијшто орган го поставил старателот.
(4) Прифаќањето на должноста на старателот се регулира согласно законот на договорната страна чијшто државјанин е лицето што треба да се постави за старател.
(5) Одлуките за старателство на надлежниот орган на едната договорноа страна, што се однесуваат на нејзините државјани, се признаваат и имаат правно дејство и на територијата на другата договорна страна.
Член 31
Доколку е потребно да се преземат мерки за заштита на интересите на државјанин на едната договорна страна што има живеалиште или имот на територијата на другата договорна страна, за тоа веднаш се извесува дипломатското или конзуларното претставништво на договорната страна чијшто државјанин е тоа лице. Во неодложните случаи органот на другата договорна страна презема привремено соодветни мерки согласно прописите на својата држава, за што веднаш го известува надлежното дипломатско или конзуларно претставништво. Овие мерки остануваат во сила сè додека надлежниот орган од став 1 на член 30 на овој договор не донесе поинаква одлука.
Член 32
(1) Органот што е надлежен согласно член 30, став 1 на овој договор може да му го отстапи на органот на другата договорна страна старателството врз штитеникот ако тој има престојувалиште, живеалиште или имот на територијата на таа договорна страна. Отстапувањето на старателството влегува во сила кога замолениот орган ќе го прими старателството и за тоа ќе го извести органот од којшто потекнува барањето.
(2) Органот што согласно став 1 го прифатил старателството го спроведува старателството согласно прописите на својата држава. Овој орган не е овластен да донесува одлуки во врска со личниот статус на штитеникот.
Оддел 3.
ИМОТНИ РАБОТИ
Член 33
(1) Формата на правната работа се определува согласно законот што се применува за самата правна работа. Меѓутоа, доволно е ако во однос на формата се постапи согласно закнот што важи во местото каде што е склучена правната работа.
(2) Формата на правната работа што се однесува на недвижности се определува согласно законот на договорната страна на чијашто територија се наоѓа недвижноста.
Член 34
Стварните права врз недвижностите се уредуваат согласно законот на договорната страна на чијашто територија се наоѓаат недвижностите и за решавање за нив е надлежен органот на таа договорна страна.
Оддел 4.
ОСТАВИНСКИ РАБОТИ
Член 35
Начело на еднаквост
(1) Државјаните на едната договорна страна може да стекнуваат имоти и права на територијата на другата договорна страна врз основа на законското или тестаменталното наследување под исти услови и во ист обем како и домашниот државјанин.
(2) Државјаните на едната договорна страна може со тестамент да располагаат со својот имот што се наоѓа на територијата на другата договорна страна.
Член 36
Примена на законот за наследство
Наследните односи се уредуваат согласно законот на договорната страна чијшто државјанин бил оставител во времето на смртта.
Член 37
Оставина без наследник
Ако според законот на едната договорна страна врз чијашто основа се уредуваат наследните односи нема наследник, движниот имот се предава на договорната страна чијшто државјанин бил оставител во времето на смртта, а недвижниот имот на договорната страна на чијашто територија се наоѓа тој имот.
Член 38 Тестамент
(1) Способноста за правење или отповикување на тестамент, како и правните последници поради недостаток во волјата, се уредуваат согласно законот на договорната страна чијшто државјанин бил оставител во времето кога го изготвил или отповикал тестаментот.
(2) Формата на тестаментот се уредува согласно законот на договорната страна чијшто државјанин бил оставител во времето на изготвување на тестаментот. Меѓутоа, доволно е ако е постапено согласно прописите на договорната страна на чијашто територија е направен тестаментот. Истото важи и за отповикување на тестаментот.
Член 39
Надлежност во оставинските работи
(1) За расправање за движната оставина надлежен е органот на договорната страна чијшто државјанин бил оставителот во времето на смртта, освен во случајот што е предвиден во став 4 на овој член.
(2) За расправање за недвишната оставина е надлежен органот на договорната страна на чијашто територија се наоѓа недвижноста.
(3) Одредбите од став 1 и 2 важат и за водење расправи за наследните спорови.
(4) Ако оставителот, што бил државјанин на едната договорна страна, имал последно живеалиште на територијата на другата договорна страна, наследниците што имаате живеалиште или престојувалиште на територијата на таа договорна страна може да бараат во рок од шест месеци од смртта на оставителот надлежниот орган на таа договорна страна да спроведе расправа за движната оставина што се наоѓа на нејзината територија. Ако во рок од три месеци по известувањето ниеден од наследниците не вложи приговор, тоа барање се исполнува.
(5) Кој имот треба да се смета за движен или недвижен се утврдува согласно законот на договорната страна на чијашто територија се наоѓа тој имот.
Член 40
Мерки за зачувување на оставината
(1) Органот на договорната страна на чијашто територија се наоѓа оставината на државјанинот на другата договорна страна презема, во согласност со прописите на својата земја, мерки што се неопходни за зачувување и управување со оставината. Надлежните органи на договорните страни постапуваат на ист начин и во случајот кога како наследник се јавува државјанин на другата договорна страна.
(2) За мерките што биле преземени врз основа на став 1 е потребно да се извести дипломатското или конзуларното претставништво на другата договорна страна, што може непосредно или преку полномошник да учествува во спроведувањето мерки за зачувување на оставината. На нивен предлог преземените мерки може да се одложат, изменат или укинат.
(3) На предлог на органот што е надлежен за водење расправа за оставината, мерките што се преземени согласно став 1 се изменуваат или укинуваат.
Член 41
Известување за смрт
Ако државјанин на едната договорна страна умре на територијата на другата договорна страна, надлежниот орган непосредно, без одложување, го известува за неговата смрт дипломатското или конзуларното претставништво на другата договорна страна и му соопштува сè што му е познато за наследниците, нивното живеалиште или престојувалиште и предметот на оставината, како и за постоењето на тестамент. Ако на овој орган му е познато дека умреното лице оставило имот и во некоја друга држава, известува и за тоа.
ОВЛАСТУВАЊА НА ДИПЛОМАТСКОТО ИЛИ КОНЗУЛАРНОТО ПРЕТСТАВНИШТВО ВО ОСТАВИНСКИТЕ РАБОТИ
Член 42
Во оставинските предмети, вклучувајќи ги споровите за наследство, дипломатските или конзуларните претставништва на договорните страни се овластени пред органите на другата договорна страна, без посебно полномошно, да ги застапуваат своите државјани, доколку тие не се присутни и не определиле свои полномошници.
Член 43
Ако државјанинот на едната договорна страна умре, во текот на привремениот престој, на територијата на другата договорна стрна, предметите што ги носел со себе се предаваат без натамошно постапка, по список и по одбивање на долговите, на дипломатското или конзуларното претставништво на договорната страна чијшто бил државјанин.
Член 44
Прогласување на тестаментот
За прогласување на тестаментот е надлежен органот на договорната страна на чијашто територија се наоѓа тестаментот. На органот што е надлежен за водење расправа за
оставината му се доставува заверен препис од тестаментот и записник за неговото прогласување, а на барање и оригиналниот тестамент.
Член 45
Предавање на оставината
(1) Ако движната оставина или противвредноста од продажбата на движната или недвижната оставина треба по завршувањето на оставинската постапка да се предаде на наследниците што имаат живеалиште или престојувалиште на територијата на другата договорна страна, а ако не е можно оставината или нејзината противвредност да се предадат непосредно на наследникот или неговиот полномошник, таа се предава на дипломатското или конзуларното претставништво на таа договорна страна.
(2) Оставината се предава под услов:
а) да се платени или обезбедени побарувањата на доверителите на оставителот, пријавени во рокот што е утврдено со прописите на договорната страна на чијашто територија се наоѓа оставината;
б) да се платени или обезбедени наследните такси;
в) надлежниот орган да дал согласност за изнесување на стварите или за трансфер на парите.
Оддел 5.
ТРОШОЦИ НА ПОСТАПКАТА
Член 46
Ослободување од обезбедување на парничните трошоци
(1) Од државјаните на едната договорна страна што се јавуваат пред судот на другата договорна страна, без оглед на тоа каде имаат живеалиште или престојувалиште, не може да се бара да положат обезбедување за парничните трошоци.
(2) Судот на едната договорна страна може да бара од државјаните на другата договорна страна да остават аванс за трошоците за изведување на доказите под исти услови и во ист обем како од своите државјани.
ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ТАКСИ И ТРОШОЦИ
Член 47
Државјаните на едната договорна страна имаат на територијата на другата договорна страна право на ослободување од судските и нотарските такси и трошоци, како и на бесплатна правна помош во текот на постапката, под исти услови како и сопствените државјани.
Член 48
(1) Ослободувањето согласно член 47 на овој договор се дава врз основа на уверение за личната, семејната и имотната состојба на подносителот на барањето за ослободување. Ова уверение го издава органот на договорната страна на чијашто територија подносителот има живеалиште или престојувалиште.
(2) Ако подносителот нема живеалиште или престојувалиште на територијата на едната договорна страна, уверението може да го издаде и дипломатското или конзуларното претставништво на договорната страна чијшто државјанин е тој.
(3) Органот што одлучува за барањето за ослободување може да побара од органот што го издал уверението дополнување на податоците или потребно објаснување.
Член 49
(1) Xxxxxxxxxx на едната договорна страна што сака да оствари ослободување согласност одредбите на член 47 на овој договор може да поднесе барање и до надлежниот орган на договорната страна чијшто државјанин е тој. Овој орган го доставува барањето, заедно со уверението од член 48 на овој договор, на надлежниот орган на другата договорна страна на начинот што е утврден во член 4 на овој договор.
(2) Истовремено со барањето за ослободување може да се поднесе и предлог за поведување постапка за работите за коишто се бара ослободување.
Оддел 6.
ПРИЗНАВАЊЕ И ИЗВРШУВАЊЕ НА ОДЛУКИТЕ
Член 50
(1) Договорните страни, под условите што се определени со овој договор, ги признаваат и извршуваат на својата територија следниве одлуки што се донесени на територијата на другата договорна страна:
а) судски одлуки во граѓански и семејни предмети како и судски порамнувања заклучени во овие предмети во врска со имотните барања;
б) судски одлуки во кривичните предмети за имотните барања;
в) одлуки на избраните судови, како и порамнувањата што се склучени пред нив.
(2) Како судски одлуки во смисла на став 1 се сметаат и одлуките за наследување што се донесени од органот на едната договорна страна што, согласно прописите на својата земја, се надлежни за водење расправа за оставината.
(3) Под одлуки во натамошните одредби на овој оддел се подразбираат и порамнувањата од став 1, точки а) и в).
Член 51
Одлуките од член 50 на овој договор се признаваат и извршуваат под следниве услови:
а) ако одлуката е правосилна и извршна согласно законот на договорната страна на чијашто територија е донесена;
б) ако судот на договорната страна на чијашто територија е донесена одлуката можел да биде надлежен за таа материја согласно овој договор или согласно законот на договорната страна на чијашто територија се бара признавање или извршување;
в) ако странката, што не учествувала во постапката и против која што е донесена одлуката, била уредно и навремено поканета да учествува во постапката согласно законот на договорната страна на чијашто територија е донесена одлуката, а во случај на нејзина процесна неспособност - да била правилно застапувана;
г) ако за истиот спор меѓу истите странки на територијата на договорната страна во која треба да се изврши одлуката порано не е веќе донесена правосилна одлука од редовниот или избраниот суд:
д) ако признавањето или извршувањето на одлуката не е во спротивност со член 13 на овој договор.
Член 52
Одлуките на избраните судови се признаваат и извршуваат под условите што се предвидени во член 51 на овој договор, како и под следниве услови:
а) ако одлуката се заснова врз писмена спогодба за надлежноста на избраниот суд, како и ако одлуката е донесена од договорениот избран суд во граници на неговите овластувања што се предвидени во спогодбата;
б) ако спогодбата за надлежноста на избраниот суд е полноважна согласно законот на договорната страна на чијашто територија треба да се признае или изврши одлуката.
Член 53
За признавање и извршување на одлуката е надлежен судот на договорната страна на чијашто територија треба да се признае или изврши одлуката.
Член 54
(1) Барањето за извршување или признавање може да се поднесе непосредно на надлежниот суд на договорната страна на чијашто територија треба да се признае или изврши одлуката или до судот што решавал за тој предмет во прв степен, и во тој случај барањето му се доставува на судот на другата договорна страна на начинот што е предвиден во член 4 на овој договор.
(2) Со барањето треба да се приложи:
а) заверен препис од одлуката со потврда за правосилноста и извршноста, ако тоа не произлегува од одлуката;
б) потврда дека странката, што не учествувала во постапката и против која што е донесена одлуката, била уредно и навремено поканета да учествува во постапката;
в) заверен превод на исправите што се наведени во точките а) и б) на јазикот на договорната страна на чија територија треба да се дозволи извршување.
(3) Ако извршувањето се бара врз основа на одлука на избраниот суд, се приложува и заверен превод на спогодбата за надлежноста на избраниот суд во материјата за која се предлага извршување.
Член 55
(1) Судот на договорната страна на чија територија треба да се изврши одлуката решава за дозволата за извршување и го спроведува извршувањето согласно законот на својата држава, доколку со овој договор не е определено поинаку.
(2) Судот што одлучува за барањето за извршување се ограничува на утврдување на постоењето на условите од членовите 50, 51 и 52 на овој договор и ако тие услови се исполнети го дозволува извршувањето.
Член 56
(1) Одлуките на судовите на едната договорна страна што се однесуваат на личниот статус на државјанинот на другата договорна страна се признаваат на нејзината територија под условите што се предвидени во член 51, точки од а) до г) на овој договор, како и под услов да не се во спротивност со одредбите на овој договор или прописите што се применуваат во оваа материја на нејзината територија.
(2) Признавањето на одлуките согласно став 1 може да го побара секој што за тоа има правен интерес.
(3) За признавање на одлуките од став 1 соодветно се применуваат одредбите од членовите 53, 54 и 55 на овој договор.
Член 57
(1) Правосилните судски одлуки на едната договорна страна што се однесуваат на личниот статус на нејзините сопствени државјани се признаваат на територијата на другата договорна страна без какво било испитување.
(2) Секоја договорна страна може одлуката од став 1 да ја преиспита согласно одредбите на член 56 од овој договор ако таа одлука се однесува на личниот статус на сопствените државјани.
(3) Одлуките на судовите на едната договорна страна што се однесуваат на личниот статус на државјаните на трета држава се признаваат на територијата на другата договорна страна само ако таквите одлуки се признаваат и во државата чијшто државјани се тие.
Член 58
(1) Ако странката, што согласно член 46, став 1 на овој договор била ослободена од депонирање обезбедување за трошоците на постапката, со правосилна судска одлука на едната договорна страна е обврзана да ги надомести трошоците на постапката, оваа одлука, на барање од овластеното лице, се извршува бесплатно на територијата на другата договорна страна.
(2) Во однос на поднесувањето на барањето и прилогот кон барањето соодветно се применуваат одредбите од член 54 на овој договор.
(3) Судот што одлучува за дозволата за извршување од став 1 се ограничува само на утврдување на правосилноста и извршноста на одлуката за трошоците.
Член 59
Органот на договорната страна на чија територија биле авансно подмирени трошоците од страна на државата, се обраќа до судот на другата договорна страна за наплата на трошоците и таксите. Судот го доставува наплатениот износ на дипломатското или конзуларното претставништво на другата договорна страна.
Член 60
Со одредбите на овој договор за извршување одлуки не се навлегува во прописите на договорните страни што се однесуваат на трансферот на пари или изнесувањето предмети добиени преку извршување.
Оддел 7.
ДОСТАВА НА ИСПРАВИ ЗА ЛИЧНИОТ СТАТУС
Член 61
(1) Договорните страни заемно си доставуваат изводи од матичните книги што се однесуваат на нивните државјани. Изводите се доставуваат бесплатно по дипломатски пат.
(2) Договорните страни за службени потреби и на барање од надлежните органи доставуваат изводи од матичните книги како и други исправи што се однесуваат на државјаните на другата договорна страна. Исправите се доставуваат бесплатно по дипломатски пат.
(3) Молбите на државјаните на договорните страни за доставување изводи од матичните книги или други исправи може да се упатат непосредно до надлежниот орган на другата договорна страна. Побараните исправи му се испраќаат на молителот преку дипломатското или конзуларното претставништво на договорната страна чијшто орган ја издал исправата. Дипломатското или конзуларното претставништво при врачувањето на исправата наплаќаат пропишана такса.
Член 62
(1) Ако надлежниот орган на едната договорна страна изврши дополнителни уписи или исправки за личниот статус на државјанинот на другата договорна страна во матичните книги, на таа договорна страна и доставува извод од матичната книга со дополнително впишаните податоци, односно исправки.
(2) Договорните страни заемно си испраќаат преписи од правосилноста на одлуките за личниот статус на државјанинот на другата договорна страна.
(3) Исправите што се наведени во ставовите 1 и 2 се доставуваат бесплатно по дипломатски пат.
ТРЕТ ДЕЛ
КРИВИЧНА МАТЕРИЈА
Оддел 1
ПРЕДАВАЊЕ
Член 63
Обврски за предавање
(1) Под условите што се утврдени со овој договор, договорните страни се обврзуваат дека, поради водење на кривична постапка или извршување на казна, на барање заедмно ги предаваат лицата што се наоѓаат на нивната територија.
(2) Предавањето поради водење кривична постапка е допуштено само за кривични дела за кои што по законот на двете договорни страни може да се изрече казна лишување од слобода во траење што е подолго од една година.
(3) Предавањето поради извршување казна е допуштено само за кривични дела што се казниви согласно законите на двете договорни страни, а бараното лице е осудено на казна лишување од слобода во траење од најмалку една година или на потешка казна.
Член 64
Одбивање на предавањето
Предавањето не е можно:
а) ако лицето што се бара во моментот на приемот на барањето за предавање е државјанин на замолената договорна страна;
б) ако кривичното дело е извршено на територијата на замолената договорна страна;
в) ако согласно законот на замолената договорна страна не може да се поведе кривична постапка или да се изврши пресудата поради застареност или друга законска причина;
г) ако предавањето не е допуштено согласно законот на една од договорните страни;
д) ако против лицето чие предавање се бара на територијата на замолената договорна страна за истото кривично дело била донесена правосилна пресуда или кривичната постапка е прекината со правосилна одлука.
Член 65 Барање за предавање
(1) Кон барањето за предавање поради водење кривична постапка се приложува одлуката за лишување од слобода со опис на кривичното дело и податоци за доказите, како и текст на законските прописи што се однесуваат на кривичното дело, а ако со кривичното дело е предизвикана материјална штета, треба да се наведе износот на штетата.
(2) Кон барањето за предавање заради извршување казна се приложува и копија од правосилната одлука, како и текстот на законските прописи што се однесуваат на тоа кривично дело. Ако осуденото лице веќе издржало дел од казната, потребно е да се наведат податоци и за тоа.
(3) Кон барањето за предавање по можност се приложува опис на бараното лице и негова фотографија, податоци за неговото државјанство, личните околности и живеалиштето, доколку овие податоци не се содржани во пресудата или одлуката за лишување од слобода.
(4) Договорната страна што го поднесува барањето не е должна кон барањето да приложи докази за вината на бараното лице.
Член 66
Дополнување на барањето за предавање
Ако барањето за предавање не ги содржи сите неопходни податоци, замолената договорна страна може да побара негово дополнување, за што може да определи рок од два месеци. Овој рок, на барање, може да се продолжи.
Член 67
Притворање за целите на предавање
По приемот на барањето за предавање, замолената договорна страна ги презема без одлагање мерките за цел на притворање на бараното лице. Тие мерки не се потребни ако е очигледно дека не може да се изврши предавање врз основа на овој договор.
ПРИВРЕМЕНО ПРИТВОРАЊЕ
Член 68
(1) Пред приемот на барањето за предавање може привремено да се притвори лицето што треба да се предаде врз основа на овој договор, ако неговото притворање го побара договорната страна, повикувајќи се на одлуката за лишување од слобода или на правосилна пресуда. Ова барање може да се направи по пошта, телеграфски, телефонски или преку радио.
(2) Органите на договорната страна може привремено да притворат некое лице што се наоѓа на нејзината територија без такво барање, доколку е познато дека тоа лице на територијата на другата договорна сторило кривично дело што повлекува предвање врз основа на овој договор.
(3) За привременото притворање врз основа на одредбите од ставовите 1 и 2 треба неодложно да се извести другата договорна страна.
Член 69
(1) Замолената договорна страна можеда го пушти на слобода притвореното лице ако во рокот што е утврден врз основа на член 66 на овој договор не се достават дополнителни податоци.
(2) Лицето што е притворено врз основа на одредбите од член 68 на овој договор може да се пушти на слобода, ако барањето за предавање не стигне во рок од два месеци од денот кога другата договорна страна била известена за привременото притворање.
Член 70
Одложување на предавањето
Ако против бараното лице се води кривична постапка или ако тоа е осудено за друго кривично дело на територијата на замолената договорна страна, предавањето може да се одложи до завршувањето на кривичната постапка или до извршувањето на казната.
Член 71
Привремено предавање
(1) Ако одложувањето на предавањето би довело до застареност на кривичното гонење, или значајно би го отежнало истражувањето на кривичното дело што е извршено од страна на бараното лице, по образложено барање од договорната страна што го поднесува барањето, бараното лице може привремено да се предаде поради спроведување определени истражни дејствија.
(2) Привремено предаденото лице без одложување се враќа по спроведувањето на истражните дејствија поради коишто било предадено, а најмногу во рок од три месеци од денот на привременото предавање.
Член 72
Барање за предавање од повеќе држави
Ако повеќе држави бараат предавање на едно исто лице, замолената договорна страна одлучува чие барање ќе го исполни. Притоа ги зема предвид државјанството на бараното лице, местото на извршување и тежината на кривичните дела.
ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ГОНЕЊЕТО НА ПРЕДАДЕНОТО ЛИЦЕ
Член 73
(1) Поради друго кривично дело што е извршено пред предавањето, наместо делото за коешто е одобрено предавањето, предаденото лице не смее без согласност од замолената страна да се гони кривично, да се предава на трета држава или да се биде предмет на извршување на казна.
(2) Согласност од замолената договорна страна не е потребен:
а) ако предаденото лице што не е државјанин на договорната страна што го поднесува барањето во рок од месец дена по завршувањето на кривичната постапка или извршувањето на казната не ја напушти нејзината територија. Во овој рок не се смета времето во кои предаденото лице, независно од својата волја, не можело да ја напушти територијата на договорната страна што го поднесува барањето;
б) ако предаденото лице ја напуштило територијата на договорната страна што поднесува барање но повторно се вратило во неа.
Член 74
Ако се работи за предавање поради извршување казна што е извршена во постапка спроведена во отсуство на предаденото лице, договорните страни може да одобрат предавање под услов ако се повтори кривичната постапка во присуство на предаденото лице.
Член 75
Известување за резултат на кривична постапка
Договорните страни се известуваат за резултатот на кривичната постапка против предаденото лице. Ако предаденото лице е осудено, се доставува препис од правосилната пресуда.
Член 76
Примопредавање
Замолената договорна страна ја известува другата договорна страна за местото и времето на примопредавање на бараното лице. Бараното лице може да се пушти на слобода ако договорната страна што го поднела барањето не го преземе во рок од 15 дена од определениот ден за примопредавање.
Член 77
Повторно предавање
Ако предаденото лице на каков било начин ја избегне кривичната постапка или извршувањето на казната, а се наоѓа на територијата на замолената договорна страна, тоа ќе биде предадено на повторно барање, без доставување на документацијата од член 65 на овој договор.
Член 78 Транзит
(1) Едната договорна страна одобрува на барање од другата договорна страна преку нејзината територија да транзитираат лица што некоја треба држава и ги предала на договорната страна што бара транзит. Барањето за одобрување на транзит може да одобри поради причините што се наведени во член 64, точки а) и г) на овој договор.
(2) Барањето за одобрување транзит се поднесува и решава на ист начин како и барањето за предавање.
(3) Органите на замолената договорна страна го вршат транзитот на начин што сметаат дека е најсоодветен.
Член 79
Трошоци за предавање
Трошоците за предавање и транзит ги поднесува договорната страна на чија територија трошоците настанале.
Член 80
Примопредавање предмети
(1) На договорната страна што го поднесува барањето и се предаваат предметите што биле употребени за извршување на кривичното дело за кое е можно предавање согласно член 63 на овој договор, како и предметите што извршителот ги стекнал со извршување на таквото кривично дело, евентуално нивната противвредност и секој друг предмет на извршителот што може да се употреби како доказ; овие предмети се предаваат и во случај ако не дојде до предавање на извршителот поради негова смрт или друга причина.
(2) Замолената договорна страна може привремено да ги задржи предметите чиешто предавање се бара, ако и се потребни во некоја друга кривична постапка.
(3) Правата на трети лица врз предадените предмети остануваат незасегнати. По завршувањето на кривичната постапка, договорната страна што го поднела барањето ги враќа тие предмети на замолената договорна страна за предавање на овластените лица. Во оправдани случаи тие може, со согласност на замолената договорна страна, да се предадат на непосредно овластените лица.
Оддел 2.
ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ ЗА ПРАВНА ПОМОШ ВО КРИВИЧНАТА МАТЕРИЈА
Член 81
Обврска за поведување кривична постапка
(1) Договорните страни се обврзуваат дека во согласност со своите прописи, а на барање од другата договорна страна, ќе поведат кривична постапка против своите државјани што на територијата на подносителот на барањето извршиле кривично дело што согласно одредбите на овој договор повлекува предавање.
(2) Кон барањето за поведување кривична постапка се приложуваат списи со податови за кривичното дело, како и расположливите докази.
(3) Замолената договорна страна ја известува другата договорна страна за резултатите на кривичната постапка, а во случај на донесување правосилна пресуда и доставува копија од неа.
Член 82
Одбивање правна помош
Правната помош во кривичната материја може да се одбие, покрај причините што се наведени во член 13 на овој договор, и во следниве случаи доколку таа се бара:
а) за дејствие што согласно законот на замолената договорна стрна не е кривично дело; б) за дело за кои е можно предавање врз основа на член 64, точка г) од овој договор;
в) во кривична постапка што се води против државјанин на замолената договорна страна што не се наоѓа на територијата на договорната страна што го поднесува барањето.
Член 83
Известување за пресудите
(1) На почетокот на секоја година договорните страни заемно се известуваат за правосилните осудувачки пресуди што во мината година биле изречени од нивните судови против државјаните на другата договорна страна.
(2) На барање од органот на едната договорна страна, органот на другата договорна страна доставува известување за правосилните пресуди што нејзините судови ги изрекле против државјаните на договорната страната што го поднела барањето. Во оправдани случаи ова известување се дава иако лицето на кое се однесува пресудата не е државјанин на договорната страна што го поднела барањето.
ЧЕТВРТИ ДЕЛ
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 84
Овој договор се ратификува. Инструментите за ратификација се разменуваат во Прага.
Член 85
(1) Овој договор влегува во сила по истекот на триесет дена од денот на размена на инструментите за ратификација и останува во важност пет години.
(2) Ако ниедна од договорните страни не го откаже овој договор во писмена форма шест месеци пред истекувањето на овој рок, неговата важност се продолжува на неопределено време и договорот останува во сила сè додека една договорна страна не го откаже во писмена форма со отказен рок од година дена.
(3) На денот на влегување во сила на овој договор престанува да важи договорот меѓу Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и Чехословачката Република за уредувањето на заемните правни односи, склучен во Белград на 17 март 1923 година.
Изготвено во Белград, на 20 јануари 1964 година, во два оригинални примероци, двата на српскохрватски и чешки јазик, при што и двата текста имаат иста важност.
Во потврда на истото полномошниците го потпишаа овој договор и ставија печати.